Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Saturday 21 Jul 2012 12:33
| Permalink
СУФЛЕРАЈ
Се тркала животот, до последната капка минато. И до
последната дамка на и од минатото, оти минато без дамки не било минато – такви
се узусите на сегашноста. Која, пак, утре ќе стане минато. И се така во круг. А
сите кругови не се волшебни, магични. А и да се – круговите си остануваат
кругови, некои само привремено светнуваат врз спотнатите чела на
самобендисаните современи триумфалисти.
Сосе
животот, се тркалаат и прашања, цели дрвореди од прашања – оттука до Стамбол.
На пример: од каде толкав вишок на омраза, на агресивност врз минатото? Зошто и
од каде толкав кусок на знаење – не само за мнатото? Зошто некои мислат дека
толку лесно се стекнуваат тапии, мајсторски уверенија, за месење на минатото?
Гледаат ли дека конечниот производ е, всушност – онаа празна дупка што ја има
секој ѓеврек, па и ѓеврекот на минатото?
Каде
што има прашања има или барем би требало да има одговори. Јасни и гласни. Баш
како што бараат таламбасите за транспарентност од кои на луѓето им пукаат
ушните тапанчиња. И тапаништа да се, пак ќе пукнат, како кога некој тапанџија
пресилно ќе ги рокне на свадба.
Татнежите
на таламбасите, сепак, не можат да сокријат една ем појава, ем професија што се
развива во раните фази на демократијата. Колку повеќе таламбаси – толку повеќе
суфлери и суфлерај. Од што некој ќе извлече заклучок дека живееме во време –
театар. И нема да е многу далеку од вистината. Особено кога, згора на се’, ќе
осознае дека и бројот на режисерите не е којзнае колку помал од бројот на
суфлерите. Но, режисерите се друга фела, истопорена на исти даски живот што
значеле. Без оглед на нивната гнилост ли?
Суфлерајот
не е молерај, па да се види веднаш каде попуштила раката на мајсторот.
Суфлерајот знае дека без него станува карма-караши од репликите, па си ја крева
цената, а рангот, природно, си го смета – уметнички. Шепотењето отсекогаш
ималоп уметнички амбиции, нарочно во животот – театар. Има претстави кои велат
дека животот е сон, ама животот учи дека сонот, кога ќе се оддолжи, се претвора
во кома. Оди па разбуди се потем, ако си маж!
Нема суфлер што не е отровно каснат од змијата во мислата
на неговиот господар. Барем во тоа не треба да се убедуваме – дека има
господари со змии во мислите. Бродски на едно место вели дека песот си го слуша
гласот на својот господар. Така некако е и со суфлерот. Тадури, има суфлери што
го знаат наизуст гласот на господарот, пред тој да отвори уста. Тесна
специјалност на таквите суфлери им се епските успеси, расклокотените води на
залажувањето.
Има
емотивни суфлери, ама и суфлери постудени од надгробни камења. Овие студените
се прават дека не се оттука, се прават дека се само дел од публиката, ама оние
кои се разбираат од суфлерај бргу-бргу ги препознаваат. Суфлерот си е суфлер,
ако сака понекогаш и да окапе во публиката. Има и такви претставленија. Како
што има и претставленија со суфлери – двоцевки: на ловџијата му шепотат да
пука, а на зајакот да бега.
Суфлерајот
добива на цена кога ќе се згусти. Тогаш згуснува и бројот на суфлерите, а
слушачите, им стојат на располагање: како првпат да се на сцена, како да не
знаат ни зборче од текстот. Трема? Страв? Во такви ситуации, кој навистина нема
сопствен лавеж: суфлерот ли, слушачот ли? На крајот на претставата, господарот
белки нешто ќе каже и на таа тема.
Во
меѓувреме публиката е малку подвоздржана. Некои се прашуваат ни се случува ли
пред очи замена на жанрот, или што би било уште полошо – само замена на формите
на шепотење и говорење? Ако се тркалаш од сртот прудолу, има ли суштествено
значење на која страна ќе се стркалаш? И кога се тркалаш прудолу, како ли звучи
суфлирањето за триумфите, кое, подоцна, нели од суфлирање станува силна
говоранција, со мегафони и со сите салтанати?
Суфлерајот
понекогаш во силен уметнички занес си помислува дека е на директна линија со
Господ. Како од шега го прескокнува режисерот сосе неговите помошници. Збрката
е веќе замесена и тогаш Господ нека не варди и од суфлерајот, и од режисерот, а
и од господарот.
Ристо
Лазаров
21
јули 2012