Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Saturday 15 Jun 2013 09:19
| Permalink
ПРОЗИВКИ
Земи тоа балтијата, секирата и удри по оној кој не е твој - ја национално, ја идеолошки, ја по некоја друга жичка од богатата ни живеачка. Ништо полесно од тоа. Потем белки следува честење - ладна бира, десетка со кромид, како по секоја успешно завршена работа. Транзицијата наша неодминлива и бесконечна, донесе што донесе, та донесе и прозивки, и рефлектори за осветлување на оние што не се "по мерка". А мнозина не се по мерка, само зависи во која власт или полит-гарнитура е метрото. Се разбира и некои писатели и други мислечки луѓе не се по мерка, што е сигнал за плукање - ја од некои високоспецијализирани комисии, ја од некои нови политбироа, ја од некоја шакичка изгубенковци што не толку одамна, случајно, биле зграпчиле поголемко парче од погачата на власта. Тоа што меѓу исплуканите има без вина виновни - па, тоа сега му доаѓа како доказ дека насловите на некои класични литературни дела не соодветствуваат на современите мерки, метра и мерачи.
Различните плуканици на загарските нафрлачи и лајачи (прозивачи), предизвикуваат различни последици. На идеолошките некако им минува модата, тешко да најдете некој кому сега, скоро по чеврт век транзиционо напредување и ослободуваље, му звучи вознемирувачки етикетата "комуњари". Одбиј на глупоста и толку. Но, не е така, на пример, со прозивките по национална линија. Тука се прават безумни засеци, се прави бескраен полигон на делбите( од стадионите до највисоките научни институции), се отвораат рани што тешко зацелуваат.
Од делбите, од тие поројни и споулавени дождови кои сакаат минатото што не е по нивна мерка да заврши во цевките на одводната канализација, не се поштедени ни писателите, ни нивните книги, никој. Пред некој ден, среде скопското ту сончево - ту дождливо секојдневие, со блиски белградски пријатели, сосема случајно, скокајќи низ муабетот, застанавме на Оскар Давичо и неговата пост-комунистичка судбина. Давичо - грамаден поет, еден од најголемите во современата српска литература, наеднаш исчезна. Туку така под облака. Од мал милион причини - идеолошки и национални. Бил комунист. Точно. И денеска, на пример, во Европскиот парламент, а и во некои национални собранија, седат комунисти. Ама не бил Давичо и Србин. Точно. А автор е веројатно на најубавата песна за Србија. Башка, се' што напишал во животот, од првото љубовно писмо до прошталниот стих - напишал на српски, српско-хрватски. Последниве години, велат белградските пријатели, равотите си доаѓаат на место, во нормала: објавен е обемен избор од поезијатна на Давичо, се подготвуваат и други изданија, критички студии... Најден е вистинскиот одговор на прашањето: кога тоа било важно каква национална и идеолошка припадност имала добрата песна?
Пријателите уште не си беа заминале за Белград кога и тука, кај нас, се случи една слична прозивка. На сугестија на помладите колеги деновиве фрлив око на еден маргинален сајт на една минорна и безначајна партија (ем ВМРО, ем народна, а неодамна и коалициона). И кога ќе видам, што ќе видам: од сите страни сардисан нашиот струшки венценосец, академик, автор на повеќе книги напишани и преведени на македонски отколку што авторот на писанието за него знае букви. Демек: големиот македонски поет Матеја Матевски, ај што не бил Македонец, туку Албанец и цел живот го криел тоа!?
Лимените оркестри, кои сакаат да ја постројат историјата и таа да чекори како што ќе свират тие, пак се огласија. Како оној пат кога пред парламентот логоруваа и сал туку се дереа: ,,За Шиптари гасна комора", а уште пред тоа, кога истите такви оркестранти маршираа низ Струга со транспаренти: ,,Смрт за Блаже Конески!". Неоти некој нормален ги слуша таквите ветви фалсови на старите труби. А тие, трубачите, си се замислуваат кутрите, како луѓе низ чии филтри треба да поминеш за да ти се признае дека си Македонец, црно на бело, со патриотско пуслуче. А нашиот поет нема напишано ниту еден ред на друг јазик освен македонскиот и е еден од носечките столбови на меѓународната афирмација на македонската литература и култура. Заради што и оваа (како и сите други прозивки, а во овој текст за нив, за сите станува збор) личат на врвна креација на фантастичната литература, како што еднаш беше бил рекол Борхес. Ама прозивките не се од литературен вид, ами штрби дрдорења и лагИ, посолени со неопходната доза на национализам, фашизам, што ли.
