Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

ХАВЕЛ ГО БРАНЕШЕ КУНДЕРА И СТАВАШЕ ВЕТО НА ЛУСТРАЦИЈАТА


                  Историјата на уметноста не е историја на настани,              
                  туку историја на вредности
                                                            Милан Кундера



Среде бурите на домашната лустраторска ,,рашомонијада”, неколкупати на виделината на белиот ден се спомнуваат и туѓите искуства. Млади и учени наши надежници и благонадежници, така, неколку пати повторуваат дека во цела Источна Европа лустрацискиот процес бил ист, а при посочувањето на чешкото искуство, беше речено дека една величина како Милан Кундера бил лустриран (читај: што станува тогаш за нашите некадарници кои, безбели, од идеолошки-политички причини, го беа зазеле вкупниот македонски уметнички простор). Ваквите лефтерни толкувања на настаните од блиското минато бараат фактографска поткрепа, а неа во случајот ја нема. Работите како да се кажуваат по системот ,,ти реков-ми рече”, ,,чул-недочул”. Така некако.

Првин за Источна Европа. Дали во времето на озлогласениот ,,комунизам” ние бевме, баш идеолошко-политички, Источна Европа? Исто ли беше во Југославија и во Бугарија, Романија, Чешка, Полска...? Секој што во тоа време макар еднаш и по било кој повод престојувал во земјите на ,,лагерот” знае дека тоа беше еден сосема поинаков, дијаметрално спротивен свет од југословенскиот. Скраја од помислават да се идеализира југословенскиот пример, сепак се знае дека тој им служеше за пример и поттик на дисидентските движења во лагерот, па и во Чешка. Но, долга и широка е таа прикаска и прашање е дали и самиот Господ баш знае зошто нашите борци против комунизмот толку беа запнале а и уште запинаат да стават знак на еднаквост помеѓу југословенското и бугарското, романското и искуствата на другите земји од лагерот.

Слободарскиот и демократски дух и капацитет на Вацлав Хавел, на пример, е совршено неспорен. А нему му се припишуваа онаа познатата, од првата петолетка на деведесетите: ,,Од комунистите полоши се само – антикомунистите”. Јас мислам дека авторството за оваа сентенца му припаѓа на Адам Михник, но тоа не е ни важно, извесно е дека и Хавел ја има повторувано неколку пати.

Истиот тој Хавел, кога по победата на чешката ,,кадифена револуција” дојде редот да се отворат полициските досиеја што ги водела поранешната тајна полиција, Хавел значи, тогаш како претседател на Чехословачка, јавно одби да ,,ѕирне” во своето досие, ниту пак допушти тоа да се објавува. Хавел тогаш рече и остана на реченото: ,,Што ќе добијам со тоа што ќе ѕирнам во моето досие? Можеби ќе откријам дека некои од луѓето што ми се пријатели со децении ме поткажувале на полицијата. Но, кој може да ја знае вистинската причина за тоа – можеби биле принудени од полицијата да го прават тоа, можеби им се заканиле со безбедноста на нивните семејства, можеби во еден момент потклекнале. И поради желбата да ѕирнам во досието ќе треба да фрлам во урнатини значаен дел од мојот живот, а тоа во никој случај не сакам да го направам. Сега е момент да се мисли на новото време и на иднината, на она што треба да го направиме, на она што се раѓа“. Ете, тоа е неговиот личен опит.

Хавел ова свое гледиште уверливо го потврди и на обидот за дисквалификација на современата чешка книжевна икона Милан Кундера. Нека се каже, најпрвин, дека Хавел и Кундера не се ,,мирисаа” многу. Веднаш по паѓањето на комунизмот двајцата имаа жестока меѓусебна полемика околу дисидентите и писателите во емиграција. Нејсе, кусо време во истекувањето на мандаот на Хавел, се случи еден не многу познат прашки неделник ,,Респект” да објави текст со кој се прави обид Кундера да се избламира и кон него да се впери прстот како кон доушник, за некаква пријава на некој анонимус во најраната младост. Отпосле се утврди дека тоа било нешто слично, како што рецепционерот ги пријавува гостите на својот хотел секоја вечер, ама дури жарчето беше распалено, се крена голема врева. Самиот Кундера резигнирано и луто изјави дека негова нога веќе нема да стапне во Чешка, а и неговите нови ракописи – исто така. Еден мој пријател, знаејќи колку Кундера е вљубен во Прага, ме уверува дека нема да може да си достои на зборот, а јас не верувам дека Кундера ќе попушто, макар што би сакал пријателот да ми е во право. Нејсе, во таа врева, меѓу првите се јави за збор Вацлав Хавел, во истиот тој ,,Респект” застанувајќи цврсто зад литературниот и моралниот интегритет на Милан Кундера и жестоко критикувајќи ги неговите клеветници. И повлекувајќи ја со себе целата чешка културна елита. ,,Јас се сеќавам на тие времиња… и не мислам дека тоа се случило на таков глупав начин и дека би можело да се случи сето тоа”. Младиот историчар кој го објави написот за Кундера, Хавел го советуваше ,,да биде внимателен кога пресудува за историјата”, бидејќи ризикува да им направи повеќе штета отколку добро на своите дедовци”. Сака на крајот да се подвлече дека Милан Кундера, чиешто име почна да се влечка и низ нашите домашни колумнистичко-лустрациски ,,рашомонијади”, воопшто не беше лустриран од никакво државно тело во Чешка. Имаше само неуспешен обид за негова дискредитација и силна одбрана од се’ што е мислечко во неговата родна татковина.

