Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров


БАЦКО ЃОРЃИЈА


Ми беше на гости Бацко Ѓорѓија. Не дојде по автопати со крпени дупки, ниту со возови со кои пред сто години се брзало во иднината. Не дојде ниту низ оџак. Просто, ми дојде низ транзисторот: онака, разбушавено, веселнички - колку да каже дека сè уште е жив и здрав, подготвен за нови предизвици. Макар што, вели, времето е далеку од веселничко, можеби ептен далеку.

Чашата ракија веќе е стокмена, да не препека Бацко Ѓорѓија. Прво што кажува: кој пее, зло не мисли. Ама, вели, мора човек многу да се замисли кога народот малку пее, кога стивнува песната. Песната е дијаграм на душата, се поткрева од душата и не се пее со поткуп, оти и самата душа не се поткупува. И песната не се превртува, како гулаб вртач: не бива и тие малку песни веселнички што ги имаме, да се превртат, под намуртеното небо, во таговен и безнадежен лелек.

Вели Бацко Ѓорѓија: денеска се намножиле неговите дупликати, тоест фалсификати. Оние де, што сé што ќе видат во село, сé сакаат да е нивно. Ама не на шега, ами навистина - затоа се и фалсификати на шегобиецот Бацко Ѓорѓија. Ѓаволот, вели, веќе ја однел шегата оттука. На овој, видоизменетиот Бацко Ѓорѓија малку му е сè што видеја у село да е негово, ами сака двојно, тројно, којзнае колку пати повеќе од тоа. Ѓоа целата држава е едно село, толку наситка да се немало. A се гледа од авион: заблазнувањето се крие зад ниски грмушки, одвај некој знае дека постои тој збор, а завидливоста буи, буи, се качува сé погоре и погоре по небеските скали. Прв на скалите – Бацко Ѓорѓија, такви се строгите правила. Колку богатници (пак Бацко Ѓорѓија мајстор на тајфата) - толку завидливци. Ако не и троа повеќе. Колку скапоцени очила - штитници на очите и срамот на богатниците - толку ненаситност, стрвност. Ако не и троа повеќе. Божем животот не е еден.

Продолжува, уста не затвора Бацко Ѓорѓија, оној од веселничката песна: гледам, волјата за живот ви врви кон бездна - сака запирање, спастрување. Не сака мижење, ами окорување на очите, на оние духовни очи за коишто се говори уште од антиката, ама не оваа вашата, пластична. Со таква волја, животот се цепка на парченца, не можеш крај со крај да врзиш. Се парчосува енергијата, се парчосува надежта. Ако понекогаш и се поврзат одломките од животецот ви, како вагони во воз, однапред знаете дека тој воз е споулавен. Сте го гледале тој филм.

Буричкате во биографии, ама уште повеќе во контејнери. Не ги забележувате метастазите на ограничувањата. Или се правите такви. Ептен отпосле го сфаќате горчливиот вкус на купиштата шеќерни лижавчиња. Во меѓувреме, болеста си се развива. Вие, како што вели оној Сиоран, ја пишувате биографијата на колективната болест. Нема болест без биографија. А има хронично болни народи, внимавајте. не туку се трткајте, со опроштение, во лавиринтите на опстанокот. Бегајте и од лошите сни. Ве мамат ако ви велат дека тие можат да се избркаат со баење. Помина ерата на бајачите и бајачките.

Белки знате дека во иднината не се влегува со салто мортале. Првин треба да се посади зрното на вербата и вечноста, да се остави да пркне - да ја почувствува милината на вечноста, наместо стутуленоста во ореово лушпе. Не е доволно само да знаеш англиски, па да си мислиш дека си го скршил ореовото лушпе. Сака асолна оревокршачка. Ех, тој Чајковски!

Сака да им се каже на дивите: доста беше со бркањето на питомите. Снегот не паѓа да ја сокрие стрвноста на новиот мој имењак, вели Бацко Ѓорѓија. Снегот, кога да е, ќе го открие неговото тетеревење. А еве го кај е, мина Свети Арангел, иде Свети Никола. Снегоносец. По него и Дедо Мраз: и да не ви донесе, сами треба да си направите нова брзина, нов ритам на живеачката нурната во вистински промени. Мојот современ двојник- а не веселник - вели Бацко Ѓорѓија, е последица на вкупната ситуација, ама и не јзин генератор. Отсекогаш имало дувачи на труби, ама и дувачи на балони.

