Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

НАГР(А)ДИ


Ај и јас да го цитирам Ботхес, кога, ете не можам да си приспомнам на нешто што на темава рекол Сабато. Литературата, беше бил рекол Борхес, е форма на радоста. Од што следува дека наградите за литература се радост од радоста или радост за радоста, баш сеедно. А сите, што имале колку-толку посериозен контакт со литературата знаат дека не е баш така. Тоа на своја кожа го почувствуваа и веќе спомнатите Борхес и Сабато, кои редовно се спомнуваат секој октомври, как8 неправедно прескокнати од Нобеловиот комитет. Сосе нив ќе ги спомнеа и Умбеето Еко, тадури и Толстој и други на кои не  им била доделена, а безбели требало да и м се додели Нобеловата награда. Затоа и не се паметата речиси половината од нејзините добитници: однесени од скандинавските виори и другите светски ветришта и ветриња.
                Македонија нема Нобел, ама има прилично литературни награди од кои  некои со текот на времето стекнаа и поширок углед. Наградата "Браќа Миладиновци", на пример, која веќе половина век се доделува за најдобра поетска книга објавена на македонскин јазик. Скопската градска библиотека, која го носи  името на струшките браќа, прави доста за поткревањето и негувањето на авторитетот на оваа награда, објавувајќи, не толку одамна и електронски  изданија на сите славодобитнички стихозбирки. Во мигост на свеченоста и фина релаксираност, сепак не ми избега од око фактот што некои незаобиколни македонски книги (Гледач во пепелта од Ацо Шопов и Евангелие по Итар Пејо од Славко Јаневски) не се наградени со ,,Браќа Миладиновци". Некои други автори, пак, наградата ја добиле по два-трипати. Можеби баш кога биле прескокнати веќе спомнатите книги. Ќе речете: било-поминало. Вистина е така, ама вистина е и дека може да се повтори и потрети ова било-поминало. Склоноста кон "исправање криви Дрини" и идеализирање тука не е од никаква помош. Па, каква е тогаш смислата на наградите ако се престори во хроника на промашувања и местенки? На пристојно упатените во литературниот живот (повеќе живуркање) и денеска  треба само да им кажете кои се членови на жирито, па да ви кажат кои ќе бидат лауреатите, со сосема мнимилана, занемарлива можност да згрешат во прогнозата. Притоа, од непроценлива важност е партиската, а и клановската припадност на кандидатите. На времето сите беа во една партија, ама едни модернисти, други реалисти, едни со други поблиски... Денеска партиските врвови (сеедно кои знамиња се веат на нив) се многу повлијателни од некогаш. Денеска речиси и нема книжевна критика и критичко вреднување на книгите. Има само пригодни говоранции и вреќи фалби на промоциите на книгите, кои веќе одамна ја шишаат монетарната инфлација. Има алваџија за бозаџија, има јас тебе - ти мене. Има и менување на жирија и претседатели на жирија во веќе започнат процес на жирирање. Има се' и сешто.
                А сите се прават дека не гледаат дека наградите изденуден го губат својот сјај, па и значење. Дојде време кога расте бројот на оние кои се срамат што добиле некоја награда, знаејќи ги претходниците. Веќе има и творци кои одбиваат, па и враќаат некои награди. Што, рака на срце, ич не ги вознемирува напернатите делачи на картите. Тие и онака не читаат ништо, освен барањата и желбите на налогодавците.
                Сите кои следат што се случува во нашиот литературен живот, знаат дека во него има се поголеми празнини, знаат дека е и имитација на живот - како резултат, се разбира на тнр. општа општествеба состојба во која е неспоредливо полесно нешто да се изманипулира, одошто нешто да се реши со почитување на вистинската способност и знаење. И никој сериозен, се разбира, не е изненаден. Можеби напати само повеќе резигниран од се' почестото течење на реката надвор од коритото и од неспособноста водата да се наврти таму каде што и е местото. Така сите, сведочејќи за општиот животен пораз, ги чувствуваме и поразителните ефекти што зрачат од лакомите умови на невидено (непрочитано) определените славодобитници. Отпосле ќе се сетиме дека се апсолутно во право ние кои предупредуваат дека историјата на литературата не е хронологија на настани и награди, ами историја на вредности, вистински вредности, чиешто траење нема речиси никаква врска со наградите. Тие се повеќе за дневни наслади на суетите на големите мајстори на далаверите од секаков вид. Сјајот на приграбената слава истекува брзо, што би се рекло на дневна база, како што во атмосферската канализација секојдневно истекува валканата вода од машините за прање алишта (макар што сега се во мода и на цена некои други прања, на пари на пример).
                 Во големата река на секојдневието, гледамо, расте нивото првин на збунњтост, а потем на незадоволство. Расте и немоќта. Ама тоа не ги обескруражува оние (еве најпосле половина ред и за парафразирање на Сабато) кои знаат дека пишувањето е баш прибежиште на немоќните.

