Колумбо

kolumbo


1.

А бре Кристофоре, Кристофоре
ем Ристо, ем Форе
две македонски имиња
во твоето што се збрале,
си бил голем мераклија на скитања
и на скитања, и на разврат и блуд,
и на блуд, и на шверц,
а бре Кристофоре,
машко мајкино,
како не ти текна првин
да ја обидеш Македонија
и да го видиш сето минато
спакувано во манастирски врзоп
и уште да ја чуеш и почуеш тагата
на езерските и на морските бранови
да разбереш, Кристофоре,
дека кога не се верува во ништо
сe трае послабо и покусо
и дека само оние
кои научиле да сонуваат
можат да владеат
а други да им го пишуваат сонописот.
Отпосле сните секнуваат
ама песните дурлат ли дурлат
песните, Кристофоре,
сведочат дека не е саде зло
она што излегува
од човековата уста
песните, Кристофоре,
песните ги колнеа Македонците:
,,Бог да бие кој прв почна
кој прв почна да ми оди на печалба
на печалба, Америка..."
И уште испеаја Македонците:
,,Пуста останала, мајко,
земја Америка..."
Сешто и многу пееја Македонците
и затоа кај нив беше се рекло
дека кој пее зло не мисли
а и дека по пеење нема каење.
Многу подоцна некои пееја
дека Америка и Енглеска
ќе биле земја пролетерска
- мижи Асан да ти бајам,
ама за тебе, Кристофоре,
поучни ќе беа оние печалбарските
и ако ги знаеше нив,
горд адмирале,
којзнае дали ќе врзеше
шарено шамивче околу вратот
и дали ќе се изјазеше
на највисокиот јарбол на ,,Санта Марија"
од каде што, Кристофоре,
се пружаше најубав поглед кон иднината
а иднината, Кристофоре,
машко мајкино,
иднината им е единствена утеха
на малите народи
и на самотниците.

2.

