Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

НИКОЕ ВРЕМЕ

Секоја пролет и есен се менува времето и тоа го правиме со обично поместување на сказалките на часовникот - за еден час понапред или наназад. Од тоа зависи дали првата вечер во сменетото време ќе спиеме еден час помалку или повеќе. При што ранобудниците продолжуваат да бидат ранобудници, а заспаните - заспани, во кома.

А и инаку се менува времето. Не се рекло џабе се' во свое време или - не е секогаш време за се'. На пример, изборни гласови се крадат во време на избори, ни пред тоа ни потоа. Што е доказ дека минува времето, тече, жубори. Има време кога ќе речеме: летнало времето, како сивите галаби од една народна песна.

Некогаш времето запира, се скаменува в место. Некое скаменето време е долговечно, друго се ничкосува. Запрено или заитано, некогаш времето е намуртено, некогаш насмеано: да не знаеш кој кого имитира - дали луѓето времето, или времето луѓето. Мнозина луѓе велат дека имаат фајде од времето само во поговорките: демек, времето лекувало се'. А тие што се разбираат во лечебности, велат дека она што лекува се', всушност, не лекува ништо.

Времето е полно или се полни, до врв. Времето е и празно или се празни, на екс, како чаша лута ракија. Од шприцееот на полното и празното време се исцедува безвременоста, а се наѕира и вонвременоста. Со што поточно се мери времето - со безвременоста или со вонвременоста? И тогаш - колку е часот? Колку е часот и сега? Ако се појави кусок на време, како и со што се надополнува? Да не би кусокот да е најточната мерка на времето?

Се мери времето и со слобода. Ми се чини, Ленин беше рекол дека слободата е, всушност, сфатена нужност. Колку што ја сфаќаме нужноста, толку сме слободни? Тамам работа!

Кусокот време не е време без време. Кусокот на време често е време на чуда. На триста чуда, како оние рото-романите од детството. Времето на чудата не локално, ами глобално. На дело е глобализација на чудата, со локална анестезија.

Има среќни времиња, ама за нив се говори во минато време. Во сегашно време, тадури и во идно, се говори за злите времиња - времиња на исплазените јазици. Одењето од време на време може да се престори и во одење од време во време. Од време на време се оди како од облак на облак. А и од време во време се влегува како од облак во облак. Има време во магла и троа повеќе магла во времето. Маглата во времето се произведува во фабриките за зашеќерени приказни, без исклучок.

Времето, со тек на време, станува старо време. Заборавено време. Новото време е сплет од планови и желби. Моментното време е за чукање глава во некој ѕид што го издржал забот на времето. Во моментното време се издвојува најмногу време за насилства. Време на насилства, од секаков вид. Таксират време. Барем тоа, времето на насилства, да е на одредено време...

Во времето се влегува главечки и назачки. Не се знае како се излегува од времето. Се утврдува само дека времето не се повторува, иако некои си прават привиди а други бајрам со умот на таа тема. Како и да е, тоа не зависи од влезот и излезот од времето.

Има времиња кога умот молкнува, будалата дрдори, а фукарите се збогатуваат – беше бил запишал Иво Андриќ. Таквите времиња не заминуваат во историјата, жилави некои времиња.

Во времето, еве ова нашево, може да дурлат бистри води. А времето да би де матно. Во секое време се продаваат оптички мамки, нарочно во матните времиња.
Во матните времиња се отвораат посебни чекалници за времето.

Матните времиња можат да бидат и опасни времиња. Опасните времиња се времиња на коњи и биволи. Времиња на копита, кои милуваат да удираат по нежни чела. Kопита кои је милуваат и негуваат (пот)просечноста.

Лека-полека, времето станува - никое време. Време на голема срамота. Во никое време, се случуваат дремки, ама сните се дамлосани, столчени. Во никое врее некој како да не’ тера сами да си ги тепаме сните, сопствените сни. И тогаш никој не знае колку време збира во едно обично лонче време?

A БРЕ МАКЕДОНЧЕ...

Денеска (16 февруари 2013), на трогателниот собир на борците од НОВ на главниот скопски плоштад (неодобрен од власта!?!) ја чув од звучниците, а троа и ја потпеав А бре Македонче...

Мојата пријателка, пак, деновиве, не криејќи дека и е дојдено преку глава од се’ што ни се случува, изјави во весник: ,,јас сум задоена со слободарско, партизанско млеко, а чичко ми Оцка пред седумдесет години ја напишал ,,А бре Македонче”, па верувам дека Македончето веќе пораснало. Време е за Македонецот”.

