Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

КАРАКТЕРНИ ОСОБИНИ

      
Трпение спасение, рекол некој нашинец некогаш. Пред или по првата крштевка на која е крстен Трпе, сеедно. Оттогаш, лека полека, изденуден, како што се тркала времето, трпењето, и тоа долготрајното, станува наша карактерна особина. Секој сам може да пресуди дали е тоа за машала. Или за уште едно наведнување на главата пред изгрејсонцето на новиот ден.
       Долгото трпење, најчесто, води кон реката на заборавот. И во таа река не се влегува двапати, што рекол древниот учен. Ама стига е и еднаш – да се заплови на лаѓата на самозалажувањето. Демек, што и да е, како и да е – еден ден се’ ќе се заборави. Заборавот е кладенец на нашето уште подолго трпење. Луѓе и обичаи, рожби на стари заборави и градители на нови далдисувања. Младината тука служи не да се оттргне од заборавањето и да зачекори кон нови висови, ами да има за кого да речеме дека ги продолжува славните традиции на трпењето. А и да има кого да прекориме за распрденост, од која некогаш последиците влегуваат во историјата. Младите тука служат и да бидат плукани в лице поради нивните татковци, со време да сфатат дека запчаниците на машините за производство на виновници се незапирливи. Перпетум мобиле.
       Младината тука е непресушен извор на нови јунаци во борбата за минатото. Чувањето на традицијата тука се сфаќа како приклештување за минатото, не како исчекор во иднината, со поуки од минатото во малото џепче. Чувањето на традицијата тука значи свежо да се памети боздоганот на Крале Марко, а да ги снема од паметењето оние што не’ описмениле, што ни создале букви и азбука. Стига е да знаете за великото коњско име Букефал, а што има да си го оптоварувате умот со имиња на учени, писмени. А и некои од учителите ги качивме на коњи, безимени коњи, ама коњи. Време на коњите.
       Така учени, денес доучуваме како се станува и колку убаво да ми ти било да си заточеник на власта. А ваму, демократијата дошла, со сите таламбаси, само ние не сме го виделе тоа. Таму пак, во демократијата, учат и доучуваат обратно: власта да е заточеник на народот. Зависи од народот, не се рекло џабе – каков народ, таква власт. Може и обратно, еписибир.
       Ако е за право, сите луѓе на светот имаат власт. И сите луѓе на светот, на овој или оној начин, ја поднесуваат власта, некои и влијаат врз власта. Таксиратлии се оние кои набасале на глува власт, која ги одзатнува ушите само кога сака да чуе колку и’ се воодушевувате.
       Трпењето, како што се знае, не е мрза. Напротив. Пекаат луѓе за работа, ама само пекаат, не работат. Пточно: нема што да работат. Трпењето не носело нови работни места.
       И лажењето ни станува карактерна особина. Се лаже на ангро. Секој и секого го матка за нешто. Лажат и медиумите. Како што велеше еден шегобиец во едни дамнешни времиња, кога исто така се лажеше, сетики помалку и со повеќе усул – само датумот им е точен на медиумите, а и него понекогаш го грешат. Некој беше рекол дека одвај може да се верува и во жалните вести во весниците, ете дотаму стасала нашата лажачка карактерна особина.
       Каде што многу се лаже, зборот го губи значењето, животот се претвора во сува полјана во која пеплосуваат гласовите на осамениците. Таму јавноста губи секакво значење. Што и да кажете, исто ви се фаќа – како ништо да не сте кажале.
       Уште малку, па ќе се фалотиме со тоа што не ги сајкалиме предизвиците на 21-от век. Запињаме некако да стасаме до крајот на 19-от век.
       Ако продолжиме како што сме кинисале, бргу-бргу ќе видиме дека, всушност, не знаеме да покажуваме нанапред. Наместо со покажувања, се мавтосуваме со поткажувања од стари и најнови датуми.
       Инаку, пукаат уши од барабаните на демократијата. Дозиметрите на слободата одвај издржуваат да не се прелеат, од толкава слободарска бујност.

Ристо Лазаров
07.07.2012       

СO СИЛА ИСТИ, ИСТИ...


