Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
ЗА ИДНИНАTA

Во празничните здравици, несомнено, има иднина. Колку горчина има во пијалакот во здравичарските чаши - тоа е друго прашање. Некои патишта кон иднината се поплочени со горчина, со тукушто проголтан пелин. Некои порти низ кои се влегува во иднината се замандалени, особено за недоверните и далтонистите - оние кои не распознаваат ниту една боја на нормалниот живот.

Веќе утрешниот ден е иднина и пак можеме да се прашаме што е иднината? Колку минато, на прикер, има во иднината? Колку носталгија? Ако секој си врви во иднината со својот багаж (куферот не мора да е samsonite) сетики во иднината има и остатоци од минатото, од носталгијата.

Во иднината секој син патува сам со своето куферче в рака. Арно ама, од векутума века има и водачи во иднината. Сега се ептен накотени, сакаат цели народи да врват зад нив како што се врви збунето зад туристичките водичи, кои врват напред, демек на чело на колоната (уште подемек: челници) и тие, водачите, да кажуваат што треба да се види и сега и воиднината. Нема вие што да му е мислите, барем додека отпосле не осознаете дека некои од водачите, како оној кај Домановиќ, биле слепи. Парадоксално: секој слеп водач има толпи следбеници, а во толпите следбеници - толпи фанатици. Оди убеди ги, ако можеш, таквите водачи и толпи, дека на патоказот на правливиот пат по кој јурат на коњи (од сите раси, најчесто бронзени) пишува - минато, а не иднина. Во најлош случај ќе ви речат, заслепените водачи и нивните толпи, дека, всушност по заобиколен пат итаат кон иднината: првин требало да се демонтира, да се растури минатото и оп, еве не во среќната иднина - расцутени тиквичиња без корени. Е, тоа, демонтирањето и растурањето на минатото може да биде простачка работа, ама не и проста. Простачката забревтаност секогаш е обратнонасочна од нормалната линија на живеачката: ма, ќе ве убедуваат добесвест - заслепените водачи и нивните толпи - дека остатокот од животот може да сепомине во минатото! Тикви варени!

Иднината, како што велат некои учени, ја нема во изобилство. Катаден сака изборување за неа. Па и посеаното зрно не никнува туку така, лагодно - и тоа си се бори да изрти. Некои запинаат да ја садат иднината, што може да има призвук на извесна метафора. Секој има право на метафори. Па и оние кои велат дека садачите се молат да пркнат садниците - само и само да има каде да се вратат, оти низ еволутивниот процес не се доближиле сосема дочовекот, а не пак до човекољубието. А и на тој Дарвин, си велат, треба десет удри едно број!

Може ли истовремено да се живее во минатото, сегашноста и иднината? А може ли врба да роди грозје? Тој што знае да живее во сегашноста, ја знае и посоката кон иднината. И знае дека на влезот во иднитата, моми накитени, наместо леб и сол послужуваат - неизвесност. А неизвесноста, велеше Пекиќ, во суштина е поврзана со тајната на времето. Неизвесноста е тука за да се совлада. Тоа не се прави со романтични занеси и сни - кој невидел ќе види, кога ќе прогледа. Ќе да е и самата иднина тајна.

Има ли иднината име? За славниот композитор Чајковски, незадоволен од сегашноста, иднината се викала - надеж. Сега на иднината и даваат и географски имиња (пред ракаречено и додавки). Едни, кога говорат за иднината, мислат на Брисел, на пример. На други, на пример, им се врти во главите она што пошироко е познато под поимот Атлантида. Навали народе, секому секој што сака (а само на одбраните и колку сакаат!)

Во размислите за иднината се подразбираат и ѕвездочатците. И кавинетските претскажувачи, и нивните вреќи лаги што ги товараат во возовите за иднината. Штета што пругите не се побрзи - ја побрзо ќе се стаса во иднината, ја побрзо ќе се одврзат вреќите набабрени од лаги, на главната царинарница, пред да се крене рампата пред иднината.

