Кревалка

krevalka-front

Кревалка
(2011)


1. Балон

ИЗДИШАН БАЛОН

Пак ми се чини
дека си заминуваш
побрзо од мислата
и пак сум стутулен
во лошото ќоше на љубовта.

Устата пак ми е преполна
со младо сирење
набабрени јаболка
и ѕрели црешни
и пак ми се чини
дека на стариот стрвник
сепак му недостасува
последниот залак.

Се разбира
дека е доцна за каење
дека ѕвездите веќе се клапнати
и дека продавачите на пуканки
пак ќе ме прогласат
за почесен издишан балон.

Секогаш откога ќе заминеш
ќе згмечам некоја смрдибубачка
ќе го вклучам телевизорот
небаре веднаш ќе јават
дека еден издишан балон
пак си ја надлетува
сопствената сенка.





НА СТАРОТО МЕСТО

Бевме млади
и од разделеч искричаво
си влегувавме во погледот
еден на друг
уште пред да стасаме
на нашето старо место.
Оттаму гушнати итавме
да се отвориме еден во друг
како што се отвора секој сон
и како што сите ткајачки
ги раздиплуваат своите черги
врз кои потскокнуваат големите надежи
сеедно што не се гледа баш јасно
кој го крка месото, а кој ги глода коските.

Бевме млади
и се уште итавме
на нашето старо место
иако веќе знаевме
дека никогаш не е доцна
да му се обесиме на залезот
кога и онака утре нема навреме да раздени.
Со време разбравме
дека во секој календар има и лажни датуми
и дека упорното доаѓање на старото место
не значи секогаш и повторување на љубовта.
Исто така разбравме
дека делува смирувачки
ако во семкарницата на нашето старо место
купиме по еден фишек време
и по еден џепен прирачник
за безболно продолжување на самозалажувањето.

Сега веќе не сме млади
и на старото место одиме одвреме навреме
и тоа сам по сам.
Сами си мрмориме
дека навистина е прекрасно
што не боледуваме од лажна носталгија
иако немилосрдно не натискаат
искуствата на целосни губитници.
На нашето старо место
петоците се се’ поцрни
и во талогот на дното на филџанот
убавината се именува како тага.
Најнакрај разбираме
дека и разделбите се за во песна
и додека трае обновата и изградбата
ќе има и нови траги на минливоста.
Белки ќе се најде
доволно очај за вкусот на новите зборови
и сетики оној олук
на нашето старо место
ќе престане севезден да тропа.




РАСПЕАНИТЕ ЖЕНИ

Фајронт е во кафеаната крај езерото.
На масата во ќошот пет средовечни жени
си го допиваат виното, си ги допеваат песните
и ја гризнуваат здодевноста на најнезгодното место.
Меѓу две песни ќе скршат нешто
за потомството на езерските сирени
и за омлитавените летови на глебите.

Брануваат гласовите на распеаните жени:
ту повисоко, ту пониско
ту помеко, ту посилно
го оптегнуваат кругот на сеќавањата.
Првин кој што љуби грев не чини
и дејгиди луди млади години,
а потем црни горо, црни сестро.
Песни за фарисејската сегашност нема.

Кога ќе го заборават текстот,
ги надополнувам јас
седнат сам неколку маси подалеку.
Кафеаната е празна
и нема кој друг да им помогне
да не згасне во нивните звучни кандила
вечниот пламен на љубовта.
Пејат петте жени, допејувам јас
- со здружени сили си ги вардиме песните
од големите далги и силните ветришта
и утре нема да има – како во песната –
срдење за сношната вечер.
Пејат петте жени, допејувам јас
- волшебен сплет од љубокротителство
на хорот на касиерите кои го пребројуваат кусурот.

Се разбира, знаат петте жени, а знам и јас
дека кој пее зло не мисли.
Знаат петте распеани жени, а знам и јас
дека еден поет баш крај езерото беше напишал
дека е исто да се пее и да се умира.




СТАРЕЦ БЕЗ МОРЕ

Од неодамна Хемингвеј ми стана прв сосед.
Така, имено, стопанот си го беше крстил кафулето зад аголот
во кое катаден потскокнуваат голи папоци.
Така на времето потскокнуваа и танчерките во Хавана,
само што јас тогаш не носев очила
и што тогаш не ми требаа никакви совети
за рационална употреба на преостанатите години.
На времето во Хавана и ноќите побелуваа
од белиот рум во „Бодегита дел медиа“
и наутро не можевме да се изначудиме каков чудак
бил тој Хемингвеј штом кучињата си погребал како луѓе
во дворот на куќата кај Хавана
од каде пак, ако го опули морето, секој си понесува
(за спомен и долго сеќавање)
макар едно бранче од приказната за старецот и морето.
Дури сега, во кафулето „Ернест Хемингвеј“ во Скопје
отпосле те плиснува карибскиот бран
и те потсетува дека пристаништата се за да впловиш некаде
и дека она што го сакаш не е секогаш тоа што треба да го сакаш.
Во кафулето „Ернест Хемингвеј“ во Скопје
баш кога ги почувствував првите знаци на ревматични болки
на левото рамо ми се дотркала едно бранче и пред да заспие
ми шепна дека веќе ништо не е како во книгите на Хемингвеј:
испокинати се старите мрежи во кои се фаќаа љубовните воздишки
а и рибите веќе не се по воздишките и по заводливите насмевки.
Отспротива има и такви кои си ги негуваат седите бради,
арно ама, тие севезден лелекаат оти само Македонија немала цар во прогонство,
севезден прикажуваат за книги што други ги читале
и севезден им е подобро отшто на другите им е полошо.
Бранчето на левото рамо уште ми дошепнува
дека сака вардење од змијолики насмевки
и од врели бакнежи за среќен роденден.
На твои години, ми вели, се оди на пазар за да се купи троа време
и треба внимателно да се одбегнуваат препродавачите
на искуствата на целосните губитници.
А мене совршено ми е јасно дека
секој којшто се напил чашка бел рум со Хемингвеј
сфатил дека и со стар харпун се фаќа нова риба
ама кога-тогаш ќе стане старец без море.




БУРЕК СО БЕЛИ ЕДРА

Од балконот на вториот кат
севезден го пулев езерото
- сосе пливци, кајчиња и бродови.

Лека-полека, никој да не сети,
пресностасаните градители
ми го затвораа опулот кон езерото.

Утринава во опуолот ми останало
само уште едно парче езеро
што многу личи на четврт бурек
- и тоа не со спанаќ или со месо,
ами со бели едра.
Во него гиздаво се лулеат
едрата на едрилиците
што ги вршат последните подготовки
пред претстојната празнична регата.

Сосема набргу се очекува
некоја регата да биде последна
што ќе се гледа од мојот балкон.
Сетне ќе имам безличен поглед
со многу ѓерамиди
и попусто ќе пекам
макар по осминка бурек со бели едра.




