Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров


НОВОПРОИЗВЕДЕНИ

На времето, во бившата ни татковина од која историјата исечка вкусна салата, на времето, значи, имаше некакви свечености на крајот на учебните години во воените академии, кога дипломците ги "произведуваа" во чин потпоручник. На тие "произведувања" се зачнуваа генералските соништа на тукушто "произведените".
                Времињата се сменија, многу матежи протекоа низ реките, сега ту имаме ту немаме воени академии, ама "произведувањето" во чинови не сме го заборавиле, макар што она другото производство, сосе БДП-то, нешто ни трокира, ни опаѓа. Ни опаѓаат и некои други работи - од некогаш бујните коси, па се' до моралот на пример, а и до меракот. Другото и така и така, никој, нели, не е совршен, ама меракот не е за паѓање, сак'н!
                 Нема-нема, туку некого ќе произведат во писател, друг сам ќе си се произведе во принц на нешто што и тој самиот не го разбира, трети веќе се станати плоштадски излагачи на бронзено-мермерни делкања, и се' така, од тука до Охрид преку Зајас.
                  Произведените, откако ќе ја изглодаат фрлената (одозгора) коска, без вина виновни си мислат - дошло време и тие да произведуваат некого: во епигонче, во гласачко шрафче, во гениј во изградба. Регистерот на лажните ветувања е бесконечен, што, да биде белјата поголема, воопшто не значи дека производството подзастанува, производството во тнр. духовна сфера. Напрптив.
                  Новите производители првин ги плукаат оние постарите: срам и арам да им било, кај баш нив ги избрале, тогаш, одамна, за шефчиња и директорчиња, небаре намерно било тоа, за сега да не можат на раат да си произведуваат нови послушници и извршители. Бре, бре, колку видовити биле старите "произведени" - уште тогаш знаеле дека се' ќе отиде во мајчина му, па правеле од криви врби шупелки, како некадарни да бидат искомпромитирани кога подоцна, среде расцутот на демократијата, ќе се пројавуваат како нови "производители" или производството ќе го туркаат потајум, по мрачните подруми на зломислата.
                 На оние кои сега со леснотија се "произведуваат" им се фрлаат коски, секогаш една коска на две кучиња, очи да извадат за неа, до крв да се испокасаат каде што ќе стасаат. Колку повеќе крв во борбата за една обична коска, толку поголема наслада на нарачателите, секогаш мандарински замислени за судбината на народот и за бојата на иднината. Не е ни чудо што борбата на кучиња станува врвна атракција во некои наши предели. Паѓаат големи облоги додека кучињата крварат.
                  Колку што вреват на борбите на кучиња, новопроизведените уште повеќе милуваат да мудруваат кога борбите ќе стивнат. Сe мачат да кажуваат зборови што треба да се кажат, што ќе им ги разгалат ушите магарешки, ја, онолкави, на нивните главатари! Да им го направат ќеифот на главатарите измислуваат дури и сонови, божем којзнае каков ќелепур е тоа.
                 А ќе уловат некој слободен миг, новопроизведените навалуваат да се сликаат: сликите им излегуваат наместени, позираат како што ќе им текне и каде што ќе им текне, пред паметниците за чиишто фалби си ги одрале грлата, а и пред сите недвижнини што ги стекнале сега, во најново време, со толку труд и мака, просто да ги жалиш и да не успееш да ги дожалиш, толку што се измачиле! Позирањето ретко кога било неконјуктурна работа.
                Тие весело си позираат и воопшто не забележуваат дека оклината ни станува едно огромно живеалиште на простаци и примитивци, предводени од новопроизведените. Местото за живеење ни станува како измислено за будалетинки од секаков вид.
                Будалетинки, будалетинки, ама не ептен будали, кога за занимање го одбираат новопроизведеното, исто така, канење - да мразиме заедно, да пизмиме заедно, не мора баш да знаеме што и зошто, ама да мразиме, во името на иднната. Новопроизведените, баш кога ќе помислш дека ти се насмевнува среќата, ќе пуштат патот да ти го пресече некој ќумур црн мачор.
                  Некои од новопроизведените бргу-бргу, уште не огреало сонцето, стануваат експерти за поткревање на етничката гордост и за врзување јазли на меѓуетничката нетрпеливост. Доктори, професори - новопроизведени, барем сега таа работа врви лесно и набрзинка, иднината нeма време за чекање.
                  Белосветскте експерти се трпеливи трагачи по аргументи, а нашите новопроизведени веднаш стануваат вреваџии кои проповедаат живот еден против друг. Кој го ферма Рацин и неговото "цел свет куќа ми е", од многу брзање новопроизведените експерти немале време за Рацин, ни за Конески, ни за другите. Еден ден, можеби... се' бидува н овој бел свет. Поголема им е радоста кога ќе им намигне некој главатар, отколку срамот што не го прочитале Рацин. 
                 Новопроизведените паралелно живеат најмалку два живота: претпладне, додека го сркаат утринското кафе, се нуркаат во фонтаните на животот, а попладне, додека локаат жолта или некое ново сортно вино, од очите им искри омраза. Гага пијачка, гага омраза.
               Плоштадите и шеталиштата ни се прeплавија со шиткачи на погрешни идеи. Мислители биле, велат. И како такви, си мислат, им е дозволено да кажат се'. Небаре мислата е еден обичен петочен прдеж. Од толку и такво мислење, на новопроизведените не им текнува една илјадапати проверена вистина - погрешните идеи завршуваат со крвопролевање.
                Новошроизведените сакаат да бидат опкружени со муви без глави.
                И други нешта сакаат.
                Овде веќе залезите на донесуваат романтични воздишки. Испаднале некаде по пат.
                А и не ни личи на годините да расадувамe лажни надежи.
                Ќе биде што мора да биде, рекол мудриот поет.


