Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Saturday 25 Aug 2012 12:02
| Permalink
ЗОШТО
ПОЕЗИЈАТА МАЛКУ СЕ ЧИТА?
Прашањето од насловов е глобално, ама јас – со години
веќе – си го поставувам на крајот на секое лето, во времето на одржувањето на
Струшките вечери на поезијата. Делува навистина импозантно кога на затворањето
на овој поетски фестивал од светски маштаб, поети од цел свет, од струшкиот
мост на поезијата, читаат песни пред десетина илјади посетители. Еве,
проценителите нека претерале и за половина – пак воопшто не се малку пет-шест
илјади души кои се насобрале да слушаат поезија, а не некаков предизборен
говор, на пример. Од друга страна, делува навистина мизерно сознанието дека во
истата таа Струга нема книжарница во која човек може да купи книга (не мора
поетска, дури каква и да е!) од главниот фестивалски лауреат. Книгите на
струшките леуреати сека година се печатат луксузно, им се делат во едно торбуле
(волнено, демек ракотворбено или пластично, зависи од тоа колку пари има
организаторот) на сите учесници на фестивалот и толку. Во книжарница не може да
ја најдете, не само во Струга, ами во цела Македонија, толкава колкава што е и
таква каква што е. А само бегло да се присетиме, струшки венценосци биле:
Вистон Хју Одн, Еуџенио Монтале, Пабло Неруда, Ханс Магнус Енцесбергер, Андреј
Вознесенски, Јосиф Бродски, Томас Транстремер, Јанис Рицос, Рафаел Алберти...
Нивни книги, со еден или два исклучоци, во Македонија не се печатат и отпосле,
читателите да видат како и се множи опусот, или, ако си заминале од овој свет,
да се присетат на нив, на некои песни што не биле публикувани во луксузните
изданија на Струшките вечери на поезијата.
Но,
Струшките вечери се само малку поизострен поглед врз суштината на прашањето. А
тоа не имплицира борбена настроеност за одбрана на приметот на поезијата, за
која Бродски, на пример, вели дека најкондензиран начин на пренесување на
човековото искуство.
Во
меѓувреме, светските фабрики на бестселери работат во три смени, што повторно
не значи дека денес луѓето се претргнуваат од читање, макар и на евтините
бестселери на кои се гледа презриво од литературните олимписки висови. Мнозина
добри прозаисти страдаат од истата болка како и поетите, но во овој текст се
постави прашањето за (не)читањето на поезијата.
Македонското
искуство е повеќестрано поразително и вртоглаво се приближува до прашањето:
чуму воопшто пишувањето поезија? Поетите знаат, ама се прават дека не знаат,
дека пишуваат и објавуваат само за пријателите. Издавачите знаат дека поетските
книги речиси воопшто не се продаваат, ама ги објавуваат оти се покриени со
државни дотации. Добар дел од читателскиот корпус времето го тепа со
телевизиски сапуници, во кои, нели, нема ни здодевна проза, а не пак поезија.
Со еден збор: сите знаат се’, ама се прават или навистина сакаат да знаат дека
не знаат ништо за судбината на поезијата наша, насушна.
Самата
поезија не е без вина виновна. Многу лесно и без борба и сепредаде на суровите
и студени навеви на Транзицијата. Не успеа (нема гаранции баш и дека сакаше) да
се оттргне од старите клишеа, од истрошените, да ги речам, средновековни
поимања на поезијата и поетите. Наместо да му речат ,,слава му” на застарениот
(ако не веќе и парталосан) зборовен збир, тие од ветви зборови сакаа да прават
балони на нова слава. На некои руралните спомени, тревките и камчињата, им беа
поважни од жестокоста на животот, заборавија дека без живот – нема поезија.
Животот се разбира не е еднаков на поезија, ама поезијата е секогаш еднаква на
спротиставувањето на старите клишеа.
И
критиката крена раце од поезијата. Има еминентни критичари кои со години не
прелистале поетска книга. Некои дури и кога ќе ги натопорат во некое жири за
доделување на некоја поетска награда, првин чекаат другите да го направат
најтесниот избор, па отпосле да свртат по некоја страница од веќе направениот
избор. Критиката ни се поболе од – пригодност. Нејзината улога се сведе на
пригодните беседи при промоциите на поетските книги. И со такви беседи потем се
полнат страниците на она што остана од литературните списанија. Во пригодните
говоранции на промоциите, сите поетски книги се – добри, многу добри, најдобри.
