Ситночекорка

sitnocekorka

Ситночекорка
(2012)


СИТНОЧЕКОРКА

СИТНОЧЕКОРКА

тукушто избањата
намирисана
и стокмена
ката утро
чекориш ситно
најситно
по улицата
на белите јорговани
на која впрочем
и и прилега подвижна
ангелисана убавина

а ќе влезеш во улицата
а ќе се подразбудат
и белите јорговани
и љубопитните дуќанџии
кои креваат поглед
од потпетица до шапка
и онака со празни усти
и жедни очи
одгатнуваат
дали кога чекориш
газиш врз времето
и колку време протекува
низ едно твое чекорче
ситно најситно

како гејзерска вила си
кога чекориш ситно
најситно
а уште и се думаш
како да ја пречекориш
убавата сина река
ама тоа да биде нежно
како да одиш на прсти
како да потскокнуваш
весело низ ежово поле
уште и да биде милозливо
како кога сонцето
ти се плетка во чекорот
и намерно легнува пред тебе
да го прескокнеш
ситно најситно
речиси балетански

откако ќе се види
дека тоа што чекориш ситно
не значи дека не можеш
да прескокнуваш
си го продолжуваш
ситночекорењето
кон плоштадите на неизвесноста
оставајќи невидливи лузни
во коцките на плочникот
и правејќи нов засек
во хоризонтот
окапан како овенато цвеќе

како вистинска
ситночекорка
знаеш дека колку поситно чекориш
толку подалеку ќе стасаш
знаеш дека и стварноста овенува
додека чекориш ситно
најситно
и дека дуќанџиите
кои севезден креваат поглед
знаат а сакаат да не знаат
дека секоја тага во чекорот
си има свое име и презиме.


БРАНОВИ

MOZART KUGELN

Дагмар и Иван Доровски
на хотелската тераса во Охрид



Најпрвин Дагмар скокна до хотелската соба
и донесе црвена шестоаголна кутија
на чијшто капак беше сликата на Моцарт
и полна со чоколадни бонбони
од кои сите си ги лижат прстите.
Потоа сè киниса како во мераклиска песна
што тивко тлееше како стопено чоколадо
и правеше меурчиња
од нови кафеави сеќавања.
Кога се сретиле
во влажните (од солзи ли, од дождец ли?)
поли на Моравија
неоти знаеле нешто
за заедничките денови
на Волфган и Констанца во Прага,
а не им биле и баш јасни
шепотењата за волшебната моќ
на абсинтот, згора и на аспарагусот.
Веднаш научиле
дека и со испукани и плускави раце
се прават нежни галежи
и на крајот на секој месец
во комбинатот на новиот живот
го освојувале преодното знаменце
за љубов и нежни галежи.
Работеле и пак работеле,
потем работеле и учеле
дење работеле ноќум учеле,
патем и штеделе
за уште една собичка
оти времето не чека
и треба да се мисли на пород
и на умножување на човеколикоста
во општеството со човечки лик.
Така велеа оние горе за општеството.
Во слободното време
тој ги распретувал корените
на роднокрајните детски соништа
а таа ги цртала цветовите
од кои ќе им прават венчиња на внучките.
Кога ќе фрлеа поглед кон сонцето
ќе им се пристореше
дека ноти потскокнуваат во виножитото
ама кај ќе им текнеше баш тогаш
на Моцарт и сомотските виенски валцери!?
Стуткани меѓу Виена и Прага
тие повеќе береа гајле како да дојдат
до кредит за колор телевизор
иако веќе им беше сосема извесно
дека телевизорите постојано најавуваат
само зла и несреќи и дека црно-белите
само се заменуваат со зла и несреќи во боја.
А им беше извесно и тоа дека сепак има
и безбојни зла и несреќи.
Напредуваа во науката и во работата,
добија и покомфорен стан,
плус си стокмија хатичка
во нејзиното родно место
- ене го кај е, половина час со автобус:
таму сега тој пишува на компјутер
а таа прави куклички со насмевки во погледите.
Една вечер во хатичката
многу им зажуборија соништата
- тогаш како да чуја
како звуците на роговите
повикуваат на нов лов
и тогаш како да го видоа Пушкин
како задишано го бара Салиери
на Венецијанскиот панаѓур
да му плесне една наопаку
пред да истрча
на оној банален двобој со Дантес
мислејќи наивно дека со една наопаку
се казнува отровната љубомора
а со димот од барутот
љубомората се претвора
во трескавична кашлица
којашто запира два метри подземи.
Од хотелската тераса во Охрид
сега го пулат езерото
неоти во неговите бранови
или можеби во ближните егејски бури
ќе најдат некоја капка
од тајната за смртта на Моцарт,
а можеби би одиграле
и една партија билијар
со пластичните бови во сите бои
наредени на езерската плажа.
Не дека не чуле за разочарувањата
на трагачите по белосветски тајни
ама сакаа лично од Моцарт
да чујат како сиве овие векови
го поднесува она што му се случува,
а пред тоа, како што е редот
да не се заборават кредитните картички
со кои некако најлесно се купуваат
тајните спакувани во црвени шестоаголна кутии
на чијшто капак е сликата на Моцарт
и со кои најубаво се облажува душата
додека се труцкаат
на задното седиште на автобусот
забревтан кон скривалиштето
на новите тајни.



МАТЕЈА МАТЕВСКИ ЈА ЦРТА УЛИЦАТА НА СТАРИОТ ЦВЕЌАР ВО ИСТАНБУЛ

На едно ливче хартија
позајмено од келнерот во кафулето Аквариус во Охрид
поетот Матеја Матевски
ја црта улицата Истерлик во Истанбул
која од Таксим води кон Галата Сарај
и од која, еве тука некаде, под лицејот,
се скршнува во Улицата на стариот цвеќар.
Колку што го боли раката, баш десната,
толку понастојчиво поетот ги повлекува линиите
небаре оттука, откај езерото од неговите песни,
ќе ја здогледаме некако родната му куќа
и ќе го почувствуваме опојниот мирис на шебојот од детството
баш во Улицата на стариот цвеќар во Истанбул.

Игра на судбината ли е, што ли е,
ама на еден поет навистина му прилега
да се роди баш во Улицата на стариот цвеќар,
како што и на улицата и личи да си има свој личен поет,
вардач на нејзините тајни и ишкач на заборавот.

Напати, баш како и сега, низ Улицата на стариот цвеќар во Истанбул,
удолу, кон морето, се спушта задумана тага
а од зад некој прозорец ќе пролета и нежен звук на виолина.
Во улицата на стариот цвеќар во Истанбул
сега врие од заитани бизнисмени со мобилни телефони
и изгубени туристи со мобилни фото-апарати
и со слушалки од вокмени во ушите.
Низ калдрмата, одвреме навреме,
ќе се стркала по некоја шеќердисана мисла
стрвна по уште троа шеќер-локум и шербет-кафе
и троа троичка сусамче и марципан од први мераци.

Напати, баш како и сега, од Улицата на стариот цвеќар во Истанбул,
се фрла директен поглед на Параходот ми пристигна,
сосе очите расплачени и устето насмеано,
и баш тогаш повеќето цвеќиња молкум земаат починка
до новото распупување коешто мигум ќе втаса,
со секое вселување на нови спомени во старите куќи.
Во Улицата на стариот цвеќар во Истанбул
сега се стискаат тајни шеп-шеп шепотари
и јавни вревачи по фудбалските натпревари
- жив доказ дека сегашноста сепак му завидува на минатото,
тука, каде што некогаш сетики врвел и Јане Сандански,
со очила за сонце и со џепен саат закачен за реверот со сребрено синџирче,
а зад него, се разбира, врвеле и тајни агенти
кои му ставале сопки на времето кога ќе подзабрзало.

Напати, баш како и сега, на Улицата на стариот цвеќар во Истанбул,
се прави трампа на стари фотографии и пожолтени сни
и педантно се сортираат сите биле-поминале гушки.
Во Улицата на стариот цвеќар во Истанбул
сега само се младее и се токмат каранфили за нови уриети
- минувачите земаат здив пред новото забрзување на времето:
малку им е од минатото па да му ја мислат уште и на иднината!

Поетот Матеја Матевски во занес ја црта мапата
со улицата на својот прв детски плач во Истанбул
и со повлекувањето на секоја нова линија
сал туку се допрашува: само во песните ли бива
на Босфорот да е подножјето ем на Бистра Планина, ем на Андите?



ЗЕЛКИ ОД СПОЕМНИТЕ НА ПРОФЕСОРОТ ГЕОРГИ СТАРДЕЛОВ СЕ ТРКАЛААТ ПО БАЛКАНСКА УЛИЦА ВО БЕЛГРАД

На професорот Георги Старделов, тогаш белградски студент,
денес, 58 години по случката, уште не му е јасно
како купиштата роднокрајни зелки
што ги беше растоварал на Бајлониевото пазарче
наеднаш се најдоа на врв Балканска улица кај хотелот Москва
(а така беше било пишано: Москва секогаш да е на врвот)
и почнаа да се тркалаат удолу, како кога пред очи
ви бега голеиот сон, оној најубавиот, од детството.
И се тркалаа удолу зелки, зелки, едночудо зелки
- зелени зелки, оти тие и во сеќавањата не си ја менуваат бојата,
се тркалаа удолу зелки, зелки, недобројни зелки
- сочни зелки, оти соковите од младините никогаш не пресушуваат,
се тркалаа севезден саде зелки
- јужни зелки, набабрени од детски галежи и мечтаења,
збрлавено итаа прудолу млади зелки, ненагодени и ненаносени.
Сека зелка си се тркалаше кон сопствената вистина:
една се потсмевнуваше предизвикувачки,
друга намигнуваше заводнички,
трета не знаеше што сака и сал туку се удираше во другите зелки
и им откинуваше по некој лист од судбината
- да ги штрекне, море и асолно да ги здоболи
а и да им даде на знаење дека и на удолниците
правилата пак ги одредуваат најсилните.

Зелки, зелки, зелено светликави зелки
се тркалаа удолу по Балканска улица
и радосно им одмавнуваа на вчудоневидените госпоѓи
кои секогаш се радуваат кога нешто се тркала удолу
и кои никогаш нема да ја разберат приказната
за гладната кокошка која сонувала просо
како што никогаш нема да запаметат
кои алишта се перат на 30, а кои на 60 степени.
Што е за право, и Хајдегер, кој во еден дуќан си купуваше нов качкет,
не знаеше на колку степени се перат алиштата.
Хајдегер не ја разбираше баш оваа луда трка на зелките,
не знаеше колку време сака зелената зелка да стане кисела зелка, расол
и како што не беше сигурен дали новиот качкет му е тамам
така и шепотејќи сам си се прашуваше дали навистина
секое мисловно мислење е поезија
и секоја поезија е мислење?
Сам се прашуваше, сам си одговараше,
отшто немаше поачик од него за такви прашања
иако имаше цела сурија кои се разбираат во зелки.
А сите што барем малку се одбираат во зелки
знаат дека зелките немаат нозе
а и чуму им се нозе на зелките
кога умот е во главата а не во нозете,
а од главата се стркалуваат и се истураат во јавето
и сите тукушто зачнати и тукушто отсонувани соништа.
Во главата се и очите, често крупно насолзени.

Дури долу, на крајот на остарената Балканска улица
станува совршено јасно дека тркалањето на зелките
е чисто уметничко дело и дека не е баш случајно
што тука долги времиња стои една џиновска каца со расол.
Околу кацата се киселеа истрошени мисли
се врткаа и кучиња што веќе папсале од лаење
а тук-там ќе се припојавеше и по некоја баба со сукало
- време било за зелник, време било сите да викаат дум Павле, дум.
Баш под чепурот на кацата беше крснозе седнат Бенедето Кроче
- обул гумени чизми и навлекол пластични ракавици
и со часови веќе се мачеше да им објасни на насобраните луѓе
дека на дното на кацата се ставаат најголемите бабачки зелки
и дека на врвот на пирамидата секогаш се најмалите зелчиња
(најмалите – најубавите, како што одамна беше било се рекло).
Дотогаш Кроче се немаше напиено расолница ниту беше каснал сарма
и допрва се токмеше да ја одгатнува душата на јужните зелки
која пргаво капеше од чепурот на џиновската каца со расол,
една рана зима, пред 58 години, на дното на Балканска улица во Белград.



НЕПРСКАНИ И НЕЦРВЛИВИ ЈАБОЛКА

Сека година
кога ќе стивне туристичкиот џагор во Охрид
мојот стар пријател Видое Видически
ми подарува тукушто набрани јаболка
- непрскани и нецрвливи, како од бога дадени.

Кога ќе се вратев дома
натоварен со непрскани и нецврливи јаболка
заитував во детството
и ги редев јаболката на стариот креденец
- според руменилото ги редев,
па според ласнатоста ги прередував,
како што сега ги прередувам
илузиите од детството.

Ги гледав јаболката
непрскани и нецрвливи
и како во огледало си ја гледав радоста на погледот:
се насладував на многу бои, вкусови и миризби.
Пред очи напати ми пролетуваа драми со изминат рок.
Лелекањата секогаш остануваа во мода,
а со годините му се креваше и цената на заборавот.

Ги гледав јаболката,
го пулев и јаболкарот:
вистинољубив,
секогаш гордо исправен
иако со многу горчина на плеќи
- колку гризнувања на јаболката
толку горчини на плеќи,
колку горчини на плеќи
толку поблаги јаболка
и троа повеќе препознавања
на стари и нови преправања.

