Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

КАРАКТЕРНИ ОСОБИНИ

      
Трпение спасение, рекол некој нашинец некогаш. Пред или по првата крштевка на која е крстен Трпе, сеедно. Оттогаш, лека полека, изденуден, како што се тркала времето, трпењето, и тоа долготрајното, станува наша карактерна особина. Секој сам може да пресуди дали е тоа за машала. Или за уште едно наведнување на главата пред изгрејсонцето на новиот ден.
       Долгото трпење, најчесто, води кон реката на заборавот. И во таа река не се влегува двапати, што рекол древниот учен. Ама стига е и еднаш – да се заплови на лаѓата на самозалажувањето. Демек, што и да е, како и да е – еден ден се’ ќе се заборави. Заборавот е кладенец на нашето уште подолго трпење. Луѓе и обичаи, рожби на стари заборави и градители на нови далдисувања. Младината тука служи не да се оттргне од заборавањето и да зачекори кон нови висови, ами да има за кого да речеме дека ги продолжува славните традиции на трпењето. А и да има кого да прекориме за распрденост, од која некогаш последиците влегуваат во историјата. Младите тука служат и да бидат плукани в лице поради нивните татковци, со време да сфатат дека запчаниците на машините за производство на виновници се незапирливи. Перпетум мобиле.
       Младината тука е непресушен извор на нови јунаци во борбата за минатото. Чувањето на традицијата тука се сфаќа како приклештување за минатото, не како исчекор во иднината, со поуки од минатото во малото џепче. Чувањето на традицијата тука значи свежо да се памети боздоганот на Крале Марко, а да ги снема од паметењето оние што не’ описмениле, што ни создале букви и азбука. Стига е да знаете за великото коњско име Букефал, а што има да си го оптоварувате умот со имиња на учени, писмени. А и некои од учителите ги качивме на коњи, безимени коњи, ама коњи. Време на коњите.
       Така учени, денес доучуваме како се станува и колку убаво да ми ти било да си заточеник на власта. А ваму, демократијата дошла, со сите таламбаси, само ние не сме го виделе тоа. Таму пак, во демократијата, учат и доучуваат обратно: власта да е заточеник на народот. Зависи од народот, не се рекло џабе – каков народ, таква власт. Може и обратно, еписибир.
       Ако е за право, сите луѓе на светот имаат власт. И сите луѓе на светот, на овој или оној начин, ја поднесуваат власта, некои и влијаат врз власта. Таксиратлии се оние кои набасале на глува власт, која ги одзатнува ушите само кога сака да чуе колку и’ се воодушевувате.
       Трпењето, како што се знае, не е мрза. Напротив. Пекаат луѓе за работа, ама само пекаат, не работат. Пточно: нема што да работат. Трпењето не носело нови работни места.
       И лажењето ни станува карактерна особина. Се лаже на ангро. Секој и секого го матка за нешто. Лажат и медиумите. Како што велеше еден шегобиец во едни дамнешни времиња, кога исто така се лажеше, сетики помалку и со повеќе усул – само датумот им е точен на медиумите, а и него понекогаш го грешат. Некој беше рекол дека одвај може да се верува и во жалните вести во весниците, ете дотаму стасала нашата лажачка карактерна особина.
       Каде што многу се лаже, зборот го губи значењето, животот се претвора во сува полјана во која пеплосуваат гласовите на осамениците. Таму јавноста губи секакво значење. Што и да кажете, исто ви се фаќа – како ништо да не сте кажале.
       Уште малку, па ќе се фалотиме со тоа што не ги сајкалиме предизвиците на 21-от век. Запињаме некако да стасаме до крајот на 19-от век.
       Ако продолжиме како што сме кинисале, бргу-бргу ќе видиме дека, всушност, не знаеме да покажуваме нанапред. Наместо со покажувања, се мавтосуваме со поткажувања од стари и најнови датуми.
       Инаку, пукаат уши од барабаните на демократијата. Дозиметрите на слободата одвај издржуваат да не се прелеат, од толкава слободарска бујност.

Ристо Лазаров
07.07.2012       
See Older Posts...