Archives


Search

Добредојдовте на интернет страницата на Ристо Лазаров

ЗБОРОТ И СЛОБОДАТА

Навистина бил прв или втор во мртвата трка на почетокот на цивилизацијата, зборот сепак бил, е, а богами и ќе биде - збор. Велат, откога постои зборот тој е алатка за производство на чувства. Спектарот на чувства е речиси безграничен. И сега веднаш се поставува прашањето: каде е во тој спектар слободата? Има ли место за неа во царството на чувствата, лагодно ли и е или тесно? И воопшто: дали слободата е чувство и, ако е чувство, колку е и нешто друго? Што ќе да е тоа друго?

Зборот и слободата можат да се есапат и како движење - и тоа, рака под рака. Како што секоја пруга има по две шини, кои севезден водат во една насока. Движење кое значи дека без слобода нема збор, а и дека без збор нема слобода. Сетики се разбираме дека ова прашање не е реторичко и обична игра на зборови. Зборовите, вистина, понекогаш можат да бидат и играчка, ама кој не знае дека по секоја играчка следува плачка?

Има, и тоа не баш малку и од малку сорти, луѓе кои не знаат или не сакаат да знаат - ниту за зборот, ниту за слободата. Таквите луѓе се викаат главоведци. Ним им е страв еднаш да му заѕвонат на стопанот, а ако не им отвори врата, фаќаат магла. Главоведците се, всушност, карактери. Бескарактерни карактери. Не им е важен зборот ( освен кога е, евентуално, евет-ефендиски). Не им е важна ни слободата, ни спрегата на слободата и зборот. А важно им е, на пример, дали ќе заврне. Затоа нон-стоп носат чадори, да им се најдат, да ги засолнат празните глави на стопаните, ако заврне. А ќе врне. Допрва ќе врне. А авторитетите на кои главоведците им ги поддржуваат чадорите немаат немаат чувство ни за благодарност, ни за сожалување, ни за потсмев. Главоведците по правило остануваат со празни раце. Какви раце - такви души.

Ако слободата е клас, тогаш зборовите се зрна. И се ронат. Сака, затоа, да се спастрат. Ронењето на класот од од колено на колено, некогаш е помало, некогаш поголемо. И спаструвањето мора да биде такво. Одбрана од неконтролираното ронење. Одбрана на слободата. Постојано потсетување дека сосе зборовите се ронат и луѓе. Често се случува да не се ронливи баш чурук луѓе, ама, се случува. Судбина. А што можеш друго да очекуваш од чурук луѓе? Ронењето на зборовите, е прв знак дека почнува и ронењето на пријателствата, лични и државни. Класот тогаш е до половина изронет, соголен. Но, ронењето продолжува: се ронат цели држави, зрно по зрно. Кога ќе сфатиш дека тоа, всушност, се рони слободата, ообично веќе е доцна. Ако опцуеш тогаш, си го ослободил ли зборот или си му подарил една обична издишка на гневот? Не е баш до пцовките, макар што некои пцовки, зависно од нивната сочност, го забрзуваат движењето и на зборовите, и на слободат. Не даваат класот туку-така да се рони.

Сите зборови се измислени. Кој кога, сеедно. Едни зборови веднаш потонуваат на дното на сеќавањето, други зборови се препелкаат во виорите на стихијата, трети зборови се одмораат од преголема употреба. Само гордите зборови си ја удираат главата во мостовите на времето, ама воопшто не се каат што истекле од затворената уста.

Како стојат работите со слободата? Никој не би рекол дека таа се измислува, оти сплтена со зборовите, би била една голема измислица. Има специјализирани производители на виртуелна слобода, која подразбира сите да мислиме исто. Тоа е име на антислободата. Затоа, слободата се освојува. На милион начини, за да виреат разликите, за да може да се каже она што се мисли, а не да се мисли како што се кажува од главатарските врвови. И со зборови, секако, се освојува слободата. Поетот, нели, беше бил рекол дека убиваат пресилните зборови. Во името на слободата ли?