ТАНГО АРГЕНТИНО

Испружени сме еден кон друг
- јас на едниот
ти на другиот брег на реката

Чекајќи ги звуците на армониката
се сторивме
ѕуница на вљубените.




НИКОЕ ВРЕМЕ

Езерото се размавало разулавено
чиниш, му се стеснува дното

(Баш би јавнале некој од брановите
ама сите места се зафатени)

Никој на брегот не знае
рана пролет ли е или доцна есен

И никој во градот не знае
рано утро ли е или доцна попладне

Последниот градски часовничар
вчера станал кафеанџија.



2. Компир

СВЕТЕЦОТ ОД СИНАЈ

Тукушто се вратив од очен лекар,
со очи широко ококорени
и жолт како лимон.
Ми правеа флуоресцентна ангеографија.
Првин ми ставија капки
за раширување на зениците,
па потоа ме тераа да мижам.
И мижев, мижев, цели два саати.
Демек, кој мижел упорно
немало да му се затворат зениците
и шансата во очната мрежичка
да ја зграпчи светлата иднина.
Згора, добро му доаѓа макар и привременото
ослободување од прангите на стварноста.
Само најнадарените и најупорните
стануваат професионални мижачи
и само тие ја растреперуваат темнината
пеејќи комитски песни
и разни други сезонски шлагери.
Мижев, мижев, уште си мижев.
Додека миже, човек си мисли
дека полесно се довардува татковината.
Продолжив да мижам
и да го слушам слаткото смеење
на Блажета Конески.
Вели:од секој скубен гарван не бидува орел
и секој ангел не е од охридска Света Софија.
Македонците се уште се Македонци, му велам,
колку да речам штогоде.
И се уште се борат со чумата, додавам,
колку да додадам штогоде.
Потем настапува ерата на долгото молчење
обоено со жолт контраст вбризган во крвта.
Има време и за една мижитатара
со апостолот Павле кој во Македонија
барал лек против алергија на црви и земја.
Најнакрај неизоставно следува
флуоросцентно,лимон мочање.
Баш тогаш некој од зад грб те удира по рамо:
Мојсеј веќе се вратил од Синај:
потпевнувајќи реди пасијанс
и со флуоросцентот од десното око
се мачи да ја осветли иднината
која и онака редовно задоцнува.




ЛАСЕРСКИ ЗРАЦИ

Не е тоа она влегување
на коешто би помислило секое машко.
Тоа е како четката
кога влегува во шишето
пред да се прави зимницата.
Тоа е и како оние цистерни
коишто ноќум ги мијат улиците
а личи и на водените топови
коишто ги чистат платоата
пред владата и парламентот
од толпите студенти, работници и селани
кои протестираат.
Тоа е како локомотива
која забревтано влегува во тунелот
и ита кон светлината
додека занесените патници оптимисти
зарипнуваат пеејќи
У тунелу, у сред мрака
сија звезда петокрака.
Такво е некако
влегувањето на ласерскиот зрак
во моето лево око.
Саде добродушно ме турка
како старо, раскантано фиќо
низ четките во автопералницата
за потем светнат
да го свртам почесниот круг
околу новиот сончев зрак.
При толку многу нова светлина
клепката ми се отвора
како златниот капак
на џебниот часовник
и не може да и се изначуди
на глобалната празнина на хоризонтот
во која ласерските зраци
се мачат да заиграат чочек.




ПРОГЛЕДУВАЊЕ

Среде транзиција,
откако паднаа
сите светски железни завеси,
ми го извадија пердето
од левото око
(лево, лево – кој тоа гледа со десно?)
Наеднаш ми бликнаа пред очи
слики со набабрени, остри бои.
Видов бистри насмевки
и матни мргодења.
В зори го видов лизгањето на сончевите зраци
а на месечина ја препознав белата роза
заскитана во градината на ноќта.
Видов многу птици како гордо си го користат
правото на летање.
Ја видов дури и безбојноста на воздухот,
како што на првиот билборд лесно ја препознав
лажната насмевка која ќе ни ја упропасти иднината.
Кога ми го извадија пердето
од левото око
мигум сватив дека и ласерски се менувал
погледот на светот.
А мигум ми влета и тага во погледот
сосе прашањето што севезден си го
повторувам како кога се учи урок наизуст:
колку ли убави жени
останале невидени како што треба
додека не ми го извадија пердето
од левото око?




АЈНШТАЈН ВО ПОТРАГА ПО СВЕТЛИНАТА

Пролетта илјада деветстотини и петата,
речиси истовремено кога Методија Патчев
во Македонија ја принесуваше својата саможртва
на олтарот на слободата и на татковината,
Алберт Ајнштајн, млад службеник во Патентниот завод,
излезе од поштата во Берн и замислено се загледа
во зраците светлина кои се прекршуваа
врз големите црни облаци.
Не беше заинтересиран за каков и да е природен феномен,
ниту за спектарот на кој и да е елемент.
Само едно прашање го измачуваше:
како Бог го создал овој свет?
Алберт Ајнштајн, младиот службеник во Патентниот завод,
упорно зјапаше во сончевите зраци
надевајќи се дека така полесно ќе ги спознае
мислите на Бога,
оти се друго беше обична дребулија.
Таа пролет немаше кој да му каже на Алберт Ајнштајн
дека кој многу си игра со сончевите зраци
предвреме ќе добие катаракта,
а Методија Патчев секако знаеше
дека секое долго талкање низ мракот
завршува со избивање на светлина
и дека сончевите зраци понекогаш
се потпираат на бастум од илузии.




БЕЛА МУРЕНКА НА ЦРНИОТ ОСТРОВ
На Пабло Неруда

тагата навистина нема рок на траење:
под белата муренка на црниот остров
им ги пребројуваме брчките на морските далги
и го одгатнуваме молчењето на ѕвездите.

под муренката лазат едночудо приказни
за распнатите едра на љубовта
и за потонатите лаѓи
и ги подучуваат новите нуркачи
како да го допрат дното на историјата.

од највисоката гранка на белата муренка
црната птица уште еднаш ги пребројува
мртвите тела кои пловат по маночо
и живите рани обложени со вистински воздишки.

се меша зеленото мастило со црвената крв:
надежта отпочинува под сенката на муренката
пред лутиот бој со смртта.

ем молчат, ем бијдат брановите:
доаѓаат нови поплави од тага
за докусурување на дваесетиот век.

секое листе на белата муренка
им прави сенка на мечтите
на сите кои умираат со гордост во погледот.

уште е отворено прашањето
дали ветрот има сенка
и до кога ќе трае пирот на ветрогоните
и бездушното гмечење на плодовите
на сите муренки во светот.