А лустрацијата во Чешка почна да си тече, од извора до уткоа, без одвишни таламбаси и омраза при просветлувањето на фактите. Законот за лустрација во Чехословачка беше донесен на 4 октомври 1991 година, и со него се сакаше да се спречи натамошната контрола на комунистите врз државните институции. Со него се регулираат условите што мра да ги исполнуваат вработените во државната управа, правосудството, армијата, јавните медиуми и претпријатија во сопственост на државата. Лустрацијата спречува вработување тука да најдат комунистичките функционери од околиско ниво нагоре, членови на народните милиции и студенти на високите школи на КГБ. Значи, обичниот бивш комунист без функција може. Во Чешка, Хавел стави вето на продолжувањето на лустрацијата и во 1995 и во 2000-та година, кога е договорено дека Законот важи без ограничувања на 5 години и веќе не мора да се продолжува. Хавел бараше наместо ,,продолжување на револуционерните закони и норми” да се усвои модерен закон за државните служби којшто лустрациите би ги направил излишни. Пратеничиот дом обата пати го прегласа.

Чест коментар на Хавел на процесот налустрација во Чешка беше дека најчесто на гневот на јавноста биле изложени обичните Чеси кои често скршени од стравот за своето семејство, се согласиле да соработуваат и работеле што можеле за никому да не му наштетат повеќе, а дека се извлекле вистинските агенти. Повеќе јавни личности, на пример најпопуларната чешка глумица Јиржина Бохдалова, пред судовите докажаа дека нивните имиња се чисти и дека соработката со тајната полиција не била свесна, поради што и неоправдано се нашле на списокот на доушници.

За карактерот на чешката лустрација и третманот на комунистите во лустрацискиот и постлустрацискиот период, денеска говори фактот што Комунистичката партија на Чешка (онаа, нереформираната и непреименуваната) има над 15% од пратеничките места во парламентот. Сосе нив Чешка е и во Европската Унија и во НАТО, а според она што може да се проследи низ прашките медиуми, никој баш не се треска од земја од предвидувањата на аналитичарите (под овој поим таму не се подразбираат голобради сезнајковци) дека веќе следната влада на Чешка тешко ќе се формира без учество на комунистите.

Ристо Лазаров




ПОРТОКАЛОВ МРАК

                           На гробот на Славко Јаневски
                           на 29 јуни 2013-та
                            



Знам
дека не се обѕираш
на гракањата на гарваните
и наминав да помуабетиме
во идно време.
Ти донесов, се разбира,
и некоја китка
чиешто латинско име
ти сигурно го знаеш
оти сите знаат дека ги знаеш
имињата на сите билки
и на болките што се ицедуваат
од секоја од нив.
Ако не заврне,
а во татковината во последно време
се истураат разни дождови,
порои, поплави,
ако не заврне, де,
можеби ќе имаме време
и за по една лута
а во себе ќе ја викнеме
и најубавата песна за Јана
онаа Јано мори, севдалино
- ти за ќерка ти, јас за внука ми,
та песните се да зреат
од колено на колено.

Гледам,
сношти биле тука
некои неканети
со црни ризи и лажни фенери
(од кори од скапани лубеници)
со суви глуждови и со празни черепи
- да ти ги гребат мртвите коски
да ти ја растревожат постелата
да ти ја оцрнат покривката.
Не знаат црнодушите
какви и колкави убоди од комарци
си истрпел на живо
и пак не ти молкнале
и извиците и лелекањата
оти никој поарно од тебе
во животецот не ја знаеше
убавината на болот.
Гледам, црнодушите
одоколу правеле заслони
на јасна месечина да не им се видат
клуновите, канџите
и бесниот павтеж на црните крилја.
Не знаат кутрите,
ја засолнати, ја на ачик истопорени
дека со клун камен не се крши
и со најбесен павтеж планина не се урива,
ниту над планината се досегаат
балоните со собрани соништа.