Нејсе, Кристофоре,
не си единствениот
кој отпосле ги разбрал
поуките од македонските
печалбарски песни
и не си единствениот
кој прекутрупа си ја дувнале
право во иднината.
Некој ти беше дошепнал,
Кристофоре,
дека во иднината
најбргу се бега
ако за едро на лаѓата
си ја оптегнеш сопствената кожа
- така чу, така и направи
па цел град дојде на пристаништето
ред се редеа како ретко дабје
да го видат и тоа чудо:
,,Санта Марија" со едра од човечка кожа
се токми да исплови во иднината.
Тоа утро
на пристаништето во Барцелона
сите се крстеа
со обете раце се крстеа
и редум велеа:
,,Аман, варди ги Господе,
неоти знаат што прават".
А да кинисавте за Македонија
галиба никој немаше да се крсти
бидејќи откога се знае за Македонија
самиот Господ повикува таму проповедници,
поети, морнари и други намерници
- ем да ги поткрепат Македонците,
ем да видат како се готват ајвари
и како од салата се топат џимиринки.
Би што би со крстењето,
излезе дека од пишаното, сепак,
не се бегало,
та можеби затоа ѓупците од Штип
тоа утро на пристаништето во Барцелона
воопшто не се крстеа.
Ѓупци како ѓупци,
ним им беше судено
да дуваат до бесвест во испотените труби.
Ѓупците дуваа, трубите ечеа,
ако си спомнуваш,
ечеа трубите, трештеа тапаните
а од местото каде што си ти сега
излеан во бронза, Кристофоре,
се провикна Монсерат Кабаље
и наеднаш цела Барцелона
се претвори во уво
сите молчеа и слушаа
слушаа и се сладеа
,,Збогум либе, подај рака"
пееше Монсерат Кабаље
очите & насолзени, устето & насмеано
и тогаш на сите им стана јасно
дека во Барцелона
кога-тогаш
ќе се одржат Олимписките Игри
не толку за друго
колку Монсерат Кабаље
да запее на нивното свечено отворање.
Тоа утро пред толпата
се истопори и еден српски поет
кој со препознатлива словенска тага во очите
сал туку повторуваше
,,Санта Марија де ла салуте"
а твојата ,,Санта Марија"
Кристофоре, адмирале,
се перчеше во заливот
и демнеше прилика
да му намигне на српскиот поет
оти поетите и онака се гревчиња
а пак српските посебно
- така им било судено
севезден тажаленки да пеат,
севезден татковината да им се смалува,
а ваму нивните главатари
да ги мавтосуваат со пароли
за слогата и среќната иднина.
Испловувањето на твојата ,,Санта Марија"
како да го означи зачнувањето
на трагичниот и очајнички оптимизам
кај Србите, но тоа е посебна прикаска,
а ,,Санта Марија", како што е знајно,
исплови во глобалната неизвесност.
Во толпата
на пристаништето во Барцелона
беше и еден хрватски поет
по име Мирослав Крлежа
ама тој тогаш беше дете
и не му беше баш јасна
збрката околу иднината
,,Во иднината, во иднината"
си повторуваше хрватскиот поет во себе
- малку збрки во главата му создаваше
Дон Кихот од Ла Манча
сега уште и некој Кристофор Колумбо!
Еден човек, адмирале,
само еден човек
совршено го разбираше
дувањето на ѓупците од Штип
и тагата во песните на Монсерат Кабаље.
Драган од Лихнида се викаше човекот
и тој не беше во толпата на пристаништето
ами во бродот „Пинта“
и тоа не беше штогоде
ами тобџија, адмирале,
прв нишанџија,
кој секогаш никнуваше
таму каде што не го сееш
и секогаш погодуваше
во центарот на гневот.
Од такво племе
беше тој Драган од Лихнида
што не му беше судено
да биде панаѓурски и пристанишен сеирџија
ами актер, адмирале,
активен учесник во истребувањето
на националните и белосветските јадови
и во создавањето среќна иднина
за новите поколенија.
Поарно губитник во борбата
отколку безличен сеирџија
и сркач на дробени залаци
- така се беше рекло
и така се веруваше
меѓу земјаците на Драган од Лихнида.
Тој отпосле стана
главен тобџија на „Санта Марија“
и отпосле за него
некои отмени дами
од шпанскиот кралски двор
пишуваа фалбени записи
- толку што беше добар нишанџија и асли тобџија!
На „Санта Марија“ не и беше
ни до збркани поети, ни до шашардисани дами
ами гледаше што побргу да се откачи
од џганот што се беше збрал тука,
на пристаништето
од каде што почнуваше
и авенијата Рабљас во Барцелона.
А џган како џган:
натртени газиња
и дебели газишта,
преправени питачи,
препродавачи на цигари,
улични свирачи тадури од Русија,
улични танчери на танго,
земја земјосани љубовници и винопијци,
луѓе измачкани со боја за
ќунци за ќумбиња
и застанати како живи статуи
во твоја чест Кристофоре
и во чест на „Санта Марија"
и во чест на иднината,
Кристофоре,
од која имаше уплав
Драган од Лихнида,
кој, како што се знае,
гајле немаше од ништо,
ни од седмоглави аждери,
ни од разулавени соседи,
ни од сифилистични ороспии,
ами само од иднината,
од иднината адмирале.
Макар што не им се противеше јавно на мавтосувањата
дека земја што има таква младина
не треба да се грижи за својата иднина
Драган од Лихнида
претчувствуваше каква иднина
им беше судена на Македонците
та при секое спомнување на иднината
почнуваше да олцка
и три бајачки три дни
му го смируваа олцкањето.
Едно време
во толпата навлегоа колони педери
- едни носеа транспаренти,
втори се кршеа како ченгии,
третти извикуваа пароли,
демек, нешто се бунтуваа
- им биле загрозени педерските права
и ќе се жалеле до Хелсиншкиот комитет
за човекови права.
Сешто имаше среде џганот
- аман бе Кристофоре,
доста беа педерлаци и лигавешници,
ако е за аир, ајде да кинисуваме,
проколнуваше „Санта Марија"
далечен пат не чека,
мој адмирале.
Среќен пат и мирно море
ви посакаа сите добронамерници
а злите си ги гризеа ноктите од мака,
си гризеа и други нешта од завист,
и сал туку мрмореа:
да даде Господ силен ветер да повее
луњи, фуртуни да фатат,
„Санта Марија" да ви се преврти,
да се ничкосате среде море,
кожинките да ви ги одерат пиратите,
мешините полни вода да ви ги дупнат,
силни ветришта да ве треснат од дното на морето,
да даде Господ морски риби да ве јадат!
Денот кога испловивте,
Кристофоре, адмирале,
ќе остане запаметен
како прв ден во ерата
на нечистотиите што завладеа
на авенијата Рабљас во Барцелона
од каде потем се пренесе
и си остана до ден денешен
на пазариштата и улиците во Македонија.
Од твојот споменик, Кристофоре,
па с# до катедралата во центарот на градот
се распослаа мали кафеанчиња
во кои лете кога има
светско првенство во фудбал
трештат телевизори во бавчите,
се распослаа и продавачи на џиџи-миџи сувенири,
и продавачи на „Санта Марија" во шише
и продавачи на спортска опрема и дресови,
(червени маички и черни гашти
била победничката комбинација,
ама сепак, претпазливо со црвената и црната боја
мнозина се изгореле од претерано комбинирање
та севезден голаат саде комбинирани прашоци
и сал туку вртат со главите
како пропелери на батерии летно време).
Кај ја бидувало Барцелона
без продавачки на синолички,
имаше, имаше и такви личотии,
како што имаше и продавачи
на расни кучиња и папагали,
а старо правило е, Кристофоре,
дека кајшто има продавачи
има и нечистотии
а кајшто има нечистотии
кусо им траат мандатите
на градоначалниците.

3.