Долги години слушам дека минало времето на Македончето, дека сега можеме да говориме за Македонецот. Гордо, се разбира. Од што произлегува (индиректно) дека Македончето сме го изговарале и пееле понизно, срамежливо, второкатегорно, јуниорски. Еве прилика да си го кажам мислењето за ова наметната разлика. Не да спорам со пријателката и внуката на авторот на знаменитата песна, која секого кога пее за Македончето го прави горд Македонец.

За јајцето и кокошката ли зборуваме? Македончето, пред да стане Македонче, нели било Македонец? А и Македонецот, нели може да биде Македонче? Зошто се игнорира контекстот на песната за Македончето? Зошто се сака на Македончето да се гледа како на возраст, а не, на пример, како на блискост, нагласена присност? Не дека прашањето граматичко, ама, сепак: зошто се игнорира и вокативната форма во нашиот јазик, при обраќањето, во песна, на Македонецот? Нема белки и такви во животот наш разбуричкан од се’ и сешто, што мислат дека тоа Македонче е борбен повик на биолошките Македончиња, дека Македонија немала мажи (и жени) за слободарски бој? Ви се молам! Па, спомнете си барем на следната строфа на А бре Македонче.

И при ризик малку (ама само малку) да прекардашам, во повеќето ,,патриотски искази” за исправањето на Македончето во Македонец, не гледам добра намера. Повеќе скриен, ѓоа невидлив презир, не само кон песната, ами кон сите тие што са таа песна на уста, ја донесоа слободата? А следствено, нели, потем и се однесувале така, демек како Македончиња а не како Македонци. Што е глупост, тотално исчашен поглед, тотално слепило и глувотија, тотално немање смисла за времето и за неговите историски значајки. И тотално неразбирање на потребата да му вдахнат малку душа на светот околу нив.

А бре Македонче на Оцката Михајловски е предвостаничка творба, која есенум ја навестува македонската добра пролет. A може и малку поинаку: знаел авторот, мислам како Чапек што знаел, дека октомври (и тоа оној, 1941-та) е првиот пролетен месец во најновиот македонски календар. Прилепски речено, има и такви кои воопшто не го сајкалат тој пролетен октомври, кои од времето од пред седум децении емигрирале во пајажините на својата современа неукост и злоба. Си мислат во современоста се, а не гледаат дека таквата современост е – празна современост. Таквите тешко сфаќаат, бргу забораваат. И верувам дека ретко кој од нив, ај да не речам ниту еден, не чул за онаа на Осја Бродски: да се памети – значи повторно да се воспоставува блискоста.

Во случајов, двојна блискост: и со времето на настанувањето на песната и со Македончето во песната на Оцката. Мене тоа, Македончето , секогаш ме поткрева, ми принесува пред очи ведрина, одново и одново ми ја дарува радоста на победата.  

Другпат за една оптичка мамка што се создава додека некој сака да не убеди дека не сме Македончиња, ами Македонци (море, Македончишта!). Сетики спомнувате како партизанската генерација на Оцката го пеела крајот на песната: Македонско име, нема да загине... E, тоа ти е кога ќе се измести основниот акцент, поентата на песната: нешто не сум чул дека во последно време се пее и крајот на А бре Македонче. Да не би песната, талкајќи низ времето, си го изгубила крајот? Или, само партизаните биле толку упорни, па ги пееле песните до крај?

Kако и да е, кога и сега, на овие години, ја слушам или ја пејам  А бре Македонче, не се чувствувам смален и малав, ами голем и многу радосно и ептен гордо, како вистински Македонец.

Ристо Лазаров
16.02.2013







ИСЕЛУВАЊЕ НА АНТИФАШИЗМОТ


Има една песна нашинска, партизанска: Од Вардар до Берлин, голем шум се крева... Сега завладеал молк над Вардар, магли и правои, магла, магла, сегде околу нас, што вели една друга песна, екс-југословенска. Не е до песните, се разбира, макар што тие понекогаш кажуваат отповеќе. Времето е сериозно, тревожно.

