Вампирското

vampirskoto-cover

Вампирското
(2015)

Така е -
не се рекло бадијала
уште од прадедови времиња:
Балканот е ендемска зона на орото;
додека другите ги врвеле вековите
со валцери, мазурки и полки, на пример,
Балканците упорно играле оро.
Оро пак оро, заиграј зоро,
велеле и уште велат разни играорци и играорки
- и оние сќутучени како телефонски бандери
и оние со растресени газиња како тазе пифтија.
Балканските ора имаат различни имиња
- зависи од ритамот а и од играорците,
за што своевремено, ако не се лажам,
една убава песна напиша и еден голем
поет од светски маштаб, Јосиф Бродски се вика.
Ако играорците се коркачи и орото е коркачко.
На коркачите некако им прилега
да се плашат од туѓи играорци во балканските ора,
како што се плашат и од туѓи мирудии
во балканските јании и други манџи.
Посеба сорта коркачи се Македонците
кои и самите не знаат кој ѓавол
им всадува таков страв што запинаат
што побргу да ја помакедончеле Македонија
- божем Kучкундалија била досега
и божем не ќе се викала Македонија
ако не била помакедончена.
Македонците беа посебно надарени играорци
- играа секакви ора, со пердуви во чекорот.
Ќе почнеа најпрвин со Тешкото
( демек, каков живот такво оро
- со векови веќе: или вековите се скаменети,
или играорците се здрвени во времето
иако во Музејот на македонската борба
нема восочнa фигура на незнаениот играорец)
Па ќе продолжеа со ајдучкото и пајдушкото,
а во меѓувреме ќе се прашуваа зошто
го нема и Лесното оро, а имаме манастир Лесново,
на пример. Ќе да е да нема лесни
ора - не биле такви ни калајџиското, а особено не
и пиперевката. Некои веле дека козаречкото оро
би се вбројувало во лесните, ако се покажеше
дека братството и единството биле лесна работа
а се покажа дека не биле. Оние кои паметат знаат
дека само козаречкото оро се водеше напред и сé понапред,
другите ора се играа три напред два назад
- таквите ора беа за широките народни маси,
за сите кои не оделе во играорна секција
ја во некој Пионерски дом, ја во некое училиште,
а оние најнадарените во Културно-уметничкие друштва.
Некои играа а не пееја и таквите ора
беа обезборени ора, за баби со штрбави заби.
Некои, пак, играа ора без музика, обезвучени ора,
од пусти страв дека некои озвучени ора
со љубопитство ги слушаат во надлежните
тајни служби. Мнозина си цупкаа во место
- ни обезборени, ни обезвучени,
ни лук јале, ни лук мирисале.
Ората балкански најчесто беа за на свадба
- невестински, младоженски, сватовски, секакви,
такви што не прилегаат баш ако на нив
не се фати најубавата свадбарка.
Арно ама, отпорано имало а сега се во подем
вампирските ора на Балканот, порано
раноутрински сега целодневни. Ем вампири,
ем сенки и сеништа разиграни
денес има на сите гробишта, ама и на плоштадите
и затоа, всушност, и никој не знае каква иднина
еден ден ќе истрча на плоштадите
а сите знаат дека само што не профрчело
и времето на иднината. Можеби затоа и
балканските бостански страшила се орољупци,
а бостаните и нивите се катаден сé
поиспукани од суши.

1.

Тоа време,
кога среќата си замина од Балканот
а никој не знаеше дали привремено
(како работниците што одат на
привремена работа во странство)
или некогаш пак ќе се врати
(како во народната песна
не плачи, мило либе, јас пак ќе се вратам...)
тоа време, демек,
во Македонија почнаа да се појавуваат
разни сеништа, вампири и ѓаволи
- повеќе сеништа одошто луѓе на земјата
- повеќе ѓаволи одошто ѕвезди на небото.
Тоа време, демек,
се распространија дузини миризби
на тајната:
никој да ти немаше ливантно за на лице,
ама сите имаа во носовите миризби на тајната.
А тајната е за чување, а и за дошепнување на најблиските
- така најбрзо станува јавна тајна.
Тоа време, на пример,
јавна тајна беше дека некои видни главатари
од немајкаде ли, од штом дошол агутот ли,
двете нозе мораа да ги пикнат во една ногавица.
Тоа време, демек,
малцина знаеја да пишуваат и да читаат
(а никој не знаеше ни дали завршил средниот век)
ама секој си имаше по една антологија на тајните
- ја под перница, ја во најскришното ќоше на долапот
за да не ја откријат децата, белки,
тајната на туѓите мирудии во нашите манџи,
а и тајната на сите вековни месечини
со опојни и зашеметувачки дејствија.
Во срцето на секоја месечина има по
еден регистриран центар од кој се
заповеда со мутацијата на балканскиот
генетски синџир: што повеќе кокаколичари,
што повеќе игли во вените и на тротоарите,
што повеќе глувци мизерни со хормонални пореметувања.
Бликнаа и водоскоци од хормоните на стравот:
те страв од летање, страв од обeзименување, страв од
соседите и меѓународната заедница, страв од сите агрегатни
состојби, најмногу од правот. Не се римувало џабе страв со прав.
Наеднаш воскреснаа и некои стари и чиниш заборавени стравови:
страв од шејтани, од сеништа, вештерки, трески, чуми...
Главатарите се главатари за да немаат страв в коски
(пред да станат главатари им ги гледаат коските на компјутерска томографија)
и повеќето од нив мислејќи си дека навистина се бестрашни
бестрашно (подоцна се покажа: и бесрамно) се перчеа
а колку што повеќе се перчеа, толку повеќе страв го
поклопуваше народот - страв од суши и начучулени уши,
страв од поплави и аздисани глави, страв од безумици и беспарици,
страв од пожари и дерикожари, страв од земјотреси и
од веќе испразнети во контејнерите кеси.


2.

