Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Sunday 14 Apr 2013 11:53
| Permalink
НИКОЕ ВРЕМЕ
Секоја пролет и есен се менува времето и тоа го правиме со обично поместување на сказалките на часовникот - за еден час понапред или наназад. Од тоа зависи дали првата вечер во сменетото време ќе спиеме еден час помалку или повеќе. При што ранобудниците продолжуваат да бидат ранобудници, а заспаните - заспани, во кома.
А и инаку се менува времето. Не се рекло џабе се' во свое време или - не е секогаш време за се'. На пример, изборни гласови се крадат во време на избори, ни пред тоа ни потоа. Што е доказ дека минува времето, тече, жубори. Има време кога ќе речеме: летнало времето, како сивите галаби од една народна песна.
Некогаш времето запира, се скаменува в место. Некое скаменето време е долговечно, друго се ничкосува. Запрено или заитано, некогаш времето е намуртено, некогаш насмеано: да не знаеш кој кого имитира - дали луѓето времето, или времето луѓето. Мнозина луѓе велат дека имаат фајде од времето само во поговорките: демек, времето лекувало се'. А тие што се разбираат во лечебности, велат дека она што лекува се', всушност, не лекува ништо.
Времето е полно или се полни, до врв. Времето е и празно или се празни, на екс, како чаша лута ракија. Од шприцееот на полното и празното време се исцедува безвременоста, а се наѕира и вонвременоста. Со што поточно се мери времето - со безвременоста или со вонвременоста? И тогаш - колку е часот? Колку е часот и сега? Ако се појави кусок на време, како и со што се надополнува? Да не би кусокот да е најточната мерка на времето?
Се мери времето и со
слобода. Ми се чини, Ленин беше рекол дека слободата е, всушност,
сфатена нужност. Колку што ја сфаќаме нужноста, толку сме слободни? Тамам
работа!
Кусокот време не е време без време. Кусокот на време често е време на чуда. На триста чуда, како оние рото-романите од детството. Времето на чудата не локално, ами глобално. На дело е глобализација на чудата, со локална анестезија.
Има среќни времиња, ама за нив се говори во минато време. Во сегашно време, тадури и во идно, се говори за злите времиња - времиња на исплазените јазици. Одењето од време на време може да се престори и во одење од време во време. Од време на време се оди како од облак на облак. А и од време во време се влегува како од облак во облак. Има време во магла и троа повеќе магла во времето. Маглата во времето се произведува во фабриките за зашеќерени приказни, без исклучок.
Времето, со тек на време, станува старо време. Заборавено време. Новото време е сплет од планови и желби. Моментното време е за чукање глава во некој ѕид што го издржал забот на времето. Во моментното време се издвојува најмногу време за насилства. Време на насилства, од секаков вид. Таксират време. Барем тоа, времето на насилства, да е на одредено време...
Во времето се влегува главечки и назачки. Не се знае како се излегува од времето. Се утврдува само дека времето не се повторува, иако некои си прават привиди а други бајрам со умот на таа тема. Како и да е, тоа не зависи од влезот и излезот од времето.
Има времиња кога умот
молкнува, будалата дрдори, а фукарите се збогатуваат – беше бил запишал Иво
Андриќ. Таквите времиња не заминуваат во историјата, жилави некои времиња.
Во времето, еве ова нашево, може да дурлат бистри води. А времето да би де матно. Во секое време се продаваат оптички мамки, нарочно во матните времиња.
Во матните времиња се отвораат посебни чекалници за времето.
Матните времиња можат да бидат и опасни времиња. Опасните времиња се времиња на коњи и биволи. Времиња на копита, кои милуваат да удираат по нежни чела. Kопита кои је милуваат и негуваат (пот)просечноста.
Лека-полека, времето станува - никое време. Време на голема срамота. Во никое време, се случуваат дремки, ама сните
се дамлосани, столчени. Во никое врее некој како да не’ тера сами да си ги
тепаме сните, сопствените сни. И тогаш никој не знае колку време збира во едно обично лонче време?