Едно време, кога ги читавме Сеќавањата на иднината на Деникен, некои пријатели во поетски занес, малку наивен додуша, за иднината велеа дека е како девојка која ја чекаш на рандеву: веруваш дека сигурно и на време ќе дојде, арно ама некогаш доцни автобусот со кој доаѓа во центарот на градот, а некогаш и не доаѓа - или од заборавност, или од лутина. Од што треба да се заклучи дека има и иднина што се лути.

Додека во сегашноста гледаме директни преноси од разно-разни автократски балови и дивеења, ние сепак знаеме дека иднината е секогаш пред нас, ама, ете, ни било судено тадури и да се прашуваме: има ли иднина?

Ристо Лазаров 
www.ristolazarov.com

(пренепечатувањето на текстот дозволено само со наведување на изворот од кој се презема - www.ristolazarov.com)
ФАБРИКА ЗА МИТОВИ

Митови имало отсекогаш, само што денес, во Транзицијата се некако поизопачени, подречливи. Им личат сите бои, макар што мнозина мислат дека најубава одора за митовите се прави во жолто-црвена боја. Може и во сина. Може и во која било. А општо е познато дека има и безбојни митови.

На еден народ кој го произвел митот дека е библиски народ и му прилега да има секакви митови. Поначесто, всушност - никакви. Се разбира дека има и такви кои подолго паметат, кои спомнуваат и совест и грижа на совест, ама нив ги праќаат на шишање. Боговите ниту чуле, ниту сакаат да чујат за грижа на совеста.

На секое ќоше никнуваат индустриски зони, во индустриските зони фабрики за митови, во фабриките производители на митови, пред фабриките цели транспорти со шиткачи на митови. Се шиткаат вештачки, пластични митови, самопрогласени митови, буџосани корени на цареви, кралеви, принцови. Никој од нив нема круна, ама има колоритна митолошка скаска. Митот за корените е како топол јорган среде зима: кој ќе се покрие преку глава, ќе има слатки и тврди соништа, преслатки. Со вкус на стратешко партнерство.

Моментно, под полна пареа во сите фабрики за митови се прават делови и делчиња од коишто треба да се создаде големимот мит за Херакле. Лека-полека се ближи крајот на дефинитивната монтажа. Ене го, веќе подава глава Керберот, последното искушение на Херакле на летот кон митолошкото небо.

Во фабриките за производство на митови одвреме навреме припомагаат прочуените транзициони лустратори. На еден од нив името му асоцира на библиско неверување (неверство) ама тој е прв кој им верува на капките 'рѓав дожд што му потскокнуваат по ќелавицата. Неверниот, изврнат од 'рѓосан дожд, измисли нов лозунг: Керберот не да ти бил, всушност, чувар на царството на мртвите. Напротив: немирно буричкало баш во царството на мртвите, протегало на коските на мртвите. Неверниот си го думка Керберот, за полесно да му го стивне 'ржењето пред буричкалата по коските на мртвите.

Неверниот не е по книгите, кој видел аир од книгите, ама некој му раскажал дека во книгите за Херакле пишува дека Керберот се поткупува со мед. Колај работа! Поситни ѕверки се поткупувале со многу покрупни работи, а не пак да се жали тегла мед за Керберот. Она што ќе остане на дното на теглата, ќе го излиже Неверниот. Керберот најаден со мед станува весел вртиопашко, а Неверниот и пред да го излиже она што останало на дното на теглата, веќе го стекнал меѓународното признание на вртиопашко и подлизурко.

Неверниот кога бил млад, не бил на младинска работна акција. Таму сигурно би бил главен трасер на патот кон пеколот. Но, никогаш не е доцна за пеколот - и со трасиран пат, и со козјо патче. Неверниот сега е висококвалификуван трасер за пеколот и воопшто не помислува дека одамна, многу одамна во пеколот му чуваат место на почесната трибина. Кога тогаш, ќе си дојде сé на свое место. И народот на кого сега му е доделена улога на риба на суво, ќе си дојде во својата природна состојба. Неверниот ајде, ама само ептен неукиот може да си смисли цел народ вечно да биде риба на суво.

На инжењерите (и оние на душите) во фабриките за митови им е совршено јасно дека секој не може да биде Херакле. И еден е многу и тој треба да биде направен од волшебен и цврст материјал, од кој има голем дефицит. Не баш радо, ама инжењерите се принудени да ја прифатат логиката: каков материјал - таков Херакле. После нешто може ќе се надомести со дување балони. По секое дување - напредок и милина.