За објаснување на последнава прозивка доволно е во енциклопедиите, википедиите и во учените книги да се побара поимот Шкрети и секому се' ќе му биде јасно за етничките Македонци кои во деветнаесетиот век, останувајќи верни на својата христијанска вера, пред налетот на исламизацијата, го примиле Албанскиот јазик, а самиот збор Шкрет означува Словен.
Гледаме: прозивките си течат, една по една, такаречи оттука до вечноста.
Станува неважно што валканиот не го бива за чистач, инаку самиот би бил чист. А важно е што ваквите прозивки, лустраторските егзибиции кои од почеток служат за подбишега и другите сличнинзакачки, го зголемуваат производството на омраза, нивото на валканата река во која, еден по еден или сите топтан (сеедно) ќе се удавиме сите. И нашинци и туѓинци.
Речиси секој ден се гледам со еден мој пријател, кој не е Македонец, а сите книги му се напишани на македонски јазик. Во која графа го водат него загрижените Македонци или, Албанци, на пример? И секогаш кога ќе се видиме се прашувам (понекогаш и него, и други прижјатели) како тоа меѓу нас индивидуално се да се врви нормално, а на глобален план да не стивнуваат метастазите на нерпението и омразата? Кој е мајсторот на ова второво? Се врати ли времето на изјаснувањата кои треба да произведат двоен ефект: ем страв, ем нетрпение? Тоа ли е таа фотомонтажа на минатото, таа примитивистичка благодарност?
Прозивките, несомнено одмазнички, се вооЧлива црна сенка во нашето ново време (што не значи дека не биле иж во минатото време) во кое се ројат темни облаци и восочни мисли. Време во кои разно-разни дунстери ги кршат (со тапи од славеничко шампанско ли?) еден по еден, нашите духовНи лустери?
Можеби еден ден ќе научиме варен сложно да заплачеме?
Ристо Лазаров
15 јуни 2013
Thursday 02 May 2013 11:55
| Permalink
ЗБОРОТ И СЛОБОДАТА
Навистина бил прв или втор во мртвата трка на почетокот на цивилизацијата, зборот сепак бил, е, а богами и ќе биде - збор. Велат, откога постои зборот тој е алатка за производство на чувства. Спектарот на чувства е речиси безграничен. И сега веднаш се поставува прашањето: каде е во тој спектар слободата? Има ли место за неа во царството на чувствата, лагодно ли и е или тесно? И воопшто: дали слободата е чувство и, ако е чувство, колку е и нешто друго? Што ќе да е тоа друго?
Зборот и слободата можат да се есапат и како движење - и тоа, рака под рака. Како што секоја пруга има по две шини, кои севезден водат во една насока. Движење кое значи дека без слобода нема збор, а и дека без збор нема слобода. Сетики се разбираме дека ова прашање не е реторичко и обична игра на зборови. Зборовите, вистина, понекогаш можат да бидат и играчка, ама кој не знае дека по секоја играчка следува плачка?
Има, и тоа не баш малку и од малку сорти, луѓе кои не знаат или не сакаат да знаат - ниту за зборот, ниту за слободата. Таквите луѓе се викаат главоведци. Ним им е страв еднаш да му заѕвонат на стопанот, а ако не им отвори врата, фаќаат магла. Главоведците се, всушност, карактери. Бескарактерни карактери. Не им е важен зборот ( освен кога е, евентуално, евет-ефендиски). Не им е важна ни слободата, ни спрегата на слободата и зборот. А важно им е, на пример, дали ќе заврне. Затоа нон-стоп носат чадори, да им се најдат, да ги засолнат празните глави на стопаните, ако заврне. А ќе врне. Допрва ќе врне. А авторитетите на кои главоведците им ги поддржуваат чадорите немаат немаат чувство ни за благодарност, ни за сожалување, ни за потсмев. Главоведците по правило остануваат со празни раце. Какви раце - такви души.
