Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Friday 03 Aug 2012 01:38
| Permalink
НОВОПРОИЗВЕДЕНИ
На времето, во
бившата ни татковина од која историјата исечка вкусна салата, на времето,
значи, имаше некакви свечености на крајот на учебните години во воените
академии, кога дипломците ги "произведуваа" во чин потпоручник. На
тие "произведувања" се зачнуваа генералските соништа на тукушто
"произведените".
Времињата се
сменија, многу матежи протекоа низ реките, сега ту имаме ту немаме воени
академии, ама "произведувањето" во чинови не сме го заборавиле, макар
што она другото производство, сосе БДП-то, нешто ни трокира, ни опаѓа. Ни
опаѓаат и некои други работи - од некогаш бујните коси, па се' до моралот на
пример, а и до меракот. Другото и така и така, никој, нели, не е совршен, ама
меракот не е за паѓање, сак'н!
Нема-нема, туку некого ќе
произведат во писател, друг сам ќе си се произведе во принц на
нешто што и тој самиот не го разбира, трети веќе се станати плоштадски излагачи
на бронзено-мермерни делкања, и се' така, од тука до Охрид преку Зајас.
Произведените, откако ќе ја изглодаат фрлената (одозгора) коска, без
вина виновни си мислат - дошло време и тие да произведуваат некого: во
епигонче, во гласачко шрафче, во гениј во изградба. Регистерот на лажните
ветувања е бесконечен, што, да биде белјата поголема, воопшто не значи дека
производството подзастанува, производството во тнр. духовна сфера. Напрптив.
Новите производители првин ги плукаат оние постарите: срам и арам да им
било, кај баш нив ги избрале, тогаш, одамна, за шефчиња и директорчиња, небаре
намерно било тоа, за сега да не можат на раат да си произведуваат нови
послушници и извршители. Бре, бре, колку видовити биле старите
"произведени" - уште тогаш знаеле дека се' ќе отиде во мајчина му, па
правеле од криви врби шупелки, како некадарни да бидат искомпромитирани кога
подоцна, среде расцутот на демократијата, ќе се пројавуваат како нови
"производители" или производството ќе го туркаат потајум, по мрачните
подруми на зломислата.
На оние кои сега со леснотија се "произведуваат" им се фрлаат
коски, секогаш една коска на две кучиња, очи да извадат за неа, до крв да се
испокасаат каде што ќе стасаат. Колку повеќе крв во борбата за една обична
коска, толку поголема наслада на нарачателите, секогаш мандарински замислени за
судбината на народот и за бојата на иднината. Не е ни чудо што борбата на
кучиња станува врвна атракција во некои наши предели. Паѓаат големи облоги
додека кучињата крварат.
Колку што вреват на борбите на кучиња, новопроизведените уште повеќе
милуваат да мудруваат кога борбите ќе стивнат. Сe мачат да кажуваат зборови што
треба да се кажат, што ќе им ги разгалат ушите магарешки, ја, онолкави, на
нивните главатари! Да им го направат ќеифот на главатарите измислуваат дури и
сонови, божем којзнае каков ќелепур е тоа.
А ќе уловат некој слободен миг, новопроизведените навалуваат да се
сликаат: сликите им излегуваат наместени, позираат како што ќе им текне и каде
што ќе им текне, пред паметниците за чиишто фалби си ги одрале грлата, а и пред
сите недвижнини што ги стекнале сега, во најново време, со толку труд и мака,
просто да ги жалиш и да не успееш да ги дожалиш, толку што се измачиле!
Позирањето ретко кога било неконјуктурна работа.
Тие весело си позираат и воопшто не забележуваат дека оклината ни
станува едно огромно живеалиште на простаци и примитивци, предводени од
новопроизведените. Местото за живеење ни станува како измислено за будалетинки
од секаков вид.
Будалетинки, будалетинки, ама не ептен будали, кога за занимање го
одбираат новопроизведеното, исто така, канење - да мразиме заедно, да пизмиме
заедно, не мора баш да знаеме што и зошто, ама да мразиме, во името на иднната.
Новопроизведените, баш кога ќе помислш дека ти се насмевнува среќата, ќе пуштат
патот да ти го пресече некој ќумур црн мачор.
Некои од новопроизведените бргу-бргу, уште не огреало сонцето, стануваат
експерти за поткревање на етничката гордост и за врзување јазли на
меѓуетничката нетрпеливост. Доктори, професори - новопроизведени, барем сега
таа работа врви лесно и набрзинка, иднината нeма време за чекање.
Белосветскте експерти се трпеливи трагачи по аргументи, а нашите
новопроизведени веднаш стануваат вреваџии кои проповедаат живот еден против
друг. Кој го ферма Рацин и неговото "цел свет куќа ми е", од многу
брзање новопроизведените експерти немале време за Рацин, ни за Конески, ни за
другите. Еден ден, можеби... се' бидува н овој бел свет. Поголема им е радоста
кога ќе им намигне некој главатар, отколку срамот што не го прочитале
Рацин.
Новопроизведените паралелно живеат најмалку два живота: претпладне,
додека го сркаат утринското кафе, се нуркаат во фонтаните на животот, а
попладне, додека локаат жолта или некое ново сортно вино, од очите им искри
омраза. Гага пијачка, гага
омраза.
Плоштадите и шеталиштата ни се прeплавија со шиткачи на погрешни идеи.
Мислители биле, велат. И како такви, си мислат, им е дозволено да кажат се'.
Небаре мислата е еден обичен петочен прдеж. Од толку и такво мислење, на
новопроизведените не им текнува една илјадапати проверена вистина - погрешните идеи завршуваат со
крвопролевање.
Новошроизведените сакаат да бидат опкружени со муви без глави.
И други нешта сакаат.
Овде веќе залезите на донесуваат романтични воздишки. Испаднале некаде
по пат.
А и не ни личи на годините да расадувамe лажни надежи.
Ќе биде што мора да биде, рекол мудриот поет.
Ристо Лазаров
4 август 2012