Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Sunday 28 Jul 2013 02:43
| Permalink
ХАВЕЛ ГО БРАНЕШЕ КУНДЕРА И СТАВАШЕ ВЕТО НА ЛУСТРАЦИЈАТА
Историјата на уметноста не е историја на настани,
туку историја на вредности
Милан Кундера
Среде бурите на домашната лустраторска ,,рашомонијада”, неколкупати на виделината на белиот ден се спомнуваат и туѓите искуства. Млади и учени наши надежници и благонадежници, така, неколку пати повторуваат дека во цела Источна Европа лустрацискиот процес бил ист, а при посочувањето на чешкото искуство, беше речено дека една величина како Милан Кундера бил лустриран (читај: што станува тогаш за нашите некадарници кои, безбели, од идеолошки-политички причини, го беа зазеле вкупниот македонски уметнички простор). Ваквите лефтерни толкувања на настаните од блиското минато бараат фактографска поткрепа, а неа во случајот ја нема. Работите како да се кажуваат по системот ,,ти реков-ми рече”, ,,чул-недочул”. Така некако.
Првин за Источна Европа. Дали во времето на озлогласениот ,,комунизам” ние бевме, баш идеолошко-политички, Источна Европа? Исто ли беше во Југославија и во Бугарија, Романија, Чешка, Полска...? Секој што во тоа време макар еднаш и по било кој повод престојувал во земјите на ,,лагерот” знае дека тоа беше еден сосема поинаков, дијаметрално спротивен свет од југословенскиот. Скраја од помислават да се идеализира југословенскиот пример, сепак се знае дека тој им служеше за пример и поттик на дисидентските движења во лагерот, па и во Чешка. Но, долга и широка е таа прикаска и прашање е дали и самиот Господ баш знае зошто нашите борци против комунизмот толку беа запнале а и уште запинаат да стават знак на еднаквост помеѓу југословенското и бугарското, романското и искуствата на другите земји од лагерот.
Слободарскиот и демократски дух и капацитет на Вацлав Хавел, на пример, е совршено неспорен. А нему му се припишуваа онаа познатата, од првата петолетка на деведесетите: ,,Од комунистите полоши се само – антикомунистите”. Јас мислам дека авторството за оваа сентенца му припаѓа на Адам Михник, но тоа не е ни важно, извесно е дека и Хавел ја има повторувано неколку пати.
Истиот тој Хавел, кога по победата на чешката ,,кадифена револуција” дојде редот да се отворат полициските досиеја што ги водела поранешната тајна полиција, Хавел значи, тогаш како претседател на Чехословачка, јавно одби да ,,ѕирне” во своето досие, ниту пак допушти тоа да се објавува. Хавел тогаш рече и остана на реченото: ,,Што ќе добијам со тоа што ќе ѕирнам во моето досие? Можеби ќе откријам дека некои од луѓето што ми се пријатели со децении ме поткажувале на полицијата. Но, кој може да ја знае вистинската причина за тоа – можеби биле принудени од полицијата да го прават тоа, можеби им се заканиле со безбедноста на нивните семејства, можеби во еден момент потклекнале. И поради желбата да ѕирнам во досието ќе треба да фрлам во урнатини значаен дел од мојот живот, а тоа во никој случај не сакам да го направам. Сега е момент да се мисли на новото време и на иднината, на она што треба да го направиме, на она што се раѓа“. Ете, тоа е неговиот личен опит.
