Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Friday 29 Jun 2012 09:20
| Permalink
СO СИЛА ИСТИ, ИСТИ...
Во грмушките на историјата, сетики откога постои таа, има
итреци и мајстори со навидум проста задача: на ловецот да му велат да пука, а
на зајакот, веќе нанишанет – да ја спрашти?
Има
ли некакво зрнце вистина од ова засеано, а не пркнато колку што треба, на
широките полиња на Транзицијата, каде што едно парче, одвај оградено, ни
припаѓа и нам? Ако сево ова треба да трае оттука до вечноста – каде е вечноста,
каква лика има таа? Колку Црвенкапи има на патот до вечноста? Кој е ловецот, а
кој зајакот?
Ова
нашево, заборавено ќоше на Европа, не било скудно со тегобности од разни видови
и уште поразни тежини. Една од нив секако беше топтан постројувањето во
Транзиционите редици на Источна Европа, божем самите ние, а уште повеќе силните
Транзициони Постројувачи, не знаеја дека не беше баш се’ што беше малку или
малку повеќе на исток – Источна Европа. Од самиот почеток заглавивме како во
рибарска мрежа во која, кога ќе се изблече на брегот, има и капиталци, и
пастрмки, и мрени, и плашици. Рибите си се риби, ама не се сите риби исти. Така
некако беше и со државите наредени на стартните позиции на патеките на
Транзицијата. Ама некој сакаше, некому можеби му беше полесно – сите да ги брои
топтан. Сите нека потскокнуваат, ѓоа весело, фатени во она орото: топтан, топтан, кисело млеко.... Лицата
и онака ни беа веќе асолно скиселени, а тукушто почнавме да го береме – како
онаа кутрата Пара – киселецот на историјата.
Нешто
скиселува веднаш и некои држаби, се виде, скиселуваат веднаш. По стотина години
же се знае зпшто, ама никој од урнисаните и скиселените нема да има фајде од тоа. Башка што: ја
ќе зе знае – ја нема да се знае. И обично така бидува.
Не
само новите врапци, стрвно расколвани во затекнатите комунистички кабинети, ами
и најобичните политички анафалбети (и со такви не беше скудна Транзицијата)
знаеја дека Југославија, иако веќе распадната, не беше што и земјите од тнр.
Источен блок – која и да ја земевте за пример, од Албанија, Бугарија и
Романија, дури до Русија. Знаеја ама не знаеја дека знаат. Што, меѓу другото,
се виде и во некои важни сегменти на распаѓањето: колку книги, на пример, како
забранети во она време се објавија тука, а колку другаде? Што тоа го натера
дисидентот од соседниот север, писателот и филмски режисер Живоин Павловиќ,
пред смртта да рече дека југословенското време (да, тоа Титовото) беше
Периклово доба во однос на она што сега, по распадот, го живееме? Што тоа, од
друга страна, едновремено го крепеше опортунизмот и и зошто мнозина се правеа
дека не се оттука кога кој кога ќе му текнеше, ќе повлекуваше равенства меѓу
светските комунистички искуства? Скраја од помислата дека Југославија беше
безгрешна, дека беше пролетен багремарник и сета мирисаше на мед и млеко, ама
баш источноевропските дисиденти во тие времиња за свои лозунзи и идеали го
истакнуваа самоуправувањето. Никогаш не беше обратно. Како во оние вицевите за
слепците што од југословенските злодела по грешка бегале на Исток, а сонцето
севезден било на Запад. Нивните весници имаа по четири до шест странички
(празничните изданија по осум) а нашите најмалку по петпати повеќе.
Впрочем,
се покажува последниве години и на други подрачја, дека тнр. големи стратези
многу милуваат нештата да ги поедноставуваат и да ги гледаат црно-бело. Кој ќе
се бафта сега со спектрални нијанси, ајдете, ви се молам! Јал не јал три и пол
и – квит.
Безбели,
како што нема потреба да се кријат гнасотилаците на стариот систем, нема ни
потреба од толкави количества отров во бунарите на тоа време. Не само поради
прадедовските пораки дека не е на арно плукањето во стариот бунар. Повеќе со
изедначувањето на квалитетот на водата од нашиот бунар, со квалитетот на водата
од соседните бунари. Правејќи безочни изедначувања, некои незнајковци и
патентирани мразачи лефтерно, како да се работи за тукушто испилено пиле, ја
ампутираа и уште запинаат да ни го ампутираат животот, да ни ја ампутираат
историјата која сведочи за разликите. Поништувањето на разликите значи и затворање на отворот
кон дел од минатото, а како да сака дека не се наоѓа минато врз кое не се
нафрлаат џелати, од дедо Ное па којзнае до кога.
Ние
уште се маткаме со Транзицијата и никој жив тука не знае каков ден ќе изгрее
утре, а за задутре се навикнуваме да размислуваме како за далечна иднина. Каков
покров ќе се изнајде за се’ што било?
