Светилничар

svetilnicar

Светилничар
(2013)


УЧИТЕЛОТ

БЛАЖЕ КОНЕСКИ СЕ ПРОБИВА
КОН ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА ВО СКОПЈЕ


катаден
на плоштадот македонија во скопје
доаѓаат нашинци
од јабани од туѓини
првин да си ги поткренат
погледите кон воинот на коњ
а потем да си ја поткренат
и добронадежноста
дека татковината
нема да заглави
во некоја од дупките на историјата
низ кои се протиња
тадури до антиката
тадури до олимпија
мајка му на александар
тадури до мајчина му мајчина
на непознатиот оган
кој веднаш ти ја џишнува мислата
и ти ја пеплосува
веќе спомнатата добронадеж.

катаден
на плоштадот македонија во скопје
грижите на нашинците
од јабани од туѓини
ја надвишуваат статуата
на воинот на коњ со големи мадиња
во кои одоздола севезден зјапа
цар самоил
и кој совршено го разбира
душегрижјето во секоја стапка
на нашинците од туѓини и од јабани
ама вака скаменет во бело
не може да им го фати ни чекорот
ниту може да им објасни
на нашинците од туѓини и од јабани
каде им е домата
и дали домата си има дереџе
на кое се струполува
кога толку запнува
да го оживее светот на мртвите
и со тоа автоматски да го умртви
светот на живите и на уште неродените

катаден
на плоштадот македонија во скопје
нашинците од јабани и од туѓини
сал се прашуваат
толку ли брзо може
да се расипува минатото
толку ли брзо може
да се ничкосуваат надежите
и да ни се расипуваат песните
и оние нашите стари
и оние на заборавените поети
чиишто соништа
се исчадени од кандилата
со кои наместо со рударски ламби
се слегува во окното
во кое ќе се исподавиме
во реки без вода
и нема ни да имаме време
да се изначудиме
кој шејтан стори
параходи да пристигнат
и во нашата најопеана река
која сека година се смалува
од сушите што ни ги
обесолзија о очите

катаден
на плоштадот македонија во скопје
нашинците од туѓини и од јабани
гледаат како се прават куќи
постари од времето
куќи без оџаци и олуци
куќи во кои севезден врне
а понекогаш истура страв
се истура и патриотизам
се иструраат и нервни болештини
и тврдоглавост се истура
завиткана во дупнати кеси
од сплескана принципиелност
ама она што најмногу ги вознемирува
нашинците од туѓини и од јабани
е од каде се стори таа поплава
на намргоденост и глувост
за гласот на народот
од каде се стори
и таа онеменост на народот
и каде се витосаа насмевките
од лицата на луѓето

катаден
на плоштадот македонија во скопје
нашинците од туѓини и од јабани
се препрашуваат дали добро
ги запаметиле уроците
за теоријата на хаосот
што ги учеле во туѓина во јабана
и се мачат да одгатнат
дали ако некому му влезе
пеперутка в глава
може да влијае и на текот
на историското време
дали баш на сите ни е судено
да се препелкаме
во калта на историјата
и да немаме каде да одиме

еден ден
на плоштадот макадонија во скопје
нашинците од јабани и од туѓини
ама и нашинците од оттука
среде шумата од споменици
како да го видоа блажета конески
како се пробива кон плоштадот
- татковино тука сум
како да извика блаже конески
а еве ја со мене и добронадежта
сосе тешкото прашање
како може да раздаваат душегрижност
оние кои немаат души
и кои градат куќи без оџаци и олуци?

ГЛУВА ДУПКА

ГЛУВА ДУПКА

на дуњава
има многу дупки:
дупки во времето
дупки на патиштата
(кон посветла иднина)
дупки во умот и помнењето
дупки во историјата
дупки на кофите
дупки во самите дупки.

во дупнатите дупки
секој глас мигум исчезнува
нема довикување, нема ехо
нема навивање за нашите
нема паради на гордоста
нема врескање во маалата
нема лелекања во градските населби
ги нема ни паролите
на пролетерите од сите земји
дупнатите дупки
се царство на глувотијата,
мавзолеј во изградба
на глувата глувотија

во глувите дупки
оглувуват деца
пред да вкусат кисела зелка
а старците веќе одамна оглувнати
го трпат неизбежниот пораз
што пред да пропаднат
во глувите дупки
им го претставуваа како живот
некои старци сакаат
да им пукне бојлерот
додека се тушираат
арно ама во глувите дупки
и бојлерите експлодираат глуво
и на тој начин го даваат
својот придонес
во размножувањето
на општата глувотија
во која старците загинуваат
од глуви експлозии.

се случува низ вековите
во глувите дупки
да пропаднат цели држави
цели народи сосе народности
ним во глуво време
им стојат сите часовници
им застанува и историјата
во став мирно
(парче историја се менува
за парче сегашнна стварност
со модерни апаратчиња за слушање)

чуда големи
се случуваат во глувите дупки
додека еден ден сите не научат
дека дрдорењето е минливо
и дека само глувотијата е вечна
а и таа понекогаш се претвора
во историја на глувоста
во која потонуваат
и уметничките дела
завиткани во глуви пердиња
од кои со текот на времето
глувоста станува и непроѕирна
та никој не може
ни да чуе ни да види
дека глувата дупка
не и глушечка дупка
и дека во глувата дупка
стеблата нечујно
згора и невидливо
се откорнуваат од корените
за најпосле да стане сосема јасно
дека кој сади глуви тикви
можеби ќе потпрднува
ама сигурно нема да може
ни да учествува
во борбата за национален опстанок,
на пример.



БЕЗ ДОЖД, БЕЗ СОНЦЕ

Според се уште важечките
правила на вљубените
тие се држат за раце
и љубопитно гледаат во небото
- да изврват, ако треба, еден порој,
а потем да примижуваат
од цончевите зраци.
Ако нема дожд, сонце ќе има ли?
Ако има дожд, што повеќе ќе наврне
- минатото или сегашноста?

Дождот не е метеоролошка појава,
како и сонцето што не е метеоролошка појава.
Во секоја капка дожд е збрана
една цела историја на музиката:
кога паѓа низ олуците
дождот е лимен оркестар
што им свири на уличните танчери.
Во секој сончев зрак е збрана
сета иднина на светлината:
на секое ќоше паѓа облога
дали бакнежот има сила
уште еднаш да ја превстаса иднината?
Од каква сорта да се бакнежите
за да се превстаса иднината?

Без дожд, без сонце
- се вртиме ли на вртелешката на злото?
Не помага многу држењето за раце
и новиот повик да се биде апсолутно модерен.
Слободата добива вртоглавица на плоштадите:
сакаш влези, сакаш излези од иднината.
Само, ако излезеш,
дали уште ќе ја распознаваш иднината?
Дали ќе знаеш во кое време си
ако сказалкита на часовникот
(сосе вртелешката) ти вртат наопаку?
Ако часовникот ти е расипан,
ти измолкнува ли времето од пред очи?

Не е исто да се клештиш
на дожд или на сонце.
Презирот на сончевата насмевка
е некако поинаков, не баш мајтапџиски.
Од наврнатите насмевки
може да се направи
тврдина на сеќавања и мечти.
Со сончевите копја
можат да се ископаат
извори на многу несреќи.

Според се уште важечките
правила на вљубените
тие се држат за раце
и зацапуваат во нивните
лични води на секојдневието.
Ѓоа не знаат дека
дождот е сеќавање
на времињата кога имало сонце.



ГОРИ МАКЕДОНИЈА

Крадец на крадец
ништо не му краде
и откога Прометеј
се истопори
во центарот на Скопје
(првин угул гол
потем со наметка на алтипатлакот)
и свика на бадијалџиската толпа:
аманте бре, луѓе,
за тоа ли толку се резилев
и го маткав оној зевс
додека му го дрпнав огнот на хефест
за тоа ли се мачев
да ве научам како се пали огнот
- за вие да ги распалите
сите шуми и гори македонски
сите до една опеани
во заборавените нарпдни песни
- колку огнови сте украле,
толку пожари да распалите.

небото над македонија
наеднаш стана матно
и исчадено како чаден свински бут
а кајшто небото е матно
и работите се матни
и луѓето стануваат матни:
под матно небо
тешко се наоѓа некој
за асолни нови планови.

се распали, гори македонија
можеби и отшто ги баталивме
утринските молитвени песни
отшто ги баталивме
и вечерните серенади
а додолските песни
ги избришавме од сеќавањата
од сите носачи на звук
(останаа само носачите на зло).
треба да се вардат
трудните жени
во времето на големите пожари
и да нема мајтапи
на сметка на додолките
- кога тогаш ќе се истурат дождови
ама луѓето во македонија
останаа без чадори
- странците многу сакаат
луѓе без чадори
а историски е потврдена
и нивната љубов
кон народите кои исчезнуваат.

кога има големи пожари
секое магаре во македонија
си мисли деке неговото рикање
најдалеку се слуша.
еден параглајдерист
си има стар обичај
одозгора да им ги слуша
мислите, а не рикањата на магарињата.
знаеше дека пламените јазици
нема да му лизнат во гордоста
ниту во гумираното платно
на параглајдерот,
ама не знаеше дека
мигум може да му се стутка платното
и да се урниса
како приказната за прометеј
(кај се видело бронзен параглајдерист)
кому никогаш нема
да му се разјасни
кој ѓавол го довлечка во скопје
а нема да му се разјасни
ни табиетот на македонците
од секој оган да прават големи пожари.



КЛИНИЧКИТЕ ПАТЕКИ НА ЛОЗАРОТ
ОД НЕГОТИНО


Лозарот од Неготино,
испечен од тиквешкото сонце,
избрчкан од мислата како да
врзи крај со кај во месецот
и веќе подгрбавен од наведнувањето
кон секое грозде,
овој лозар од Неготино, значи,
никогаш нема да разбере
што значат Клиничките патеки
што ги воведе власта
во лекувањето на обичните луѓе.
Го праќаа од доктор на доктор,
го маткаа од врата до врата,
среде лето му закажуваа прегледи
за наесен, на грозјебрање,
оти сите термини биле зафатени.
Имаат ли души докторите,
кога веќе немаат термини,
за да сетат како венее и папсува
- се прашуваше лозарот од Неготино
меѓу две остри болки
во стомакот, а поначесто и среде гради.
Од лозарското искуство тој знаеше
дека црните птици секогаш се гладни.
Тоа утро кога не се смилуваа
ами преку врска го примија в болница,
тоа утро му студеше на лозарот,
а немаше топли чорапи,
тоа утро лозарот од Неготино
потајум и во себе се прашуваше
- ако докторите доцнат, доцни ли и смртта?
Наместо одговор го чу последниот ѕвон
на црковното ѕвоно.
Не стаса да ја изусти и последната желба:
да го стуткаат некако во винско шише
и да го пуштат да се изнаплови по морињата,
барем така еднаш да види море.
И мигум сети лозарот од Неготино
како обичните луѓе стануваат обични смртници,
обична бројка во списокот на умрените.
На потомците им остави лози натежнати од мака,
а и мртов смогна да им даде ишарет
- колку многу ветер и магла имало
на Клиничките патеки на власта.



НАРОДНА КУЈНА

Во Крива Паланка има незгодни,
смртоносни кривини. Зад една таква
кривина се наоѓа народната кујна, отворена
неодамна, откако дел од народот се судри со
вистинското лице на филозофијата на нокаутот.
Порано во Крива Паланка имаше Народна библиотека,
Дом за народно здравје, Народна техника, тадури
и Народна милиција. Ама, порано. И немаше толку
збеснат народ што јури со автомобилите и кајшто
треба и кајшто не треба, и дење и ноќе. Познато е,
инаку, дека луѓето се смалуваат кога влегуваат во
народните кујни, а оттаму излегуваат уште посмалени.
Отшто дошле дотука и отшто веќе се нема каде.
Како Санде Цветковскиод оближното село Конопица
кому животот му ја однесе и жената и работата.
Милост, кердос имало, та му остана барем синот,
неарен и сотрен од срам. Ама барем да има со кого
да си ги дели песјите сни. Им ги запечатија радиото
и телевизорот, оти не плаќале претплата. Не одбивале,
туку не можеле. Со запечатувањето на радиото и
телевизорот врви и запечатувањето на судбината.
Им остана само стариот велосипед, марка Пролетер Суботица,
со кој порано Санде одеше на работа. Добиче, да речеш
немаа. Не стасуваше ни за нив двајцата, па козичката
и кокошките ги чуваа во сеќавањата. Откога разбра за
народната кујна, Санде одвреме навреме ќе го јавнеше
стариот велосипед и ќе скокнеше дотаму, да му донесе
барем на синот нешто чорбесто. Синот, нели, беше сотрен
од срам и нејкеше ни да слушне за народната кујна.
А добиваше грчеви во стомакот и од јанијата што ќе му
ја донесе татко му. Еден ден, на сред пладнина, на кривината баш
пред народната кујна во Крива Паланка на Санде прописно качен на
велосипедот, налета еден од оние што јурат со автомобилите
и кајшто треба и кајшто не треба, и кога треба и кога не треба.
Така заврши одот по маките на Санде Цветковски. Сега син му
сакал нејќел ќе се отсрами и сам ќе оди во народната кујна.
Пеша, со парчосани сеќавања на татка си. И понатаму
ќе добива грчеви во стомакот од јанијата и од малку
подзагореното гравче. А вие не правете се дека не знаете
зошто од народните кујни излегуваат ептен патетични песни.



СВЕТИЛНИЧАР

Како најобичен светилничар
сека зора се прашувам на ‘ртот:
како ли ќе изгледаше историјата
на нашето место
ако моите кога не бев замомчен
не ме дадоа за светилничар?