Во грмушките на историјата, сетики откога постои таа, има итреци и мајстори со навидум проста задача: на ловецот да му велат да пука, а на зајакот, веќе нанишанет – да ја спрашти?
         Има ли некакво зрнце вистина од ова засеано, а не пркнато колку што треба, на широките полиња на Транзицијата, каде што едно парче, одвај оградено, ни припаѓа и нам? Ако сево ова треба да трае оттука до вечноста – каде е вечноста, каква лика има таа? Колку Црвенкапи има на патот до вечноста? Кој е ловецот, а кој зајакот?
         Ова нашево, заборавено ќоше на Европа, не било скудно со тегобности од разни видови и уште поразни тежини. Една од нив секако беше топтан постројувањето во Транзиционите редици на Источна Европа, божем самите ние, а уште повеќе силните Транзициони Постројувачи, не знаеја дека не беше баш се’ што беше малку или малку повеќе на исток – Источна Европа. Од самиот почеток заглавивме како во рибарска мрежа во која, кога ќе се изблече на брегот, има и капиталци, и пастрмки, и мрени, и плашици. Рибите си се риби, ама не се сите риби исти. Така некако беше и со државите наредени на стартните позиции на патеките на Транзицијата. Ама некој сакаше, некому можеби му беше полесно – сите да ги брои топтан. Сите нека потскокнуваат, ѓоа весело, фатени во она орото: топтан, топтан, кисело млеко.... Лицата и онака ни беа веќе асолно скиселени, а тукушто почнавме да го береме – како онаа кутрата Пара – киселецот на историјата.
         Нешто скиселува веднаш и некои држаби, се виде, скиселуваат веднаш. По стотина години же се знае зпшто, ама никој од урнисаните и скиселените  нема да има фајде од тоа. Башка што: ја ќе зе знае – ја нема да се знае. И обично така бидува.
         Не само новите врапци, стрвно расколвани во затекнатите комунистички кабинети, ами и најобичните политички анафалбети (и со такви не беше скудна Транзицијата) знаеја дека Југославија, иако веќе распадната, не беше што и земјите од тнр. Источен блок – која и да ја земевте за пример, од Албанија, Бугарија и Романија, дури до Русија. Знаеја ама не знаеја дека знаат. Што, меѓу другото, се виде и во некои важни сегменти на распаѓањето: колку книги, на пример, како забранети во она време се објавија тука, а колку другаде? Што тоа го натера дисидентот од соседниот север, писателот и филмски режисер Живоин Павловиќ, пред смртта да рече дека југословенското време (да, тоа Титовото) беше Периклово доба во однос на она што сега, по распадот, го живееме? Што тоа, од друга страна, едновремено го крепеше опортунизмот и и зошто мнозина се правеа дека не се оттука кога кој кога ќе му текнеше, ќе повлекуваше равенства меѓу светските комунистички искуства? Скраја од помислата дека Југославија беше безгрешна, дека беше пролетен багремарник и сета мирисаше на мед и млеко, ама баш источноевропските дисиденти во тие времиња за свои лозунзи и идеали го истакнуваа самоуправувањето. Никогаш не беше обратно. Како во оние вицевите за слепците што од југословенските злодела по грешка бегале на Исток, а сонцето севезден било на Запад. Нивните весници имаа по четири до шест странички (празничните изданија по осум) а нашите најмалку по петпати повеќе.
         Впрочем, се покажува последниве години и на други подрачја, дека тнр. големи стратези многу милуваат нештата да ги поедноставуваат и да ги гледаат црно-бело. Кој ќе се бафта сега со спектрални нијанси, ајдете, ви се молам! Јал не јал три и пол и – квит.
         Безбели, како што нема потреба да се кријат гнасотилаците на стариот систем, нема ни потреба од толкави количества отров во бунарите на тоа време. Не само поради прадедовските пораки дека не е на арно плукањето во стариот бунар. Повеќе со изедначувањето на квалитетот на водата од нашиот бунар, со квалитетот на водата од соседните бунари. Правејќи безочни изедначувања, некои незнајковци и патентирани мразачи лефтерно, како да се работи за тукушто испилено пиле, ја ампутираа и уште запинаат да ни го ампутираат животот, да ни ја ампутираат историјата која сведочи за разликите. Поништувањето на  разликите значи и затворање на отворот кон дел од минатото, а како да сака дека не се наоѓа минато врз кое не се нафрлаат џелати, од дедо Ное па којзнае до кога.
         Ние уште се маткаме со Транзицијата и никој жив тука не знае каков ден ќе изгрее утре, а за задутре се навикнуваме да размислуваме како за далечна иднина. Каков покров ќе се изнајде за се’ што било?
         Не дека немаме автентични гревови и глупости. Ама и онака елегантно, со нескриено милосрдие и добрина, некои пријатели повеќе не’ учеа кој и како ги измислил ножиците, а не како се прави костум. Знаеја оти го знаеме тоа, ама не знаеја дека знаат. А можеби знаат дека белки се уште не е доцна за освестување и за дефинитивно затнување на устата на оној папагал кој ќе замине во пензија салтуку повторувајќи: сите се исти, исти... А види мајката, некои во меѓувреме од исти станаа поисти. И обратно.