По стрмнината кај градината
уште се тркалаат тајни
и јаболкарот до една ги споделува
со животната сопатничка
која со добра мисла му го варди грбот.
Обајцата до совршенство го знаат
вкусот на непрсканите и нецрвливите јаболка
како што знаат дека на уметникот
му е најважна подршката од семејството
со којашто јаболкарот никогаш не бил скуден.
Во името на сето тоа
и во името на новите изгрејсонца
мојот стар пријател Видое Видически
и годинава ќе сврти по едно танго
со секоја јаболкница посебно
и скришем ќе и намигне на китката еделвајс
што се напиња да расцути самотно,
онаму горе, на високата планина.



ДОКТОР КЕДЕВ СЛЕГУВА ОД ВРВОТ НА СВЕТОТ

Доктор Сашко Кедев слегува од врвот на светот
малку подизгорен од блиската средба со сонцето
и троа помудар од визитата кај боговите.
Си ја носи прудолу и уморната насмевка
и самиот не е начисто дали така ги гали саканите
или им отпоздравува на скептиците и циниците.

Зад него врвот си останува кајшто си е
да мами нови љубители на раритетни фотографии
со државни знамиња.
Облаците исчезнуваат,
мечтите продолжуваат да лебдат
и тивко да потпевнуваат колку е убав овој свет.

Доктор Сашко Кедев слегува од врвот на светот
како жив доказ дека на храбриот му прилега и да е среќен
и да раздава потем од својата среќа.
Кога си на највисоко стануваш малкузборец
отшто знаеш дека и ѕвездите што си ги допрел се онемени
и отшто знаеш дека на високо сака да си буден сега
и да не ти тежат соништата на минатото и ужасите на иднината.

Малку го подболува сеќавањето,
како млечното запче пред татко му да го поведе
кон највисокиот рид во родниот град.
И тогаш, како и сега, имаше ломотари
кои пропаѓањето го прогласуваа за качување
и се качуваа сè погоре и погоре до облаците
натежнати од нивните илузии.
Таквите живееја во непрестајна иднина
и никогаш не одиграа барем една партија пинг понг
и не пробаа барем една десетка со кромид.

Доктор Сашко Кедев слегува од врвот на светот
вчудоневиден дека баш на врв свет
мртвото е живо како животинките во цртаните филмови:
знае дека во сите докторски книги пишува
дека луѓето во чија крв има помалку од 6 единици
концентрација на кислород
веќе кинисале на оној свет
ама од врв свет се слегува прудолу,
спокојно и со уморна насмевка,
се слегува директно во светот на чудата
само со 2,8 до 3,2 единици кислород во крвта.

Чекори внимателно доктор Сашко Кедев
како кога се влегува од една во друга празнина
откако ќе се почувствува моќта на возвишеното.
Ете, се правело куќа и над сонцето.
Сега останува да се одгатне
каде живее молскавицата од детството
и никако да не се заборави
дека на Шерпасот му требаат нови алишта.

Доктор Сашко Кедев слегува од врвот на светот
и не е сосема сигурен дали Мојсеј кога се симнувал од Синај
кој, се разбира, не му е ни до глуждови на врвот на светот,
сал туку мрморел и се допрашувал:
каква смисла има секое качување
кога неизоставно завршува со слегување?
Одговорот го знаат само тие што се искачиле,
под услов да го запаметиле среде разредениот воздух
и да не ја изопачуваат приказната за Сизиф.



ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ВОДСТВОТО

Откривањето на резултатот се случи меѓу два вселенски лета:
оној на кутрето Лајка и оној на Јуриј Гагарин
чијашто насмевка, да повторам, за навек ќе ми ја грее душата.
Како што за навек ќе ме облажува шеќерот посолен врз парчето леб
(хм, шеќер па посолен, така се рекло, не дека има солен шеќер!)
и задолжително испрскан со вода за да се залепи на лебот.
Тогаш во најстрога доверба првпат видов голи женски на црно-бели фотографии,
баш тогаш, кога некои од другарчињата ми се фалотеа
дека под процепите на дрвеното мовче во родниот град
и ги виделе гаќичките на строгата наставничка по математика.
Баналностите за шпртоносата симпатија во клупата пред мене
ќе ги оставиме за другпат, оти, нели, сета живеачкане е баш за во песна.
Шуќур што дотогаш беа преболени детските сипаници
па сега не морам да ви здодевам со нив и со други занесувања.


Водството со 2:0 се случи во громогласен амбиент,
кога цел свет му аплаудираше на Нил Амстронг кој стапна на месечината
(добро де, не баш цел свет,
оти имаше и такви кои мислеа дека е тоа холивудски трик,
дури имаше и такви кои тврдеа дека месечината воопшто не постои,
а и да постои – постои само во фантазијата на поетите).
Подоцна катаден се потврдуваше
дека секогаш има такви кои не веруваат во ништо,
па ни во тоа што самите го ломотат во градските озборувалници.
Ако си спомнувате, малку пред Амстронг да зачекори врз фантазијата на поетите,
студентите го тресеа цел свет – од Беркли до Берлин и Париз,
тадури и до Белград и Скопје (кај сите Турци таму и малиот Асан,
шашардисан како онаа жабата што кинисала по коњот да се потковува).
Што е за право, нас во Македонија
тогаш првпат не стресоа демонстрациите на Албанците во Тетово.
Ми се чини Македонците тогаш за првпат се покажаа
и како азган пеливани на Олимпијадата во Мексико
и тоа можеби нè поттикна со поголем занес да пееме мексикански песни
(кога веќе толку пееме странски песни, нека бидат мексикански,
иако некои од нив многу се жални, речиси како нашите,
како оние што пееле за Миле Поп Јорданов додека
оделе по велешките сокаци)
Пеевме тогаш, Мама Хуанита, Куку-руку кууууу Паломаааа,
цела ноќ пеевме а наутро ги сркавме првите чорби во Букет и Победа
и ги учевме првите уроци по брзо растење и пиење на вересија.

Хет-трикот е најважен во секое редење на головите и зголемување на водството.
И, како што прилега, водството од 3:0 беше, всушност,
раѓањето на син ми Горјан
кој на теренот истрча две години по мојата женачка
и по отслужувањето на редовниот рок во ЈНА
(први гардиски пешадиски полк, Белград, остав, не е гардиски,
а вам ви паднала честа да бидете први до Врховниот командант
Маршалот на Југославија Јосип Броз Тито).
Мнозина од вас знаат дека нема метро со кое да се измери
височината на татковската гордост од првороденецот која расте и ден-денес
барабар со нашата загриженост за економската криза и општите состојби.
Тоа беше и времето на нашите последни младински работни акции
коишто, којшто сака, си ги чува во саламура во качето
во кое се чуваат најубавите спомени, а јас многу сакам качиња полни спомени.
И колку што ќе се зголемува водството, повеќе ќе сакам спомени.

Со 4:0 поведов кога падна Берлинскиот ѕид
и кога насмевките повторно се вратија во главниот град на липите во светот.
Тогаш дојде новата ера на падот на империите,
сосе империите и на падот на илузиите,
во општото паѓање тогаш настрада и СФРЈ,
братска заедница на рамноправни народи и народности,
така и било пишано, и нам така ни било пишано
- да ни се смалува татковината а странството да ни биде ем големо
ем далечно, оти со пасоши без визи сегде е многу далеку.
Тоа беше и време на пребојување на светот од црвено во сино
или во црно, па и во ништо, само и само да не е црвено.
Тоа беше време, ејгиди, кога немаше кој да фати ни срп ни чекан,
кога немаше кој да викне и подвикне: смрт на фашизмот - слобода на народот!
Лека полека нè јавна Транзицијата и новите војводи голобради дузенџии,
кои и неродени знаеле колку лошо ни било до нивната појава.
Што да ви расправам за Транзицијата, при очи сте, гледате и сами,
барем кај нас таа си е вечна и не прортчува туку-така низ живеачката.

Младите петката често ја нарекуваат петарда
и можеби затоа се згоди да поведам со 5:0
баш кога убаво спука во Белград и во соседството ни
- бомби стрештеа, со осиромашен и збогатен ураниум, а не обични петарди.
Мојата генерација тогаш првпат виде во живо
што значело секоја ноќ да ти бучат авиони во сонот
и уште што значи да не ти се затвораат клепките
од неизвесноста на судбината на блиските пријатели во соседството.
Македонија тогаш стана голем бегалски камп
ама тоа, колку што се гледа од приложениот ни живот,
потоа воопшто не се есапеше при кројката на судбината.
На големите и големците им се може да ја забораваат судбината на малите.

Леле, колку се радувавме кога нашите ќе победеа со 5:0
ама ете, дојде време и водството се зголеми на 6:0.
Се разбира, се правам дека не го забележувам тоа
а потајум ги пребројувам сите пенали, корнери, аути,
сите фаули и испуштени стопроцентни шанси.
Натпреварот, како што гледате, продолжува,
опуштањето и млитавоста се дозволени при вакво водство,
а сетики не се земаат за големо зло и честите буричкања по сеќавањето
како минатото да е сегашност и како спомените да се за најаска,
а нам на Македонците, најголема најаска уште ни е меѓусебната пизма
и само таа не надживува сите нас.
Ние Македонците тешко додржуваме нешто над половина век,
нам и манастирите ни се пожарат туку така под облака,
отшто владиките се зафатени со галење на омрсените бради.
Надвор здодевно ромори дождец, теренот станува лизгав,
постои и реална опасност да се излеат септичките јами,
постојат и други опасности, колку да сакаш.
Кога ќе видиш, не е толку лош погледот со симнато очно перде
макар што утринава, среде сласта на шесте спрема нула,
малку ме разниша веста за насилството врз шеесетгодишна старица.
Се прашав: од кога тоа шесте спрема нула се есапат за старост,
се прашав со какво лепило се лепат годините пред да се прогласат за старост
се прашав кога, всушност, започнува вистинското тонење
во длабочините на новите брчки.
Природно е да се запрашаш
до кога ќе се зголемува водството
и кога ќе се прими првиот гол во овој натпревар во кој нема нерешено.
Прашања како прашања,
а ваму дошло време да се пека внук од школо да се чека.

3. октомври 2009.



БРАНОВИ

Во кафето „Аквариус” седиме речиси како во аквариум.
Езерото се размавтало и размавало
и капки од брановите што си ги кршат главите
од бетонот на крајбрежната тераса
удираат во прозорците и ни го замаглуваат видикот.

Баш се чудни и неразбирливи брановите:
ем знаат дека неизоставно ќе плеснат во брегот
и ќе се распрснат што и Господ не може да ги спои во две капки,
ем севезден одново се стројат во недобројни колони
и итаат, итаат токму кон брегот –
како да се на светско првенство во упорност и тврдоглавост.

На пристаништето галебите се збрале на купче
и еднаш на саат свечено гракнуваат
- да ги дослушне оној Посејдон од приказните
и да покаже дали е вистински заповедник
или измислен лик од приказните за мали и големи деца.
Ако е машко, нека го скроти езерото
бидејќи состојбата на галебите е критична:
колку поголеми се брановите, толку подлабоко се рибите
што се познава и по изгладнетите гракања на галебите.

Во самото пристаниште неколку кајчиња од силно лулеење
превртени со дното кон небото
како отруени риби што на езерската згорнина
понекогаш се превртени на плеќи а крлушките
им блескаат на сонцето како огледалца
со кои првовљубените си праќаат ишарети.
Крајбрежните трски или се покосени или се откорнати.


Небото го нема, поклопено е од облаци.
По заснежените планински врвови пасат оловни магли.
И хоризонтот се скрил и трепери
како глумец кога чека да се крене завесата
а таа како за инает не се крева.
Колку ли бури и дождови треба да поминат
и да му направат пат на сонцето?

Речиси ништо не е како што треба
- ни езерото, ни небото, ни планините, ни галебите.
А и ние испоседнати во кафето „Аквариус” како во аквариум:
едни шмркаат, други прегласно сркаат.
Тодорова сабота е. Сите го сонуваат сонцето
и потајум си се прашуваат и препрашуваат:
каква ли предупреда праќа размавтаното и размавано езеро?
Што ако утре во кафето „Аквариус” се бапне оној Тодор
и ако сите видат дека и не е баш толку долг
а и дека коските не му се остеопорозни?

ТРАНСИБИРСКАТА

ТРАНСИБИРСКАТА

во авионот од Виена до Токио


Така почнува секое летање со умот:
си се замислуваш, на младини, како машиновозач
на локомотивата која бревта ли, бревта
надмоќно низ сибирските тајги и ич нема гајле
дека може да се случи баш среде зима да снема јаглен
и да се вкочани на отворена пруга
како што капката се вкочанува на стреата
и станува мразулец пред да капне на тротоарот.
Е, тогаш дедо ви ќе се загрижи дека сте ги надлетале и облаците
и ќе рече дека е крајно време да ве одведе кај бајачката во соседството
- за неа сите знаат дека ептен ја бива за баење од уроци,
ама и од секакви летања со умот, нарочно над облаците.
Бае којшто бае, Трансибирската остана да ви лета
како црна птица во белината на сните,
како што ветрот ви остана единствен патоказ
напред, кон бистриот извор на детските мечти.

