Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров
Saturday 16 Feb 2013 09:59
| Permalink
A БРЕ
МАКЕДОНЧЕ...
Денеска (16 февруари 2013), на трогателниот собир на
борците од НОВ на главниот скопски плоштад (неодобрен од власта!?!) ја чув од
звучниците, а троа и ја потпеав А бре
Македонче...
Мојата пријателка, пак, деновиве, не криејќи дека и е
дојдено преку глава од се’ што ни се случува, изјави во весник: ,,јас сум
задоена со слободарско, партизанско млеко, а чичко ми Оцка пред седумдесет
години ја напишал ,,А бре Македонче”, па верувам дека Македончето веќе
пораснало. Време е за Македонецот”.
Долги години слушам дека минало времето на Македончето,
дека сега можеме да говориме за Македонецот. Гордо, се разбира. Од што
произлегува (индиректно) дека Македончето
сме го изговарале и пееле понизно, срамежливо, второкатегорно, јуниорски.
Еве прилика да си го кажам мислењето за ова наметната разлика. Не да спорам со
пријателката и внуката на авторот на знаменитата песна, која секого кога пее за
Македончето го прави горд Македонец.
За јајцето и кокошката ли зборуваме? Македончето, пред да
стане Македонче, нели било Македонец? А и Македонецот, нели може да биде
Македонче? Зошто се игнорира контекстот на песната за Македончето? Зошто се сака на Македончето
да се гледа како на возраст, а не, на пример, како на блискост, нагласена
присност? Не дека прашањето граматичко, ама, сепак: зошто се игнорира и
вокативната форма во нашиот јазик, при обраќањето, во песна, на Македонецот?
Нема белки и такви во животот наш разбуричкан од се’ и сешто, што мислат дека
тоа Македонче е борбен повик на
биолошките Македончиња, дека Македонија немала мажи (и жени) за слободарски
бој? Ви се молам! Па, спомнете си барем на следната строфа на А бре Македонче.
И при ризик малку (ама само малку) да прекардашам, во
повеќето ,,патриотски искази” за исправањето на Македончето во Македонец, не гледам добра намера. Повеќе скриен,
ѓоа невидлив презир, не само кон песната, ами кон сите тие што са таа песна на
уста, ја донесоа слободата? А следствено, нели, потем и се однесувале така,
демек како Македончиња а не како Македонци. Што е глупост, тотално исчашен
поглед, тотално слепило и глувотија, тотално немање смисла за времето и за
неговите историски значајки. И тотално неразбирање на потребата да му вдахнат
малку душа на светот околу нив.
А бре Македонче
на Оцката Михајловски е предвостаничка творба, која
есенум ја навестува македонската добра пролет. A може и малку поинаку: знаел
авторот, мислам како Чапек што знаел, дека октомври (и тоа оној, 1941-та) е
првиот пролетен месец во најновиот македонски календар. Прилепски речено, има и
такви кои воопшто не го сајкалат тој пролетен
октомври, кои од времето од пред седум децении емигрирале во пајажините на
својата современа неукост и злоба. Си мислат во современоста се, а не гледаат
дека таквата современост е – празна современост. Таквите тешко сфаќаат, бргу
забораваат. И верувам дека ретко кој од нив, ај да не речам ниту еден, не чул
за онаа на Осја Бродски: да се памети – значи повторно да се воспоставува
блискоста.
Во случајов, двојна блискост: и со времето на
настанувањето на песната и со Македончето
во песната на Оцката. Мене тоа, Македончето
, секогаш ме поткрева, ми принесува пред очи ведрина, одново и одново ми ја
дарува радоста на победата.
Другпат за една оптичка мамка што се создава додека некој
сака да не убеди дека не сме Македончиња,
ами Македонци (море, Македончишта!).
Сетики спомнувате како партизанската генерација на Оцката го пеела крајот на
песната: Македонско име, нема да загине...
E, тоа ти е кога ќе се измести основниот акцент, поентата на песната: нешто не
сум чул дека во последно време се пее и крајот на А бре Македонче. Да не би песната, талкајќи низ времето, си го
изгубила крајот? Или, само партизаните биле толку упорни, па ги пееле песните
до крај?
Kако и да е, кога и сега, на овие години, ја слушам или
ја пејам А бре Македонче, не се
чувствувам смален и малав, ами голем и многу радосно и ептен гордо, како
вистински Македонец.
Ристо Лазаров
16.02.2013
Wednesday 19 Dec 2012 05:09
| Permalink
ИСЕЛУВАЊЕ НА АНТИФАШИЗМОТ
Има една песна нашинска, партизанска: Од Вардар до Берлин, голем шум се крева... Сега
завладеал молк над Вардар, магли и правои, магла,
магла, сегде околу нас, што вели една друга песна, екс-југословенска. Не е
до песните, се разбира, макар што тие понекогаш кажуваат отповеќе. Времето е
сериозно, тревожно.
