Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

СУФЛЕРАЈ


Се тркала животот, до последната капка минато. И до последната дамка на и од минатото, оти минато без дамки не било минато – такви се узусите на сегашноста. Која, пак, утре ќе стане минато. И се така во круг. А сите кругови не се волшебни, магични. А и да се – круговите си остануваат кругови, некои само привремено светнуваат врз спотнатите чела на самобендисаните современи триумфалисти.
         Сосе животот, се тркалаат и прашања, цели дрвореди од прашања – оттука до Стамбол. На пример: од каде толкав вишок на омраза, на агресивност врз минатото? Зошто и од каде толкав кусок на знаење – не само за мнатото? Зошто некои мислат дека толку лесно се стекнуваат тапии, мајсторски уверенија, за месење на минатото? Гледаат ли дека конечниот производ е, всушност – онаа празна дупка што ја има секој ѓеврек, па и ѓеврекот на минатото?
         Каде што има прашања има или барем би требало да има одговори. Јасни и гласни. Баш како што бараат таламбасите за транспарентност од кои на луѓето им пукаат ушните тапанчиња. И тапаништа да се, пак ќе пукнат, како кога некој тапанџија пресилно ќе ги рокне на свадба.
         Татнежите на таламбасите, сепак, не можат да сокријат една ем појава, ем професија што се развива во раните фази на демократијата. Колку повеќе таламбаси – толку повеќе суфлери и суфлерај. Од што некој ќе извлече заклучок дека живееме во време – театар. И нема да е многу далеку од вистината. Особено кога, згора на се’, ќе осознае дека и бројот на режисерите не е којзнае колку помал од бројот на суфлерите. Но, режисерите се друга фела, истопорена на исти даски живот што значеле. Без оглед на нивната гнилост ли?
         Суфлерајот не е молерај, па да се види веднаш каде попуштила раката на мајсторот. Суфлерајот знае дека без него станува карма-караши од репликите, па си ја крева цената, а рангот, природно, си го смета – уметнички. Шепотењето отсекогаш ималоп уметнички амбиции, нарочно во животот – театар. Има претстави кои велат дека животот е сон, ама животот учи дека сонот, кога ќе се оддолжи, се претвора во кома. Оди па разбуди се потем, ако си маж!
         Нема суфлер што не е отровно каснат од змијата во мислата на неговиот господар. Барем во тоа не треба да се убедуваме – дека има господари со змии во мислите. Бродски на едно место вели дека песот си го слуша гласот на својот господар. Така некако е и со суфлерот. Тадури, има суфлери што го знаат наизуст гласот на господарот, пред тој да отвори уста. Тесна специјалност на таквите суфлери им се епските успеси, расклокотените води на залажувањето.
         Има емотивни суфлери, ама и суфлери постудени од надгробни камења. Овие студените се прават дека не се оттука, се прават дека се само дел од публиката, ама оние кои се разбираат од суфлерај бргу-бргу ги препознаваат. Суфлерот си е суфлер, ако сака понекогаш и да окапе во публиката. Има и такви претставленија. Како што има и претставленија со суфлери – двоцевки: на ловџијата му шепотат да пука, а на зајакот да бега.
         Суфлерајот добива на цена кога ќе се згусти. Тогаш згуснува и бројот на суфлерите, а слушачите, им стојат на располагање: како првпат да се на сцена, како да не знаат ни зборче од текстот. Трема? Страв? Во такви ситуации, кој навистина нема сопствен лавеж: суфлерот ли, слушачот ли? На крајот на претставата, господарот белки нешто ќе каже и на таа тема.
         Во меѓувреме публиката е малку подвоздржана. Некои се прашуваат ни се случува ли пред очи замена на жанрот, или што би било уште полошо – само замена на формите на шепотење и говорење? Ако се тркалаш од сртот прудолу, има ли суштествено значење на која страна ќе се стркалаш? И кога се тркалаш прудолу, како ли звучи суфлирањето за триумфите, кое, подоцна, нели од суфлирање станува силна говоранција, со мегафони и со сите салтанати?
         Суфлерајот понекогаш во силен уметнички занес си помислува дека е на директна линија со Господ. Како од шега го прескокнува режисерот сосе неговите помошници. Збрката е веќе замесена и тогаш Господ нека не варди и од суфлерајот, и од режисерот, а и од господарот.

