Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
ПЕНЗИИ НАЦИОНАЛЕ



Долго време (барем откога сум пензионер со ,,лимитирана пензија") се мислам и премислувам да напишам нешто за македонските национални пензии и други такви звања. Веднаш да кажам: против тие измислици што апашите (Гошев) од режимот ги прави многу загрижени за нашите уметници. Ѓоа.
            Но деновиве, ни крив ни должен, дознав дека на промоцијата на еден млад литературен славодобитник, промоторот побарал да му се обезбедат услови на славодобитникот да пишува само литература. Никаков друг работен ангажман!
            Ова недоветност ми ги врати во умот тнр. ,,национални пензии" и ,,национални уметници" што саканото ни Министерство за култура штедро ги дели, безмалку како флаери за некој добар концерт, на пример. Само на пример.
            Знам дека многу ,,национални" ќе се разгневат, но белки не е таен и недопирлив нивниот статус - колку повеќе прашалници, а колку малку точкички има зад нивните вредносни ,,сертификати". Ако нема ,,сертификати" има тнр. ,,државни награди": годинава една таква награда, догодина ,,национална пензија". Фино фун кционира тоа, проферете ја деценијава зад нас.
            Како што знаете сите ,,национална пензија" и другите такви нешта се.
 добиваат за ,,исклучителен придонес за нашата култура". Има такви и меѓу живите, ама секој од нас првин помислува на Конески, Шопов, Јаневски, П.М. Андреевски, Чинго, Власто Николовски, Прличко, Џувалековски...
            Најпрвин, сакам трипати подблечено јасно да ставам до знаење во ниту еден момент не сум помислил на ваква привилегија, а потем истата и да се демистифицира: тоа, всушност, не е пензија (иако некој лефтерно си ја крстил така) ами ,,додаток на скапотијата" што би рекле нашите северни соседи. На врапците, па и на власта и е совршено јасно дека се што е поврзано се пензиите се регулира во Фондот за пензиско и инвладиско осигурување. А таму нема параграф за ,,националните" пензии: нив, со средства од буџетот на РМ, ги доделува Министерството за култура, по проста шема: едикојси" добива редовна пензија од, да речеме, 20.000 денари и на тоа му се додава додаток до највисоката пензија! Машала! Груба аномалија во системот која добива елитни аплаузи!?
            Зарем треба да кажувам дека ја разбирам (но не ја одобрувам) добронамерноста на министерот ни културен да им се помогне на оние кои ја задолжиле нашата култура, а и на сиромашните уметници. Само, како да им се помогне? По кој пат да се стигне до целта, да не им се повреди достоинството на тие луѓе (ама не ни на оние што стекнале редовни пензии). Некој тоа го нарече општествена солидарност, при што сигурно не мислеше солидарниот да добива помалку од оној со кој е солидарен. Но, ,,националните пензии" се нешто друго, ај да не ги спомнуваме соцреалистичките рецидиви. Нема што да замислуваме, со толку брзиот прогресивен раст на ,,националните" ние би требало да сме културен гигант во регионот, па и пошироко (бројните награди и призанија не се бројат, а одликувања на уметниците ретко, ретко им се даваат).
            Нашата држава изгледа постои од неа секој да бара нешто, како од онаа кравичка од која сите сакале троа млекце.Ако је жалиш државата - нема фајде. Аго ги жалиш ,,националните" добитници - уште помалку. Нека си се погледнат ,,националните" со оние што биле прескокнати, некои и од партиски причини.
            Ако веќе пристојноста налага да не се објавува списокот на македонската ,,класа национале", бездруго е време темелно да се испита сета оваа регулатива: културно, без злоба и завист, без реваншизми од какви и да е бои, ами само со трезвенка на проценката од вакви синекури. А и со намера да се исправи непревдата кон оние кои добиваат ,,лимитирани пензии", па сега, со речиси илегално внесените новини во пензионерската регулатива, некои ,,лимитирани" имаат помали пензии не само од ,,новолимитираните" ами и од ,,националните". Небаре уметниците кои чесно си го одбработиле својот век а не се докопале до ,,национална пензија" се - анационални. За најмладите ,,национални пензионери"(или ,, национални уметници") кои тукушто го започнале својот творечки опус, без мисла дека ќе ги достигнат посакуваните височини - попусто е да се трошат зборови.

Ристо Лазароц (www.ristolazarov.com)


преобјавувањето на блогот или негови делови не е дозволено без писмена дозвола на авторот
See Older Posts...