Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Friday 13 Jul 2012 08:20
| Permalink
ПОМИЈА(РНИК)
Кој што знае
што е помија, знае и што е помијарник. И каде што има помија ( а останува помија и од
кујните на најпрочуените готвачи), не ја бидува без помијарник. Макар што не е докажано дека е добро
сета помија де се истури во помијарник. Има и други нешта што се прават со
помијата, без помијарник. Чистотата на садовите е основната поттикнувачка при
секое спомнување на помијата и помијарникот. Чистотата често пати е повеќе од
половина здравје. Затоа и сака, покрај чисти садови - и чист образ, и чиста
душа, па и чисти сметки (долга љубов)...
Има времиња кога растат количествата помија и бројот на помијарниците.
Има парадокси, во
историјата, кога баш среде сиромаштија растат кличествата помија. Тоа можеби и
не би се видело, кога наместо во пoмијарник, помијата не би се истурала секаде,
кому каде ќе му текне, со што грубо се деградира улогата на помијарникот. Или,
би можело да се рече - помијарник се прави од се’: и од контејнерите, и од задскриените
ќошиња, и од ливадите покрај патот. Ама баш од се', тадури и од некои места
каде што се збираат избраниците на народот. Вистина, на таквите места во
главната улога е пизмата, но одвреме навреме ќе се истури и по некоја помија,
без око да му трепне на истурачот, ако пак тој воопшто е и свесен дека и од
зборовите се прави помија. Чудна помија: од остатоци од пизма немерена и од
хистерија. Навистина чудна помија: живо сведоштво дека има и такви кои по
мермерни скали и црвени теписи се качуваат угоре, на важни места, без да си го
понесат со себе врзопчето домашно воспитание. Првин се изодува патеката на
домашното воспитание, а многу отпосле блескавите патеки на моќта и надмената
дрскост. Тие чекори секој мора да си ги помине сам, шашмите тука бргу
излегуваат на бела виделина и ги покажуваат сите дупки за кои наивно се мисли
дека моќта магично ги покрива, онака - окус покус препарандус и нема веќе дупки
во домашното воспитание. Мижи Асан да ти бајам!
Кога не се избира, дибидус не се избира каде се истура помијата на
домашното невоспитание: врз луѓе угледни, врз луѓе постари, тадури и врз луѓе
мртви. Се разбира, не мора секој да ги сака луѓето умни, угледни и постари, ама
тоа не значи дека секој може да им истура помија врз ликата и делото. И кога си
им рамен на нив не бива така, а не пак кога не си им до колена. А за мртвите
пак, сетики не се вели од дамнини, од кога постојат мртвите - за нив само
најдобро.
Арно ама, ние
не би биле ние ако кај нас и мртвите не треба да бидат претпазливи и да се вардат од бесот на истурачите на помии. И да е
барем само од нив. Не им е лесно на некои мртви кај нас, каде што - да се
парафразира еден умен - бргу се стемнува.
Почитувањето на мртвите Софокле го беше нарекол свет закон, ама кој ќе
се бафта сега со некој си Софокле, кој, не знаел, на пример, дека почитувањето
на законите може да биде селективно, што не ги исклучува и светите закони.
Инаку, меѓу истурачиte на
помија ќе препознаете и горди
почитувачи на антиката,
ама, ако се може - без оваа мисла на Софокле и неговите Антигони и други
хероини. Стига им е ним Охридско лето и фестивалот на античка драма во Стоби.
Да се допрецизира, за секој случај: античкиот локалитет Стоби, а не истоимената
винарска визба.
Истурачите на помија често се доброволци, често се луѓе од задача, а
кога убаво ќе се погледне - не им е целта да го вџашуваат недолжниот народ,
туку многу повеќе да продрат, да го раздробат здравото ткиво на општеството.
Кој ги создал такви какви што се? И каков одговор очекуваат: на помијата со
помија? Кога сите би се
препелкале во помијарникот, значи ли
тоа дека всушност никој нема да е извалкан од помија, дека сите се исти? Со таков есап на ајван пазар
не се излегува, а не пак да се влегува во политички супермаркет.
Така било судено: во живеачката да набасуваме на непријатни миризби, ај
да не се рече смрдежи, од разни помии, за кои веќе е кажано дека се истураат и таму каде што не треба, а
и врз луѓе врз кои не треба. Да се тешиме ли со сознајбата дека еве и во овој
миг, додека се привршува овој текст, сегашноста бргу минува и станува минато? А
секое минато на буди чувство на гордост, има и минато од срам и за срам. Од
помија минато никој не неправил.
И истурачите на помија, се разбира, стануваат невидливи, безимени и
безначајни сенки. Скраја да и е ладовината на иднината од таквите сенки.