Бргу научив
дека секое светкање
не донесува светлина
и дека секоја песна не е за слушање
- има песни што ти ја галат душата
а не ти го гибаат ушното тапанче.
Ноќум, кога ќе набасам на таква песна
обично го сонувам Ацо Шопов
како му ја гали гривата на еден бел коњ
на езескиот брег.

Бргу научив
и да се справувам со маглата:
отпрво се тресев како крадец
пред да го фатат
а отпосле разбрав
дека од страв пијам многу оражада
и севезден мочам.
Ако доцнат големи главатари
и изгрејсонцето понакогаш
има право да задоцни,
од папсаност.
Никогаш не го гаснам светлото
додека не зазори.
А маглата си е магла:
како секое клопче
што се заплеткува за да се отплетка.
Бадијала заплеткувањето,
ако нема отплеткување.

Историјата
е еден вид пиперевка на традицијата.
Со векови брановите натежнуваат од тага
ама не го запираат бранувањето.
Новите попови не знаат старословенски,
како што новите главатари не знаат новословенски.
И едните и другиге не знаат
дека градовите не постојат само
на новонагрдените плоштади
- нашите градови постојат во нас.

Отспротива се слуша
настојчива сирена на брод
што се приближува оддалеч
со разгневена толпа веслачи.
Време е да се стават слушалки на ушите
- првин музика, па по некое парче од иднината:
свечен салут на новото зазорување.
Каков светилничар би бил
кога баш сега (среде зазорување)
би ги изгаснал светилките?



ШТО НИ СЕ СЛУЧИЛО УТРЕ

Животот не се уредува
според математичките формули и равенки
што се гледа и од запустеноста на професорите
по математика кои кога тогаш оглувнуваат
и на кои, патем, секогаш им снемува
бензин тамам да дојдат до пензинската станица.

А не се реди животецот
и според римите на поетите
што се гледа и од тоа што поетите
ем се постојано жедни, ем се уморни
од лажни ветувања и никакви очекувања,
а згора не можат да земат здив под големите купишта
празни зборови под коишто ги гмечи заборавот.

Животот навистина не се уредува
ни според чучулигањата на претците
за тоа што ни се случило утре,
та сонцето спокојно си се дотерува
за претстојната првомајска парада.
Тоа си знае дека смртта знае да бапне одненадеж,
тоа уште има чуено дека не е препорачливо
да се читаат весници пред умирање,
тивко си ја потпевнува интернационалата
и им го плаче мајчето на фалсификаторите на историјата.

ГАЛАБИЦАТА

ГАЛАБИЦАТА

Кога ќе прогласат дека дошло времето на победи,
на мнозина им се смалуваат и проретчуваат соништата.
Се котат арслани и такви што среде сон
се разбудиле како внуци и правнуци на Фројд.
Сите се плашат да сонат троа повеќе среќа,
да не ги фатат уроци, да не ги довстаса осаменоста,
да не ги јавне тагата, а скраја да е и бездомништвото.
На соништата, понекогаш, им испукува кожата.
Во нив влегува и уплав, како во младиот зајак на Дирер.
На чардаците на некои соништа висат пајаци
Не можат да ги разберат мрежите на новиот век,
а и не можат да се видат во огледало –
колку омлитавеле, огрделе, снеможеле.
Оп, ми прелета пред нос еден галеб
кој мигум се стори раскошна галабица.
Павташе со крилјата во ритмот на Интернационалата.
Прашуваше има ли некаде во Европа
старски дом за сиромашни галабици
на кои, нели, не им личи да пцовисуваат на улица,
а и да сакаат веќе не можат никому да му се одмаздат
за беспарицата што им ги кубе крилјата.
Низ тенкиот ѕид се слуша соседот
како со денови кашла. Жив дотолчен.
Додека кашла, жив е. Да имаше барем
некој недолточен пријател, но никако уште
еден дотолчен па да кашлаат во дует.
Мајсторите веќе ѕвонат на врата. На ште срце,
пред да се фатат со работа, ќе бараат вино
и сода вода, ќе си ги плакнат устите со тенок шприцер.
Велат, пак покскапела струјата и ѓубретарината.
Оп, се исеков на бричење. Одамна не ми се случило тоа,
баш кога пред нос ми прелета една галабица
и кога мајсторите упорно ми ѕвонеа на врата.
Џабе надвор приврнуваше првомајски дождец.



ПЕТЛЕ

Кој има кокошарник, знае што е петле.
Во еден кокошарник само едно петле има,
како што во еден харем сал еден е султан.
Што не значи дека не се омрсува и некое
петле со понизок ранг, од послугата или од соседството.
Во кокошарниците се наоѓаат и кокошки близначки.
Еднојајчени. За да не го прогласат за первезно,
петлето тврди дека е во врска само со едната. Што
донекаде е точно бидејќи никогаш не е со двете наеднаш,
а наизменичноста го движи светот од Тесла наваму.
Петлето се наперна и стана немилосрдно. Особено
кон јаричките, кои, нагло почнаа да се иселуваат
во туѓи кокошарници во соседството, тадури и во
Америка. Таму петлињата се занимаваа со меѓусебни
борби а ги оправаа и светските неправдини, па
немаа време да им се перчат на јаричките. Освен тоа,
американските петлиња сепак мораа да внимаваат
нивното кукурирање да не се разбере како знак за
пропаст на светот. Нашинските, домашни петлиња,
ако зграпчеа некоја јаричка во бегство, ја осудуваа на
губење пердуви во вангла со врела вода. Нежните жени
на дипломатите се згрозуваа од таквата бруталност.
На школо ним им раскажувале романтични приказни
за петлињата: те биле олицетворение на гордоста,
те биле весници на изгрејсонцето и на убавиот ден
што се раѓа. Убав за на пазар и за плаќање на
заостанатите сметки за струја. Воените аташеа, пак,
знаеја дека има непријателски настроени петлиња
кои не кукурикаат баш тогаш кога што треба. Таквите
петлиња се вадат со мамурлак, ама и малите пилиња
знаат дека си играат мајтап со војничката будност.
Веќе нема петлиња кои рано кукурикаат. Навечер тие
се наклукуваат со диазепами и други седативи. А утредента
кришем им се смеат на стопаните на тавата ориз без печен петел.
Вистинските петлиња се уште има вршат смотра пред
кокошарниците на сите кокошки кои тогаш мора да носат
црвени марами како за Денот на Републиката или Денот
на пионерите. Тоа беа два дена во еден. Тогаш ранобудните
петлиња долетуваа до врвовите на минарињата
и оттаму пееја ли, пееја во дуети со оџите.



ПУШТИЛ ПОЛЖАВ РОГОВИ

Првин нè учеа да му пееме на полжавот
да пушти рогови, како што жетварите го проколнуваат
небото да пушти некоја капка дожд.
И како што му викавме на пилотот на спортскиот авион
што кружеше над градот: пушти чичко летки!
Нешто му се фалотевме на полжавот –
ќе го столчиме ако не пушти рогови
и тоа со секира по глава во зелена ливада.
(бре, бре што јунаци бевме спроти полжавот –
не лижевме лижавчиња, бркавме полжавчиња)
Отпосле, кога полжавот ќе пуштеше рогови,
ни велеа дека покажува лажна храброст и сила.
Уште поотпосле, требаше да разбереме
дека човекот, всушност, е полжав –
ем лигуш, ем кога тогаш си ги покажува роговите.
Најотпосле ни ја резилеа машкоста
кога ќе ни речеа дека сме полжави –
ај што жените ни наденувале рогови,
ај што сме ползеле понизно, ама и за куќата
сме мислеле дека била наша. Божем нема рогови без куќа.
На камилите им беше полесно во тие споредби:
посакале рогови па останале и без уши и квит.

Сега сите што читаат весници знаат
дека некој си полжав од арапско потекло
цели четири години бил мртов експонат во еден
лондонски музеј, па кога случајно го испрскале со вода
почнал да го грицка картончето на кое бил поставен.
Сега сите поданици на полжавологијата знаат
дека има и женски полжави, значи полжавки,
кои ако им снема кавалери, можат и сами
да се онакват, да се онакват ама и да се оплодуваат.
А само оние кои добро научиле
дека животот трае одвратно долго
знаат дека на лозарскиот полжав му треба
цел еден ден да ја помине асфалтната улица.
На пешачки премин, по сите правила,
петпари не давајќи за новите непрокопсанковци
кои им ги пеат старите песни за пуштањето рогови.



ШКОЛКА

Воопшто не е лесно
цел живот да стискаш заби
и да си ја криеш насмевката.
Одвреме навреме, колку да мине редот,
да пуштиш некоја цедена насмевка
и пак да стискаш заби. Заболекарот
бездруго ќе те потсети дека со каква мерка
ќе мериш, со таква и ќе ти се мери. Забите
не се само за стискање и за криење насмевки.
Тие што ти се исчудуваат на молчаливоста
не знаат колку многу ти е смачено од тишината
и колку многу сакаш да слушаш пој на птици –
по можност на музички образовани крајбрежни галеби.
Ако си мала, не значи дека и грижите ти се мали.
Некои грижи можат да се сокријат во черупка.
И срамот може да се сокрие во черупка.
Чуму срамот ако не можеш да го сокриеш во черупка?
На изгладнетите не им дошло до срамови
ами сакаат да ја отворат черупката за да каснат нешто.
Од далеку Одисеј ги предупредува да не брзаат
оти баш на гладните рацете најмногу им треперат
и можат да си ги исечат прстите, како што му се
случи лично нему пред извесно време.
Те проколнале да ги сечеш црните далги на времето.
Најнакрај ќе завршиш на некоја тезга за сувенири,
за спомен и долго сеќавање и ќе ги убедуваш
шкртите минувачи дека не си уличарка.
Оние поспастрените ќе ги потсетуваш дека
и онаа Венера на Ботичели стои на школка
која не случајно е наречена капичка или чешларка
и која е живо сведоштво за тоа дека
има школки со убави гради.



КОЖАТА НА ГРАДОТ

Од многу ветар, понекогаш се истенчува кожата на градот.
Цигарова хартија, уште потенка, проѕирна. Ама исто
миризлива како и порано, па птиците преселници по миризбата
знаат дека дошле на местото каде што можат секому да му се
посерат на глава. Птичјата гнаска носела среќа, туф, туф!
Птиците преселници често ги фаќа дремка, па дури
отпосле ќе разберат дека градот станал арамиско гнездо –
што окото ќе види, раката ќе дрпне. Беззаконието овде е
нормална работа. Нормално е и што ѕидовите напукнуваат
кога на нив ќе се потпре гол грб на жена. Впрочем, и во други
градови се случува сите ѕидови да имаат уши. Какви времиња,
такви ѕидови. Освен тоа, ако наутро на чаршафите нема дамки,
тие џабе и се распостилале. Не е фер перачките на дамки
да си ги изгубат работните места. Под креветот склопчена
змија си ја труе сопствената опашка. И фали музика од
свирче од врба. Пред порти кучето завива на јасна месечина,
како во старомодните песни. Куче како куче. Важно, завива.
Наутро оние на чиишто чаршафи се нашле најголеми дамки
ги послужуваат со чорба од златни рипки. Утринските желби
секогаш се чорбести, разводенети. Навечер е сосема поинаку.
Некое време, од многу вино, умот почнува да му
пречи на животот. Некои сијалици се прегорени и им
прават неволји на типовите со болни рожници. А на оние
кастрираните им помагаат да се сокријат. И оние кои
набрзина вадат суви топчиња од носовите им се радуваат
на прегорените сијалици. Во темните реони на историјата
дерикожите ги острат ножовите, да му ја одерат кожата на градот.
Некому од нив секако ќе му застане коска во грлото и дури
тогаш ќе си припомни дека некој беше рекол дека самоуништувањето
секогаш започнува пред сезоната на драњето на кожите,
во градот кому му мафтаме од прозорецот на возот кинисан
кон еден друг град, дебелокожец и немиризлив.



СЕКНАТИ ВОДИ

Вечерта е речиси идилична. Дневните протести
завршија, ако некој веќе и се сеќава за што се
протестираше. Во транзицијата е така: тешко се сфаќа,
бргу се заборава. Множината бргу станува еднина. И
моќта на толпите се расплинува во поединци. Велат,
поединецот е столб на демократијата. Комитетите за
заштита на човековите права се на заслужена релаксација.
Слушаат блуз, соул. Нешто недрогирано од Еми Вајнхаус.
Кладилниците имаат продолжено работно време и имаат
повеќе муштерии од ноќните клубови. Сите нормални
ги избегнуваат ноќните клубови откако јавно се обзнани
дека се под контрола на тајната полиција. И кладилниците
ги контролираат некакви такви, ама се уште не е обзнането.
На нашето старо место во старата чаршија
пријателот ми вели: ај да си ги мериме – мостовите.
Друго не остана ли за мерење, прашува другиот пријател.
Останало не останало, почна мерењето. Тројцата имаме
право да избереме по еден мост, условот е да е камен.
Првиот, патриот со тапија, а рака на срце и помалку шетан,
за прв го одбир скопскиот камен мост. Е сега, под мостот
е плитко и матно, ама лицата на скокачите по крстот
на Водици им се проѕирни. Вториот, прикриен југоносталгичар,
фрла облога на мостот на Дрина во Вишеград. Ем бил
поголем, ем најубаво бил опишан во песните и романите.
Мост нобеловец. Третиот, недефиниран космополит,
тврди дека најстар, најголем и најубав е мостот
во Регензбург. Мостовите се мерат и по тоа колкави реки
течат под нив. Дунаве, Дунаве... Патем, се разбира, паѓа
и по некоја филозофска сентенца за старите мостови. Тоа
и пивцето збори од нас. На пример, дека мостовите се
како и тајните, стареат ама не се менуваат. Или, дека
кога ги гледаш мостовите, гледаш колку се намрштени
и камењата и вековите. А сме се прашале ли зошто ни
секнуваат реките под големите мостови? Сме се прашале ли
зошто катаден се смалуваат луѓето што минуваат преку мостовите?
Нема ништо од кладбата, ај да ја смениме темата.
И секој сам да си ја плати пијачката.