Потем следува сè што се збира во салдото на еден обичен живот
- некогашниот малечеок летач со умот
ќе подостари како и дрвјата во сибирските тајги
и на дедовата загриженост, а и на бајачката,
ќе си припомни баш кога
пилотот ќе соопшти дека она што се гледа
низ малото прозорско окно на авионот е Екатеринбург,
последната станица на возот на династијата Романови.
Авионот, како низ дупката на најголемиот геврек
од Гинисовата книга на белосветските рекорди
спокојно влегува во зоната на разбудените мечти
и си ја крепи небеската самотија, мека,
како душата на секој гладен крај Трансибирската
и нежна како надежта на детето кое одоздоле вика:
чичо, пушти летки, чичо, пушти летки!

Во Новосибирск не е ново ни прашањето
колку века треба да наполни еден град
па да не се есапи за нов како што впрочем и луѓето
не се есапат за новороденчиња кога ќе станат полнолетни.
Баш во мигов, пак, Краснојарск е домаќин
на тајната конференција на сибирските алхемичари
кои се договараат како, без никој да дознае,
да извезат црвена боја за фустанот на сопругата на американскиот претседател
за свечениот прием во Белата куќа во чест на кинескиот претседател,
отшто во белата куќа меѓу сите зналци и душкала
има и такви кои знаат дека џиш црвената
може да џишне на незгодни места, може да џишне мнозина,
а богами може да џишне и цели народи,
ако алхемичарите се вљубени во џишнувањето.
Братск не е многу далеку од Омск, каде што, нели,
пртстојувал другарот Тито кога џишнувал Сибир
и тука, во Братск, саде за братски делби зборат,
брат брата не ранел ама тешко кој го немал,
луѓето во Братск многу се слични на едни Балканци во изумирање
кои само за братство и единство и за други свечени песни
од старата татковина кога ќе се напијат си ги кинат грлата –
Републико мајко наша, од Вардара па до Триглава... Демек!

Баш кога ќе го почувствувате мирисот на лаванда
под мишките на стјуардесата
и пред да сркнете од црниот поцрн не може да биде руски чај,
среде Сијаните тресулајќи се капат во студените езера,
луѓе влегуваат тресулајќи излегуваат, тие и во сонот се тресат,
и на секоја арка пуштена низ Енисеј се тресат,
за истресени да стасаат до Артикот и отаде Артикот,
истресени луѓе, истресени мандала, истресени џепови, истресени сни,
колку истресени, трижпати повеќе со студена магла покриени,
оти личотата на Сијаните не била за распродажба на туѓинци.
Троа погоре бел тигар им го варди патот на црните номади
каде и да плукнеш ќе си најдеш алтани среде Алтајската Гора
и ако се палиш на народни ќе си ја викнеш Горо ле, горо зелена
оф леле, леле, и тука имало Хунзи играорци
и занесени, и однесени, што си мислат ако се пуштат по Об и Иртиш
и ако се бабачковци и ксметлии, директно до Белото Море ќе допливаат.

Спастрен човек првин си го спаструва сонот
- од студој, од џимкања, од говоранции и викања –
време е да се надува воздушното перниче, време е,
како не било време да се наметне ќебето и да се молчи, молчи
(малку ли се изназбори во соништата за Трансибирската)
кој молчи може да си најде алтанче од Алтајската Гора,
а има и реални шанси да го види Солжењицин
како се враќа дома, баш со Трансибирската.



СПРОТИ ВОДИЦИ

Големиот океански бран ме крена угоре
како што се креваат големите мераци
па ме тресна на дното
каде што неизоставно завршуваат големите надежи.
Од мало невнимание ептен се засркнав
кога големиот бран ми ја наполни устата
со разѕвездени брадавички.
Одвај го дочув шепотниот абер
дека само голем галеж ја отсркнува душата.
На крилјата на големиот бран преповторив
дека морето нема соседи и дека не се брои за грев
ако од големиот бран откорнеш во полза
на некое нежно бранче со кое си плачел заедно.
Големиот бран знае дека е зачнат од една капка
и дека секоја капка треба да се варди како античка убавина
пред налетот на големите светски жеги.
За пример на новите поколенија
големиот бран јавно го плесна по уста Јулие Цезар
и го оневозможи да р’чи
а неговите поданици барем една ноќ да бидат на раат
пред утре сите да запеат богојавленски песни
под пазувите на бранот набабрен од многу љубов.


Спроти Водици 2008-та,
крај Индискиот Океан во Перт



ПРЕРАМКА, БОЈА ЧОКОЛАДНА

Прерамката, боја чоколадна,
ти се гледаше на левото рамо.
Сека втора минута ти упорно ја покриваше
со фустанот и отпиваше голтка рујно вино.
Мене скокотот уште повеќе ме јадеше
и нестрпливо чекав фустанот да ти се лизне надолу
и пак да ти ја видам прерамката, боја чоколадна.
Откривањето и покривањето на прерамката
така се претворија во знаци на интерпункција
на разговорот што го водевме тоа пладне.

А убаво си муабетевме
за вкусот на француските вина
и за протестите на македонските лозари
отшто никој не им го откупува грозјето.
Не ја одминавме во муабетот
и млечната криза
(тогаш мене ми пролета низ глава
прашањето од што ќе се прават млечни чоколада
ако кризата потрае подолго
и баш тогаш ти се откри на левото рамо
прерамката, боја чоколадна),
скршивме и по некој лаф
за здравјето и доброто расположение
на нашите заеднички пријатели.
Заклучивме дека им е тешко на пријателте:
оние, вистинските, сè помалку ги има,
сè повеќе раздаваат од пријателствата
на дузини нови пријатели,
соочувајќи се со опасноста
еден ден и без да сетат да си ги потрошат
сите резерви пријателства.

Покрај нас минуваа
среќни мамички и татенца
туркајќи колички со мали бебенца
кои гукаа нешто што и самите не го разбираа.
Помина и еден човек
кој другему му објаснуваше
дека тукушто се враќа од масажа
(а на масажа, нели, одат само
оние од големото добро утро).
Од најблискиот звучник Арсен Дедиќ
потсетуваше дека некои работи
не им се кажуваат на сите,
дека некој треба да те чека
и писмата твои да ги прима.

Кога на левото рамо
ќе ти се откриеше прерамката, боја чоколадна,
јас почнував да си ја мерам среќата:
до каде ќе ми дофрли погледот
следејќи го патот на прерамката
(можеби малку и се лутев
што се уште не измислиле очила
со коишто само во вакви, специјални прилики,
ќе може да се фрли поглед под женскиот фустан
токму до кајшто врви прерамката).

Колку што почесто на левото рамо
ти се откриваше прерамката, боја чоколадна,
толку во воздухот што среќно си го делевме
се множеа нечитливи пораки:
среде ловостој, започнала новата сезона на ловот, на пример.
Некој веќе ми беше рекол
дека кој има многу, може да изгуби многу.
Баш кога наумив да разврзам
за вкусот на чоколадото,
видов колку нежно ја покриваш со фустанот
прерамката, боја чоколадна,
колку мераклиски ја отпиваш
последната голтка рујно вино
и молкнав збунето кога ми шепна:
другпат кога ќе изчезнеш, да оставиш порака.



НОВОГОДИШЕН КОНЦЕРТ

Секоја Нова година е исто:
уште неизлезени од големиот сон,
со глави стежнати од желби и вино,
со усти суви и жедни за расол и вода, водичка,
онакви – баш никакви: неизбричени и ненашминкани,
- на телевизија го гледаме традиционалниот концерт
на традиционалната Виенска филхармонија
и традиционалното ракоплескање во ритмот на Радетскиот марш
на богатите Арапи, Јапонци и богаташи од други џенемии
кои, инаку, се навикнати ним да им аплаудираат севезден.
Ним најтешко им паѓа што ждригањето е забрането
и во паузите меѓу два валцера на некој од Штраусовите
и што ептен се препознаваат преправањата
и вештачкиот занес од музиката и особено од ѕвонот на прапорците
што може да се слушне и при јавањето камили, на пример.
(Вистина: дали некој од Штраусовите јавал камила?)

Секоја Нова година е исто:
ни отпосле не ни е јасно дали го слушаме или го гледаме
традиционалниот Новогодишен концерт
на традиционалната Виенска филхармонија.
Кога ќе видиме, што ќе видиме:
секакви трговци со пропелери под брадите,
дебели мешишта во кои со крајни напори се одложува
свеченото кркорење на цревата.
Кога ќе чуеме, онака занесено и замижено,
што ќе чуеме:
едночудо посетители машки запнуваат
да го спорат тркалањето на сопствените тајни
и да ги спастрат под сенка музичките акорди.
Меѓу два Штраусови валцера
сме како меѓу два залака од евтин хамбургер или сендвич од туна
- никому не му е јасно како тоа меѓу два залака
може да летне и да се проживее цела една живеачка.

Никој не сака да признае дека
драмите, па и валцерите денес имаат намалено значење и вредност
- како издишана гумена топка среде сласта и страста на детската игра.
Никој веќе не дава ни пет пари за старите производители на тишина
од најблиското соседство на семејството Штраус.
На крајот, сите итаат да си ги покријат ќелавиците со хох-цилиндри
и да стасаат да плукнат од мостот пред да замрзне убавата сина река.
Пред Божик и зад Божик кај и да си,
оди на вечера со русокоса придружничка
за која однапред се знае дека е ненаситна тигрица
со тесна специјалност – черечење на сладникавите занеси.
И што е уште полошо, им ги полнела со свилени чаршафи
устите на сите што во знак на одмазда и 'рчеле
во ритмот на Радетскиот марш.

Секоја Нова година е исто:
на телевизија го гледаме традиционалниот концерт
на традиционалната Виенска филхармонија.
Забораваме дека имаме далечински управувач
и дека на вториот канал еден македонски романсиер
раскажува како се наоѓа среќен крај за својата книга.
Пред тоа малаксал демнејќи
колку валцери може да издржи мочниот меур на Сигмунд Фројд
пред да си ја дувне од Виена без да се збогува со своите сестри
и без точно да се утврди требен ли е толкав масраф
за едно обично ракоплескање во ритмот на Радетскиот марш.



НАСМЕВКАТА НА ГАГАРИН ИЛИ ВЕЧНОСТА ТРАЕ 108 МИНУТИ

Светот се испотепа да утврди
каква е
и колку трае вечноста.
Колку чадот од термоцентралите на јаглен
или колку сјајот на ѕвездите?
Од густиот чад
(индустријализација,
фабрикување на иднината)
не се дише
а ѕвездите лесно се допираат
само во песните.

Среде битката за вечноста
некој постави откачено прашање:
да не трае вечноста
колку една обична насмевка?
А на сите им беше јасно
дека кој последен се смее
- најслатко се смее.
Без оглед што некои насмевки
се наместени
а некои бргу исчезнуваат
како пудрото од лицата на нечесните.

Среде битката за вечноста
снегот почна да си ја менува
агрегатната состојба.
Тогаш во Пионерскиот дом
почнавме да се подготвуваме
за Првомајската парада
и веќе знаевме дека не е убаво
да се лаже ни за први април
оти тој што лаже и краде
и цел живот ќе има вошки
и ќе носи ѕиври.
Во моделарската секција
правевме дрвени авиончиња,
одвај им ги лепевме крилата со туткал.
Тогаш поднаучивме
дека секогаш е полесно да се рече
отколку да се испече.
Велеа: човекот не е птица.
Авионите се за летање,
а децата се за да викаат:
Чичооо, пушти летки!
Лет, лет буба маро...

Колку молњи
собира во скафандерот,
има ли молњата душа
и како се влегува
во душата на молњата?
Сетики со насмевка
- таа е кратка како молња,
но сеќавањето на неа е неминливо.
Од што може да се заклучи
дека вечноста може да трае
колку една молња
еквивалентна на една насмевка.

Пред да почне вечноста
задолжително треба
да се потсвирнува нешто на уста,
нешто од Дмитриј Шостакович,
на пример, онаа
дека татковината слуша,
татковината знае
кога децата пролетуваат
кон облаците.
А ќе да е и дека севезден
ги пребројува
црвените крвни зрнца.
Татковината, татковска насмевка.

Сто и осум минути
било од татковината
до вечноста
со попатно љубопитно допирање
на ѕвездите
и со никој да не види и да не чуе
дошепнување лично со Господ.
И насмевка,
баш при допирот на ѕвездите
- за да можат луѓето долу
да пресметуваат на првите дигитрони
колку благост збира
во една обична насмевка
за која се знае дека не се купува на пазар,
не се позајмува и не се краде,
туку само се подарува.

Насмевката
при допирот на ѕвездите
се огледува во големиот извор
и задолжително се слика
за првата серија
насмеани поштенски марки.
Просто да не ти се верува:
облетот на планетата го збира
во загадочната насмевка
која ќе угрева и угрева
се’ додека земјата
весело си се врти околу сонцето.



БРЕХТ, НА ПОЧЕТОКОТ НА ДВАЕСЕТ И ПРВИОТ ВЕК

На малите гробишта во Берлин
среде пладнина
се истура темна темнина
и тешко може да се утврди
ечат ли шепотат ли
тапаните.

И на патеките
меѓу гробовите
владее новиот сомнеж
во новиот ни век.
Впрочем, секој век
си има свои лудаци и питачи,
свои музиканти и поети:
колку пари толку музика,
колку ракија толку поезија.

На клупата
пред Берлинер ансамбле
еден старец сал туку повторува:
мајката му е да не умреш дома
ама и да не умреш од глад.
Глумиците се
да ги кутнеш првин в кревет
па отпосле да им објаснуваш
за радиусот на движење
на слободните мисли.

