Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров




ВРЕВА И МОЛК НА МОСТОТ


За н екои поети стварноста е се’, други повеќе летаат на крилјата на нестварното. За некои други луѓе пак, кои немаат ама баш никаков допир со поезијата, стварноста е обично тесто за месење и за производство на далавери кои изгледаат нестварни. Таквите се нарекуваат и начекувачи и за нив старноста е полна темни темнини и тесни сокаци. Во тесните сокаци масите изгледаат помасовни, а во тишината на темните темници хоровите изгледаат побучни. Од една страна. Од друга страна, во темни темници и тесни сокаци некои трети, пак, не дозволуваат никаква масовност, никаква бучава, никакви хорови. Само издишки – од оние препознатливите, надуени со фреон од (само)задоволство.
         Во стварноста има се’, па и делби – по сите линии. Не излегуваат од мода делбите (тадури и прозивките) на јунаци викачи и кукавици молчеливци. Јунаците викачи, по правило се хористи, улични гневници, дувачи во свирчиња, удирачи во барабанчиња и тенџериња. Паролите далеку им се слушаат само кога се во хор, поинаку, солистички не фукционираат. Се знае, де, и во најдолната опера во светот што се хористи, а што и кои се солисти.
         За солистите се вели дека се молчеливци, дека нивниот глас не дофрла далеку, отшто се плашеле, богати. А што ако баш нив, солистите, нема кој да ги чуе? Вклучувајќи ги и оние кои ги обвинуваат за молчење – да не излезе дека баш тие се наглуви за гласот на солистите? Од едно уво им влегува, од друго им излегува, страстите им се разгорени и исцело свртени кон хористите, викачите од сите бои и од сите сорти, а и на сите места, не само на плоштадите.
         И солистите не се едномисленици, едноумието, нели, си го отпеа своето. Едни меѓу нив се прозивачи, други прозивари, трети - преживари. И прозваните се слично поделени. Меѓу сите нив, мнозина многу љубат да си се нарекуваат интелектуалци. Демек, мислечки луѓе. Умни. И како на такви, соло пеењето им се смета за - молчење. И тоа од оние најглувите, а најострастените. Таквите отсекогаш претпочитале да бидат ,,масовици”.
         Мина повеќе од цел век од првообјавата на интелектуализмот на Емил Зола познат во сите учебници под насловот ,,Обвинувам”. Денеска секоја суша обвинува што и кој ќе му дојде на ум, а секоја сушичка си се смета за интелектуална суша. Барлем средношколските лектири да ги прочитала, ајде де. Немале време, биле зафатени, всушност, со бербатењето, мрсењето и излитувањето на поимањето, па и ликот и делото на интелектуалецот. Во неговото впрегнување во партиските кочии, сеедно каде вртат тие на првата раскрисница – лево или десно. Ако не си на кочијата, молчаливко си, кукавица си, се’ што е недолично си. А знаат дека не си, ама ѓоа не знаат дека знаат.
         Интелектуалноста се докажува под партиско знаме, на партиски митинзи, трибини и слични масовни собирања. Понекогаш се на цена и колумните – зависи чии и зависи во кои весници. Ако се напише нешто во некое списание – речиси и да не се есапи, а ако се напише и цела книга – дибисуд не се есапи. Кој денеска чита книги, па баш тие некого да покренат на акција?! Логиката е како грав тетовец: ако си од спротивниот табор си дродорлив простак, ако си од ,,нашите”, а молчиш, тогаш си предавник. Ѓоа нежно, еуфемистички звучи тоа.