СИКТЕР ПЕСНА

На едниот рид кренале голем крст,
да се гледа од далеку, дење и ноќе.
На другиот рид, отспротива, владиката си
ја чешка брадата гледајќи во крстот. Одвреме
навреме организира домашни веселби што во
средниот век си имале вистинско име. Оргии.
Секогаш исти сурати на кои од тртење и од постојано
пцуење на сите светски револуции им обелела
косата. Речиси сите обесиле околу дебелите вратови
златни синџири и троа позлатни крстови. Така се
лекувале уроци и депресија, а сите знаат дека, всушност,
се работи за шизофренија. Таква болештина се закачува
на берзите каде што секогаш со задоцнување признаваат
дека Маркс бил во право. А по онаа работа нема каење.
Во борделите се закачуваат други болештини,
иако газдариците имаат пудлици и други миленичиња
кои влеваат доверба. Дамите со пудлици скришно гнетат
кромид, патлиџани и печени пиперки и тоа го
нарекуваат македонска салата. Во меѓувреме,
огромната камбанарија ги разбркува птиците. Цели
литии кружат околу една џиновска тегла со мед,
а сите знаат што има под првиот слој мед. Сите мислат
дека баш тие ќе сркнат од првиот слој. Не се качуваа
џабе на ридот до големиот крст. Не играа џабе
средновековни танци во дворот на владиката.
Знаеја за дејството на медот измешан со ореви,
ама не знаеја дека медот е шеќердисан. Запеаја пркосно
Шеќерџиче јабанџиче, да пукнеш же те земам
и го пуштија владиката да се истопори на бината
и свечено да ја отвори сезоната на подмочување.
Наместо микрофон владиката држеше корнет во десната
рака. Сладоледот се топеше и му капеше на мантијата
а нему му беше срам јавно да лиже. Потем му дадоа
влажни марамчиња да си ги избрише капаниците.
Следуваше колективно гледање на бесцелното вртење
на тркалото на среќата. Данте му земаше мерка
на Бонифацио за новата ѓаволска одора која ќе биде
моден хит идната есен. На клисарот навистина му се смачи
па им свика и на владиката и на сите. Ај сиктер од тука, бре,
врколоци и светогрдци низаедни. Каде се чуло видело
клисар владика да прекорува. Ама бидна што бидна.
Едно од кутрињата се помоча од среќа и искрено задоволство.

СПИРАЛА

СТАРО КУПУВАМ

Трешти стара музика
а ти се виткаш како млад бршлен
по ѕидовите на сеќавањата.
Косата се уште ти е долга
и ти пак се обидуваш
да се искачиш на катарката на младоста
и да ја оптегнеш како пиратско знаме
оти во новово време се поретко
се истакнуваат знамиња
и на државните празници.
Црна коса во црната ноќ
без улични светилки
и со многу дупки во асфалтот.
Месечината и вечерва има облик на срп
и од далеку се познава
дека е носталгична по изгубениот чекан.
Стара музика, стара среќа.
Среќата среќа ли е
ако отпосле дознаеш дека си бил среќен?

Ечи стара песна
а ти ја надвикуваш
без да отвориш уста.
Сека песна се раздиплува
како албум од стари слики.
Од две грла еден глас.
Стара песна, стари поговорки:
стара кокошка, добра супа.
А ние и натаму
не знаеме ништо за себе
и не го разбираме новиот поредок
во кој банкарите додаваат нови камати
на старите заштеди од среќа.
Телевизорот е исклучен
ама сепак нови слики
ни влегуваат во старата песна.
Спотната песната, спотнати и ние.
Се наведнува песната, се наведнуваме и ние
- папсани бараме под маса
изгубени галежи.
Галеж ли е
ако отпосле дознаеш дека си бил гален?

Бликаат стари копнежи
а ти во занес уште проповедаш
дека нема од што да се срамат
старите мераци, кога копнат.
Ако нешто знаеме во ова време,
знаеме дека утре ќе ни пукаат главите
и ќе пекаме за капка расолница.
Расолницата кога реже
немилосрдно дава до знаење
дека има сè повеќе висибаби
кои попусто чекаат некоја нова пролет.
Ако сме трештени,
не значи дека ќе го ставиме времето
во црни кеси и ќе го фрлиме во канта за ѓубре.
Секое време си има месечина со облик на срп
како што си има и спотнати грла
кои наутро викаат ли викаат:
старо купувам, старо купуваааам!



ДАМИ СО ЦРВЕНИ ЧЕВЛИЧКИ

Три дами во црвени чевлички
на танцовиот подиум
ја разредуваат темнината.
Омилен танц им е пајдушкото
ама во Европа ретко кој чул за него.
Во Европа играат три чекори напред два назад,
танцуваат валцери од кои се фаќа вртоглавица,
баш како што танцува историјата.
Осамениот виолинист им свири на увце
и крадешкум им се насмевнува
на дамите во црвени чевлички:
во секој нивни чекор
препознава по еден добар и весел дух,
а и троа намерна недореченост.
Во танцот на историјата
цврстиот чекор не води никаде,
а нежноста бргу испарува.
Во танцот на историјата
кога тогаш се откриваат сите тајни
на заминувањето на епохите.
Црвеното, се разбира,
секогаш е во мода,
особено кога дамите бираат,
а и кога и паѓа цената на фантазијата.
И кога истура дожд, како во песните на Превер.
Тогаш сите сакаат да пијат дождовница
од црвените чевличиња на танчерките.
Секој што ги видел одблизу
веднаш се обложува дека
дамите во црвени чевлички
се излезени од драмите на Чехов.
Кученцата со црвени панделки
се задолжителни – да подлајуваат во себе
додека дамите во црвени чевлички
да го фатат ритамот на промените.
Наеднаш почнува општо срцебиење
и наместо музика се слушаат
острите завивања на сирените
на итната медицинска помош.
Веќе одамна е фајронт
и музичарите си се заминати
ама на дамите во црвени чевлички
не им се оди дома. Жив показ дека може
да се танцува и без музика,
дека црвеното навистина
секогаш е во мода
и дека на изгрејсонце
секоја танчерска ноќ станува
минато.



НАПРЕД И НАЗАД

на плочникот
пред хотелот турист среде скопје
коста балабанов и вечерва
занесно прикажува
што всушност мислеле пајонците
а што запишале македонците
колку корави му биле
дланките на дичо зограф
колкав ѕид требало
за јордан хаџи константинов џинот
асолно да се потпре на историјата
и колкави мажи требало
да го исправат јужниот ѕид
на црквата света софија во охрид.

сме се разминувале со други, вели,
сме се разминувале и со себе си
сме го кркале низ вековите
а ни лук јале ни лук мирисале
сме плаќале туѓи арчови
и ајле време сме оделе со наведнати глави
од срам што не изеде.
се уште сме на свадби распеани
по свадбите намќори замрморени
сал туку лелекаме по гробиштата
па ги забораваме мртвите.

навикнавме на полни очи празни раце
и на полни раце празни ветувања
вековите да ни претежнуваат
а бисаѓите да ни се празни.
Сите бои ги вапцавме
остана уште аловата
Ако запнеме уште малку
секако ќе доучиме и да бидеме
свои на своето.

сега сме тука кајшто сме
талкајќи низ вековите
се изнаслушавме врапчешки џивкања
на соништата им стававме
перници од теракота
- ем црвени, ем вековити да бидат
и така дојдовме до реката
и тука научивме дека
за да ја минеме реката
сака да направиме мост
и тука некој ѓоа во доверба ни шепна
дека ако нема напред
нема ни назад.



ИСПРУЖЕНА ДЛАНКА

Испружената дланка ти го прекратува сркањето
на утринското кафе во кафулето на езерскиот брег.
На дланката невидлива срдита птица,
а општо е познато дека нема полошо претсказание од срдита птица.
Божем е мала скапијата, божем се малку болештините.
Свртувањето на погледот кон планината
е потврда на правото на слобода на изборот.
Рипката под вода бара опул и ронка разбирање.
Што знаат децата во куси пантолони
колку судбини има во една испружена дланка?!
Стежнува тишината во филџанот кафе –
на врв јазик џишкаат неповиканите сеќавања.
Не е празник, а берзите се затворени утринава.
Им паѓаат акциите на ироничните досетски.
Порано или подоцна испружената дланка
сама си ја задавува сопствената судбина.
Барем да се припојавеше некое облаче,
да придувнеше некое ветре
да го издуваше ова утро.
А можеби и ветрот има невидлива дланка
и баш сега пресметува колку судбини има во една невидлива дланка?
Во пепелникот до филџанот нема опушоци,
ама има купче згмечени метафори.




СПИРАЛА

Никој не знае да објасни точно
ама сите велат дека спиралата расте.
Спиралата на омразата. Кој вели, тој верува.
А и не е богзнае што да веруваш во нешто
што е очебијно –
расте спиралата на кризата, станува катастрофична.
Не знаеш што ќе те начека и што ќе те снајде
на првиот свиок. А и на последниот завојник нема
да си најдеш паричка. Се прават завртки и од
остатоците на животот. Спиралата е за никој да не е раат.
Да се лапне сета енергија да реалното. Децата
шашардисано да се капат во пена на ноќните забави
и да гледат да свртат нешто на брзина. Врти се врти
вретенце. На забавите свири половина оркестар,
половина музика. Шрафцигерот и кврц – половина
слобода. Половинките птем се делат на осминки. Под
будното око на делачот. Рано било за оптегачот.
Секоја спирала има бескрајно многу завои. Стариот
Архимед објаснувал нешто за математичките спирали,
ама сега хиперболите и параболите се удавени во
плитките води на новата историја. Цели децении се
прогласени за непостоечки. Со параболични прескоци.
Тоа што некогаш било реално сега се нуди како можно.
Обратнопараболично. Децата прават лозасто завиени
федери во сеќавањата на татковците. Сакаат да им ги
секнат кладенците од кои ја испиле првата голтка вода.
Силните отпосле дознаваат дека новиот почеток
има само нов крај. Од себе што никнува во себе скончува.
Им фрлаат јадици со црвчиња на гладните. На врв
спирала од црвчиња се станувало историски факт. Сам
ќаја, сам сајбија.Отшто ломотат многу за етиката,
ја прескокнуваат естетиката, спирално, параболично.
Се помочуваат од среќа ако налегнат некоја акрепка.
Простатите им се празни, па акрепката и не мора да
има контрацептивна спирала, за одново да не се раѓаат –
и такви со празни простати, ама и такви како неа.



СТУДЕН ТУШ

Бројот што го баравте привремено е исклучен од мрежата.
Таа, уште чавка измет не клукнала, заитано го обиколува езерото.
Времињата се сменети. Нема веќе ен-два, ен-два
па пеење на химната и кревање на знамето.
Нема веќе и кревање на летни здолништа
и спуштање на памучни гаќички.
Сега сосе знамињата се спуштени и јарболите.
Спуштени се и ролетните
за подобро да се гледа темнината однатре.
На што личи во темнината ѓеврековата дупка?
Колку раноутрински оган може да се протне низ неа?
Таа се уште заитано го обиколува езерото.
Претекнувајќи ги, наслушнува како еден еж и еден полжав
си прикажуваат за надмоќта како облик на чиста лага.
Та чула, та не чула. Мудроста и сега само се черечи на плоштадите.
Треба да се забрза кога ќе се почувствува мирис на скапана трска.
Ако безмирисноста преминува во безвоздушност,
што ќе правиме тогаш со недогорените свеќи?
Ќе значи ли тоа дека сме измислиле свеќи што не догоруваат?
Кога се врати, пред да застане под тушот,
посака да се протне низ дупката на ѓеврекот.
Секој ѓавол си ја наоѓа својата дупка.
Еден дебел црн пајак стуткан на таванот
возбудено и ја гледше голотијата.
Час по забрзано дишење на пајаците.
Ако се протне низ дупката на ѓеврекот,
ќе се прекрсти во Мадам Не
и вечер сама најсама ќе го гледа августовскиот дожд од ѕвезди.
Тушот беше студен, а шампонот мирисаше на скапана трска.
Бројот што го барате и натаму е исклучен од мрержата.



СМС ПЕСНА

Повеќе одмор, помалку шетање!
Ајде, де!
:-)))
Што ти е тоа, зошто три загради?
Тоа е насмевка, кога немам зборови:)))
Па, запни малку, најди зборче.
Еве: грев ми е да ти речам, страв
ми е да ти кажам, грешнице.
Гревот е како тврдина, не треба
да се злоупотребува. Срам да ти е:(((

Бре, бре, филозофис попиздитис
и тоа со отворени загради!
А бе, не филозофирај, како окото?
Уште морам да мижам, така и ми треба
кога слушам доктори. А ми се лижат
ѕвездени брадавици. Тоа ти е како
да шмукаш сочна круша.
Тоа ти е висок степен на лесноумност-
И вторпат: Срам да ти е:(((

Ти, на некој друг да не му праќаш ес-ем-ески?
Знаеш дека...
Не знам дали знам! А ти знаеш ли дека
оние од тајната полиција ми ги читаат
ес-ем-еските, имам другар таму, ми кажа.

А што ги заболе нив лижењето ѕвездени брадавици!?
Сепак, треба да си претпазлив,
не е сè за преку телефон.