Над облаците нема ништо
- троа остатоци од
пишувањето на вистината
и се уште нездиплени магли од архивите
на Одборот за антиамериканска дејност
на Конгресот на САД од 1947.

Стварноста е разрока
ама сепак се менува
откако баш од стварноста
ќе научиме
дека невините немаат докази
и дека дебелогазите
многу рчат
и ноќум им се одмаздуваат
на нашите соништа.

На малите гробишта во Берлин
на почетокот на дваесет и првиот век
стварноста остро мириса
на формалин истечен
од старите тегли на историјата
која не престанува да се повторува.



ОГНОВИ

Никој во градот не знае да објасни
како се случи коледарските огнови од сусерка и од слама
да се заменат со асли клади од огревно дрво
околу кои, додека горат, а горат ли, горат
се играат ора и се приредуваат новокомпонирани гозби и веселби.

Во ноќта спроти коледе
сега покрај кладите од огревно дрво
се распламтуваат желбите на ороводците и играорците,
со топла ракија и варено вино се подгреваат стари неверства и нови мераци.
Домаќинките принесуваат секоја што има и колку има:
посни сармички, бело гравче, ситни колачиња.
Секоја расправа за сопствената тајна
на печењето на лебот со паричка која, се разбира,
треба да му се падне на најмалото дете или внуче.
(и покрај сите верувања, постарите одамна не се залажуваат со метални парички,
повеќе љубат нешто книжно да им шушка в раце).

Понастрана од другите
крај кладите од огревно дрво
се собираат и оние кои немаат со што да си ги стоплат домовите
и кои немаат со што да приготват празнична трпеза.
И тие имаат желби и мераци,
и тие знаат тајни за печење леб со паричка,
ама нивната судбина се вика полни очи – празни раце.
Вечерва ќе си ја стоплат душата покрај пламенот од илузии
а потем с< по старо: полни очи - празни раце,
студенило во домот, мразалник во душите
- нивните надежи пеплосале под кладите од огревно дрво,
станале гареж што им се гнезди и во сонот и во јавето.

Во ноќта спроти коледе
сега покрај кладите од огревно дрво
барем малку да им се потпрлеше совеста
на новокомпонираните веселници.
Ама не, тие ја заборавиле клетвата на баба
„Оган да те изгори!”
и се токмат зад ќошот во замрзнатата темнина
да ги начекаат и водата и воздухот
за уживанцијата да биде комплетна.
За таквите баба велеше дека не умираат дома
и дека кога тогаш ќе распишат и тендер
за изнаоѓање нов Џордано Бруно.


ГРНЕТО

ДЕВОЈКАТА НА ДОЖДОТ

Дождот истураше и биеше како илјада барабани
тоа септемвриско утро во Токио.
Непознатата девојка излезе пред мене
на станицата Ахикабара и заита кон Електронскиот град.
Гордо чекореше пред мене
и ми ги осветлуваше и денот, и душата.

Тукушто почнаа да ме облазуваат нежни трпки,
на првата крстосница
девојката тргна на една,
а јас морав на спротивна страна.
Кога се свртев да фрлам уште еден поглед
кон непознатата девојка,
на аголот го видов Драган Стојниќ:
сал туку си пееше нешто за своја душа
додека стрпливо чекаше да си купи нов мобилен телефон.



ОД ЧАША ВО ЧАША

Седиме
со шпанските пријатели
во бавчата на Старата Куќа
и си ја ладиме душата
раскажувајќи дамнешни преживеалици,
барајќи лоши стихови
во песните на некои наши колеги
или мајчосувајќи му ја мајката
на современиот тероризам
и верски фундаментализам.

Кога ми донесоа
уште една кригла студено пиво
твојата чаша веќе беше празна.
Полн веќе подостарени мераци
ја наведнав криглата
кон твојата празна чаша
и ти истурив троа студено пиво,
колку за здравица.

Од чаша во чаша
не е баш како од уста на уста
ама понекогаш може
да ги обнови старите воздишки
и да предизвика нови вртоглавици.
Понекогаш може и полошо,
може, на пример, да ти избега
некој убав збор за новата песна,
а може, не дај боже,
и да потонеш во една од небиднините
на нашиот напатен народ.

Потем,
колку што отпивавме од чашите
толку тие се полнеа,
сами од себе се полнеа –
ептен до врв.
Остана нејасно
дали во ова празнење и полнење на чашите
ти повеќе се разладуваше и оладуваше
или јас уште повеќе се дозагревав.

Сега
да го видам мајчиниот
што потсмешливо макар ќе зуцне
дека бурите во чашите
биле плод на фантазијата
на напиените поети.
А на бурите во временските прогнози
одвај ќе им поверува некој шутрак
тукушто излезен
од својата сува семка.



ЗБОРОВИ

Да не верува човек -
и од затворена уста
ти течат зборови
како од бистар кладенец:
виолина, насмевка, солза,
орев, пудинг, кафе,
грч, шепот, песна.
Ти течат, се разбира,
и други зборови
и сите тие си имаат свое
вистинско и изопачено значење,
сите зборови си имаат и своја убавина
и огледало пред кое се китат
бавно и гордо, буква по буква.

Едни зборови
веднаш потонуваат
на дното на сеќавањето,
други зборови
се препелкаат во виорите на стихијата,
трети зборови
се одмараат од преголема употреба.
Само гордите зборови
си ја удираат главата
во мостовите на времето
ама воопшто не се каат
што истекле од затворената уста.

Си мислат
ќе минат сите вртоглавици,
ќе дојде колце на тркалце
и пак ќе си се вратат
од каде што кинисале
само сега како порцулански заб,
петка горе десно.
Колку да се знае
дека нема река без враќање,
а и дека зборот на изворот си тежи.



ЛЕПЕЊЕ НА ГРНЕТО

При изработката на секое грне
на грнчарското колце
добиваат вртоглавица
историските предизвици и неправди.
Грнето првин се полни со празнина,
па се пече како мечта на августовското сонце,
па се полни со жешки тајни.
Од претерана жештина и мала невнимателност
се случува грнето да се скрши,
а не постои грнчар кој додека чиракувал
научил да е спокоен кога грнето ќе му се парчоса.
Сосе грнето му се крши и погледот и гласот,
му се кршат и зборовите, и сеќавањата, и иднината.
Кога ќе се скрши грнето
секој вистински грнчар знае
дека е најлесно да направи ново
ама и секој знае дека е
врвно прашање на грнчарската чест
да се залепи скршеното грне,
да му се зацелат раните
и пак да се направи нова празнина
која да се наполни со нови
не толку жешки тајни
и не толку блеснати соништа.
Лепењето на скршеното грне
отпрвин личи на лепење на светот
а отпосле се гледа, всушност,
дека е тоа само тврдоглаво спуштање
до коренот на новата зора.
Стрвен на секакви соништа
грнчарот може да набаса
на соништа што ја будат болката,
на соништа мемлосани од многу влага,
тадури и на соништа оболени од зломисла
и тешко нему ако се засркне од таквите соништа
- којзнае дали ќе успее некогаш
да го допре јавето сраснато во глината.
Најнакрај,
пред големата воздишка,
грнчарот сфаќа
дека додека го лепел грнето
бил почесен гостин во времето
во кое среќа е да имаш среќа
и кога никој не те гушка од среќа.
Уште пред се се скрши грнето
беше начул дека секое време си има свои безизлези
и дека многу труцкање врз лепливите тајни
не е баш препорачливо.
А што е за право,
беше начул дека секое досегање на погледот
до дното на залепеното грне
е треперливо влегување
во јатката на најубавиот збор.



ЉУБИ, ЉУБИ КОГА СИ ВО ЉУБЉАНА

љуби, љуби
кога си во љубљана
трипати љуби еднаш број
кога си на тромостовје
љуби на куб, љуби трипати на куб
љуби, љуби
шестпати по шест
љуби колку што можеш
да испиеш кригли пресно лашко
во гостилницата шестица
на улицата која до вчера се викаше титова
замижи машки
и љуби, љуби
кога се качуваш со лифтот
на врвот на неботичникот во центарот на градот
којшто мижи кога љуби
и кога ќе отвори очи
цел живот ќе игра мижитатара
љуби, љуби
кога си во љубљана
запни како кога се дава вештачко дишење
уста на уста
и ич не бери гајле
што те сметаат за заостанат во развојот
љуби, љуби
кога си во љубљана
и кога бараш ново скришно место за љубов
иако има многу корпи за отпадоци
ти сепак фрлај ги зрнцата од љубење по улиците
за да знаеш по кој пат да се вратиш
љуби, љуби
кога си во љубљана
овде никому не му е особено важно
каква боја мирис и вкус има љубењето
а не е во план и изградба на музеј
на модерното љубење
во кој ќе гори заборавено
а ѓоа вечно оганче
што ќе го подгрева здивот на засипнатите славеи
а штом ќе нема музеј
ќе нема ни модерни гатачки пред портите на музејот
кои низ дланка ќе ви буричкаат
низ иднината на љубењето
како надминато минато
љуби, љуби
кога си во љубљана
и ако цапнеш во некоја дупка
на млечниот пат по кој се пентраш до емона
речи си пу-пу машала
ќе си најдеш ново љубење
а на врвот на ридот секако ќе ги најдеш
прешерн и неговата јулија
како сркаат врел планински чај
и на љубопитните им шиткаат
бројаници од бакнежи и од мигови
колку мигови трижпати повеќе бакнежи
сите да ти велат ти да не веруваш
ама така се рекло и нека биде така
како што се рекло дека лично прешерн
излеан во бронза крај тромостовјето
севезден им врти грб на старите и штрби баби
тадури и и’ го плазел јазикот на тишината
како оној разбушавениот ајнштајн
кој си го изгорел јазикот
баш во хирошима и нагасаки
којзнае дали тоа го рекол баш ајнштајн
ама љубел не љубел времето си врви
љуби, љуби
кога си во љубљана
љуби без наситка
остај си малку време
да се сликаш пред магистратот
со лидија димковска и алеш мустар
кои рака под рака влегуваат
во мирисот на секое цвете
и растат, растат миризливо
љуби, љуби
кога си во љубљана
и да папсаш
утре пак ќе ти се љуби
љуби, љуби
кога си во љубљана
и имај на ум дека никој не знае
што носи утрешниот ден
и дали баш ќе биде нов ден ново љубење
љуби, љуби
кога си во љубљана
и не заборавај дека си на запад, во европа
каде што денешната работа
никогаш не се остава за утре.



МИ СЕ ВРАТИ

Ми се врати во сонот:
задумана месечарка што ја опчекорила месечината
и среде река си го лади последниот такт од танцот

Ми се врати во песната:
онемена песнопојка свечено истопорена
пред ливадата сета послана со јајца од препелици

Уште да му поверував на оној наш Калдерон
кој утрово пред трафиката за весниици
ме убедуваше дека животот е сон а понекогаш и песна.



НИТРА. СИЛАТА НА ЗБОРОТ

Влеговме во Нитра
како што се влегува свечено
во стара буква скриена во книга
со дрвени корици.
Од буквата скокнавме
во зборот на врвот на ридот.
Во манастирот на врвот на ридот
се шетавме од збор во збор
како низ темни монашки келии.
Во темнината понекогаш ќе набасавме
на лесно расиплива вистина.
Темнината како темнина:
те успива а не ти дава да заспиеш.
Зад темнината ги видовме браќата
како прават плетенки од зборови
и им објаснуваат на учениците
како еден обичен словенски смртник
може најбрзо да се искачи до зборот
од зборот во најблискиот сон
и од најблискиот во најдалечниот сон.
На враќање од најдалечниот сон
редно е да се заметат скалите на времето.
А беше дошло такво време – никакво:
насекаде ечат фанфарите на силниците,
нови тендери за извоз на демократија
сè додека увозниците не сфатат
дека сила бога не прашува.
Зад темнината постариот брат дарува леб
а помладиот вино
и се разбираат со гладните без преведувач.
Кога ќе снемаат од лебот и виното
помладиот брат го прашува постариот
- до кога ќе трае епохата на словенските елегии?
До кога де?! – нервозно допрашува постариот
и го запечатува одговорот во шише.
Како и во секоја темнина,
се наоѓаа и неканети гости
кои крадеа од највкусните вина
за потоа да ги препродаваат на белосветските пазари.
Вино немерено пиеја неканетите
а зборовите ги одложуваа во ланскиот снег,
веќе ископнати од мрзеливото молчење.
Пијани ја славеа силата на мечот
и прикажуваа дека се грутки
сите кои го играат пајдушкото.
Зад темнината браќата бронзени гласници
им отпоздравуваат на новите зографи
и нагледно им покажуваат на сите
дека бронзата знае да дише.
Нема елгии што траат вечно,
нема ни темнина што трае вечно
а нема ни меч што може да пресече
каков и да е зборовен јазол,
рекоа подналутено браќата
и си го побараа спокојот назад.
Зарем не гледате колку им се потечени лицата
на оние што на телевизија севезден
ве лажат за силата на мечот?
Можеби затоа
кога слегувавме од ридот
од збор во збор прудолу
и кога од Нитра се упативме
кон нашите пасишта и езера
расклештени дека сме излегле од темнината
си ги скршивме нозете од препки.
Соседите ни се смееја
отшто сме им дале чудни прекари
и отшто ич не нè бивало
за вистинско проценување на луѓето
и на здивот на бронзата.