Ни новиот Бацко Ѓорѓија, ни дузините следбеници и потрчковци околу него, денес не го читаат Цепенков. Демек, демоде било. А Цепенко фино си вели: посакала баба рогови, останала без уши. Не е ред баш од мене да го чуете тоа, ама јас сепак бев само веселник-шегобиец, вели Бацко Ѓорѓија од транзисторот.

И си ја збриша Бацко Ѓорѓија, толку беше кумановската песна за веселникот. Програмата продолжи со народната песна Судбо моја, судбино...

Ристо Лазаров
23.11.2013
(преобјавувањето е допуштено само со наведувањето на линкот)

Мал есеј


САМИ ВО МРАКОТ

Замрачувањето на сонцето е природна појава. Доаѓа и си заминува: кога бевме деца го гледавме со зачадени стакленца, сега за тоа има модерни очила. Но важно е што замрачувањето секогаш трае колку што трае, како еден од безбројните докази на минливоста. И кај Марко Цепенков има запишано една: се отвора темница, се затвора темница... А и народот, сетики, не вели џабе: дури на едниот не му се стемни, другему не му се разденува. Призвучува и како дијалектика на животот.

Но, има огромни мрачни полиња создадени некој да си игра мижитатара со народот. Цели епохи протатнуваат низ полињата на мракот, неброени луѓе се заточеници на мижитатарата. И денес.

Секој мрак си има свои господари, фанатични вљубеници во мижитатарата. И си мислат, господарите на мракот, дека баш мракот е ќебе за покривка (преку глава) за сите нивни валканици, скривница за сите нивни валканици. Не знаат (или не сакат да знаат, толку да им чуе) дека нема валканица што на крајот на играта не излегува на виделото на денот. Како што нема лудило, што на крајот на краиштата, ако не бива поинаку се спаструва во лудница. За тоа се лудниците - за згрижувања на лудилата, од секаков вид.

Господарите на мракот си мислат дека се ем недопирливи, ем вечни. Двојна самопрелага. Воопшто не го разбираат значењето на минливоста и на празнината во која цапаат и што оставаат зад себе. Ветер им влегол во главите, вејки на ветрот.

Недопирливоста, нели, подразбира оддалеченост од животот и на госпорадите на мракот баш им е фино во таа оддалеченост. Наложуваат да се градат нови и нови тунели, нови полиња на мракот. Заслепени и аздисани, не можат ни да претпостават дека низ тунелите што ги градат за другите, всушност, самите итаат кон сопствениот крај. Добро, најчесто треба некој и да ги поттурне на тој пат, да поитаат. Некои патишта се именуваат: пат на свилата, пат на виното... Има, има и пат на кутрулот. Поплочен со гласачки ливчиња, на пример. И со негување на отпорот.

Некои господари на мракот градат посебни тунели и полиња за посебни еснафи. За медиумите, на пример. Денеска, при толку сателити и електроника! Личи на бајрам со умот, ама понекогаш успева. Тоа како посебно да ги развеселува господарите на мракот: цел еден еснаф да турнат во нивните тунели. Ако не милум - силум.

Само на прв поглед звучи парадоксално: секој мрак, па и секоја празнина, си има своја боја, со различен интензитет. Нема безбоен мрак. А има полесно и потешко совладливи мракови. Ама, сепак, совладливи. Им нема спас, дури и кога еснафите, медиумски, на пример работат ударнички, ѓоа доброволно, од силна верба. Кога ќе видиш, поданик без силна верба и не се бидува. Прават секакви гунгули, најмногу такви што ги веселат господарите. Отпосле може ќе се каат, ама отпосле е доцна, после мракот нема каење.

Во мракот, опкружени од сопствената фела, можете да се најдете и сами - во одбрана на фенерчето што го осветлува образот на професијата. И што интересите и правилата на професијата ги става над се'. И како скромен доказ за тоа дека мракот не е семоќен и бесконечен. Таквите осаменици ги забележуваат дури откако ќе аплативно ќе се види заканата од најтотална темница и им поставуваат недоветни прашања - те како опстануваат сами, те како се опираат на тежеста на мракот... Прашувачите или имаат кусо паметење, или не сакале да видат дека осамените, всушност, отсекогаш си биле такви, само не им биле во видното поле на прашувачите кои, можеби, биле зафатени со други активности, навивачки можеби.

Понекогаш, како се курдисани, така размислуваат и прашувачите. Сакаат околу опстојот на фенерчето на осамените да сплетат разни црно-бели приказни. Ги фалат, не дека не ги фалат осамените, ама не ја потскриваат мислата дека некој друг им ја крепи осаменоста. А работата е проста како грав: приврзаност кон правилата на професијата и точка. Тоа не подразбира безгрешност, ама не подразбира и задолжителна припадност на навивачки групи. За независен еснаф првин требаат независни глави, потем може да се распредуваат и приказните за сопствениците, пардон, "газдите" на еснафите. Медиумите, де.