Сакам ѕвездени брадавици и точка.
Утре ќе бидам претпазлив.
Утре може да е доцна. Еве,
признавам дека знам дека... Навистина знам
и сега марш на мижење:-)))

ЈАДРОКАП

ЈАДРОКАП

Кога во живеачката надоаѓа сиромаштијата
широко зинуваат устите за мали залаци
и погледите на луѓето папсуваат
како оној на селанката од Пустец
од чиј врзоп денеска никој не купи ништо
- барем едно сунѓерче за миење садови,
едно шише маслинов зејтин, една паста за бричење.
Во скудни времиња и мачките ја прифаќаат паролата
џабе преди, џабе не барај глувци
оти и тие се коска и кожа и со разнишана свест и совест.
Селаните ги палат стрништата полни презреани надежи
и пак го превстасуваат дождот за кој однапред знаат
дека е јадрокап и ги удира в чело урнатиние на животот.
Офка накиснатата тишина,
лилјаците слават матурска вечер меѓу светкавиците.
Поради дождот на неодредено време е прекинат
есенскиот дел од шампионатот на пердувите
во неконтролирано летање во височина.
Виорите само им скориваат јадови
на старите филмски плачковци.
Арно ама, младите полицајци не гледале стари филмови
и неуморно буричкаат по минатото
иако знаат дека нема да си најдат паричка
што ќе им ја усреќи иднината.
Кутрите, уште не научиле дека минато
се и сите скришни љубови,
па да го постават клучното прашање за истрагата:
навистина ли се само обично минато скришните љубови
при толку живи бивши љубовници?
А само тие
знаат колку бргу застаруваат еполетите,
како се сушат воздишките и папсуваат погледите,
а богами и зошто есента трае до ден денес.



СЛОБОДНИ ЛУЃЕ

Четворицата
стари другари
катаден
на масата
во маалската крчма
распостилаат
фрагменти од детството.
Колку убави
мермерни скали
имаше старата куќа
во еврејското маало
и колку змиулесто
беа поставени!
Колку згодни нозе
имаше ќерка му на стопанот
која севезден поттрчуваше
кога се качуваше
по мермерните скали
на старата куќа
во еврејското маало!
(море, не ќе да поттрчуваше,
таа беше ептен флегматична!?)
И сè така,
воздишки и исчудувања,
колку извичници, толку прашалници.

Девојката,
која едно пладне
сосема случајно заталка
во муабетот на четворицата
стари другари,
пред да папса од здодевнст,
мигум осозна зошто на времето
Фелини снимал такви филмови.
Во себе девојката лефтерно
одби да си замисли каква
била орнаментиката
на влезот на некогашната
женска гимназија.
Некако и се стори пополезно
да се помачи најпосле да разбере
зошто (пак на времето!)
некој беше бил рекол
дека луѓето без маало
и без роден крај,
всушност се -
слободни луѓе.



ЛЕБЕЦ И ВИНО

Ако има дедовци
ќе има и приказни.

Ако има приказни
ќе има и недосонувани сни

Ако има сни
ќе има и јаве

Ако има јаве
ќе има и сејач

Ако има сејач
ќе има и семка

Ако има семка
ќе има и лебец

Ако има лебец
ќе има и вино

Ако има вино
ќе има и денгуба

Ако има отповеќе вино
ќе има и мушички

Ако има мушички
ќе има и пекање по светлината ноќум.



ОХРИДСКИТЕ МАЈКИ

Околу пладне, штом ќе е готова летната манџа,
и штом ќе се курдиса сонцето како што треба,
младите охридски мајки
(што не значи дека во Охрид нема од стара мајка деца)
ги дотеруваат бебулињата, ги сместуваат удобно
во количките кои задолжително имаат чадорче или
нешто друго за да им држи сенка, па полека тргнуваат
кон езерото. Бебулињата со време да сфатат дека
езерото е неспоредливо поубаво од стварноста и дека
неговите бистри води се посилни од заборавот.
Крај езерскиот брег, младите охридски мајки не ги
скокоткаат весело своите бебулиња. Повеќе молчат
и молкома им ја пренесуваат на рожбите светоста на
Плаошник и миризбите на тревките од Галичица.
Ги учат како се впиваат езерски бранови во палавите
очиња за да не замижуваат, кога ќе пораснат,
на секоја секавица. Ако од некаде се појави јато галеби
мигум ги тргаат настрана чадорчињата од количките
за бистрооките да го разберат разлетаниот крик на гладта.
Нагледно им покажуваат дека во Охрид ѕвездите не се
само на небо, ами и во песната за Деспина. На момичињата
им ветуваат дека на свадба, машала, ќе ги даруваат со бисерен ѓердан,
што ним им ги дарувале нивните мајки, а на нивните мајки
пак нивните мајки. Охридските мајки. Со воздишки одговараат
на неразбирливите прашања од бебулињата. Не е арно во животот
да се лулеат како празни кајчиња и не е арно ако не сонуваат кога спијат.
Ги гледам на езерскиот брег, како што се гледаат мајки.
Умот ми оди накај Големата мајка од Говрлево. Одамна
не сум ја видел во музејската витрина.



НОВИТЕ ДАМИ

Сега засега добро им врви
на новите дами, иако нашите
редовно губат на сите првенства.
Точно во минута
си ги зафаќаат резервираните
лежалки на луксузните плажи.
Го користат дамското право и слобода
да се испружуваат во бикини,
а како што се упорити
бргу можат да стасаат и до топлес.
Кога ќе излезат од вода,
од гаќите и од под гаќите
им капат само промашувања.
Секој газ си го знае својот фактор,
како што се гледа на еден билдборд.
Сеедно, нив пак ги одминуваат сите.
Или ги оставаат за крај. Последна шанса.
Новите дами сакаат да се опасни
и да се гледа дека држат до себе.
Не попусто во шпилот карти има дами,
а едната од нив стасала дури до опера.
И не попусто во шахот на дамата
и се отворени сите насоки.
Новите дами се делат на лесни и тешки.
Како во боксот или борењето.
Лесните се тешко нашминкани,
а на тешките отпосле им се гледа шминката.
И во едните и во другите се крие
по една селска мешетерка и итроманка.
Уживаат самите да си се залажуваат
дека секое маде што ќе го допрат
е мадето лично на Господ Бог.
Па нервозно кршат прсти
и ги лакираат ноктите.
Високите потпетици им се кршат
на новите дами штом ќе се обидат
да исчекорат од своето време.
Не ретко завршуваат во песните
на старите пијаници. Ако, така се
калеше челикот, си велат новите дами
не знаејќи дека е тоа наслов од старото време.



НОВОГОДИШЕН КОНЦЕРТ

Секоја Нова година е исто:
уште неизлезени од големиот сон,
со глави стежнати од желби и вино,
со усти суви и жедни за расол и вода, водичка,
онакви – баш никакви: неизбричени и ненашминкани,
- на телевизија го гледаме традиционалниот концерт
на традиционалната Виенска филхармонија
и традиционалното ракоплескање во ритмот на Радетскиот марш
на богатите Арапи, Јапонци и богаташи од други џенемии
кои, инаку, се навикнати ним да им аплаудираат севезден.
Ним најтешко им паѓа што ждригањето е забрането
и во паузите меѓу два валцера на некој од Штраусовите
и што ептен се препознаваат преправањата
и вештачкиот занес од музиката и особено од ѕвонот на прапорците
што може да се слушне и при јавањето камили, на пример.
(Вистина: дали некој од Штраусовите јавал камила?)

Секоја Нова година е исто:
ни отпосле не ни е јасно дали го слушаме или го гледаме
традиционалниот Новогодишен концерт
на традиционалната Виенска филхармонија.
Кога ќе видиме, што ќе видиме:
секакви трговци со пропелери под брадите,
дебели мешишта во кои со крајни напори се одложува
свеченото кркорење на цревата.
Кога ќе чуеме, онака занесено и замижено,
што ќе чуеме:
едночудо посетители машки зануваат
да го спорат тркалањето на сопствените тајни
и да ги спастрат под сенка музичките акорди.
Меѓу два Штраусови валцера
сме како меѓу два залака од евтин хамбургер или сендвич од туна
- никому не му е јасно како меѓу тоа два залака
може да летне и да се проживее цела една живеачка.

Никој не сака да признае дека
драмите, па и валцерите денес имаат намалено значење и вредност
- како издишана гумена топка среде сласта и страста на детската игра.
Никој веќе не дава ни пет пари за старите производители на тишина
од најблиското соседство на семејството Штраус.
На крајот, сите итаат да си ги покријат ќелавиците со хох- цилиндри
и да стасаат да плукнат од мостот пред да замрзне убавата сина река.
Пред Божик и зад Божик кај и да си,
оди на вечера со русокоса придружничка
за која однапред се знае дека е ненаситна тигрица
со тесна специјалност – черечење на сладникавите занеси.
И што е уште полошо, им ги полнела со свилени чаршафи
устите на сите што во знак на одмазда и ‘рчеле
во ритмот на Радетскиот марш.


Секоја Нова година е исто:
на телевизија го гледаме традиционалниот концерт
на традиционалната Виенска филхармонија.
Забораваме дека имаме далечински управувач
и дека на вториот канал еден македонски романсиер
раскажува како се наоѓа среќен крај за својата книга.
Пред тоа малаксал демнејќи
колку валцери може да издржи мочниот меур на Сигмунд Фројд
пред да си ја дувне од Виена без да се збогува со своите сестри
и без точно да се утврди требен ли е толкав масраф
за едно обично ракоплескање во ритмот на Радетскиот марш.



СÈ ВО СВОЕ ВРЕМЕ

На времето
кога некој ќе направеше
некоја улавештија
и кога сите ќе почнеа
да го напаѓаат од сите страни,
мајка ми, некако природно,
ќе го земеше во заштита
наведувајќи ја како олеснителна околност
реченицата – сè во свое време:
и улавештии, и умнештии.

Утринава, бричејќи се,
два милиметри под кожа,
ја најдов смислата на
старата мајкина реченица.
Бричењето, на времето,
си беше весела и распеана
подготовка за нов љубовен состанок.
Некоја година подоцна
бричењето си беше
свечено дотерување на денот
на нечија венчавка или крштевка.

Утринава,
како и завчера,
бричењето веќе е
задумано спастрување
пред кинисувањето на закоп
на уште еден другар од детството.
Утринава,
како и завчера,
совршено познатиот глас
од огледалото ми повторува:
сè во свое време.

ЦРЕШАТА

ЦРЕШАТА ВО ДВОРОТ
НА ЈОСИФ БРОДСКИ ВО ЊУЈОРК


Откога постои Њујорк, постои и цутење во височина,
цутење во стакло и метал. Постои и цутење на минатото,
цутење на веќе расцутеното. Никој не ги забележува тие
цутови, освен поетот, испружен на нишалката под црешата во
дворот. Тик так, тика так, се нишаат вековите. Омлитавува
часовникот на сеќавањето. Ќе да е вистина дека човек колку повеќе
се сеќава, толку е поблизу до смртта. А ако минатото се
повторува во иднината, дали некогаш луѓето пак ќе
имаат опашки и дали преку викенд среќно ќе врткаат со нив
како што денеска им вртат пропелерите на глисерите кинисани
кон островот Сан Микеле во Венеција, на пример?
Со црешите на стеблото узрева и неизвесноста. Не е да речеш
розе како марула, ова црвено-црна, шербет блага неизвесност.
Бргу презрева и ако не ја исколва некоја чавка, се ничкосува
како сон или како јаве, сеедно. Исколваната неизвесност
барем се препелкала да објасни зошто не и дошло толку до животот.
Не еднаш ја почувствувала моќта на пропагандата. Црешите
близначки имаат двојна неизвесност, а понекогаш паралелно
минато и иднина. Уште во цутот црешите дека не се како маслинките,
па да даваат најмногу дури кога се смачкани. Така велел талмудот,
сетики за луѓето кои пред да бидат смачкани не цутеле како цреши.
Цветот што прв ќе ороне, треба по секоја цена повторно да расцути,
ама тоа е како новороденчето да го враќаш назад во утробата на мајката,
како откорнатикот да го засадуваш во родината. Не бива. Првоузреаната
цреша не е љубителка на повторувањето. Повторувањето понекогаш
е и маќеа на знаењето. Првоузреаната цреша повеќе љуби шмукање,
сладострасно шмукање. Во секое шмукнување има и по некое
ветре од бреговите на Нева, има и по некоја капка од
океанската раздалеч, има и врзопчиња недотрошени сонца.
Тик так, тика така гневот е правопропорционален со оддалеченоста.
Секоја меланхолија не е баш за во песна, некоја треба да
се одмолчи и телефонски, додека се уште има телефони.
Под расцутената цреша некако најречито се молчи, некојпат
и деноноќно. Некојпат молчењето е делче од виорот што од далеку
носи нови рими од старите пријатели. Римите се редат внимателно
и со многу љубов, како и црешите. Низ раскошната крошна на
црешата се гледа дека ќе врне. Одлета и врапчето кое ги колваше
сеќавањата. Кученцето под нишалката тажно врти со опавчето.
Баш сега, додека стопанот го затвора прозорецот, црешовиот
цвет дошепнува дека човек кога е мртов станува омилен. Додека си го
бара омиленото шеширче, на радиото кажуваат дека
снемало гориво на бензинските пумпи.
А самиот виде дека снемало и шампон во бањата.