Ристо Лазаров
30.06.2012
ДИЈАЛОГ И ДВОУМЕЊЕ   


Има разни крстосници (со семафори и без семафори, на пример, со патокази и без патокази) и до нив се доаѓа на разни начини. На крстосницата секогаш е важно која посока ќе ја фатите. Затоа и двоумењата на секоја крстосница, затоа и дијалогот, макар сам со себе.

​На некои крстосници се доаѓа бодро, со победоносен бајрак, на други пак – уморно, тадури двојно уморно: и од победниците, и од победените. Крстосницата е заедничка, ама секому му изгледа – поинаква. А баш оти е заедничка крстосницата и судбината од посоката што ќе се избере, важно е да се прозбори некоја пред да се избере посоката. Лесно е да кинисаш си мислиш дека те води самиот Господ, да не фермаш никого, оти си мислиш дека лиочно Врховниот ти вели дека само ти знаеш и како таков зналец си ја избрал посоката која води директно во вечноста. Арно ама, животот и не мора ептен долго да трае за да се види дека кусовечни биле жиците на виолините и басовите кои ги свиреле маршовите на вечно среќната, рајска иднина. Свирачите на одите за светлата иднина не се бираат меѓу оние кои одвај врзуваат неколку такта од новокомпонирани песни, главно патриотски, ами какви!? ​

Долговечноста на избраната посока не се мери со мандатни отсечки. Она што на најобична крстосница некому денес му изгледа како избор на најсреќна и најбериќетна иднина, на крајот на баладата може да се престори во корзо на легиони од црви, лазачи и грицкачи на убави идеи. Од анализа на состојбата на црвите тогаш, бездруго, ќе може да се прави анамнеза на готвачите на нивната наслага, ама ќел фајде од тоа – овде и денес? ​

Да се скрши збор-два пред да се избере посоката, не значи обично задоволување на формата. Минато е времето на празните дијалози, сетики и на пизмите, аико најтешко се откажуваме од нив. Понекогаш во историјата се случува нешто што просто – се наложува како неопходна потреба, без многу филозофирања. Понекогаш толку неопходните дијалози започнуваат со дијалог самиот со себе, со самоиспитување наместо со будалесто самохипнотизирање. Понекогаш, баш во судбоносните мигови на крстосницата, сака да се запре со арогантниот дијалог и пречкање со мртвите, оти од тоа не се крепи ни самохипнотизирањето.

​Ехееј, непрегледни се полињата на можните дијалози, што се гледа и со површен поглед врз светскиот глобус. Дијалозите не се дијалози ако се водат на подбишега, ако едни со други си играат мајтап – без меѓу два зајадливи мајтапџиски гриза да скршат барем некој разбран  збор. Имате ли впечаток во оваа непрегледна ревија на суети дека некој со некого воопшто разговара – тајно, јавно, како било? Колку за пример, разговарате ли вие со вашиот сосед, со колегата на работа? Ако разговорот во најголем број е позитивен, во што е тогаш проблемот? Како едни од други успеваат да ги сокријат каналите на логичното размислување и се’ да туркаат во канализацијата?

​Кога ќе се најдат на крстосница, како некои умеат да ги изберат баш лажните крстосници кои директно водат кон нови и нови заблуди? Плукни во минтото и кинисај без компас, со надеж дека сигурно ќе стасаш на ветеното место! А пред да плукнеш, помислуваш ли дека и плунката ако не баш веднаш, тогаш секако некогаш ќе се исуши, ќе стане минато, полигон за нови плукачи, ако се размножуваат таквите?

​Одбирањето на посоката е еден вид демаскирање, што неизбежно следува. Од такви демаскирања потем се (пре)создава историјата и тука веќе нема алиш-вериш. Од чавка гулаб не бидува, ни од новото старо не бидува, ниту од новите аршини бидува еталон за старите состојби. Некои работи од минатото, вистина, се повторуваат, ама сите што малку од малку се одбираат знаат дека тоа не е – иднина. Башка и минатото дали го имало баш такво какво што се прикажува и ако не било, може ли како такво да биде иднината? А, и да речеме дека нешто личи на нешто – што станува со духот на времето, со духот на нашето време? Кој е минимумот на чесност во духот на нашето време, што делотворно може да го покрене дијалогот? Колку количини на чесност има и во барањето некој постојанои да се согласува со вас, како и вие постојано да се согласувате со некого, оти таква била реалноста? Има ли дијалог без почитување? Најсетне: има ли дијалог и без самопочитување? Чуму трубењето за дијалогот, ако од него не никне зрното на (само)освестувањето – овде и тука, ама и на други места.

 Ристо Лазаров 


23.06.2012
See Older Posts...