Мртовците,
политички и сите други,
имаат ли сеќавање?
За право на сеќавање
се знае дека сите имаат,
ако не ги кутне деменцијата.
А новородените,
политички и сите други,
оделе ли на курсеви по плукање?
Оделе, та преоделе.
Плукаат на улици и тротоари,
плукаат недолжни луѓе,
плукаат книги, филмови,
траги во времето,
наместо утринска молитва
- го плукаат минатото.
Ем го плукаат минатото,
ем си ставаат пранги во умот
од подалечното минато.
Квечерум (мракот е нивно време)
потајум есапат и мерат:
колку подалечно минато,
толку помалку плукање
- плуканиците се чувале како
златна резерва за блиското минато.
Некогаш плуканиците не дофрлале
до кајшто треба и се престорувале
во сeбеплуканици и лиги,
и тогаш под итно морало да се
пронајдат јазови за миење резили
- без разлика од кое минато се,
од поблиско, или подалечно.
Еден од плукачите и се беше намерачил
на реката Глугурка, до село Забрчани,
кајшто запустената воденица не можеше
да сомели една обична историска лага,
а не пак поганштилаци од плукачи,
не дај боже и сеништа од кои дерман си немале
луѓето и сал туку се стрелоушеле.
А не е да речеш дека само во Забрчани
имаше река со воденица -
имаше и во Небрегово, Дупјачани, Долнени,
Големо Коњари. А и сеништа имало насекаде -
по маала, по џамии, по јазови. Сеништата беа такви
- кој какви ќе ги види: некои личеа на големи
биволи, поголеми од оној бронзениот во Скопје,
што чкрипотат со забите и оган од грло вадат,
некои личат на најголеми мачки, поголеми од
тигари, со ококорени очи, а не се забораваа ни
страшилата кои личеа на Црна Арапина.
Се беше рекло - колку денови во годината,
толку сеништа со разни, турли, турли дузени.
Вишок од сеништа, поголем вишок од
запустени воденици. Само народните избраници
не престануваат да мелат - и за времето
минато, и за времето далечно, и за времето неиспилено.


3.

Македонија, колку што истрајуваше
подолго, толку понекогаш и скапуваше
како презреана лубеница. Првин се кинеа
зелени, па отпосле скапуваа сé така наизменично
уште пред Тесла да ја измисли струјата.
Чудни чудесии правеа сеништата, пред
на почне наизменичното талкање на Македонците
- ту лево, ту десно; ту угоре, ту удолу.
Тие што беа чорбаџии не талкаа баш,
ни горе ни долу, си имаа коњи аџамии,
имаше кој да си ги крши копитата за нив.
Коњите ржеа, блескаа удирајќи со
копитата по камењето, скокаа, палавеа,
ама јавачите знаеја како да се задржат во седлата
- ем да се задржат, ем да не им дадат
ништо повеќе, ни коцкичка шеќер, на збеснатите коњи.
Затоа и им се ситеа коњите на јавачите
кога патот ќе им го попречеше некое црно пциште
и така застанато растело како свински меур
кога се дува, растело и сал туку се преправало
во нешто друго: јаре кога ќе станало му скокало
в скут на аџијата и нежно му ја галело брадата,
толку нежно што аџијата да се ангелоса и од страв,
со опроштение, да се помоча в гаќи. Кој им бил
виновен на аџиите, што освен коњи, имале и гаќи.
Кога ќе му засмрдело на јарето во измочаниот скут
на аџијата, тап, ќе си се преправело во див зајак
и ќе си ја спраштело веднаш во зајачки спринт
оставајќи го аџијата ал да алосува
најмалку три дни и три ноќи. Зајачка работа:
брцни му на аџијата в глава и в очи и
дуф да те нема, тие што бегаат поретко го јадат стапот.
Тие што бегаат не ги фаќа долгодневица,
никој од нив ништо не противречи
и сите се сменоводители во погоните
за постојано производство на согласност.
Таков да ми ти бил, велат,
и Ристо Џинџија кој 1862 година
уште не знаел дали дувнало времето на Крали Марко,
Ристо Џинџија кој севезден дувал во дрво
само во жар сторено, без оганче и пламенче
колку за адет да светнат. Веќе немало фајде
кога огнот кинисал накај Ристета Џинџија
и тоа прекутрупа, чунки излегол од гробот кајшто
биле закопани низамите. А и кел фајде
што мнозина го виделе тоа огнено сторение.
Некои од нив гледале и со врзани очи
и во темни визби потем правеле нови клади
за печено да биде живуркањето
кога ќе се стори живот, ако се стори -
оти порано рацете им окапаа диплејќи
чергичиња на слободата
кои се распостилаа исклучиво
кога на визита ќе наминеше лажната епска историја,
онака, патем, на враќање од сопствениот закоп.
По некој таков закоп добиваше
и национално значење, сетики затоа што
еден невидлив знаменосец напред го несеше
знамето ту на Боцвана, ту на Сирија
- зависно од моменталниот степен на жегата.


4.

Еден друг Ристе, играорец ем ороводец,
(аман бе, други машки имиња имало ли тогаш?!)
Ристе Казако, демек, тогаш метач во Софија
а подоцна можеби и братучед на еден фудбалски судија,
си носел два товари лук да ја насолзи малце
ѓавоската превара и ги витоса играорците вампири
да им го ничкоса орото, па да си гледа ќеифот.
Ама останал очуден од сеништата сеносани
и од вампирите вампиросани
што го затекнале баш во еден дол
кај што непендек било кога ќе врви човек
да си ја затне тоа муцката, а и мислата да си ја затне.
Во долот кога заглави Ристе Казако
никој не можеше да се обложи
дали веќе беше минал или допрва
доаѓа потопот дали беше протатнел низ
нашиве краишта апостолот Павле
та ечеа песни Aбре бај постоле ти јуначко пиле,
никој не можеше да се обложи тогаш
дали на патрик Арсение веќе му беше светнало
колку света беше била Света Гора
каде што на пат за Стамбол, пат за
кој воопшто не се знаеше дали постои, едно утро
наместо сонце му даруваа солзи горешти
и слово жалосно, со векови жалосно.
А и без да се проверува се знаеше
дека насекаде околу има центри за прислушкување
како што насекаде околу
имаше и додека е векот ќе има недоделкани луѓе
кои ќе заглавуваат по долови и ендеци
ќе кршат нозе и раце ама пак ќе се
фаќаат на оро, за друго не сакаат да слушнат,
можеби затоа што сите имаат учкури, а гаќи немаат
и затоа малцина слушаа зурли и тапани
а мнозина слушаа слова жалосни, жалосни,
ем слушаа ем врвеа по патишта за кои
не знаеја дека воопшто постојат. Тоа врвење
им стана историска навика, ората си ги заборавија,
ама врвењето по патишта за кои не знаеја
дека воопшто постојат им остана, ене ги и
денес кајшто талкаат по такви патишта,
ако се патишта а не калдрми што водат
кон нови лудила, зад планини и мориња.
Кај што има калдрми секогаш ќе се најде
и по некој поасолен камен што го викаат меѓник
и на кој е истопорен играорец
баш како оној на споменикот на
незнаениот играорец, само што овој
изгледаше некако повесело и имаше писул.
На челото имаше и една капка пот
колку за показ и доказ дека ороводството
е тешка физичка работа
макар што новите Македонци
не ја есапеа за пензински стаж
ами за терање мераци и дертови.
Чудно: скаменетиот играорец нема
нозе, а и што ќе му се кога
веќе нема каде да оди -
се гледа, не му е баш сеедно
што веќе не му требаат нозе
на скаменетиот играорец


5.