ЦРНИОТ ШЕШИР НА МАРГАРЕТ ЕТВУД

Од стари времиња, од пладнина до квечерина,
низ градините на Кјото се тркалаат секакви мисли.
Си бараат сенка, да не скиснат и да не се исушат. Суви мисли
не распознава сончевиот часовник. А времето не стои.
Сепак, спотнало челото под црниот шешир. Спотнат
поглед кон езерцето каде што еден бел лебед танцува парадно
со јато златни рипи, бистрооки, со солзи бисерлии во погледот.
Црно кога носиш, бело гледаш. Уметноста, нели, не е пресликување
на стварноста. Како и сонот. На крајот се’ излегува наопаку.
Цвеќе кога садиш или босилек, ти никнува чичек и капина.
Едно сакаш да кажеш, друго ти носи мислата на уста.
Нема ништо да се позлати ако златен бумбар ти го облета шеширот.
Што е за право, писателите понекогаш имаат главоболки.
Нема, нема, па ќе отпочат битка со некоја настинка.
Тогаш газат внимателно и многу внимаваат да не кивнат
баш кога се на некој од висечките мостови на времето.
Кога имаат тефтерче, немаат молив. Кога имаат молив немаат
тефтерче и така уште ненапишано го забораваат токму
она што не е за заборавање. Немаат ни мобилен телефон.
Не се баш сигурни дали понекогаш заспиваат
и дали сонуваат само кога се будни.
Кога ќе видиш, повеќе прилега да не се смееш,
отколку да се смееш отповеќе.
Бело се насмевнува и бело отпоздравува лебетот
во едно од езерцата во Кјото.
Кој не го забележал црниот шешир на Маргарет Етвуд
не знае дека тој, всушност, му држи сенка
на некој нов ракпис.



ДАВИД И ГОЛИЈАТ

Филистејците се како дечињата во шегобијната
македонска песна: сите клечат, сал едно кака. Од колено
на колено сите потајум го псујат Голијат, ама сал еден
му излегува на мегдан, средполе, пред сите да
го праша како тоа само за пет години служба станал
мултимилионер кому наеднаш му се присакало сите да
му се поклонуваат а да не го проколнуваат. Уште
и да организираат собирна акција за изградба на споменик
на големиот далаверџија кој ќе извишува висини високо
од фонтаната на попусто изгубеното време. Откај
паметникот Голијат ќе ја раскрилувал престолнината
на вистината. Ноќта да стои во став мирно, во ноќта луѓето
потајум да си се бараат самите себе си, севезден да седат
голи и боси, да сушат алишта и чорапи на полна месечина,
да јадат тврд леб и меки патлиџани, со некое зрнце сол.
Посолени како риба на суво, а на суво животот не е
баш масовна појава. Зад сека грмушка се крие идеалот
за збогатување набрзина, зад сека грмушка на оние кои
се стискаат да не се измочат в гаќи силници им ги превртуваат
џеповите и кога нема да најдат ни петпаре од бес ги плескаат
по газовите, ги влечат за уши, им бркаат во очите.
Тогаш од пепелта на самотијата се зададе Давид,
на мнозина им се стори малку подгрбавен и омлитавен,
киниса средполе, однапред отпишан и прежален од сите,
да му се истопори еден на еден на титанот, мечка страв мене не страв,
нешто си мрмореше самиот на себе додека ја токмеше прачката,
срдито си велеше доста тука се пееше прачка имам кураж немам,
време е да има варено млеко за нашите деца, време е на
пазарите да има и цреши без црви и со црешови семки да
се запише дека тука нешто вистински постоело. Беше
навистина еден на еден. Мал, мал ама техничар, Давид го
плесна со каменот од прачката Голијата средчело, сè се заврши
мигум, Давид мигум фрли поглед кон скришната ѕвезда на небото
и додека сите вџашени се прашуваа до прачката ли е, до
каменот ли е, до раката ли е, мрзоволно киниса накај дома,
како што денешнава младеж пред полноќ мрзоволно се качува
на последниот автобус за приградската населба. Ја остави прачката
во долапот, како да потпевна прачка имам камен немам, па
ја бакна мајка си в чело и цел ден и цела ноќ попусто чекаше
да му подари солза радосница. Потем сал туку се излежуваше
по дома, си остана младоженец без невеста, едно време се пушти
глас дека станал акробат и ноќум одел по жица како месечар,
филистејците се такви, на спасителите им подаруваат осаменост,
им го нудат и кошмарот на заминувањето од родната грутка –
барем сега не се талка со месеци по морињата до Австралија и Нов Зеланд,
а ако е до пустини и таму има пустини, но децата таму не чуле
за прачки, не виделе дренки и шумски малини, децата таму се
далдисани во компјутерски игри. Филистејците се далдисани со
правењето излези од митовите и со големо задоцнување ќе дознаат
дека Давид во јабана во една меана му раскажал сè на Караваџо.



ЕДНАШ ПА УШТЕ ЕДНАШ ВО АЛЕПО

Ѓаволи историјата секогаш се
повторувала како фарса. Некои
трагедии се бескрајни. Така некако
си дума Отело, вѕверен ту назад ту
напред, готов уште еднаш да заигра
на жицата оптегната меѓу минатото и
иднината. Оптегнувањето никогаш не
било лесна работа, а не пак танцот
сам со себе. До крајот на љубовта,
како што беше рекол Леонард Коен,
ако љубовта воопшто има крај.

Всушност, историјата никогаш не
се повторува. Така некако си
думаше Владимир Набоков, подготвувајќи
школско предавање за Шекспир, и тоа
баш за Отело. Ако имаше повторување
сетики ќе се родеше некој нов Шекспир
и ние немаше цели пет века да пиеме
вода од ист бунар. Е сега, во секое правило
има и исклучоци, па така е и со
повторувањето. На пример, рамнодушноста,
планетарна и белосветска, понекогаш
се повторува. И некои разорувања понекогаш
се повторуваат, некои и се потретуваат.

Еднаш во Алепо, си спомнува Отело,
убив поради Турчин со турбан, оти овој
претепал еден Венецијанец и му
ја навредувал државата. Кога има убивања
и разорувања, секој си е сам со својата
совест. Што не значи дека баш секој и
има совест. Во најново време, кога има
убивања и разорувања, има и директни
преноси и бреацкинг нењс на ЦНН и ББЦ.
Никој не ги спомнува ни Шекспир, ни
Набоков, а еве, уште еднаш се разорува
Алепо и стариот сириски град уште
еднаш станува голема празнилница
на сите надежи. Сонцето потајум се
затскрива под стреата на старото училиште
во Алепо. Ќе отпочине, дали новото
разорување на Алепо некој некогаш ќе го
спомне во наставата. Под стреата на старото
училиште во Алепо ластовиците веќе
не прават седала, а и не гракаат, ни свечено
ни тажно. А и на стариот учител по
литература и живот му секнаа и солзите
и сеќавањата на Шекпир и Набоков,
кога го разоруваа Алепо, на очиглед на
целиот свет веќе зацапан во дваесет и првиот век.



МЛЕКАРКАТА

Од далеку се гледа што мислиш.
Веков е горчлив, тагата се повеќе зоврива,
ама солза, сепак, не смее да ди капне во млекото.
Не се ни обидуваш да си припомниш
каков бил денот вчера, завчера. Тоа пак тоа.
Млеко без мед. Не се само овците за молзење.
Исто млеко пијат, а толку различни се луѓето.
Тројца кинисани на четири страни, како во
жална Македонија. Нека останат без млеко, ама
на комшијата да му пцовиса козата. Помина
превласта на воловите. Денес при толку краветини
толкуцка млекце се добива. Сите пијат вештачко
млеко и имаат вештачки насмевки со вештачки
бели заби. Во меѓувреме пушат тревки преку
мобилки јавуваат дека ќе задоцнат на договореното
место. Некои си купуваат вештачки кукли,
да им се најдат кога ќе снема приодно кревање
на здолништата и природно спуштање на гаќите.
Во Амстердам млекарките веќе одамна
ништо не сонуваат. А и сликарите, што е за право,
се почесто подригнуваат. Во Амстердам расте
бројот на оние на кои им е убаво затоа што на другите
не им чини. Се множат оние кои го губат патот уште
во сопствениот двор. Завладува длабока сонливост,
млекото се почесто загорува. А од загорено млеко
не бидува добра бела боја, велат сликарите.
Млекарката излезе од платното и претрча до
најблискиот киоск да си купи влажни марамчиња,
да и се најдат, ако, не дај боже, и засолзат очите.
Пред едно од кафулињата во улицата на црвените
фенери застана чамец и од него уште неизлезен
Вермер нарача капучино со многу пена и малку шеќер.



СЕПАК СЕ ВРТИ

Музиката за апсолутни слухисти нема кој да ја слуша.
Сите слушаат говори на плоштадите. Секое разбудување
е присилно враќање во стварноста. Зад заѕиданите
прозорци се фалсификуваат архиивите. Како
да беше речено дека не може двапати да се вратите
во едно исто минато. Одвреме навреме поплавите
ќе однесат по некој мост, а нови не се градат. Било многу
различно дали си продаден или купен. Немало купени души.
А има орди со терсене табиети, како што
на секое ветробранско стакло на автомобилите има
птичја гнаска. Има и змии, и магариња, мали и големи,
никому според потребите, секому според заслугите.
А и да е најмало, магарето пак си е магаре. Кога за други
се вели дека се магариња, се мисли на големи магариња.
И на уши магарешки. И на рикањето на пијаните гости
рано в зори, во никое време, во крчмата под балконот.
Има различни куќи и во нив живеат различни живи створови.
Ене, во дворот отспротива има одвратна кочина.
Никој досега не рекол дека се одвратни глувците
во куќата до нас кои со години се јранат со букви.
Стопаните купи книги и весници, глувците грицкај,
според узусите на меѓународната поделба на трудот:
едни купуваат, други читаат, трети грицкаат. Грицкачите
се најзадоволни кога ќе налетат на некој класик, уште
во кожен повез, уф, уф, прсти да излижат. Грицкачи со
мешиња подуени од светска класика. Од локалните гении
им доаѓаат киселини, многу ждригаат, а понекогаш мора
да скокнат до најблиската аптека по апчиња против пролив.
Уште и се чудите од каде толку праведници
во редиците за покајание. Туристите во Галилеја
не се љубители на параболи. Гласале тајно,
па резултатите ги кажале јавно. Се станува јавно.
Имал ли Исус канцеларија за односи со јавноста?
Кој да им одговори на туристите во Галилеја?
И кој да ги убеди дека луѓето што се делат едни
против други на крајот остануваат
и без гаќи и без татковина?
В година тие ќе ја посетат Тоскана и на Галилеј
ќе му однесат сувенири од Галилеја –
неколку параболи од светиот апостол Марко,
вакцина против лепра и и се разбира еден малечок
стаклен глобус. Сепак се врти. Парите вртат
каде што бургијата не може.



ПРОШЕТКА НА КЕЈОТ

Го притиснав црвеното копче на далечинскиот
управувач и се оддалечив од дома. Знаев дека
ќе те сретнам на некој и дека во нашиот муабет
пак ќе заврне редовната доза ланси снег. Пак ќе ми
расправаш за ембрионот во формалин и за Пикасо.
Секогаш кога зборуваш за Пикасо мислиш на Фрида
Кало и Диего Ривера. И си ја потсвирнуваш на уста
Интернационалата. Ако сите ја свиркаме Интернационата,
ќе се извлечеме ли? Ако сите дуваме во езерото, ќе направиме
ли цунами? Сувата плунка ли ќе ни биде помошен материјал?
Дедо ти Ное го исфрлиле од ковчегот и си направил лотка
од стар весник. Дај што ќе дадеш. Од капетанијата го
прекоруваат дека нема појас за спасување. Од внатрешната
страна на ѕидот на лотката од стар весник пишува дека го
убиле Троцки. Од јарболот на Аврора ја гледал иднината
и можеби затоа токму тој поглед му го ставиле во формалин.
Црвено обоен. Кога го убиле Троцки за’ржале сите коњи,
кобили и ждребици на црвената коњица. Ја мајката, и тоа да не
го пишува на внатрешната страна на ѕидот на лотката
од стар весник? Ти влегло во навика да бидеш здодевен
и не знам зошто те трпам, како што не знам зошто секоја
вечер пред да излезам на кејот гледам телевизија. Кога ве
слушам, и тебе и телевизорот колку сте здодевни, понекогаш
посакувам да сум глувонем. Како што и за царот Самоил
истопорен на скопскиот плоштад велат дека рекол ќе било
поарно и него да го ослепеле одошто севезден да му ги гледа
бронзените мадиња на Букефал. Бронза во формалин се става ли?
Замисли, Илија од Могорче станал експерт за нужници.
И Цано од Штип станал специјалисто фекали, оти ја возел
градската лајнарка. Каде што не ги садиш, таму никнуваат
експертите. Цитираат книги што други ги читале за нив.
Се буди исток и запад. Кучкини синови имаше и порано
ама тие барем знаеја да лајат. Доста туку мелеш
како празна воденица. Здодевноста ти стана навика. И да
беше тчно напладне, ќе се сторев Гари Купер, па ќе видеше ти
убаво што ќе ти сторев, а и ќе ти ја соберев женската. И немаше
да морам, како сега, на продавачот на печени пченки на кејот
да му објаснувам дека е срамота при толку ѓубре корпите за
отпадоци да се празни. А ти, впрочем, од едно уво ми влегуваш,
од другото ми излегуваш. Ич петпари не давам за тоа што зборуваш.
Сал гледам колку се убави девојките кои шетаат на кејот.

