Херакле

herakle


1.

Бре, што акачка и акаџика
беше Алкомена!
А ќе зазореше,
а ќе заакаше
по светот!
Акаше дење,
акаше ноќе,
акаше под врело сонце,
акаше под полна месечина,
акаше и во рог-темниици,
акаше севезден.
Кога ќе акнеше да ака
Алкомена акаше со разни дружини,
ама најчесто сама:
акаше по државни уреди
и политички кабинети,
акаше по дуќани и самопослуги,
акаше по зелени и сточни пазари,
акаше по нервни и други доктори
акаше по кафеани и ноќни клубови,
по јавни и тајни бордели
акаше кајшто ќе ја акнат мајките
и никој не знае точно
каде и колку се изнаака Алкомена -
а сите се согласуваат
дека се изнаакала за пет до десет цели животи,
богами и за фазла!
Имаше и други
акачки и акаџики,
ама тие повеќе акаа по говеда
и повеќе беа акнати со мокар чорап,
додека Алкомена се акаше
колку што сакаше и колку што можеше
се акаше, акаше
и ги акаше сите околу себе,
го акаше и главниот Бог
- толку што беше акачка и акаџика!



Арно ама,
еднаш и најголемата акачка
ќе биде акната
и ќе и дојде до акот.
И тогаш нема трте-мрте,
нема лево-десно,
нема врткање-шуткање
ко прдеж в гаќи
- одборјувањето е започнато
и прашање е само
каде ќе се плукне
она што треба се плукне.
Алкомена требаше да го плукне
баш денес
на пролетна рамноденица,
кога Италијаните и Вавилонците
слават Нова Година
и затоа реши
да се качи на аероплан
и севезден да ги надлетува
градовите и селата,
планините и низините,
морињата и океаните.
Беше чула и разбрала
дека кој ќе се роди во авион
бесплатно ќе лета цел живот,
дека можеби ќе стане авијатичар,
а сигурно ќе биде големо јуначиште,
и што е најважно,
- нема да лета со умот.
Така беше чула и разбрала Алкомена
а беше ептен трудна,
мевот и беше брекнал
како ѓупски тапан,
беше станала ја, олкава, бабачка,
како тиквешка каца
беше се сторила,
толку што беше надуена.
Беше и стонасто сигурна
дека ќе биде машко,
а на машките им личи
да бидат авијатичари и јунаци
и да имаат бесплатни
авионски билети
за сите светски дестинации.
Што знаеш какви времиња идат!
Никој ни не помислуваше
дека ќе стасаме до сегашново дереџе,
дека толку ниско ќе паднеме
што не може пониско да биде,
ама ете, можело и од најниското пониско
да се струполи цел еден народ
и затоа, велам, не е лошо
да си има човек бесплатен авионски билет
- оти денес на гурбет се оди со авион
и на војна се оди со авион
а некои, со опроштение,
и по голема нужда одат со авион.
Така, де: ако мајката морала да ака,
да брка разни спонзори
и да мавтосува главни и споредни богови
- барем детето да биде слободно и независно,
слободно да може, кога ќе му текне
да одлета до Статуата на слободата во Њујорк
и таму слободно да се изнавика,
бидејќи викањето е најслободно
под Статуата на слободата во Њујорк,
а оттаму и најдалеку се слушало
- така беше чула и разбрала Алкомена.



Туку, да скратиме малку!
Алкомена се препотуваше од болки,
стенкаше, пиштеше,
правеше гримаси баш како на филм
кога се породуваат
и му се молеше на главниот Бог
што побргу да се сврши ова со породувањето.
Му се молеше и си спомнуваше
како пред девет месеци
токму тој, главниот Бог,
лично и персонално,
ја кутна на плеќи.
И тоа во нејзината брачна постела,
додека мажот & , како и обично,
беше на војна.
И врапците знаат дека мажите
од нашите краишта лете-зиме се на војна,
а не пак главниот Бог не ќе знаел!
Баш отшо знаеше
главниот Бог - стар двообразник
беше се престорил во мажот на Алкомена
и беше наредил ноќта да трае трипати подолго,
оти јунаци и богови не се зачнуваат на брзинка!
Шуќур што не знаеше
дека е трудна од главниот Бог
а не од мажот си
- којзнае колку ќе врескаше Алкомена!
Сигурно од врескање ќе го урнеше авионот,
ќе предизвикаше силен земјотрес,
можеби и катаклизма!
Ако ништо друго,
барем ќе се фрлеше од авионот удолу
и ќе умираше кусо, без здив.
А и беше криво, двојно и беше криво.
Како прво и прво,
што беше насамарена во сопствената постела,
а како второ и второ,
што не знаеше дека е кутната од главниот Бог
- е да знаеше, триста ќеифови ќе му направеше,
триста сексуални маривети ќе му покажеше,
ќе го столчеше меѓу нозе,
ѕрцките ќе му ги извадеше
и душата низ нос ќе му ја извадеше!
Аман бе, главен Богу,
другпат кажи се оти си ти,
па да ти покаже Алкомена што знае,
и да ти го акне брутот
на газето буштрево.



Нејсе, стенкаше и врескаше Алкомена,
устата и беше отворена,
очите и беа затворени
реки пот течеа од неа,
а главната стјуардеса, клекната до неа,
се обидуваше да го одложи породувањето.
Стискај, стискај, и велеше,
уште малку ќе слетаме,
па фино ќе те однесеме в болница,
да си се породиш како сите што се породуваат,
таму ќе ти биде подобро,
златна Алкомено!
Всушност, главната стјуардеса
знаеше кој е таткото
и баш сакаше да му напакости
на главниот Бог
оти и нејзе и беше направил така
и тоа не еднаш
(ќе си го направеше ќеифот
па ќе подвиткаше опашка)
Просто: не сакаше да допушти
породот на главниот Бог
да снове по светските небеса
кога ќе му текне и како ќе му текне
и тоа бесплатно.
Арно ама, во светот на боговите
имало ред и поредок,
не било тоа балканска држава,
па да може една главна стјуардеса
да му прави инает на главниот Бог!
Бревташе Алкомена,
вдишуваше свеж воздух
и гледаше како облаците
се претвораат во оган,
а стјуардесата викаше и колнеше,
кумеше и молеше:
Аман, мори, Алкомено,
стискај Алкомено, стискај уште малку,
ама не бивала таа работа:
молња го пресече небото,
низ прозорчето од авионот се зададе
Статуата на слободата,
најпосле и лекна на Алкомена,
додека Ејлејтија почна да & ја брише потта.
Беше машко
и на самото место го крстија Херакле.
Авионот на неговото раѓање
долги години потоа го покажуваа
на сите светски изложби,
и оттогаш на олимписките игри
сите спортисти задолжително патуваат со авион
и по пат си прават шенгуле.

2.

Прва доилка на Херакле
му беше стјуардесата.
Од нејзината лева цицка
до зинатата уста на Херакле
се создаде млечен лак ли,
млечна ѕуница ли,
- нешто налик на опашката
што останува на небо
зад млазните авиони.
Со едно цицање
Херакле исцица
за цела година однапред
и имаше ниет уште да цица
- докрај да ја исшмука стјуардесата,
да види, кучката, чие раѓање
ќе го одлагала, чиј татко ќе мамела -
таков ниет имаше Херакле,
ама немаше каде да го собере исцицаното.
А кога потпорасна
Херакле се кинеше од смеа
кога врсниците во њујоршкиот централ-парк
му се закануваа дека ќе му го расплачат
мајчиното млеко.
Што знаеле њујоршките шутраци
за цицките на стјуардесите!



Во њујоршкиот централ-парк
Херакле расна порасна,
во паркот пиј - мочај, со опроштение,
во паркот јади - сери, пак со опроштение,
во паркот спиј - стани,
во паркот, ах во њујоршкиот централ-парк,
Херакле севезден одгатнуваше
на кого се метнал
и зошто деноноќно зјапа ли, зјапа
во Статуата на слободата?
Секој што чул за Њујорк
знае дека во централ-паркот
има секакви фукари, џенабети и туткуни,
секаков џган, секакви вампири и акрепи,
секакви гомнојадци, коскосерци и балегари,
секакви давајгази, педеришта и арпаџици,
секакви неранимајковци и душовадци
- без око да им трепне
вилица што ќе ти скршат,
шија што ќе ти скинат.
И тоа за ништо,
без нешто да им сториш и преречеш,
- просто за утринска гимнастика
и попладневна занимација на џганот!
Уште и ако разбереа непрокопсаните
дека си мек по душа и по срце
- кожата ќе ти ја одереа,
салата ќе те направеа,
ламјата ќе те лапнеше,
ќе те снемаше без трага и без глас
како најобична прдешка ќе те снемаше
и како меур од сапуница.
Ете, тоа му се беше паднало на Херакле
- еден куп далавери и чалами околу него,
еден куп далаверџии и чаламџии,
од виран повиран дружина.
Сал туку го тешеа:
во виран дружина, асолно се растело,
така се калел челикот, аха!
Сите да ти велат, ти да не веруваш,
ама ајде - нека им биде,
не се рекло џабе: паметниот попушта.



