Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Saturday 23 Nov 2013 02:44
| Permalink
БАЦКО
ЃОРЃИЈА
Ми беше на гости Бацко Ѓорѓија. Не дојде по
автопати со крпени дупки, ниту со возови со кои пред сто години се брзало во
иднината. Не дојде ниту низ оџак. Просто, ми дојде низ транзисторот: онака,
разбушавено, веселнички - колку да каже дека сè уште е жив и здрав, подготвен
за нови предизвици. Макар што, вели, времето е далеку од веселничко, можеби
ептен далеку.
Чашата ракија веќе е стокмена, да не
препека Бацко Ѓорѓија. Прво што кажува: кој пее, зло не мисли. Ама, вели, мора
човек многу да се замисли кога народот малку пее, кога стивнува песната.
Песната е дијаграм
на душата, се поткрева од душата и не се пее со поткуп, оти и самата душа не се
поткупува. И песната не се превртува, како гулаб вртач: не бива и тие малку
песни веселнички што ги имаме, да се превртат, под намуртеното небо, во таговен
и безнадежен лелек.
Вели Бацко Ѓорѓија: денеска се намножиле
неговите дупликати, тоест фалсификати. Оние де, што сé што ќе видат во село, сé
сакаат да е нивно. Ама не на шега, ами навистина - затоа се и фалсификати на
шегобиецот Бацко Ѓорѓија. Ѓаволот, вели, веќе ја однел шегата оттука. На овој, видоизменетиот Бацко Ѓорѓија малку му е сè што видеја у село да е негово, ами сака
двојно, тројно, којзнае колку пати повеќе од тоа. Ѓоа целата држава е едно
село, толку наситка да се немало. A се гледа од авион:
заблазнувањето се крие зад ниски грмушки, одвај некој знае дека постои тој
збор, а завидливоста буи, буи, се качува сé погоре и погоре по небеските скали.
Прв на скалите – Бацко
Ѓорѓија, такви се строгите правила. Колку богатници
(пак Бацко Ѓорѓија мајстор на тајфата) - толку завидливци. Ако не и троа
повеќе. Колку скапоцени очила - штитници на очите и срамот на богатниците -
толку ненаситност, стрвност. Ако не и троа повеќе. Божем животот не е еден.
Продолжува, уста не затвора Бацко Ѓорѓија,
оној од веселничката песна: гледам, волјата за живот ви врви кон бездна - сака
запирање, спастрување. Не сака мижење, ами окорување на очите, на оние духовни
очи за коишто се говори уште од антиката, ама не оваа вашата, пластична. Со
таква волја, животот се цепка на парченца, не можеш крај со крај да врзиш. Се
парчосува енергијата, се парчосува надежта. Ако понекогаш и се поврзат
одломките од животецот ви, како вагони во воз, однапред знаете дека тој воз е
споулавен. Сте го гледале тој филм.
Буричкате во биографии, ама уште повеќе во
контејнери. Не ги забележувате метастазите на ограничувањата. Или се правите
такви. Ептен отпосле го сфаќате горчливиот вкус на купиштата шеќерни лижавчиња.
Во меѓувреме, болеста си се развива. Вие, како што вели оној Сиоран, ја
пишувате биографијата на колективната болест. Нема болест без биографија. А има
хронично болни народи, внимавајте. не туку се трткајте, со опроштение, во
лавиринтите на опстанокот. Бегајте и од лошите сни. Ве мамат ако ви велат дека
тие можат да се избркаат со баење. Помина ерата на бајачите и бајачките.
Белки знате дека во иднината не се влегува
со салто мортале. Првин треба да се посади зрното на вербата и вечноста, да се
остави да пркне - да ја почувствува милината на вечноста, наместо стутуленоста
во ореово лушпе. Не е доволно само да знаеш англиски, па да си мислиш дека си
го скршил ореовото лушпе. Сака асолна оревокршачка. Ех, тој Чајковски!
Сака да им се каже на дивите: доста беше со
бркањето на питомите. Снегот не паѓа да ја сокрие стрвноста на новиот мој
имењак, вели Бацко Ѓорѓија. Снегот, кога да е, ќе го открие неговото
тетеревење. А еве го кај е, мина Свети Арангел, иде Свети Никола. Снегоносец.
По него и Дедо Мраз: и да не ви донесе, сами треба да си направите нова брзина,
нов ритам на живеачката нурната во вистински промени. Мојот современ двојник- а
не веселник - вели Бацко Ѓорѓија, е последица на вкупната ситуација, ама и не
јзин генератор. Отсекогаш имало дувачи на труби, ама и дувачи на балони.
Ни
новиот Бацко Ѓорѓија, ни дузините следбеници и потрчковци околу него, денес не
го читаат Цепенков. Демек, демоде било. А Цепенко фино си вели: посакала
баба рогови, останала без уши. Не е ред баш од мене да го чуете тоа, ама јас
сепак бев само веселник-шегобиец, вели Бацко Ѓорѓија од транзисторот.
И си ја збриша Бацко Ѓорѓија, толку беше кумановската
песна за веселникот.
Програмата продолжи со народната песна Судбо моја, судбино...
Ристо
Лазаров
23.11.2013
(преобјавувањето
е допуштено само со наведувањето на линкот)