ТЕРЕЗИН

ДНЕВНАТА СВЕТЛИНА НА ИСТОРИЈАТА

Уште пред да дојдеме овде
знаевме дека минатото е такво какво што било
а иднината треба да се оттргне од канџите на опасноста

Среде полјаната на скршени крилја
студеше јасникот како прекор од минатото
како во некоја од песните на Бертолд Брехт

Тука спомените имаат тапија на неизбришливост
- запишани се во погледите на жртвите
и се читаат без ламба, на дневната светлина на историјата

При раноутринското триење на очите
некои спомени стануваат музикални
како вечниот шумол на јасиките крај Лаба

Се навиткуваат во мислите
музичките кутии од детството
преполнети со нечујна музика

Натежнува тишината
понекогаш како прв поглед на вљубените
понекогаш како проштална воздишка во темнината

Тишината речиси секогаш
е стартна линија на враќањето во себе
обележена со ронки горчина и надеж, надеж.



БЕЛА ЅВЕЗДА БЕЛО НАСМЕАНА

Над влезната порта
венче од детски солзи
му пркоси на законот на гравитацијата

среде бело венче
ѕвони бело ѕвонче
бели коњи со распавтани бели сни

и занданите имаат облик
- бела ѕвезда бело насмеана
со опашка од бела роза

бели галежи
на бела свила од првата ноќ
до последната бела виделина

бел садник од рози во срцето
- осаменоста ја скорива љубовта
гнетот го скорива гневот

бело варосани ѕидови
во нив светлината жртва заѕидана
врела голтка запрена среде суво грло

и смртта тука имала бела боја
и многу сакала да гушка
листиња од црвени рози.



СЕНКИТЕ ОД ВЕРДИЕВИОТ РЕКВИЕМ

кога крилјата се подготвени за летање
бргу се долетува до гнездото
на сопствената болка

од сопствената шака
си ја лижеш изгубената радост
и ја ишкаш смртта од струните на виолината

ноќни сенки излетуваат
од акордите на вердиевиот реквием
и им ги бришат челата на публиката

лачени ноти
скокаат низ историјата
и се потат во чевлите на диригентот

звуците на животот
како лилјаци се удираат
од ѕидовите на вечноста

од суво усте лушпе ореово
се разлева кон реката
вердиевата чаша вино

отаде реката
последна причесна и школки на суво
- на клапнатите музичари им намигнуваат.



КУФЕРОТ НА ХАНИЧКА БРАЈДОВА

додека ептен не се стемнило
редно е да се потроши уште некоја насмевка
и да се направи уште една пируета во бескрајот на детството

секако ќе има време
да се забрише и правта
од чевличките, малите бели чевлички

па сите срамежливи погледи
и палави мечтаења и сновиденија
да се стуткаат како алишта во куферот

има куфери што набабруваат од насмевки
пред за последен пат да застанат
на перонот на црната неизвесност

тринаесетгодишната ханичка брадјова
тринаесет пати се закашлува пред да се качи
во возот кој има само последна станица

ханичка тринаесет пати
се сврте кон багремите кои од навика
чекаат нова пролет за расцутување

фрли поглед и на омиленото бело облаче
на кое гулабицата неуморно павташе
над седалото за недосмеани насмевки.



ЃОЛЧЕ ОД СЕСТРИНСКИ СОЛЗИ

адолфина, паулина, марие и роза
- сал една би била вишок во драмата на чехов
а сите се отпишани од тефтерот на брат им зигмунд фројд

отла и кажува на адолфина
дека ги довеле во логорот во терезин
и дека е најдобро тука да останат што подолго

отла и кажува на адолфина
дека храната е еднолична, катаден супа од леќа
а попатно и спомнува дека има брат по име франц кафка

адолфина веќе почна во себе да го портретира кафка
мачејќи се во шеширот да му ја смести ергенската несреќа
- во бараката на трудниците несреќата има друго име

во предвечерјето на смртта
и без месечина јасно се гледа
дека црното млеко не е поетска измислица

под црно сонце во црна темница
четирите сестри на зигмунд фројд
спокојно го чекаат црниот воз кон невратот

рано в зори и не го забележаа брат им зигмунд
како нервозно се тртка лево-десно на перонот
пред да си ја испрска совеста во ѓолчето од сестрински солзи.



НЕМА ДОЖД, НИ ПО ДОЖДОТ СОНЦЕ

уште неразденето
сака да се црпи светлина
од бунарите на сеќавањето

и да се варди
да не се отпаси палецот на левата нога
од каменот расцутен од болка

утрата обично се зарипнати
но влажните јазли на животот
итро ползат до последните зраци светлина

за ужина лепче и малку путер
а заповедана е и по некоја насмевка
да и‘ се најде на смртта кога ќе дојде

багремите пред порта
се заблудени од средниот век:
градскиот воздух ослободувал

мотика не влегува
во леите на избавувањето
во кои се впиени само бивши радости

во највисоката школа на цинизмот:
трудот ослободува
и затоа нема дожд, за по дождот да дојде сонце.



БЛАГОСОСТОЈБА НА РЕВЕРС

потемкин несаден а никнат:
пекарите полни лебови, бонбони во продавниците,
привид што не се заборава – евреите ги уживаат сите права

сите имаат од потребното повеќе
згора и свират оркестри, пеат хорови
- додека да заврши посетата на црвениот крст

благосостојба на реверс
просто да ти завидат гостите
а потем се’ по старо, во фурните повтор бол да се пече

било што било, а што ќе биде не те прашаат
што си видел не си видел
и од отров како се прави слатко

параден марш на стрвни црви и волци
свечен танц на испотени надежи
божем смртта никогаш не им е наменета на невините

не запираат крадците на чисти души
и небото немоќно пред нив грчи рамена
колкав толкав животот за добивка се броел

туристичките водичи отпосле ќе раскажуваат
дека зад бодликавата жица
славејот севезден колва од радоста на победата.

ПЕРУАНА

ЛИМА: ПОГЛЕД ОД БАЛКОНОТ НА ПЛОШТАДОТ

Бескрајот се стуткал и си нашол место за отпочинна старинскиот балкон на жолтата зграда на
Plaza de Armas.
Оттука на сите четири страни
се простираат булеварите на босоногите и гладните:
децата уште не цапнати во школото на животот си играат куцкамен,
а утре како тупамароси, маоисти, фиделисти и геваристи
ќе продаваат визии за иднината спакувани во шеќерна волна.
Деца како деца: на едни севезден им течат лиги од добрина,
други веруваат дека среќата се извлекува со рибарски мрежи од океанот.
Во крчмата под балконот музичарите
по стопати им ја пеат на туристите Ел кондор паса
а локалните бунтовници покажуваат со погледот
кон тенкот пред претседателската палата,
шепотејќи ги пребројуваат коските во Сан Франциско
и веќе за утре го најавуваат формирањето на највисоката комисија
за испитување на потеклото на солзите и на тишината.
Оние во шарените куќички под огромниот крст на врв рид
и утринава пијат дождовница од сопствените солзи
- штоако се утрински, песните им се некако синкастобели,
како облаците над Андите.
Оние во шарените куќички под огромниот крст на врв рид
си веруваат ли, веруваат дека некоја заскитана пеперутка од Андите
само што не им слетала на левото рамо
да им донесе троа среќа, не мора една вреќа ами сал троа среќа,
а најсреќни се, се разбрира, тие кои уште од раѓање
ќе си се вгнездат во некој убав сон
и ним им заблазнуваат сите.
Единствено чистачот на чевли на
Plaza de Armas
знае дека секој тажен ден е бескрајно долг
и не се занесува со сјајот на новата епоха
отшто во секоја епоха имало и ќе има чистачи на чевли
и бескрајно долги денови на тага и на недоветен занес.
Понекогаш квечерум чистачот на чевли од
Plaza de Armas
седнат пред портата на својата розова куќичка под огромниот крст на врв рид
ќе фрли поглед на параглајдерите над Мирафлорес
- колку да им довикне на аздисаните туристи и авантуристи
дека сè што лета не е кондор,
ќе фрли поглед чистачот на чевли и кон сурферите кај Баранко
- колку да им довикне на јавачите врз сопствените мечти
дека баш во Баранко опирањето на застоеноста на живеачката
се правеше со вина, песни и убави жени,
а не со некакви пластични секачи на морските бранови.
Не му излегува од глава на чистачот на чевли на
Plaza de Armas
сликата на љубовниот занес на папагалите што утринава
ја виде во градината зад катедралата во центарот на Лима
(му дојде да ја запее онаа македонската: пилето ми пее рано насабајле,
ама не ги знаеше зборовите)
сетуку погледнуваше на евтиниот рачен часовник
од погледот му се цедеше ту меланхолија, ту нервоза
оти навистина не му беше јасно зошто денеска доцни
на редовното чистење чевли господинот Хозе Марио Педро Варгас Љоса
- сетики се сеќавате, тоа е оној господин со убав шешир и уште поубави очи,
оној што прв го виде лудакот на балконот со жалузини
над крчмата Катедрала во центарот на градот,
оној што се давеше во чича и папсуваше од
vals peruano
кога ќе почнеа веселите карневали во Лима која веќе ја нема.



КУСКО: МОЛКОТ НА КАМЕНАТА ПУМА

Обмолчен е Домот на боговите.
Под кулите на тврдината Саксауман во Куско
кога молчат, сите молчат на кечуа, главниот јазик на царството на Инките
и молкот на сите им е облечен во промена од слезова боја.
Вжарен, па испотен камен – тоа е историјата:
севезден да ги оплакуваш мртвите и пљачкосаното царство,
да гледаш како царството станува вазалство,
севезден на штрек да пречекуваш нови освојувачи
кои по цели ноќи на месечина низ шепотот испуштаат уплав
за оние кои не знаат дека на Инките убаво им стои да се вазали на сонцето,
а уште поубаво им стои да се измеќари во Храмот на сонцето.
Под кулите на тврдината Саксауман во Куско
уште се негува моќта да се верува
- да се верува, на пример, дека религијата и војната
всушност се лице и опачина на еден ист медал,
- и да се верува,уште, дека секоја победа е толку слатка
колку што секоја борба, уште не почната, е попуста.
Овде секој камен си ја носи својата мисла,
времето е нагрнато со камена кошула,
секој камен наследува камен, се крепи како камен
додека најсетне не папса од толку многу помнење.
А се помни, не дека не се помни,
дека кутриот војник Мансо де Легисамо една ноќ
под јасна месечина изгубил на коцка цел еден златен ѕид
од Храмот на Сонцето во Куско, што му бил доделен како воен плен.
Се помни, не дека не се помни,
дека на градскиот плоштад на времето
имало скулптури од чисто злато на сите билки и животни од крајот
и дека тие тешки таман колку што може да тежи златото
еден убав сончев ден колективно отпловиле преку којзнае колку мориња
да го пренесат сјајот на конквистадорите
на кои кога ќе се врателе дома мајките им викале: златни на мајка!
По плоштадите, крстосниците и ановите во Куско
се уште се моткаат патувачки светители престорени во продавачи на чај од кока
се уште се моткаат и поети кои си мислат дека баш тие се крадците на огнот
и на празникот Инти Рајми со огнот в очи
постојано се губат во шумата од незасадени строфи.
По плоштадите, крстосниците и ановите во Куско
понекогаш, ако подзагледате повнимателно,
ќе го видите и Че Гевара клекнат крај болните дечиња,
ако подзагледате уште повнимателно, Че навистина личи на еден Кускењо
макар што нему не му натежнува каменото помнење
туку е зафатен од друга болест, болест на столетијата
која што еден друг доктор по име Габриел Гарсија Маркес
ја беше нарекол – утописки сон.
Во Куско, додека молчи камената пума,
никогаш не запира производството на перуанска тага,
а никогаш не престанува и растресувањето
на старите страсти низ каменото сито.
Кој го знае јазикот на каменот
знае дека Куско ќе остане големо собиралиште на молкот на поколенијата
со многу исполегнати извичници и сал по некој исправен прашалник.



ЕЛ КОНДОР ПАСА: НАДЛЕТУВАЊЕ СО ВЕТРОТ

Никој не го допрел снегот на Андите
а пред тоа да не се праша –
налет на ветар или павтеж на кондор му го гали лицето.
И никој се уште не знае
колку ветрот го надветрува кондорот
а колку тој го надлетува ветрот.
Кога ќе се раскрили големата птица
тишината почнува да си ја пее својата песна:
откако ќе се раскусури со тишината
кондорот го бара она што никој не го нашол.
Распавтувајќи го ситното облаче
кондорот се потсетува на уката од пилиштарско време
- зад секое облаче се крие сончев ден
а само кога е убав сончев ден убаво и се гледа
дали долу има некој доброволец да биде кркнат за појадок.
Само кога е убав сончев ден убаво се слуша
и небескиот ѕвон – последниот отпоздрав на јагнето
со ѕвонче околу вратот коешто кондорот го повел
на куса прошетка низ вселената, од поблизу да ги види ѕвездите
пред да си ја изврши редовната утринска служба
научно наречена чешање на мешината
по спаструвањето на внатрешноста на телото.
Всушност, ѕвончето е звучен патоказ на главниот пат кон ѕвездите
а за патарината се знае кој ја наплаќа,
како што се знае кој има канџи и дека тие не му се за свирење клавир.
Со еден раскрил два планински врва спојува големата птица.
Тоа што го гледа, тоа го молчи –
не е како оние поднапиени музичари долу кои севзден
ја пеат само песната за кондорот, божем други песни нема во планинава
со коишто да им го штукнуваат умот на дојденците којзнае од каде
научно наречени туристи и авантуристи, а може и безделници.
Тие пак, научно наречени туристи и авантуристи, а може и безделници,
не се и неблагодарници: до бесвест и мавтаат на големата птица
која дури сега, на стари години,
ги научи сите да гледаат угоре и главите да ги држат кренати,
ги научи, исто така,
како се срка планински воздух од кафено лажиче
и како се распознаваат разредените звуци на харфа.
Сега сите тие, научно наречени туристи и авантуристи, а може и безделници
знаат и научно можат да докажат дека
кондорот непрестајно ја надлетува тишината,
сега сите нив баш ги боли таквото за центрланите вести,
сега сите тие се вдадени во пребројувањето на бакнежите
меѓу две замавнувања на крилата на кондорот.