         Големите мајстори на кавгите меѓу малите луѓе знаат дека е природно да се критикува власта (особено кога не се на власт), ама се прават дека не знаат дека не знаат дека таа критика автоматски не значи припаѓање и нежно гушкање со спротивниот табор. Тешко би можело да се рече дека тоа е празна неутралност, уште помалку дека е тапење на критичката свест. Како сакаш сврти го, критичката свест само не се прави на плоштадите, ниту со медиумски мегафони. Критичката свест има свои корени и природен развој, континуитет. Повеќе се потпира на аргументи, помалку на гласноговорност, иако и едното и другото си имаат своја цена, вредностт. При што секогаш е важно власта да зависи од општеството, од народот – никако обратно. По тоа, на некој начин, и се мери умот на власта: умната власт има слух за критиките, неумната ич не поднесува критики, знае власта, не дека не знае – без критика нема напред. Што е за право, иако работите не стојат баш пата-пата, и опозицијата ја знае приказната за прифаќањето и одбивањето на критиката.
         Оние што повеќе љубат хорска врева и не поднесуваат мислечка, солистичка критика, очевидно, се скарале со иднината         и застанале на бајката за огледалцето коешто кажувало кој е најубав (и најумен ли?) на светот. Изгубиле од предвид дека нема волшебно огледалце што во историјата кога тогаш нема да се скрши. А од друга страна не’ мавтосуваат дека индивидуалецот е столб, и тоа не каков годе,  на демократијата. Велат, со право, дека нема колективна вина, на пример. А заслугата само колективна ли мора да биде? Само тимски ли мора да се игра, што е со поединечните спортови?
         Обвинетите молчеливци, вистина ли молчат? Нивниот невидлив говор, што толку лефтерно се крсти за молчење, вистина ли е молчење? Или повеќе зборува од нарачателите на хорското вреваџиство во одвај подносливата аблканска темнина? Толку ли е безболно некому, туку таа под облака, да му се ампутира правото на безвреваџиско, мислечко мислење, во кое само кусогледите можат низ маглата на изместената диоптирија да препознаат молчење? Божем има само еден вид на говор и на отпор! 
         Во ,,меѓународната поделба на трудот” на мислечкте луѓе не им припаѓа да бидат активистички гласоноговорници, a романите, стихозбрките, есеите и другите книги, да видиш, ,,активистите” не ги бројат за ангажман. Хорското пеење има апсолутно предимство, се мисли дека кравите што заеднички мукааат даваат повеќе млеко. 
         Застанат на мостот над брзаците на нашата стварност, мислечкиот човек е на големи маки – обата брега, имено, сакаат да биде нивни, да го земат ,,под свое” а тој сака да си остане свој и самостоен. Не дека не ја знае јачината на обестраната врева, ама и не дека не знае дека одвај може да се рече дека во нашата стварност живурка некаква јавност и дека што и да каже разумен човек, нема никако да влијае врз аздисаните карвани на моќта. Тоа не е дефетизам, тоа е само слика на времето што го живееме. Се’ во свое време?       

