Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Thursday 22 Nov 2012 03:00
| Permalink
Старделов: Стиховите на Лазаров се
чудесен сеизмограф на нашето време!
Наградата за поетското дело за 2012, за значаен придонес во збогатувањето на трајните вредности на современата македонската литература, му ја врачи Веле Смилевски, уредник во Здружението за уметност и култура на живеење “Дијалог” од Скопје, кој учествуваше во носењето на одлуката, заедно со академик Георги Старделов и Соња Стојменска Елзесер, како членови на жири-комисијата.
- Ситночекорка“ е сугестивна потврда на автентичниот и препознатлив глас на Лазаров. Низ песните на книгата се прекршува драматиката на нашето современо живеење, судбините на неговите пријатели, ехото на љубовните трепети, одгласите на далечните патувања, соочувањето со корените, но и со модерните текови – рече Смилевски во своето обраќање, изнесувајќи дел од образложението за наградата.
За творештвото на познатиот македонски поет зборуваше академик Георги Старделов, чие дело го нарече „чудесен сеизмограф на нашето време“, преку кој Лазаров го гледа „светов заробен во пајажина што се нафатила насекаде , и во која човекот е заробен, заклештен, но и тажен, што не може од таму да излезе - ниту неговата душа, ниту неговиот ум“. Но, и не само тоа.
- Додека ја читав „Ситночекорка“ низ глава постојано ми навираше стихот на поетот Ацо Шопов, од стихозбирката „Песна за црната жена“, „Откривајќи го светот ја открив татковината, и откривајќи ја татковината го открив светот“. Оваа асоцијација не е случајна, зошто Лазаров со оваа книга и песните во неа ги испружи рацете да го прегрне целиот свет. Во неа се редат сите земји низ кои летнал/летал, но, низ тој космички шир тој никаде не ја заборава својата татковина. Некои планини му се гледаат како глетки како од Титов Врв на Шар Планина, а некои нешта како да се случуваат кај нас самите. Имам впечаток дека познатите светски цивилизации во неговата книга пеат значајни современи песни – рече Старделов во обраќањето.
Поезијата на Лазаров покажува дека во овој современ свет, вистината е најлесно расиплива стока, нагласи академикот, „свет каде што триумфираат фанфарите на насилниците, свет во кој битисува едно ужасно мрзеливо молчење, каде што никој не може да ги запре крадците на чистите души. Во тој свет постои тој амбис на самозалажување, во кој нема дно“.
- Таму стварноста мириса на формалин, истечен од старите тегли на историјата, која не застанува да се повторува, и станува се повеќе крематориум за големите утопии на човечкиот род – рече Старделов.
Тој во своето обраќање потенцираше дека со објавувањето на книгата „Ситночекорка“ истовремено се одбележуваат и 40 години од појавата на првата стихозбирка на Ристо Лазаров, „Ноќна птица во паркот“, (1972 година), со која се најави доаѓањето на цела плејада поети од четвртата генерација.
Старделов зборуваше и за статусот на поезијата на Лазаров во македонската литература, нагласувајќи дека поетот го „измести постојниот поредок на третата генерација писатели, откривајќи нов мегдан и поинаков поетички хоризонт“.
- Лазаров не соочува и со нашата тажна транзиција низ која поминуваме, но и со новиот економски поредок, кој е на жесток удар во неговото поетско творештво. Пишува за жална Македонија, која често пропушта историски шанси и прави есапи на сопствена штета. Во донесувањето на тие поетски слики тој ја приграбува поетиката на оспорувањето, а тука стихот гори. Низ него трештат поетски искри – додаде Стараделов.
Поетот Ристо Лазаров се заблагодари за наградата, и искрено сподели со присутните дека настанот го посветува на неговата внука Јана, и во нејзина чест ја прочита песната „Новото време“.
„Ситночекорка” е дваесетта поетска книга на Лазаров, а стихови од неа денес во НУБ читаше актерот Сенко Велинов.
Лазаров е добитник на највисоките литературни признанија кај нас, меѓу кои и наградите „Ацо Шопов” на Друштвото на писателите на Македонија” и “Браќа Миладиновци” на Струшките вечери на поезијата. Негови песни се застапени во сите антологии на новата македонска поезија презентирани во светот, а посебни книги од неговото творештво се објавени во Русија, Австралија, Албанија, Србија, Англија, Словенија и Чешка.