Не
дека немаме автентични гревови и глупости. Ама и онака елегантно, со нескриено
милосрдие и добрина, некои пријатели повеќе не’ учеа кој и како ги измислил
ножиците, а не како се прави костум. Знаеја оти го знаеме тоа, ама не знаеја
дека знаат. А можеби знаат дека белки се уште не е доцна за освестување и за
дефинитивно затнување на устата на оној папагал кој ќе замине во пензија
салтуку повторувајќи: сите се исти, исти... А види мајката, некои во меѓувреме
од исти станаа поисти. И обратно.
Ристо
Лазаров
30.06.2012
Friday 22 Jun 2012 02:40
| Permalink
ДИЈАЛОГ И ДВОУМЕЊЕ
Има разни крстосници (со семафори и без семафори, на пример, со патокази и без патокази) и до нив се доаѓа на разни начини. На крстосницата секогаш е важно која посока ќе ја фатите. Затоа и двоумењата на секоја крстосница, затоа и дијалогот, макар сам со себе.
На некои крстосници се доаѓа бодро, со победоносен бајрак, на други пак – уморно, тадури двојно уморно: и од победниците, и од победените. Крстосницата е заедничка, ама секому му изгледа – поинаква. А баш оти е заедничка крстосницата и судбината од посоката што ќе се избере, важно е да се прозбори некоја пред да се избере посоката. Лесно е да кинисаш си мислиш дека те води самиот Господ, да не фермаш никого, оти си мислиш дека лиочно Врховниот ти вели дека само ти знаеш и како таков зналец си ја избрал посоката која води директно во вечноста. Арно ама, животот и не мора ептен долго да трае за да се види дека кусовечни биле жиците на виолините и басовите кои ги свиреле маршовите на вечно среќната, рајска иднина. Свирачите на одите за светлата иднина не се бираат меѓу оние кои одвај врзуваат неколку такта од новокомпонирани песни, главно патриотски, ами какви!?
Долговечноста на избраната посока не се мери со мандатни отсечки. Она што на најобична крстосница некому денес му изгледа како избор на најсреќна и најбериќетна иднина, на крајот на баладата може да се престори во корзо на легиони од црви, лазачи и грицкачи на убави идеи. Од анализа на состојбата на црвите тогаш, бездруго, ќе може да се прави анамнеза на готвачите на нивната наслага, ама ќел фајде од тоа – овде и денес?
Да се скрши збор-два пред да се избере посоката, не значи обично задоволување на формата. Минато е времето на празните дијалози, сетики и на пизмите, аико најтешко се откажуваме од нив. Понекогаш во историјата се случува нешто што просто – се наложува како неопходна потреба, без многу филозофирања. Понекогаш толку неопходните дијалози започнуваат со дијалог самиот со себе, со самоиспитување наместо со будалесто самохипнотизирање. Понекогаш, баш во судбоносните мигови на крстосницата, сака да се запре со арогантниот дијалог и пречкање со мртвите, оти од тоа не се крепи ни самохипнотизирањето.
Ехееј, непрегледни се полињата на можните дијалози, што се гледа и со површен поглед врз светскиот глобус. Дијалозите не се дијалози ако се водат на подбишега, ако едни со други си играат мајтап – без меѓу два зајадливи мајтапџиски гриза да скршат барем некој разбран збор. Имате ли впечаток во оваа непрегледна ревија на суети дека некој со некого воопшто разговара – тајно, јавно, како било? Колку за пример, разговарате ли вие со вашиот сосед, со колегата на работа? Ако разговорот во најголем број е позитивен, во што е тогаш проблемот? Како едни од други успеваат да ги сокријат каналите на логичното размислување и се’ да туркаат во канализацијата?
Кога ќе се најдат на крстосница, како некои умеат да ги изберат баш лажните крстосници кои директно водат кон нови и нови заблуди? Плукни во минтото и кинисај без компас, со надеж дека сигурно ќе стасаш на ветеното место! А пред да плукнеш, помислуваш ли дека и плунката ако не баш веднаш, тогаш секако некогаш ќе се исуши, ќе стане минато, полигон за нови плукачи, ако се размножуваат таквите?
Одбирањето на посоката е еден вид демаскирање, што неизбежно следува. Од такви демаскирања потем се (пре)создава историјата и тука веќе нема алиш-вериш. Од чавка гулаб не бидува, ни од новото старо не бидува, ниту од новите аршини бидува еталон за старите состојби. Некои работи од минатото, вистина, се повторуваат, ама сите што малку од малку се одбираат знаат дека тоа не е – иднина. Башка и минатото дали го имало баш такво какво што се прикажува и ако не било, може ли како такво да биде иднината? А, и да речеме дека нешто личи на нешто – што станува со духот на времето, со духот на нашето време? Кој е минимумот на чесност во духот на нашето време, што делотворно може да го покрене дијалогот? Колку количини на чесност има и во барањето некој постојанои да се согласува со вас, како и вие постојано да се согласувате со некого, оти таква била реалноста? Има ли дијалог без почитување? Најсетне: има ли дијалог и без самопочитување? Чуму трубењето за дијалогот, ако од него не никне зрното на (само)освестувањето – овде и тука, ама и на други места.