Што е за право, разни уки научи Херакле
во њујоршкиот централ-парк.
Најпрвин научи како да ги скротува змиите
што секој вторник му ги праќаше
исшмуканата стјуардеса:
им свиреше на змиите
тешки македонски ора
и тие толку ќе се натажеа
што ќе заборавеа дека
стјуардесата ги беше пратила
да го каснат Херакле.
Ептен се извешти Херакле и во гаѓање:
каде и да нанишанеше - погодуваше,
а гаѓаше првин со џилити,
па со индијански стрели
и со каубојски пиштоли,
гаѓаше и со автоматски пушки,
и со минофрлачи и со топови!
Ја погодуваше секоја паричка
и од неа со куршумот правеше прстен,
толку добро гаѓаше Херакле.
Згора, поднаучи нешто и од астрономијата,
(за филозофија не го бидуваше)
поднаучи, според распоредот на ѕвездите,
да претскажува какво ќе биде времето утре
и поднаучи, според летот на птиците,
да им ја претскажува судбата на луѓето.
Еда, алал нека му е на овој Херакле,
што видовид човек беше,
сe ми потрефи, ама од "а" до "ш" с# ми потрефи
- велеа луѓето на кои им гаташе.
Ако не научи како да се снаоѓа
на њујоршката берза,
не значи дека и други уки не научи Херакле,
на пример: да игра покер и да свири на саксофон.
Лесно научи и како да ги налегнува убавите женски
на свежо шишаната трева во централ-парк
и не е чудно, затоа, што им се изреди
на сите педесет ќерки на Теспија
и на сите им приправи по едно дете,
за спомен и долго сеќавање
од престојот во Њујорк.
Едно попладне, баш додека ја напрчуваше
триесет и третата ќерка на Теспија,
некој залелека и побара помош
- аман бе, мајка му стара, опцу Херакле,
не биваше ли да почекаш малку да завршам работа
па после лелекај колку што сакаш!
Арно ама, човекот лелекаше
на истиот јазик на којшто пцуеше Херакле.
Да беше човекот јабанџија, па ќе му помогнеше
а не пак не земјак да не му подаде рака.
Така на тревата во њујоршкиот централ-парк
Херакле го запозна Свети Ѓорѓија.
Веднаш се збратимија
и потем на брегот на Источната Река
севезден ги чекаа аргонаутите и златното руно
и со дрва од диви маслинки ги бркаа злите духови
- кутрите побратими, Херакле и Свети Ѓорѓија
им помина младоста додека сфатија
дека секој ден с# повеќе и повеќе се претвораат
во едно.

3.

Херакле си беше утувил в глава
да биде бесмртен
како Статуата на слободата што е бесмртна
- ја бог, ја обичен, простодушен бесмртник да биде -
ама не знаеше
како се станува бесмртен,
ниту пак во њујоршкиот Централ Парк
се организираа вечерни курсеви за тоа.
Главата ќе му пукнеше
од промислување и домислување
ама кога не сака - не сака:
не му текнуваше
дали магија се прави
дали темане му се прави
на главниот Бог
дали некој друг маривет се прави
- кој ѓавол се прави
за да се стане бесмртен?!
Од многу мислење
најчесто се фаќа пролив
а може и ветар в глава да ти влезе
- пу, пу скраја да е!
Скраја да е, ама не било скраја
- му се отвори тиквата на Херакле,
му влезе ветар во неа
(и југо, и северец, сите ветрови)
а ветар кога ќе ти влези
почнуваш да си леташ со умот,
лет, лет буба маро,
донеси ми гости!




А ништо не му фалеше
на Херакле пелашки во Централ Паркот
пред да му се утуву бесмртноста.
Здраво и право мажиште си беше
маж на една жена, по име Мегара
и татко на осум деца,
осум бисери мајкини
и осум гордости татини.
Голема работа
ако не беше бесмртен!
Да имаше круна, ајде де
- да му падне круната од глава,
ама тој дрдулав и гол како пиштол
да станел бесмртен!
Каде се чуло и видело!
Но, немаше разбирачка со Херакле
- ти крсти го, тој прди
никого не слушаше, глава букова!
Затоа и му влезе ветар в глава
та еден по еден
си отепа дури шест синови
што при сe што се случуваше во Централ Парк
не беше се случило дотогаш
ни дотогаш ни оттогаш!
Поарно во црна земја да пропаднеше,
поарно гром да го трештеше,
поарно ќор и глув цел живот да одеше,
отколку такво проклетство да го стаса Херакле,
таков срам, арам и резил
- да си ги отепа сопствените чеда,
не само да си ги отепа,
ами и в оган да ги испече!
А што арслани беа, и колку лични беа
- сите ќе станеа кралови и војсководци,
и сите ќе земеа за невести најодбрани моми!
После се пушти глас
дека исшмуканата стјуардеса
на некој волшебен начин
му пуштила ветар в глава на Херакле.
Можеби беше така, можеби не,
ама и да беше
не се земаше предвид
бидејќи, нели,
историјата не се прави
од олеснителни околности.




Не било џабе речено:
ќе ти дојде умот,
ама кога ќе си ојде кумот.
Херакле немаше само еден кум
ама сите до еден, не да си ојдоа,
ами се разбегаа
кој каде знаеше
и кој каде можеше
усвет фатија
вид виделија фатија
само и само
Херакле да си го најде чарето.
А чарето стаса од Делфи
и на Херакле му вели:
доста беше слушај кај шумат буките,
сега слушај ме мене, затоа имаш уши
слушај ме, јас кога зборувам не тропа тенеќе,
кога тропа тенеќе, мечки на пазар играат,
мечки, тадури и мајмуни,
а мина ерата на мечките и мајмуните!
А и баш ми е гајле ако не ме слушаш
- кого си упропастил ако не ме слушаш?
Пак себе!
И пак бесмртен нема да бидеш!
Туку, гледам,
му вели чарето од Делфи,
голем мерак си имал да станеш бесмртен
божем е тоа туку-така,
плукни-залепи и трт-држ!
А се знае дека не е така,
се знае дека за да си купиш нов велосипед
сака да се запотиш
и за други желби сака да се запотиш
на светов нема ништо без запотување
и сув газ риба не јаде!
Името на твојата бесмртност
е Евристиј, му рекло на Херакле
чарето од Делфи.
Лично Херакле ми рече дека му рекло
и тој ако ме лаже и јас вас ве лажам.
Уште ми дорече Херакле
дека кога му го спомнале Евристиј
сите можни сипаници му излегле наеднаш
сите јанѕи го нападнале од сите страни
сите планини му се урнале врз плеќи!
Оти и мравките, а не само врапците,
знаат дека Евристиј
е илјада пати понекадарен од Херакле
дека е лигуш, трчилажго и педериште
и од каде на каде сега
токму тој да му биде водач до бесмртноста
налет нека е таква бесмртност,
ама веќе нема назад
речено-сторено, такнато-макнато,
што дошло ќе се трга,
ќе се трга низ песна:
какво право турско право
три илјади на три мина!




Сите да ти велат, ти да не веруваш
ама вистина е:
Херакле му стана љубовник на Евристиј
Потем и на Хилад и Јолај им стана љубовник
Сефтето било тешко да го направиш
а потем кога ќе ти тргне, крај немало
и отшто немало крај
толку педери се накотија
во њујоршкиот Централ Парк
колај работа да е само во Централ Паркот
ама сиот свет го свртеа наопаку педерите,
формираа педерски интернационали
пееја: на нозе педери од светот
извикуваа: педери од сите земји обединете се
господ да варди и да брани
од баучот на педеризмот
што кружи низ светот!
И кој ѓавол му требаше тоа на Херакле
- сите бои ги вапца, та уште таа му остана!
Како член на педерската интернационала
Херакле тргна да си ја бара бесмртноста.
Знаеше дека ќе ја бара дванаесет години
и дека ќе треба да преплива дванаесет мориња
и да совлада дванаесет аждери.
Опинци знаеше!
Знаеше само дека крвта вода не бидува,
бидејќи ако не беше така
татко му немаше да му испрати
на Херакле штит обвиткан со слонова коска,
и уште со килибар, злато и лазурен камен.
Отпосле се пушти глас
дека на штитот биле нацртани главите
на дванаесет змии кои ги плашеле
противниците на Херакле.
До ден-денес нема докази дека е така
ама никој не може
да го одвикне народот
да им верува на таблоидите
и на озборувањата.
Нашиот народ не може
без озборувања,
озборувањата нe одржаа низ вековите
и ним најмногу им благодариме!
И баш ни се чудни
другите народи
коишто не се љубители на озборувањата
што за народи беа тие
- да ти плукнам народите без озборувања!

4.

Ем му баеја
на Херакле
од уплав од умирачка,
ем најдобрите бајачки му баеја,
ама тој и натаму
севезден се џимкаше во сонот
многу се потеше и пак се џимкаше
- понекогаш дури и ќе се помочаше в кревет
е тогаш како на шпигло се гледаше
дека ѓаволот ни оре, ни копа
и тогаш, особено тогаш,
Херакле беше многу тажен,
достага му го кинеше срцето,
ќе цвиснеше од мака
и му беше срам да и погледне в очи
на Статуата на слободата.
А што ако му речеше:
ај сиктер оттука бе, мочко низаеден!?
Најсетне се одгатна
дека Херакле нема уплав од умирачка
и дека има само голем мерак
да стане бесмртен
а стравот од умирачката
и копнежот по бесмртност
сетики
не се иста работа.
Џабе излегоа масрафите
околу баењето и бајачките
ама кешки на тоа нека се збие
та, толку работи во една обична живеачка
излегуваат за џабе
а има и цели живеачки за џабе,
пу, пу - скраја да е!
Од друга страна,
има и бесмртност за џабе
има академици кои се залажуваат
дека се бесмртни
вистина се залажуваат,
како мали деца се залажуваат.
Господ да варди,
Херакле не сакаше да биде академик,
Херакле си беше нормален човек
кој сака да си биде нормален бесмртник
и затоа се вардеше од сите академии
Како ѓавол од темјан се вардеше
и не знаеше дали воопшто би го преживеал
сопствениот прием во нашата академија
на науките, ем на уметностите.
Поарно умри машки,
одошто да бидеш бесмртен академик
- севезден си велеше Херакле.




