Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров


Животот без устреми е залуден проток на времето. Како што и животот без сеќавања ( еве, на устремите и на резултатите од нив) е една голема празнина. Човекот самиот го памети своето дело, а ако го паметат и другите - уште подобро. Ако не - ветар во магла. Минливоста на животот е исткаена од заборав. Понекогаш, и од неочекувани пресврти во просторите на сеќавањата и заборавноста. На пример, колкумина се сеќаваат кој е предминатогодишниот добитник на Нобеловата награда за книжевност (за физика и математика да не говориме!) Колкумина се сеќаваат на таламбасите кога Јасер Арафат и Исак Рабин ја добија истата таа, Нобелова награда, по долгите преговори за смирување на Израелците и Палестинците? Згора: каде е “овенчаниот” мир на Блискиот Исток? Уште се очекува, како заскитан воз на железничката станица. Што не знач и дека е подобро да се стои во место, да нема устреми, да нема ни возови кои некогаш ќе заскитаат и ќе доцнат, доцнат… Штоако им бил заверен сосе печат од големите мајстори на возните редови?! Таквите возови како да сакаат да не потсетат дека низ времето не фрчеле само брзи возови. Или, просто, како возрасни луѓе да не потсетат дека првин се пролазува, па потоа се протрчува и се прават рани на детските колена од паѓањето при прптрчувањето. Протрчувањето не ми ти било едноставна работа. Кога се трча, не се зјапа лево-десно, се држи насоката. Погледот не се скаменува во некое убаво дрво, од кое не може да се види шумата. Дрвото без шума и не го личи, како дрвјата без гранки на осамените ридови. Освен суварки по ридиштата, во сеќавањата има и темни тунели: сака упорност да се изодат до крај, до светлината отспротива. Каде што на бела виделина се гледа дека многу нешта едноставно биле ( и вчера и пред векови) та не може да се оспори нивната непорекливост, тоа дека биле и дека имаат значење и место во тевтерот на незаборавот.  Таквите нешта, обично, служат за на наук. А нема кој да не знае дека секоја планина си ја знае својата тежина.


Ристо Лазаров
( преобјавувањето на текстот или на делови од текстот не е допуштено без дозвола на авторот)
See Older Posts...