Гледам,
од себе кон себе си врвиш
и презриво им одмавнуваш
на душеболните, празноглавите
поганџии на Кукулино
и ѓоа заштитницина Свети Адонис.
Ќори заштитници
кои не можат или не сакаат да видат
дека крадците се се’ уште побрзи од огнот
и дека облакот спасител
никогаш не доаѓа според возниот ред
ама кога-тогаш ќе дојде
и ќе им дојде на црвјосаните до акот
ќе им ги дупне мешунките
во кои се туткаат тие,
 лажните проповедници
ќе ги запре плениците
на разни коњи, волови и шмизли
и понатаму да ги гмечат зборовите.
Облакот спасител
не живее само во песните
иако знае и за Кундера, и за Гинтер Грас,
тадури и за Борхес
кои баш сега на врв облак
фатени онака машки, преку рамо,
се мачат да ги фатат првите тактови на Тешкото.

Знам,
многу време пред наездата на душоболните
самиот прорече: Ќе се покриеме со портокалов мрак.
Друга боја има ли мракот?
Друга боја има ли крвта?
Друга боја имаат ли мртвите коски?
На кои бојаџии
да им објаснува човек
дека Бог првин секому ќе му даде
според потребите и секому според залугите
па потем на сите ќе им ги преврти џеповите.

Не знам,
Бог ли беше тој што постави тешко прашање
- би се родил ли повторно во оваа татковина
и би живеел ли повторно тука?
Навистина не знам,
кој праша
дал Авел, дал Каин денес
е прероден во наш брат
и дали ќе се најде некој
со нов опит да му одговори:
ќе биде ли ова вечна Каинавелија
и ќе има ли самракот боја
на мртов јужен плод?


ОДЛЕВАЊЕТО НА ЈАЗИКОТ И ОДБРАНАТА НЕГОВА


Забрзаниот тек на времето ги излижа толкувањата за уметникот како совест на општеството и ретко кој веќе се држи до тоа како слепец за стап. Но, тоа, пак, никако не значи дека уметникот е некаков вид неидентификуван летачки објект во густите облаци на стварноста. Од дамнина држам до тоа дека уметникот секако мода да се допира со животот, таму каде што се ројат безброј прашања.

Едно такво прашање, овде и денес, е јазикот наш, македонски. И не сака никој да се уверува дека тоа не е само уметничко и лингвистичко, ами национално прашање од првокатегоријална важност. Грижата за јазикот, борбата за неговото зачувување, отсекогаш се броела и ќе се брои како света должност, секогаш имајќи на ум дека има илјадници исчезнати јазици, дека семејството на тнр. мртви јазици е пошироко од она на живите. Колкави сме ние, толкав ни е и јазикот. Белки се подразбира дека сака вдвојување, втретување на грижата и напорите за зачувување и сочувување на јазикот.

А еве, заглушени од зурлите и тапаните на патриотизмот, како да не видовме, како да не гледаме дека ни се одлева јазикот: се иселиле над двесте илјади нашинци, а иселувањето е во тек, реката си тече и отпосле тој тек тешко се врти наназад, кон изворот. Таму некаде, кајшто се посоките на одлевањето, порано нарекувани јабана, таму, значи, нашиот одлеан јазик има најмногу половичен живот. Секому му е јасно дека причините за одлевањето се пред се' економски, а и дека таквите гајлиња не се решаваат со празни патриотски тиради.

Додека трае одлевањето, тука на дело е поплавата од англизми ( се прават "дилови", случките си имаат "стејџови" и " бекстејџови") и други тнр. интернационализми - станува се повоочлива и загрозата на кирилското писмо. Додека трае одлевањето, со години веќе - од Охридскиот договор наваму - респектабилни политички фактори на уставно дефинираните етнички заедници, упорно ја заговараат идејата за два службени јазика на територијата на цела Македонија. Не се со кусо паметење, ама, ете, забораваат дека Охридскиот договор се преточи во Уставот на Република Македонија, без наметнуваање, ами со договор, баш оној Охридскиот.  А во Уставот: "на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо". И уште во Уставот, сетики за уточнување на правните аспекти: "... во единиците на локалната самоуправа може, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо - да стане втор службен јазик и 'јазикот на граѓаните кои сочинуваат најмалку 20% од граѓаните". Се подразбира дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, макар што на други примери сме се изгореле, па сега мораме да дуваме и на маштеницата. Од друга страна, се подразбира дека јазикот, токму јазикот, е конституитивен чинител на секој национален и културен идентитет. Откога постојат нациите и културата.