Гледај Кристофоре, адмирале,
ти дошепна на испраќање
една сограѓанка од Ѓенова,
стори се дикат,
отвори ги четворни очите,
да не заскитате случајно
накај Хондурас
да не си имате работа
и некое зло случајно
да не им направите
на Индијанците
оти за нив се беше рекло
дека паметат до века
и првите пет века
никому ништо не му простуваат.
Да не речеш
дека не ти реков
ти рече сограѓанката
а ти думај му ја Кристофоре,
горд адмирале,
колку спора може да биде правдата
и колку брза може да е одмаздата.
Сограѓанката од Ѓенова
ти прикажуваше
и за некој зајак и некоја желка,
ама тебе ништо не ти влегуваше
во тврдата тимба
ни зајаци, ни желки,
ни глувци, ни мачки,
никакви животинки.
Самбендисан си велеше,
Кристофоре,
кај се видело еден адмирал
да се мавтосува со зајаци и желки,
на адмиралите им прилегаат
само мориња и океани
а и тие им се мали!
Добро де, не велам
дека не им прилегаат и куртизани,
ама поарно е ова да остане меѓу нас
оти с# што е машко дете
ќе сака да стане адмирал
а онаму каде што има само адмирали
е многу бело и многу здодевно.
А те стаса, Кристофоре,
како не ќе те стасало,
претсказанието на сограѓанката од Ѓенова.
Пет века отпосле,
Кристофоре, горд адмирале,
Индијанците од Хондурас
ти судеа и ти пресудија:
Виновен си, Кристофоре,
за сите злодела при освојувањето на Америка.
Виновен си за геноцид врз Индијанците,
Виновен си и за едночудо кражби
и уништувања на предколумбиски култури,
богами, арно ти го стокмиле обвинението
три адвокати не те спасуваат од смртна казна
а смртната казна во Хондурас
се извршува со прободување со стрели.
Ќе рече некој минало толку време,
ама ќе одречат дека ниеден злостор не застарува
Ќе дорече некој дека само на живите им се суди
ама ќе одречат, Кристофоре,
дека ако е живо твоето откритие
жив си и ти
и ќе платиш батка
седум пати ќе платиш
и пак нема да ги отплатиш сите гревови и зла
и никогаш нема да ти излезат од глава
желката и зајакот од претсказанието
на твојата сограѓанка од Ѓенова,
Кристофоре, ел адмирале
и вицекрал на новооткриените земји.

4.

Првин ќе платиш,
Кристофоре, адмирале,
првин ќе платиш
за маките на морнарите
кои ги видоа сите ѕвезди на небото
додека ја довлечкаа некако „Санта Марија"
до новото копно.
А се опираа, се опираа,
помниш адмирале,
прашуваа чуму ни е Новото и Непознатото,
и молеа, адмирале,
назад, во мајчичка Шпанија,
во Шпанија, адмирале,
да ја научат наизуст баладата
за оној кој никогаш не бил во Гранада.
А не знаеја, кутрите морнари,
има ли назад,
како што не знаеја
има ли напред
и каде е напред
а каде е назад.
Шуќур што меѓу нив беше
и тобџијата Драган од Лихнида
- разбран човек -
па ги одврати морнарите да не ми те кркнат
жив да ми те изедат, адмирале,
- кој ќе му ја откриеше тогаш на светот
вистината за Америка?
Од каде на каде морнарите знаеле
што е ново, што е старо
чуле ли тие дека во враќањето
нема ништо ново
и никаков аир нема од враќањето?
Стари алишта и стари соништа
има колку да сакаш
мајката му е да им се верува на ѕвездите
и севезден да се врви кон новото
кон новите маки и новите искушенија,
макар и кон новите лаги.
За тебе се велеше, адмирале,
дека си жив ѓавол,
дека имаш вошки
и дека носиш долги гаќи
дека пиеш по девет оки вино
дека секоја вечер разговараш
со црните ветрови
дека ја знаеш тајната на црната маѓија
дека ги омаѓоса морнарите
и ги натера да ги окрвават мечовите
и каде што ќе стапнеа
да оставаат зад себе черепи и коски.
Морнарите, адмирале, морнарите
многу страв, глад и темнини претргаа
цела една безнадежност претргаа
гризеа до крв и до коски
толку што беа гладни.
Леб, леб, те проколнуваа морнарите,
ти испраќаа громови во клетвите
ти испраќаа лепра и чума
ама тебе толку да ти чинеше
веслај, велеше,
Господ е голем
ене го новоото копно
таму каде и да се свртиш
те гаѓаат со леб
а од кладенците дурли вино!
Штоако пукнало кормилото,
штоако се скинале едрата,
нема враќање назад,
шапшали,
и што туку сте запнале со тоа
„адмирале, адмирале,
што да се прави?"
Тоа што мора и точка:
веслај таму и не прашувај многу,
море, ич не прашувај
морнарите се за веслање,
а не за прашување!
Кој сакал жешки салепи,
бози и слатки
требало да стане полицаец
и да талка на ноќните дежурства
од слаткарница до слаткарница
и да голта салепи, бози и слатки
и тоа бесплатно,
во знак на внимание и благодарност
од ѓоамити наивните слаткари.
А морнарите, реков,
се за веслање и пак точка!
Суров беше со морнарите, адмирале,
за една капка нивни страв
не мораше толку да ги поганиш
морнарски е, понекогаш,
и да се исплашиш
морнарски е, понекогаш,
да те фати вртоглавица,
морска болест или пролив,
морнарски е со морска вода
да се лекуваат живите рани,
ама морнарски е, адмирале,
и да не се забораваат
живите рани во душата.
Такви се морнарските души
- не забораваат ниту една
неправедна лузна
како што келнерите
никогаш не забораваат
да ги наплатат сметките.
Само филозофите кога забораваат
од тоа прават естетика на заборавот,
пу-пу, скраја да е!

5.

