Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Friday 27 Jul 2012 02:37
| Permalink
ЗАСТАНАТО
ВРЕМЕ
Едните врескаат на митинзи, другите дрдорат на
прес-конференции. Катаден. И не само денес, не од вчера. Откога почна
Транзицијата траат ривалските панаѓури. Затоа и не е баш без врска прашањето:
Транзицијата, застанато време ли е? Покрај сите времиња (минати, сегашни,
идни...) и застанато време ли има? Која му е одредницата, како се препознава?
Личи ли на застоената летна жега, или можеби на занемено пладне во каубојските
кога ни ливче не трепнува пред да почне двобојот?
Кога
гледаме што сонуваме а што ни се случува, нели посилно запнуваме да го негуваме
во минатото во оваа беспоштедна пресметка со сегашноста? А пресметката со
сегашноста, значи ли одлагање на иднината, во која на сите ни следува да се
сториме зрно песок во пустина? Може ли да се одложи иднината, ако не се одложи
сегашноста, сосе сите валканици?
Нема
меѓу нас кој да не сака нешто. Тоа што го сакаме, всушност, кажува кои сме ние
самите. Затоа и ни е дадено да сакаме нешто. Ретки меѓу нас умеат толку
страствено да сакаат, што да станат, дури, дел од тоа што го сакаат. Така на
времето велеше еден поет. На времето и поетите беа сакани. Сега се сакаат онака
патем, колку да се рече дека се сакаат, да им се поггали само суетата, но тоа е
друга тема.
Сите
ломотат нешто за слободи и правдини, сите се токмат за победници. Знае ли некој
во ова време да поднесува порази? И ако не знаат, можат ли таквите да бидат
учители на слободата? Џабе ли, кога се учи човек да скија, првин се учи да
паѓа?
Слободите
и правдините, демократијата, не се за обезначување на луѓето, не се за луѓето
да бегаат од гладта. А и каде да бегаат? Бегањето во себе, бегство ли е?
Допирањето на маглите на иднината, зацапување во слободите и правдините ли е?
Понекогаш и за мнозина – токму спротивното?
Каде
тогаш, назад? Како онаа Калина во народната песна? А и способноста за враќање
назад, нели е нова пресметка? Колку повеќе наназад, толку повеќе покажување на
напумпани мускули и растроени нерви? А не мора баш назад за да се растројат
нервите, стига се сегашните ценоскоци во фонтаните на сиромаштијата.
Низ
водената прашина на водоскоците (и ценоскоците) одвај се гледаат едно чудо
хористи, зависници од хорското пеење. Се разбира, кога диригентот ќе даде знак.
Си мислат: хорското пеење е синтеза на сите пеења. Си мислат: сите птици
гракаат, ама само оние што се во хорот се навистина ретки птици. И не е да не
се ретки. А само на ретките им следуваат добри хонорари. Другите учествуваат на
локалните натревари на аматерските хорови.
Ретките
птици, со време, се навикнуваат да летаат само високо, тамам колку да се на
дистанца од стварноста. Итаат, итаат, павтаат со тоа крилјата, дури не сфатат
дека играта завршува на рамото на баналноста на диригентите. Тогаш го истрошиле
времето за летање ретките птици. Не дека не се офајдиле малку, ама веќе не
личат ни на маалски птици, со толку упадливо искубени пердуви.
Барабар
со хорското пеење, од дамнини, се топорат и куклите на конец. Секоја политика
милува свилен конец, онака, традиционално. Некој рекол дека баш од свилен конец
се прават два типа лулки – на оттуѓување и на самоотуѓување. Изборот е
слободен, та нели за слободниот избор е борбата!?
Хористи,
диригенти, кукли и куклари и којзнае уште колку на нив слични, до
,,упицанетите” измеќари и измеќарки, во некое минато време би биле
висококвалификувани исправачи на домашните криви Дрини. А со погледи секогаш
свртени надвор, не од завист, ами, онака, наперчено – оти баш тие се одбрани за
хористи и кукли на конец.
Мнозина
иматели на веќе наполнети (од друг) кредитни картички, не дофрлаат далеку со
погледот – ако се вешти шиткачи на далекувидост. Ни стебло, ни шума гледаат и
догледуваат. Допуштаат, дури се радуваат да ги јаваат како ислужени магариња,
само и само да им се исполни животниот сон – да се чуе за нив, да се збори за
нив, макар и лошо, како што беше било речено.
Во
тек е конкурсот за совесни ноќни чувари на исчашени сништа, коишто
предизвикуваат џимкања и потења. Безбели ќе има и наградна игра со едно многу
старо прашање: оној што мисли дека ја дофатил слободата, слободен човек ли е?
На
вештите препишувачи око не им трепнува пред ваквите прашања.
Ристо
Лазаров
28.07.2012