Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
НА ВРВОТ НА БОЛОТ
Sunday 28 Jan 2018 12:30 | Permalink
ВРВОТ НА БОЛОТ
Ристо Лазаров
За Ацо Шопов, за нашите класици, а и за нашата заборавност...
Можеби не се баш многу на број, ама има високи врвови современиот македонски творечки венец: Рацин, Конески, Шопов, Јаневски... - горди челници и претходници на оние што дојдоа по нив и што допрва ќе доаѓаат. Немаме право занесени од какви било нови "страсти" да ги фрламе во заборав нашите духовни претходници. Зашто, тие, како што рече Старделов за Рацин, беа национални поети од највисок ранг, зашто во својата песна - секој на свој начин - со своите песни ја открија и резимираа целата нова македонска поетска и историска епоха.
Последниве две-три недели се случија два три груби настани поврзани со името на Ацо Шопов: несмасното, да го речам најблаго што можам, споредување на неговото партизанско "агитпроповство" чијашто рожба беше првиот весник на македонски јазик "Млад борец" (во тој контекст беше спомнат и "агитпроповецот" Кочо Рацин). Споредбите со денешниве луѓе за "пи-ар" (небаре немаме наши зборови за односи со јавноста) беа изречени со невидена леснотија. Нешто се расчисти и целта на овие редови не е да ја враќа таа приказна, да кажат нешто за старата песна на нов глас. Ни потреба, ни фајде има.
Пред некој ден се случи нешто многу грозно, поврзано со животот и делото на Ацо Шопов: беше искршена, парчосана, спомен плочата на неговата родна куќа во Штип. Вандализам на дело: дома, речиси на роденденот на поетот (да не се заборави: и првоборецот) Ацо Шопов. Одбивам однапред секаква врска на "агитпроповството" со вандалското кршење на спомен-плочата. Скраја да е. А признавам: ова второво повеќе ме жегна, претпоставувам како и пошироката јавност. Го воскресна во мене прашањето за нашиот заборав кон нашите национални величини. Секој од нас, па и јас, видел во светот спомен -плочи наместени на куќи кои означуваат периоди во кои таму живеел некој творец вреден за почит. Некаде се поголеми, некаде помали, ама постојат и сведочат за духовното богатство на тие градови. Кај нас - наопаку: се кршат бисти, се продаваат како старо железо, се фрлаат в река... Колку пати само се кршат бистите на истиот Шопов, Анте Повски и другите во струшкиот поетски парк, нашата петропола на поезијата?
Но, да се вратиме на вандалското уништување на спомен-плочата на куќата на Ацо Шопов во Штип. Тоа што разбудува сентименти за заедничкото одење со големиот поет токму пред куќата во која е роден и на која беше закачена спомен-плочата, може да се смета и за приватна работа. Но, имам обврска, не баш приватна, да станам во одбрана на делото на Шопов: нема поминато еден месец, како во неговиот и мој Штип, ми беше доделено признание за афирмација на ликот и делото на Ацо Шопов, што ме прави неизмерно горд. И трижповеќе ме обврзува.
Откривач на тишината
Ацо Шопов прв ја откри тишината во македонската поезија и таа тишина стана култна, траен знак за распознавање. Колку што одминува времето, денес, во општата фејсбуковска и твитерска дрдорливост, таа, тишината, ни го открива сето свое значење, ни открива всушност, дека не се наоѓа подобар и поумешен говор од говорот на тишината. Мислата како повеќе да одекнува ако не се каже, ако се одмолчи. Онаа мисла која кај Ацо Шопов никнуваше од бескрајните длабочини на празниот лист хартија.
Ако моќта и припаѓа на тишината, што тогаш со зборовите, зошто служат зборовите? Па, зборовите служат да се пишуваат песни. Зад нив, секако, не стои само тишината, ама ние, од пуста мрза, често и не знаеме што стои зад тишината и зад зборовите. А ретко, ептен ретко запнуваме да ја откриеме јатката на зборот и што има во неа. Како да ни се оддалечуваат соѕвездијата од метафори.