Потем ќе платиш,
Кристофоре, горд адмирале,
за сотрувањето на Индијанците
за ничкосувањето на Апачите,
на Команчите и на другите племиња,
за тоа што твоите морнари, адмирале,
сета сперма што со месеци ја носеа
на „Санта Марија"
на сила ја истураа
во утробите на Индијанките,
за тоа што им украдовте на Индијанците
с# што вреди повеќе од стопаре
им ги украдовте домашните предмети
им ги испразнивте светилиштата
им ги испразнивте националните
и сите други музеи
им го украдовте сето злато и сребро
грабавте сe што ќе ви дојде пред око
без усул, без ред и поредок
Кристофоре, горд адмирале,
грабавте, грабавте, грабавте
индијанската земја ја претворивте
во историска празнина
и во дупка полна големи пластови мрак.
Врапчето секое утро ти велеше
Кристофоре, брлив адмирале,
нов бунар копај ама стариот не го затрупувај
нови мостови гради, ама старите не ги уривај
ништо на светов не се ничкосува докрај
секогаш има макар еден преживеан
кој ќе сведочи за злоделата
кој ќе ја брка божјата правда,
а до толку знаеше Кристофоре, адмирале,
дека правдата е спора ама достижна
и дека не постои злосторник
кој си ги измил крвавите раце.
Ако слушаа стеблата букови
па и ти да слушаше
Кристофоре, адмирале!
Врапчешки ум не ти требал,
врапчешки клетви не те стасувале.
Зад тебе остануваа, адмирале,
гламјосани села и опустошени синори,
обесени, заклани, на кол набиени,
зад секоја грмушка имаше по еден заклан
или по една обесчестена
имаше испрлени веѓи и опожарени коски
еден на друг се нижеа палежите и гарежите
еден на друг се нижеа првин сепнатите
а потем и закланите сни.
Такви ти беа првите ти стапки
во новиот ти свет
и тогаш, ако си спомнуваш,
Кристофоре, горд адмирале,
почнаа да се креваат
бодликавите огради
на новиот поредок
тогаш, ако си спомнуваш,
Кристофоре, горд адмирале,
едно детуле те потпраша:
може ли на целиот свет
да му се стави јамка околу вратот?
Отпосле се виде
колку тешко било
прашањето на детулето
отпосле се виде и сето светско лицемерие
кога едни воени ракети ги крстија „томахавк"
а други воени хеликоптери „апачи"
отпосле никој жив на светот
не се праша зошто на модерните оружја
им се даваат стари индијански имиња
и така ли ќе си мислат идните поколенија
дека тогаш и тогаш имало хеликоптери „Апачи"
дека биле мошне ефикасни и точка
- ќе се најде ли машко во идните поколенија
што да праша:
што, всушност, биле томахавките,
кои, всушност, биле Апачите
и кои се, всушност, нивните наследници?
Кој, всушност, ќе ги наплатува авторските права
за новата употреба на старите индијански имиња?
Сите знаат
Кристофоре, горд адмирале,
дека ќе стасаат нови детулиња
со нови прашања
како што сите знаат
дека од твоето цапнување
на нивната земја
колата на Индијанците
киниса надолу.
Отпосле сите знаат с#
Отпосле сите се адмирали
Отпосле злосторникот не бара прочка
Отпосле угнетениот бара простување
или барем одлагање на долговите
Отпосле
е доцна да се разбере
дека луѓето се создаваат
поради среќата.
А и среќата, пустата,
не била еднообразна
оти и ти
Кристофоре, горд адмирале,
ќе се посереше од среќа
кога цапна на новото копно
и кога најблискиот до тебе
радосно го плесна зад шија
„еј, батка, Америка!"
Тогаш ти се стори, адмирале,
како во песните ти се стори:
секоја дабичка
- шутар матеничка,
секоја орничка
- тарун топеничка,
секое долченце
- ладно кладенченце!
Кристофоре, горд адмирале,
да преживееја Индијанците
можеби ќе оставеа автентичен запис
за твоето посреување од среќа
кога цапна на новото копно.
Како што останало запишано,
горд адмирале,
дека на престапниот 26 февруари
петстотини и четвртата
лично ти, адмирале Колумбо,
три дни порано си го најавил
затемнувањето на месечината
и си ги мавтосувал суеверните Индијанци
дека тоа христијанскиот бог
си ја покажува лутината
и дека Индијанците за да го одлутат
треба добро да ги најадат и напијат
сите твои морнари, адмирале.
И ден-денес не е разјаснето
дали ти, адмирале, беше голем итроман
или пак Индијанците беа големи побожници
и дали како такви
Индијанците изумреа
верувајќи дека некоја мрачна сила
ја погани божјата волја.
Верно, во Америка с# уште има
Индијанци во резервати
ама повеќето од нив
рачно изработуваат само накити
од тиркизни камења,
веќе немаат адет
пријатели на пат да пречекуваат
и не буричкаат многу по минатото.
За да буричкаш во минатото
треба да веруваш во иднината,
велат Индијанците во резерватите
и долго зјапаат во небото
полнејќи си ги очите со историска тага
додека некои нивни роднини
во Јужна Америка
бараат историски правдини
надевајќи се дека еден ден, сепак,
седиштето на Меѓународниот Монетарен Фонд
ќе биде во Јужна Америка,
дека еден ден Боливар ќе стане
генерален секретар на Обединетите нации
и дека тогаш сиот свет ќе игра самби и ламбади
- од радост, адми како!

6.