ВЕНЕЦИЈА

ВЕНЕЦИЈА: ИСУС ВО ИСКИНАТ КОСТУМ

Сетики Исус Христос си беше повторил во
себе пред да киниса од Академијата во Фиренца:
следбениците, како и соседите, не се избираат.
Малку офна и коските му крцнаа кога стана од Пиета
и почна да си ги полни џеповите со
зрна грав, да ја одбележи патеката на враќањето,
оти секое заминување е бесмислено ако нема враќање.
Што е сигурно – сигурно. На крајот на краиштата,
подобро и да се фрлат за џабе два џепа грав,
отколку да се сварат и испрдат низ сувите боишта на живеачката.
Беше дошло времето на дијалози и секое кинисување
се сметаше за почеток на дијалогот меѓу животот и смртта.
Во зоната на дијалозите лаѓите посилно се нишаат
на морските бранови. Тоа вистинските учители го
поттикнуваат духот на слободното мислење. При
толку висококвалификувани бајачи, недостасува само
уште Асан, троа замижан. Ококорен и тој не се мами.
Одеше што одеше, нозете му окапаа на Исус Христос,
рскавицата му се сотре во колената дури
од првата влезе во својата втора Пиета. Му се стори
малку постуденикаво, а и мајчината прегратка како да
беше потврда. Наеднаш удрија камбаните на Свети Марко
и на Санта Марија дела Салуте и тој разбра каде е.
Многу далеку од удобноста на Академијата во Фиренца.
Пред да си легне во новата мајчина прегратка се
ракуваше со Јан Фабр од Белгија, кому челото му
беше оросено а рацете мраз студени. Или обратно, не е
толку важно. Кога ќе види, што ќе види:
мајчиниот топол поглед заменет со мртовечки череп,
како оние што ги има на секој трансформатор насекаде
низ светот и под кои пишува: внимавај, опасно по живот!
А да беше старата питомина во мајкиниот поглед, таа
сигурно благо ќе го прекореше оти костумот му
е толку искинат и бербатосан. А и чуму тоа парче мозок во
десната рака? Колку се ројат прашањата, толку
поизлишни се одговорите. Ама, бездруго, Пиета не е
сушалница на мозоци за извоз. Така велат сите и не забележувајќи
дека се цапнати во застоената, смрдлива вода, низ
која сал времето некако се протира и шмугнува. Во
застоени води баш и не пркнуваат стеблата на фантазијата.
Едно време, оној Јан Фабр со оросено чело
сакаше да му се пофали на Микеланѓело, ама неговиот
мобилен телефон не беше достапен или корисникот го беше
исклучил, како што му велеше еден нежен женски глас.
Секоја одвика создава нова навика. По навика се
пишуваат и тестаменти и се фрлаат в море во затворено шише.
Во Венеција човек по навика се качува во гондола
и мавта ли, мавта, било кому на брегот, колку да се мавта.
Отпосле дури се разбира дека брегот бил и Микеланѓело
загледан во разулавеното море и во пијаниот брод
одвај на дофат на видикот. На највисокиот јарбол
среде пијаниот брод – Исус Христос суперстар, со
парче мозок во клапнатата десна рака.



РОЛНИТЕ НА ДЕТСТВОТО НА ДОСЕЛЕНИЦИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА
НА ПЛОШТАДОТ СВЕТИ МАРКО ВО ВЕНЕЦИЈА


Тука, на плоштадот Свети Марко во Венеција
доселениците од Македонија неодложно се потсетуваат
дека од памтивек се навикнати
на печалби и селидби, навикнати се водата
постојано да им е до гуша во живеачката,
навикнати се и кога пеат да ја колнат туѓината.

Тука, на плоштадот Свети Марко во Венеција,
доселениците од Македонија севезден повторуваат и потретуваат
дека каде што има селидби, има и опустошени цели
села и градови, има талкања по улиците во
новите градови, каде што сè почнува одново.
На непознатите улици и плоштади стравот мириса непријатно,
а радоста одвај се размотува од ролните на детството
во кои е стуткан и Попај морнарот. Стуткани се
и други сурати, ама тие не се морнари, а во
приморските градови само морнарите се на цена.

Тука, на плоштадот Свети Марко во Венеција,
доселениците од Македонија си ја поткреваат
завидливоста, повеќе гледаат отколку што вкусуваат
тукашни салати, сирења, вина и кафиња. Во
деновите кога е карневалот во Венеција, некои
дојденци од Македонија настрадуваат од дерикожи,
други играат оро и се сликаат со полуголи женски,
трети купуваат и подаруваат цвеќиња, од што дома
би ги изел срам. Кога ќе заврши карневалот, доселениците
од Македонија со убави автомобили и по убави патишта
се враќаат во стварноста. Куферите им се везден надуени,
а душите пак им се делат на четвртинки: три четвртинки за во
родниот крај, една четвртинка за тука.

Доселениците од Македонија во Венеција
не ги читаат босанските поети кои пишуваат за
потонувањето на градот – чуму да се чита потонувањето,
велат, кога ние секиден го живееме тоа, чудо големо,
градот потонува, ама ние секогаш сме над вода,
мешаме малтер за обнова на старите палати,
во малтерот, напати, за курбан, мешаме и по некој
спомен од детството, а каде што треба, во обновените
ѕидови на операта Феличе, на пример, заѕидуваме и
по некоја нашинска песна, да се најде ако затреба, а
каква што е непредвидлива иднината, секако и ќе затреба.
Така велат доселениците од Македонија за
пропаѓањето на Венеција: ако било пишано да се пропаѓа,
тогаш нека се пропаѓа барем отмено, сосе Венеција
- живо сведоштво дека на селидбите на Македонците
сепак не им се гледа крајот и од највисокиот морски светилник.



ПОП ДАНАИЛ МОСКОПОЛЧАНИН ПРЕД ДВЕРИТЕ НА САНТА МАРИЈА ДЕЛА САЛУТЕ

Пред тешките двери на
црквата Санта Марија дела Салуте
поп Данаил Москополчанин се
тутка во пејсажот на сеќавањата.
Низ едно уво влегла, од друго излегла
приказната за дрвените темели
на црквата што многу подоцна ќе
се вгезди меѓу јавето и сонот на
еден српски поет. Се поткрева на
прсти поп Данаил Москополчанин
и се мачи да фрли еден опул до
Москополе каде што баш сега
узреваат капините. Притоките на
опулот му довстасуваат и до Езерото
над кое старото небо добива нов сјај.
Охридскиот сакеларија Стефан таму им
се радува на светулките кои ги галат
сновиденијата на мајчин јазик пред да
се слеат во изгрејсонцата. Прво па
машко си вели поп Данаил Москополчанин
и цврсто ја стиска под мишки книгата
во која што и љубовта и татковината
четиријазично се пробиваат низ
светската заматеност и одважно
влегуваат во историјата. Ја прелистува
и пак ја стиска под мишки златната книга
- срцето ќе му се прошири од
толку многу радост. Би си наздравил
самиот на себе со чашка рујно вино, би
запалил едно луле, би кружел како
раскрилен орел сè до зајдисонце
и најсетне би крикнал од среќа. Му тежи
молчењето во погледот. При толку
врева се наоѓа ли на плочникот совет,
како мала паричка среќлија? Од под
буквите во книгите ѕиркаат нашите мртви
и се смеат новородените. Дишат вода,
пијат воздух. Поп Данаил Москополчанин
не може баш да се сети дали кога првпат
беше во Венеција беше измислен
фудбалот на мали голчиња и на што
мислеа Венецијанските трговци кога
претскажуваа светска економска криза.
Сал почувствува дека низ брадата му
се стркалаа четири капки сок од капини.



АКО СЕ РАЗБУДЕВ ПОРАНО
ТОА УТРО ВО ВЕНЕЦИЈА


Ако се разбудев порано
тоа утро во Венеција
ѓоа на мостот на воздишките
ќе ја сретнев калуѓерката
од под чиј фустан Џакомо Казанова
избега под друг фустан, оти за него
бегството на слобода немаше
никаква смисла без бревтање
во зоната под фустаните. Вистинската
слобода отсекогаш била мултиколоритна
и повеќе зависи од бојата
а не и од кројката на фустаните.
Некои фустани, како оние на калуѓерките,
само навидум се безбојни,
а под нив како да се збрани сите бои
и сите движења од деновите
на карневалите во Венеција.
Се случува бегството во слободата под
фустаните на калуѓерките понекогаш да е
свечено доближување до смртта, тадури
за секој нов почеток во Венеција се вели
дека е одново доближување со смртта. Може
и обратно, се разбира – секоја умирачка
во Венеција да се смета за нов почеток.

Ако се разбудев порано
тоа утро во Венеција
и ако го фатев првото вапорето,
тогаш ѓоа ќе го видев Шекспир
како окапува броејќи ги вековите
на плоштадот Свети Марко –
чекај да намине некој поасолен
млетачки трговец, чекај да го отворат
кафето Флориан, па чекај уште во
него да намине Томас Ман, па заедно
да го презираат оној Езра Паунд,
ем да го презираат ем да го ценат,
и најнакрај на Осја Бродски да му
покажат како зиме целиот град може да
се обвитка со едно ќебе, иако овој
ги прашуваше нешто сосема трето –
со кој брод тој, Бродски, може да стаса
до островот Сан Микеле, оти беше чул
од некој шерет Бродски, дека убавината
е најтешка на Сан Микеле, потешка
и од дождовите што севезден
им ги стежнуваат соништата на
стаклодувачите од Мурано.

Ако се разбудев порано
тоа утро во Венеција
ќе имав троа повеќе време
ама неоти ќе разберев зошто
некои градови остануваат
без жители. Ќе зјапав во лап топот
и ќе си го изгорев јазикот од
првото утринско кафе. Бездруго
ќе му пратев еден електронски поздрав
на Владимир Пиштало и на некои
други пријатели кои брзаат да
фатат ред за темата смрт во Венеција,
ќе му мавнев отпорано на оној оџачар
на покривот кој многу личи на Фелини
и кој уште не беше разбрал дека
секоја година зимата доцни во Венеција.
Како и да е, време е оџачарот да
почне да слегува од својот покрив,
оти сите велат дека Венеција кога тогаш
ќе потоне. Сите велат ама никој не им верува.

Ако се разбудев порано
тоа утро во Венеција
гулабите пак ќе ми се искакаа
на ќелавицата. И да врне, и да вее,
гулабите какаат ли, какаат,
со векови во Серенисима.



НОЌ НА СМРЗНАТИТЕ ГРАФИКОНИ

Во ноќта на музеите во Венеција веќе одамна
никој не се запишува во правливите книги на впечатоци,
како што во ноќта на вештерките никој не евоцира спомени
за средбите лично со Данте на најдлабокото дно
од пеколот. Впрочем, секоја ноќ тука се создаваат неподносливи
турканици, сека ноќ си ги обесуваат гласните жици
на ченгели шиткачите на сувенири од муранско стакло,
обетки, белегзии, приврзоци, порцулански чаши со
слики на Свети Марко или на гондолиери кои ионака
во последно време повеќе се сликаат отшто нема доволно
јапонци за прошетки низ Канал Гранде, сентиментале.
Секоја вечер под дискретната светлина на
електричните фенери се поубаво се гледа дека луѓето
се помалку гледаат слики и фрески, а се повеќе висат пред
огледала, поради што се повеќе и расте бројот на огледалата
во Венеција, барабар со бројот на самобендисаните. А
самобендисаните во Венеција не ги интересира, на пример,
како се чуваат спомените на Вивалди, тие си мислат
дека Ла Фениче е обновена од пожарот за да има каде
навечер да си чепкаат во носовите и да си ги негуваат навиките
од детството. Ако среде чепкање во носот ги полази
некоја зелена или златокрила мува веднаш ќе се обидат
да ја плеснат по газ со обете раце како да го упатуваат
својот единечен аплауз баш кога не му е време. Штоако
цела сала ќе ги наврти кон нив прекорните погледни, толку
да им чини на самобендисаните. Пак си тераат по свое,
си ги негуваат мустачињата, глуви за одговорноста
пред идните поколенија, тие тадури и умираат колку
да се умре. Во Венеција има мнозина кои не знаат точно
што сакаат (хипиците на времето исто така не знаеја
што сакаат, ама барем тоа го сакаа веднаш) а безмалку сите
знаат што не сакаат – не го сакаат тоа што го имаат, не
ја сакаат деноноќната врева, а богами се помалку ги сакаат
и старите канцони. Со песна не кажуваат ни сакање ни
несакање. Една ноќ на Мостот на воздишките во Венеција
многу мирисаше на бонбони бадемлии, на повеќето минувачи
очите им беа замаглени од тага – кој ѓавол ги терал
нивните далечни претци да ги измислуваат парите,
та сега секоја ноќ да им е ноќ на смрзнатите графикони,
банкарите предвреме да оштрбуваат ама око да не им трепнува
отшто здивот им е расипан. Не беше зима а беше смрзнувачка
таа ноќ на Мостот на воздишките во Венеција. Сал туку
си увкав во дланките чекајќи го да дојде Владимир Пиштало,
да удриме набрзина по еден натпревар во брзо и долго воздивнување,
една воздишка еден век, па потем да ги напоиме воздишките
со домашно вино во траторијата Мадона,
ем да ги напоиме, ем да им испееме по некоја нашинска,
(нашите песни се нагрнати со топли ќебиња)
ама не ни текна да прашаме дали воопшто важат резервациите
кога е ноќ на смрзнатите графикони во Венеција.