Да бидеш осамен среде општата хистерија, не значи да бидеш догорче на времето. Можеби повеќе жарче на некое ново време, без тунели и полиња на мракот.

На свој грб чувствуваме дека освен осаменици во која и да е фела, медиумската на пример, се случува да има осамени и цели општества, додека други општества сеират надмено и се прават дека не догледуваат баш најдобро, а ја гледаат и на ѓаволот дупката. Едно е да гледаш, друго е да се правиш дека гледаш. Лесно е да се правиш на три и пол: на општествата, како и на фелите во општествата, кога им претежнува мракот, кога навистина им е многу тешко  - им се подава рака. Не валкана.

Знаеме, не дека не знаеме: секој мрак завршува како капка ентропија, се распаѓа и го остава зад себе смрдежот на распаѓањето. И празнината си остава свој смрдеж. Има недобројни видови смрдежи.

Не, навистина нема мрак што вечно трае, како што нема ни школка што не се отвора.

Ристо Лазаров
09.11.2013

ХАВЕЛ ГО БРАНЕШЕ КУНДЕРА И СТАВАШЕ ВЕТО НА ЛУСТРАЦИЈАТА


                  Историјата на уметноста не е историја на настани,              
                  туку историја на вредности
                                                            Милан Кундера



Среде бурите на домашната лустраторска ,,рашомонијада”, неколкупати на виделината на белиот ден се спомнуваат и туѓите искуства. Млади и учени наши надежници и благонадежници, така, неколку пати повторуваат дека во цела Источна Европа лустрацискиот процес бил ист, а при посочувањето на чешкото искуство, беше речено дека една величина како Милан Кундера бил лустриран (читај: што станува тогаш за нашите некадарници кои, безбели, од идеолошки-политички причини, го беа зазеле вкупниот македонски уметнички простор). Ваквите лефтерни толкувања на настаните од блиското минато бараат фактографска поткрепа, а неа во случајот ја нема. Работите како да се кажуваат по системот ,,ти реков-ми рече”, ,,чул-недочул”. Така некако.

Првин за Источна Европа. Дали во времето на озлогласениот ,,комунизам” ние бевме, баш идеолошко-политички, Источна Европа? Исто ли беше во Југославија и во Бугарија, Романија, Чешка, Полска...? Секој што во тоа време макар еднаш и по било кој повод престојувал во земјите на ,,лагерот” знае дека тоа беше еден сосема поинаков, дијаметрално спротивен свет од југословенскиот. Скраја од помислават да се идеализира југословенскиот пример, сепак се знае дека тој им служеше за пример и поттик на дисидентските движења во лагерот, па и во Чешка. Но, долга и широка е таа прикаска и прашање е дали и самиот Господ баш знае зошто нашите борци против комунизмот толку беа запнале а и уште запинаат да стават знак на еднаквост помеѓу југословенското и бугарското, романското и искуствата на другите земји од лагерот.

Слободарскиот и демократски дух и капацитет на Вацлав Хавел, на пример, е совршено неспорен. А нему му се припишуваа онаа познатата, од првата петолетка на деведесетите: ,,Од комунистите полоши се само – антикомунистите”. Јас мислам дека авторството за оваа сентенца му припаѓа на Адам Михник, но тоа не е ни важно, извесно е дека и Хавел ја има повторувано неколку пати.

Истиот тој Хавел, кога по победата на чешката ,,кадифена револуција” дојде редот да се отворат полициските досиеја што ги водела поранешната тајна полиција, Хавел значи, тогаш како претседател на Чехословачка, јавно одби да ,,ѕирне” во своето досие, ниту пак допушти тоа да се објавува. Хавел тогаш рече и остана на реченото: ,,Што ќе добијам со тоа што ќе ѕирнам во моето досие? Можеби ќе откријам дека некои од луѓето што ми се пријатели со децении ме поткажувале на полицијата. Но, кој може да ја знае вистинската причина за тоа – можеби биле принудени од полицијата да го прават тоа, можеби им се заканиле со безбедноста на нивните семејства, можеби во еден момент потклекнале. И поради желбата да ѕирнам во досието ќе треба да фрлам во урнатини значаен дел од мојот живот, а тоа во никој случај не сакам да го направам. Сега е момент да се мисли на новото време и на иднината, на она што треба да го направиме, на она што се раѓа“. Ете, тоа е неговиот личен опит.