На оние кои гинеле со песна на уста, на победоносците,
сега што си го крепат чекорот со бастум, со болештини на плеќи, воопшто не им е
до песна. Сега ним им држат проповеди за Трст и Владивосток, им проповедаат баш
тие што сакаат да ја снема историската и победоносната посока до Берлин. На
сила се сака да се смени и посоката на тркалото на историјата, како што
дочекавме, еве, победоносците, преостанатите од македонската антифашистичка
војска, во својата татковина, од своите - да бидат исфрлени на улица, на стари
години да им нудат пелин за докусурување на спомените од победоносните дни, на
спомените од Февруарскиот поход, од Фуштани и од Славеј Планина, од Ваташа и од
Дабница, од славна Дебарца... каде ли не стапна народната, партизанска војска!
Некои батки,
демек, се досетиле (транзицијата е како измислена за досетливите батки) по судски пат да ги избркаат
борците, преживеаните македонски антифашисти од Втората светска војна, од
работните простории во Инвалидскиот дом во Скопје. И сакаат итроманите батки да ни ја шитнат нивната прикаска
дека баш тие имаат
тапија на зданието во центарот на градот
и дека овој безобразлук е чисто нивно дело, бизнис зделка и со него
никој друг нема врска. Ви се молам! Судството ни
било толку независно, што власта не можела тука ништо. Освен, да гледа сеир, а еве, веќе излегоа на виделина и текстови
дека ја мерка зградата во која сега се наоѓаат борците,
за некакви потреби - ја партиски, ја приватни.
Иселувачите, сега обезличени и низ
одлуката на Врховниот суд за ревизија на судските пресуди, не сакајќи ја отворија
пандорината кутија за третманот на фашизмот и антифашизмот во македонското
совремие. Зошто толкаво запенување на устите на толку млади луѓе чиешто легитимно право е да бидат
десничари, ама чија што човечка и политичка обврска е да не плукаат на
антифашистичкото минато, на единствената победа на востаничка Македонија? Од
каде толку омраза за оние кои и по победата го изградија она што досега ја
красеше татковината, а сега сака да се ничкоса со барокни керефеци? Оти биле комунисти?
Фашисти и антифашисти се ставаат на исто
место, едни до други,
во ист музеј, оти, замислете - какви биле да биле - наши биле. Башка и зашеќерените прикаски
за помирувањето - и тоа такво, што поразените ќе ги јавнат победниците. Како баш тие, победниците (а комунисти) да и го нанеле
сето зло на својата татковина – за нивните недела се изгради Музеј на жртвите
од комунизмот, за други се донесе закон за колективна амнестија! Деократски. На
пазарите уште се
продава и фалшива историја, ама неа тешко кој го знае фашизмот како општо и
апсолутно човечко зло, може да ја проголта како вонвременски клен. Притоа, се подразбира дека и комунистите не биле
безгрешни и за тоа треба да се говори јавно, ама не и хистерично.
Кога се расправа за фашизмот, не треба да се превид дека е тоа
деструкција на индивудалното и од тој визир, некои тукашни силења ја добиваат
својата вистинска димензија. И од тоа нема бегање. Перчењето е минлива работа,
лесно расиплива стока.
Антифашизмот, се разбира, е негација на
фашизмот, ама не негација од немајкаде, не проста негацижја заради негација.
Попрво станува збор за една смислена и активна реакција, која пред себе,
наместо темнините на минатото и конзервативизмот, ја има иднината, модерната
иднина, во која нема место за фашистички отпадоци.
Гледаме, ширум светот, фашизмот крева
глава. Гледаме, ширум светот, расте свеста за потребата од одбрана од фашизмот.
Тоа е, всушност, одбрана на придобивките на модерната цивилизација. Не попусто
некој беше воскликнал: антифашизмот е триумф на човештвото, бележит триумф!
Наспроти бележитото варварство на фашизмот.
Само тесноградите и незнjковците ставаат
знак на равенство меѓу антифашизмот и комунизмот, мислеќи си наивно, дека така
ќе го деградираат и докусурат комунизмот. Јок џанам, не се тоa ни вистински, ни
добронамерни диоптри. Никој не може да му го симне на антифашизмот ореолот на
општочовечко цивилизациско добро, а најмалку некакви транзициони батки.
Многу време изарчивме дури да се
разбереме дека, во
случајов со иселувањето на борците од Инвалидски дом,
не станува збор за обичен имотно-правен спор. Државата има историска обврска да
не биде сеирџија и нем сведок на понижувањето на последната колона од
македонските антифашистички сонцељубивци. Ветераните заслужуваат висока почит, без остаток.