Слободи има многу, безброј. И слободарски настроени слободари, ама и покорници со одрани грла од слободарски извици.Потребата од слобода можеби може понекогаш и да се потисне, ама не и да се ничкоса. Самите слободољупци ќе ја претркаат слободата, ќе се ничкосаат пред неа, ако веќе дошло до ничкосување. Меѓу многубројнните слободи, вели еден мој пријател, не ти е ускратена и слободата да цркнеш - баш како гулаб во некоја зимска виулица, но таа слобода не спаѓа во тнр. прости и едноставни прашања. Воопшто, слободата не е просто и едноставно прашање. И не е нешто лесно предвидливо. Напати, слободата може да збесне, напати да е смешна или жали боже слобода. Меѓу позагадочните слободи секако се вбројува онаа притаената, како песот само што не залајал. Тој пес уште не залајал, а кога ќе залае - не се знае. На такви врсти песови се' почесто заличуваат и некои медиуми, кои, гледаме, не го претпочитаат ни шепотењето на нивните сопственици. Останало во поговорките in medias res, ама тоа не е ин медиум рес.

Ристо Лазаров
03.05.2013















НАГР(А)ДИ


Ај и јас да го цитирам Ботхес, кога, ете не можам да си приспомнам на нешто што на темава рекол Сабато. Литературата, беше бил рекол Борхес, е форма на радоста. Од што следува дека наградите за литература се радост од радоста или радост за радоста, баш сеедно. А сите, што имале колку-толку посериозен контакт со литературата знаат дека не е баш така. Тоа на своја кожа го почувствуваа и веќе спомнатите Борхес и Сабато, кои редовно се спомнуваат секој октомври, как8 неправедно прескокнати од Нобеловиот комитет. Сосе нив ќе ги спомнеа и Умбеето Еко, тадури и Толстој и други на кои не  им била доделена, а безбели требало да и м се додели Нобеловата награда. Затоа и не се паметата речиси половината од нејзините добитници: однесени од скандинавските виори и другите светски ветришта и ветриња.
                Македонија нема Нобел, ама има прилично литературни награди од кои  некои со текот на времето стекнаа и поширок углед. Наградата "Браќа Миладиновци", на пример, која веќе половина век се доделува за најдобра поетска книга објавена на македонскин јазик. Скопската градска библиотека, која го носи  името на струшките браќа, прави доста за поткревањето и негувањето на авторитетот на оваа награда, објавувајќи, не толку одамна и електронски  изданија на сите славодобитнички стихозбирки. Во мигост на свеченоста и фина релаксираност, сепак не ми избега од око фактот што некои незаобиколни македонски книги (Гледач во пепелта од Ацо Шопов и Евангелие по Итар Пејо од Славко Јаневски) не се наградени со ,,Браќа Миладиновци". Некои други автори, пак, наградата ја добиле по два-трипати. Можеби баш кога биле прескокнати веќе спомнатите книги. Ќе речете: било-поминало. Вистина е така, ама вистина е и дека може да се повтори и потрети ова било-поминало. Склоноста кон "исправање криви Дрини" и идеализирање тука не е од никаква помош. Па, каква е тогаш смислата на наградите ако се престори во хроника на промашувања и местенки? На пристојно упатените во литературниот живот (повеќе живуркање) и денеска  треба само да им кажете кои се членови на жирито, па да ви кажат кои ќе бидат лауреатите, со сосема мнимилана, занемарлива можност да згрешат во прогнозата. Притоа, од непроценлива важност е партиската, а и клановската припадност на кандидатите. На времето сите беа во една партија, ама едни модернисти, други реалисти, едни со други поблиски... Денеска партиските врвови (сеедно кои знамиња се веат на нив) се многу повлијателни од некогаш. Денеска речиси и нема книжевна критика и критичко вреднување на книгите. Има само пригодни говоранции и вреќи фалби на промоциите на книгите, кои веќе одамна ја шишаат монетарната инфлација. Има алваџија за бозаџија, има јас тебе - ти мене. Има и менување на жирија и претседатели на жирија во веќе започнат процес на жирирање. Има се' и сешто.
                А сите се прават дека не гледаат дека наградите изденуден го губат својот сјај, па и значење. Дојде време кога расте бројот на оние кои се срамат што добиле некоја награда, знаејќи ги претходниците. Веќе има и творци кои одбиваат, па и враќаат некои награди. Што, рака на срце, ич не ги вознемирува напернатите делачи на картите. Тие и онака не читаат ништо, освен барањата и желбите на налогодавците.
                Сите кои следат што се случува во нашиот литературен живот, знаат дека во него има се поголеми празнини, знаат дека е и имитација на живот - како резултат, се разбира на тнр. општа општествеба состојба во која е неспоредливо полесно нешто да се изманипулира, одошто нешто да се реши со почитување на вистинската способност и знаење. И никој сериозен, се разбира, не е изненаден. Можеби напати само повеќе резигниран од се' почестото течење на реката надвор од коритото и од неспособноста водата да се наврти таму каде што и е местото. Така сите, сведочејќи за општиот животен пораз, ги чувствуваме и поразителните ефекти што зрачат од лакомите умови на невидено (непрочитано) определените славодобитници. Отпосле ќе се сетиме дека се апсолутно во право ние кои предупредуваат дека историјата на литературата не е хронологија на настани и награди, ами историја на вредности, вистински вредности, чиешто траење нема речиси никаква врска со наградите. Тие се повеќе за дневни наслади на суетите на големите мајстори на далаверите од секаков вид. Сјајот на приграбената слава истекува брзо, што би се рекло на дневна база, како што во атмосферската канализација секојдневно истекува валканата вода од машините за прање алишта (макар што сега се во мода и на цена некои други прања, на пари на пример).
                 Во големата река на секојдневието, гледамо, расте нивото првин на збунњтост, а потем на незадоволство. Расте и немоќта. Ама тоа не ги обескруражува оние (еве најпосле половина ред и за парафразирање на Сабато) кои знаат дека пишувањето е баш прибежиште на немоќните.