на кората на стеблото на белата муренка
е втиснато ракувањето со иднината:
бело пиле со црвено перче
од највисоката гранка на белата муренка
севезден пее за мугра ведра на исла негра.




КОМПИР
На гробот на Изет Сарајлиќ

Оној ветерничав април
кога спука во Сараево
ми рече по телефон
дека сепак не можам да ти го испратам
она што најмногу би ти се нашло
- една вреќичка компири.
И уште ми рече тогаш
дека е подобро да не доаѓам во Сараево
и да си го вардам градот во спомените без лузни
онака како што се варди убавината на мајските утра.

Еве, сега те барам на гробиштата кај Лавот
на два-три еленски скока од твојата куќа
во тишината на улицата Фуад Минџиќ.
Те барам како исчезнат збор од мислата што се бара.
Тука некаде одамна те видел твојот сосед
како ги храниш врапците и како и шепотиш
меланхолични стихови на твојата Ида.
Ти донесов шише „Т‘га за југ“ и китка црвен каранфил.
Ти донесов и еден обичен компир – тадури од Македонија
каде што сега садат норвешки сорти компири
што се двојно поголеми од нашите
а велат дека и полесно се варат и пореж се печат.

Искрен да бидам, пријателе,
си мислам дека ми се потсмеваш
од прозорецот на твојата соба во соседството:
џабе ја пеевме Интернационалата со Енцесбергер во Струга,
кога сега, велиш, „Аврора“ е посрамена пред Нахимовската академија,
а оној Евтушенско пак ќе да е во право кога вели
дека од животот исчезна смислата.
Денес нема што да се чита во „Ослобоѓење“
ниту на лицата на минувачите во градот,
а и ѕвездите некако поинаку сјаат во стиховите на младите поети.

Ех, бе, Кико, ич не ме прашувај и мене
како се бега од историјата
и како се прави помфри од норвешка сорта компири
во рестораните на „Мек Доналдс“ среде Москва
додека изгладнетата филхармонија на врапците
се подготвува да ти го отсвири Вториот концерт на Рахмањинов.
Слушај, и наслушај му се,
како да си во сенката на брезата под твојот прозорец.

26 мај 2007.




ПАК СТУДИ ВО МОСКВА

Пак студи во Москва
и пак ми треба твојта прегратка.
Многу ми треба таа прегратка со вкус на цимет.
Во неа полесно се одгатнува
дали ѕвоната од Кремљ ги опоменуваат спанковците
или ужасни соништа ми ја расипуваат ноќта.

Пак студи во Москва
и нема спас од разграканите нови птици
кои мислат дека дошло времето
кога можат секому да му се посерат на глава
и дека тоа е најплодотворниот начин
за општо усреќување на човештвото.

Навистина студи во Москва
и луѓето со празни и изгубени очи
пак не знаат дали се пијани од радост или од тага.
Весниците се полни со среќа,
по тротоарите талка висока лесноумност,
а издувните гасови ги покриваат авениите
небаре автомобилите се движат на прдежи од грав.
Секаде студи во Москва, а никаде нема вистина.

Студи и на Плоштадот на револуцијата во Москва
каде што лебедите со клапнати клепки си ја летаат тагата
а дебелите комсомолки во тесни хулахопки
- алергични на неонацисти и неопедерчиња -
јадат замрзнати ореви и на полноќ се гаѓаат со бели јајца.
На плоштадот на револуцијата во Москва
гладта доаѓа катаден кога е ручек време
доаѓа како на волшебно килимче
на лепче намачкано со маст и црвен пипер
доаѓа и се клешти како гласник на светските промени
се клешти и како седмоглав аждер го задева Свети Ѓорѓија.

Многу ми треба твојата прегратка со вкус на цимет
ми треба тој молк набабрен од стара музика
таа тишина во која влегувам со собуени чевли
и во која собирам роса, источно од сите прашалници.
Леле, колку би сакал да потонам во твојата топла прегратка
во која кога студи во Москва каде-каде подобро ја разбирам
тагата на Константин Миладинов
и збрлавените сонца во неговата глава.



3. Мостови

ТАТКОВИНА

трепериш
како булка на мајско ветре

се тетеравиш
од годините врз плеќи

молчиш
како икона нацртана од крвој

се виориш
како барјак исткаен од светлина




МУЗИКА

Синот единец во Прага
севезден ја слуша „Само дома си е дома“.

Ние омлитавени родители во Скопје
севезден ја слушаме „Влтава“.

Така некако изгледа
музиката на двојната тага.




МОСТОВИ

Секогаш
пред да се вратам од Прага за Скопје
по цел ден зјапам во Карловиот мост на Влтава

Секогаш
пред да се врати од Скопје во Прага
син ми по цел ден зјапа во Камениот мост на Вардар

И само ние двајцата си знаеме
какви брзаци ни течат низ душите
додека пред разделба по цел ден зјапаме во мостовите.




КАКВИ ЗИМИ, ТАКВИ РИМИ

какви зими, такви рими:
жена ми и син ми
во туѓина китат елов садник
и кршат погача за бадник


јас пак сам кмишам дома
ко во мечкина утроба трома
грицкам виртуелен сладник
а татковината ни – гурбетчиски расадник.


Бадник 2001.




ВОДОСТОЈ

Под мостот на Влатава во Прага
син ми и жена ми
си го возат на педолино
среќниот занес од најновата средба.

Јас пак
од врелата тераса на семејниот дом во Скопје
со солза радосница
се обидувам да го поткренам водостојот
на семејната среќа.




ТОА АВГУСТОВСКО УТРО ВО ПРАГА

Тоа августовско утро во Прага
се згоди сите улици и тротоари
да бидат измиени
со метеорски дождови
од потокот на соѕвездието Персеида.

Тоа августовско утро во Прага
чистачите на улиците
среќни и весели
си посакаа нешто убаво за себе
и за своите најмили:
едни посакаа да има повеќе пари за пиво,
други посакаа пивото да биде студено,
трети посакаа децата да им летуваат на Јадран.

Тоа августовско утро во Прага
Сите ги прекоруваа своите мали кученца
кои баш сега најдоа по пет пати да мочаат
во тревниците послани со свежи ѕвезди
а за баксуз, никаде немаше натпис:
мочањето врз тревници од ѕвезди е забрането.

Тоа августовско утро во Прага
трамвајџиите одбиваа да возат
по шините покриени со ѕвезди од Персеида
а патниците и забораваа да појдат каде што наумиле
шашардисани од толку многу ѕвезди.

Тоа августовско утро во Прага
питачите избањати од ѕвезди
се престорија во учители по добро однесување
и им раздаваа на минувачите
мали сунѓерчиња за цивање на големите маки
и бакнежи натопени со ѕвезден дожд.