Ристо Лазаров

РАМКА ИЛИ ЈАМКА

- нафрлоци за новинарството -


1.    Секоја власт, па и онаа со уста полна демократија, сака да има влијание (и троа повеќе) врз медиумите. А и меѓу новинарите, за жал, се множат давачите на услуги    - баш на власта. Tаквите не сакаат да известуваат, да си ја вршат работата, ами да произведуваат настани и да ја обликуваат стварноста. Малцинство се, ама многу милуваат да се прикажуваат како мнозинство. Ѓоа така се произведува и вистина. Со врева. Ѓоа. Си мислат дека однапред курдисаните таблици за множење на веќе измноженото, создаваат вредносни еталони. Што не бива, никако.
2.    За новинарите своевремено се беше рекло дека се универзални незнајковци. Сега доминираат сезнајковци и сезнајни дознајквци. Откако ќе се изнадознаваат и што треба и што не треба, отпосле ќе дознаат дека, всушност, имале улога на копче, петлица. Притисни копче - излегува ексклузива не готвачка. Притискувачот цело време сучи мустаци, чеша меше.
3.    Оние кои што работат "на копче" често имаат третман на багаж: во некој од куферите на оние кои што притискаат на копчето. Пат околу светот за драм екслузива и троа повеќе послушност и исполнителност. Сана-бана, јас тебе - ти мене. Политички коментатори известуваат од гостувања на музичари во странство. И така дознаваат, на пример, дека на виолина се свири со гудало.
4.    А новинарството не е прост и едноставен занает што може да се работи без мајстори. И тоа врвни мајстори, калени низ вековната традиција на новинарството, во која, за радост на античките занесеници, се вбројуваат и Василиките на Александар Македонски. Го пикал ли тој носот во внатрешното устројство на Василиките или имал поважни државни работи?
5.    Врз медиумите се влијае на илјада и еден начин, од кои, секако, најопако е влијанието преку закон. Љубителите на законската регулација (читај: ограничување) на медиумската сфера, инаку, не престануваат да трубат со своите вувузели за дерегулацијата, како мошне блиска, најблиска до апсолутната медиумска слобода. И ни подготвуваат, велат, законска рамка. Малкумина наивни и веќе "обработени" во сета ова скаламуција не гледаат и законска јамка. Или ќе се застане на столчето пoд јамката, или ќе се клоцне столчето и ќе се скине јамката. Трето нема.
6.    Желбата медиумите да се стават "под свое" најачик ја искажуваат владетелите кои си умислиле дека се разбираат во се' - од составот на фудбалската репрезентација, преку археологијата и архитектурата, на пример, па до важните стратешки прашања на државата. За таквите сезнајковци медиумите се мачкина кашлица.
7.    Апсолутното влијание врз медиумите подразбира и апсолутна одговорност. Се' се враќа и се' се плаќа. Ниту една власт не е вечна. Ниту едно изживување не завршува без фајронт и без луфтирање на чадот.
8.    Слободата на новинарството не поднесува никакви законски регулативи. Особено не такви што се стокмени така што да имаат неприкосновена ограничувачка моќ и да служат како сатар во рацете на властодржецот. На медиумите и требаат свежи креативни поттици, не гробари.
9.    Медиумите во демократијата го претпочитаат пазарот. На пазар, ама без касапници и касапи, молам. Новинарството не е алатка за безобразно и крајно неодговорно исмејување на противникот и подметнување на кукавичини јајца. Но и власта не е и не смее да биде крвожеден и осветољубив демнач на секоја забелешка на нејзина сметка. Дали некој сака да се врати времето од пред Втората светска војна, кога за одговорни уредници се ставале лица кои немале никаква врска со уредувањето, платени добро единствено за да одат в затвор ако весникот бил осуден, а тоа пак, не било ретка појава?
10. Факти, факти, факти - вели една латинска. Некогаш, на младини, сум запишал еден цитат: "За историчарот се вели дека пишува документирано за настаните што не ги видел, а за новинарот дека пишува недокументирано за настаните што ги видел". Не звучи како евтина досетка и не е баш за лефтерно заборавање.
11. А не е за во бездната на заборавот дека една од поважните мисии на медиумите е запознавањето (преку) нив на светот. Сега се сака медиумите да бидат оние огледала од бајките кои кажуваат дека баш ние сме најубави на светот, да креираат превисоко мислење за самите нас.
12. На пазарот се продаваат и ставови, и убави реченици - секому секој сам што сака. На човек во поодминати години повеќе ќеиф му прават убавите реченици, што ќе рече - презаситен е од ставови, посебно од трансмисиите на ставови. Можеби звучи старински, ама новинарството е, сепак, книжевност на брзина. Не широко поле за кочоперење на полуписмени извршители по кројка на исто толку писмени нарачатели и оценувачи.
13. Низ медиумите се' помалку циркулираат идеи. Се повеќе ни фрлаат в очи зрнца од живиот песок на тнр. спектакли. И општеството ни станува такво - општество на спектакли.
14. Обилно се потрхранува медиумскиот популизам, како што и некои мдиуми се штедри во потхранувањето на популизмот воопшто. Собранието, на пример, е лика и прилика за тоа: таму не се обраќаат еден кон друг, ами му се обраќаат на народот. А често и се прескока Собранието, па повиканите директно му се обраќаат на народот - преку медиумите, се разбира.
15. Имаме секагодишна вртелешка од избори. И веќе добро поткрепени согледби за однесувањето на медиумите. Едни главатари мислат дека медиумите се тука за да им помогнат да дојдат на власт, други главатари очекуваат медиумите да го помогнат заминувањето од власт. Никој не ја прашува публиката. Возот врви, споулавено, додека заглави во првиот тунел. Ама заглавувањето нема да го види - во тунелот, нели е темнина. Како во сокаците ноќум.
16. Веќе еден век живее (и им се припишува на разни автори, меѓу кои најчесто се спомнува Черчил) сентенцата дека новинарството е убава професија - ако на време се напушти. Ако не...?