Ристо Лазаров
23.06.2012

Friday 15 Jun 2012 05:45
| Permalink
Улици и уличари
Еден мој добар пријател живее во Берлин на улицата Владимир Мајаковски. Не му завидувам баш многу, оти и мојата улица во Скопје, барем засега, носи име на поет – Коле Неделковски. Некогаш за среќа се есапи и да не си приоритетен кога ќе збрлават гумите за бришење на историјата.
Но, уште малку за Берлин. Од улицата Владимир Мајаковски се влегува во еден, што би рекле ние тука, сокак што го носи името на Борис Пастернак, а оттаму во улицата на Петар Илич Чајковски. Веднаш тука е и улицата Фридрих Енгелс. Кој малку подолго талкал низ берлинските улици, знае дека има не една ами неколку улици што го носат името на Карл Маркс. Знаат и дека постои голем плоштад на Роза Луксембург. Знаат, најнакрај, дека еден убав и голем театар во Берлин се вика Максим Горки, а пред театарот, како што прилега, е и Горки излеан во бронза.
А новото време дојде во Берлин пред да стаса тука, кај нас. Дел на тоа ново време во Берлин беше и преименувањето на улиците, ама тоа се направи без таламбаси, со многу дикат – се сменија имињата само на некои безначајни типови, а имињата на великаните никој не ги чепна – ни на улиците, ни на плоштадите, ни во пколите. Меѓу другото и затоа улиците во Берлин немаат дупки, а баш деновиве, во јуни, главните улици опојно мирисаат на липов цвет. Миризливи улици.
По калдрми, по тесни и темни сокаци, по макадами, којзнае уште како не, новото време стаса и на нашите улици, такви какви што се и какви што можат да бидат. Сцена на уличните артисти, на пример.
Улиците, инаку, малку личат на старите тетратки по тесни и широки. Не се толку дирек-прави, ама, ги има и тесни, и широки. Тадури и булевари. Некои се асфалтирани, некои поплочени. Како да им е поудобно на поплочените – тие барем можат да бидат поплочени и со спомените на многу поколенија кои пораснале и врвеле на улиците. Спомените вградени во асфалтот на улиците се некако згмечени спомени.
Има живи и живуркави улици. Живите се прометни, речиси со деноноќна врева, престорени во мобилни канцеларии на новопечените бизнисмени и газди. Живуркавите – тажни сврталишта на сиромасите, а има и бетер – пусти улици, заборавени од сите, тадури и од нивните жители.
За улиците се напишани недобројни песни, раскази, романи. Најпознатата повест на нашиот Славко Јаневски носи наслов Улица. Којзнае дали самиот Јаневски има улица во родниот град. А Блаже Конески, Гане Тодоровски...?
Секоја улица е дел од биографијата на секој град. Секоја улица е дел од нашиот идентитет, од идентитетот на нејзините жители, но и на сите кои катаден врват низ улиците – ја пеша, ја со автомобили. Кога се врви низ улиците, всушност, се врви низ времето, се оставаат знаци за распознавање на времето. Затоа секоја улица си има свој имеден. И си го варди името, оти се знае дека не е паднато од небо, оти му припаѓа на великан. А великан не се станува по ничија директива, саде со дела.
Има времиња и силници кои се занесуваат дека баш од Бога им е дадено, чекорите од нивните копуци да ги вградуваат знаците за распознавање на градовите. За таквите е важно да станат и да останат кумови, да крстат, ете и улици. А немаат време да бројат колку народ исфрлиле на улиците, тоест, оставиле без работа. И колку луѓе снеможено останале на улица, удирајќи си ја главата како ќе го протуркаат денот, не месецот. Такви станаа нашите улици, и никакво преименување не им го сокрива срамот. Не е литературна измислица ако се каже дека и улиците знаат да се срамат, знаат кој чекори и кој се топори по нив. Улиците и ноќум ги чувствуваат светлините на животот, ама нешто се’ помалку се осветлени.
Исто така, не е литературна измислица ако се каже дека улиците се чувствителни, па понекогаш и плачат. Си ја оплакуваат судбината, цели улици плачат од новопечените кумови. Улиците се чувствителни и кога некој, демек од педагошки причини, ќе рече дека не треба да се дозволи децата да ни ги воспитува улицата.
Сите кои врват по улиците не се уличари. Ама на уличарите не им успева да се камуфлираат и да се престоруваат во нормални минувачи. Шро и да се, на која ритка да се искачиле, уличарите си се уличари: дома не се прибираат, постојано се моткаат и ги мерат улиците. Демек, асли мангупи, прваци по раскалашеност и непристојност.
Улиците не ги личи бе улични свирачи. Како што не личи нивната музика да е се’ потажна, се попразна, скоро глува. И минувачите, и свирачите, нема кој не знае – џабе таблите со нови имиња, кога улиците се полни со питачи и бездомници. А и животот, богами, долго трае. Некои печати си мислат дека се вечни, ама бргу бледнеат. Во историјата на улиците има многу вратки на направени вратки.
Ристо Лазаров
16.06.2012