Во Коњари, едно село прилепско,
луѓето се сторуваа во штркови и летаа
и тоа асолно летаа, а не лет-лет буба маро,
та што станало оро да играат
наземи и средсело, без павтање.
Не дека не им доаѓаше мисла
еден ден сите дојдени на оро силно
да запавтаат и заеднички да летнат,
да пробаат да заиграат оро летајќи -
зошто да не, за проба пари не се земаат
а и кога оној човекот што прв цапна
на месечината, де, повеќе танцуваше
отколку чекореше, зошто да не можат
коњаревци да заиграат во воздух,
ама машко оро, не некаков нежен танц.
На Аџи Илиоски или Конев, не е важно кој,
важно некој аџија беше бил,
дури му пролета в глава мисла
и коњот свој да си го земе на оро,
барем на опашката на орото,
зошто да не, бе, кога и оној римски цар,
му го заборавам името, коњот си
го беше клал за некој чауш, главатар.
Вака, наземи кога да играме,
си велеа коњаревци
(сосе коњот на аџијата)
салтуку се потиме
и севезден гледаме како
светот се оддалечува од нас
а ние неоти знаеме каде сме.
Ај што се потиме на оро,
ами се потиме и на соне,
а на соне сешто ни доаѓа,
прсплева рти и ртки,
коњи со запенети усти,
а најлошо е што во сонот
ни се пикаат турли, турли сеништа
(неостварени ороводци),
кај и да се свртиш - сеништа,
тадури и на чешмата средсело,
крај најубавата куќа, дури и до црквата,
за шипјето и дрвјата шаторески
ич муабет да не правиме.
Е, како тогаш човек да не
посака да си плукне в пазуви
и да не се фати на воздушното оро,
барем ќе се изнадише чиста ава
и ќе се раатиса од сите земски смрдежи,
ќе се раатиса и од тешките народни носии.
Горе, во воздух, од силен провев
некој можеби ќе оглувне -
барем нема да слуша сé u сешто,
секакви гнасотилаци, а за зурлите и тапаните
се знаеше дека ја надминуваат
браната на секоја глувост.
Одозгора, коњаревци ќе им мавтаат
на сите, како од рингишпил
и ќе им довикуваат: збогум мајко, јас заминав
и нема враќање во земските смрдежи
ако сакате позлатете ги сите куќни прагови
- тука си е тука, ни сеништа, ни вампири
гледаме, а и да ги има, ќе да се летнати
многу високо, ним и им прилега над облаците.


6.

Може понекогаш и да подлажува
ама сега не ме лаже умот:
уште не беше роден Аминта,
ниту Шеки ја беше направил првата финта,
кога на сеништата им се
постави цврст бедем:
вересија - потресија и точка!
Оти сеништата при прв зорт
вересијата им ја дарувале на
вампири, ѓаоли и други цицачи
на мачена крв. Вампирите како
што знаете, беа рангирани во
редови и за секој вампир следуваше
крвца од прв ред. За оние од
последниот ред некаков сок
од калинка што од далеку личеше
на крв, како што оддалеку
многу играорци во вампирското оро
личат на некои ѓоамити јунаци
од некое ѓоамити далечно време,
само што сега од тоа не останало ништо
освен – тикви со расол. Башка што
ни тиквите ни расолот одамна не
се евтини по пазариштата, а во
модерните трговски центри ги нема.
Дали отшо играле три напред два назад
на вампирите наши играорски
им се беше всадило сé да делат на три,
ората да ги делат на три, залаците
да ги делат на три, млекото и сирењето
да ги делат на три, тадури и самите
да се делат на три и за национален
празник да го изберат дележот на три,
нешто со Света Троица, трорачица и слично.
Цел живот само скокај по три чекори напред,
цел живот само дели на три, смукај во три цуга,
цел живот бадијала напорот од
трите да се направи едно. Само во една
песна некој беше испеал дека едно име
имаме, на никој не го даваме, ама песната
секогаш ја пееја по најмалку три хорови.
Една третина пееше, втората третина
беше со зарипнати грла, а третата само
отвораше усти, чист блеф, play-back.
Што доаѓаше по орото? Лук и оцет
вампирите не поднесуваа од верски причини
- независно од која вера беа,
оти Македонија, мултиетничка
и мултикултурна, си беше, каков
што е редот и мултивампирска -
а никој не е сигурен дека вo тие времиња
Вардар беше пловна вода,
дека гемиите пловеа дур до Солуна,
до Солуна грош сомуна,
низ Солуна Солунски патрдии,
на Итер Пејо му застанала
една рибја коска в грло и не може
да си ја исполни вековната желба,
тука, под Беаз-куле да си ја викне
онаа нашата Ој Вардаре македонски.
а се подразбираше дека ниедна песна
под Беаз-куле не ја личи без
Болен лежи катил Ѓорѓи... Оној
Ѓорѓи, де, што не сакал да
се запише
во вампирите, ама ајле потоци
направил од беговска крв.


7.

