Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

ПОМИЈА(РНИК)

Кој што знае што е помија, знае и што е помијарник. И каде што има помија ( а останува помија и од кујните на најпрочуените готвачи), не ја бидува без помијарник. Макар што не е докажано дека е добро сета помија де се истури во помијарник. Има и други нешта што се прават со помијата, без помијарник. Чистотата на садовите е основната поттикнувачка при секое спомнување на помијата и помијарникот. Чистотата често пати е повеќе од половина здравје. Затоа и сака, покрај чисти садови - и чист образ, и чиста душа, па и чисти сметки (долга љубов)...
            Има времиња кога растат количествата помија и бројот на помијарниците. Има парадокси, во историјата, кога баш среде сиромаштија растат кличествата помија. Тоа можеби и не би се видело, кога наместо во пoмијарник, помијата не би се истурала секаде, кому каде ќе му текне, со што грубо се деградира улогата на помијарникот. Или, би можело да се рече - помијарник се прави од се: и од контејнерите, и од задскриените ќошиња, и од ливадите покрај патот. Ама баш од се', тадури и од некои места каде што се збираат избраниците на народот. Вистина, на таквите места во главната улога е пизмата, но одвреме навреме ќе се истури и по некоја помија, без око да му трепне на истурачот, ако пак тој воопшто е и свесен дека и од зборовите се прави помија. Чудна помија: од остатоци од пизма немерена и од хистерија. Навистина чудна помија: живо сведоштво дека има и такви кои по мермерни скали и црвени теписи се качуваат угоре, на важни места, без да си го понесат со себе врзопчето домашно воспитание. Првин се изодува патеката на домашното воспитание, а многу отпосле блескавите патеки на моќта и надмената дрскост. Тие чекори секој мора да си ги помине сам, шашмите тука бргу излегуваат на бела виделина и ги покажуваат сите дупки за кои наивно се мисли дека моќта магично ги покрива, онака - окус покус препарандус и нема веќе дупки во домашното воспитание. Мижи Асан да ти бајам!
                   Кога не се избира, дибидус не се избира каде се истура помијата на домашното невоспитание: врз луѓе угледни, врз луѓе постари, тадури и врз луѓе мртви. Се разбира, не мора секој да ги сака луѓето умни, угледни и постари, ама тоа не значи дека секој може да им истура помија врз ликата и делото. И кога си им рамен на нив не бива така, а не пак кога не си им до колена. А за мртвите пак, сетики не се вели од дамнини, од кога постојат мртвите - за нив само најдобро.
Арно ама, ние не би биле ние ако кај нас и мртвите не треба да бидат претпазливи и да се вардат од бесот на истурачите на помии. И да е барем само од нив. Не им е лесно на некои мртви кај нас, каде што - да се парафразира еден умен - бргу се стемнува.
                 Почитувањето на мртвите Софокле го беше нарекол свет закон, ама кој ќе се бафта сега со некој си Софокле, кој, не знаел, на пример, дека почитувањето на законите може да биде селективно, што не ги исклучува и светите закони. Инаку, меѓу истурачиte на помија ќе препознаете и горди почитувачи на антиката, ама, ако се може - без оваа мисла на Софокле и неговите Антигони и други хероини. Стига им е ним Охридско лето и фестивалот на античка драма во Стоби. Да се допрецизира, за секој случај: античкиот локалитет Стоби, а не истоимената винарска визба.
                 Истурачите на помија често се доброволци, често се луѓе од задача, а кога убаво ќе се погледне - не им е целта да го вџашуваат недолжниот народ, туку многу повеќе да продрат, да го раздробат здравото ткиво на општеството. Кој ги создал такви какви што се? И каков одговор очекуваат: на помијата со помија? Кога сите би се препелкале во помијарникот, значи ли тоа дека всушност никој нема да е извалкан од помија, дека сите се исти? Со таков есап на ајван пазар не се излегува, а не пак да се влегува во политички супермаркет.
                 Така било судено: во живеачката да набасуваме на непријатни миризби, ај да не се рече смрдежи, од разни помии, за кои веќе е кажано дека се истураат и таму каде што не треба, а и врз луѓе врз кои не треба. Да се тешиме ли со сознајбата дека еве и во овој миг, додека се привршува овој текст, сегашноста бргу минува и станува минато? А секое минато на буди чувство на гордост, има и минато од срам и за срам. Од помија минато никој не неправил.
                 И истурачите на помија, се разбира, стануваат невидливи, безимени и безначајни сенки. Скраја да и е ладовината на иднината од таквите сенки.
                 
Ристо Лазаров
14.07.2012
See Older Posts...