АНДИТЕ: ПОВИСОКО ОД ЖИВОТОТ

Андите отсекогаш биле повисоко од животот.
Сонцето и месечината отсекогаш се бркале
меѓу големите облаци на Андите.
Големите облаци отсекогаш биле разнобојни
како фустаните од алпака, како постелата на Апу
од кого душа си немаат ни снежните заклони,
ни брзите реки кои се прават наглуви кога им велиш да запрат малку.
И некои ѕвезди се прават наглуви кога ги тераш да се симнат малку.
Ако набасаш на Светлата патека,
ќе си најдеш нежност на врвот – циметов цвет
и никогаш нема да страдаш од шеќер и холестерол
ниту ќе влечкаш на рамо товари претешка сета.
Како и да е, ќе чекориш во иднината
и дури ако некогаш ти текне да се вратиш
ќе ти текне и да се запрашаш колку киклопи збира
во една пазува на овие планини.
Сешто може да ти текне на враќање:
и дека владетел на планините е она страшило од птица,
плус змија звечарка и дива мачка,
кое што те посматра со ледените камени очи
уште од првата ти стапка по Светлата патека.
Не свртувај се наназад и не наведнувај се
да си ја врзиш врвката на цокулата, баш левата.
Ја гледај си ја иднината.
Корнењето млади компири, па и ољукоси, не е забрането
ако имаш на што да ги печеш.
Ако не, ќе имаш висок оган, стомачни грчеви и дрскосерица.
Белки не си заборавил дека живи компири се јадат
за да добиеш висока температура
и да отсуствуваш од писмената по математика.
Патот сам ти кажува дека понатаму не може ни човек, ни ѕвер.
Тогаш заборави ги сите приказни за детелината со четири листа.
Тогаш спомни си дека тука останале вековити воздишки.
Тогаш спомни си дека не се родил маж што да и се потсмева на Хуајко.
Ако си малку од малку среќлија, ќе се сликаш со некоја Викуња
и на сликата нема да личиш на суров ловџија
што си го истура бесот врз недолжни животинчиња.
Само ти насмевни се, тоа е добро и за сликање и за здравје.



МАЧУ ПИКЧУ: ДВА ВРВА ВО ЕДЕН ЗАПИР НА ЗДИВОТ

Се качуваме, се качуваме високо над стварноста.
Се качуваме, се качуваме, заведени од надстварноста
меѓу два врва во еден запир на здивот.
Отсега нема ни смешка, ни мрштење
кога некој поет во песната ќе ѕида камен на камен,
дури отаде сонцето и отаде месечината.
Шуќур што некој го барал Вилкабамба,
па набасал на Мачу Пикчу, до највисоката тајна на Инките
- да му се скамени среќата, да му се скамени компасот,
да му се скамени и кондорот, и сликата на планината,
да му се скаменат ќе да е и пехарите за вино,
да му се скамени и перницата да не може главата да ја пика во неа
па да му се потат соништата, баш најубавите,
да му се скамени и времето како врховен доказ
дека светот престорен во камен ниту старее ниту грдее.
И има зошто да се напернати овие планини
под вековна заштита и галеж
- дење на Богот на сонцето, ноќум на Богот на месечината.
Кога ќе им здодее камената тишина,
врвовите ги начучулуваат ушите
и ги наслушуваат во долината брзаците на Урубамба
- баш кога една снегулка од Андите се топи
во сеќавањата на една избраздена бабичка
која на железничката станица продава
шарени плетени капи и ракавици.
Двете планини се перчат и потајум си се прашуваат во себе
која прва ќе се престори во небесен конец
за да се оптегне од Сонцето до Месечината.
Зошто да не!? Ако не бива од камен, може да се сторат конец
и катадневните занеси на Дарвин Камачо Паредес
а и на другите туристички водичи на Мачу Пикчу.
Слегуваме, слегуваме долу во стварноста.
Слегуваме, слегуваме кајшто зад џбуновите веќе нема зајаци.
Меѓу два залака варена пченка
тренираме продолжен запир на здивот
и дури утре ќе забележиме дека сме испокасани од невидливи мушички.



МАЧУ ПИКЧУ: КАЧКЕТОТ НА ПАБЛО НЕРУДА

Еве, најпосле се качив,
за да се родам со тебе, брате.
Со свои очи, оперирани од перде,
трипати миени и шестпати протриени,
видов: мртвото кралство уште живее.
Камен ми влезе во зборот,
зборот ми се изгуби во каменот.
Видов камен во камен
- човекот останал во твојата песна.
Луѓе ли се, сенки ли се
- се тетереват од умор
и гледаат како каменот ја гмечи темнината
и како птиците во гнездата им чуваат на пилињата
троа светлина за утре, ако затреба.
Како кутре кога намирисува коска
итаме кон врвот и си мислиме
дека не се гледа колку весело ни вртат опашките.
Зад секој камен нова коска се намирисува,
нов вознес на стрвноста.
Кошничките за отпадоци
се преполни со остатоци од летото
и со вишоци од испотени воздишки.
Се качив и видов со свои очи:
секој камен си имал срце
и во срцето на секој камен
си имало молња, за секој случај.
Со молскавици се мерат и векови
и малечките божем безначајни умирања
и божем невидливи трепети на светулките.
Врз највисокиот камен го видов твојот качкет
- празнично знаме на вљубените
со преполни мрежички за пеперутки.
Ти мавтам, мавтам до бесвест ти мавтам
и баш ми е гајле што едно безбојно и безимено ветре
ми влегува право в коски
додека зјапам во твојот качкет
раѓајки се со тебе, брате.



ЛАМА: ПЕШ СО ОГДЕН НЕШ

Под врви Анди пасе лама
Пека тато, мека мама
Бела лама пасе сама
Црна лама уште посама

Пасе лама, клима глава
Росна тревка в меше клава
Пози мени, фотки, слава
Чифте фрла, сегде мава

Делник кротка, сиктер фама
Празник бесна, чалам дама
Алфа бета пиши гама
Узда мека в селска нама

Аздис лама прави драма
Од сребро сака мека слама
Да сркне само два-три грама
Козја завист да крене блама

Претка лама копа јама
Уплав најде древна кама
Доста чалам леле аман
Скраја крвој аман заман

Нејќе лама пиш пиш пиштако
Нејќе клања ни ни никако
Сака под врв Анди да е Огден Неш
Заедно да талкаат пеш и да играат шеш-беш.

КОЛУМБИАНА

БОГОТА: ТЕМНИНАТА НА ЅВЕЗДИТЕ

Авионот ја допре земјата токму кога дисплејот над седиштето
покажуваше дека сме на две илјади и шестотини метри надморска височина
и тоа беше уште еден знак дека сме живи и здрави поблизу до ѕвездите
а ние веќе си знаевме од домашните политички пароли дека и сонцето е ѕвезда.
Си знаевме, од прикажувањата на дедовците, дека страв лозје чува
па се здадовме на молчење, а и што друго би правеле
кога уште на аеродромот ќе ве пречекаат воени стражи
со пушки со многу долги цевки,
што друго би правеле кога исти такви пушки со исти такви цевки
ќе видите и пред хотелот и во хотелот
и кога рецепционерот пред да ве запише во книгата на гостите
ќе ве предупреди многу да внимавате и да не се оддалечувате многу
- никакви самотнички прошетки, романтики, зјапања во ѕвездите,
никакви ти реков-ми рече муабети со минувачите на улица
оти мигум можете да останете со полна уста и празни џепови.
Знаете де, тука е царството на кафето ама и на коката
а шиткачите на кока неумерено често милуваат да кокнуваат,
на илјада начини да кокнуваат, ептен им е бујна фантазијата за тоа.
А ако не сте знаеле бргу бргу ќе дознаете дека сте атерирале
во земја со ѓаволска географија, убава за око а тешка за живот.
Сè што знаете за сиромаштијата (сиромав човек жив ѓавол, парола снајди се)
во Богота се мултиплицира и веднаш ви е јасно
дека сте во метрополата на бездомниците
- Богота, град потпрен на ѕвездената светлина,
град во кој бездомниците се уплавосани од темнината на ѕвездите,
град во кој бездомниците секој божји самрак се уверуваат
дека нивните мечти не узреваат а дење балињата им се полни ѕвезди,
колку цел ден да се допрашуваат денските ѕвезди вистински ѕвезди ли се?
Ај да се допрашуваат, ама и севезден да ги пропагираат латинските поговорки:
се што имам со себе, ова бале со мало црвено веленце,
се наоѓа ноќум за зглавје на жешкиот асфалт,
ова пластично дволитарско шише од цоца-цола лигхт најдено пред контејнер,
штоако сум бездомник – знам дека гладен може, ама жеден не може.
Ако не верувате, немоќно додава човекот со бале преку рамо
и дволитарско шише од цоца-цола лигхт во другата рака,
прочепкајте низ животот ене на оној онде, Чарли Чаплин,
видете колку му е тажна насмевката на постерот пред влезот на кафулето,
во таа насмевка се стуткани сите наши мечти
што никако да узреат уште од пред да го гледаме Големиот диктатор.
Од Чаплин научивме, вели гаравиот човек со бале преку рамо
и дволитарско шише од цоца-цола лигхт во другата рака,
дека не сме го чуле Господ кога веќе нè плукнал на врвовите на надежта
убаво нè предупредил дека амбисот на себезалажувањето нема дно.
На ритките над балињата со неузреаните мечти на бездомниците
катаден трае збратимувањето со височините
од дворот на цркавата на врвот Монсерат, 3200 над морето,
ветрот разнесува отчукувања на срца –
вљубени срца, уморни срца, секакви срца,
тука, од врвот Монсерат во Богота севезден се разлетува
исчашената и искршената симетрија на живеењето
а во балињата на бездомниците трепери темнината на ѕвездите.



ЗИПАКУИРА: СОЛЕНАТА КАТЕДРАЛА

Господ знае што има подземи
во подземната солена катедрала во Зипакуира:
можеби индијански мумии, можеби конквистадорски мермери.
Насекаде во светот рударите живеат за да се уморат
а овде згора и да си ја посолуваат сопствената пот.
Рударите сега веќе ги нема,
ама како да ги има нивните сенки
кои во чекор ги следат посетителите
кои, пак, не знаат со која рака да се крстат
пред крстовите од сол во подземната катедрала
и пред засолените рани на Исус кога го влечеле на Голгота.
Саде темнина има во солената катедрала
- ни зрнце бела сол, ни капка бело солило,
во кое во селата или во рестораните надземи
се засолува говедското, на пример.
Слушам: секој што ја градел катедралата
сакал-нејќел се заплеткувал во сопствените корени
а тие биле цицел солени, од многу машка пот а и од женски солзи.
Гледам: сите што влегуваат во подземната катедрала
оставаат стопала во солта
како на Булеварот на славните во Холивуд
само што овој ќе се вика Подземен булевар
на солта, солените, посолените и пресолените.
Мнозина тука се фаќаат во расчекор,
мнозина сцицелуваат чекајќи го ѕвонот на соленото ѕвоно
оти, нели, катедрала без камбанарија и без ѕвоно не ја личи.
Само Господ знае што има подземи
во подземната солена катедрала во Зипакуира:
можеби солени јажиња за бесење, можеби гнезда на јалови птици.
Кога ќе излезат од подземната шетачка миса
сите гризаат јаболка – да си ги отсолат здивот и душата,
а потем во долината купуваат шарени китки, од оние за извоз,
- да си ја вратат миризбата на простосмртната живеачка.



КАРТАГЕНА ДЕ ИНДИАС: СМАРАГДНИТЕ ОЧИ НА КАРИБИТЕ

Ова не е таа Картагена од едноличните завршетоци
на говорите на славниот римски император.
Овде има само надничари изгорени од сонцето,
има и маски, и љубовни воздишки изгорени од сонцето,
има и камелеони изгорени од сонцето,
ама тие сами си пекаат по сонцето отшто исончани се поневидливи.
Кога Шпанците поминале низ најголемата сончева порта на Јужна Америка,
нашле Индијанци, Црнци и злато, купишта злато.
Потем доаѓале продуцентите од Холивуд
и тука ги снимале филмовите за Дејвид Крокет и пиратите.
На вистинските пирати никогаш не им стана јасно
зошто не ги сликаат нив туку некакви нежни глумци
кои не знаат да си ја врзат прописно ни црвената шамија на глава.
Вистинските пирати отпосле дознале дека се изгубиле во жанрот
- документарни филмови тогаш се снимаа само за славни научници
и за разни светски, а не за бродски арамии со монокли на очите.
Колку цркви, толку плоштади има Картагена де Индиас.
Колку плоштади, толку танчерски групи и трипати по толку пејачи.
Сите од лесно запаллив музички материјал,
танчерките и со газиња што отвораат младешки апетити,
сите со мирис на море во душите и сјај на емералди во погледите.
Се случува, понекогаш и ветрот да запее
- колку да ја прекине дремката на продавачите на сламени шешири,
продавачите на слики со мотиви од градот, но и на продавачите
на спомени што допрва треба да се случат во златниот залез на Карибите.
Кога се пее и се сонува на плоштадите во Картагена де Индиас,
џабе ти песната, ако не знаеш да сонуваш, сонуваш
- низ сонот полесно се разбира јавето на расно измешаните страдања,
а некако полесно е и протирањето низ проѕирноста на делникот.
Има денови кога и морето подзаплачува во Картагена де Индиас.
Плимата доаѓа и си заминува секој ден
- света обврска и е да му ги подзамива и разладува стопалата
на Сан Педро Клавер, апостолот на Црнците, робот на робовите,
кој сека недела ги дарува минувачите со бели каранфили
и им намигнува на мајките доилки со разголени цицки.