Тоа августовско утро во Прага
на балконот во зградата отспротива
видов угул гола жена
како до бесвест танцуваше
врз остатоците од ѕвездениот дожд
надевајќи се бездруго
дека кога и да е ќе ѕгрми
и дека ѓе зграпчи
барем една светкавица.




ТРАМВАЈ ЗА СЕЌАВАЊЕ

Еден убав пролетен ден
во трамвајот број 19 во Прага
првпат ми се случи
еден младич љубезно да стане
и да ми направи место за седење.
Се збунив, како кога првпат
бев бакнат од женско,
или како фатен на дело при првиот престап.
Добредојде во клубот на привилегираните,
си реков крепејќи си ги годините на плеќи
и си ја отстојав на нозе
мојата релација.
Отпосле се запрашав:
и да стоев пркосно како цуцул
до последната станица
само на едната нога,
ќе ги избришев ли
како што се брише потта од челото,
знаците на старост
што момчето ги виде во моите очи?
И ќе го сочував ли,
ако не беше љубезното момче,
тој убав пролетен ден во Прага
за спомен и за долго сеќавање?




4. Око на око

МАЈКА КАКО МАЈКА
На Ратка

Мајка како мајка:
и на јаве и на сон
севезден ги распетлува
јазлите на судбината -
тагата ја обликува во скулптура на молкот
а сиот вишок светлина му го испраќа
на синот единец во туѓина, да му се најде.

Мајка како мајка:
секое утро запнува да си го продолжи сонот
таман колку да му стокми појадок на синот
пред тој да киниса на работа –
троа нежни погледи, троа галежи,
грска цреши (тие тука каде каде порано узреваат)
и задолжително чај од мајчина душичка.
Инаку, синот се сонува само вертикално,
како и секоја нова надеж.

Мајка како мајка:
додека чека на компјутерскиот екран
синот да и дарува дневна доза најубави насмевки
во кожурка од свилена буба реди се’ што се крие во неа
и саде се чуди колку бил замрсен животот
и колку време треба да се раздипли
сето што се збрало во кожурката од свилена буба.

Мајка како мајка:
во мислите ги пребројува облаците
таму далеку, над Карловиот мост во Прага
и мигум ја збира цела Влтава во мајчина солза.
Над клепките и се виорат снежните македонски висови.
Сеќавањата малку и напукнуваат
и некако не и се верува дека под мостот
тече црвено вино, а никој не го пие.

Мајка како мајка:
во вечното вркстување на животните линии
стигнувајќи до синот стигнува до себе.




ГРЕШНО МЕСТО

Вклучен во новиот систем на комуникации
едно попладне туку така под облака добив СМС порака:
Се гледаме вечер на саем.
Како што доликува,
пораката беше уредно потпишано
и тоа од една моја стара пријателка.
Боже прости ми, таман почнаа да ме облазуваат
чуденки и грешни мисли,
кога на телефонот стаса нова порака:
Се извинувам, пораката летна на грешно место.

Не знам што повеќе ме погоди во исправката:
фактот што стариот грешник станал грешно место
или прашањето што се уште ме копка
- за кој среќник скопскиот саем таа вечер
беше бил вистинското место?




ДВОЈКА
Фани и Живко Паришко на кејот во Охрид


И вечерва, како и сношти, елегантната двојка
си ги шета годините, ем спомените
крај езерската вода.
Спокојно, лека полека,
како во расказите на Чехов во Јалта
во кои задолжително се наоѓа и некое кутре
а се изговара и по некој француски збор.

Знае таа, знае и тој:
животот е долго шеталиште
со недобројни угорници и крстосници,
со недобројни кошмари
и уште понедобројни пеперутки во сните.

Знае тој, знае и таа:
некои ветриња од езерото дуваат бесцелно,
колку да го разбудат хорот на жабите во трските,
да ги разбуричкаат алгите на минливоста
и да го обеспокојат крајпатното цвете.

Знаат обајцата:
ниту еден часовник на произведува време,
ниту една стапка не е пропадната во безвремие
и ниту една ѕвезда над езерото не е безимена.

Вечерва на езерскиот брег
пелистерките молики ним им шумолат на француски
нешто за топењето злато од жешките спомени,
за воздишките по секоја прочитана книга
и за заблазот што сосема случајно
им го фрли еден поет среде нивната прошетка.




КРЕВАЛКА

Кревалката е да крева
оловни товари од душата
како што соколот се крева
кога ќе здогледа лично моме.

Кревалката е да крева
капаци од усвитени вршници
да не пеплосаат предвреме
и уште троа да потлеат старите мераци

Кревалката е да го крева
моралот на одамна небакнатите
да не им пресушат усните
како откинати печурки на сува рида

Кревалката е да ја крева
маглата од полињата на страстите
да не им пречи на сите кои во занес
плетат корпи за брање свежи воздишки

Кревалката е и да крева
погрешно паркирани мечти
да не направат општ метеж и да ја спречат
најавената парада на гордите маченици

Кревалката може да биде
рачна, полуавтоматска или хидраулична
може да чкрипи како рѓосан чекрк
или да е безшумна како опитен ѕиркач

Има една кревалка пердув лесна и памук мека
која крева само со медени допири и благи погледи
која наизуст ја знае тајната на цутењето на сите цветови
и која од безумието прави поднослива болка.

Една чудесна кревалка:
песната ми ја крева по скали високо, највисоко
таму каде што секој кој ги допрел нејзините усни
поверувал дека кревањето навистина е бесконечно.

А ваму и децата уште ненаизгледани цртани филмови знаат
дека секое кревање кога тогаш завршува со струполување.




ОКО НА ОКО

Една, па уште една капка
во болното око.
Прецизно, во сред црнка.

Еден, па уште еден поглед
од врелите извори на твоите очи.
Плус, нежно намигнување.

Почнува ритуалот око на око:
твоите тивки солзи наеднаш стануваат
лечебни капки во моето болно око.

Капка по капка
- вир од скриени трепети.
Море жедно за нови бури.

Капки со вкус на малини
како кога си заминува летото.
Капки со едно име – убавина.

Петпати на ден пред и после јадење
- око на око, лечебен занес.
Повторувањето е мајка на знаењето.

Потем слушавме капки музика.
Попусто се плашевме дека ќе испари капката
која се обновува од здивот на стопените бакнежи.




ЦРВЕНО, ПОД ЦРВЕНОТО ГОЛО

Утринава ми го извадија пердето од десното око.
Сега, тазе бистроок, те гледам сета во џиш црвено.
Под црвеното – голо:
голи рамена, голи гради со облик на среќа, гол папок.
Тук-там се наоѓа и троа гола вода, а голата вистина ја нема
оти секогаш создава гола збрка во песните.