Ристо Лазаров
9.6.2012

ИДНИНАТА VS МИНАТОТО?


Ако се преврте метафоричката пирамида на поетот, а и без тоа,  би можело да се рече дека иднината не е само она што ќе дојде. И притоа да се има на ум дека топлата вода е измислена уште од векутума века: на мнозина можеби им викале џиш пред да брцнат во топлата вода, ама тие не се обзирале. Така некако почнувал секој устрем кон иднината. Безбели, и денешниот. Толку изарчен во дневните препукувања на ривалите, ако воопшто можат да се наречат така.
         Денес ни со боринка не се наоѓа некој кој ќе одрече дека иднината е почната, дека ене ја, доаѓа ли доаѓа. Ем доаѓа, ем потсетува дека – што веќе доаѓа и ќе дојде – треба да се преживее. Иднината ако не се преживее, ич да не доаѓа, ич да не се закачува на тркалото на животот, кое се разбира, не е еднакво со тркалото во луна паркот. Дотолку барем сите се одбираат, разбираат. А во тркалото на животот било и ќе биде: старото станува ново (и без паролите од старото да создадеме ново). Е, сега: новото ќе стане ли поново? Секогаш? Како и колку новото се преточува во иднина?
         Во катадневната бркотница има многу сонувачи, асли сонувачи. Ама има и мнгу визионери, самопрогласени визионери. Кои си ги љубат само сопствените соништа, добидус. На другите им допуштаат да сонуваат бело. Бели соништа, бела иднина? Или безбојна? Многуте соништа и визии, какви-такви, не значат автоматски и иднина. Како што од секое врбово гранче, тадури и од оние кои поседуваат заштитен знак на паметник, свирче не бидува. Јок.
         Иднината сака да се препознае. Овде и денес, без одлагање. А сака и да се освои иднината, оти не доаѓа на волшебно килимче. Сака да се изгради иднината – зо разни алатки: од гребло до багер, од дикел до забревтан кипер. А не сака да се позајмува од иднината, сами си го мамат умот тие кои мислат дека можат да ги вратат тие позајмици.
         Кога се сака иднината, што всушност се сака? Тераса, Гоцева раса? Мирисот на бронзата, студенилото на мермерот? Се разбира дека не е сранота да се сака, ама сака понекогаш да се има на ум и крајот на една народна за Грозда мома: што се сака, не се зема.
         Иднината понекогаш прилега на спортски натпревар: од прошуштени шанси не се прави ни победа, ни иднина. Шансите се создаваат (понекогаш и подаруваат) за да се искористат.
         Иднината не се наметнува. Тогаш е тоа само иднина на оној кој наметнува. Иднината не се прави и за инает, ни со вишок тврдоглавост. Во тркалото на животот што се врти кон иднината, понекогаш не треба да се попушта, ама за тоа сака голем усет за врме и за вредноста на мигот. Понекогаш, пак, сака и да се попушти, пак во вистинскиот миг. Ако не, ојде возот и сака ново окапување од неизвесност на стариот железнички перон. Цуцул стои на перон, во името на иднината!?
         Не е лошо од време на време луѓето да се потсетуваат дека самите си ја грицкаат иднината, како грисини на некоја евтина гозда или како пуканки в кино. Кога се грицка неконтролирабо, ти  се чини дека грабиш кон иднината, а всушност, се враќаш назад – назад во иднината!
         Арно де, грми врви – патот врви. Стига ли е сал еден пат? Патишта без умешни трасери се прават ли? При толкуте дрдорења за иднината, помислува ли некој на децата? Создаваме ли деца на иднината или деца на минатото?
         Вечна е трката за водачи во иднината. Небаре е тоа да фатиш дете за рака, па претрчаш некое парче зеленило што останало на патот кон урбаната иднина. Не е мала конкуренцијата и за водачи во сенка. Поарно во ладна ладовина отколку на гола ледина, згора и не разорана. Иднината има се помалку фајде од орачите. Доцна се разбира, во некоја далечна иднина, дека не бива така.
         Ако не бива од старите митови, бива ли иднината од некои нови, таканаречени глобалистички митови? Сам човек колку може на овој бели свет застанат на мостот кон иднината? Особено кога знае дека џабе ќе врви преку мостот, ако пред тоа нема едно големо и асолно прочистување? Иднина од валканици не се прави.
         Уште колку може и се поднесува ли воопшто чекањето на иднината? Или и таа самата, иднината, ќе збрлави отшто толку ја чекаме?
         Запнете малку, изострете го погледот: вистина ли врви возот напред, кон иднината?

02.06.2012                                                                        Ристо Лазаров

СИЗИФ(РЕНИЈА)