Со копнежот за бесмртноста нарамен
се пресели Херакле
во Гриниџ Вилиџ,
на улицата Мортон, број 46,
бидејќи тука, во близина,
во едни стари зградурини
напуштени и од Црнците
требаше да го полага
првиот испит по бесмртност.
Му рекоа само дека
луѓето ги избркал некаков лав
дека и Црнците избегале
од некаков лав
и дека голем себап ќе стори Херакле
ако го ничкоса лавот
- животот пак ќе си се врати
во Гриниџ Вилиџ.
Други пак, случајно затекнати
во Гриниџ Вилиџ
добронамерно му советуваа на Херакле
на еден странски јазик
што од некаде му беше познат:
"Не дирај лава док спава!"
Херакле не сакаше совети и советници
ако си умен - чуму ти се советници
ако си глуп - пак чуму ти се советници
и киниса да види што ѕверка е тој лав
толку што му се плашат
народите и малцинствата!
Маж беше Херакле,
маж со мадиња
и со чист образ
и ич не се плашеше
да му погледне на лавот в очи
и да му излезе на мегдан.




Мегданот беше избран
точно напладне
како во каубојските филмови
кога е пусто и нема жива душа
во Гриниџ Вилиџ
- да се видат Херакле и лавот насамо,
па ќе видиме чија куќа мрсно јаде!
Кога му го виде суратот на лавот
Херакле не може да се изначуди
- не виде лавче од државните и партиските бајраци
ами виде лавиште, арслан, арсланиште
- со немејска челуст и со немејски канџи на шепите,
а богами и со немејска самоувереност и ненаситност.
Некој сеирџија беше запеал
"Кој ќе се јунак изнајде, лавот да го пропади…"
и толку му требаше на Херакле
- некој да го чепне во јунаштвото:
истури еден сноп стрели врз лавот,
ама тие се одбиваа од кожата на лавот;
замавна со мечот
и тој се свитка, како да е од мед!
Херакле имаше чиста десетка
по брзо мислење и снаоѓање
и веднаш сфати дека лавот има таква кожа
на којашто ништо не и можат
ни железо, ни бронза, ни камен.
Колај работа, си рече,
и го акна лавот со една суровица
среде чело,
го акна така што лавот
ги изброја сите ѕвезди на небо
од македонската песна за Деспина,
потоа то стегна подмишка
- преташе додека преташе лавот
додека Херакле го давеше,
полека го давеше, со лезет,
и најпосле лавот се струполи задавен!
Тоа ли беше лавот
што направи толку зулуми среде Гриниџ Вилиџ
- се прашуваше Херакле
додека си ја подмазнуваше
разбушавената коса.
Неколку телевизии вршеа директен пренос
од настанот
репортерите на самото место бараа изјави од Херакле.
Кога Херакле почна да си прави
непробивен оклоп од кожата на лавот
и шлем од главата на лавот
Евристеј го вклучи телевизорот
во апартманот на четвртиот кат
на хотелот Валдорф Асторија
и толку се стресе
што му се истури кафето
врз новиот костум.

5.

Се опули Херакле
кон Статуата на слободата
и виде многу облакодери
што се спуштаат кон водата
- другаде кон реките и морињата
се спуштаат дрвореди
(палми, чемпреси, чинари или олеандри)
ама, кој има сега време да фаќа таков кусур
- море, дојде време за нов мегдан
хидрата го чекаше Херакле
во реката под Статуата на слободата.
Горе на небото
кружеше голем авион
и тогаш Херакле сфати
дека стјуардесата му ја намести хидрата
што, всушност, беше и добро
за кревање на неговиот борбен морал.
А хидрата како хидра,
кај нас ја викаат октопод,
- сегде ги пушта своите пипала
и сегде бара наситка за своите
ненаситни усти.
Да не им даде господ ни на душманите
да живеат со октопод,
оти колку што народот повеќе стенка
толку понезаситни стануваат октоподите
- таква е нивната нарав.
Башка што сите октоподи
по еден црн петок во душата носат.
Во земјата на октоподите
главни се разни Ојлевци-Дојлевци
- ги наперчиле фуфулите
и само гледаат кого ќе го насамарат
и кому ќе му го бапнат од зад грб
Во земјата на октоподите
власта не црвенее
ни од срам, ни од радост, ни од мака.
Општо земено,
во земјата на октоподите
сите живеат од фолирање
за никаде му е на народот
во земјата на октоподите
и секој би се исчудувал
кога би било подобро.




Е сега,
ако немаш друга работа
сечи им ги главите на октоподите!
Ти една пресечи,
тоа три нови никнуваат!
Ти три пресечи,
тоа девет нови никнуваат!
И сe така до илјада, можеби и фазла!
И од секоја нова глава
сe посилен отров испуштаат октоподите!
Затоа и се вели
дека да се тепаш со октопод
значи во водата да правиш дупка.
Биди умен, а не гумен
- си се куражеше Херакле
спуштајќи се кон големата река
да му го види суратот на октподот.
Не да му го види,
ами да му го суреди суратот!
И уште не влезен во вода,
реши да не му ги сече главите на октоподот
ами да му ги витка и да му ги кине
еве вака, ја, како на кокошка.
Пилето му дошепна на Херакле
дека ако од шијата на октоподот не потече крв,
нема ни да никнат нови глави
и тој го викна Јолај
да му помага во прибирањето
на откинатите глави на октоподот
додека тој ги заваруваше раните
и не допушташе крв да потече од нив.
Во додавањето капка по капка
прават вир и езеро, тадури океан
а во одземањето
глава по глава прават
мртов октопод.
Така Херакле ја научи
уметноста на одземањето
и миејќи си ги рацете
од крвта на мртвиот октопод
само промирморе:
бре мајката, навистина имал право
Пабло Пикасо кога велел
дека токму одземањето
е мајка на сите уметности.




Баш кога октоподот испушти душа
стјуардесата, се разбира, збесна
а големиот авион го направи
последниот круг над Статуата на слободата
и откај тениските терени во Флешинг Медоу
се спушти на аеродромот Ла Гвардија.
Во аеродромскиот ресторан
Евристеј пиеше првокласен кубански рум
и нестрпливо чекаше извештај
од мегданот на Херакле со октоподот.
Прво што му кажа стјуардесата
беше дека Јолај му помагал на Херакле
поради што Евристеј веднаш реши
да му ја поништи победата на Херакле
па каде сака нека се жали Херакле
и во Обединетите Нации нека се жали
и на претседателот на САД нека се жали
и на жените на сите претседатели нека се жали
неоти некој ги чита жалбите
и неоти на народот му е подобро
по липсувањето на октоподот
октоподот е мртов, да живее октоподот
викаа на Бродвеј
продавачите на пладневните изданија на весници
а Херакле и Јолај талкаа од театар до театар
и многу се изненадија кога се уверија
дека никој на Бродвеј не ги игра трагедиите на Еврипид
Ако, ако, така и му треба на тој Еврипид
кога не сфатил на време
дека не е исто да пишуваш трагедии
и да бидеш совест на општеството.

6.

Уште пред да се роди Херакле
од Зоолошката градина
во њујоршкиот Централ-Парк
избега една чудесна срна
- ја срна, ја елен ќе да беше,
сe уште не е разјаснето -
и ете, по толку време,
баш нему му се падна
срната да ја фати
и жива и здрава да ја врати
таму од каде што избегала.
А денес, а утре
искрено речено
во управата на Зоолошката градина
веќе беа заборавиле на срната
и баш ујгун им дојдоа
искушенијата на Херакле
да се обидат да ја вратат срната.
Притоа, како и за многу работи
во њујоршкиот метеж,
воопшто не се знаеше дали
срната е сe уште жива.
Ако де, на Херакле не му беше првпат
да работи, што се вели на бафтана
и да брка нешто за што не знае дека постои
како еден артист во еден филм
кој севезден ја бараше улицата
на која и го беше заборавил името
а и не беше сигурен дали воопшто постоела
таква улица на која и го заборавил името.
Пред да киниса да ја бара срната
од постарите луѓе во градот
Херакле дозна дека од колено на колено се прикажувало
како на времето некоја срна
брзонога и шарена,
со златни рогови и бронзени копита,
ја спраштила во непозната насока
преку Бруклинскиот мост.
Баш таа срна ја бараше Херакле,
и веднаш потрча
кон Бруклинскиот мост.




Каде побратиме?
- го праша чуварот на мостот.
Кај што ме води патот!
- одговори Херакле.
А што ќе правиш таму?
- допраша чуварот.
Зини да ти кажам
- одврати Херакле,
уредно си плати мостарина
и тргна - баш кајшто го води патот.
Де ваму, де таму
бараше Херакле,
де оттука, де оттаму
ја чекаше срната,
а неа ја немаше
- ни во Бруклин, ни во Бронкс,
ни во другите делови на Њујорк.
Едно време Херакле си помисли
дека чуварот на бруклинскиот мост
му го пренесе баксузот
па помисли да појде и убаво да му каже
дека ја бара избеганата срна
и дека маф му е работата ако не ја фати.
Брзо се откажа од таквата намера,
најмногу затоа што не беше сигурен
дали уште е жив чуварот на бруклинскиот мост
- толку болникаво што му изгледаше,
башка што и онака на Херакле не му беше јасно
како грдите луѓе имаат сила да живеат.
Сиреч цела година се стори
А Херакле уште ја бараше срната.
Крај ќе нема ако почнам да ви расправам
што с# видов во Њујорк
додека ја барав срната
- велеше Херакле.
Тоа ќе го оставам за другпат
- има време, животот долго трае,
а човек раскажува додека е жив.
Ама не можам да издржам
да не ви раскажам за оргиите
што ги видов во Сохо,
леле мајко, со свои очи што видов
и не ми се верува,
а не пак некој да ми кажуваше
па да му верувам!
А бе, што да ви расправам
не се знае кој со кого
и кој на кого
машко на женско
женско на женско
и машко на машко,
сите со полни мешишта
и со празни мадиња,
а бе како кучиња се клецкаа,
некои беа пијани,
некои беа дрогирани,
кој од кој порезил,
кој од кој побербат,
сите за на кадро,
како да беше стасало
лошото претсказание
во срцето на Њујорк.
По некое време
прочитав во весниците
дека во оргиите бил и некој си Химер
кој си ја опалил родената сестра
и откога разбрал што направил
во пијаните оргии
се фрлил и се удавил во Источната Река.
Арно рекол народот:
зошто пиеш, ако не ти држи газот!?
Тој Химер имал некој брат Тантал,
ама долга и широка е таа прикаска
и којзнае дали има отплеткување
ако се заплетка човек во неа.
Така велеше Херакле
и продолжуваше упорно да талка.