Ако слободата е клас, тогаш зборовите се зрна. И се ронат. Сака, затоа, да се спастрат. Ронењето на класот од од колено на колено, некогаш е помало, некогаш поголемо. И спаструвањето мора да биде такво. Одбрана од неконтролираното ронење. Одбрана на слободата. Постојано потсетување дека сосе зборовите се ронат и луѓе. Често се случува да не се ронливи баш чурук луѓе, ама, се случува. Судбина. А што можеш друго да очекуваш од чурук луѓе? Ронењето на зборовите, е прв знак дека почнува и ронењето на пријателствата, лични и државни. Класот тогаш е до половина изронет, соголен. Но, ронењето продолжува: се ронат цели држави, зрно по зрно. Кога ќе сфатиш дека тоа, всушност, се рони слободата, ообично веќе е доцна. Ако опцуеш тогаш, си го ослободил ли зборот или си му подарил една обична издишка на гневот? Не е баш до пцовките, макар што некои пцовки, зависно од нивната сочност, го забрзуваат движењето и на зборовите, и на слободат. Не даваат класот туку-така да се рони.
Сите зборови се измислени. Кој кога, сеедно. Едни зборови веднаш потонуваат на дното на сеќавањето, други зборови се препелкаат во виорите на стихијата, трети зборови се одмораат од преголема употреба. Само гордите зборови си ја удираат главата во мостовите на времето, ама воопшто не се каат што истекле од затворената уста.
Како стојат работите со слободата? Никој не би рекол дека таа се измислува, оти сплтена со зборовите, би била една голема измислица. Има специјализирани производители на виртуелна слобода, која подразбира сите да мислиме исто. Тоа е име на антислободата. Затоа, слободата се освојува. На милион начини, за да виреат разликите, за да може да се каже она што се мисли, а не да се мисли како што се кажува од главатарските врвови. И со зборови, секако, се освојува слободата. Поетот, нели, беше бил рекол дека убиваат пресилните зборови. Во името на слободата ли?
Слободи има многу, безброј. И слободарски настроени слободари, ама и покорници со одрани грла од слободарски извици.Потребата од слобода можеби може понекогаш и да се потисне, ама не и да се ничкоса. Самите слободољупци ќе ја претркаат слободата, ќе се ничкосаат пред неа, ако веќе дошло до ничкосување. Меѓу многубројнните слободи, вели еден мој пријател, не ти е ускратена и слободата да цркнеш - баш како гулаб во некоја зимска виулица, но таа слобода не спаѓа во тнр. прости и едноставни прашања. Воопшто, слободата не е просто и едноставно прашање. И не е нешто лесно предвидливо. Напати, слободата може да збесне, напати да е смешна или жали боже слобода. Меѓу позагадочните слободи секако се вбројува онаа притаената, како песот само што не залајал. Тој пес уште не залајал, а кога ќе залае - не се знае. На такви врсти песови се' почесто заличуваат и некои медиуми, кои, гледаме, не го претпочитаат ни шепотењето на нивните сопственици. Останало во поговорките in medias res, ама тоа не е ин медиум рес.
Ристо Лазаров
03.05.2013
Saturday 27 Apr 2013 12:02
| Permalink
НАГР(А)ДИ
Ај и јас да го цитирам Ботхес, кога, ете не можам да си приспомнам на нешто што на темава рекол Сабато. Литературата, беше бил рекол Борхес, е форма на радоста. Од што следува дека наградите за литература се радост од радоста или радост за радоста, баш сеедно. А сите, што имале колку-толку посериозен контакт со литературата знаат дека не е баш така. Тоа на своја кожа го почувствуваа и веќе спомнатите Борхес и Сабато, кои редовно се спомнуваат секој октомври, как8 неправедно прескокнати од Нобеловиот комитет. Сосе нив ќе ги спомнеа и Умбеето Еко, тадури и Толстој и други на кои не им била доделена, а безбели требало да и м се додели Нобеловата награда. Затоа и не се паметата речиси половината од нејзините добитници: однесени од скандинавските виори и другите светски ветришта и ветриња.