Баш тогаш
во тие сматни времиња
излзе мода вампирите да играат
ора одејќи еден зад друг
наредени како воз од гроб до гроб
околу секој гроб - секому според потребите
никому според заслугите. Како играа
така цврсто тапкаа по земи и пееја
Први беше, први беше пиеше
Аминта ја втори, ја трети еписибир,
во новата урбанистичка историја
познат како наследник на Владимир Илич Ленин,
и по него, и по него се перчеше Филип Втори,
згора на сите маки владетелски тој си имаше
мака да му најде даскал на детулето Аце
кој кога порасна сите го викаа Александар Велики
само некои Македонци, онака од милост,
си го викаа Александар Македонски. Даскалот
негов, Аристотел, се држеше скраја од орото,
кога ќе завршеа со орото, тап-тап, како бабари
му кажуваше на Ацета по некоја василика
- од едно уво влези од друго излези,
дрвото ако запаметило та и Аце да запамети
тој сиот беше далдисан во картографија,
а што е за право, беше и уморен од толку играње.
Уморен, уморен ама оди некому да му паднеше
на ум да ја викне онаа Дејгиди Аце Аџамија,
ќе му летнеше главата дур трепнеш и
побргу од тоа. Аце беше роден не да биде аџамија
ами големец, бабачко, и каков таков потем
да се перчи на плоштадите во Александрија и Солун,
а еве сега и во Скопје. Знаеше дека во Скопје
е направен од пластика, ама тоа не го лутеше толку
колку што го лутеше што постаментот не му
се вртеше во круг, па така, одозгора да ги гледа
сите Македонци, да ги слуша нивните воздишки,
и да се чуди што туку цимолат, што не си направат
тука баш среде град гробишта, па да играат околу
нив, да се изнаиграат, ем да дадат непроценлив
придонес во омасовувањето на вампиризмот,
ем да си имаат занимација, ем да си смукнуваат
по малку, секому според потребите, никому
според заслугите, ја оригинал крвца, ја таква
како што на времето од малина
правеа лимунадџиите. Добро, сега може
наместо сок од малина како густа црна крв
да помине и троа кока-кола,
божем е тоа важно, важно е да
не запре никогаш вампирското оро.
Нему сме му благодарни, тоа не
одржа и како нашинци, и како Хунзи,
секакви. И ако играа ора вампирите
на новите гробишта на плоштадот,
сите дојденци ќе видеа дека сал
со гробови не сме скудни, што не е
мал придонес во развојот на цивилизацијата.
Кога ќе видиш поасолно,
историјата на вампиризмот може да
се едначи со историјата на нашите
киризи и порази, опа-иха!


8.

Има ред на вампирите
кои се хранат со спасени вампири
- ја од давење со раце или со јамка,
ја во давење во некое наше езеро -
наутро и напладне, исто така навечер,
ем си потпевнуваат ем си поткаснуваат
- вкусни да ми ти биле спасените крвавици.
Нив најмногу ги интересира вкусот
на крвавицата, а дури отпосле што било
и што ќе биде, ќе биде ли тишина, или
пак луњи ќе зафрчат на гробиштата,
вклучувајќи ги и оние на плоштадите.
Темел на нивното учење е дека светот
од постанокот до нестанокот
си бил и ќе се остане сив и дека
само она што е за цицање e црвено.
Се мислеа далекувиди
а не претпоставија дека сé што е црвено,
и она што е за цицање, еден ден
ќе биде забрането со ниет да се заборави
ама и на шутраците забранувачи
толку им сечеше дека не бива
она што било да не било, сеедно
со која боја вапцано. Впрочем,
од дални времиња има такви на
кои сите бои убаво си им стојат
и си ги менуваат онака сезонски,
како летни и зимски алишта.
Уште проповедаше
овој ред вампири
дека не е важна стварноста
туку она во што луѓето, широките
народни маси веруваат
- лета ли магарето? Лета!
И тоа на млазен погон, кога треба
го прошишува и звукот.
Летањето стана мода кај
нашите магариња и веќе беше
депласирано да се вика
товарено магаре не знае што носи,
ами натанкирано магаре не знае кај лета.
Ете, така се станува земја
на летачки магариња и така
најлесно се влегува во Гинисовата
книга на рекорди, која веќе треба да
се чита и од дистанца - толку рекордни
казани грав отшто истуривме во неа.
А не се, да речеш, џабе тие казани.
Во нив, жешки и расклокотени,
главниот ѓавол кога ќе му текне
и когo ќе му текне ќе го фрли,
откако претходно ќе си поигра со
него набивајќи го на вила.
Еден ден, а можеби и порано,
ќе се сфати дека има и клокотење
на своја штета, кој ќе дочека ќе
раскажув, сега е врховна потреба
среде плоштад како средсело
да се игра оро, оро, до вртоглавица,
тапани да бијат, сосе камбаните,
зурли да пиштат, да пиштат, пиштат,
додека разумот не папса од треска,
а момите задолжително да се
во бела промена, опа-иха!


9.

Дипломираните вампири
знаат дека коначката порта
е широка за влегување,
а тесна за излегување
и тие од мали нозе ората
ги учаат кај професионалци,
какви пионерски домови,
какви играорни групи,
какви аматерски друштва!
Деликанлиски, демек,
се раштрлуваат
пред да се обзори
макар што не им пречи
ако задуфтаат до пладнина.
Уште од првиот семестар
тие знаеја дека не е многу умно
да се деактивира нешто што
одамна се распраштило
и се држеа скраја од митинзите
против минатото кое си беше одминало.
Оние пак што паметат макар троа
од минатото добро знаат
дека и братството и еднаквоста,
и слободата и правдата,
и законите и демократијата
им ги дрпна ѓаволот, оној
најголемиот вампир што умееше
ем да ги тепа луѓето, ем тие
да му се благодарни, до гроба
и особено после гроба.
Оној најголемиот вампир
умееше и најдобро да лажира избори,
да лажира фудбалски и други натпревари,
тадури и избори на убавици,
и потем по плоштадите да
продава лажирани сликички на стварноста
облепени со фолии што не
пропуштаат ни капка во грoтeскното
ѓаволско самообожување.
Отшто беа дипломирани
чаушите меѓу вампирите
крадците не ги викаа арамии
ами клептократска елита,
па-па-па, и ората им беа елитни
меѓу брбушките средсело.
Штоако беа учени
дипломираните вампири
- правеа пакости поголеми
од оние најмалите вампирчиња
кои нозе кршеа да си најдат
цевче за цицање нешто црвено.
Така еден Никола со паларија,
господин човек, кога се свапири
ноќум на комшиите им правеше
триста пакости. Камења им фрлаше
по ѓерамидите и пенџерињата,
им ги гасеше гајзените ламби
и сето видело, та сека вечер
си легнуваа тресејќи се од страв
и покривајќи се со најдебели јамболии.
Ќе да е од паларијата да му
излегуваше сета пакост, оти ако
си беше нормален како сите
ќе си имаше испотена капа
и барем еднаш ќе се фатеше
на орото средсело или сред град
и ќе викнеше опа-иха!
Престрашените тогаш сфатија
дека намќорите со паларии
не се играорци, не се ни
да глумат играорци. Опа-иха!


10.