Нема кој да не чул за митот ли, легендата ли, приказната ли (како што милувате) за Сизиф. Тадури и овие нововременските носители на купечки дипломи, магистратури и докторати, кога сакаат умно да глаголат за општествените појави и проблеми, често ја употребуваат ,,метафората” – Сизифова работа. Не дека знаат што е тоа, ама начуле нешто, па ред е начуеното да се искористи за промоција на сопствената мудрост, ами како!
       Вистинсата, изворна приказна за Сизиф е малку замрсена. Едни велат, други одрекуваат: бил син на Еол и татко на Одисеј. Од таквите рекувања и одрекувања се плетат јадри, бабачки јазли на цела една сизифренија. Не се нашле мажи што да ги распетлат толку силните јазли – ни Фројд, ни Јунг, никој. Ако гледаш јазол, не значи дека си го распетлал. И секој што видел јазол, не се нашол автоматски во Гордион, а кел фајде и да се нашол: и оној со острата сабја, многу подоцна наречен воин на коњ, не му можел ништо на јазолот на сизифренијата, а не пак таму некакви туристи стасани во Гордион со скапани автобуси. Просто: попуста работа да ми ти било делањето на Сизиф, од што не треба веднаш да се заклучи дека тој бил бадијалџија. Скраја да е. Попрво: судбина, проклетство, пресуда.
       Не е бадијалџиство големата камена топка да ја буткаш угоре и да ја наместиш на врв планина. И не е дека нема да те фати сизифренија кога, баш кога некако ќе го дотуркаш каменот до врвот, тој ќе се струполи, урниса прудолу, кон почетната точка. И се’ така, оттука до вечноста, од дамни времиња до Ками, до денот денешен. Од подножјето – до врвот на неуспехот. Како кога севезден садиш, а тоа не врзува, ни никнува, а за цутење ќе попричекаат идните цивилизации. А и иднината, пустата, тешко се преознава: не е еднобојна и до неа не се стасува преку трупа.
       Е, во личното си макотрпие Сизиф бргу разбрал дека каменот прудолу секогаш полесно и побрзо се тркала. Па му се поткренала сизифренијата: ако на врвот е иднината, прудолу, кон минатото секогаш е полесно. А и на подножјето се пошироки ливадите за разни народни ора и други гачки за увеселување – ем на народот, ем на сеирџиите меѓу народот. Во себе, како што сведочат мнозина умни, Сизиф никогаш не ја гледал маната: каменот бил пакосен, а тој самиот дури маченик и страдалник, ама не и – злосторник.
       Па, за џабе ли бил казнет? Не ќе да е, ако, како што вели древната приказна, го предал баш главниот бог Зевс. Што не значи дека и во оваа прилика треба да се плеткаме во замрсените интригантски игри на Зевс и на боговите и богчињата околу него. Што пак, исто таа, не значи дека и денеска нема такви што си се замислуваат Зевсови или зевсчиња, барем. Секој Зевс си има свој Сизиф и секој Сизиф си има свој Зевс. Има ли јасно разграничување меѓу нив, денес? Дали наместо проклетството иказната од Зевс, на пример, Сизиф денес би добил орден за упорност или за тврдоглавост? Каков било, ама орден! Им многу ордени кои првин предизвикуваат самозадоволство и самобендисаност, а потем стануваат зрачилиште на сизифренијата.
       Модерните носители на заслуги си мислат дека има прости, како грав, решенија и за најсложените проблеми. Уште едно зрачилиште на сизифренијата.
       Кревајќи ја едноставноста на пиедестал, модерните носители на заслуги стануваат алергични на неистомислениците, не сакаат со нив да го споделат напорот и маката во туркањето на камената топка. Нив, неистомислениците, ги множат со нула. А множењето со нула, исто така, е зрачилиште на сизифренијата. Знаеш, а не знаеш дека не можеш сам да го дотуркаш каменот до врвот. Ги викаш оние од минатото, ама тие бргу бргу се претворааат во камени сеќавања и од нив нема никакво фајде во туркањето на каменот кон врвот.
       И така, продолжува да трае баучот на сизифренијата. Сите сакаат да вдишат длабоко, ама никој не се чини дикат да остави барем троа од кислородот на разбирачката. Забораваат дека ист бог го повела и качувањето и урнисувањето на каменот. Исто зрачилиште на сизифренијата, во која, сепак се знае кој е Сизиф, престорен во продавач на модерна сизифренија. Купувачите веќе го видоа аирот, а и го гледаат се поизострено. Само иднината се потешко се препознава, среде маглите на сизифренијата.
      
                                                               Ристо Лазаров

26,05.2012
See Older Posts...