Ристо Лазаров
4 август 2012

ЗАСТАНАТО ВРЕМЕ

Едните врескаат на митинзи, другите дрдорат на прес-конференции. Катаден. И не само денес, не од вчера. Откога почна Транзицијата траат ривалските панаѓури. Затоа и не е баш без врска прашањето: Транзицијата, застанато време ли е? Покрај сите времиња (минати, сегашни, идни...) и застанато време ли има? Која му е одредницата, како се препознава? Личи ли на застоената летна жега, или можеби на занемено пладне во каубојските кога ни ливче не трепнува пред да почне двобојот?
         Кога гледаме што сонуваме а што ни се случува, нели посилно запнуваме да го негуваме во минатото во оваа беспоштедна пресметка со сегашноста? А пресметката со сегашноста, значи ли одлагање на иднината, во која на сите ни следува да се сториме зрно песок во пустина? Може ли да се одложи иднината, ако не се одложи сегашноста, сосе сите валканици?
         Нема меѓу нас кој да не сака нешто. Тоа што го сакаме, всушност, кажува кои сме ние самите. Затоа и ни е дадено да сакаме нешто. Ретки меѓу нас умеат толку страствено да сакаат, што да станат, дури, дел од тоа што го сакаат. Така на времето велеше еден поет. На времето и поетите беа сакани. Сега се сакаат онака патем, колку да се рече дека се сакаат, да им се поггали само суетата, но тоа е друга тема.
         Сите ломотат нешто за слободи и правдини, сите се токмат за победници. Знае ли некој во ова време да поднесува порази? И ако не знаат, можат ли таквите да бидат учители на слободата? Џабе ли, кога се учи човек да скија, првин се учи да паѓа?
         Слободите и правдините, демократијата, не се за обезначување на луѓето, не се за луѓето да бегаат од гладта. А и каде да бегаат? Бегањето во себе, бегство ли е? Допирањето на маглите на иднината, зацапување во слободите и правдините ли е? Понекогаш и за мнозина – токму спротивното?
         Каде тогаш, назад? Како онаа Калина во народната песна? А и способноста за враќање назад, нели е нова пресметка? Колку повеќе наназад, толку повеќе покажување на напумпани мускули и растроени нерви? А не мора баш назад за да се растројат нервите, стига се сегашните ценоскоци во фонтаните на сиромаштијата.
         Низ водената прашина на водоскоците (и ценоскоците) одвај се гледаат едно чудо хористи, зависници од хорското пеење. Се разбира, кога диригентот ќе даде знак. Си мислат: хорското пеење е синтеза на сите пеења. Си мислат: сите птици гракаат, ама само оние што се во хорот се навистина ретки птици. И не е да не се ретки. А само на ретките им следуваат добри хонорари. Другите учествуваат на локалните натревари на аматерските хорови.
         Ретките птици, со време, се навикнуваат да летаат само високо, тамам колку да се на дистанца од стварноста. Итаат, итаат, павтаат со тоа крилјата, дури не сфатат дека играта завршува на рамото на баналноста на диригентите. Тогаш го истрошиле времето за летање ретките птици. Не дека не се офајдиле малку, ама веќе не личат ни на маалски птици, со толку упадливо искубени пердуви.
         Барабар со хорското пеење, од дамнини, се топорат и куклите на конец. Секоја политика милува свилен конец, онака, традиционално. Некој рекол дека баш од свилен конец се прават два типа лулки – на оттуѓување и на самоотуѓување. Изборот е слободен, та нели за слободниот избор е борбата!?
         Хористи, диригенти, кукли и куклари и којзнае уште колку на нив слични, до ,,упицанетите” измеќари и измеќарки, во некое минато време би биле висококвалификувани исправачи на домашните криви Дрини. А со погледи секогаш свртени надвор, не од завист, ами, онака, наперчено – оти баш тие се одбрани за хористи и кукли на конец.
         Мнозина иматели на веќе наполнети (од друг) кредитни картички, не дофрлаат далеку со погледот – ако се вешти шиткачи на далекувидост. Ни стебло, ни шума гледаат и догледуваат. Допуштаат, дури се радуваат да ги јаваат како ислужени магариња, само и само да им се исполни животниот сон – да се чуе за нив, да се збори за нив, макар и лошо, како што беше било речено.
         Во тек е конкурсот за совесни ноќни чувари на исчашени сништа, коишто предизвикуваат џимкања и потења. Безбели ќе има и наградна игра со едно многу старо прашање: оној што мисли дека ја дофатил слободата, слободен човек ли е?
         На вештите препишувачи око не им трепнува пред ваквите прашања.