Во редот на вампирите
се разбира има и вампирки
- нив некој ги вика свекрвишта,
чавки што ви се сeрат на глава
иако в недела наутро глумат
светици в црква. Кога гробиштата
се празни, знајте дека сите
вампирки се на конференција
за заштита од насилството што
се прави врз жените, па и врз
жените вампирки. Има народни
вампирки, ѓоа со народот сраснати,
најмногу со оној топлокрвниот народец,
а малокрвните одамна не се есапат
за народ во наукат на вампирките.
Едно време имаше и народна милиција,
па видете сега сами што драм
тежат народните вампирки.
Некои вампирки се од хартија
и тоа од попивателна хартија
само уште никој не им го кажал тоа
- да не почнат да се мерат со
слоновите од хартија, скраја да е!
Не дека имаат некои остварувања
ама некои вампирки упорно водат
дневници, ги бележат сите намигнувања
од ловците на вампири, оние кои имаат
уредни полициски овластувања
а богами и лекарски уверенија
да може вампирката без шубе да ги
прими во својата постела од црвени зборови.
Додека те навлечат в постела
се прават нежни и високоетични,
а лесноверните љубители на постели
нека му ја мислат потем кога
вампирките ќе почнат да им ги
грицкаат вратчињата, да им грицкаат
и од машкоста, топорејќи се со својата
натприродна моќ. Ќе да се тие вампирки
од француски сој кои од најдални
дамнини прелажувале сé живо и диво.
Такви да ми ти биле:
вампирки со ѓаволести очи.
а не како нашите Стојанки
ѓаволи-мрсулковци шти ги прелажуваат.
Едно ич не им чинеше
на вампирките со ѓаволски очи
- ај кајшто пушеа, ама што палеа
цигари од ражени на кои
се вртеа живи луѓе. Некој од
забодените на ражен како
кебапчиња на чачкалица со
последен здив ќе ги проколнеше
вампирките - пушачки:
засрами се, мори стара вампирко,
што лошо имаш видено од мене?
Џабе клетвите, џабе прашањата
- да бидеш вампирка со стари
француски манири сега е тренд,
а другото ќе биде како што било:
ако не врши работа еден вампир,
ќе свршат работа многу вампири
- вампирите пак ќе одат низ селата
и пак ќе погубуваат што е старо
и ќе заљубуваат што е младо,
а нивните тукушто испилени
изроди ќе скокаат во некое диско
и ќе меркаат нови нежни вратчиња.


11.

Од вампирки, ами од што друго,
излегуваа мали вампирчиња
и се котеа до недоброј
кркаа кечапи и пржени компирчиња
и севезден сонуваа
да се пентрат по скалите на хиерархијата
да бидат што и да е, само да бидат
првин кандидати за чешање
на туѓи капилари
потем началници на кандидатите
и најнакрај началници
на помалите началници.
Народот додека си пее
Кој пат води Мариово
малите ѓаволчиња си пеат
кој пат води до најблиските гробишта
селски, маалски, градски
со капела или без капела
со попови кајшто се вртат
околу гробиштата со измастени мантии
(за оџите гајле береа шејтанчињата).
Пееја, ами што ќе правеа
вампирчињата мали
кога се накотија толку што на
еден гроб доаѓаа по три вампирчиња
без да се бројат вампирите и вампирките.
Што не можеа вампириштата
ќе средеа вампирчињата,
ќе подигнеа, само ако им речеа од
началството и обелиск на празноверието,
толку што беа дисциплинирани
малите вампирчиња - ред и дисциплина,
верба во светлата ѓаволска иднина,
верба и само верба - без лелекања
како оние кукумјавки кои салтуку се
жалат на своите проколнати души.
Ако едни велат вака, други онака,
допрва научно ќе се утврдува
дали вампирите воопшто имаат душа
и ако имаат од каде потекнува таа
- како што на некои бабачковци
сега им поставуваат незгодни прашања
за потеклото на нивните имоти и пари.
Прашувачите секогаш се немилосрдни,
како оние вампири началници
кои на оние чија крв ја цицаа нивните предци
им викаа на плоштадите
црвени ѓаволи од сиот свет
вампиросајте се!
Нели поетите велат
дека минатото се повторувало
па имајте на ум, мали вампирчиња,
дека едно време Дракула
се оженил со кралицата Викторија
и владеел со Британската империја
дури и стасал да направи нешто
како Голи Оток и потем да го крсти
Австралија, таков иноватор бил Дракула.
Отпосле другарот Маркс
разјасни дека минатото
секогаш кога се повторува
се повторува како фарса,
ама Маркс веќе одамна
е симнат од модните писти
а и никому не му текнува
да ја обнови постановката
на Фарсата за храбриот Науме
во некој од македонските театри
во кои имаше, не да немаше,
и вампири и вампирчиња,
ама ич не им работеа текнувалата!
Си мислеа вампирите, особено
вампирчињата дека од минатото е
доволно да се запамети само тоа
дека најбргу напредуваат оние
кои најбргу ги препознаваат топлокрвните.


12.

Речиси секавично
од вампирче се станува вампириште
- ладнокрвно вампириште,
макар што има и емотивни вампириштa.
Вампириштата се ептен опитни
во скротувањето мртовци кои
оживуваат ноќе и ги тормозат живите
- понекогаш и облекувајќи бели мантили
за кои мртовците мислат дека се докторски
а вампириштата знаат дека се берберски,
како што знаат дека од доктор бербер не бидува.
Прво собиралиште на брадосаните вампиришта
им се црковните порти од каде што почнува
големиот вампирски поход по нови
крвави ора и други надитрувања со ѓаволите.
Само опитните вампири бркаат секакви ѓаволштини.
И до ден-денес се расправа, на пример,
како вампирите им ги дупнале ушните тапанчиња
на триста ѓаволи од Јасенова гора, не обична,
ами прочуена сорта ѓаволи од кои сите се вардат
и сите им се молат цели три столетија, ами како.
Како не ќе се варделe и како не ќе им се молеле
кога меѓу нив имало и прости ѓаволки кои
плетеле чорапи без игла а некои и шиеле без конец.
Емотивните вампири оставале во правта
кајшто играле оро стапалки навлажнети од
нивните врели солзи и се мачеле кутрите да се
досетат дека потекнуваат од народ кој заборавил
кој е и дали воопшто бил и ќе биде. Тогаш ќе
се случи среде оро среде темница да крикне
некое заборавено детство на некое вампириште.
Колку за доказ дека детството не е за отфрлање
и не е за заборавање. Не се за заборавање ни
задреманите магариња од вампирското детство,
ни дињите, лубениците и грозјето од кои,
навистина, многу се мочало, ама секоја таква
капка мочка била директен удар врз деменцијата
на старите вампиришта. Имаше остроумни,
ама слепи вампиришта и нивната тага личеше
на среќа. Саде црни темници гледаа тие
и на небото и на земјата, поради што не можеа
целосно да видат дали делбата што се прави
во синдикатите и задругите е праведна
и дали ним им е даден заслужениот дел.
И кога беа сигурни дека ги крадат, зборовите
на вампириштата им беа празни, како некои
мртовци што беа празни отшто срцата
им беа извадени. Изнемоштените и слепи
вампири подобро од другите го слушаа
само гракањето на птиците што им летаа над главите
и за кои cе обложуваа дека се птици без глави -
колку да му дотежнат на клапнатото,
уморно небо. Некоја птица, онака, во
гневeн лет ќе гракнешe: ако не умреш,
пак ќе живееш! Ај сиктер бре,
ќе одвратеа вампириштата, ќори ем прогледани,
вие ли бре, ќе ни кажувате што е умирачка
и што е крвоцицање и ороиграње на гробиштата
во земјата на одлeтаните штркови и ластовици!