На оние кои гинеле со песна на уста, на победоносците, сега што си го крепат чекорот со бастум, со болештини на плеќи, воопшто не им е до песна. Сега ним им држат проповеди за Трст и Владивосток, им проповедаат баш тие што сакаат да ја снема историската и победоносната посока до Берлин. На сила се сака да се смени и посоката на тркалото на историјата, како што дочекавме, еве, победоносците, преостанатите од македонската антифашистичка војска, во својата татковина, од своите - да бидат исфрлени на улица, на стари години да им нудат пелин за докусурување на спомените од победоносните дни, на спомените од Февруарскиот поход, од Фуштани и од Славеј Планина, од Ваташа и од Дабница, од славна Дебарца... каде ли не стапна народната, партизанска војска! Некои батки, демек, се досетиле (транзицијата е како измислена за досетливите батки) по судски пат да ги избркаат борците, преживеаните македонски антифашисти од Втората светска војна, од работните простории во Инвалидскиот дом во Скопје. И сакаат итроманите батки да ни ја шитнат нивната прикаска дека баш тие имаат тапија на зданието во центарот на градот  и дека овој безобразлук е чисто нивно дело, бизнис зделка и со него никој друг нема врска. Ви се молам! Судството ни било толку независно, што власта не можела тука ништо. Освен, да гледа сеир, а еве, веќе излегоа на виделина и текстови дека ја мерка зградата во која сега се наоѓаат борците, за некакви потреби - ја партиски, ја приватни.

Иселувачите, сега обезличени и низ одлуката на Врховниот суд за ревизија на судските пресуди, не сакајќи ја отворија пандорината кутија за третманот на фашизмот и антифашизмот во македонското совремие. Зошто толкаво запенување на устите на толку млади  луѓе чиешто легитимно право е да бидат десничари, ама чија што човечка и политичка обврска е да не плукаат на антифашистичкото минато, на единствената победа на востаничка Македонија? Од каде толку омраза за оние кои и по победата го изградија она што досега ја красеше татковината, а сега сака да се ничкоса со барокни керефеци? Оти биле комунисти?  

Фашисти и антифашисти се ставаат на исто место, едни до други, во ист музеј, оти, замислете - какви биле да биле - наши биле. Башка и зашеќерените прикаски за помирувањето - и тоа такво, што поразените ќе ги јавнат  победниците. Како баш тие, победниците (а комунисти) да и го нанеле сето зло на својата татковина – за нивните недела се изгради Музеј на жртвите од комунизмот, за други се донесе закон за колективна амнестија! Деократски. На пазарите уште се продава и фалшива историја, ама неа тешко кој го знае фашизмот како општо и апсолутно човечко зло, може да ја проголта како вонвременски клен. Притоа, се подразбира дека и комунистите не биле безгрешни и за тоа треба да се говори јавно, ама не и хистерично.

Кога се расправа за фашизмот, не треба да се превид дека е тоа деструкција на индивудалното и од тој визир, некои тукашни силења ја добиваат својата вистинска димензија. И од тоа нема бегање. Перчењето е минлива работа, лесно расиплива стока.

Антифашизмот, се разбира, е негација на фашизмот, ама не негација од немајкаде, не проста негацижја заради негација. Попрво станува збор за една смислена и активна реакција, која пред себе, наместо темнините на минатото и конзервативизмот, ја има иднината, модерната иднина, во која нема место за фашистички отпадоци.

Гледаме, ширум светот, фашизмот крева глава. Гледаме, ширум светот, расте свеста за потребата од одбрана од фашизмот. Тоа е, всушност, одбрана на придобивките на модерната цивилизација. Не попусто некој беше воскликнал: антифашизмот е триумф на човештвото, бележит триумф! Наспроти бележитото варварство на фашизмот.

Само тесноградите и незнjковците ставаат знак на равенство меѓу антифашизмот и комунизмот, мислеќи си наивно, дека така ќе го деградираат и докусурат комунизмот. Јок џанам, не се тоa ни вистински, ни добронамерни диоптри. Никој не може да му го симне на антифашизмот ореолот на општочовечко цивилизациско добро, а најмалку некакви  транзициони батки.

Многу време изарчивме дури да се разбереме дека, во случајов со иселувањето на борците од Инвалидски дом, не станува збор за обичен имотно-правен спор. Државата има историска обврска да не биде сеирџија и нем сведок на понижувањето на последната колона од македонските антифашистички сонцељубивци. Ветераните заслужуваат висока почит, без остаток.

Помагало не помагало, сепак сака јасно и гласно да се каже: срам да им е на батките и нивните пајташи што се неранимајковци и бездушници кон прекрасните старци на кои им го борчиме најсветото - слободата. А и срам да ни е на сите што го трпиме ова малтретирање врз нив. Ете, со таква мисла им се придружувам на борците од НОБ во една од нивните последни битки - за својата чест и образ, но и за честа и образот на победата,  на татковината и иднината.

Не попусто во мигoв ми доаѓа да кликнам: смрт на фашизмот - слобода на народот! И да застанам, и на овој начин, зад централниот транспарент на протестот на македонските антифашисти: NO PASARAN!



Ристо Лазаров
19.12.2012
See Older Posts...