САН МИКЕЛЕ: СТРАВИНСКИ И БРОДСКИ
ВО ЕДНА ПЕСНА


Тие двајцата, најпосле се најдоа под една сенка, тука,
на гробиштата на островот Сан Микеле, на пет минути
со бродче од плоштадот Свети Марко во Венеција.
Еден по еден си заминувале од родниот Петроград.
Првиот, Игор Стравински, со години пред да се случи
големата опсада, а вториот, Јосиф Бродски, многу години
откако како одвај прооден ја преживеа големата опсада на Ленинград.
Обајцата се правеле дека не знаат колку се ранети од
носталгија и обајцата умреле во Њујорк. Што е за право,
никогаш не се сретнале во Гриниџ или во Бруклин:
Осја кога дошол во Њујорк, Игор го однеле во Венеција,
со билет само во една насока. Тадури сега, под сенките на
Сан Микеле, се вкрстуваат нивните времиња. На Бродски
не му е баш најјасно каде оди времето, А Стравински се
сомнева дека времето потонува заедно со Венеција.
Понекогаш свеќа им ги осветлува и песните и мислите.
Понекогаш жар птица им заигрува во сните,
а тие си ги лечат болките со звуци на балалајки.
Тогаш му доаѓа на Бродски да го накриви шеширчето.
Жена му Вера одвај го задржува стариот маестро Игор
да не скокне во детството на каналите на Нева.
Двајцата петрограѓани сега се под една стреа, во една песна.
Бродски, помлад и потврдоглав, се уште запнува да
утврди дали ладовината се потпира на нив или пак
тие земаат душа потпирајќи се на ладовината. На обајцата
им е совршено јасно дека ладовината е невидлива само
за оние кои не ја сетиле. Стравински од искуство знае дека
ладовините се близначки со сенките. И многу се нервира што
некои сенки навистина имаат гладни усти и бездушно
мљацкаат, само мљацкаат и не ги оставаат полжавите
да ссвртат уште едно кругче на нивниот пат до малку сонце.
По цел божји ден двајцата петрограѓани само на нив знаен начин
си дофрлаат еден на друг – ред стихови, ред ноти.
Ноќум им отпоздравуваат на третосменците – веќе издувани
дувачи на стакло од соседниот остров Мурано. Нема-нема,
Стравински и Бродски туку ќе фрлат по еден поглед кон
Статуата на слободата во Њујорк. Тогш неизоставно во
душите ќе им заклокотат далгите на Нева. И баш тогаш во
соседството Езра Паунд ќе проломоти нешто против Евреите
и ќе им ја расипе таинствената размена на стихови и ноти.



КАФЕ ФЛОРИАН: БАЈРОН И КЕЛНЕРОТ СО КРАСАТИ УШИ

знам, сум читал некаде,
дека бајрон на времето
измислувал разни легенди
за мостот на воздишките
и за други чуда во венеција
диванејќи баш во кафето глориан,
по него, еве, со години се влечкаат
талкачи од цел свет
мислејќи дека легендите,
ако се од бајрон, не умираат,
мислејќи, исто така,
дека е крајно време
на терасата на кафето флориан
да се одржи оснивачки конгрес
на талкачката интернационала
- талкачи од сите земји
распрснете се низ светот
да ечи на конгресот на талкачите
да ечи да ечи додека гулабите
масовно не запавтаат со крилјата
во знак на протест што талкачите
не оставаат ништо за колвање
а и додека на самите талкачи
не им се спуштат венецијанерите пред очи
кога келнерите ќе ги донесат сметките.
знам, сум читал и други нешта
за кафето флориан, разни бајки
и разни истории има за него
и за ланскиот снег во венеција,
во разни извори на завидливост,
тегобност и несигурност се брчкаат
талкачите пред кафето флориан,
мене ми е редот за редовната доза сладолед,
а време е да се испопраќаат
и смс пораките, па прецизно
да се види на мапата во мобилниот телефон
уште колку останало да се талка
- наеднаш, не баш неочекувано
си се насмеав во себе, онака за свој грош,
фаќајќи се во мисла дека
ќе му ги истегнам красатите уши
на келнерот во флориан
кога ќе ја донесе сметката
и кога ќе почне да ми бандори
за лековитите својства
на киселините од изметот на гулабите,
отшто во измет од гулаби
се сплеснувале сите теории
и благородни идеи на талкачите
од бајрон наваму.

ФИРЕНЦА

ВО ФИРЕНЦА СИТЕ ЗБОРУВААТ ЗА МИКЕЛАНЃЕЛО

Када и да се свртиш, во Фиренца сите зборуваатат за Микеланѓело,
многу повеќе отколку за вчерашното коло на италијанското фудбалско
првенство. Зборуваат мажите, ама повеќе зборуваат жените. Помалку
зборуваат, повеќе озборуваат. Зборуваат пред Давид на плоштадот
Сињориа, шепотат пред Давид во Академијата, зборуваат
и надвиснати над гордата замисленост на Арно, зборуваат ама
баш секаде. Некои се фалат дека го читале Томас С. Елиот, на
други воопшто не им е јасно каква врска има тоа со Микеланѓело,
некои други други по пицериите тврдат дека Микеланѓело јадел
пица со многу, ептен многу оригано. А пак трети други велат
дека е многу, многу рано да почне да се открива историјата на
неписмените и да му се угодува баш во сè на Умберто Еко. Среде
вревата ќе набасате и на такви кои вџашено допрашуваат дали
слушате дека брмчат пчели и бумбари и дека тукушто не почнал
нивниот заеднички десант врз Фиренца. Веќе се распишани и
награди за оние кои на брмчалата ќе им го откријат патот до
полјаната каде што ќе се случи двобојот меѓу Давид и Голијат.
Од толку брмчење не се разбра баш најјасно дека секој Давид нема
прачка, а и никому не му текна да се праша дали оној Голијат се
струполил од каменот од прачката или можеби од погледот на
Давид што изгледа поверојатно и пологично. Пред да влезе во
Академијата во Фиренца една селанка намирисана од медитеранот
се фали дека смоквите годинава дале богат род, а кога
излезе од Академијата прошепоти дека работата не била во
смоквите туку во лисјата и дека тие наеднаш исушиле и суви се
изрониле баш кога Микенанѓело му го заоблувал левото маде
на Давид. Лозовите лисја некако кулртулиле од оваа наезда, не
толку поради сармичките од лозов лист, колку поради виното од
кое, ако не сте знаеле, најмногу светнуваат кубињата на сите цркви
во Тоскана, во погледите на белосветските туристички талкачи.
Има и такви кои му забележуваат на Микеланѓело дека бил
голем скапџија, божем тоа ги засега баш нив а не фамилијата Медичи.
Демек, оттогаш кинисала скапијата и дека врз таквите призори од
минатото се издигаат новите светски кризи и неизвесната иднина.
Ех, уште многу нешта се зборуваат во Фиренца за Микеланѓело, а тој
ладнокрвно си се пикнал самиот во себе и во тишината на Санта Кроче
се мачи да им ја остави на идните поколенија тајната за оживување на
мермерот. Понекогаш се случува Микеланѓело да излезе од себе
и тогаш без исклучок веднаш се искачува на куполата на црквата
Свети Петар во Рим. Оттука низ неодгатлива насмевка му мавта ли, мавта
на оној Бернини, цврсто верувајќи дека тој не е толку изматуфен
за да не ја разбере смислата на поздравот што му го испраќа Микеланѓело.



ЗА АРНО КРАЈ РЕКАТА АРНО ВО ПИЗА

Ај нека е за Арно крај реката Арно во Пиза.
Првин се прашуваш како тоа Арно се искачува
до Пиза и си оставаш во главата место и за други
прашања. Потем на кејот на Арно нагледно се уверуваш
дека животот сепак истечува, без разлика во кое устие
ќе заврши. И не треба да се качуваш на врв видик
да ококориш очи и пред задолжителното прашање за
вековното опстојување четири и пол метри надвор од
оската. Баш тука кајшто кулата накривила капа се влегува
во постојбината на рамнотежата. Не било баш или-или.
Или ќе бидеш исправен како топола, или ќе завршиш како
ќутук во некоја селска пилана. Имало кислород и во
меѓупросторот и меѓувремето. Стапот секогаш има два
краја, ама стапот е секогаш она што е меѓу двата краја.
Меѓу двата краја на стапот татнеж со пригушувач –
вековното ехо на далечните крстоносни војни. Ранетиот
Гарибалди се мачи да не офне оти во Пиза озборувањето е
прилично распространет спорт и од едно обично офкање
мигум се прави претсмртен вресок. Карло четвртиот спокојно
си денгуби во градината и го предвидува векот кога
баш неговото име ќе му го стават на еден хотел во Прага.
Можеби некаде во океанските далечини ќе се гушнат и
Арно и Влтава, никогаш не се знае со реките, како и со луѓето.
Брат брата не рани, ама понекогаш е потешко кога имаш брат.
Не е баш препорачливо да зјапнеш во тукушто избањатите
божици, особено ако лижеш сладолед баш кога врви нивната
гиздавост. Си платил цел, а ќе излижеш одвај половина сладолед
а на тукушто избањатите божици секако нема да ве видат, инаку
барем ќе ви се изнасмееја на сладоледните капаници. Секогаш
имаат друга работа – си ја мерат светнатоста со кубињата, како да
сакаат да докажат дека сите божици се светнати. И така од век
во век, од облак на облак. Изгледа, Данте цапнал со лева нога во
денот кога и прфрлил на Пиза дека е срам за родот човечки. А и
вековите си го прават своето – некои зборови се кажуваат и за да се
заборават. Како што на некои гробишта, како на овие во Пиза, им е
судено за навек да бидат живи. Макар жив потсетник на ренесансата.
Пред портата на горбиштата еден огромен црн ѓавол со рогови
му се здава на Галилео и му бара влезница за гробиштата. Ај беља
работа, си вели во себе Галилео и тргнува по друга патека: фреските
во скопско Нерези не се ништо полоши од овие во Пиза, а таму
сетики нема ѓаволи пред манастирските порти. Патем и ќе си купи
шило за кога ќе се врати да го боцне ѓаволот на незгодно место. Да му
покаже дека сепак се врти тркалото на среќата и низ кикот да му рече:
Ај, нека е за арно крај реката Арно во Пиза.



КАКО КУКУРИГААТ ПЕТЛИЊАТА БЕЗ ПЕРЧИЊА ВО СИЕНА?

Прво што се гледа од највисоката ритка на Сиена
е дека Данте ми ти бил ептен голем маанџија
кога салтуку се прашувал дали некогаш некаде
имало пошуплив народ од сиенскиот? Од шупло во
празно претечуваат цели векови и ќе претечат уште
многу и пак нема да им се угоди на таквите како Данте.
И пак нема точно да се знае, како што не се знаело и
не се знае – има ли и колкава е разликата помеѓу
шуплоглавците и полноглавците? И пак долго ќе се
мудрува, баш тука, на плоштадот во Сиена, колку минатото
постои во сегашноста и колку иднината ќе постои во
минатото? Ако минатото е јајце, ова што постои сега
кокошка ли е? Најнакрај: и зошто се игнорира улогата на
петлињата на небеските мостови од минатото до иднината?
Ако е најблиску до тосканското небо, како кукурикаат
петлињата во Сиена? Перчињата секогаш ли им се црвени?
Како кукурикаат петлињата без перчиња? Или тие служат
само за украс, колку да ги нервираат умрените кошарџии,
бојаџии и комарџии – живо сведоштво за тоа дека сепак
имало минато без сегашност и дека ќе има сегашност без
иднина. Сите што поминале низ портата над која пишува
дека Сиена ви го отвора своето големо срце знаат, сите без
исклучок знаат, дека да одиш од град во град низ Тоскана
е како да облекуваш различни костуми од еден ист кројач.
Ама сепак, само во пената на кафето на плоштадот во Сиена
наместо со цимет, со прав од отечени ѕвезди се нацртани
разголени женски гради и само мермерот во црквата во
Сиена е жежок – ем од трите разголени грации, ем од
недобројните алчни зјапачи во уметнички дела, демек.
Сега кафето што се служи на плоштадот во Сиена е без
талог, па јасновидците со други алатки го распретуваат
развратот од минатото, а на идните поколенија уште во времето
на асолното кафе и онака им беше проречена рамнодушноста.
Сркачите на кафе на плоштадот во Сиена задолжително фрлаат
поглед кон фонте Бранда – со едното око ги гледале историските
папско-царски и богаташки промендани, а со другото око, ептен
ококорено, ја пулеле сегашноста низ белите гради на сиенските
моми кои се враќале од вода со раскопчани елеци, баш како во
старите македонски песни. Е, тогаш постои најголема опасност
воајерите од плоштадот во Сиена да добијат проширено срце, што
веднаш им се познава по заруменетите лица, а овде со векови
наназад никој не црвенее од срам. Уште од раѓање сите во Сиена
знаат дека треба да се слави само раѓањето, ама кога ќе се роди
женско никому не му стиска да го крсти Марија, толку да се имало
уплав од петлињата без перчиња и од стаорците во каналите на Сиена.



ШКОЛКА ВКОТВЕНА ВО ВЕКОВИТЕ

Има школки на кои им прилега да
бидат вкотвени во вековите, вели уште
неродената Венера потсмевајќи им се на
баналностите на мултилингвалните туристички
водичи. Убавината само со убавина се
разбира. Помни и врати, пак со убавина.
Гледајте, нагледајте се, ако не сте виделе
угул голи набабрени цицки и бели бедра
како треперат на западниот ветар. Кога
се слави раѓањето на убавината, ред е да
затреперат и прекуокеанските школки,
а ред е и да му се стегне раката на мајсторот
кој од црни чавки знае да направи бели гулабици.
Останал и обичајот рози да паѓаат од небото,
кога се раѓа убавината. И небото да плаче
од среќа и со солзи да ја полива тревата.
Откога убавината ќе стапне на тревата, небото
заминува на принуден годишен одмор:
розите сами никнуваат, секаде каде што ќе
стапне убавината. Зад розовите грмушки
мјаука по некое бело маче. Сака да има
розе боја. Гледајте, нагледајте се, кога со
векови веќе, уште од стариот Рим, не сте
виделе голи цицки. Еден ден очите на сите
ќе се уморат. Кога тогаш грешниците, една
по една, ќе вежбаат јога и ќе танцуваат
модерен балет без никој да ги задева. Некои
сликари ќе останат ловци на соништа. Сликарите
отсекогаш биле сомнителни. Не знаеш дали да
ги жалиш или да им завидуваш кога ќе капнат
од толку поткревање на јадрите цицки на
нивните модели. Ботичели најпосле крева
раце од се и собира лажички со грбови на градовите
низ кои талкал. На терасата во Уфичи една
група турчинки сркаат кафе со многу шеќер
и шепотат нешто за тоа дали Ботичели би се
шекнал со умот ако наместо во Фиренца судбината
го турнала во харемот на султанот. Таму да му
играат чочеци и на крајот од играта да му го
заблажат пофтежот со баклави и кадаиф. Самиот
Ботичели, пак, знае дека е доцна, дека ќе дојде
фајронт и сè навистина ќе побара. Брза во толпата
да го најде Тицијан. Со задоволство би му
позирал, да видат и неродените дека навистина
се папсува од цицки, од многу пари и од многу дарови.
Зад грб некој му вели: полни очи, празни раце.
(Тогаш не беше дојдено времето на празните стомаци).
Се разбира, под темелите на Уфичи има
канализација. И стаорците што се стаорци
најмногу се собираа и до бесвест скокаа и бревтаа
баш под онаа мома која испловува
на школка, пред да никне првата розе грмушка.