Помагало не помагало, сепак сака јасно и
гласно да се каже: срам да им е на батките и нивните пајташи што се неранимајковци
и бездушници кон прекрасните
старци на кои им го борчиме најсветото -
слободата. А и срам да ни е на сите што го трпиме ова малтретирање врз нив. Ете, со таква мисла им се
придружувам на борците од НОБ во една од нивните последни битки - за својата
чест и образ, но и за честа и образот на победата, на татковината и иднината.
Не попусто во
мигoв ми доаѓа да кликнам: смрт на фашизмот - слобода на народот! И да застанам, и на овој начин, зад централниот
транспарент на протестот на македонските антифашисти: NO
PASARAN!
Ристо
Лазаров
19.12.2012
Thursday 22 Nov 2012 03:00
| Permalink
Старделов: Стиховите на Лазаров се
чудесен сеизмограф на нашето време!
Наградата за поетското дело за 2012, за значаен придонес во збогатувањето на трајните вредности на современата македонската литература, му ја врачи Веле Смилевски, уредник во Здружението за уметност и култура на живеење “Дијалог” од Скопје, кој учествуваше во носењето на одлуката, заедно со академик Георги Старделов и Соња Стојменска Елзесер, како членови на жири-комисијата.
- Ситночекорка“ е сугестивна потврда на автентичниот и препознатлив глас на Лазаров. Низ песните на книгата се прекршува драматиката на нашето современо живеење, судбините на неговите пријатели, ехото на љубовните трепети, одгласите на далечните патувања, соочувањето со корените, но и со модерните текови – рече Смилевски во своето обраќање, изнесувајќи дел од образложението за наградата.
За творештвото на познатиот македонски поет зборуваше академик Георги Старделов, чие дело го нарече „чудесен сеизмограф на нашето време“, преку кој Лазаров го гледа „светов заробен во пајажина што се нафатила насекаде , и во која човекот е заробен, заклештен, но и тажен, што не може од таму да излезе - ниту неговата душа, ниту неговиот ум“. Но, и не само тоа.
- Додека ја читав „Ситночекорка“ низ глава постојано ми навираше стихот на поетот Ацо Шопов, од стихозбирката „Песна за црната жена“, „Откривајќи го светот ја открив татковината, и откривајќи ја татковината го открив светот“. Оваа асоцијација не е случајна, зошто Лазаров со оваа книга и песните во неа ги испружи рацете да го прегрне целиот свет. Во неа се редат сите земји низ кои летнал/летал, но, низ тој космички шир тој никаде не ја заборава својата татковина. Некои планини му се гледаат како глетки како од Титов Врв на Шар Планина, а некои нешта како да се случуваат кај нас самите. Имам впечаток дека познатите светски цивилизации во неговата книга пеат значајни современи песни – рече Старделов во обраќањето.
Поезијата на Лазаров покажува дека во овој современ свет, вистината е најлесно расиплива стока, нагласи академикот, „свет каде што триумфираат фанфарите на насилниците, свет во кој битисува едно ужасно мрзеливо молчење, каде што никој не може да ги запре крадците на чистите души. Во тој свет постои тој амбис на самозалажување, во кој нема дно“.
- Таму стварноста мириса на формалин, истечен од старите тегли на историјата, која не застанува да се повторува, и станува се повеќе крематориум за големите утопии на човечкиот род – рече Старделов.
Тој во своето обраќање потенцираше дека со објавувањето на книгата „Ситночекорка“ истовремено се одбележуваат и 40 години од појавата на првата стихозбирка на Ристо Лазаров, „Ноќна птица во паркот“, (1972 година), со која се најави доаѓањето на цела плејада поети од четвртата генерација.
Старделов зборуваше и за статусот на поезијата на Лазаров во македонската литература, нагласувајќи дека поетот го „измести постојниот поредок на третата генерација писатели, откривајќи нов мегдан и поинаков поетички хоризонт“.
- Лазаров не соочува и со нашата тажна транзиција низ која поминуваме, но и со новиот економски поредок, кој е на жесток удар во неговото поетско творештво. Пишува за жална Македонија, која често пропушта историски шанси и прави есапи на сопствена штета. Во донесувањето на тие поетски слики тој ја приграбува поетиката на оспорувањето, а тука стихот гори. Низ него трештат поетски искри – додаде Стараделов.
Поетот Ристо Лазаров се заблагодари за наградата, и искрено сподели со присутните дека настанот го посветува на неговата внука Јана, и во нејзина чест ја прочита песната „Новото време“.
„Ситночекорка” е дваесетта поетска книга на Лазаров, а стихови од неа денес во НУБ читаше актерот Сенко Велинов.
Лазаров е добитник на највисоките литературни признанија кај нас, меѓу кои и наградите „Ацо Шопов” на Друштвото на писателите на Македонија” и “Браќа Миладиновци” на Струшките вечери на поезијата. Негови песни се застапени во сите антологии на новата македонска поезија презентирани во светот, а посебни книги од неговото творештво се објавени во Русија, Австралија, Албанија, Србија, Англија, Словенија и Чешка.