Со третото плаќање
Кристофоре,
е како со третата наречница:
некој три дни, некој три години,
некој цели три века
од троглави али се избавува.
Севезден ќе си плаќаш
стари и нови,
твои и туѓи борчови
како што Македонците
- без вина виновни -
плаќаат за сe во историјата:
го плаќаат секој плач на новороденчињата,
го плаќаат секој удар на тапан на свадба
и го плаќаат секое редење на мајките на гробишта.
Така, демек, адмирале,
сите сме биле поданици на смртта
и сите требало претходно
да се разборчиме со Бога.
Тој, господски Господ,
не туку така велеше
да не се следи мнозинството во злото
и да не се согласуваш со мнозинството
против правдата и правината.
Патем ни преостанува
да ја научиме наизуст историјата
на светските чуда
расфрлани во реките
коишто течат назад, кон минатото.
Музејската вредност на чудата
што течат наназад била многу голема.
Остана да се допрашуваш, мил адмирале,
со глава отежната од кубански рум
што се точи како лимонада
во старата крчма
во древното пристаниште во Њујорк,
ем се допрашуваш, ем воздивнуваш:
ех, да можат да отворат усти
морските риби
па да чујат модерните историчари
како се прераскажува минатото на милениумите
да чујат и да се изначудат
колку помнеле морските риби
и за морепловците, и за пиратите,
и за буните и востанијата,
за сe што низ потоците и реките
се слеало во морињата.
А се спомна помнењето,
Кристофоре, адмирале,
тебе ти излезе на очи последниот ден
од доаѓањето на „Санта Марија"
на ново копно:
- Далеку ли е? - те прашуваа морнарите
- Не е, еве го каде е уште малку,
им одговараше ти, адмирале,
и си се убедуваше самиот
дека тоа што го гледаш на хоризонтот
е новото копно, а не привидение.
Пловењето спроти брановите
беше сe потешко
и тебе не ти преостануваше ништо
освен да фрлиш поглед кон небото:
„Господе, биди со нас" се молеше ти,
а на небото трештеа громови
на површината на морето
скокаа разни риби, октоподи и медузи
каде и да се свртиш - само море,
чиниш во сите светски кина се прикажува
реприза на потопот на светот.
Црни птици гракаа
на древното пристаниште во Њујорк
и потоа го испоганија сиот град
ти сал туку си мрмореше во себе
„веслај кон копното!"
Еден тип на соседната маса
во пристанишната кафеана
севезден мљацкаше
избезумено ти се пулеше
и брливо ти се клештеше.
Стаса да му нарачаш на Волт Витмен
Како што се викаше типот од соседната маса
дупли рум
и спокојно киниса со полицајците
да ти го покажат местото
каде што се врши третото плаќање
и каде што се плаќа и за тоа
ако птиците го испоганат градот.
Така ти е тоа кога сакаш да бидеш
заповедник и на птиците,
адмирале, адмирале!

7.

Трипати кога ќе платиш
после ти станува сеедно
како што и е сеедно на девојката
откако ќе ја изгуби невиноста.
Ама, баш ти дреме
за ограбените киосци
со вечерни весници и евтини презервативи,
и баш те боли
за правата на нациите и малцинствата
- фино си знаеш,
Кристофоре, адмирале,
дека тврдоглавите ја прават историјата
а празноглавите ги бербатат
килимите по кои се гази, кроце-кроце,
до новите илузии.
Виновен си, адмирале,
и за тоа што стана зачетник
на масовното распространување на илузии
и за тоа што голем број луѓе
откако ги разбраа сопствените привиди
испоскокаа преку оградите
на високите мостови
во Њујорк и Сан Франциско,
галиба и на други места.
Кога-тогаш ќе се разбере,
и зошто славна Дебарца, македонска,
е иселена и запустена
и зошто Македончињата
во белосветските студентски домови
скапуваат од носталгија.
Кристофоре, адмирале,
ти велеше дека на новото копно
лебот расте на гранките,
ти беше испробан ловец на ѕвезди
и секако требаше да предвидиш
дека нема да испадне на арно
изградбата на високи згради
без балкони и без прозорци што се отвораат
и дека со тоа, всушност,
ќе започне ерата без метафори
и безполезното освојување
на врвоите на осаменоста.
Наеднаш животот се соголе
и остана без сите можни неизвесности,
наеднаш немаше со кого
да ги споделиме и заблудите,
наеднаш ги снема и гулабите
од нашите плоштади,
ги снема и гулабите
од нашите покриви
и од небото ги снема,
настапија ноќни невиделии
и светот почна да се движи
по спиралата на плачот.
Бучавата на бомбардерите
стана посилна и од животот
и со нив во мода влезе
правењето кратери во историјата.
Нешто повеќе за ова
би можеле да соопштат, на пример,
градителите на Британскиот Музеј,
на катедралата во Келн,
или можеби на Виенскиот Бургетртеатар
и на Дрезденската Опера,
па и на црквата Саграда фамилиа
во твојата Барцелона,
ах, адмирале, мој адмирале.
Галиба, Ноам Чомски
тогаш беше во својата рана младост
и многу се налути што му го уништија
полјанчето за играње фудбал
и што немаше каде да оди на оперски претстави,
а тој ако не се налутеше
којзнае дали до ден-денес
некој ќе го гибнеше
новиот светски поредок
и дали денес во мраз-студените реки и потоци
ќе имаше и по некоја пастрмка.

8.