Има Кербери што баздат на десетка со кромид. Барабар со локалните полухерои, кои се плашат и да помислат на Херакле. Има и еден таков што си мисли дека е директен потомок ба Херакле, ама тој воопшто не се разбира во митологија. А сече, око да не му трепне, ленти при свечените отворања на нови и нови фабрики за митови. Запаметил дека Стив Ривс е Херакле. Е, ама од холивудската митологија. Таму се произведуваат пластични. веќе и компјутерски митови, има и бескрајни ловишта на лажни митови.

Во таквите ловишта и оној Прометеј, кој благовремено бил предупредуван да биде претпазлив, да не брза. Оти се паметат и некои избрзани востанија. Со ништо не требало да се брза, а најмалку со огнот. Како велеше еден нашински главатар: крачка по крачка. Само, Прометеј бил презафатен со здиплувањето на огнот, онаму, горе, на Кавказ, па не чул ништо за крачка по крачка. А и да чул, ќе се скинел од смеење. Како што се правел наглув кога му велеле дека слободата не се подарува за роденден, онака набрзина застанувајќи кај некоја цвеќарница. Слободата се освојува.

Што не му прават на Прометеј, ама тој не ја открива тајната на Боговите. Ако биле милосрдни боговите, немало нивни пратеници да му го исколваат џигерот: а зуцна, а притвор, процес, како тоа веќе го викал оној мрачен Кафка кој никогаш не им бил љубимец на боговите.

Прометеј си мисли дека не е покусо од Херакле, ама злобниците му префрлуваат дека тој сепак бил крадец на огнот. И тоа, се гледа, речиси бадијала: да се греат дрвокрадците, да се варат манџи. Добро де, декоративно да светнува и по некој камин, околу кого се води немушта дебата за (не)оправданоста за крадењето. Пламтат митови, стари и нови, за корисни кражби.

Од многу митови, на народот, особено ако е гладен, му се зградува, го тера на блуење,  а нема што да се блуе. Малодушност од која не се раѓа само малодушност. Многу локални митолошки полујунаци го почувствувале тоа. На ред ќе дојде и Неверниот. Ќе го снема во маглите на реалниот живот.

Митото го туркаат да стане мит, ама се опира. Митото не е мит, ами гола, сурова реалност. Три смени, реално. Не пропагандни пароли.

Мисирите не спаѓаат во митолошките јата. Тие се за божиќни залажувања. А потем, а потем - ќе спласне ли чешањето на вештачки ситите мешиња? Ќе издишат ли вештачки набилдираните митолошки мускули?

И да не се заборави: Керберот сака мед и думкање, ама бесконечноста му е здодевна.

Тешко се одгатнува звучи ли шегобијно гласот што низ шепот прашува: море Херакле и Керберот да не се споени во еден шејтан, што се топори тука, пред наши очи?

А и оној Прометеј, час без гаќи час со гаќи, штотуку загадочно се потсмевнува?

Ристо Лазаров
на Св. Климент 2013.


ПОТОМЦИТЕ НА МЕК КАРТИ


Секоја чест и почит на дисидентите, на оние кои во времето кога "комунизмот" го тресеше половина свет, беа жестоки критичари на истиот тој "комунизам". И кои тие свои критички искри ги плаќаа во тогашните апсани - од Лубјанка, преку Сибир, до Сремска Митровица и Голи Оток. Биле мажи кога тоа чинело скапо, мошне скапо - цело скапување во гулазите.

Но, што да се прави со оние кои кукурикнаа, гукнаа, си ги одраа и си ги дерат грлата против комунизмот, тадури и сега, цел четврт век по неговото паѓање? Откако во комунизмот постигнаа  и добија сé што можеше да постигнат и да добијат - од бесплатно образование до топли фотелји? На кои им текнува отпосле, кои се јуначат отпосле, што велат кумановци "на мртвога Германца"?