И ја начека срната,
тој не ќе ја начекал!
Веднаш ја позна по златните рогови,
ама му беше страв да ја брка
низ метежот на Петтата авенија.
А му беше и чудно на Херакле
како тоа никој во метежот не ја препознава срната
многу му беше чудно
како тоа наеднаш никому не му е гајле за срната
и секој си го гледа своето дереџе.
Внимателно ја демнеше од страна
и ја начека квечерум на пазарчето
на плоштадот Јунион -
кога срната се наведна
да прикасне нешто за вечера
Херакле и фрли една црна вреќа
преку глава
и бап! - ја зграпчи жива
и ја врати во Зоолошката градина
како донација од Евристеј!
Е да ти пукне онаквото од мака,
ама друго чаре немаше
и фала им на весниците
што напишаа барем
дека срната ја фати Херакле,
а многу беше распространето верувањето
дека тој што фатил срна
ја фатил и мудроста.
Така си се тешеше Херакле,
дека најпосле му дошол умот
и отиде да го викне на по едно пиво
грдиот чувар на бруклинскиот мост.

7.

Да фатиш жива срна
и така и така,
личи некако
- барем ќе ја погалиш
по мазната кожа
или ќе ја бакнеш в око.
Ама, да фатиш со голи раце
див вепар
еден огромен и бесен ѕвер
што и со куршум тешко се скротува
- е на тоа тешко се обложува
нормален човек.
Се разбира, Херакле не е абнормален
ама не би можело да се рече
дека се плаши од блиските средби
со опасните и бесни ѕверови.
Не отшто сака,
ами отшто мора,
а што се мора
не било тешко.
Впрочем, во вербалните умувања
ништо не е тешко,
а Херакле самиот си знае
колку е лесно да фатиш
жив див вепар
- машка дива свиња.
Ушите му пукнаа на Херакле
од тоа пусто "лесно ти е тебе"
што му го велеа и малите деца
кога ќе го сретнеа.
Лесно ти е тебе,
му велеа рибарите
пред да ги фрли мрежите
во Источната Река.
Лесно ти е тебе,
му велеа амалите
кога им помагаше на пријателите
да си ги втоварат
коферите на брод.
Лесно ти е тебе,
му велеа штрбите Црнци
на кои им позајмуваше
додека да им стаса чекот
со социјална помош.
Лесно ти е тебе,
му велеа децата на улица
со кои ќе поиграше баскет.
Е што ми е лесно,
да го ебам!
- се лутеше Херакле.
Да не имам вујко владика
и да не ми се падна случајно
премија на лото!
А и зошто пак
да ми биде тешко?!
Лесно ти е тебе,
му рече на Херакле
старчето што беше лифт-бој
во Емпаер Стејт Билдинг
Море, вози до врвот
срдито му одврати Херакле,
вози побргу,
гледаш колкав снег се истура надвор
а кога снежи рано се стемнува
и да знаеш
- ако се стемни последно ќе ми е
качувањето на врвот,
ама и тебе ќе ти биде
последно возењето во лифтов.





Квечерум
од врвот на Емпаер Стеј Билдинг
цел Њујорк се гледа на дланка
како што од Солунска Глава
се гледал Солун
и цела Македонија.
Човек ако беше
побистер во видот
без многу мака
ќе ги видеше сите глувчи дупки
а не пак дивите вепри
што се перчеа низ Њујорк
и неговата околина.
Се загледа Херакле
и онаму далеку,
преку река,
накај Њу Џерси,
здогледа едно чудо кипариси
а од античките митови
знаеше дека каде што има кипариси
има и диви вепри
и диви свињи
и други диви ѕверки.
Подзагледа поубаво
и го виде вепарот
што требаше да го фати жив
и веднаш киниса да му ја скастри муцката.
Херакле никогаш
немаше време за губење
како што едно време и Македонија
немаше време за чекање.
Некаде на Балканот
велеле ако немаш време
купи си политика!
На Балканот
и други лакрдии се велеле
ама ова не е време за лакрдии
и не е време за шеколкање
- Херакле оди на лов
со живи раце да го зграпчи
дивиот вепар
што во некои книги
се водел како
Еримантски вепар.
Името останало
од стари времиња
- така се викал син му на Аполон
кого Афродита, кучката,
го ослепела оти ја гледал гола
додека се капела
божем е грев да гледаш
гола згодна женска
додека се капе
ама такви биле времињата,
жените биле забрадени со шамии
- немало тогаш ни топлес
ни нудистичко движење.
Ем го ослепела момчето,
ем го испратила во гората
што го добила неговото име.
Мислеше подлетарче ќе си остане Аполон
подлетарче и конопарец
и дека севезден ќе џивка
ќе џивка и ќе пее,
ќе пее и ќе лелее!
Арно ама, Аполон се престорил
во див вепар
и всушност него го викале
Еримантски вепар,
ама, долга и широка е таа
и ептен замрсена.
Херакле не љубеше
замрсени прикаски
и многу сакаше
на крајот правдата
да победува.
Секој ловџија
си го брка својот вепар
си рече Херакле
и побрза преку реката.




Тукушто излезе
пред Емпаер Стејт Билдинг
на тротоарот мораше да збрише
еден свиреп бандит
за кој цел Њујорк знаеше
дека се вика Саур
и дека пљачкосува с# живо и диво
ајде што пљачкосува,
ама и напаствувал малечки девојчиња.
Којзнае колку телеграми со благодарност
ќе добиеше Херакле
ако луѓето му ја знаеја домашната адреса
но тој и онака не беше љубител на телеграми
и на поштари кои секогаш ѕвонат двапати.
Среде шумата полна кипариси
Херакле го намами дивиот вепар
во длабокиот снег,
па му скокна врз грб,
па го врза со синџири
и така некако
- се стори работата.
Херакле потоа расправаше
како патем суредил
и некакви кентаури,
ама се знае какви се ловџиските приказни
за кентаурите никој не му веруваше на Херакле
а и никој не веруваше дека
веднаш откако Херакле
го зграпчи дивиот вепар
снегот вчас се стопи
во Њујорк и во целата околина.

8.

Кој може
и ќе замисли
колку ѓубре се собира
во Њујорк
за дваесет и четири часа
и колку мастраф треба
за да се изнесе
тоа ѓубре
и колкаво буниште треба
за да се собере
тоа ѓубре
и колкав чад се прави
кога ќе се запали
тоа ѓубре.
А, како и кај нас,
има секакво ѓубре.
Има ѓубре
спакувано во целофан
и со триста џиџи-миџи накинџурено.
Има ѓубре
во фотелја заседнато
па фрлено на буниште
како гомно од авион
или како куфер од брзи воз.
Има ѓубре
од карактер и од човек
ѓубре ѓубросано
што смрди најдолго и најдалечно
смрди таинствено,
никој да не го сети
дури отпосле ќе сетиш
што ѓубре, што трулеж и труеж било.
Може до сто и еден и назад
и уште стопати по толку
да се реди
какви ѓубриња
има во Њујорк и кај нас,
ум да ти штукне од ѓубриња
и од смрдежи.
Ај за Њујорк и така и така,
на голем град
големо ѓубре му личи.
Ами кај нас!
- една педа земја,
а толку многу ѓубре,
па, па, па!
небаре сме земја
на буништата
- за тоа ли се боревме,
за тоа ли жртви дававме,
за тоа ли толку мастрафи правевме?
Туку, сполај му на горниот
што сите ѓубриња
завршуваат на буниште
и што спроти секое ѓубре
и буниште се наоѓа.




Херакле не беше ѓубреџија
и немаше никаков опит
со собирањето и фрлањето ѓубре
ама облога си е облога
за облога и пострашни работи
правеше Херакле
а не пак за еден единствен ден
сам да го исчисти
сето њујоршко ѓубре.
Особено требаше да се внимава
на лањата и балегата
- коњите и другата стока
толку се беа намножиле во Њујорк,
што повеќето улици и авении
беа покриени со балега.
и што е уште полошо,
сосе смрдеата
и разни заразни болештини
почнаа да се шират низ градот.
Таква облога имаше Херакле
и таков пазар направи
со градоначалникот на Њујорк.




Шуќур што Јолај беше
добро човече и верен другар
и пак му се најде при рака на Херакле.
На Јолај му текна
за искуството со Авгиевите штали
(ете зошто требало
да се има петка по историја!)
и се сврши работата
- ептен лесно и ептен на брзина!
Сета мака беше
дел од тековите на Источната Река
и на реката Хадсон
да се навртат кон улиците и авениите
и Њујорк беше чист
блеснаа неговите улици како џиџит-нови
за помалку од еден ден!
Ама и една брбушка
за лек ако затребаше
немаше да се најде во Њујорк.
Комотно можеше да се прогласи
крајот на ерата на сточното ѓубре
и настапувањето на ерата
на разните вештачки ѓубриња.
Херакле беше горд на своето дело.
Вистина, не очекуваше
да му дадат медал
или да го прогласат
за почесен граѓанин,
ама не можеше ни да сонува
дека градоначалникот
нема да си остане на зборот
и дека нема да ја признае облогата!
За таквите што не си достојуваат на зборот
кај нас од памтивек се вели дека лажат
ја како ѓупци, ја како магариња,
ама важно лажат
- муви да ги лазат
и да даде Господ
ќерките нивни цел живот
да не видат машко!
Работата стаса до Врховниот суд,
а таман толку му требаше на Евристеј
уште пред судската пресуда
да пресуди дека Херакле
всушност и не ја завршил сам работата
дека пресудна била помошта
од боговите на реките
- божем е мала работа
и божем секој може
да ги натера боговите
да му ја свршат работата
и тоа на чисто доброволна основа.