Ристо Лазаров
21 јули 2012

ПОМИЈА(РНИК)

Кој што знае што е помија, знае и што е помијарник. И каде што има помија ( а останува помија и од кујните на најпрочуените готвачи), не ја бидува без помијарник. Макар што не е докажано дека е добро сета помија де се истури во помијарник. Има и други нешта што се прават со помијата, без помијарник. Чистотата на садовите е основната поттикнувачка при секое спомнување на помијата и помијарникот. Чистотата често пати е повеќе од половина здравје. Затоа и сака, покрај чисти садови - и чист образ, и чиста душа, па и чисти сметки (долга љубов)...
            Има времиња кога растат количествата помија и бројот на помијарниците. Има парадокси, во историјата, кога баш среде сиромаштија растат кличествата помија. Тоа можеби и не би се видело, кога наместо во пoмијарник, помијата не би се истурала секаде, кому каде ќе му текне, со што грубо се деградира улогата на помијарникот. Или, би можело да се рече - помијарник се прави од се: и од контејнерите, и од задскриените ќошиња, и од ливадите покрај патот. Ама баш од се', тадури и од некои места каде што се збираат избраниците на народот. Вистина, на таквите места во главната улога е пизмата, но одвреме навреме ќе се истури и по некоја помија, без око да му трепне на истурачот, ако пак тој воопшто е и свесен дека и од зборовите се прави помија. Чудна помија: од остатоци од пизма немерена и од хистерија. Навистина чудна помија: живо сведоштво дека има и такви кои по мермерни скали и црвени теписи се качуваат угоре, на важни места, без да си го понесат со себе врзопчето домашно воспитание. Првин се изодува патеката на домашното воспитание, а многу отпосле блескавите патеки на моќта и надмената дрскост. Тие чекори секој мора да си ги помине сам, шашмите тука бргу излегуваат на бела виделина и ги покажуваат сите дупки за кои наивно се мисли дека моќта магично ги покрива, онака - окус покус препарандус и нема веќе дупки во домашното воспитание. Мижи Асан да ти бајам!
                   Кога не се избира, дибидус не се избира каде се истура помијата на домашното невоспитание: врз луѓе угледни, врз луѓе постари, тадури и врз луѓе мртви. Се разбира, не мора секој да ги сака луѓето умни, угледни и постари, ама тоа не значи дека секој може да им истура помија врз ликата и делото. И кога си им рамен на нив не бива така, а не пак кога не си им до колена. А за мртвите пак, сетики не се вели од дамнини, од кога постојат мртвите - за нив само најдобро.
Арно ама, ние не би биле ние ако кај нас и мртвите не треба да бидат претпазливи и да се вардат од бесот на истурачите на помии. И да е барем само од нив. Не им е лесно на некои мртви кај нас, каде што - да се парафразира еден умен - бргу се стемнува.
                 Почитувањето на мртвите Софокле го беше нарекол свет закон, ама кој ќе се бафта сега со некој си Софокле, кој, не знаел, на пример, дека почитувањето на законите може да биде селективно, што не ги исклучува и светите закони. Инаку, меѓу истурачиte на помија ќе препознаете и горди почитувачи на антиката, ама, ако се може - без оваа мисла на Софокле и неговите Антигони и други хероини. Стига им е ним Охридско лето и фестивалот на античка драма во Стоби. Да се допрецизира, за секој случај: античкиот локалитет Стоби, а не истоимената винарска визба.
                 Истурачите на помија често се доброволци, често се луѓе од задача, а кога убаво ќе се погледне - не им е целта да го вџашуваат недолжниот народ, туку многу повеќе да продрат, да го раздробат здравото ткиво на општеството. Кој ги создал такви какви што се? И каков одговор очекуваат: на помијата со помија? Кога сите би се препелкале во помијарникот, значи ли тоа дека всушност никој нема да е извалкан од помија, дека сите се исти? Со таков есап на ајван пазар не се излегува, а не пак да се влегува во политички супермаркет.
                 Така било судено: во живеачката да набасуваме на непријатни миризби, ај да не се рече смрдежи, од разни помии, за кои веќе е кажано дека се истураат и таму каде што не треба, а и врз луѓе врз кои не треба. Да се тешиме ли со сознајбата дека еве и во овој миг, додека се привршува овој текст, сегашноста бргу минува и станува минато? А секое минато на буди чувство на гордост, има и минато од срам и за срам. Од помија минато никој не неправил.
                 И истурачите на помија, се разбира, стануваат невидливи, безимени и безначајни сенки. Скраја да и е ладовината на иднината од таквите сенки.
                 