Хавел ова свое гледиште уверливо го потврди и на обидот за дисквалификација на современата чешка книжевна икона Милан Кундера. Нека се каже, најпрвин, дека Хавел и Кундера не се ,,мирисаа” многу. Веднаш по паѓањето на комунизмот двајцата имаа жестока меѓусебна полемика околу дисидентите и писателите во емиграција. Нејсе, кусо време во истекувањето на мандаот на Хавел, се случи еден не многу познат прашки неделник ,,Респект” да објави текст со кој се прави обид Кундера да се избламира и кон него да се впери прстот како кон доушник, за некаква пријава на некој анонимус во најраната младост. Отпосле се утврди дека тоа било нешто слично, како што рецепционерот ги пријавува гостите на својот хотел секоја вечер, ама дури жарчето беше распалено, се крена голема врева. Самиот Кундера резигнирано и луто изјави дека негова нога веќе нема да стапне во Чешка, а и неговите нови ракописи – исто така. Еден мој пријател, знаејќи колку Кундера е вљубен во Прага, ме уверува дека нема да може да си достои на зборот, а јас не верувам дека Кундера ќе попушто, макар што би сакал пријателот да ми е во право. Нејсе, во таа врева, меѓу првите се јави за збор Вацлав Хавел, во истиот тој ,,Респект” застанувајќи цврсто зад литературниот и моралниот интегритет на Милан Кундера и жестоко критикувајќи ги неговите клеветници. И повлекувајќи ја со себе целата чешка културна елита. ,,Јас се сеќавам на тие времиња… и не мислам дека тоа се случило на таков глупав начин и дека би можело да се случи сето тоа”. Младиот историчар кој го објави написот за Кундера, Хавел го советуваше ,,да биде внимателен кога пресудува за историјата”, бидејќи ризикува да им направи повеќе штета отколку добро на своите дедовци”. Сака на крајот да се подвлече дека Милан Кундера, чиешто име почна да се влечка и низ нашите домашни колумнистичко-лустрациски ,,рашомонијади”, воопшто не беше лустриран од никакво државно тело во Чешка. Имаше само неуспешен обид за негова дискредитација и силна одбрана од се’ што е мислечко во неговата родна татковина.
А лустрацијата во Чешка почна да си тече, од извора до уткоа, без одвишни таламбаси и омраза при просветлувањето на фактите. Законот за лустрација во Чехословачка беше донесен на 4 октомври 1991 година, и со него се сакаше да се спречи натамошната контрола на комунистите врз државните институции. Со него се регулираат условите што мра да ги исполнуваат вработените во државната управа, правосудството, армијата, јавните медиуми и претпријатија во сопственост на државата. Лустрацијата спречува вработување тука да најдат комунистичките функционери од околиско ниво нагоре, членови на народните милиции и студенти на високите школи на КГБ. Значи, обичниот бивш комунист без функција може. Во Чешка, Хавел стави вето на продолжувањето на лустрацијата и во 1995 и во 2000-та година, кога е договорено дека Законот важи без ограничувања на 5 години и веќе не мора да се продолжува. Хавел бараше наместо ,,продолжување на револуционерните закони и норми” да се усвои модерен закон за државните служби којшто лустрациите би ги направил излишни. Пратеничиот дом обата пати го прегласа.
Чест коментар на Хавел на процесот налустрација во Чешка беше дека најчесто на гневот на јавноста биле изложени обичните Чеси кои често скршени од стравот за своето семејство, се согласиле да соработуваат и работеле што можеле за никому да не му наштетат повеќе, а дека се извлекле вистинските агенти. Повеќе јавни личности, на пример најпопуларната чешка глумица Јиржина Бохдалова, пред судовите докажаа дека нивните имиња се чисти и дека соработката со тајната полиција не била свесна, поради што и неоправдано се нашле на списокот на доушници.
За карактерот на чешката лустрација и третманот на комунистите во лустрацискиот и постлустрацискиот период, денеска говори фактот што Комунистичката партија на Чешка (онаа, нереформираната и непреименуваната) има над 15% од пратеничките места во парламентот. Сосе нив Чешка е и во Европската Унија и во НАТО, а според она што може да се проследи низ прашките медиуми, никој баш не се треска од земја од предвидувањата на аналитичарите (под овој поим таму не се подразбираат голобради сезнајковци) дека веќе следната влада на Чешка тешко ќе се формира без учество на комунистите.
Ристо Лазаров