Македонија
нема Нобел, ама има прилично литературни награди од кои некои со текот на времето стекнаа и поширок углед. Наградата "Браќа Миладиновци", на пример, која веќе половина век се доделува за најдобра поетска книга објавена на македонскин јазик. Скопската градска библиотека, која го носи името на струшките браќа, прави доста за поткревањето и негувањето на авторитетот на оваа награда, објавувајќи, не толку одамна и електронски изданија на сите славодобитнички стихозбирки. Во мигост на свеченоста и фина релаксираност, сепак не ми избега од око фактот што некои незаобиколни македонски книги (Гледач
во пепелта од Ацо Шопов и Евангелие
по Итар Пејо од Славко Јаневски) не се наградени со ,,Браќа Миладиновци". Некои други автори, пак, наградата ја добиле по два-трипати. Можеби баш кога биле прескокнати веќе спомнатите книги. Ќе речете: било-поминало. Вистина е така, ама вистина е и дека може да се повтори и потрети ова било-поминало. Склоноста кон "исправање криви Дрини" и идеализирање тука не е од никаква помош. Па, каква е тогаш смислата на наградите ако се престори во хроника на промашувања и местенки? На пристојно упатените во литературниот живот (повеќе живуркање) и денеска треба само да им кажете кои се членови на жирито, па да ви кажат кои ќе бидат лауреатите, со сосема мнимилана, занемарлива можност да згрешат во прогнозата. Притоа, од непроценлива важност е партиската, а и клановската припадност на кандидатите. На времето сите беа во една партија, ама едни модернисти, други реалисти, едни со други поблиски... Денеска партиските врвови (сеедно кои знамиња се веат на нив) се многу повлијателни од некогаш. Денеска речиси и нема книжевна критика и критичко вреднување на книгите. Има само пригодни говоранции и вреќи фалби на промоциите на книгите, кои веќе одамна ја шишаат монетарната инфлација. Има алваџија за бозаџија, има јас тебе - ти мене. Има и менување на жирија и претседатели на жирија во веќе започнат процес на жирирање. Има се' и сешто.
А сите се прават дека не гледаат дека наградите изденуден го губат својот сјај, па и значење. Дојде време кога расте бројот на оние кои се срамат што добиле некоја награда, знаејќи ги претходниците. Веќе има и творци кои одбиваат, па и враќаат некои награди. Што, рака на срце, ич не ги вознемирува напернатите делачи на картите. Тие и онака не читаат ништо, освен барањата и желбите на налогодавците.
Сите кои следат што се случува во нашиот литературен живот, знаат дека во него има се поголеми празнини, знаат дека е и имитација на живот - како резултат, се разбира на тнр. општа општествеба состојба во која е неспоредливо полесно нешто да се изманипулира, одошто нешто да се реши со почитување на вистинската способност и знаење. И никој сериозен, се разбира, не е изненаден. Можеби напати само повеќе резигниран од се' почестото течење на реката надвор од коритото и од неспособноста водата да се наврти таму каде што и е местото. Така сите, сведочејќи за општиот животен пораз, ги чувствуваме и поразителните ефекти што зрачат од лакомите умови на невидено (непрочитано) определените славодобитници. Отпосле ќе се сетиме дека се апсолутно во право ние кои предупредуваат дека историјата на литературата не е хронологија на настани и награди, ами историја на вредности, вистински вредности, чиешто траење нема речиси никаква врска со наградите. Тие се повеќе за дневни наслади на суетите на големите мајстори на далаверите од секаков вид. Сјајот на приграбената слава истекува брзо, што би се рекло на дневна база, како што во атмосферската канализација секојдневно истекува валканата вода од машините за прање алишта (макар што сега се во мода и на цена некои други прања, на пари на пример).
Во големата река на секојдневието, гледамо, расте нивото првин на збунњтост, а потем на незадоволство. Расте и немоќта. Ама тоа не ги обескруражува оние (еве најпосле половина ред и за парафразирање на Сабато) кои знаат дека пишувањето е баш прибежиште на немоќните.
Ристо Лазаров