Хавел ова свое гледиште уверливо го потврди и на обидот за дисквалификација на современата чешка книжевна икона Милан Кундера. Нека се каже, најпрвин, дека Хавел и Кундера не се ,,мирисаа” многу. Веднаш по паѓањето на комунизмот двајцата имаа жестока меѓусебна полемика околу дисидентите и писателите во емиграција. Нејсе, кусо време во истекувањето на мандаот на Хавел, се случи еден не многу познат прашки неделник ,,Респект” да објави текст со кој се прави обид Кундера да се избламира и кон него да се впери прстот како кон доушник, за некаква пријава на некој анонимус во најраната младост. Отпосле се утврди дека тоа било нешто слично, како што рецепционерот ги пријавува гостите на својот хотел секоја вечер, ама дури жарчето беше распалено, се крена голема врева. Самиот Кундера резигнирано и луто изјави дека негова нога веќе нема да стапне во Чешка, а и неговите нови ракописи – исто така. Еден мој пријател, знаејќи колку Кундера е вљубен во Прага, ме уверува дека нема да може да си достои на зборот, а јас не верувам дека Кундера ќе попушто, макар што би сакал пријателот да ми е во право. Нејсе, во таа врева, меѓу првите се јави за збор Вацлав Хавел, во истиот тој ,,Респект” застанувајќи цврсто зад литературниот и моралниот интегритет на Милан Кундера и жестоко критикувајќи ги неговите клеветници. И повлекувајќи ја со себе целата чешка културна елита. ,,Јас се сеќавам на тие времиња… и не мислам дека тоа се случило на таков глупав начин и дека би можело да се случи сето тоа”. Младиот историчар кој го објави написот за Кундера, Хавел го советуваше ,,да биде внимателен кога пресудува за историјата”, бидејќи ризикува да им направи повеќе штета отколку добро на своите дедовци”. Сака на крајот да се подвлече дека Милан Кундера, чиешто име почна да се влечка и низ нашите домашни колумнистичко-лустрациски ,,рашомонијади”, воопшто не беше лустриран од никакво државно тело во Чешка. Имаше само неуспешен обид за негова дискредитација и силна одбрана од се’ што е мислечко во неговата родна татковина.

А лустрацијата во Чешка почна да си тече, од извора до уткоа, без одвишни таламбаси и омраза при просветлувањето на фактите. Законот за лустрација во Чехословачка беше донесен на 4 октомври 1991 година, и со него се сакаше да се спречи натамошната контрола на комунистите врз државните институции. Со него се регулираат условите што мра да ги исполнуваат вработените во државната управа, правосудството, армијата, јавните медиуми и претпријатија во сопственост на државата. Лустрацијата спречува вработување тука да најдат комунистичките функционери од околиско ниво нагоре, членови на народните милиции и студенти на високите школи на КГБ. Значи, обичниот бивш комунист без функција може. Во Чешка, Хавел стави вето на продолжувањето на лустрацијата и во 1995 и во 2000-та година, кога е договорено дека Законот важи без ограничувања на 5 години и веќе не мора да се продолжува. Хавел бараше наместо ,,продолжување на револуционерните закони и норми” да се усвои модерен закон за државните служби којшто лустрациите би ги направил излишни. Пратеничиот дом обата пати го прегласа.

Чест коментар на Хавел на процесот налустрација во Чешка беше дека најчесто на гневот на јавноста биле изложени обичните Чеси кои често скршени од стравот за своето семејство, се согласиле да соработуваат и работеле што можеле за никому да не му наштетат повеќе, а дека се извлекле вистинските агенти. Повеќе јавни личности, на пример најпопуларната чешка глумица Јиржина Бохдалова, пред судовите докажаа дека нивните имиња се чисти и дека соработката со тајната полиција не била свесна, поради што и неоправдано се нашле на списокот на доушници.

За карактерот на чешката лустрација и третманот на комунистите во лустрацискиот и постлустрацискиот период, денеска говори фактот што Комунистичката партија на Чешка (онаа, нереформираната и непреименуваната) има над 15% од пратеничките места во парламентот. Сосе нив Чешка е и во Европската Унија и во НАТО, а според она што може да се проследи низ прашките медиуми, никој баш не се треска од земја од предвидувањата на аналитичарите (под овој поим таму не се подразбираат голобради сезнајковци) дека веќе следната влада на Чешка тешко ќе се формира без учество на комунистите.

Ристо Лазаров


See Older Posts...