Пред Божик, зад Божик црвеното било среќа
и затоа момите се возеле со црвени колички низ градот
со полни усти црвени дренки од фрижидерите задлабоко замрзнување.
А голото во век и веков си е праисториско место
каде што пред секој нов самрак пеперутките наоѓаат пристан
на голите дланки брчкосани од толку многу прочитани судбини.

Јас пак ќе разврзам за нежното отворање на школката
и ти пак ќе ме убедуваш дека не сум прибран и пристоен.
Јас пак ќе посакам да сме збрани и гушнати во малку музика
и ти пак ќе речеш дека е доволно што барем молчиме заедно.
На телевизија прикажуваат некој стар тореадор
кој на следбениците им вели дека претераното зјапање во црвено
понекогаш се нарекува полни очи празни раце.

Одамна знам дека нема мечти без гребнатинки.
Но сега, тазе бистроок, расеано застанувам на балконската врата
и безволно си се тешам што темнината сепак не била бескрајна.
Баш сега, кога во белината на првиот снег
те видов во џиш црвено, а под црвеното угул голо
на радио некој најде да го пушти Реј Чарлс
кој лелекаше нешто за ослободувањето на срцето
а мене како удар во гонг ме тресна ехото на докторската наредба
за оваа прилика специјално обоена во џиш црвено:
„Марш таму на мижење!“
Зарем дури сега, на овие години, треба да ти се објаснува
дека среќата е најдолговечна кога човек мижи во занес
и дека светот е полн боцки отпаднати од џиш црвени рози?




ЧАСОВНИК

На времето,
на трудбениците кога ќе наполнеа десет години стаж
во кое и да е претпријатие им подаруваа рачен часовник
со изгравирана благодарност за несебичното залагање
и личниот придонес кон напредокот на претпријатието и на државата.

На времето,
се згоди секаде да работам по девет години
и така ја испуштив историската шанса да добијам на подарок
рачен часовник со изгравирана благодарност.
Си мислев тогаш:
изгледа светот сепак се уредува според заслугите
на не според можностите и потребите, како што не учеа катаден.

Во новово време
сите сме на работ на нервите
и живеачката се повеќе ја доживуваме
како синџир од неуспешни реформи
во кој ни се препелка чекорот кон лесно ветената иднина.

Во новово време
се згоди во едно претпријатие да одработам цели десет години
ама правилата на животот се сменија и веќе одамна
никому не му се подарува никаков часовник
што секако е една од причините некои луѓе
се повеќе да се чувствуваат изгубени во времето
а нивните души да скапуваат во контејнерите.

И баш во новово време
кога тешко се наоѓаат пристаништа за мирно да впловиш
барем во сопствените спомени,
помладите колеги на работа ми подарија рачен часовник.
Швајцарски е, личен преличен, а и водоотпорен е
- да го издржи првиот удар на мојата жешка солза благодарница.
Водоотпорноста помага и полесно да се измери
насолзеното време и растреперените сеќавања.

Личен и чуден, речиси чудесен е часовникот
што го добив на подарок:
секое помрднување на секундарникот
ги привикува на купче сите наши лета
и севезден ни прави патека до шумите на детството
но ни служи и како упатство за употреба на преостанатите години.

Згора на се, швајцарскиот водоотпорен часовник
дури сега, по толку години стаж
разговетно ми дошепна
зошто времето лета како што облакот лета пред ветерот
и колку време треба да поарчи еден човек
за најпосле да разбере колку е часот.

Скопје, 7 декември 2006




5. Потпалување

БРАНЧЕ

Крај езерото
ненаситно цицам музика
од едно распалавено бранче

Во ливадите над езерото
Моцарт бере планински чај.




ДВА ОГНА

Се случи
баш на Камениот Мост во Скопје
да зацапам меѓу два огна.

Меѓу две видувања
два течни бодежа
ми скориваа подводни јадови
и со иронични насмевки
го подбуцнуваа галопот на двете ждребици
прегнати во стариот пајтон.

Под два лака долу
спокојно си течеше судбината
- жив доказ дека секој оган
не се гаси со вода.

Отспротива
Хераклит ги подучуваше децата
како од една капка се прават две џамлии
и стрпливо чекаше да се ослободи маса за тројца
во новоотворениот кубански ресторан.




КОЛЕДЕ

Во рана зора
пред врата запеаја коледари.
Разни вратоломии им се случуваа во песните:
за греде врз деде, за бела гулабица небесна.
Пееја, пееја, до зарипнување.
Најпосле на врата се појави таа
- сета во прозрачна свила.
Коледарите првин онемеа,
па сите се удавија во нејзиниот поглед,
а има и такви кои до века ќе си ја сладат мислата
од насмевката на рајските јаболка
под прозрачната свила.
Си заминаа со коледарски торби
за цел живот претоварени
со убавина, недопрена убавина.
Ако не ви е јасно,
јас ја носев најголемата торба,
а се подразбира дека ден денес ги жалам коледарите
со полни торби ореви, костени и портокали.




ОКЛОП

Не е лушпе ореово
па дур трепне
да го смачкаш во шаката.

Не е ни китка босилкова
да те штити од комарци
кога се огледуваш во длабокиот бунар.

Цицлесто суштество е
со оклоп од чиста рунска волна
и со мисла опијанета од илјада кавали

Врти-сучи, трткај се збунето,
оптегнувај ја стрелата и над мерката
- оклопот се прчи како во тв вести

Под оклопот
таинствени вриежи на дамарите
пред вградувањето нови жилави стентови

Можеби вреди да се проба со оригинал плзенско
па отпосле пак да се оптегнува стрелата
баш пред влажниот влез на најтесната клисура

Време е и на малите деца да им се покаже
дека рицарот се мери по оптегнатата стрела
и по секавичното слекување на волнени оклопи.




ПОРОИ

Силни порои
ми ја зафатија душата.

Целиот истекувам
во тебе.




ПОТПАЛУВАЊЕ

Оние на кои им значи огнот
ги потпалуваат страстите
пред да фати зимска цибрина
во длабоките клисури на душите.

Одозгора потпалувањето обично почнува
со спотнат галеж веѓа на веѓа
а одоздола, секогаш и без исклучок
со нежен скокот на малото прсте на левата нога.

Среде распупените копнежи на небото
витката става на пламенот во луд занес
ги обезглавува изџимканите сни
и не ги одлепува усните од цуцињата на бардињата
од кои дурлат огнови во течна состојба.

Од веѓите до малото прсте
едночудо снежни клавирски дирки
по кои како низ тврди белутраци
се слегува до бунарот на старите мечти.

Низ чадот носен од скорнати виори
едно болно око со нови солзи пробива пат
и се мачи да ја отвори главната капија
зад која потем се тоне во влажните Еденски полиња.