Ристо Лазаров
14.07.2012
Friday 06 Jul 2012 08:38
| Permalink
КАРАКТЕРНИ
ОСОБИНИ
Трпение спасение, рекол некој нашинец некогаш. Пред или
по првата крштевка на која е крстен Трпе, сеедно. Оттогаш, лека полека,
изденуден, како што се тркала времето, трпењето, и тоа долготрајното, станува
наша карактерна особина. Секој сам може да пресуди дали е тоа за машала. Или за
уште едно наведнување на главата пред изгрејсонцето на новиот ден.
Долгото
трпење, најчесто, води кон реката на заборавот. И во таа река не се влегува
двапати, што рекол древниот учен. Ама стига е и еднаш – да се заплови на лаѓата
на самозалажувањето. Демек, што и да е, како и да е – еден ден се’ ќе се
заборави. Заборавот е кладенец на нашето уште подолго трпење. Луѓе и обичаи,
рожби на стари заборави и градители на нови далдисувања. Младината тука служи
не да се оттргне од заборавањето и да зачекори кон нови висови, ами да има за
кого да речеме дека ги продолжува славните традиции на трпењето. А и да има
кого да прекориме за распрденост, од која некогаш последиците влегуваат во
историјата. Младите тука служат и да бидат плукани в лице поради нивните
татковци, со време да сфатат дека запчаниците на машините за производство на
виновници се незапирливи. Перпетум мобиле.
Младината
тука е непресушен извор на нови јунаци во борбата за минатото. Чувањето на
традицијата тука се сфаќа како приклештување за минатото, не како исчекор во
иднината, со поуки од минатото во малото џепче. Чувањето на традицијата тука
значи свежо да се памети боздоганот на Крале Марко, а да ги снема од паметењето
оние што не’ описмениле, што ни создале букви и азбука. Стига е да знаете за
великото коњско име Букефал, а што има да си го оптоварувате умот со имиња на
учени, писмени. А и некои од учителите ги качивме на коњи, безимени коњи, ама
коњи. Време на коњите.
Така
учени, денес доучуваме како се станува и колку убаво да ми ти било да си
заточеник на власта. А ваму, демократијата дошла, со сите таламбаси, само ние
не сме го виделе тоа. Таму пак, во демократијата, учат и доучуваат обратно:
власта да е заточеник на народот. Зависи од народот, не се рекло џабе – каков
народ, таква власт. Може и обратно, еписибир.
Ако
е за право, сите луѓе на светот имаат власт. И сите луѓе на светот, на овој или
оној начин, ја поднесуваат власта, некои и влијаат врз власта. Таксиратлии се
оние кои набасале на глува власт, која ги одзатнува ушите само кога сака да чуе
колку и’ се воодушевувате.
Трпењето,
како што се знае, не е мрза. Напротив. Пекаат луѓе за работа, ама само пекаат,
не работат. Пточно: нема што да работат. Трпењето не носело нови работни места.
И
лажењето ни станува карактерна особина. Се лаже на ангро. Секој и секого го
матка за нешто. Лажат и медиумите. Како што велеше еден шегобиец во едни
дамнешни времиња, кога исто така се лажеше, сетики помалку и со повеќе усул –
само датумот им е точен на медиумите, а и него понекогаш го грешат. Некој беше
рекол дека одвај може да се верува и во жалните вести во весниците, ете дотаму
стасала нашата лажачка карактерна особина.
Каде
што многу се лаже, зборот го губи значењето, животот се претвора во сува
полјана во која пеплосуваат гласовите на осамениците. Таму јавноста губи
секакво значење. Што и да кажете, исто ви се фаќа – како ништо да не сте
кажале.
Уште
малку, па ќе се фалотиме со тоа што не ги сајкалиме предизвиците на 21-от век.
Запињаме некако да стасаме до крајот на 19-от век.
Ако
продолжиме како што сме кинисале, бргу-бргу ќе видиме дека, всушност, не знаеме
да покажуваме нанапред. Наместо со покажувања, се мавтосуваме со поткажувања од
стари и најнови датуми.
Инаку,
пукаат уши од барабаните на демократијата. Дозиметрите на слободата одвај
издржуваат да не се прелеат, од толкава слободарска бујност.
Ристо
Лазаров
07.07.2012
Friday 29 Jun 2012 09:20
| Permalink
СO СИЛА ИСТИ, ИСТИ...
Во грмушките на историјата, сетики откога постои таа, има
итреци и мајстори со навидум проста задача: на ловецот да му велат да пука, а
на зајакот, веќе нанишанет – да ја спрашти?
Има
ли некакво зрнце вистина од ова засеано, а не пркнато колку што треба, на
широките полиња на Транзицијата, каде што едно парче, одвај оградено, ни
припаѓа и нам? Ако сево ова треба да трае оттука до вечноста – каде е вечноста,
каква лика има таа? Колку Црвенкапи има на патот до вечноста? Кој е ловецот, а
кој зајакот?