Ристо Лазаров
14.07.2012

КАРАКТЕРНИ ОСОБИНИ

      
Трпение спасение, рекол некој нашинец некогаш. Пред или по првата крштевка на која е крстен Трпе, сеедно. Оттогаш, лека полека, изденуден, како што се тркала времето, трпењето, и тоа долготрајното, станува наша карактерна особина. Секој сам може да пресуди дали е тоа за машала. Или за уште едно наведнување на главата пред изгрејсонцето на новиот ден.
       Долгото трпење, најчесто, води кон реката на заборавот. И во таа река не се влегува двапати, што рекол древниот учен. Ама стига е и еднаш – да се заплови на лаѓата на самозалажувањето. Демек, што и да е, како и да е – еден ден се’ ќе се заборави. Заборавот е кладенец на нашето уште подолго трпење. Луѓе и обичаи, рожби на стари заборави и градители на нови далдисувања. Младината тука служи не да се оттргне од заборавањето и да зачекори кон нови висови, ами да има за кого да речеме дека ги продолжува славните традиции на трпењето. А и да има кого да прекориме за распрденост, од која некогаш последиците влегуваат во историјата. Младите тука служат и да бидат плукани в лице поради нивните татковци, со време да сфатат дека запчаниците на машините за производство на виновници се незапирливи. Перпетум мобиле.
       Младината тука е непресушен извор на нови јунаци во борбата за минатото. Чувањето на традицијата тука се сфаќа како приклештување за минатото, не како исчекор во иднината, со поуки од минатото во малото џепче. Чувањето на традицијата тука значи свежо да се памети боздоганот на Крале Марко, а да ги снема од паметењето оние што не’ описмениле, што ни создале букви и азбука. Стига е да знаете за великото коњско име Букефал, а што има да си го оптоварувате умот со имиња на учени, писмени. А и некои од учителите ги качивме на коњи, безимени коњи, ама коњи. Време на коњите.
       Така учени, денес доучуваме како се станува и колку убаво да ми ти било да си заточеник на власта. А ваму, демократијата дошла, со сите таламбаси, само ние не сме го виделе тоа. Таму пак, во демократијата, учат и доучуваат обратно: власта да е заточеник на народот. Зависи од народот, не се рекло џабе – каков народ, таква власт. Може и обратно, еписибир.
       Ако е за право, сите луѓе на светот имаат власт. И сите луѓе на светот, на овој или оној начин, ја поднесуваат власта, некои и влијаат врз власта. Таксиратлии се оние кои набасале на глува власт, која ги одзатнува ушите само кога сака да чуе колку и’ се воодушевувате.
       Трпењето, како што се знае, не е мрза. Напротив. Пекаат луѓе за работа, ама само пекаат, не работат. Пточно: нема што да работат. Трпењето не носело нови работни места.
       И лажењето ни станува карактерна особина. Се лаже на ангро. Секој и секого го матка за нешто. Лажат и медиумите. Како што велеше еден шегобиец во едни дамнешни времиња, кога исто така се лажеше, сетики помалку и со повеќе усул – само датумот им е точен на медиумите, а и него понекогаш го грешат. Некој беше рекол дека одвај може да се верува и во жалните вести во весниците, ете дотаму стасала нашата лажачка карактерна особина.
       Каде што многу се лаже, зборот го губи значењето, животот се претвора во сува полјана во која пеплосуваат гласовите на осамениците. Таму јавноста губи секакво значење. Што и да кажете, исто ви се фаќа – како ништо да не сте кажале.
       Уште малку, па ќе се фалотиме со тоа што не ги сајкалиме предизвиците на 21-от век. Запињаме некако да стасаме до крајот на 19-от век.
       Ако продолжиме како што сме кинисале, бргу-бргу ќе видиме дека, всушност, не знаеме да покажуваме нанапред. Наместо со покажувања, се мавтосуваме со поткажувања од стари и најнови датуми.
       Инаку, пукаат уши од барабаните на демократијата. Дозиметрите на слободата одвај издржуваат да не се прелеат, од толкава слободарска бујност.

Ристо Лазаров
07.07.2012       
See Older Posts...