Оние на кои им значи огнот
со време ги курдисуваат срцата
на забрзано чукање
и пред да го започнат почесното сркање на новите страсти
кришум прегрнати среде бел ден
севезден дуваат во мангалот на Хипокрит
и ги разлетуваат како диви гулаби
скриените жарчиња од кои се ројат
палави светулки за новите ноќи.




РОМАНС(К)А

Сум сакал многу џабалеску
на увце цигу-цигулеску
и на усни оган изгореску

А ти се мислиш ли сореску
кога ме правиш кочанеску
и уште ми велиш срам те билеску.




6. Големиот бран

БРАЌА НА ОКЕАНСКИОТ БРЕГ

На времето
седевме вака заедно
на балконот во родниот дом.
Дење зјапавме во минувачките на улицата
и како постар ѓоа те подучував
како се ловат убавици како пеперутки
во везден фрлените машки љубовни мрежи.
Ноќе зјапавме во небото
скокавме во мислите од ѕвезда на ѕвезда
и јас како постар ѓоа те подучував
дека патот до среќната иднина
е поплочен со светнати ѕвезди.

Сега сум ти гостин
во твојот далечен дом во Австралија.
Дење зјапаме во минувачките на плажата
и како помлад ѓоа ме подучуваш
дека годините сепак истекуваат
и низ најгусто исплетените љубовни мрежи.
Ноќе зјапаме во небото
некако не’ мрзи да скокаме од ѕвезда на ѕвезда
и ти како помлад ѓоа ме подучуваш
дека нема рампи само на патот
кон среќното минато.

Стоиме на брегот на океанот
и молчешкум запињаме
погледите да ни се вкрстат
таму далеку во родниот крај
баш во домот на третиот ни брат.
Ѓоа не забележуваме
дека ѕвездите ни се топат во очите.




ГОЛЕМИОТ БРАН
На Билјана и Виктор Габер

Се одвезовме на Бондаи Беј
одбравме место на ресторанската тераса
и нарачавме некакви кебапчиња од морски животинки
и, се разбира, по едно студено пиво.
Да бевме во Битола можеби ќе паднеше и шеќер локум
ама вака остана на пиво – едно вистинско, друго овошно, сеедно.
Таа сабота австралиското сонце немаше друга работа
па печеше уште од високо, ни ја скусуваше глетката
а најнакрај ни се пикна и во онака врелото кафе.
Таа сабота и ние немавме друга работа
и кога веќе не ни стискаше разгаќени
да му излеземе на мегдан на големиот бран,
решивме да фрламе долги опули од ресторанската тераса
- натаму, кон морската шир
која и на прв и на втор поглед изгледаше ептен широка.
Големиот бран си играше голем танц среде големата вода.
Големи надежи се испружуваа врз даските
чиишто сопственици до еден си мислат дека
- штом не им недостасуваат даски - имаат големи срца,
дека се големи сонувачи и големи јавачи на иднината
а и дека не се подложни на големи и лесни испарувања.
Улавееја сурферите низ разбранетата минливост
и со начучулени уши залепени на даските очекуваа
први да го слушнат големиот абер од големиот бран.
Се гледа и со голо око дека големиот бран никогаш не спие
а понекогаш милува некого да го протресе низ песокта на времето
и јасно да стави до знаење дека е свршено со големите занеси
и дека е редно некој да почне да потонува и во мислите.
Баш кога некој од соседната маса побара оган да запали цигара
опулот ми одлета далеку врз едно мало бранче
од кое всушност се извишуваше секој голем бран.
Малку подзамижав од сончевиот блесок
и така мижејќи сетив дека баш од насоката на малото бранче
дувна едно жешко ветре во едрата на роднокрајните песни.
Големиот бран си побара заклон во песокта на времето
а на ресторанската тераса доцна се сфаќа
една од многу пиво се добиваат изгореници.





ЗАЛЕЗ

Толку е убаво,
како во одамна прочитана песна.
На океанскиот брег свечено се спушта
проѕирна пурпурна завеса.
Ветрот е во став мирно
а и галебите не гракаат
под сувата грмушка во песокта.
Дебелата собирачка наотпадоци
на плажата е сосема отсутна
небаре сонува дека ќе и се случи
нешто многу важно и нешто многу нежно
нешто што не мириса на носталгична криза.
Во водата една медуза
си трие очите насолзени од многу сол
и се мачи да го утврди растојанието
од старата до новата болка.
Море, јанѕливо е на брегот
како кога го чекаме параходот од песната на Бадев.





КЕНГУРСКИ СКОК
Разгледница до Бранко Ставрев од Перт

Тука ноќта незапирливо расте
и згуснува како крв на жива рана.
Тука нашинците севезден мерат
колку може да трае ноќта во туѓина:
ем мерат, ем се бараат самите себе
во темнината и во тишината.
Кога ќе раздени, ако раздени,
нашинцитесо крилца на црни лебеди
облетуваат туѓи стравови
и парадно му отпоздравуваат на Диоген.
Среде ден пладина, потем,
ќе талкаат, талкаат и само ќе талкаат.
Си велат: талкај додека се талка.
Си думаат: кој талка ќе доталка.
Си подвикнуваат: талкачи од сите земји
- одталкајте веќе еднаш!
Дури отпосле, од историска дистанца,
нашинците тука ќе осознаат дека огнот
во високите печки на челичаните
е и клада за многу надежи и дека секој оган
неминовно завршува како пепел.
Дури отпосле, тука нашинците
ќе забележат дека кенгурскиот скок
не е скок во далечина или во височина
ами вистински скок во длабочина.
Живко Чинго и Ристо Шишков
одамна го знаат тоа
и се обидуваат да си ги оладат душите
со ладна бира, а на шеќер локум не се мераклии.




НИНА, ДЕТЕ СО ВИОЛИНА

Право да ви кажам:
малку сум и лута на учителката по виолина
која не ми кажа со време што да правам
кога меѓу знаците на нотниот пулт
ќе ми слета некоја волшебна птица
сета расчучулигана и распавтана
со многу стари песни што не ги знае ни татко ми.
Ја гледам птицата престорена во ноти
и наместо јас неа, таа ме погалува мене
со неостварените мечти на предците.
Гудалото нежно ми се лизга
ту во минатото ту во иднината
и ме потсетува дека некој нашинец најпосле
треба да му ги истегне ушите на времето
пред да ни се исушат сите ритки
и пред да престанат да ни врзуваат стебленцата
веќе онемени од носталгија.
За освежување меѓу два такта
(сеедно што тие можат да бидат куси како детството)
стига е истечено време со многу коцки мраз.
Музиката понекогаш собира големи цветови
и мириса на свежо измиена златна коса.
Музиката понекогаш се разгиздува
како пердув од паун во тревникот на секојдневието.
Гудалото упорно ми се лизга
ту во минатото ту во иднината.
На нотниот пулт наеднаш
се раздиплува молчење од највозвишени ноти.
Детската виолина собира многу роса
отшто никогаш не се знаело кога ќе ожеднат
багремите што дедовците ги саделе
да расцутат баш во музиката на внуците
некаде многу далеку, отаде времето.