Самозалажувањето оди дотаму што мнозина поети недосонуваните соништа сакаат да
ги преточат во јаве: демек, сме имале поезија свежа и полнокрвна, од модерна
помодерна, од чист европски маштаб, дури и за пример сме можеле да служиме. Што
не значи дека немаме и такви проблесоци, ама сите знаеме што се проблесоци.
Поезијата
во образовниот систем? Ајдете, ви се молам, каков систем – сето тоа повеќе
наликува на некаква прастара, ‘рѓосана машинерија, со испокршени запчаници. Ќе
чкрипи додека чкрипи, па што биде нека биде – кој сега да се сакалдисува дека
тоа оди на штета на поезијата, при толку нешта наоколу што одат на штета на
државата, на општеството?! За Црногорците владее мислењето дека сите го знаат
наизуст ,,Горскиот венец”? Кој наш поет ние, особено нашите најнови поколенија,
го знаат наизуст? Рацин? Прличев? Некој трет? Ние и не сме се ,,договориле”
кого задолжително треба да го знаеме наизуст?
Колку
самите наши поети, предводени од бардовите, знаат каква поезија се пишува во
светот, а каква преведуваме кај нас, ако воопшто преведуваме. Преведувањето на
поезијата кај нас најчесто се прави по системот ,,јас тебе – ти меене”, затоа и
најпреведувани се – поетите издавачи. Некои поети, а ќе станат издавачи, а ќе
им тргне работата со сопствената афирмација во светот. прекутрупа, надвор до
сите светски обичаи (преку агенти, афирмирани издавачи и сл.) а често и со наши
државни пари, што сите сме ги одвојувале, како даночни обврзници. Раритетни се
примерите од странски јазици да се преведуваат поети кои не се издавачи. И кога
се случуваат такви (убави) раритети, тоа е повеќе за да се добие некоја пара од
некои странски или меѓународни фондации за таа намена.
Никако
не смее да се прескокне и фактот дека самите поети не се читаат меѓу себе.
Стига е да се прашаме колку поети има во нашите две писателски асоцијации, а во
колкави (симболични) тиражи се печатат поетските книги и се’ излегува на бел
ден. Има ли на јаве – друштво на мртви поети? Колку се живи поетите кои речиси
некој не ги чита? Да се допрашува ли - колку наставници и професори по
литература има во државата ни?
И
еве го вистинскиот допир со незаменливото значење на поезијата како највисока
форма на човековото изразување. Тоа, што веруваме дека е така, не’ тера да
продолжиме да пишуваме поезија, да не го обесмислуваме самото дишење, да не
биде тоа дишење заради дишење, омлитавено, бесцелно, колку да му мине редост и
да се крепи живуркањето. Поезијата бара, ама и дава широко отворени бели
дробови.
Затоа
деновиве како првостепено запрепастување, како вистински гром од ведро небо,
како мелем да душа, ја ислушав приказната дека една мала група млади скопјани
решиле да не си го абат времето со празни муабети по кафулињата, ами од време
на време да се собираат на терасата на еден од нив, и толку колку што се, да
читаат, на глас, баш – поезија, не своја, ами од ,,вистински” поети – домашни и
странски. Секој што ќе донесе од дома, да им го прочита на другите, па да
помуабетат малку за тоа, не ,,високоумно” ами баш како обични, најобични млади
луѓе, кои, ете, виделе дека има смисла (и потреба, сетики) да се чита поезија.
Е,
токму таа бистра вода од терасата на скопските девојки и момчиња, откога ја чув
приказната за нив, катаден ми шепоти: ма, има смисла да се пишува поезија!
Јасно е уште сега дека е претеризам сентенцата дека еден ден сите ќе пишуваат
поезија, јасно е и дека на куково лето сите ќе читаат поезија, ама дека поезија
ќе се чита многу повеќе отколку сега – ќе се чита.
Колку за потсетување: ова
го потпишува кој поет за кого не може да се рече дека се занесува и дека не е
цврсто наземи, а на кого, од друга страна, не му личи на годините да биде
оптимист.
25
август 2012