13.

Имало, значи, и ќе има
и летачки вампирски ора
во кои главни ороводци
секогаш се орлите, особено
оние кои немаат грам чувство
(за сожалување и не станува збор)
за плачот на беспомошноте јагниња
како што на напернатите петлиња
кога ќе го заиграле ситното
ич око не им трепнувало
за нечујниот а болен плач на јаричките.
Јагнињата и овците повеќе се плашеа
од орлите одошто од волците
да одат на река на пиење вода -
отшто имаше и орли рингишпили
па ги вртеа кутрите јагниња во воздух
додека имаат свест и додека не
сфатат дека секое небеско оро
на вампирите завршува со
плеснување на жртвата на земи.
Од птичјиот род
само штрковите потскокнуваа лесно
врз ѓерамидите, ѓоа играа оро,
со црни вампири - бело оро да играш,
во бело расо да си и со бело крпче
баш во левата рака да го водиш орото.
Во збрлавениот црно-бел свет
и ората веднаш стануваат црно-бели
небаре ороводците се навивачи на Jувентус,
море шуќур што во збрлавениот црно-бел свет
белото се есапеше за боја, а црното одамна
си беше неприкосновена боја на
вампирските души, мечти и соништа.
За црната боја велеа дека е поелегантна
ако се измешна со црвената,
демек ептен оделе црното и црвеното
(како во романот на еден некогаш млад писател)
арно ама, во земјата на одлетаните штркови и ластовици
имаше постојан недостаток од црвена боја
- дури црешите не се сметаа за зрели
кога се црвени, ами кога се црни, катран црни,
поцрни од најцрната ноќ и од најцрното
гракање на стрвните орли. Којзнае дали
имаше толку црнила и во најдлабоките
јами во светот изгмечени сал од црни црви.
И којзнае дали меѓу црните луѓе и црвенољуби
вампири имашe некој кој веруваше дека
додека некому не му се стемни
другему не му светнува бел ден -
повеќемина мислеа дека е тоа наивна
парола - колку да имаат што да носат в раце
безделните врескачи на плоштадите.
Колку понаивни беа, толку црното им
изгледаше се побело и толку гласните
жици им експлодираа како петарди
од толку тврдоглаво викање и гракање.
Безделните врескачи на плоштадите
беа и гладни и страдни, беа желни
за капка водичка, ама немаше хумани
орлиња, како оние во песната за Калина,
кои со крилја сенка и правеле
а со клунои вода и носеле. Сега се
други времиња и одвај преживуваат
и во древните песни таквите орлиња,
а шугавите песови се помалку се решаваат
да се престорат во овци во изградба.


14.

Меѓу нас живи - преживеани
од една страна
и меѓу нив, вампири од сите врсти,
всушност немаше големи разлики
- само што ние пиевме студена вода
а вампирите локаа врела крвца.
И едните и другите имаа секакви коњи,
стада носорози, биволи, тадури и крокодили
оти и такви ползечки ѕверови се
наоѓаа во темните води среде нашите темни шуми.
Одвреме навреме на нашите планини
скраја од развиорените вампирски ора
синолички и гороцвет береше една дама Мис Стон
што ја викаа, друга вера ама дама си е дама,
божем и сега некому му е гајле која вера е
дамата од онаа опера на Петрета Чајковски,
како што го викаа одвајслушните по нашите села.
Толеранцијата си е фино-лепо за на опера,
а нe за на гумно среде село. Нема гумно
на кое од два километра не се чувствуваат
прдeжите на аздисаните коњи,
оние арапските и не само тие.
На ќошињата на гумната имаше
и специјални клади за толеранцијата
да не би случајно да се претера
со иноверните дами пикови и нивните трикови.
Реките ни секнаа, ама гемиџиите ни
воскреснаа, бродари колку да сакаш,
насоки никакви, освен далечното ехо
на свирката на уста на Манданата.
Кога ќе го чуеја Mанданата и пензионираните
вампири се фаќаа на оро.
Во такви заплеткани околности
сите си мислеа дека знаат сé,
само не знаеја кој им е татко
(татковци со вагони, мајки со купони)
и врвно задоволство, на милениумски раздалеч,
им беше здруженото дување и напорот
да предизвикаат силни ветришта
што ќе му ги наполнат очите на народот со песок
(а песок сé помалку имаше, речните корита
до едно беа сотрени од новопечените градители).
Тивко ветре кога ќе поддувнеше
најстарите вампири ќе почнеа колективно
да си ги чешаат брадите и внимателно да
пресметуваат дали се исплати топтан
да го продадат сиот свој народ - кога веќе
и онака го немаше Марко Крале по којзнае
кој пат да си го докажува патриотизмот
ослободувајќи три синџири робје.
Кога ќе се оддалечеа од најстариот вампир,
помладите, како што е редот, ќе посакаа
да живеат во семејства - една вампирка
да готви, сите вампири да кркаат, едно
вампирче да кака, со опроштение, а сите да клечат.
Така здружени во заедница
сите гледаа како зајдува сонцето
и како на негово место блеснуваат други ѕвезди,
сите му се радуваат на млечниот пат,
повеќе отколку на оној од кал и крв,
ама не дај боже да разбере најстариот вампир
дека меѓу младите има и такви вампироскрнавења!


15.