СОЊА, ДЕТЕ СО ЦРТАНКА

Којзнае дали ќе ме разберете
и којзнае како ќе ме разберете
ако ви кажам дека секое отворање на цртанката
е танц на распалавени погледи
и свечен отпоздрав на сончевата светлина,
како што впрочем и секое влегување во океанот
е нов чекор во вечноста чиишто сенки
старите рибари се мачат да ги уловат во мрежите.
А кајшто има океан
има и бранови за многу напатени души
кои жедни ја препливале големата вода
и кои во кандилца си ги вардат коралните фитили
барем додека одгатнат дали океанот има корени
и дали во брановите има кирилични офкања.
Ова утро разни нешта ми влегуваат во цртанката:
раскрилени птици, задумани риби,
разлетани камења, зимзелени мечти,
неоснежени мрестилишта на нови сни.
Лека полека, неосетно,
влегуваат и приказните на бабите
коишто, искрено речено,
најсилно ми го крепат љубопитството
и ми ги вардат очите од пролетни алергии
а и од други уроци.
Во мојата цртанка
често наминуваат и едни чудни мерачи на далечини
со гламјосани чела и без скафандери на главите
кои сенешто премеруваат и домеруваат
колку далечини собира во една детска цртанка
и во една гламјосана глава без скафандер.
Знам дека знаете дека кајшто има океан има и многу песок,
но сте ја чуле ли приказната за принцезата на зрно песок
и сте се прашале ли некогаш
колку татковини собира во едно обично зрно песок?




УТРО ВО СИДНЕЈ

Две ноќи патував дотука
залепен до прозорското окно на авионот
и никаде во височините не видов ѕвезди.

Утринава по електронска пошта
добив рој ѕвезди од татковината
набабрени од недобројни тајни
и стежнати од нежни звуци.

Слушајќи ги ѕвездите од татковината
научив дека секоја музика си има сенка
како што секоја ѕвезда си има двојница
и како што секој нов ден си има нови воздишки.

Попладнево во паузата на јавната трибина
за несаканите последици од испарувањата
на прастарите наслаги тонска астрологија
ќе ги почестам гостите со слатко од ѕвездени трепети.

Се подразбира дека потем ќе испратам
и електронски одговор во татковината
- да не би да папсам во туѓина
од толку многу тајни во музиката
на ѕвездите од татковината.




7. Македонски блуз

БЕЛИОТ КРИК НА ПАПАГАЛОТ

Се случува некој неспастрен минувач
да му ја пресече песната на две.
Се случува некој збрлавен собирач на училби звуци
да му ги распавта сенките среде жегата.
Белиот папагал пак едностојно си колва
- троа од минатото, троа од иднината,
троа остатоци од ѕвездит.
Меѓу остатоците од црешите
пресадени тука од зад девет мориња
белиот папагал понекогаш ќе проголта
и некое купче исушени зборови, без јатки.
На белиот какаду некој одамна му беше шепнал
дека колвањето е всушност оставање знаци во времето.
Кога ќе си спомнеше на вечноста
најмалото пердувче му затреперуваше од среќа
и тогаш белиот какаду ќе крикнеше бело
среде ливадата на самоубиственото молчење.
Белиот крик беше знак за бело раскрилување
- под летнатата белина да најдат отпочин
водоскоците од роднокрајните детства
а и името на стариот крај да не подизгори од многу сонце.
Никој не го прашува белиот какаду
во Ботаничката градина во Сиднеј
дали по последниот бел крик
ќе се престори во перница од пердуви.




ГОЛФЕРОТ ОД ПРИЛЕП
На Снежана и Бранко Алампиeски

Ќе да е се зацапав во голфот
оти се игра молчешкум и задумано,
како кога ги прелистуваш албумите од детството.
И белото топче, кога ќе го плеснеш по газ,
лета кон целта на крилјата на молчењето.
Сосе топчето, понекогаш и небото
молчешкум се оддалечува од нас,
а се помалубројни се оние кои уште се занесуваат
дека сосе топчето, кога-тогаш,
ќе одлетаат дури до дома,
да си ја преповторат приказната за Силјан Штркот.
Во зелениот бескрај
ретко кој еднаш прелаган од млазовите на надежта
го фали Бога туку така, без задршка.
Новодојдениот тука лесно го наоѓа влезот
а којзнае дали некогаш ќе сфати дека излез нема.
Пред да го удриш белото топче
уште еднаш си го стегаш со ременот сопственот јас
за да не летне сосе топчето
зад некоја грмушка, во празнината на времето.
Пред да го удриш белото топче
пребројуваш колку црни дупки има во една судбина
и колку судбини може да збере едно дупче за голф.
Пред да го удриш топчето
секако треба да знаеш
до кои далечини може да те однесе ветрот
сосе болката во душата.
А откако ќе го удриш топчето
и откако тоа ќе летне угоре како гулаб од детството,
тогаш никако не загледувај се по топчето
оти погледот може да ти се судри до сонцето
а од многу светлина, велат, се ослепува.




ЛЕНИН НА ПРИСТАНИШТЕТО ВО СИДНЕЈ

Пладне
свиткано под старата козирка.
Испотените соништа
се спуштаат по акробатските скали
кон светилникот снемоштен
од стари бури.
Наеднаш станува сосема јасно
дека сите утра
построени под стреата на историјата
не се аврори
и сите вотки не се сечат
со исчезнатото време
во сувото грло.
Меѓу две пијачки во кафулето
Абориџините од сиот свет
преработуваат суви сливи
против запек на песимистите.
Ајкулите спокојно си се гостат
со живи остатоци
од неостварените мечти.
Брадестите бурлаци запинаат
да ги повлечат нанапред
уморните октомвриски дождови
и се’ туку се допрашуваат
онака на кирилица -
тагата превртена наопаку
радост ли се вика?




МАКЕДОНСКИ БЛУЗ
На Крис Ангелков

Како што е редот,
првин извршивме свечена размена на погледи
- долги, како од татковината дотука
и пргави, како кога играме карти:
ме пулиш првин ти, па те пулам потем јас
- дланките празни, само што не заспале.
Во муабетот, а и во песните,
веднаш ни влегуваат јужни ветрови,
ѓоа да ни ги крепат нездивнатите, капнати зборови.
Тие, пак тие ветрови, а ние со годините стануваме
се почувствителни на едноличност.
Одамна отрпнати на ветерници во душите
си ја носиме во зборовите и болката, и името,
секогаш макар за влакно пред стрвот
на ограбувачите на умни мисли и набабрени ѕвезди.
Тие, пак тие ветрови, не развеваат и одвеваат
за развеани некако да разбереме
дека не сме народ од пердуви
иако песните ни се меки и топли
и најчесто ни служат како лековита напивка
од шумолот од роднокрајните извори.
Како што е редот,
на испраќање пак извршивме свечена размена на погледи
- пак долги, троа и навлажнети.
Никој од нас нема да заборави
дека денес беше вторник, оти секој вторник
во ноќниот клуб се свири блуз.
Оваа вечер чист македонски блуз:
ем да се даде до знаење дека чукнал часот
да се кренат високо знамињата на спомените,
ем да се пушти троа надеж во мракот
и еднаш засекогаш да се запамети
дека д’мбенските блузери не се лузери.




