Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров




ВРЕВА И МОЛК НА МОСТОТ


За н екои поети стварноста е се’, други повеќе летаат на крилјата на нестварното. За некои други луѓе пак, кои немаат ама баш никаков допир со поезијата, стварноста е обично тесто за месење и за производство на далавери кои изгледаат нестварни. Таквите се нарекуваат и начекувачи и за нив старноста е полна темни темнини и тесни сокаци. Во тесните сокаци масите изгледаат помасовни, а во тишината на темните темници хоровите изгледаат побучни. Од една страна. Од друга страна, во темни темници и тесни сокаци некои трети, пак, не дозволуваат никаква масовност, никаква бучава, никакви хорови. Само издишки – од оние препознатливите, надуени со фреон од (само)задоволство.
         Во стварноста има се’, па и делби – по сите линии. Не излегуваат од мода делбите (тадури и прозивките) на јунаци викачи и кукавици молчеливци. Јунаците викачи, по правило се хористи, улични гневници, дувачи во свирчиња, удирачи во барабанчиња и тенџериња. Паролите далеку им се слушаат само кога се во хор, поинаку, солистички не фукционираат. Се знае, де, и во најдолната опера во светот што се хористи, а што и кои се солисти.
         За солистите се вели дека се молчеливци, дека нивниот глас не дофрла далеку, отшто се плашеле, богати. А што ако баш нив, солистите, нема кој да ги чуе? Вклучувајќи ги и оние кои ги обвинуваат за молчење – да не излезе дека баш тие се наглуви за гласот на солистите? Од едно уво им влегува, од друго им излегува, страстите им се разгорени и исцело свртени кон хористите, викачите од сите бои и од сите сорти, а и на сите места, не само на плоштадите.
         И солистите не се едномисленици, едноумието, нели, си го отпеа своето. Едни меѓу нив се прозивачи, други прозивари, трети - преживари. И прозваните се слично поделени. Меѓу сите нив, мнозина многу љубат да си се нарекуваат интелектуалци. Демек, мислечки луѓе. Умни. И како на такви, соло пеењето им се смета за - молчење. И тоа од оние најглувите, а најострастените. Таквите отсекогаш претпочитале да бидат ,,масовици”.
         Мина повеќе од цел век од првообјавата на интелектуализмот на Емил Зола познат во сите учебници под насловот ,,Обвинувам”. Денеска секоја суша обвинува што и кој ќе му дојде на ум, а секоја сушичка си се смета за интелектуална суша. Барлем средношколските лектири да ги прочитала, ајде де. Немале време, биле зафатени, всушност, со бербатењето, мрсењето и излитувањето на поимањето, па и ликот и делото на интелектуалецот. Во неговото впрегнување во партиските кочии, сеедно каде вртат тие на првата раскрисница – лево или десно. Ако не си на кочијата, молчаливко си, кукавица си, се’ што е недолично си. А знаат дека не си, ама ѓоа не знаат дека знаат.
         Интелектуалноста се докажува под партиско знаме, на партиски митинзи, трибини и слични масовни собирања. Понекогаш се на цена и колумните – зависи чии и зависи во кои весници. Ако се напише нешто во некое списание – речиси и да не се есапи, а ако се напише и цела книга – дибисуд не се есапи. Кој денеска чита книги, па баш тие некого да покренат на акција?! Логиката е како грав тетовец: ако си од спротивниот табор си дродорлив простак, ако си од ,,нашите”, а молчиш, тогаш си предавник. Ѓоа нежно, еуфемистички звучи тоа.
         Големите мајстори на кавгите меѓу малите луѓе знаат дека е природно да се критикува власта (особено кога не се на власт), ама се прават дека не знаат дека не знаат дека таа критика автоматски не значи припаѓање и нежно гушкање со спротивниот табор. Тешко би можело да се рече дека тоа е празна неутралност, уште помалку дека е тапење на критичката свест. Како сакаш сврти го, критичката свест само не се прави на плоштадите, ниту со медиумски мегафони. Критичката свест има свои корени и природен развој, континуитет. Повеќе се потпира на аргументи, помалку на гласноговорност, иако и едното и другото си имаат своја цена, вредностт. При што секогаш е важно власта да зависи од општеството, од народот – никако обратно. По тоа, на некој начин, и се мери умот на власта: умната власт има слух за критиките, неумната ич не поднесува критики, знае власта, не дека не знае – без критика нема напред. Што е за право, иако работите не стојат баш пата-пата, и опозицијата ја знае приказната за прифаќањето и одбивањето на критиката.
         Оние што повеќе љубат хорска врева и не поднесуваат мислечка, солистичка критика, очевидно, се скарале со иднината         и застанале на бајката за огледалцето коешто кажувало кој е најубав (и најумен ли?) на светот. Изгубиле од предвид дека нема волшебно огледалце што во историјата кога тогаш нема да се скрши. А од друга страна не’ мавтосуваат дека индивидуалецот е столб, и тоа не каков годе,  на демократијата. Велат, со право, дека нема колективна вина, на пример. А заслугата само колективна ли мора да биде? Само тимски ли мора да се игра, што е со поединечните спортови?
         Обвинетите молчеливци, вистина ли молчат? Нивниот невидлив говор, што толку лефтерно се крсти за молчење, вистина ли е молчење? Или повеќе зборува од нарачателите на хорското вреваџиство во одвај подносливата аблканска темнина? Толку ли е безболно некому, туку таа под облака, да му се ампутира правото на безвреваџиско, мислечко мислење, во кое само кусогледите можат низ маглата на изместената диоптирија да препознаат молчење? Божем има само еден вид на говор и на отпор! 
         Во ,,меѓународната поделба на трудот” на мислечкте луѓе не им припаѓа да бидат активистички гласоноговорници, a романите, стихозбрките, есеите и другите книги, да видиш, ,,активистите” не ги бројат за ангажман. Хорското пеење има апсолутно предимство, се мисли дека кравите што заеднички мукааат даваат повеќе млеко. 
         Застанат на мостот над брзаците на нашата стварност, мислечкиот човек е на големи маки – обата брега, имено, сакаат да биде нивни, да го земат ,,под свое” а тој сака да си остане свој и самостоен. Не дека не ја знае јачината на обестраната врева, ама и не дека не знае дека одвај може да се рече дека во нашата стварност живурка некаква јавност и дека што и да каже разумен човек, нема никако да влијае врз аздисаните карвани на моќта. Тоа не е дефетизам, тоа е само слика на времето што го живееме. Се’ во свое време?       

Ристо Лазаров
9.6.2012
See Older Posts...