Е мој Кристофоре,
горд адмирале,
џабе ти се сите покајанија,
џабе ти е и да ги однесиш в црква
сите фабрики за зејтин во светот
- отпрвин ако те запизмат
за навек пизма ќе те следи,
отпрвин ако се рече дека е бесно кучето
за навек бесно ќе си остане.
Така е и со твојот изум.
Мислиш, не знаат сите
дека новиот светски поредок
можеби го создаде некој друг,
ама ти, Кристофоре, адмирале
ти го измисли
и тебе те запишаа во сите тефтери
како таков,
а не бостанџијата Санде од Мокриево,
задна пошта Колешино, Струмица.
А нели веќе рековме:
додека е живо твоето откритие
ќе бидеш жив и ти, Кристофоре,
и севезден ќе враќаш борчови.
Како што знаеш, Кристофоре,
чудото набргу стана чудовиште
со девет пати по девет
постојано зинати усти
и веднаш се истопори на чело
на парадата на светските лапачи.
Каде и да се направеше нешто асолно
чудовиштето веднаш ќе го проголташе
и ќе се перчеше, потем,
со својата вселенска надмоќ.
На с# што ќе лапнеше
чудовиштето му удираше свој печат,
а со време и самото чудовиште
почна да произведува чуда
- од парната машина
па до најновите компјутери.
Си направи чудовиштето
Силиконска Долина
и уште измисли
силиконски женски цицки,
ја, толкави,
ептен бабачки, осмица и десетка,
и фазла големина
за кои се произведуваат
специјални градници
и кои, се разбира,
се објавуваат на насловните страници
на сите магазини за мажишта и мачовци.
Да не распредуваме сега,
Кристофоре, адмирале,
и за безмилосниот сјај
на Гутенберговата галаксија
на новото копно,
оти кој ќе истрпи толку фалби и самофалби
за слободата на печатот и за демократијата
а токму тоа било папочно поврзано
и токму тоа го чинело
вистинското лице на Америка,
на таа Америка што прима инфузии
од сите крвни групи
а крв дарува само на истородните.
Сепак, ништо не се заборава, адмирале,
ни Хирошима, ни Нагасаки,
ни Чиле, ни Гренада,
ни палатата на Градскиот копрус во Берлин,
ни Берлинскиот ѕид,
ни Балканските војни
од почетокот и крајот на дваесетиот век.
Америка ми ти било едно бескрајно паметње,
а и паметењето ми ти било една бескрајна Америка.
Америка создаде во сопствениот бескрај
едно чудо кинески квартови
и едно чудо кинески ресторани
со егзотични јадења
од змии, гуштери и желки.
Така, Кристофоре, адмирале,
започнува паметењето во жолто
а којзнае како ќе заврши
американската приказна на многуте Руси
и другите нежни души словенски,
кои со децении беа убедувани
дека за да бидат среќни не им треба слобода
и кои со децении веќе се дават
во морето од солзи во песните на Бродски.
Токму тука и сега, мој адмирале,
некој ти прошепоти нешто и на македонски,
нешто за козите и за Брсјаците,
не се чу баш најдобро,
ама убаво се разбра дека
веќе поминал празникот Свети Илија,
а Македонците само тогаш кревале востанија.
Нејсе, Кристофоре,
во Америка и онака никој ништо не знае
за запустените цркви,
згаснатите кандила
и занемените камбани
во Македонија
и речиси сите мислат
дека Македонија е името
на најголемиот бегалски камп на Албанците
од последната Балканска војна.
Беше зборот за тоа
дека на новото копно
и без Кинезите, Шпанците
и нежните души словенски
има доволно испотени мишки
доволно ждригања и прдења
што сведочат дека с# полека се претвора
во еден голем прдеж
и во нов светски кошмар
и во царство на бездарници и тајни агенти.
Не е ни чудо
што луѓето добиваат херпеси по телото
што добиваат кучешка тенија
и други болештини
и не е чудно
што сите знаат зошто умираат
а никој не им кажува зошто, всушност, живеат?
Ете, дотука дотуркавме
мој адмирале
- да гледаме како Киклопот
ги голта непослушните џуџиња
и да гледаме како телевизиските сателити
го смируваат меѓународниот бес,
да читаме во весниците,
Кристофоре, адмирале,
дека интелектуални кретени
се на чело на новиот светски поредок
и пак со нив
да проектираме технички напредок
и пак со нив да го формираме
Акционерското друштво „Нов живот"
и пак да талкаме
низ подножјата на универзумот
гледајќи ја напред Пикасовата "Герника"
и пејсажите на Личеноски.

9.