Ристо Лазаров
28.07.2012

СУФЛЕРАЈ


Се тркала животот, до последната капка минато. И до последната дамка на и од минатото, оти минато без дамки не било минато – такви се узусите на сегашноста. Која, пак, утре ќе стане минато. И се така во круг. А сите кругови не се волшебни, магични. А и да се – круговите си остануваат кругови, некои само привремено светнуваат врз спотнатите чела на самобендисаните современи триумфалисти.
         Сосе животот, се тркалаат и прашања, цели дрвореди од прашања – оттука до Стамбол. На пример: од каде толкав вишок на омраза, на агресивност врз минатото? Зошто и од каде толкав кусок на знаење – не само за мнатото? Зошто некои мислат дека толку лесно се стекнуваат тапии, мајсторски уверенија, за месење на минатото? Гледаат ли дека конечниот производ е, всушност – онаа празна дупка што ја има секој ѓеврек, па и ѓеврекот на минатото?
         Каде што има прашања има или барем би требало да има одговори. Јасни и гласни. Баш како што бараат таламбасите за транспарентност од кои на луѓето им пукаат ушните тапанчиња. И тапаништа да се, пак ќе пукнат, како кога некој тапанџија пресилно ќе ги рокне на свадба.
         Татнежите на таламбасите, сепак, не можат да сокријат една ем појава, ем професија што се развива во раните фази на демократијата. Колку повеќе таламбаси – толку повеќе суфлери и суфлерај. Од што некој ќе извлече заклучок дека живееме во време – театар. И нема да е многу далеку од вистината. Особено кога, згора на се’, ќе осознае дека и бројот на режисерите не е којзнае колку помал од бројот на суфлерите. Но, режисерите се друга фела, истопорена на исти даски живот што значеле. Без оглед на нивната гнилост ли?
         Суфлерајот не е молерај, па да се види веднаш каде попуштила раката на мајсторот. Суфлерајот знае дека без него станува карма-караши од репликите, па си ја крева цената, а рангот, природно, си го смета – уметнички. Шепотењето отсекогаш ималоп уметнички амбиции, нарочно во животот – театар. Има претстави кои велат дека животот е сон, ама животот учи дека сонот, кога ќе се оддолжи, се претвора во кома. Оди па разбуди се потем, ако си маж!
         Нема суфлер што не е отровно каснат од змијата во мислата на неговиот господар. Барем во тоа не треба да се убедуваме – дека има господари со змии во мислите. Бродски на едно место вели дека песот си го слуша гласот на својот господар. Така некако е и со суфлерот. Тадури, има суфлери што го знаат наизуст гласот на господарот, пред тој да отвори уста. Тесна специјалност на таквите суфлери им се епските успеси, расклокотените води на залажувањето.
         Има емотивни суфлери, ама и суфлери постудени од надгробни камења. Овие студените се прават дека не се оттука, се прават дека се само дел од публиката, ама оние кои се разбираат од суфлерај бргу-бргу ги препознаваат. Суфлерот си е суфлер, ако сака понекогаш и да окапе во публиката. Има и такви претставленија. Како што има и претставленија со суфлери – двоцевки: на ловџијата му шепотат да пука, а на зајакот да бега.
         Суфлерајот добива на цена кога ќе се згусти. Тогаш згуснува и бројот на суфлерите, а слушачите, им стојат на располагање: како првпат да се на сцена, како да не знаат ни зборче од текстот. Трема? Страв? Во такви ситуации, кој навистина нема сопствен лавеж: суфлерот ли, слушачот ли? На крајот на претставата, господарот белки нешто ќе каже и на таа тема.
         Во меѓувреме публиката е малку подвоздржана. Некои се прашуваат ни се случува ли пред очи замена на жанрот, или што би било уште полошо – само замена на формите на шепотење и говорење? Ако се тркалаш од сртот прудолу, има ли суштествено значење на која страна ќе се стркалаш? И кога се тркалаш прудолу, како ли звучи суфлирањето за триумфите, кое, подоцна, нели од суфлирање станува силна говоранција, со мегафони и со сите салтанати?
         Суфлерајот понекогаш во силен уметнички занес си помислува дека е на директна линија со Господ. Како од шега го прескокнува режисерот сосе неговите помошници. Збрката е веќе замесена и тогаш Господ нека не варди и од суфлерајот, и од режисерот, а и од господарот.

Ристо Лазаров
21 јули 2012
See Older Posts...