9.

Кајшто има светци
има и небо,
а кајшто има небо
има и птици.
Има народи
на кои им е судено и завештано
да бидат птици
- да летаат и да молчат
и да молчат и да летаат
бидејќи само невоспитаните птици
гракаат додека летаат.
Има и цели градови,
тадури и држави,
под вековна птичја опсада.
Никако не ти се верува
дека птици можат да повелаат
со градови и со држави,
нигде го нема тоа
ни на филм не може да се види
- луѓе да им робуваат на птици.
А птици кога ќе загосподарат
ела па разбери се со нив,
птици кога високо ќе летнат
ела па натерај ги да слетаат.
И јата птици
кога во животот
ќе ти се сјатат
ела па најди си го чарето
ако можеш!
Човекот не е птица
па со птици да се надлетува!




Сите птици не се исти.
Има птици лекокрили,
има птици милнопојки,
има чучулуги и славеи,
има ластовици и џивџани,
мушитрнчиња и еребици,
има птици шаренокрили
канаринки и папагали,
има птици црнокрили
катран црни гарвани,
има разни гулаби и гугутки,
клукајдрци и тетреби,
има буфови, соколи и орли,
има и диви шатки и питоми гуски
- големи бели птици
така од милост им се вели
на некои женски за да не се навредат
ако им речеш дека се гуски!
Недобројно е птичјото царство
три птичји атласа од по три илјади страници
не стасуваат само да ги наброите
сите птици.
Но, тоа што се случи на Лонг Ајленд
не беше обична птичја опсада
- тоа беше птичјо воскресение,
или птичја реинкарнација.
Не можеше веднаш и најточно да се каже,
ама беше многу чудно.
Во птичјата историја не е забележано
толку птици да се соберат на едно место
и тоа чудни птици
- со бронзени крилја, клунови и канџи
и тоа лоши птици
- на луѓе што се нафрлаа и луѓе што јадеа,
баш како во еден филм на Хичкок,
море и бетер, трижбетер од тоа!
Беше научно утврдено
дека реките им биле омилени места
на таквите птици
што, природно, предизвика паника
кај луѓето кои живееја меѓу
Источната Река и Реката Хадсон.
Луѓе, птиците доаѓаат!
- врескаа на сите телевизиски канали
Не пуштајте ги децата сами на улица!
Не излегувајте и вие сами на улица!
Од страв луѓето почна да ги фаќа дрскосерица
сите зјапаа во небото и лелекаа:
аман бе, боже, што лошо ти сторивме ние
та толку да нема начин
птичиштата од Лонг Ајленд
да се пропадат од кај нас?




Птиците веќе почнаа
сe почесто да го надлетуваат и градот
почнаа да убиваат луѓе и животни
и да прават метеж во авионскиот сообраќај
а почнаа и да го поганат градот.
Тоа, поганењето,
не е како кога гулаб ќе ви се посере на глава
и не носи никаква среќа
туку баш напротив
- те акна ли по глава изметот
на бронзените птици
директно те носат
до најблиската мртовечница
и потаму каков што е редот.
Што ли не се презеде
да се избркаат бронзените птици!
Де се организираа специјални
ловџиски хајки,
де ги напаѓаа од небо,
со помош на военото воздухопловство,
де се правеа обиди да се отрујат
со специјални воени отрови.
Но, нивниот број од ден на ден
растеше и растеше,
само растеше и растеше,
како и паниката што растеше.
Тогаш на теренот истрча Херакле
како од Господ испратен
да проба птиците да ги избрка
- зошто да не проба
кога за проба пари не се земаат?
И Херакле, кутриот,
ги испроба сите оружја и орудија
арно ама, бронзените птици
петпари не даваа.
Најпосле некој
- дали главниот Бог
или некоја богиња вљубена во него
или некој трет, од сожалување -
му испрати на Херкале
чудесни бронзени кастењети
ја беа кастењети, ја чинели
за градскиот дувачки оркестар,
важно, Херакле имаше со што да тропне
а кога тропна Херакле
со чудесните бронзени кастењети
како сите громови на небото да згрмеа
таков уплав ги фати бронзените птици
сите до една се посраа од уплав
ококорија очи, распнаа крилја
и в час ја спраштија да бегаат
три дни и три ноќи бегаа
бегаа додека не папсаа
и пак не беа сигурни
дали зад нив Херакле
сe уште си игра небесен фламенго
со бронзените кастењети.
Херакле знаеше
дека сврши птичјата опсада
а во спомен на жртвите
нарача да се направи
статуа на девица
со бронзени птичји нозе.

10.

Кајшто има фламенго
и кастењети
кога-тогаш
ќе има и корида
- си знаеше Херакле
и со време си се подготвуваше
за своето тореадорско деби.
Евристеј
како главен организатор
на модерните кориди
нарочно му го одложуваше настапот
- ем сакаше да начека
некој несовладлив бик,
ем сакаше до крај
да му ги истенчи нервите на Херакле
и неговото тореадроско деби
да заврши со опело.
Евристеј не беше
единствен што навиваше за биковите
и тоа многу го натажуваше Херакле
- што за род е човечкиот род
се прашуваше
кога едни обични бикови
ни се помили од луѓето
и кога пред едни најдолни волови
цел живот
можеме да ги виткаме 'рбетите?
Херакле не поднесуваше ни крави,
ама волови особено
и се подготвуваше,
кога ќе излезе во арената,
во разјарениот бик
да гледа обичен селски вол
што си замислува дека е расен бик,
па и повеќе од тоа.
Господ да варди
од амбициозни волови!




Бираше, бираше Евристеј
и најнакрај избра
некој далечен потомок
на Кретскиот бик
- тој да му ја скрои ќулафката
на Херакле,
тој да му ги истури цревата
на очиглед на сиот свет
и на цела Македонија
во која на големо се нагаѓаше
кој прв ќе загине за татковината.
Па не да вика оле-оле,
туку да вреска и да лелека Херакле
оле-ле, оле-ле, мајчице мила
и пак да си припомни:
за маки, а не за веселби
е создаден човечкиот род,
за маки да трга е создаден и Херакле.
Предците на овој бик
на времето ја јуреле Европа
и можеби тие ја донеле во Македонија
опеаната клетва
- проклета и трижклета
да бидеш ти Европо,
блуднице вавилонска!
Предците на овој бик
на времето
сотирале сe живо и диво
по течението на реката Тетрис
и можеби во таа чест
некое си детиште
својата компјутерска игра
ја нарекло - тетрис.
Сe бива, од кај да знаеш!
Како и неговите предци,
и овој бик блуваше пламен,
блуваше и други блувотини
и блувосерки,
ама Херакле, по навика,
гајле си немаше
му излезе на бикот голорак,
без меч и без црвена шамија,
па што биде нека биде
а што може да биде
се прашуваше Херакле
освен после борбата
да се накркаме турли-турли бурјани
о да се налокаме рујно вино
и да заиграме фламенго.
Гледачите беа вџашени
од лудилото на Херакле,
и самиот Евристеј беше вџашен
иако барем тој знаеше
дека таков е Херакле:
сите наопаку - тој терсене,
или - обратно:
сите терсене - тој наопаку!





Борбата беше брза и ефектна.
Публиката уште не беше
седнала на своите места
кога Херакле го дофати
потомокот на Кретскиот бик
за левиот рог,
за левиот, па за десниот рог
- а кога ќе фатиш бик за рог
стопати ти пораснува силата -
завртне, замавна Херакле
та го трати бикот од земи.
Толку силно го трати
што три дни и три ноќи
го освестуваа и го вадеа од кома.
И толку силно рикна бикот од болка
- како сите грмежи
наеднаш да статнеа на небо.
Народот не беше навикнал на такво рикање,
оти во најново време
кај нас најмногу рикаат магарињата.
Еда си го, тој ќе му излегувал
на мегдан на Херакле,
еда си го, ќе било
како што на Евристеј му е мило!
Вечерта едно чудо убави танчерки
му седеа на скут
додека Херакле во еден аргентински ресторан
кркаше варена говедина
и пиеше бочви рујно вино.
Танчерките никогаш не грешеа
околу изборот на вистинскиот маж
и на вистинскиот победник.
Евристеј осамен на една маса во ќошот
смислуваше закачка
како да ја поништи победата на Херакле
и се капна потејќи од прашањето:
ако не се признава,
не постои ли поразот?

11.

Нема само еден хиподром
и нема само едно ергеле
под Статуата на слободата,
ама најпрочуено
секако е ергелето
на њујоршката полиција.
Придобивките на цивилизацијата
и техничките иновации
воопшто не придонесоа
да се намали бројот на коњите.
Како сакаш земи го,
ама сетики подруго
е кога њујоршкиот шериф
ќе се истопори на коњ
пред Медисон сквер гарден
кога таму се одржува
мечот за светски првак во бокс
или проштален концерт на Френк Синатра.
Хеликоптерите служат за прчење,
ама некако повеќе го личи
шерифот на коњ
- поубаво е за око,
поефикасно е,
а велат и поефтино е.
Незгодно е само
што коњите кога ќе им дојде
не бираат каде се поганат.
Кобилите се малку повоздржани,
ама и тие се поганат на улица
кога ќе им дојде зорт.
За среќна околност се зема
ноторниот факт
што коњите и кобилите
се имуни од тенкосеритис
и од сите видови проливи,
инаку…
туку, поарно и да не помислува човек
на што би личела Петтата авенија
во случај на епидемија на коњска дизинтерија!
Ах, да! Незгодно е и тоа
што некој шутрак
(во знак на протест)
може да им пикнат догорчиња в гас
на коњите или на кобилите
и да не си тогаш во нивната кожа
- толку што збеснуваат коњите и кобилите
што нема јавач кој може да ги дојава
такви чифтиња фрлаат,
газат и со предните
и со задните нозе,
газат сe живо и диво
и начисто здивуваат!
Не дај боже
самите коњи и кобили
на дело да го фатеа грешникот
кога им пика догорче в газ
- немаше на светот Бог
што ќе му ја спасеше кожата.
А најобичните минувачи
не знаат
дали да им се смеат
или да ги жалат
коњите и кобилите
со догорчиња во газовите!