Можеби тоа ќе да е причината
за олцкањето на Драган од Лихнида
твојот прв тобџија
Кристофоре, адмирале,
и тоа не олцкање како олцкање,
ами долго олцкање,
подолго и од најдолгата ноќ,
повековито и од најтемните векови,
поради што, како што е редот,
Драган од Лихнида
влезе во сите светски енциклопедии
и влезе уште во првото издание
на Гинисовата книга на рекорди
како апсолутен првак во долго олцкање
кој проолцка толку векови
- бре, што човек беше тој Драган од Лихнида,
бре, од каков род се беше испилил тој!
А беше висок маж со златна брада,
Драган од Лихнида како таков, значи,
беше редок изданок и во неговото племе
оти Македонците, главно, носат црни бради
- и кога штедат, и кога жалат,
а во поново време и кога се зачленуваат
во некои политички партии.
Кристофоре, ел адмирале,
голем должник ти беше Драган од Лихнида
а во неговиот род долговите не се забораваат
и секогаш се плаќаат со камата,
та затоа, можеби, толку долго
олцкаше тобџијата
отшто знаеше дека ти, Кристофоре,
го спаси од кладата во Саламанка
каде што Драган од Лихнида
беше прогласен за еретик и албигоец,
а на таквите им следуваше шпанска клада
- такви беа тогаш времињата, Кристофоре
и такви беа правилата на Светата Инквизиција.
На Драган од Лихнида првин не му беше јасно
кој ветар го довеа баш во Шпанија,
а потем не му беше јасно
и зошто пратениците на дедо Богомил
ги нарекуваат еретици.
А му стана јасно дека отсега па натамѕжу
поучени од неговата судбина
Македонците ќе ја заобиколуваат Саламанка
при секоја туристичка обиколка на Шпанија
а богами и цела Шпанија
- со изговор дека не се љубители
на борбите со бикови,
макар што беа љубители
на црно вино, црни жени и улави танци.
Од каде да знаат Македонците
кому и кога може да му текне
да ги прогласи за еретици!
Нејсе, Кристофоре, ел адмирале,
ти ги разбираше можностите
на вистинските еретици
и знаеше дека Драган наш од Лихнида
кога можел пеша да доталка до Саламанка
може и да плови, да плови
и да исплови на новото копно.
Не само да исплови,
ами и да остане таму,
да биде твој воен пратеник,
Кристофоре, ел адмирале,
да биде заповедник на Навидад,
и со топовите од „Санта Марија“
да ги варди покорни заробените Индијанци.
Арно ама, и меѓу Индијанците
да ти имало еретици
кои не им веруваа на твоите шарени лаги
Кристофоре, ел адмирале,
ем Индијанци, ем еретици, ем востаници,
ем поглавар си имаа
- имаа толку колку што треба
и воени бои на лицата
и воени извици во грлата
и смртоносен отров во стрелите
ама таман колку што треба
да сотрат се’ живо и диво
во твојата постојбина на новото копно
Кристофоре, ел адмирале,
при што само двајца твои пратеници
извлекоа живи глави на раменици,
а се разбира дека еден од нив беше
Драган од Лихнида.
Си спомнуваш,
Кристофоре, ел адмирале,
дека при твоето враќање во Америка
за Драган од Лихнида
ти расправаше лично Индијанецот Гуаканагари.
Тој Драган од Лихнида, ти велеше Индијанецот,
тој ми ти беше голем Аран
кој слегол од небото
со голем облак
врз големата солена вода
и ги потчинил на себе
богот на молњата и громот.
За човек кој ги потчинил боговите
и не беше некој келепур
своерачно да убие многу диви ѕверови,
велеше Индијанецот за Драган од Лихнида,
и додаваше дека сите бегале
и душа немале
од тојагата на Драган од Лихнида.
Нему после му падна жал за Индијанците
и душата му се свитка на половина
и не можеше да се најде чаре
за душата на Драган од Лихнида
ни во манастирот Свети Наум,
ни во Заум, ни во другите манастири,
ене го сега Драган од Лихнида
кајшто седи на пристаништето во Охрид
си пие ладна бира,
си ја потпевнува „Лихнида кајче веслаше“
и решава крстозборки во старите весници
- под три вертикално:
името на откривачот
на новиот светски поредок
и прв угнетувач на Индијанците.
Малите деца
на пристаништето во Охрид
не можеа да се изначудат
зошто севезден плаче
Драган од Лихнида.
Деца како деца
- пуштаа лотки од хартија во езерото
и мечтаеја еден ден, кога ќе пораснат,
да отпловат некаде многу далеку,
дури до Америка
и на нивните лотки
задолжително да се вее
македонското знаме.

10.