Ристо Лазаров

НИКОЕ ВРЕМЕ

Секоја пролет и есен се менува времето и тоа го правиме со обично поместување на сказалките на часовникот - за еден час понапред или наназад. Од тоа зависи дали првата вечер во сменетото време ќе спиеме еден час помалку или повеќе. При што ранобудниците продолжуваат да бидат ранобудници, а заспаните - заспани, во кома.

А и инаку се менува времето. Не се рекло џабе се' во свое време или - не е секогаш време за се'. На пример, изборни гласови се крадат во време на избори, ни пред тоа ни потоа. Што е доказ дека минува времето, тече, жубори. Има време кога ќе речеме: летнало времето, како сивите галаби од една народна песна.

Некогаш времето запира, се скаменува в место. Некое скаменето време е долговечно, друго се ничкосува. Запрено или заитано, некогаш времето е намуртено, некогаш насмеано: да не знаеш кој кого имитира - дали луѓето времето, или времето луѓето. Мнозина луѓе велат дека имаат фајде од времето само во поговорките: демек, времето лекувало се'. А тие што се разбираат во лечебности, велат дека она што лекува се', всушност, не лекува ништо.

Времето е полно или се полни, до врв. Времето е и празно или се празни, на екс, како чаша лута ракија. Од шприцееот на полното и празното време се исцедува безвременоста, а се наѕира и вонвременоста. Со што поточно се мери времето - со безвременоста или со вонвременоста? И тогаш - колку е часот? Колку е часот и сега? Ако се појави кусок на време, како и со што се надополнува? Да не би кусокот да е најточната мерка на времето?

Се мери времето и со слобода. Ми се чини, Ленин беше рекол дека слободата е, всушност, сфатена нужност. Колку што ја сфаќаме нужноста, толку сме слободни? Тамам работа!

Кусокот време не е време без време. Кусокот на време често е време на чуда. На триста чуда, како оние рото-романите од детството. Времето на чудата не локално, ами глобално. На дело е глобализација на чудата, со локална анестезија.

Има среќни времиња, ама за нив се говори во минато време. Во сегашно време, тадури и во идно, се говори за злите времиња - времиња на исплазените јазици. Одењето од време на време може да се престори и во одење од време во време. Од време на време се оди како од облак на облак. А и од време во време се влегува како од облак во облак. Има време во магла и троа повеќе магла во времето. Маглата во времето се произведува во фабриките за зашеќерени приказни, без исклучок.

Времето, со тек на време, станува старо време. Заборавено време. Новото време е сплет од планови и желби. Моментното време е за чукање глава во некој ѕид што го издржал забот на времето. Во моментното време се издвојува најмногу време за насилства. Време на насилства, од секаков вид. Таксират време. Барем тоа, времето на насилства, да е на одредено време...

Во времето се влегува главечки и назачки. Не се знае како се излегува од времето. Се утврдува само дека времето не се повторува, иако некои си прават привиди а други бајрам со умот на таа тема. Како и да е, тоа не зависи од влезот и излезот од времето.

Има времиња кога умот молкнува, будалата дрдори, а фукарите се збогатуваат – беше бил запишал Иво Андриќ. Таквите времиња не заминуваат во историјата, жилави некои времиња.

Во времето, еве ова нашево, може да дурлат бистри води. А времето да би де матно. Во секое време се продаваат оптички мамки, нарочно во матните времиња.
Во матните времиња се отвораат посебни чекалници за времето.

Матните времиња можат да бидат и опасни времиња. Опасните времиња се времиња на коњи и биволи. Времиња на копита, кои милуваат да удираат по нежни чела. Kопита кои је милуваат и негуваат (пот)просечноста.

Лека-полека, времето станува - никое време. Време на голема срамота. Во никое време, се случуваат дремки, ама сните се дамлосани, столчени. Во никое врее некој како да не’ тера сами да си ги тепаме сните, сопствените сни. И тогаш никој не знае колку време збира во едно обично лонче време?
See Older Posts...