Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

ИДЕНТИТЕТИ

Всушност, којшто прави овие две децении, ние таа пак таа – тиради за идентитетот, интегритетот, суверенитетот. Многу зборови, малку фајде. Како што одминува времето, се’ понејасен ни е овој расчекор. Муабетиме во нови, модерни кафулиња, на улици со сменети имиња, ама како да седиме во минатото. Тешко ни оди одлепувањето од минатото и залепувањето за иднината.
         За идентитетите, си велиме деновиве со пријателот, се напишани томови и томови умни мисли. И не дека не се прочитани, макар што некои главатари не се баш по читањето книги, ама белки имаат и по некој советник – читач. Го спомнуваме Амин Малуф, неговите дамнешни ,,Погубни идентитети” кои вреди (и треба) одново и одново да се препрочитуваат, да се цитираат, да им се посочуваат на потенцијалните читачи. И не е само Малуф распнат во одгатката на цивилизациското распетие меѓу минатото и иднината.
         Глава не се крева од армиите бранители на идентитетот. Колку подлабоки корени ако сме имале, толку поцврст ни бил идентитетот. Свесно се прескокнува урокот дека така стокменото сфаќање од идентитетот прави – лажен пријател. Лажните пријатели се татковци на лажните занеси, на самовеличењето, а често и на напакостувањето другему. Лажни пријатели, лажни времиња, лажни идентитети. Расцут на фантазијата за предците – овенување на непобитната реалност дека сите ние, сепак, сме синови на своето време. Така беше бил рекол некој историчар, не некој претскажувач на иднината.
         Нагласката на нашиот длабок корен, може да создаде и вишок на нетолеранција – и кај нас, и кај оние кои живеат со нас а си имаат друг корен. Кога ќе се стаса на тоа дереџе, обично е доцна да се види дека немала баш голема смисла толкавата заслепеност од минатото. Не треба да се заборави дека понекогаш и од иднината се прави Ватерло. Кој прв почна – тоа е наслов за в театар. Секоја чест на насловите, ама животот сепак не е театар. Од таквото минато времето прави бледи, речиси бесмислени спомени. А минатото е минато по неговите големи моменти. Тврдините на минатото не се задолжителбо тврдини на фанатизмот, напротив.
         Вреди да севезден да се прават напори за идентитетот да се говори во идно време. Тоа не значи кревање раце од минатото, туку просто свест дека некако не го личи човек повеќе да е обземен со минатото, отколку со својата иднина. Иднина која не го анулира континуитетот, но која е сосема свесна за длабоките преобразби како sine qua non. Иднина која ќе умее да го прескокне јазот помеѓу она што навистина сме и помеѓу она што посакуваме да сме. Огледалцето коешто кажува најубав на светот кој е, не е патоказ кон иднината – води во обратна насока.
         Наспроти сите популизми кои запнуваат да се прикажат како знак за распознавање на нашето време, ни би ни личело да сметнеме од ум дека сепак живеем, како-така, во времето на поединецот. Навивачките маси, и покрај сиот налет, не можат да го згмечат идентитетот на поединецот. Не толку одамна, Љоса беше ркол дека идентитетот е нешто што му припаѓа на поединецот, а колективитетите него го губат оној час кога ќе го надминат племенскиот начин на живот. Богатството на идентитетскиот колорит е во континуитетот кој и нема идентитет, оти, заправо, ги има сите идентитети.
         Идентитетот е грдолик ако е квота.
         Идентитетот е грдолик и ако е топорење на мнозинството.
         Идентитетот е е само собирање, секоја математика познава и одземање, делење, множење. Секој живот познава и давање, тадури и откажување од своето битие. Не во името на апетитите на другему, ами во името на модернизацијата, во името на новиот ден.
         Тој, новиот ден, не е безбоен, безмирисен и безстожерен. Скраја да е. Јазикот, да речеме, е еден од основните стожери на новиот ден. И на идентитетот, се разбира. На културниот идентитет. При што се подразбира постоењето на јазична разноликост. А и разноликоста си има свои стожери.
         Надежно звучи сознанието дека се уште има време да поитаме кон вистинскиот извор: брзаците коишто потекуваат од него не се само обична глетка за восхит, ами многу повеќе туку животворна притока која се влева во регионалните, па и пошироки текови кон утрешниот ден.

Ристо Лазаров
18 август 2012
See Older Posts...