Ристо Лазаров

РАМКА ИЛИ ЈАМКА

- нафрлоци за новинарството -


1.    Секоја власт, па и онаа со уста полна демократија, сака да има влијание (и троа повеќе) врз медиумите. А и меѓу новинарите, за жал, се множат давачите на услуги    - баш на власта. Tаквите не сакаат да известуваат, да си ја вршат работата, ами да произведуваат настани и да ја обликуваат стварноста. Малцинство се, ама многу милуваат да се прикажуваат како мнозинство. Ѓоа така се произведува и вистина. Со врева. Ѓоа. Си мислат дека однапред курдисаните таблици за множење на веќе измноженото, создаваат вредносни еталони. Што не бива, никако.
2.    За новинарите своевремено се беше рекло дека се универзални незнајковци. Сега доминираат сезнајковци и сезнајни дознајквци. Откако ќе се изнадознаваат и што треба и што не треба, отпосле ќе дознаат дека, всушност, имале улога на копче, петлица. Притисни копче - излегува ексклузива не готвачка. Притискувачот цело време сучи мустаци, чеша меше.
3.    Оние кои што работат "на копче" често имаат третман на багаж: во некој од куферите на оние кои што притискаат на копчето. Пат околу светот за драм екслузива и троа повеќе послушност и исполнителност. Сана-бана, јас тебе - ти мене. Политички коментатори известуваат од гостувања на музичари во странство. И така дознаваат, на пример, дека на виолина се свири со гудало.
4.    А новинарството не е прост и едноставен занает што може да се работи без мајстори. И тоа врвни мајстори, калени низ вековната традиција на новинарството, во која, за радост на античките занесеници, се вбројуваат и Василиките на Александар Македонски. Го пикал ли тој носот во внатрешното устројство на Василиките или имал поважни државни работи?
5.    Врз медиумите се влијае на илјада и еден начин, од кои, секако, најопако е влијанието преку закон. Љубителите на законската регулација (читај: ограничување) на медиумската сфера, инаку, не престануваат да трубат со своите вувузели за дерегулацијата, како мошне блиска, најблиска до апсолутната медиумска слобода. И ни подготвуваат, велат, законска рамка. Малкумина наивни и веќе "обработени" во сета ова скаламуција не гледаат и законска јамка. Или ќе се застане на столчето пoд јамката, или ќе се клоцне столчето и ќе се скине јамката. Трето нема.
6.    Желбата медиумите да се стават "под свое" најачик ја искажуваат владетелите кои си умислиле дека се разбираат во се' - од составот на фудбалската репрезентација, преку археологијата и архитектурата, на пример, па до важните стратешки прашања на државата. За таквите сезнајковци медиумите се мачкина кашлица.
7.    Апсолутното влијание врз медиумите подразбира и апсолутна одговорност. Се' се враќа и се' се плаќа. Ниту една власт не е вечна. Ниту едно изживување не завршува без фајронт и без луфтирање на чадот.
