Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Saturday 27 Apr 2013 12:02
| Permalink
НАГР(А)ДИ
Ај и јас да го цитирам Ботхес, кога, ете не можам да си приспомнам на нешто што на темава рекол Сабато. Литературата, беше бил рекол Борхес, е форма на радоста. Од што следува дека наградите за литература се радост од радоста или радост за радоста, баш сеедно. А сите, што имале колку-толку посериозен контакт со литературата знаат дека не е баш така. Тоа на своја кожа го почувствуваа и веќе спомнатите Борхес и Сабато, кои редовно се спомнуваат секој октомври, как8 неправедно прескокнати од Нобеловиот комитет. Сосе нив ќе ги спомнеа и Умбеето Еко, тадури и Толстој и други на кои не им била доделена, а безбели требало да и м се додели Нобеловата награда. Затоа и не се паметата речиси половината од нејзините добитници: однесени од скандинавските виори и другите светски ветришта и ветриња.
Македонија
нема Нобел, ама има прилично литературни награди од кои некои со текот на времето стекнаа и поширок углед. Наградата "Браќа Миладиновци", на пример, која веќе половина век се доделува за најдобра поетска книга објавена на македонскин јазик. Скопската градска библиотека, која го носи името на струшките браќа, прави доста за поткревањето и негувањето на авторитетот на оваа награда, објавувајќи, не толку одамна и електронски изданија на сите славодобитнички стихозбирки. Во мигост на свеченоста и фина релаксираност, сепак не ми избега од око фактот што некои незаобиколни македонски книги (Гледач
во пепелта од Ацо Шопов и Евангелие
по Итар Пејо од Славко Јаневски) не се наградени со ,,Браќа Миладиновци". Некои други автори, пак, наградата ја добиле по два-трипати. Можеби баш кога биле прескокнати веќе спомнатите книги. Ќе речете: било-поминало. Вистина е така, ама вистина е и дека може да се повтори и потрети ова било-поминало. Склоноста кон "исправање криви Дрини" и идеализирање тука не е од никаква помош. Па, каква е тогаш смислата на наградите ако се престори во хроника на промашувања и местенки? На пристојно упатените во литературниот живот (повеќе живуркање) и денеска треба само да им кажете кои се членови на жирито, па да ви кажат кои ќе бидат лауреатите, со сосема мнимилана, занемарлива можност да згрешат во прогнозата. Притоа, од непроценлива важност е партиската, а и клановската припадност на кандидатите. На времето сите беа во една партија, ама едни модернисти, други реалисти, едни со други поблиски... Денеска партиските врвови (сеедно кои знамиња се веат на нив) се многу повлијателни од некогаш. Денеска речиси и нема книжевна критика и критичко вреднување на книгите. Има само пригодни говоранции и вреќи фалби на промоциите на книгите, кои веќе одамна ја шишаат монетарната инфлација. Има алваџија за бозаџија, има јас тебе - ти мене. Има и менување на жирија и претседатели на жирија во веќе започнат процес на жирирање. Има се' и сешто.
А сите се прават дека не гледаат дека наградите изденуден го губат својот сјај, па и значење. Дојде време кога расте бројот на оние кои се срамат што добиле некоја награда, знаејќи ги претходниците. Веќе има и творци кои одбиваат, па и враќаат некои награди. Што, рака на срце, ич не ги вознемирува напернатите делачи на картите. Тие и онака не читаат ништо, освен барањата и желбите на налогодавците.
Сите кои следат што се случува во нашиот литературен живот, знаат дека во него има се поголеми празнини, знаат дека е и имитација на живот - како резултат, се разбира на тнр. општа општествеба состојба во која е неспоредливо полесно нешто да се изманипулира, одошто нешто да се реши со почитување на вистинската способност и знаење. И никој сериозен, се разбира, не е изненаден. Можеби напати само повеќе резигниран од се' почестото течење на реката надвор од коритото и од неспособноста водата да се наврти таму каде што и е местото. Така сите, сведочејќи за општиот животен пораз, ги чувствуваме и поразителните ефекти што зрачат од лакомите умови на невидено (непрочитано) определените славодобитници. Отпосле ќе се сетиме дека се апсолутно во право ние кои предупредуваат дека историјата на литературата не е хронологија на настани и награди, ами историја на вредности, вистински вредности, чиешто траење нема речиси никаква врска со наградите. Тие се повеќе за дневни наслади на суетите на големите мајстори на далаверите од секаков вид. Сјајот на приграбената слава истекува брзо, што би се рекло на дневна база, како што во атмосферската канализација секојдневно истекува валканата вода од машините за прање алишта (макар што сега се во мода и на цена некои други прања, на пари на пример).
Во големата река на секојдневието, гледамо, расте нивото првин на збунњтост, а потем на незадоволство. Расте и немоќта. Ама тоа не ги обескруражува оние (еве најпосле половина ред и за парафразирање на Сабато) кои знаат дека пишувањето е баш прибежиште на немоќните.
Ристо Лазаров