Имаше коњи,
особено кобили,
коишто од догорчињата в газ
начисто полудуваа и здивуваа,
а имаше и коњи,
особено кобили,
кои по потекло си беа луди и диви,
- такво им беше педигрето
и семејното стебло,
дури од времето на Александар Македонски.
Имаше диви коњи,
особено кобили,
коишто и самиот главен Бог
не можеше да ги скроти и припитоми.
Големи зулуми правеа тие коњи,
особено кобили
- тадури и живи луѓе
јадеа за појадок.
Ептен аздисани, здивени и сити
беа тие коњи,
особено кобили
и никој не можеше
ни да ги скроти
со кроце и со убаво
ниту пак да ги убие
- толку што беа диви и силни
тие коњи,
особено кобили.
Ако ги фатеа,
ќе ги врзеа со челични синџири
тие коњи
и особено кобили,
ама никој не можеше да гарантира
колку ќе издржат синџирите
и кога тие коњи,
и особено кобили,
ќе кинисаат на својата крвава гозба
и кои ќе бидат нивните следни жртви.
И стопаните на тие коњи,
особено кобили
беа налудничави
и потајум ги одврзуваа
дивите коњи,
особено кобили.
Богами,
и стопаните си го бараа со боринка,
а најинаетлив стопан на диви коњи,
особено кобили
беше бил некој си Диомед.
Сите би сакале
да не е така,
ама така е
и ќе нема мир
под Статуата на слободата
дури не се истребат
дивите коњи
и особено кобили.




Херакле не сакаше
двапати да му се каже
дека му дошол редот
да го реши проблемот
со дивите коњи,
особено кобили
и со њујоршкиот шериф
тргна еднаш засекогаш
да ја сврши таа работа.
Најпрвин
еден полупијан коњушар
им кажа на Херакле и на њујоршкиот шериф
каде живее тој Диомед,
а потоа работата
си врвеше како подмачкана
- не сакаше многу
Диомед да пропее
и да им каже каде се кријат
неговите диви коњи,
особено кобили.
Херакле ја јавна мајката кобила
а другите диви коњи,
особено кобили
кинисаа по нив
- одеа три дни и три ноќи
дури стасаа на една полјана
надвор од градот
тука Херакле им го понуди
на дивите коњи,
особено кобили
привидот на слободата
Еве на, слободни сте,
им викна Херакле,
нема веќе челични синџири
и челични камшици,
слободни сте како птици,
им рече Херакле,
а дивите коњи
и особено кобили
толку се внесоа во ненадејната слобода
и во блажен занес
в миг им станаа плен
на гладните ѕверови
што демнеа во блиската корија.
Додека ѕверовите
ги черечеа дивите коњи,
особено кобили,
во најблискиот мотел
Херакле ѕокна една ракија
и си нарача коњски бифтек,
а њујоршкиот шериф
побрза преку радио-врска
да го разгласи куртулот
од дивите коњи,
особено кобили.

12.

Сите татковци
безпоговорно им ги исполнуваат
желбите на своите ќерки,
а ќерката на Евристеј
по име Адмета
имаше само една желба:
раф-тараф да ги стори
сите њујоршки дуќани,
бутици, стоковни куќи
и антикварници.
Неоти знаеше
што сака да купи,
ама, ете, колку да се рече
дека знае
и колку за изговор
севезден преповторуваше
дека бара да го купи
појасот на Хиполита.
Никој не знаеше
како изгледа тој појас
- дали е појас на невиноста,
дали е појас за спасување
или е појас против реума и ишијас,
ама Адмета кога ќе побара нешто
тоа мора и да се најде
под дрво и под камен,
зад девет планини и девет реки,
отаде крајот на светот
- мора да се најде.
На Херакле му падна
да биде главниот трагач
и да ја рашетува
галената Адмета
низ њујоршките стоковни куќи,
бутици, дуќани, антикварници,
магацини и други ќумези.
Само тој што не шетал
низ њујоршките продавници
не знае колку време треба
тие со ред да се обиколат
и на секој продавач да му се рече
само "добро утро, комшија".
На Херакле му стоеја на располагање
сите гардски автобуси,
сите жолти такси автомобили,
сите вагони во градското метро,
и сите бродови што развезуваа туристи
низ Источната Река и реката Хадсон
- и пак не му фаќаше око
дека навреме ќе ја заврши работата.






Едно што не се знаеше
дали во њујоршките продавници
воопшто можеше да се најде
појасот на Хиполита,
а друго што не се знаеше
е како појасот стасал дури тука,
ако воопшто стасал.
Херакле вртеше низ разни тефтери
книги и енциклопедии,
да научи нешто за појасот на Хиполита,
да го види на слика,
да знае што бара низ дуќаните.
И дури преку Интернет разбра
дека тој проклет појас
има некаква врска со Амазонките,
а тој не сакаше ни да слушне за нив,
толку што ги беше запизмил
тие чудовишни жени,
тие чкрапји
со коцлиња на косите,
кои ги осакатувале машките деца
уште при раѓање,
кои управувале со државните работи
и биле војсковотки.
Тоа биле феминистки,
а не овие денешниве!
Амазонките на времето
се поделиле на три
и живееле во три посебни држави.
На три се поделија и Македонците,
и некои други народи
и затоа тие не ги сакаат Амазонките
- од нив отшто почнале сите делби.
Тие, Амазонките,
мајка им плачеле на Гаргарените:
секоја пролет на планините
организирале со нив двомесечни блудни оргии
два месеци ден не разденувало
и не се знаело кој кого
кој кога и кој каде
а отпосле, кога ќе се роделе децата
си ги делеле
- женските на Амазонките,
машките на Гаргарените.
Кога ви велам,
кајшто ќе чепнеа Амазонките
само делби се правеа.
Од сигурни извори
Херакле знаеше
дека некоја прочуена Амазонка
цели тринаесет дена му се пикала в постела
на Александар Македонски,
ама не се фатила работата,
од секој секс не се останува труден,
а Александар Македонски
внимавал со кого прави деца.
Талкајќи низ дуќаните
Херакле не сакаше да сретне
некоја потомка на Амазонките.
Повеќе се плашеше
некоја таква да не му се пикне в постела
и така да му ја цица снагата
отколку да го нападне од зад грб
со јасна намера - да му ги столчи мадињата.



Една одметната Амазонка
дојдена тука од Албанија
беше меѓу најдобрите бурекџики
и слаткарки во градот,
и беше сушта спротивност
на сопствениот си род.
Херакле често доаѓаше кај неа на тулумби
и не знаејќи дека семката и е амазонска.
Сега, кога и ја кажа својата мака
Амазонката од Албанија
му кажа каде се крие
појасот на Хиполита,
и не само појасот,
ами и нејзината секира
и друго оружје.
Само, внимавај,
да не разберат кој ти кажал
оти не сакам да ме запишат во историјата
како предавничка на својот род
- го проколна Амазонката од Албанија.
За дојдените од Албанија воопшто
се зборуваше дека биле поврзани
како свински црева
дека многу си помагале едни на други
дека биле многу сложни,
и дека не се памети
некој од нив да накодоши некого
од својот род.
Ајдете, ви се молам!
- се смееше Херакле,
тие прикаски се за некој друг
- секој народ си има барем еден свој Јуда.
Сам си се потсмевнуваше Херакле
додека со такси јуреше кон Харлем
- таму во еден подрумски магацин
беше фрлен појасот на Хиполита.
Црнците во Харлем
многу го почитуваа Херакле
како потврден борец за нивните права
и со еден збор му го дадоа бакшиш
појасот на Хиполита.
Ниту знаеја што е
ниту знаеја за што е
ниту знаеја колку чини
и шуќур што некој го побара
и уште пошуќур што тоа е Херакле
- убаво е баш нему да му правиш услуги
зашто тој секогаш возвраќаше
и никому не му остануваше должен.
Баш го болеше стапот Херакле
за тоа како Евристеј
ќе ја прими веста за појасот на Хиполита,
ама потајум се понадева
дека ќерка му Адмета
од радост сепак ќе му дарува целуфка.
Една целуфка - еден век.
Две целуфки - два века.
Ја, така било
и никако поинаку,
самиот си се убедуваше кутриот Херакле.

13.

Ај, мајката!
Да купиш нешто
ама да не платиш,
да купиш нешто
ама да не те фатат
- ете, на тоа го учеа Херкале.
Такво време дошло:
сe се плаќало
а ништо не се враќало,
им отсвирело на чесните,
гледај што прават другите
прави и ти!
Ами, ако другите прдат
додека ручаат и тој ли да прди?
Другите ако скокаат од Бруклинскиот мост
и тој ли да скока?
Другите ако почнат да се убиваат
и тој ли да убива?
Има народи
кои следеле слепи водачи
и еве до каде дотуркале,
до никаде -
сега немаат ни држава,
ни гордост,
ни кафе, ни детергенти,
ни тоалет-хартија,
ни корпи за отпадоци на улиците,
ни кока-кола во лименки,
ништо немаат!
Така ти е
кога се повелаш по умот
на другите
и така ти е кога береш туѓи гајлиња
и кога меркаш туѓи мрвки
и кога плачеш на туѓ гроб.
Не беше сефте Херакле да е збунет
додека поаѓа на нова задача,
ама знаеше дека
тука нема што да се филозофира
- друг не можеше да му ја заврши
неговата работа.
А требаше нешто да земе
- без да го побара тоа
и без да го плати тоа
и севезден се препотуваше
домислувајќи како да го изведе тоа
а да не излезе дека краде?
Како, де?