Од зборовите се создаваат стихови, а од стиховите песни, сите песни на овој свет. Но, само кај вистинските и големите поети, каков што несомнено е Ацо Шопов, некои стихови звучат како цела песна. Eве само неколку примери од "Гледач во пепелта": ( Човеку) птицо претворена во ѕвезда, кој мисли дека те сфатил не знае што е бездна; мојата црнина твоја прегрнина,/твојата темнина моја подземнина./Земјо олелио, земјо пустелио; времето невреме вистинско е време; - изгасни песно во огнот што го запали сама; светлина капе врз нас од ѕвезда што одамна згасна... И така натаму, и така натаму. Набројувањето би било долго.
Од неговата рана младост, до 20 април 1982- та, поминаа многу историски татнежи и светкавици, се отвораа и многу темнини низ кои тре- баше да се врви. Ацо Шопов настојчиво си ја следеше ѕвездата што беше ја запаметил уште од качувањето кон врвот (на болот?) на роднокрајниот Исар и со која си замина во вечноста. И тагата, и убавината се слеваа во таа ѕвезда на Шопов. Sвезда опашица, со оган небото што го пара. Sвезда, која, блесната во песните на Ацо Шопов, на македонската поезија и ги донесе најблескавите мигови. Sвезда со која поетот Ацо Шопов ја споделуваше трагиката на југот. Тој знаеше дека таа е во сонцето, како што знаеше дека сонцето може да биде и црно. Преточена во песна, таа станува таинствен облик на времето.
До највисоките врвови на јазикот
И тогаш, пред речиси половина век, и денес, повеќето песни од стихозбирката "Гледач во пепелта" личат како предел на осаменик кој повикува посетители. Повикот, инаку, е упатен од непотрошлив собеседник вкоренет во спомените на сите кои го познаваа – непресушен извор на добродушност и отменост. Собеседник кој сè што имаше носеше во себе, како што се носи роза во реверите на песната.
Ацо Шопов прв објави стихозбирка во слободна Македонија, онаа Македонија за која веруваше дека е судбина на светот, а светот судбина на Македонија и денеска таа македонска слободаска поетска прворожба не може да се есапи само за прост и празнозначен факт. Попрво ќе да беше тоа неговиот прв чекор кон иднината и небиднината, кон црното сонце. Среде небиднина знаеше да ни каже што ќе ни се случи вчера и што ни се случило утре. Среде небидниа, потем, тивко, тивко излегуваше од сонот, за в мугри да го препознае и црното сонце. И сè така, верувајќи дека сите реки и мориња имаат и друг брег. Сè така, знаејќи, и од сопствениот опит, дека поезијата - како и секоја вистинска уметност - е напор, тежок напор. Некој беше рекол дека пишувањето поезија е, всушност, увежбување на смртта.
Со заминувњето, пролетта 1982-та, Ацо Шопов стана првиот класик на повоената македонска литература. До крај и остана верен на поезијата, нескршливо верувајќи дека токму поезијата ги достигнува највисоките висови на јазикот.
И тишината, и небиднината, и црното сонце, сè што создаде Ацо Шопов се неодминливи знаци на една поетска великост, знаци на зрелост
кои беспоговорно сведочат дека сè што ќе биде сработено и стокмено како што треба, се претвора во спомен, станува трајна вредност. Наспроти сите морници на новите времиња во кои не се баш и реткост обидитите значајни писатели да се тутнат во заборавот и тоа не со критика и превреднување, ами со неподнослива леснотија на едно ирационално самоволие.
На следбениците Ацо Шопов им остави непотрошливи бразди. Неговиот збор остана – непрегор, немушта патоказ кон врвот од болот. Мост кон светот, кон оној свет со којшто треба да се биде ,,на ти” при споделувањето и на убавината, и на тагата.
Нема кој да не знае дека Ацо Шопов беше душа човек. Сушта потврда на тоа дека поезијата е еден вид душа искажана со јазикот.Наспроти бездушниците со токмаци в раце.