Како што има луѓе и народи
така има и вампири кои мораат
да почнат да живеат од почеток,
лул-лул, лул-лул, тресикрв.
Голема работа што секој
почеток е тежок,
голема работа што секоја
првобитна крв е многу густа,
Голема работа што секоја
вода е поинаква и смрди на сумпор,
Голема работа што секој
оган е различен и во секоја
фурна се пече различен леб
и бел и црн и со сусам и без сусам,
Голема работа што секој
бакардан се меси со крв а не со млеко.
Кога се почнува од почеток
се почнува од страв
и луѓето тешко се навикнуваат
на јунаштвото - особено жените
кои уште пред да се замомат
стануваат вампирки со исушени гради,
со што директно се загрозуваше
опстанокот на вампирскиот сој.
Многу вампири без причина
стануваа маанџии, им наоѓаа маани
на волнените гаќи и на волнените градници,
им наоѓаа маанa и на камените гробови
и си мислеа зошто и гробовите не се волнени?
Ајде де, разбери ги сега манџиите!
Во нашиот вампирски сој
имаше многу гоедари и козари,
не бевме скудни ни со филозофи,
ама, раката на срце, повеќе љубевме
да ги гледаме козите како ги вртат
страшните рогои, остри како сунги
- пу, пу, скраја да е:
- ако те боцне таков козји рог
мигум ќе ти се здрви крвта,
а козата, сосе нејзиното сениште,
ќе те гмечи , гмечи,
додека има здив во тебе.
Ќе те гмечи толку
што кога ќе обзори
и зората ќе ти се чини изгмечена
и којзнае дали ќе успееш да
ја одгнечиш со утрински ветрови
и со нови песни за
изгревањето на зората на слободата.
Раноутрински беше
сојот на наклапушените вампири
кои во работничките книшки
имаат најмногу стаж како
бојарски јасакчии.
Раноутрински беа
и песните на гурелавите вампири
а се случуваше и некоја песна
како таква да биде гурелава,
или гурелава или камена
- секој вампир сам си ја бираше
утринската песна.
Мнозина од нив избираа
камена песна мислејќи си
дека и самите се посилни од камен
а тој што е посилен од камен
од мака не умира - така пишуваше
во една стара вампирска книга.
Дали отшто беа нашинци
некои ѓаволи тешко ги
поднесуваа камените книги
и бараа наоколу други гајтан песни
а што бараа бадијала бараа
оти правило нaд сите правила беше
туѓи тажаленки и туѓи гробови
да не се донесуваат на нашите
автентични старински ѓаволски гробишта.


16.

Да ми кажуваше некој
немаше да верувам
дека вампирите
пред сите ќе го научат
и транзициското оро:
лева рака, десен џеп,
- оп, троскок, оти
транзициското без троскоци
не го бива, сака побрз
и поневеројатен ритам:
колку повеќе не ти се верува
толку повеќе си се врти орото,
весело, повесело не може да биде.
Некои би сакале
транзицијата да е надреална
па и транзициското оро
со мирна совест да
го прогласат за надрeално:
гледаш оро, а играорци не гледаш,
го водат орото фатени за
воланите на нивните скапи џипови
а наместо оркестри во живо
преку слушалки во ушите им
влегува музика од ајфоните
и другите бистроумни машини.
Ништо не е совршено,па
ни бистроумните телефони
и се случува, поначесто,
наместо народна музика
низ нивните оптички направии
наместо зурли и тапани, ај
да речеме и наместо
новокомпонирана народна музика
да пуштат џез, да пуштат танго
аргентино (божем има некакво друго)
а разиграните џипови да си
тераат народно оро, џез слушај
народно играј, тоа му било мајката
во транзицијата и така никогаш нема
да се дознае кој џип чиј е и од каде му е
и зошто селанчиштата зад воланите
и кога слушаат џез играат оро.
Тоа беше првото чудо
на транзиционите вампири,
а другите потем се броеја на
раскрвавените тротоари и на
други места создадени
едни на други да си
ја цицаат крвта.
Цицачи секогаш беа
преживеаните транзициски вампири
кои, обилно нацицани,
севезден си ги пееја песничките
од игрите во детството:
Прва жичка за водичка,
Кој превари тој товари!
Околу дебелите вратови
им се тресеа златни ѓердани
и тоа некако беше накриво
тресење: џез слушај, народно треси се.
Едно не можеа транзиционите
вампири: да ги научат песовите
на такви ора, по три саати дневно ги
учеа, ама никако не биваше
- песовите беа логичари од раѓање,
аман бе, како им се случи на
транзиционите вампири од толку
рти ем загари што трчаат низ светот
да ги купат баш песовите логичари
кои нагледно им покажуваа
дека нема многу логика во транзиционото
- најскапото е највредно.


17.

Во аноите и по патиштата
кои од каде да кинисаш
водат кон гробиштата
разни вампирски фукари
разни прикаски ломотеа
и луѓето ги слушаа не
отшто сакаа ами отшто
им беше збоктисало
- ниту им веруваа, ниту
им беше важно од каде сe
вампирите и што наумиле
ако имале ум, оти ако имале
ум ќе имале поасолна работа,
немашe да бидат фукари
и ќе кажуваа поумни прикаски.
Тадури и некоја песна ќе зпеeја,
од оние нашите, убави ама жални.
Ако, ако, само нека ломотат
секое ломотење доаѓа до акот,
не туку така се рекло и се
прочуло дури до град Битола:
какви фукарштини прави човек,
такви и ќе го најдат,
кој другему гроб му раскопува
ќе стане вампир престорен во
гуска и секиден еден црн пес
ќе и кубе по еден пердув
- ако никнуваат нови пердуви
нови пердуви ќе се кубат
и ќе се развива цела индустрија
за правење перници од пердуви
и нема да има веќе никакво
слашкање со крилјата.
Убаво-лепо, секој по својата
вампирска врвица до
првата угорница и недоумица.
Баш тогаш на гробиштата,
не ми досега веќе умот али
беа битолски, али прилепски,
не ми се верува дека беа
ѓавотски и ресенски, немаше
шанси вампирита да играат
големи ора на мали гробишта,
тогаш демек, се одржуваше
традиционалниот фолклорен фестивал
на вампирите од сите региони
на кој традиционално победуваше
оној што ќе издржи најмногу
на една нога и чиешто оро
ќе беше немо оро, без музика.
Не дека немаше кој да свири
ама на разиграните вампири
им беше преку глава од
празни свирнувања.
Четириесет дена да ми
ти траеше тој фестивал,
четириесет кандила
севезден гореа, а кога ќе прегора
вампирите преоѓаа на рефлектори -
откога почнаа фестивалите
почнаа и рефлекторите ама
под најстрога контрола на вампирите.
Баш под тие рефлектори вампирите
видоа едно момче со коса кадрава
и што е уште поважно со
млада зовриена крв. Чудна глава
имашњ момчето - како руска тиква
со едно вратче, тенко, потенко
и од цевче за пиење кока кола -
само под мискроскоп што се гледа.
Во такви околности вампирите
мораа да бидат само посматрачи
и самите себе да си викаат уааа
од трибините - под рефлекторите
пропаѓаа сите теории за
џбаркалење по темницата.
Под рефлекторите
народот помалку се плашеше од животот
а мртвите гајле немаа од вампирите.