Воопшто не е за срам и за покорност пред "големите" тоа што говориме и пишуваме на еден тнр. мал јазик. Тој факт, меѓу другото, кај нас ја крепи свеста за тоа дека баш кај малубројните нации јазикот е средишен и носечки, незаменлив столб на идентитетот. Неговото поткопување, нарочно однатре, никако не смее да се занемарува и допушта. На пример, со верувањето дека стопати повтореното барање ( за два службени јазика. на пример) е автоматски праведно и логично. Во спротивно, лесно ќе се урниса целата градба, а наивните ќе си мислат дека така требало да биде и дека тоа урнисување спаѓа во редот на оние урнисувања сами од себе. Некако, станува неподнослива леснотијата на смалувањето и тоа треба да се запре. Без да се заборави дека и некои идеи за зголемување, всушност, го забрзуваат смалувањето.

Ако се исклучат политичките преповторувања за двојазичност на целата македонска територија, има ли воопшто кај нас расправа за ова? Кој рекол, разборито и разумно, дека наметнувањето воопшто не е облик на разбирање и дека заедничката живеачка не е емисија за исполнување на желбите само на едните? Кој бере гајле за македонскиот јазик, за неговата судбина и иднина? Што е за право, и Македонскиот ПЕН центар, и Друштвото на писателите на Македонија, во повеќе наврати упатија јавни предупреди на оваа тема. Тие се трајни и чинам не е нужно севезден да се повторуваат. Ама, нив не треба да ги паметат само писателите, туку оние кои треба да дадат јасни одговори за тоа зошто едно нелагодно чувство ја притиска македонската култура и јазик? Дали тоа чувство може да се изроди во хронична и опака болест? Некој умен беше рекол дека писателот мора да води сметка не само за јазикот, ами и за изнаоѓањето вистински однос кон јазикот. Спомнувањето на должноста на писателот не е правење заслон за оние кои имаат реална моќ, напротив. Народот ја бира власта за да го штити Уставот. Впрочем и оние кои си тераат ќеиф со неумерени барања и постапки, и оние кои се прават дека ништо не виделе и не чуле, положуваат заклетви токму пред тој Устав. Народот плаќа и многу други државни институции (народен правобранител, на пример) за да ги заштитува правата на сите. Не за едни мајка, за други маќеа.

Созреавме ли достатно,  сите во Македонија, за да можеме со сласт да и се радуваме на нашата заедничка стварност? Вистински ли е коренот на таа радост без свеста за "јас"? Бива ли да се биде "ние" без "јас"? Бива ли без "јас" да се разбере суштината на судбинското вкрстување на јазиците и културите, ама и опасноста од урнисувањето на носечкиот столб на еден национален идентитет? Бива ли надлежните и овластените да не знаат дека "јас" не трпи половичност, плашливост, срамежливост?

Самото "јас", пак, да не негира ничие право на "јас", а сопоставувањето да не биде "јас па јас", ами да има и смисла и мерка. Како што при соочувањето со касиерот во која било самопослуга не може да викнете "јас" и со пет банки во џепот да изнесете стока за пет милиони.

Има ситуации кога поединци, па и цели народи се согласуваат, што се вели, "по навика", понекогаш и да не се крева многу ѓурултија, да не се прават непријатности. Одбраната на јзикот (и на знамето, секако) не е таква ситуација и бара кристално чист одговор на прашањето - каде е, во чие чекмеџе, клучот за нашата иднина? Не ни прилега да се правиме недоветни, како што не ни прилега да се правиме мамурни при толку скусени мераци. Иднината во која би се нашле, духовно банкротирани,  во некаква испревртена ризница на нашиот јазик - иднина ли ќе биде? Живеачката и онака ни е пренатрупана со пукнатини, а низ пукнатините, ако се ѕирне поасолно - валканици, колку да сакаш. Наши валканици, а и увозни валканици.

Сите знаеме колку досегаат локалните, партикуларни културни вредности, а колку  универзалната култура му дава белег на секое време. Знаеме, де, дека не се пие вода само од својот извор, ама и дека не е разумно кој и да е да плука во него. И сите го знаеме аманетот на Мисирков, како и онаа на Блаже Конески дека "јазикот е нашата татковина". При што, не е одвишно да се подвлече дека јазикот, всушност, не е татковина само на една нација. Се работи за највисока демократска норма на нашата држава.  Без јазикот не би биле тоа што сме, исто како и без татковина. Секоја татковина треба да се варди од какви и да е угрози. Вадењето очи, јасно, не е вардеж, ама, јасно,  ни молчењето, ни мижењето не е вардеж. Власта, пред се’, мода да биде првиот и нескршлив вардач на Уставот во кој нема ништо нејасно и недоречено во однос на статусот на македонскиот и другите јазици. Другему, загрижен,  само на прв поглед може да му изгледа дека нa овој пат има многу пречки, свиоци, угорници, тадури дека и нема некој асолен пат. А секој, всушност, патот  го носи во себе, веќе вложен во иднината.  

Ристо Лазаров
22,06.2013
See Older Posts...