Што да се прави кога една пејачка во црковен хор, на пример, ќе си замисли дека е внука на големиот демократски истребувач на комунистите злогласниот сенатор Џо Мек Карти (оној Мек Карти со чии декрети Чарли Чаплин, на пример, а и илјадници левичари беа избркани од САД ) па, ај што го прогласува комунизмот за најголемо зло, ами бара и казни за тие што ќе се одважат во иднина да застапуваат такви идеи? Барем да се оригинални тие барања, да не клокотат од ќерка му на францускиот профашист со тапија Ле Пен,со години веќе верна идеолошка следбеничка на својот татко. Ако се накашла дотичната персона, сè што е лево во Европа да не треба да се засолнува во глушечка дупка и да се тресе од страв?

Што да се прави со Пикасо, Бретх, Хобсбаум, надреалиститеи другите нивни левичарски истомисленици (и членови на Партијата) без кои не може ни да се замисли светскиот интелектуален и уметнички врв? Да се прогласат ли за злосторници, да се изложат ли на јавен презир?  Да се лустрираат? На кој начин  да се одвојат од нивните дела и чуму таа делба? Немам илузии, додека има потпалувачи на разни оганчиња на омразата, дека таа делба ќе престане. Макар што се чинеше, баш во времето на комунизмот, дека полека се затворија старите рани - низ примерите на Езра Паунд, Кнут Хамсунг, Елија Казан... Сакал-нејќел денес човек, свесен дека сé е ужасно компликувано,  просто е присилен да се запраша: треба ли едно зло да се заменува со друго? Што е денес политичкиот противник? По кој аршин ќе ги бираме пријателите - само според политичката припадност ли? Според тоа што некој некогаш (сеедно лев или десен) верувал дека треба да го прави баш тоа што го правел, а времето подоцна рекло дека не требало да го прави баш тоа што го правел? А знаеме имало и такви кои не верувале, ама ја следеле посоката што им била наредена. А и што ако утре се покаже дека денешниве силници не требало да го прават она што го прават? До каде и до кога ќе се врти тоа тркало на вратките?

Темата за комунизмот, како што гледаме, не е затворена, ама не е затворена и темата за цивилизациските и демократските дострели на либералниот капитализам. Стига е да се потсети само на минатогодишната окупација  на Вол Стрит.

Имаше мудри луѓе, дисиденти со затворски стаж, кои веднаш по паѓањето на комунизмот, предупредуваа од опасноста од антикомунистичка хистерија. Полјакот Адам Михник, на пример, во тоа време напиша дека од комунистите полоши се само антикомунистите. Времето потврди дека тоа не беше обична игра на зборови на големиот мислител. Левицата доживеа колапс, а на виделина секој ден излегуваат фрапантни бројки за тоа колку луѓе во секоја земја го контаролираат најголемиот дел од капиталот. Во Америка, на пример, 400 најбогати луѓе заедно поседуваат толку пари колку и половината население. Во Индија иста слика: 100 најбогати луѓе поседуваат богатство еднакво на четвртината од бруто домашниот производ. Секако има и попластични примери, но и овие на се за в корпа за отпадоци. Не сме ни ние далеку од таквото немилосрдно продлабочување на јазот меѓу пребогатите и пресиромашните.

Левицата, ако доживеа колапс, не значи дека замина на оној свет. Еве ја пак на сите меридијани, крева и глава и глас. Не безразложно предупредува дека прашањето за човековите права, толку грлесто поставувано во времето на комунизмот, денеска е всушност прашање на правата на оние кои гладуваат или се жртви на погубното насилство (Жижек) и дека не е нереално антикомунистите да се победат самите во сопствената игра. Меѓу другото и поради простиот факт што животот не е игра, уште помалку играчка.

Во некои парламенти на земјите од Европската унија (Чешка, Грција...) има и пратеници од редовите на Комунистичките партии. Некако, не се гледа вака, со голо око, дека тие земји имаат кусок европејство. Јок, џанам.