8.    Слободата на новинарството не поднесува никакви законски регулативи. Особено не такви што се стокмени така што да имаат неприкосновена ограничувачка моќ и да служат како сатар во рацете на властодржецот. На медиумите и требаат свежи креативни поттици, не гробари.
9.    Медиумите во демократијата го претпочитаат пазарот. На пазар, ама без касапници и касапи, молам. Новинарството не е алатка за безобразно и крајно неодговорно исмејување на противникот и подметнување на кукавичини јајца. Но и власта не е и не смее да биде крвожеден и осветољубив демнач на секоја забелешка на нејзина сметка. Дали некој сака да се врати времето од пред Втората светска војна, кога за одговорни уредници се ставале лица кои немале никаква врска со уредувањето, платени добро единствено за да одат в затвор ако весникот бил осуден, а тоа пак, не било ретка појава?
10. Факти, факти, факти - вели една латинска. Некогаш, на младини, сум запишал еден цитат: "За историчарот се вели дека пишува документирано за настаните што не ги видел, а за новинарот дека пишува недокументирано за настаните што ги видел". Не звучи како евтина досетка и не е баш за лефтерно заборавање.
11. А не е за во бездната на заборавот дека една од поважните мисии на медиумите е запознавањето (преку) нив на светот. Сега се сака медиумите да бидат оние огледала од бајките кои кажуваат дека баш ние сме најубави на светот, да креираат превисоко мислење за самите нас.
12. На пазарот се продаваат и ставови, и убави реченици - секому секој сам што сака. На човек во поодминати години повеќе ќеиф му прават убавите реченици, што ќе рече - презаситен е од ставови, посебно од трансмисиите на ставови. Можеби звучи старински, ама новинарството е, сепак, книжевност на брзина. Не широко поле за кочоперење на полуписмени извршители по кројка на исто толку писмени нарачатели и оценувачи.
13. Низ медиумите се' помалку циркулираат идеи. Се повеќе ни фрлаат в очи зрнца од живиот песок на тнр. спектакли. И општеството ни станува такво - општество на спектакли.
14. Обилно се потрхранува медиумскиот популизам, како што и некои мдиуми се штедри во потхранувањето на популизмот воопшто. Собранието, на пример, е лика и прилика за тоа: таму не се обраќаат еден кон друг, ами му се обраќаат на народот. А често и се прескока Собранието, па повиканите директно му се обраќаат на народот - преку медиумите, се разбира.
15. Имаме секагодишна вртелешка од избори. И веќе добро поткрепени согледби за однесувањето на медиумите. Едни главатари мислат дека медиумите се тука за да им помогнат да дојдат на власт, други главатари очекуваат медиумите да го помогнат заминувањето од власт. Никој не ја прашува публиката. Возот врви, споулавено, додека заглави во првиот тунел. Ама заглавувањето нема да го види - во тунелот, нели е темнина. Како во сокаците ноќум.
16. Веќе еден век живее (и им се припишува на разни автори, меѓу кои најчесто се спомнува Черчил) сентенцата дека новинарството е убава професија - ако на време се напушти. Ако не...?

Ристо Лазаров
See Older Posts...