МУГРА НА АЕРОДРОМОТ ВО ПЕРТ
На Сузана

Најнакрај, сите сме стуткани
во солзите што се мачиме да ги скриеме.
Оваа мугра аеродромот е собирен центар на влажнооките:
едните овлажнети од тукашнината,
другите превлажнети од тамушнината.
Секој сам за себе си е фатен
рака под рака со празнината на зборовите.
Понекогаш зборовите имаат уши,
понекогаш зборовите и гледаат,
ама сега како шупливи костени
исчезнати со солената осека.
Барем ја изнагазивме со нежности
тревата во дворот,
а на излегување ја оставивме
отклучена и вратата на времето.
Една црнокрила пеперутка
ни ги оближува испуканите усни
и прави мегдан за трепетите
на црвеникавите роднокрајни звуци.
Каков-таков, се отвора светот.
Ништо не е изгубено, само ние.
Кој ни е виновен
што ниту еден авион не полетува предвреме
за да ги скрати маките на разделбите.
И кој ни е виновен
што се што е убаво трае кусо
- освен летањето до татковината.




ПЕСНАТА НА АБОРИЏИНИТЕ

Ене онде
на океанскиот брег
под крајбрежните чемпреси
Абориџините трампаат една песна
за еден радосен крик на делфините
отшто само делфините се радосни
на плажите на кои има илјадници километри
за распостилање на домородната тага.
Во секоја вистинска песна на Абориџините
има макар еден блесок на комета,
има и оптегнати тетиви
од кои како стрели фрчат сеќавањата,
има и клисури во кои не се слуша
како градските саати го мелат времето,
а секогаш има и по некоја јамка
за ловење на дивата месечина и друг дивеч.
Во песната на Абориџините
се наоѓа и по некоја височинка на срцето,
се наоѓа и бистрина на окото,
се наоѓа и по некоја птица искубан опаш
како колва трошки од туѓи соништа.
Во песната на Абориџините
задолжително има сврдле
што прави дупки во совеста,
има и ќутуци на кои се испоседната
украдената стварност,
има и дедовци кои претпладне
коваат потковици
а попладне учат да играат не лути се човече.
Во песната на Абориџините
се наоѓаат едночудо трепетливи зборови,
се наоѓаат и купишта
ненабрани мириси на зумбули,
се наоѓа и еден цел окапан свет
запрепелак во паничното бегство
од дофатот на бумерангот.
Ене онде
на океанскиот брег
само Абориџините си знаат
зошто и кога пејат на сет глас
од нивните грла излегува
горчлива тишина.




РОДНОКРАЈНО КРЕКАЊЕ

Во Перт има еден Преспанец
кој како и сите добри домаќини
си направил куќа чардаклија
за од чардак севезден да ги пули ѕвездите
како низ трепети му испраќаат ишарети
од родниот крај што само тој ги разбира.
Задуман на чардакот Преспанецот одвреме навреме
ќе фрли рибарски мрежи и во нив
наместе преспански крапови
ќе фати троа носталгични препелкања
од кои никој ниту видел ниту ќе види фајде.
Често бидува Преспанецот
да потпевне на чардакот некоја стара и мераклиска -
не мора да е баш преспанска
ама секако да е натопена со роднокрајна тага:
од кога е ставена чатијата на куќата
Преспанецот си ја есапи песната
за барјак развеан на чардакот
а самиот во себе си вели дека е барјактар
не да речеш за фалби или за нешто друго,
ами отшто секој барјак си има и свој барјактар.
Лете на чардакот Преспанецот
одледува сонови што се џимкаат до првата мугра
одгатнувајќи со децении веќе
дали Преспанецот или пак времето е откорнато
и кои се причините за масовното проширување
на историско слепило во светот.
Не мина многу време
а Преспанецот си направи и базен во дворот
- не да му завидуваат соседите од стар крај
ами да си ја разлади маката
спурен во горештините зад екваторот.
Само педа вода наполнил во базенот Преспанецот
и пуштил во него жаби, да, обични жаби
- навечер радосно да му крекаат
и да го потсетуваат на детството
додека во летната влага прави панделка
од сеќавања и од мечти.
Во Перт навистина има еден Преспанец
кому, ете, му се може сека вечер
роднокрајно му крекаат жабите,
а тој да слуша и да се насладува,
да си потпевнува за душа
и ако се може некако да не му се тресат рацете
додека мери колку милиони педи
требаат за распостилање на копнежот
по едно обично крајезерско детство.




8. Закоп

ЗАКОП

Вчера ја закопавме мајка ми
и ги откопавме заедничките спомени:
вареното млеко без кајмак и со многу шеќер,
врелиот сутлијаш посолен со цимет,
букетите црвени булки на првомајските излети,
облогите на детското чело и гради кои го цицаа огнот,
па предупредувањата дека во секоја вода има аждер
пред да тргнеме на риба на реката
или на капење во градскиот базен,
нежните галежи кога од некого ќе добиевме завратница
за спомен и долго сеќавање...
Ќе речеш: било поминало.
Поминало, ама било
како натпревар во кој поразот
не го брише сеќавањето на победите.
И да речеш и да не речеш:
папочната врвка вистински постоеше
сето ова време
и севезден беше оптегната како бројаница
во семејниот музеј на взаемни нежности и љубови.
Дури откако ја закопавме мајка ми
видовме дека ни го оставила бастумот
- да ги бркаме со него нашите старечки болести.
Ни ја остави, се разбира,
и азбуката на доброто и злото
а ќе ја паметиме и нејзината
граматика на нестивнатиот копнеж
по најмалиот син далеку, во туѓина.
(Како да и остана подотворено едното око
- белки ќе го види пред гробарите да си ја завршат својата работа)
Утринава пред облаците да кинисаат на редовна прошетка
пак ја помолив мајка ми да посонувам уште малку
а потем ќе и наберам од раните цреши
што ноќум узреале на дедовото лозје.
А и ред е во сонот да му одговорам
на ангелот со обетка од цреши близначки на левото уво:
вистина ли било се што било
и која е горната граница од животот
кога човек станува сирак?







krevalka-back-new