На локален терен, моќта на комунистите се гледа и на Водно. Во времето на комунистите, тоа беше елитна населба, ама од бараки. И најголемите комунистички главатари кај нас скончаа токму во такви бараки. Погледнете го сега Водно, пред да почне земјиштето да се лизга од толкава преизграденост. Оние од палатите ли ќе ни кажуваат колкаво зло бил комунизмот и колку се сега тие фини, вклучувајќи ја и пејачката во црковниот хор? Комунистите, се разбира, не беа идеални, ама ќе ги скараа за нарушување на "моралниот лик на комунистот", како што се велеше тогаш, ако примеа на подарок при посетата на некој комбинат  - гајба грозје или патлиџани. Денеска богаташите ги караат затоа што наместо некој друг богаташ, поблизок до власта, пред нос купил некој вреден имот, за ситна пара. Воопшто, денеска многу се купува: правда, медиуми, дипломи... Таа распродажба не може да трае вечно. Денеска се прават панорамски тркала - да се повозат во нив вртикапи и вртелешки, вртканици, толчачи на време. А и на човечки судбини, богами? Да не се повторуваат тоа некои мелодии од времето на комунизмот, ама не баш како фарса, ами како фанфари на стравот?

Чудно е, не без причина, што во времето кога фашизмот крева глава, ударот се насочува токму кон оние што го победија фашизмот. Уште и да се изедначуваат со фашистите, што е врвен безобразлук. Комунистите тогаш воопшто не беа на споредниот колосек на историјата. Чудно е и тоа што комунистите ги обвинуваат дека од идеолошки причини се пресметувале со неистомислениците, главно националисти? А од кои причини се атакува на нацистите и националистите, и на оние најзакоравените - денес? Од кои причини се атакуваат сите комунисти, топтан? И кои се причините што има толкава селекција во борбата против корупцијата денес?

Мошне лесно се забораваат и спецификите на борбата на македонските комунисти, папочно поврзани со првото победоносно востание и создавањето на современата држава. Се амнестираа оние кои удрија врз темелите на државата, а комунистите се лустрираат, се направи и Музеј на жртвите од комунизмот. Да, на жртвите од комунизмот, отшто други жртви (на пример од фашизмот) - сакаат да кажат - тука изгледа немало. Згора, се сака на политичкиот пазар да се продаде дека овде и сега, на пример, нема и не се негува склоност кон култна послушност, а едни со други си ги вадат очите нарекувајќи се, кога ќе им затреба - султан партии. Уште да почнат да не уверуваат дека напливот на антикомунизмот нема никаква врска со напливот на популизмот отспротива, па приказната да биде комплет. Ма, знаат и малите деца: еден од корените на популизмот е и грижливото негување на тоа да си нечија жртва, а чија ако не на комунизмот?!

Едно време во каков-таков оптек беше идејата за национално помирување. Заврши така што секој сакаше помирување по свој терк. И остана пизмата. Сосе пизмата и прашањето: од која дупка и зошто бликна тој силен гејзер на омраза кон комунизмот, сега веќе и од  оние кои не само што не пропатиле во тие темни вилаети, ами воопшто и не биле родени тогаш?

Популистите денеска нудат избор на два вида сока произведени во иста фабрика - од ананас и јаболка, на пример. Некои такви сокови, историски гледано, брзо шеќердисуваат и се фрлаат во канализацијата како одвратни прелаги. Популизмот си продолжува по својата профашистичка патека: се негува култот кон големиот водач, ама и кон акцијата заради акција и по секоја цена. Мислењето и здравиот ум не се препорачливи. Или-или, отсекогаш било популистичко-фашистичко вјерују – тука се корените на патриотите и предавниците. Прогласувањето непријатели одамна е омилен спорт на популистите и про-фашистите.

Наспроти хистеричните вресоци на современите фашистички толпи, вистината сепак си останува вистина и не сака уплав од историски поразените сили. Останува вистината за навек, да сведочи за тоа како завршувале фашистите низ нивните крвави маршови. Неизбришливо се врежуваат во меморијата и ликовите на оние подгрбавени старци кои сега се потпираат на бастуми, ама кои му ги скршија дамарите на фашизмот, тогаш кога требаше. И безобразието во односот кон нив, уличарската невоспитаност. Мртвите херои, сега толку лефтерно лустрирани, и да не се споменуваат. Ама било и ќе биде: Вистината, исто како и борбата против фашизмот, немаат ограничен рок на траење.


Ристо Лазаров
29.11.2013

не е дозволено никакво преземање и преобјавување на текстот  и делови од текстот во медиумите и на интернет порталите без дозвола на авторот. 
See Older Posts...