Ова
нашево, заборавено ќоше на Европа, не било скудно со тегобности од разни видови
и уште поразни тежини. Една од нив секако беше топтан постројувањето во
Транзиционите редици на Источна Европа, божем самите ние, а уште повеќе силните
Транзициони Постројувачи, не знаеја дека не беше баш се’ што беше малку или
малку повеќе на исток – Источна Европа. Од самиот почеток заглавивме како во
рибарска мрежа во која, кога ќе се изблече на брегот, има и капиталци, и
пастрмки, и мрени, и плашици. Рибите си се риби, ама не се сите риби исти. Така
некако беше и со државите наредени на стартните позиции на патеките на
Транзицијата. Ама некој сакаше, некому можеби му беше полесно – сите да ги брои
топтан. Сите нека потскокнуваат, ѓоа весело, фатени во она орото: топтан, топтан, кисело млеко.... Лицата
и онака ни беа веќе асолно скиселени, а тукушто почнавме да го береме – како
онаа кутрата Пара – киселецот на историјата.
Нешто
скиселува веднаш и некои држаби, се виде, скиселуваат веднаш. По стотина години
же се знае зпшто, ама никој од урнисаните и скиселените нема да има фајде од тоа. Башка што: ја
ќе зе знае – ја нема да се знае. И обично така бидува.
Не
само новите врапци, стрвно расколвани во затекнатите комунистички кабинети, ами
и најобичните политички анафалбети (и со такви не беше скудна Транзицијата)
знаеја дека Југославија, иако веќе распадната, не беше што и земјите од тнр.
Источен блок – која и да ја земевте за пример, од Албанија, Бугарија и
Романија, дури до Русија. Знаеја ама не знаеја дека знаат. Што, меѓу другото,
се виде и во некои важни сегменти на распаѓањето: колку книги, на пример, како
забранети во она време се објавија тука, а колку другаде? Што тоа го натера
дисидентот од соседниот север, писателот и филмски режисер Живоин Павловиќ,
пред смртта да рече дека југословенското време (да, тоа Титовото) беше
Периклово доба во однос на она што сега, по распадот, го живееме? Што тоа, од
друга страна, едновремено го крепеше опортунизмот и и зошто мнозина се правеа
дека не се оттука кога кој кога ќе му текнеше, ќе повлекуваше равенства меѓу
светските комунистички искуства? Скраја од помислата дека Југославија беше
безгрешна, дека беше пролетен багремарник и сета мирисаше на мед и млеко, ама
баш источноевропските дисиденти во тие времиња за свои лозунзи и идеали го
истакнуваа самоуправувањето. Никогаш не беше обратно. Како во оние вицевите за
слепците што од југословенските злодела по грешка бегале на Исток, а сонцето
севезден било на Запад. Нивните весници имаа по четири до шест странички
(празничните изданија по осум) а нашите најмалку по петпати повеќе.
Впрочем,
се покажува последниве години и на други подрачја, дека тнр. големи стратези
многу милуваат нештата да ги поедноставуваат и да ги гледаат црно-бело. Кој ќе
се бафта сега со спектрални нијанси, ајдете, ви се молам! Јал не јал три и пол
и – квит.
Безбели,
како што нема потреба да се кријат гнасотилаците на стариот систем, нема ни
потреба од толкави количества отров во бунарите на тоа време. Не само поради
прадедовските пораки дека не е на арно плукањето во стариот бунар. Повеќе со
изедначувањето на квалитетот на водата од нашиот бунар, со квалитетот на водата
од соседните бунари. Правејќи безочни изедначувања, некои незнајковци и
патентирани мразачи лефтерно, како да се работи за тукушто испилено пиле, ја
ампутираа и уште запинаат да ни го ампутираат животот, да ни ја ампутираат
историјата која сведочи за разликите. Поништувањето на разликите значи и затворање на отворот
кон дел од минатото, а како да сака дека не се наоѓа минато врз кое не се
нафрлаат џелати, од дедо Ное па којзнае до кога.
Ние
уште се маткаме со Транзицијата и никој жив тука не знае каков ден ќе изгрее
утре, а за задутре се навикнуваме да размислуваме како за далечна иднина. Каков
покров ќе се изнајде за се’ што било?
Не
дека немаме автентични гревови и глупости. Ама и онака елегантно, со нескриено
милосрдие и добрина, некои пријатели повеќе не’ учеа кој и како ги измислил
ножиците, а не како се прави костум. Знаеја оти го знаеме тоа, ама не знаеја
дека знаат. А можеби знаат дека белки се уште не е доцна за освестување и за
дефинитивно затнување на устата на оној папагал кој ќе замине во пензија
салтуку повторувајќи: сите се исти, исти... А види мајката, некои во меѓувреме
од исти станаа поисти. И обратно.
Ристо
Лазаров
30.06.2012