КУЌАТА НА МАРКЕС ВО КАРТАГЕНА: ПОРТАТА ЗАМАНДАЛЕНА, СТОПАНОТ ГО НЕМА

Портата е замандалена, стопанот го нема.
Стоиме пред куќата на Габриел Гарсија Маркес во Картагена де Индиас
и се обидуваме да измериме колку неговите сеќавања
се раздалеч од Аракатака и колку Маконда збира во едно белодробно крило?
Таму некаде, од онаа страна на морето,
Маркес можеби баш во овој момент се вратил од масажа
и се фрлил на последна анализа на проектот
за изградба на нова фабрика за производство на тишина во Макондо,
оти, како што се гледа, привршува епохата на буни и грмотевици.
А и кога е тишина поарно се спие и повеќе се сонува.
Можеби токму сега, од онаа страна на морето,
Габриел Гарсија Маркес беснее оти пак се покапал
лижејќи чоколаден сладолед
или го гризе остатокот од ноктот на левиот показалец
оти уводникот во Камбио воопшто не е по негов вкус,
а ако ги навикнеш луѓето да читаат лоши уводници
ќе ги навикнеш да читаат и лоши книги,
лошотилак ќе им се пикне и во мислите што значи и во животот.
Се разбира, и денеска е понеделник
на морскиот брег пред куќата на Маркес во Картагена де Индиас,
и денеска две петлиња се перчат и му плачат мајче на Хозе Буендија
башка и се занесуваат дека петлињата што ќе се најдат на морксиот брег
кога тогаш ќе станат галеби, гиздави и отмени,
кои во даден момент нема да ја пропуштат приликата
да му се посерат на немиената глава на Хозе Буендија.
Далеку на морската шир се лулее брод претоварен со очајници,
како нафтени дамки се распростираат скапии, болештии, несреќи.
Макар што не е баш јасно дали очајниците се на морската шир
или во некој од романите за почетокот на дваесет и првиот век,
Габриел Гарсија Маркес, кога би бил во дворот на куќата во Картагена
секако ќе им викнеше дека кој има многу ѕвезди и губи многу ѕвезди,
Гбриел Гарсија Маркес, малку омлитавен и многу задишан,
бездруго ќе си спомнеше и на неговите тажни курви,
ќе го отклучеше чекмеџето и со други сеќавања,
задолжително ќе излупеше една банана од плантажите кај Аракатака,
ех, од Аракатака, вака така до врвот на сопствената мака
- нема белки овој свет да стане мал крематориум на големи соништа.



ЛУИС КАРЛОС ЛОПЕЗ: РАЗГАЗЕНИТЕ ЧЕВЛИ НА ЉУБОВТА

На тврдината Сан Фелипе знамето се вее, си врват дните.
Под тврдината Запатос Виејос, чевли од бронза, со врвки од сеќавања:
паметник на поетот Луис Карлос Лопез,
кој Картагена де Индиас ја сакаше како своите стари разгазени чевли,
кој и жените ги сакаше како своите стари разгазени чевли.
Сите што доаѓаат на тврдината си заминуваат.
Остануваат бронзените чевли на поетот и врвките од сеќавања.
Остануваат берберите, таксистите, туристичките водичи
и сите други доброволни врзувачи на врвките од сеќавања.
Кога истураат есенски дождови, бронзените чевли се водени:
сите вклучуваат дождомери, а бронзените чевли остануваат љубомери.
Одвреме навреме некој ќе засвири на усна хармоника Хохнер.
На таква хармоника Луис Карлос Лопез ги свирел солзите на сиромасите.
А ќе се слушне усната хармоника,
ќе се слушне и свечен лаеж од градската кафилерија.
Поетот и градот – две сродни души, неиспразнети. Љубов за љубов.
Од дамнини се рекло: кој има удобни чевли, ќе си направи куќа од ѕвезди.
Другите ќе имаат плускавци на нозете,
а босоногите и онака кренале раце и од чевлите и од ѕвездите.
Луис Карлос Лопез дискретно си ја подгризнува устата:
та, не е лесно везден да си опкружен со луѓе.
Си ги пули врвките на разгазените чевли
- знае дека во далечините секогаш има магла.
А нема кој да не знае дека во Картагена де Индиас
чистачите на чевли се високо ценет еснаф.



ДЕЈЗИ: ДЕВОЈЧЕ СО ГОНДОЛИ ВО ПОГЛЕДОТ

Се викам Дејзи и многу се радувам што сте од Европа
- нè пречекува малолетното девојче кое ги опслужува гостите
во ресторанот Хуан дел Мар на плоштадот Санто Доминго во Картагена.
И на школо ни кажувале, ама и вака многу сум читала за Европа,
многу, многу го сакам Париз, ама севезден мечтаам за Венеција.
Ако сакате, можам да ви испеам нешто италијанско, во боја,
Гондоли гондола гондоли, Аривердерчи Рома, О соле мио,
знам и една песна за сребрената месечина што се дави во морето.
Знаете, јас знам да правам прекрасна салата од морски краставички,
а понекогаш ми се случуваат чудни работи –
вино да налевам, а чашите да остануваат празни,
уште неналеани испиени до дното на окото.
Понекогаш со голема лажица ги сркам ветувањата на боговите
и во тоа не гледам ништо лошо - секој има право да срка со секакви лажици,
секој има право во срканото да си го бара својот дел од рајот.
Понекогаш исто така ми се случува
да набасам на претоварена гондола на која, за жал,
нема место баш за моите сни.
Тогаш се враќам дома со букет од солзи, со боја на јоргован,
и фрлам по пат една по една, како во приказните за малите деца.
Утре – нов ден, нова нафака: на лаѓата за Венеција
ќе протнам некоја ведра песна, преку девет мориња
скришем ќе испратам и врзоп карипски насмевки
- само црна мачка да не ми го пресече патот
кога папсана се враќам дома и си мислам
дека навистина сум продавачка на синолички
на плоштадот Свети Марко во Венеција.



ТИНТО: ИМАЛ НЕМАЛ КИНТО

ако некој ти викне еј лафе
знај дека те вика на кафе
срк кафе за бате рафе
срк срк и за дада дафе

имал немал кинто
викни сега едно тинто
тинто не срк од финто
тоа знае секој пинто

в зори нејќе тинто минто
в зори сака кафе тинто
сака целуф вкус на линто
јазик жежок здив на тинто

додај млеко чоколадо
нека врие и пинтадо
сркни троа пред пикадо
после меркај нешто младо

тури млеко бре енрико
капка кафе дон перико
седни в кола тико тико
трк на кафе рико рико

кола цркна служба влече
цупкај голтај кафе кон лече
машко женско волче мече
душка гушка сал кон лече.

ВРАЌАЊЕ

КОГА СЕ ВРАЌАВ ОД ЈАПОНИЈА

1.

кога се враќав од јапонија
како да се враќав од кјото во токио:
од вековната тишина на златниот павилјон
во новата врвулица на електронските галежи;
од изворите за разладување на душите на боговите
во салоните за врел чај од разбревтани воздишки.

кога се враќав од кјото во токио
во возот шинкансен нозоми видов дечиња
како прават жерави од хартија
- крилјата да им се испрскани со суви мечти
и совреме да го пресретнат злокобното гракање
на вулканската мемла и збеснатото море.
дечињата си беа дечиња
ама веќе ја знаеја приказната за садако сасаки
нивна врсничка од оние времиња што се паметат по хирошима
она девојче садако сасаки
кое решило да свитка илјада книжни жерави
надевајќи се дека нејзе ќе и донесат здравје а на светот мир
она девојче садако сасаки
коешто смртта го запре на бројот 664
та жеравите останаа недосвиткани
како кошулата на ленка во песната
на македонскиот поет кочо рацин.

кога се враќав од кјото во токио
баш под гордата бела чалма на фуџи
одгатнав зошто возот шинкансен нозоми
се лепи на магнет и не прави тик-така тики-така
како што прават нашите возови удирајќи по шините,
тоа мора да е затоа што на дечињата им треба тишина
за кога ќе ги виткаат книжните жерави
да ја слушнат поубаво песната на славеите
од крошните на вечно расцутените цреши
и за да можат во тишината во себе да си посакаат
да пораснат што повеќе да пораснат
ако не бива баш колку фуџи
тогаш барем колку долгоногите жерави
(ова со долгоногоста, разбирливо,
особено им беше важно на девојчињата)
тогаш сосе дечињата кои виткаа книжни жерави
одгатнав и дека тишината е скришно место
на раат да си позбориш сам со себе
- ја да се помолиш за троа среќа и праведност,
да се помолиш и за мир во овие времиња на секакви предизвици,
ја да се заколниш на верност, чистота и побожност,
ја да посакаш убавина и љубов, убавина и љубов, љубов,
ја да истуриш некоја клетва за ѓоа новиот економски поредок
што носи само нови поскапувања на хартијата од која се прават жерави,
а може и некоја задоцнета клетва за наставничката по хемија
која се насладуваше кога ни ги теглеше ушите
и чијшто поглед жежеше како солна киселина.

кога се враќав од кјото во токио
цело време возот шинкансен нозоми
ни го надлетуваа книжни жерави
- ем не вардеа од многу замор, ем ни даруваа долговечност,
долговечност тадури и бесмртност
оригами, оригами на сите страни
некои жерави пролетале, некои се струполиле
а тебе ако ти чини, прави се дека не знаеш
колку заблуди на овој свет и век се стокмени од хартија.



2.

кога се враќав од јапонија
како да го видов змејот над сите змејови
како лази по улиците околу станицата синџуку
а што е за право ја видов и желката над сите желки
како летнала та прелетнала на запаленото небо
ај за змејови сме се изнаслушале и дома
од приказните на дедо марко цепенков
ама желки да летаат тоа беше малкуцка чудно
и прв доказ дека јапонските желки не се бабускери
ами створови кои со векови знаат
да си ги негуваат светоста и мистичноста
суштества кои под оклопите ладат векови
па потем си се однесуваат како желки во студена вода
желки севезден на работ на смрзнувачката
желки бијатлонки и желки стиплчезерки
желки без исклучок далдисани дека се ептен зенонки
понекогаш филозофски превртени на грб
(баш тогаш се претставуваат на латиница
мауремѕс јапоница, ако не знаевте, јапонска барска желка)
понекогаш удираат главечки в ѕид
како секоја просечна нинџа желка од цртаните филмови
а и како оние желки што си мислат дека се нинџи
само затоа што живеат во канализацијата
и ги повикуваат желките од сите земји
да ги кренат шахтите и да учествуваат
во големиот протестен марш на желките
па на плоштадите да заиграат желкино оро
а да свртат и по некој желкин рулет
паѓај сило и неправдо, си ги бараме правата желкини
ние сме угледни желки што носат среќа и радост
а не таму некакви капа мајмунолики демони
какви што има во јапонската митологија
- такви се, мајмунолики, ама итри и многу кркаат краставици и крв, крвца.

кога се враќав од јапонија
каде другаде ако не кај станицата синџуку во токио
налетав на гејши со црвени чевличиња и црвени чадорчиња
видов и збунети германци кои знаеја што им бараа на гејшите
ама не знаеја тоа да им го објаснат на јапонски
а и гејшите чешит гејши неоти не знаеја што им бараат
ама си беа задале пауза за дискретно мајтапење со збунетите германци
и нивната излишна цалензи бите наперченост
во улицата паралелна на улицата на црвените фенери
кај станицата синџуку во токио тој петок, да беше петок,
се собираа педери кои во јазикот на новото време
се именуваат како хомосексуалци
а нивните паради се именуваат како геј паради
и навистина чиста случајност е што токму во геј улицата
близу станицата синџуку во токио
имаше многу бездомни кучиња, мала парада на бездомни кучиња
кои никаде не брзаат а дишат испрекинато
и кога зјапаат во минувачите и кога се клецкаат, да простите
близу станицата синџуку се наоѓа градската куќа на токио
вообразена и вообличена како бетонски нотр дам
баш тука како да се разминав во врвулицата со професорот кензо танге
арно ама не стасав да го поздравам од пријателите од скопје
професорот кензо танге кому во токио сите му се поклонуваат
сигурно горчливо ќе се насмевнеше ако успеев да му го спомнам скопје
тој и онака севезден се смее, се смее и на легендата
дека токио и цела јапонија се создадени од божјата насмевка
и онака низ смеа професорот кензо танге кај станицата синџуку во токио
шутна една празна лименка од пиво
а знаеше дека го шутира испиеното минато
како што знаеше дека син му кокомо
кога тогаш во токио ќе сади нови јајца
и на врв јајце ќе се насладува со цедени насмевки
и ќе ја ишка секоја идна катастрофа
пред да удрат ѕвоната на бетонскиот нотр дам.