Научивме, најсетне,
Кристофоре,
научивме, наш адмирале,
дека големите промени
се случуваат тивко
и без големи таламбаси,
без громки најави на Си-ен-ен,
на "Слободна Европа"
и на "Гласот на Америка".
За големи промени,
горд адмирале,
не биле доволни само
големи сонувачи
кои не се откажуваат
до последната капка сон.
А ним не им се од полза
и големите собирачи
на страшни соништа
кои, како собирачи на старо железо,
севезден извикуваат
"Старо купувам,
стари соништа,
страшни соништа,
соништа со уплав,
ангелосани соништа,
како од хорор-филмовите,
старо, старо купувам!"
Стварноста понекогаш
ти била без боја и без мирис,
стварноста не признавала
бесмртност,
особено не признавала
лоша и попуста бесмртност.
Лозунгот на стварноста бил:
"сe што има почеток,
има и крај"
та така се разбра дека
постоел крај и на морето,
како што постои и крај на животот,
и дека некои лаѓи потонуваат
баш кога ќе стасаат до брегот.
Стварноста, адмирале,
не се пресува како
цветче за хербариум
стварноста напати
се распрснува како чиста светлина
а напати
срамежливо се подзаскрива
како млада месечина
и може да прилега,
Кристофоре, адмирале,
стварноста може да прилега
и на измолзена крава,
и на пресушена река
во која млитаво потскокнуваат жаби
чекајќи да се струполи небото
сосе темните поројни облаци.
Стварноста често
е хаотична, некогаш ептен хаотична
и тогаш владее хаос
и меѓу мртвите,
тогаш хаотично заклокотува
и славното минато,
а оптимизмот се преселува
во скривниците,
тогаш се умртвуваат шлеперите,
се скаменуваат возовите,
тогаш во канделабрите
нема сијалици,
а и ако има сијалици,
баш тогаш нема струја.
Ех, Кристофоре,
горд адмирале,
стварноста тогаш
личи на мрачен трем
и се вика општ чемер:
црни птици гракаат на јарболите,
црни претсказанија извикуваат трговците,
црна имела го опашува светот од сите страни.
Ене ги, шашардисани,
и поглаварите на племињата,
кајшто се обложуваат дека кога-тогаш
големото море ќе замрзне
и ќе престанат сите пловидби
и ќе се сопре секое ново откривање
на секој нов светски поредок,
чунки, не му го видовме аирот
на сегашниов поредок
во кој, ако е за божја правда и вистина,
ни ред ни поредок има.
Колку што одминуваат вековите
мугрите стануваат с# помагличави,
во очите на птиците
има с# повеќе зајдисонца,
а и ѕвездите над Барцелона
некако ја губат надежта.
И твојата свечена униформа,
горд адмирале,
скапува во нафталин,
како целиот век
што скапува во нафталин.
Никој не сака гризната пиперка
и износени алишта,
како што морепловците не сакаат
дртави моми во пристаништата.
Ти се познава колку си збунет
Кристофоре, адмирале,
и колку се напинаш
од пристаништето во Барцелона
да ја здогледаш Статуата на слободата во Њујорк,
само да и намигнеш и да и довикнеш:
"Извини, дадичке, баш ми е жал,
не сакав вака да испаднат работите
со моето откритие, арно ама,
има многу утнати морепловци
што откриле уште поутнати држави,
знаеш како е, с# тече, се се менува,
издржи уште малку,
само уште неколку века".
Уште си збунет,
Кристофоре, горд адмирале,
ама со сласт му плеснуваш една
на бездомникот што моча
во пристаништето во Барцелона
и се обидуваш да им објасниш
на оние кои те пулат од зад грб
да им објасниш каде се игра најдобра кошарка
каде се игра најдобар хокеј на мраз,
да им објасниш, адмирале,
дека одамна се скинати синџирите
црно робје на памучните плантажи во Луизиана,
дека останаа само во филмовите
пресметките на мафијата во Чикаго
и дека сега е туристичка атракција
клозетската шолја на Ал Капоне
во затворот во Алкатраз.
Сега црнци силуваат белци
по затворите во Америка,
сега се ептен проретчени
шумите од секвои
и нема Каролински чавки ни за лек
сега гракаат некои други чавки
ама тие немаат ни клунови, ни пердуви
сега и мувите во Америка
се зашеметени од горештините
и не ги облетуваат веќе гозбите
со печени мисирки
полни со суво грозје, ореви и костени.
Кристофоре, адмирале,
сега сe е веќе минато
- и немоќта на морските ангели,
и бомбардирањата на Ханој и на Белград,
и сите детски џимкања во сонот.
Во Ханој, адмирале,
немаше графити,
но во Белград многу се шаркаше по ѕидовите
па едно утро, адмирале,
и тебе ти срочија ѕиден поздрав:
"Колумбо, мамичето твое љубопитно!"
Тоа време во Белград
полесно се влегуваше во историјата
отколку во градски автобус
а на белграѓани им беше смачено
во историјата да влегуваат преку
јуначки битки во кои го извлекуваа
подебелиот крај на стапот
и се обидуваа од историјата
да направат подбишега
и од подбишегата да направат историја,
при што сосема обезвреднето изгледаше
бомбардерската доктрина
на новиот светски поредок:
„ако не си со мене, непријател си ми".
После се покажа, адмирале,
дека она што било умно
пред бомбардирањата
си останало умно,
а она што било лудо
станало уште полудо
додека она што било во средината
се приклонило кон лудата страна.
И уште се покажа, адмирале,
дека оние кои ги поддржувале умните
емигрирале, џенемија фатиле
и најсетне се покажа, адмирале,
дека во суштина
никој тука не се опаметил
а кога ќе се опамети
ич не се знае.
Туку, шуќур што уште на времето ти забранија
да пиеш бурбон, наш адмирале,
а не е лошо што во последно време
те мрзи да читаш весници
и да гледаш телевизија.
Имаше што да видиш!
Ти пак објаснуваше, адмирале,
устата пена дури не ти фати,
толку долго објаснуваше,
како ѓаволот кога немал работа
па ги малтретирал
љубопитните туристи во Барцелона.
При сe и сешто што објасни, адмирале,
остана неразјаснето
што ќе се случеше
со твојата „Санта Марија",
Кристофоре,
ако со морнарите на неа
потајум се качеше
и македонскиот револуционер
Павел Шатев кој имаше солидно искуство
во потопување гемии.
Колку смрт ќе имаше тогаш
во твојот бродски дневник,
Кристофоре, адмирале,
и колку споулавена од скорбут
ќе ти беше посадата?
Исто така,
останува неразјаснето
зошто токму под твојот паметник
на пристаништето во Барцелона
еден уличен веселник
севезден вика и вика:
не им верувајте на адмиралите,
не им давајте да си прават лаѓи
од нивните немирни сни,
нека си ги ладат нозете во леген,
нека згаснат сите светилници
на патот кон новите откритија!
Море, лично ти да не беше веселникот
што си тераше мајтап со адмиралите
на пристаништето во Барцелона
Кристофоре, машко мајкино?


"Колумбо го открива новиот светски поредок" е објавена во 2000. година.