Од некоја оближна фарма
требаше да фати некое добиче,
не да речеш едно, ами цело стадо.
А фармата да ти биде
обезбедена од сите страни
со најсовремени електронски аларми
згора и чувана од сите страни
од најбабачки бабачковци
вооружени со автоматски пушки,
кои, без око да им трепне
веднаш застрелуваа с# што е странско
и што ќе се приближеше до фармата.
Околу целата фарма
имаше широки вештачки канали.
Бре, мајката, се чудеше Херакле
што за добиток ќе беше тоа
штом вака и волку го чуваат
- подобро и од Белата куќа во Вашингтон.
Добро де, не е тешко да се претположи
дека Херакле ги збриша бабачковците
еден по еден, тивко и подмолно ги збриша
и дури тогаш умот му штукна
- поубаво стадо не беше видел,
ниту видел ниту сонувал,
ни на ливада, ни на кадро, ни на филм.
Сe што било убаво убаво и се чувало,
ете затоа биле бабачковците и алармите.
Херакле набрзина
го премости вештачкиот канал
околу фармата
и го потера волшебното стадо,
го потера угоре,
по заобиколни и шумски патеки
бидејќи не доаѓаше предвид
со стадото да влезе во градот
- едно што беше забрането,
друго што разни ганѕала
ќе му ја разграбеа
таа волшебна добиточна убавина.






Третата ноќ,
тукушто се зададе на хоризонтот
новиот ранч на Евристеј,
и Херакле тукушто воздивна
(фала богу, имало крај и ова!)
пред него се испречи
еден од бабачките бабачковци,
всушност, најбабачкото меѓу нив,
кој, кога Херакле му ги ничкосуваше браќата
бил службено отсутен
а сега иташе - ем да се одмазди за браќата,
ем да го спаси стадото.
На Херакле му се стори
како три глави да има бабачкото,
три глави и шест раце,
а трите глави на три тупа насадени.
Бабачкото најмногу фаќаше
на стравот на противникот
- тројно ќе рикнеше
па после триста бајачки
не ти го вадеа уплавот.
Херакле не беше
од сортата страшливци,
не беше ни супермен со моторче на газот,
ама, како што се очекуваше,
го совлада и најбабачкиот бабачко
- со еден удар го посла на земја
како персиски килим
по којшто во иднина ќе газат
знајни и незнајни јунаци.
Откако го смести стадото
на ранчот на Евристеј
Херакле на враќање
забележа дека кајшто врвело стадото
останале како во восок траги од копита.
Тоа е знак за бесмртност
- му рече некој на Херакле
и искрено му препорача
во централната њујоршка библиотека
што побргу да го прочита
епот за Гилгамеш.

14.

Ништо на веков не е бадијала
па ни Њујорк големо јаболко
што го викаат
- толку многу овоштарници
што има околу градот
и толку многу јаболкници.
Секакви видови јаболка
успеваат тука:
црвен и златен делишес,
јонатан и шефтелин,
благи, кисели и красати.
Сигурно има и петровки
како кај нас,
ама галиба поинаку ги викаат
оти Петровден кај нив не е важен празник.
Се разбира, има и црвливи јаболка,
а уште од времето на Парис
има и јаболко на раздорот,
како што на галено ја викаа Македонија.
Боговите јаделе јаболка
и останувале вечно млади,
а се раскажува дека и Александар Македонски
барајќи ја водата на животот во Индија,
нашол јаболка што го продолжувале животот
до четиристотини години.
На Евристеј му се утуви в глава
дека меѓу толку јаболкници
мора да има и некоја
на која растат златни јаболка.
Веруваше дека кога ќе касне од нив
никогаш нема да е гладен и жеден
ниту ќе чувствува некаква болка,
ниту ќе го фати некоја болештина.
Најпосле, и да не си ја облажи душата
од златното јаболко,
ама секако ќе си го облажи
контото во банката.
Херакле мислеше
дека се има исфиткано со Евристеј
и беше заминал во Европа
на заслужен одмор.
Повикот од Евристеј го затекна
во Македонија
кајшто Херакле ги крстосуваше
македонските планини и езера
а во слободното време
младите Македонци ги подучуваше
како се лекуваат стари рани
и како се совладуваат големи чудовишта.
Нема што не виде и што не доживеа
Херакле во Македонија.




Таму беше фатила Транзицијата
и сите говореа само за Транзицијата
- те транзиција на политичкиот систем,
те транзиција на стопанството,
те транзиција на спортот,
те транзиција на свеста,
за најпосле да се стаса
до транзиција на транзицијата.
Постарите Македонци велеа
дека дошол лошиот абер
и дека волку арамии во Македонија
немало никогаш
- ни во турско, ни во каурско.
И тоа баш-арамии, со тапија,
дете од мајка што ќе украдат
па ќе ти го продадат
и ич гајле не им е,
ниту образ имаат
ниту пак срам и перде.
Лесно можеше да ги познаеш таквите:
сите до еден возеа скапи автомобили
во едната рака постојано имаа мобилни телефони,
а со другата рака нон-стоп си чепкаа во носовите!
Народот во Македонија
беше сосема збунет,
со години веќе чека
оние горе да сторат нешто арно
за татковината
чекан во глава да ги удри!
а кога народот е збунет
им се враќа на поговорките
и на паролите.
Слушаше, гледаше и бележеше Херакле:
Да живее Транзицијата!
Да живее вишокот на вредноста!
Да живеат новите газди!
(кој приграби повеќе, тој е газда!)
Да живее улогата на телевизијата
во предизборните кампањи!
Да живее турбо-фолкот!
Да живеат пејачките со големи цицки
и рунтави нозе!
Да живеат чочеците!
Да живеат цртаните филмови!
Да живее гиллетте пената за бричење
и бричењето на суво!
Крај им нема на паролите
кога народот е збунет.
Ваму-таму од постари луѓе
кои велат дека знаеле што е мака
ќе се слушнеше и по некој благослов:
Колку лисја во гората, толку бериќет в куќи!
Здравје да имате, и чест да имате!
Ум и разум да имате!
Добра мисла!
Мир и милост!
Господ од лошо да н# варди!
Дар во благата, чад во буништата,
огон во огништата, роса по полето,
здрави и живи домаќините,
куќи полни со гости, пријатели, братска љубов!
Благосојте и здрами се!
Еден ако благословуваше,
десетмина колнеа:
Ај да би волците го изеле, на некоја раскрсница!
Ај да се не видит кај да ватит!
Орман и бели камења да ватиш!
Чумата да те удри!
Бело Море и Црно да обидиш, па аир и бериќет да не видиш!
Ровјата да те ровјоса, да на дно вземи да го втерат!
Приш да те удрит!
Бујцата и чумата да го удрит, та да го откопачит!
Орли врани да те изедат!
Гуски и орли да пасат со тапан!
Прав и пепел да се сториш!
Да се обесиш на суа врба!
Колку прав на тапан аир да имаш!
Јазико, синко, да ми ти онемеит!
Каникарата црна да те удри, синко, кога не си послушливо!
Камења и дрја да те бијат по глаа!
Што туку вика, да би попои на главата му викале, да би!
Земја да не ме прими, ако лажам!
Ако поседеше уште малку во Македонија
Херакле можеби ќе станеше
собирач на народни умотворби.
Поарно собирач на народни умотворби,
одошто собирач на народен гнев,
макар што во Македонија
гневот и без собирачи сам си се собираше
и катаден растеше.
Езерата во Македонија се сушеа,
ама гневот растеше.
Чудно, ама овде една иста работа
може да биде и бела и црна
- сe може да биде и вака и така
и најнакрај никако.
Од страна изгледаше дека
сe што чини овде
во црна земја е закопано
и затоа некои дури се прашуваа
да не би Македонија да е име
на едно минато?
Други се прашуваа
можат ли да постојат Македонци
без Македонија,
а третти пак ги мачеше прашањето:
кога првиот Македонец е тепан
од сопствената власт,
прибидејќум власта тука
имала обичај да удри по народот.
Од сите четири страни
волци & се беа сјатиле
на Македонија
и да видиш чудо,
Македонците пак си пееја и саде си пееја
око не им трепнуваше
велеа дека во песните
тие најмногу се исправени
и најмногу личат на себе
иако повеќето песни
им беа многу, многу тажни.
Ако им се тажни песните,
барем во нив ќе опстане народот!
А има народи самоникнати,
самопораснати и самопоразени
- таков народ ли се и Македонците?
- се прашуваше Херакле
кој тукушто се изми во малата рекичка Ехедор
и потпевнувајќи ја песната
"Туѓината пуста да остане"
се готвеше да си ги собере плачките
и со првиот авион да се врати назад
и да види што пак сега му паднало на ум
на Евристеј.
Ја превитка на четири
и ја стави во задниот џеб на фармерките
дипломата дека е избран за академик
и за маж на годината во Македонија.