3.

кога се враќав од јапонија
такаречи пред тргнување
многу врнеше во токио
и од хотелската соба
се гледаа само чадори
како се движат по улиците
бели чадори црвени секакви чадори
скапи чадори и чадори за една употреба
под чадорите и по некоја гејша
исто така за една употреба
оти оние поскапите и за подолга употреба
таквите гејши не талкаат по улиците кога врне
таквите гејши ќе ги видиш како влегуваат во црни лимузини
црнооки и црнокоси гејши во црни лимузини
млитаво си ги спаструваат исечоците од минатата ноќ
и си ја негуваат потсушената кожа додека врне
а врнеше толку многу, иструраше
што не можев а да не се прашам
дали жак превер некогаш бил во токио

кога да врне во токио
како да удираат барабани од дожд
удираат едностојно тоа пак тоа
ра та та ра та та лева десна ра та та
додека удираат пладневните барабани од дожд
луѓето спокојно си ја сркаат супата од свежи перки од ајкула
и си ја дојадуваат салатата од морски плодови
во сезоната на дождовите многу се радуваат и оризовите полиња
макар што новите оризари тогаш
избегнуваат да фрлат поглед кон небото
и едноставно не сакаат некоја влажна ѕвезда
да им го замати погледот на светот
божем никој не знае дека оризарскиот поглед на светот
е претежно бел и нијансите тука немаат особено значеење
оризарите не се туристи па сал туку да мрморат тедо тедо
зборче со кое во јапонија се посакува убаво време
оризарите сакаат чист дожд долга љубов
а богами има и филозофи кои мислат
дека дождот ги прочистува мислите
тоа се оние чистомисленици крстени во дождовница

кога се враќав од јапонија
такаречи пред тргнување
навистина многу врнеше во токио
а нигде баричка во која од немајкаде да шлапнеш
па онака мераклиски да му отфикариш
и на градоначалникот едикојси и на господ едикојси
ниту некоја лимузина да ти ги испрска старите фармерки
па да го плеснеш возачот со некоја влажна ѕвезда
мамичето мамино негово море и на целата фела негова
а кога ќе размислиш и чуму толкава срдба на возачката фела
кога и без нивните флеки совеста на светот
ептен е исфлекана со црни флеки поцрни од гавран
чуму сиот пипер да им се истура на возачите
кога знаеме дека еден ден сите ќе се исподавиме во една капка вода
и само најсреќните ќе бидат лотоси
во езерцата околу царската палата во токио
во која како што се знае има двајца жители
плус сто градинари плус триста полицајци
плус петнаесет илјади дрвца во градините
но и тогаш пак ќе врне, ќе иструра во токио
и дождовницата пак силно ќе мириса на море
и пак сите макар престорени и во лотоси
ќе бидат задолжени за љубезност
некакви старци на кои и брчките им се љубезни
а и она детуле таму
пикнато во една обична капка дожд
што весело си потскокнува како јојо.



4.

кога се враќав од јапонија
не можев а да не кршнам малку од истокот понаисток
а понаисток се вика кјото
како што поназапад се вика токио
понаисток некако е потопло во просторот на насмевката
понаисток резниња тишина се лулеат на небото
а и сонцето е некако поинакво
наутро весело од изгревање
напладне клапнато бара сенка за отпочин
од толку многу изгревања
и од толку многу запнувања
на златниот и на сребрениот храм во кјото
секогаш да им се позајми повеќе блесок
да не би да се луѓосаат и да подгрбават
да зарѓават а да бидат уште живи како што им се случува
на мнозина кои и не забележуваат
дека одамна им се скинале пантолоните на времето
во кои се навреле којзнае кога којзнае како и којзнае зошто

пред храмовите на кјото
дурлат води отежнати од историски искушенија
дурли во водите без омекнувач меката душа на градот
во водите пред храмовите во кјото
птиците парадно се огледуваат
па потем не може да се изнагракаат од среќа
отшто во воденото огледало биле толку лични прелични
во водите прд храмовите на кјото
има и многу меурчиња од последниот здив на исчезнатите
има и меурчиња од празни зборови
има и удавени тешки зборови и не се знае какви тешки метали
од зовриените води пред храмовите на кјото
се прави најубав јапонски чај од јасмин на пример
кој се срка додека на телевизија врват најновите вести
а на врв вести ново биро за изгубени работи
и едночудо ослепени од толку зјапање во иднината
на дното на вестите празнина
како на дното на зеленото шише од изглоканата вода
макаршто вестите на телевизија секаде се есапат
како канти за полевање на заблудите

кога се враќав од јапонија
многу ќе згрешев ако не кршнев малку од исток понаисток
и ако не се поздравев со калиграфите
кои приклаваат секој колку што може
во ќуповите во кои се варди душата на градот
тие приклавај други отклавај
тие зелен спокој другите црн неспокој
и едните и другите петпари не даваат
кога се разминуваат со рикшаџиите
како со жива теглечка сила
за кои веќе нема сенки под искастрените гранки на старите дрва
а не им е ни предодредено да се пробијат до првите редови
од каде што најубаво се гледа најубавата кабуки танчерка
понекогаш на рикшаџиите им потекуваат од очи
глазирани зрна ориз
веќе наизуст ги научија говорите на сите
политички и еколошки митинзи
и ним како и на говорантите
отшто се толку дотерани како за на кадро
никој не им верува колку мака си теглат
за вечер да каснат едно обично ќофте
и да отсонуваат една голема топка сладолед од ванила.



5.

кога се враќав од јапонија
бездруго морав да си го замислам барем
митското гнездо сосе белата капа на судбината
на планината фуџи
оти кој не го видел врвот на фуџи
џабе акал толкав пат дотука
и оттука џабе ќе му биде до онаму
до која сакаш белосветска џенемија

и што сакаш и што не сакаш
ќе видиш ако се курдисаш на врвот на фуџи
исто како да пулиш од титов врв на шара
- ќе видиш како удолу се тркалаат зборови,
ќе видиш и шише во лет и талог на дното без капка вино
ќе видиш сетне и како снегот се претвора во топло вино аз’р за пиење
а пред да го изведеш прочуениот скок од себе во себе
што се изведува само еднаш и само на фуџи
ако убаво се стокмени сончевите зраци
може во далечината да го догледаш и црниот шешир на маргарет етвуд

во водата во подножјето на планината фуџи
за која не можеш да се кладиш
дали е истресок од океан или мочуриште во изградба
има многу превртени чамци
и многу желби се тетерават со трските и џбуновите
а емпириски е докажано дека кајшто има џбунови
има и траги од дрскосерица и слични стомачни болештини
зад џбуновите во кал до колена среде дождови и магли
збунети телали најавуваат суши суши и наситка за шуши
распродаваат суви пејсажи суви усти суви извори и суви очи
пред да почне сезоната на надојдените потоци од лажни надежи

кога се враќав од јапонија
набасав на некои стари песни
од плутониум или од збогатен ураниум
не ме фаќајте сега за збор и не правете се
дека вие баш совршено ја знаете разликата
до мене едно човече трепетлика
читаше во весниците како техничарите во нуклеарката
запинаат со песок да го запрат истекувањето на озрачената вода во пацификот
се измачи човечето трепетлика
да ме научи како на јапонски се пишува судбина
и како се јаде надежта вклештена меѓу две стапчиња
за оние кои јадат со вилушка нема репете
и таквите особено треба да внимаваат
на кога се бафтаат со озрачени песни
- да не би да им влетаат во метафорите
едноноги жерави и еднооки желки
оти од таквата глетка се здрвува вратот како од најтешка настинка
во песните од плутониум или од збогатен ураниум
пастрмките севезден играат брлив танц во рибниците на минатото
а луѓето крснозе се молат под белата капа на црната судбина
и си ги вардат ушите од фанфарите на иднината.



6.

кога се враќав од јапонија
уште еднаш се втурнав во метежот на акихабра
верувајќи дека уште еднаш ќе го сретнам ихиро огимура
и знаејќи дека од сите средби во туѓина
најнеизбежни се средбите со хероите од детството
имав ниет тука на перонот
меѓу заитаните во електронскиот град
да одиграме макар еден сет пинг понг
кога ќе сервира ихиро огимура секако ќе си спомне
на отвореното првенство на југославија во пинг понг
во скопје пред земјотресот
а сеирџиите и минувачите
нека се прашуваат и допрашуваат
колку пати се менуваат епохите
во вртежот на едно обично пингпонгарско топче
кога сервира ихиро огимура
никој не е начисто ни најдалдисаните
топчето дали е месечина или побелена планета
а ретко кој може да објасни
зошто згмеченото пингпонгарско топче
се исправа во зовриено лонче за чај
и пак станува тркалесто и скокливо
и пак со него потскокнуваат и сеќавањата
за кои се мислеше дека може само да се тетерават
низ маглата што се дипли како прилепски тутун
баш на станицата акихабра
баш на влезот во електронскиот град во токио

околу станицата акихабра
недобројни жонглери прават абракадабра
улиците севезден се полнат со нови очекувања
во чашите кока кола се топат чипови наместо коцки мраз
и кога дува студен ветар улиците севезден се полнат кај акихабра
се шушка дека студениот ветар
тука му влегува в коски на молчењето
значи молчењето е студено злато
како што понекогаш студи и бројаницата од детски тајни
како што им студи во сеќавањата
на ранетите во окинава
кои се мачат да научат наизуст нови песни
нови песни нови весници што би рекле македонците

кога се враќав од јапонија
сосе светилките се гаснеа и луѓето на станицата акихабра
пингпонгарското топче ноќум добиваше посебна белина
од едно стануваа две од две четири и се така на квадрат
недобројни и речиси нестварни бели топчиња
ја преплавија станицата акихабра во токио
ихиро огимура стутулен во чекалницата
ги ловеше топчињата како пеперутки
и ги прашуваше нешто за испарувањето на надежта
не можеше да здивне од толку многу топчиња
и толку многу испарени надежи
така и ми треба си велеше тогаш ихиро огимура
светскиот првак во пинг понг
кога наместо во слободното време да си го читам кавабата
се бавтам со белите вртежи на епохите
кои и онака кога тогаш ќе шлапнат
во некоја дупка полна жива вар.



7.

кога се враќав од јапонија
како да се враќав од иднината
каде што се во полн замав
курсевите по интерпункција
на изненадувањата
и каде што гравчето на леб се мачка
а не како кај нас што се крка со лажица
гравчето наше насушно
на леб се мачка јапонското гравче
музиката ти се топи в уво од малку стравче
и потем жежее, жеже како тазе чајче
додека не ги прежеже здодевните несреќници
кои ѓоа пресметуваат колку вистински солзи
има во езерцата на градината мохри
колку се оддалечува од себе човек
кога ќе почне да се враќа
во изгубеното детство.

општо е познато
дека во секое детство има
многу неиспилени јајца
и има стари зданија престорени
во вкочанета историја
во детството има и товари јаболка
нагризени од боговите
под што се подразбираат
и некои волнести батки
од најблиското соседство
а последно што се гледа
на хоризонтот на детството
е накривената капа на се што било
и се што ќе биде.

кога се враќав од јапонија
во едно бифе на аеродромот во токио
видов монаси со слушалки во ушите
слушаа нешто што ги правеше
мошне горди
и што ги тераше
уште повеќе да пијат варено вино
и да потскокнуваат и да скокаат од радост
како кога со едно ухнување
се’ што е старо ќе го ослободат
од прашина
како кога од чиста верност
маршираа низ вжарените полиња
на олимписките огнови
за кои се вели дека се
застарен ориентир
за секој оној кој макар еднаш
се изгубил во преводот
на цукији пазарот во токио,
на пример,
или пак за секој оној
кој се накркал презреана лубеница
па сега талка и стенка
барајќи јавен нужник
а на секого кој има таков зорт
барањето нужник му изгледа
долго, долго, бесконечно долго.

оние пак, кои го завршиле талкањето,
влегуваат во метрото
влегуваат како во олтар од длаборез
и уште неседнати
почнуваат да 'рчат,
'рчат во сите тонови,
мнозина басираат
ама има и такви кои фаќаат
високи октави,
заспаните 'рчат ли 'рчат
ама нема кој да ги чуе
отшто јапонија да ми ти била
земја на затворени прозорци
а јапонците да ми ти биле
луѓе со затнати уши
кои кога се будни во метрото
спокојно си читаат
додека сонародниците
им се дават од 'рчење
- ем си 'рчат, ем набрзина
каснуваат нешто во сонот
оти во кусиот сон има време и место
сал за една плескавица
(и тоа на месечина)
што во мекдоналдсите
се нарекува хамбургер.
ај што јадат плескавици
(и тоа на месечина)
некои од оние кои 'рчат
набрзина си наоѓаат тајно ќоше
и тука се љубат, љубат
дури метрото не застане
на последната станица
или дури акиро куросава
не ги потапка загадочно
по рамената
пред да почнат да се џимкаат во сонот.

кога се враќав од јапонија
како да видов едно врапче
како колва виртуелни цреши
не е за чудење, си реков,
што врапчето ми заличе
поголемо отшто може да биде
едно јапонско врапче,
не е за чудење, си реков,
што и луѓето тука
однатре се некако поголеми
и како такви, однатре поголеми,
однатре и знаат
дека ич не е праведно
хирошима да се римува со фукушима.