ПОРТРЕТ ПРЕД ПЕТ ВЕКА

Ова е миг на утринска збунетост:
љубопитникот од толпата во Уфичи
на едно од платата на Тицијан го
препознава Че Гевара. Болен човек
со баретка баш како на Че Гевара,
а и со тажен поглед баш како на Че Гевара,
младиот доктор кој со мотор ги
обиколува камповите на лепрозните
во Јужна Америка. Тој неможен да
плаче, тие немоќни да запеат.
Седобрадиот сликар во улога на
заштитник на убавината на бунтовниците:
ни херпес на устата, ни крв од носот
на болниот човек со баретката на
Че Гевара. Кога тогаш убавината
ќе се најде за нешто друго, на пример,
за весел кикот со личната мома
која се ниша на нишалка. Тогаш
устата со херпес нема да може да
бакнува шеесет пати во една минута.
Молчи болниот, молчи сликарот.
Цели пет века. Папсуваат од молчење.
Меѓу две молчења –
ќофтиња во сос и троа вино.
Без кромид, оти ни господ не знае
која може да налета баш кога си
нагнетен кромид. Можеби момата
од нишалката. А и не, да речеш,
само една нишалка. Такви се
времињата – секој си ја брка својата
среќа. И секој гледа да не се
занесе по патот од којшто нема враќање.
На мнозина џабе им излегло тргнувањето,
отшто не се вратиле. А ако не тргнеш
нема никогаш да знаеш дали има
враќање. Како и да е, треба да се
издржи барем уште неколку века.
Царствата пропаѓаат полека, отмено.
По пет века Тицијан си го гледа
сопственото платно со баретката на
Че Гевара и си мрмори нешто
сам со себе. Мигум цврсто се
прегрнуваат, неразделно. Во мигот
на утринската збунетост во Уфичи.
На излезната порта голема
распродажба на вековна денгуба.



ВОДАТА ВО ХОТЕЛСКАТА БАЊА Е ПОЖЕШКА

Утринава во хотелската бања водата
е малку пожешка од вчера а научно е
докажано колку водата е пожешка толку
повеќе паѓа силата и неправдада, иако водената
пареа на мнозина им го замаглува утринскиот
поглед кон црвениот бајрак развеан на
највисокиот балкон. Аванти пополо, сите
кон балконот под кој Јулија е оставена на
милост и немилост на туристите, некои нежно
да и ги галат, а некои баш и да и ги драпаат
бронзените гради. Има и такви кои сакаат
да цицнат од левата брадавица, ама срам им е
пред толку свет да глумат бебиња. Аванти
пополо, кон подножјето на приказната дека
иднината на љубовта, а и на светот, се темели
на писателската фантазија. Од града на града
како од врв на врв, сите се радосни и весели
во првите сто дена од таа приказна. Отпосле им
притежнуваат торбите полни со љубов и среќа,
отпосле, бришејќи си ги измрсените муцки,
разбираат дека нема такви на кои, кога тогаш,
не им се парчосала барем една
од кристалните чаши со која наздравиле првпат.
Сите ги следи иста среќа, ама едни само се
прават дека не е така. Ним им е најтешко,
никаде ветре да ги разлади а и да ги разбрка
облаците од кои со години кркаат. Откога ќе
завршат со кркањето, продолжуваат со летање
на облаците и во облаците. Во слободното
време, во крчмата на главниот плоштад, стотина
метри од балконот на Јулија, ги вадат огледалцата
од џебовите и гледаат како времето се прекшува
во отсјајот, гледаат и си се прашуваат на кого ли
личат тие во испрекршеното време. Ако веќе се
знае дека животот е сон, времето може ли
сонувач да биде? Какви соништа им се вртат
во тркалата на суриите велосипедисти, ролери
и други далдисани во здрав живот? Деноноќијата
на полициските сирени го сечкаат времето, ги
потскратуваат долгите сонови. Утринава водата
навистина е пожешка и можете да замислите
колку тропа машината за перење алишта на најжешка
вода. Ретко се случува во устието на духот некој
да дојава на бел коњ. Старите пијана и гитари стануваат
музејски експонати. Едно врапче џивка во арената.
Оние кои дошле еднаш, не се враќаат повеќе.
Им студи за навек допирот на градите на Јулија,
иако водата во хотелската бања е сè пожешка.
Сите имаат уверлив изговор: треба да се врви натаму.



НЕКОИ СТАРИ ПЛОШТАДИ МИРИСААТ НА НОВИОТ БАЛКАН

Во Тоскана никогаш не си на чисто,
а кој вели и дека мораш да бидеш на чисто,
дали сегашноста е веќе обезличена
та на минатото не му преостанува ништо
друго освен одново и одново да оживува;
а ќе да е дека и иднината не е курдисана како
што треба штом и таа отстапува пред минатото.
Тоа што на секое мосте се препираат неподносливоста
на минатото и неподносливоста на иднината е само
оброк брза храна за лесноверните туристи. Ним
препирките на мостовите, како и животот,
им прилегаат на неисполнет сон. На мостовите
веќе одамна нема нови понуди, сал
обична туристичка побарувачка. Некои стари плоштади
мирисаат на новиот Балкан: родените се прават
преродени, а слободните се прогласуваат за ослободени.
Расте бројот на зависниците од опојките на
минатото. Пред библиотеката Виеуссеау во
Фиренца Еуџенио Монтале и позира на среќната
иднина и го спитомува во погледот сето време
што го знае. Ако е судено да се скончува, тогаш
скраја од вревата на продавачите на американски
крофнички и од празнословието на модните
кројачи. Во царството на чудата ништо ново
не е да не се верува во ништо. Не еднаш се покажало
дека во преродените се кријат и одродени.
На таванот во хотелската соба има скришно
пристаниште и бродски сирени кои не ви даваат
око да склопите. Во првата мугра крикнува
искубан петел од лонецот со врела вода. Дури
не пекнало сонцето тргнуваме кон блиските ритки.
Се држиме за раце. Сепак, четири очи подобро ги
распознаваат тревките пекнати по иднината,
зад крвавите порти на Тоскана.

Катица Ќулавкова: ПОЕТСКО-РЕТОРИЧКИТЕ ПЕРФОРМАНСИ НА РИСТО ЛАЗАРОВ

Катица Ќулавкова

ПОЕТСКО-РЕТОРИЧКИТЕ ПЕРФОРМАНСИ
НА РИСТО ЛАЗАРОВ


Книгата Светилничар на Ристо Лазаров ја продолжува, доградува и ја надградува амбивалентната поетика на добли­жување и оддалечување од биографскиот, автобиографскиот и мемоарскиот пристап во лирската поезија.

Доближувањето се случува кога песната ги рефлектира, со нагласен миметизам, јавните и личните собитија во опкру­жувањето на поетот (било да се работи за домашниот амбиент или за амбиентот од некои негови патувања). Оддалечувањето се случува кога поетот ја зголемува дозата на ироничност на изразот, кога ја стилизира песната преку слободни лудистички интервенции (игри со зборови). И едната и другата поетичка постапка ги имаме сретнувано во досегашната поезија на Ристо Лазаров, во неговиот обемен поетски опус од дваесетина ори­гинални поетски збирки. Во некои поетски збирки преовладува миметичкиот принцип (референцијален, наративен, патописен, исповеден), додека пак во некои други, особено оние од почетоците на неговото творештво, преовладува лудистичкото начело (Еве ти шипинки, Јана, на пр.). Во последнава книга поезија (2013), Лазаров ги вкрстува овие две начела на најубав начин, така што тој создава еден свој интегриран поетски профил и го легитимира својот творечки идентитет.

Некои критичари од белградска/српска провиниенција ја нарекуваат оваа поетика „поезија на проживеаното искуство“ (Гојко Божовиќ, „Историја на впечатоците...“, поговор кон изборот Отплесана историја, издание на издавачката куќа „Архипелаг“ од Белград, 2012, во превод на Душко Новаковиќ). Поточно, Гојко Божовиќ смета дека песната на Лазаров „почнува таму каде што „се судираат настаните и заборавот“. Тие го ставаат акцентот врз блискоста меѓу песната и стварноста (животот, искуствата, собитијата, историјата, лич­ните впечатоци за стварноста), иако го забележуваат и мигот кога песната искажува ироничен став спрема стварноста и кога стварноста се фокализира низ критичката перспектива на поетот.

Јас би сакала да го нагласам токму последново, настојувањето на песната да биде критички настроена спрема стварноста, спрема настаните и луѓето кои често пасивно, некритички се однесуваат спрема аномалиите на нашата современост, културна и политичка. Од таа критичка позиција произлегува потребата да се иронизира, да се повлече извесна вредносна и етичка граница, извесна дистанца која ќе ги отвори портите на црниот хумор, подбишегата, гневот и револтот, патетичните реминисценции и носталгијата по една друга стварност.

Таа носталгија има свое огледало, се препознава во носталгија по едно препознатливо време кое било па се изгубило, не само историски, туку дури и во современите интерпретации на таа историја. Токму на тоа бришење на историјата во колективната меморија реагира жестоко оваа книга. Таа со извесен презир гледа на недоветните ревизии на македонската историја од времето на југословенската федерација и од глобалните опкружувања од втората половина на 20 век. Поетот ги препознава тие недоветни и неправедни ревизии насекаде околу себе, во урбани мотиви, во медиумската сфера, во менталитетот и културните стереотипи на денешното време, во заблудите со политичка, национална и идеолошка позадина. Во тоа секојдневно посматрање на обележјата на современиот свет сега и тука, поетот го акумулира својот гнев и се соочува со својата немоќ на единка, како и со немоќта на индивидуата да промени нешто битно, нешто коренито во светот што го живееме.
Токму тоа соочување со немоќта да се дејствува го тера поетот да се сврти спрема Речта, спрема Песната, најсилното орудие што го има за да го искаже својот став, својата болка, својата горчина.

Во поезијата на Р. Лазаров од неговата последна книга речиси фотографски уверливо се проектира сликата на современа Македонија во склоп на еден поширок мозаик на современиот свет, за што сведочат циклусите „Црешата“ (мотивите поврзани со Јосиф Бродски, Маргарет Атвуд и др.), односно двата последни „патописни“ циклуси „Венеција“ и „Фиренца“. Во овие циклуси се наѕираат контурите на современиот цивилизациски хронотоп во којшто е ставен жигот на далечното минато полно со артефакти, и на своременоста обележана од парадокси.

Некои песни од оваа збирка се алузивни и реминисцентни (интертекстуални во поширока смисла на зборот). Тие алу­дираат на некои познати места од македонската поезија и култура („Старо купувам“ на Ацо Шопов, на пр., поезијата на Блаже Конески и др.), а други се обидуваат да актуализираат некои општи места и да ги исполнат со нови свежи значења, почнувајќи од песната називите на првите два циклуса „Учителот“ и „Глува дупка“, па завршувајќи со песните „Народна кујна“, „Пуштил полжав рогови“, до „Студен туш“, „Сиктер песна“ или „Лебец и вино“. Строгата критика се комбинира со инфантилна потреба да се подигрува и со потребата на човек на зрела возраст да биде меланхоличен, бесен, некогаш и пречувствителен.

Оваа книга песни на Р. Лазаров покажува дека лириката може да опстане и кога во неа има нагласена дијалогичност, наративност, мемоаристичност. Таа е тивка, дискретна реплика на тезата на Михаил Бахтин дека лирската поезија е моно­логична. Точно е дека и дијалогот во поезијата поприма форма на монолог исполнет со страсти, реплики, реторички и дра­матични обраќања. Но, уште повеќе е точно дека поезијата има длабок порив да се отвори спрема читателите, спрема пошироката јавност и да биде морална опомена и свест на своето Време. Ако го постигне тој ефект со помош на добро извајана естетска форма, тогаш поезијата ја остварила својата цел, ја покажала својата моќ, што јас ја нареков трансестетска, односно реторична и перформативна (изведбена).

Поезијата на Р. Лазаров е реторична и перформативна и затоа се отвора спрема публиката, затоа, затоа го следи методот на одржување на врската со колективната свест, со масите. Во таа своја намера, песната си допушта слобода да се приземни, да ги користи жаргонските изрази и фамилијарните фрази, да биде комуникативна и разбирлива. Реторичноста и извед­беноста се основа и на една сценична димензија на поезијата, која пак е преземена од епската поезија и пренесена во лириката. Ваквиот трансфер се смета за ефектен и успешен ако е поетски и естетски продуктивен, каков што е оној во последнава збирка на Ристо Лазаров.


Скопје, јануари 2013