На враќање Херакле имаше
попатна протоколарна средба со Прометеј
кој од неговата кавкаска карпа
имаше совршен преглед
на сите светски овоштарници
и кој без воздржување му го кажа
најблискиот пат до овоштарникот
со златното јаболко.
Прометеј пријателски го советуваше Херакле
другему да му го препушти
откинувањето на златното јаболко.
Овоштарникот
беше варден најдобро што може
едно стоглаво чудовиште
севезден беше склопчено околу дрвото
колку глави имаше чудовиштето
толку јазици разбираше
а најдобро го разбираше
здивот на молчењето
на секој неканет гостин.
Веќе по навика
Херакле го збриша стоглавото чудовиште
а потем го изнајмни Атлант
кој скина три златни јаболка од дрвото
- тој ги скина, Херакле ги зеде,
а Евристиј ќе им се слади.
Таква да е делбата само со јаболката,
колај работа
ама сиот живот од исти делби е стокмен
и веќе рековме дела цели народи и држави
на три се поделени
и можеби затоа Херакле не се возбудуваше.
Си го исполни ветувањето
а потоа не заборави да го ослободи и Прометеј
застрелувајќи го белоглавиот орел
што му ги колваше џигерите.
Потоа обајцата се овенчаа
со венци од диви маслинки
убаво ги натрескаа лејките
и почнаа да ги палат сите гнезда
на белоглавите орли.
Вечерта на транзистор
го слушаа Френк Синатра
како ја пее "Њујорк, Њујорк"
и се обидуваа точно да утврдат
зошто овој град го нарекуваат
големо јаболко
и зошто секој без исклучок мисли
дека тоа јаболко одвнатре е гнило?

15.

Имаше ли почеток
и каде му е крајот?
Сe туку се допрашуваше Херакле
додека со такси
уште еднаш
јуреше кон Харлем
- да ја заврши и последната
своја обврска во овој век:
да го фати тоа бесно куче
по име Кербер,
што правеше триста зулуми низ градот
и оросписки се криеше во Харлем
таму каде што одбегнуваа да одат
и полицајците, и другите трагачи.
Децата уште кога ќе се родеа
ги плашеа со баба-рогата од Харлем,
при што некој мислеше на бесниот Кербер,
а повеќето мислеа на дрогираните Црнци.
Се разбира, во градот има и дрогирани Белци,
ама тие не живеат во Харлем.
Во Харлем кога ќе заскитаа белци
задолжително ќе слушнеа:
"Мои малечки белогази,
вие уште не сте сретнале голем црногаз".
А на јазикот на Харлемовци
да бидеш белогаз значеше
да си кукавица, простак и алчен.
Херакле не знаеше точно
каде да го бара бесниот Кербер,
не знаеше ни таксистот,
всушност, сите таксисти знаат
само како побрзо да си ја дувнат од Харлем.
Од најблиската телефонска говорница
Херакле и телефонира на Атена
а тогаш кај неа се згоди и Хермес
обајцата имаа сертификат
за туристички водич
и убаво му објаснија
каде да го најде бесниот Кербер,
а патем и другарски го посоветуваа
да внимава што прави
бидејќи денес човек не може да им верува на луѓе
а не пак на бесни кучиња.
Атина подробно му објасни
дека Керберот, всушност, има три глави
со гриви од змија.
Голема другарка му беше Атина на Херакле
и голема дарителка на поткрепа и утеха.





Богами, имаше Херакле
ајле да пешачи низ улиците на Харлем
секакви задрогази да сретне
и секакви гадости се изнаслуша
додека стаса до бесниот Кербер.
Беше решил никому да не му одвраќа
и да ги пушти сите да се изналајат
- што чул не чул, што видел не видел,
инаку голем крш требаше да се прави,
а Херакле не сакаше никакви попатни задржувања
со никакви ќутуци бадемови,
со никакви двоноги кербери,
Херакле го бараше вистинскиот Кербер
- веднаш и ете тука, зад аголот,
кајшто цутеше лајкучка
и кајшто имаше згмечена боболка.
Ете тука, зад аголот
на железната влезна порта
беше закачен натпис:
"Внимавај, куче! Каса!
Ако сакате да е ваше
треба да го совладате со голи раце"
Токму тоа, де, и ништо повеќе
не бараше Херакле
каде-каде поопасни ѕверки
што беше совладал во животот.
Затоа и сите многу го почитуваа
и од почит со прст го покажуваа.
Уште Херакле не влезен во дворот
Керберот ги покажа
трите глави со грива од змија
и ги насочи кон Херакле
како што подморницата
го крева перископот
и го насочува кон бродот
што треба да се торпедира.
Не дека задачата беше лесна,
ама борбата со Керберот
Херакле ја сфати како рутински завршеток
на еден исцрпувачки долг натпревар
кој, според правилата што ги наметна Евристеј,
имаше и две продолженија.
Херакле немаше многу време за лигавење
го фати Керберот за гуша
и додека да речеш крк
- му ја свитка шијата.
Уште сто животи да има Херакле
нема да може да опише
колку силно се опираше Керберот
и колку бесно лаеше
и какво е, всушност,
самртното кучешко лаење.
Херакле се качи во метрото
и слезе десетина станици подолу
кај Универзитетот "Колумбија".
Каде си мори мајчице, си рече,
да ме видиш задуман
во универзитетската библиотека
кајшто ја прелистувам енциклопедијата
на менталните трауми на овој милениум
- вистина било дека сe што ни чини
во црна земја е закопано,
еве, на, ако лажам,
оттука да не се мрднам.

16.

Ако е за аир
доста е и стига беше
си рече Херакле
и почна да се подготвува
за враќање дома
- не една, не две
ами дванаесет години се сторија
откако не беше каснал домашен лебец
- леб како папаица испечен,
камен да беше ќе го фатеше носталгија
а не пак него, кој беше
многу чувствителен и сентиментален,
башка и многу приврзан
кон родната грутка.
Однапред знаеше Херакле:
на тројанскиот брег
ништо не е како на Источната Река.
На тројанскиот брег
може да си ги скрши жеглите,
а сигурно ќе го чека шуга и чума
и морска ала која јаде луѓе,
блуе солена вода
и ги уништува посевите по полињата.
Кој друг ако не Херакле
ќе треба да се справи со алата
три дни да кмиши во нејзината утроба
три дни и три ноќи
ќе му требаат за да ја суреди.
Гајле немаше Херакле
од утробата на тројанската ала,
само му беше криво
што од таму ќе излезе
сиот излигавен,
брчкулав
и оќелавен
а кај личело Херакле
да биде ќелав
и кај личело
никој да не го препознае Херакле
кога ќе се врати дома?
Облекувајќи нова кошула
во хотелската соба
Херакле сам си ја виде судбата:
во платното на кошулата
ќе има втакено и отров,
кошулата ќе му се залепи на телото
и ќе почне да му откорнува
парчиња месо од телото
и тогаш Херакле
ќе мора да се фрла
во мориња и езера,
во реки и потоци,
ама нема да има фајде
- ангелот ќе го стаса
и ќе габоса
под белите чемерики
во родниот крај.
Ниту можеше,
ниту сакаше
Херакле да размислува
што ќе се случи понатаму
само тешко воздивна
- толку ли беше,
мајка му стара,
зарем за една обична умирачка
се правеше сиот мастраф?
Баш кога се прашуваше
за целта на животот и на смртта
во мислите му влета Дејанеира
сега веќе не и се додворуваше
сега таа му беше верна жена
и ене ја кајшто кинисува
да се обеси кога разбрала
за скончувањето на Херакле.
Не! - викна на сет глас Херакле,
иш оттука бре, црни ѓаволи,
ова е меѓу нас и оставете ја Дејанеира!
- дрекна колку што го држеше гласот.
Баш тогаш Зевс беше пуштил абер
ниту еден жив човек
да не може да го убие Херакле,
туку мртвиот непријател
да му дојде до акот.
Во тоа Херакле
се виде на кладата на Филоктет,
кога наеднаш стрештија громови
небото се парчоса над Источната Река
- грмовите го однесоа со себе
бесмртниот дел од Херакле!
Потем Херакле се виде оженет со Хеба
уште и се виде вратар на капиите на Олимп
кајшто севезден ја чека Артемида
да се врати од лов.
И толку беше!
Ако погледнеше уште малку во иднината
ќе му избегаше авионот
а сите знаат колкава е турканицата
на аеродромот Џон Фиџерлалд Кенеди во Њујорк
поради што беше многу препорачливо
таму секогаш да се подрани.
Кој рано рани, нема да задоцни на авион!
На аеродромот Херакле
првин се испрати со Џон Вејн
и со едно чудо филмски ѕвезди
спортисти, бизнисмени и политичари.
Беше дошол и стариот Френк Синатра
кој со последните атоми му пееше "Њујорк, Њујорк…"
а на крајот долго, долго, до солзи
се гушкаше со Свети Ѓорѓија.
Во авионот му доадоа на Херакле
пластично кутивче
полно пилешко, свинско
и зелена салата
- до него луѓето јадеа со нож и виљушка
и Херакле, ете, го проба и тоа чудо
гледаше што прават другите
со ножот и вилушката
тоа правеше и тој.
Над океанот му текна на Херакле
дека заборави да ги чекира куферите
и дека багажот, всушност,
му остана на аеродромот Џ.Ф. Кенеди
биваше ли толку да се смотан
а во куферите, се разбира,
му беа подароците за сите роднини и пријатели
во куферите на аеродромот Џон Фиџерлалд Кенеди
останаа и сите негови спомени и сеќавања
и мала утеха е тоа што Херакле
не е ни прв ни последен
кој си ги изгубил сеќавањата
на аеродромот Џ.Ф. Кенеди
и тие таму ќе останат
за век и веков.
Херакле го прелета океанот во очај
поарно да се урнеше авионот
одошто да стаса пред своите
без дарови и без сеќавања.
Херакле папса од сознанието
Дека на крајот на сите краишта
Му преостана само мракот
И мекоста на последното паѓање.
А стјуардесата љубезно му се смееше
и му велеше дека така било пишано од главниот Бог
и точка.
А ако му се бербати на Херакле,
ќесето за повраќање е под седиштето.


"Херакле" е објавена во 1999. година. Преведена е на словенечки во 2006. година.