18.

Се прикажуваа за семоќни
а знаеја дека рамнотежата
на немоќта со векови ги јаде
вампирите и тоа однатре
и можеби затоа често се селеа
од место во место, од гробишта
на гробишта, од гроб на гроб -
сетуку си мислеа на новото место
ќе најдат нешто ново
оти ако не кинисаш да бараш
не ново ами мушмули ќе најдеш.
Вампирите имале една предност
- можеле и да спијат и да одат
а не како некои главатари
да одат ѓоа будни а постојано
да го грешат патот. А вампирите
не што одеа кога спиеја
ами одеа и кога врнеше, кога
истураше, кога полињата беа
сети каплајсани со вода,
а не како Вардарот наш
- од извора дур до Солуна -
пресушено пристаниште на
метални и бетонски гемии,
однапред парализирани,
однапред кинисани за нигде никаде.
На таквите гемии да ми ти
давале погачи мaчкани со мед
(за млеко и масло не им текнало
на стопаните), да ми ти давале
уште и цели гајби, а не едно шише
вино и неброени пагури ракија
за загревање, ама сите ги заобиколувале
таквите гемии без гемиџии и без весла
а не требаат многу преданија
да се насети дека тука нешто не е на арно.
Што е за право, железните и бетонските
гемии се опремени со еден куп
појаси за спасување, ама какво фајде
од тоа кога, како што, пак според Маркс,
појасите немаат никаква употребна вредност
ако со нив се скока во пресушена река -
може човек само рака или глава да
си скрши, пу, пу скраја да се.
Ама и без гемии се оди, велеа
вампирите. Особено ако си никаде
и особено ако одењето ти врви спиејќи.
Се гледа, нема пат, а сите
одат ли одат напред, сé понапред:
џабе оди, џаб не стој рекол
најстариот вампир и оттогаш е блед,
пожолтен во ликата, живее од
крводарителските капки на
сожаливите вампирчиња.
Колај работа да одат само вампирите
и други си одат којзнае каде
и којзнае дали и кога ќе се вратат
не отшто им сакаат газињата пат
ами отшто се мора, оти каплајсаните
полиња се јаловици за залажување
на неродените и недоветните.
Не знаат ни тие што си одат
како е другаде ама нема
ни да знаат ако отидат
а за тука знаат сé, тука сите знаат сé
па и тоа ете - како се скока со појас за
спасување во пресушениот Вардар.
А кога да не е пресушен, тогаш е
матен и геризлив и низ него пловат
илјадници празни пластични шишиња
од кока коли, кисели води и такви нешта.
На оној дедо,пак, што на момите им
барал по една целувка за да ги пренесе
со кривото магаре през матниот Вардар
вампирите веќе одамна му ја исцицале
крвцата - и онаа од старата песна.


19.

Кој ќе помислеше,
што се вели до вчера,
дека ќе зацапаме во ерата
на пусти стравови од
вампирски алови.
Толку да се плашиме
и од вампири, најмногу
од вампири, ама и од други
сеништа. вештерки и дервиши.
А правеа големи зулуми
вампирите, некогаш умот да
ти штукне. Им тропаа на домаќини
луѓе по вратите, им фрлале камења
по ѓерамидите, танцувале ноќум
низ дворои, им влегувале во собите
кајшто им спијат децата на луѓето
и ги лулееле во колепките,
им ги лулееле и алиштата
што си ги сушеле луѓето
обесени на ѕидпвите внатре
или на јажиња во дворовите...
Да е само тоа, па и да
замижи човек со едното око!
Најголема вампирска поганштија
за која сум чул досега е
дека вистина било
дека еден вампир вампиросан
низ една дупка од таванот
му се посрал, со опроштение,
во тавата со месо
- баш на попот!
Мнозина експерти се
ангажираа тогаш да ја утврдат
заднината на ова посерување -
да не би да е од верски или
етнички причини, оти дури тогаш
сме го изеле стапот!
Што не значи дека експертите
не знаат да ја завлечкаат работата
и така да ја замрсат што да
остават цели народи со стпот в раце.
Немаше кој да не знае
дека вампирите малку имаат
а многу сакаат, а се знаеше
дека врховна цел им е да им ја
исцицаат крвта на сите кога ќе умрат
- ниту еден умрен не смее да се
заборави беше вечниот лозунг на
вампирите: ако умрените туку така
се забораваат животот станува бесмиален
а вампирската заедница излишна.
Ете и затоа им се плашеа на вампирите.
И што сé не се стори
за да се избркаат вампирите
сосе вампирите и стравот
сосе стравот и тагата и беспомошноста
сосе беспомошноста и тегобноста
на безумната осаменост.
Триста маѓии се сторија
и пак не се најде чаре
- вампирите ги ставале
петите в газ и вид виделија
фаќале самo од луѓето
што ги наклапушиле.
Така се создаде и
Алејата на наклапушените
- оттука не мрдаа вампирите
никаде не мрдаа
а и зошто би мрдале
кога од оние кои се одважија
да прошетаат по некоја друга
алеја никој не се врати
а и тие кои ќе помислеа
дека тука е здодевно
и дека е време да се напушти
Алејата на наклапушените
немаа абер каде да одат
каде да кршат глава
и усвет да фатат.


20.

Се разбира,
уште пред да се измислат чадорите
се истураа дождови, порои
(зошто инаку би се
измислувале чадори)
надојдуваа водотеци,
реките носеа живи магариња
(макар што магарињата си
останаа до ден денес во нашата стварност).
Дождовите не ги заобиколуваа
ни гробиштата, ни светкавиците
не ги заобиколуваа гробиштата,
така што со пороите растеше
и недоумицата на вампирите:
дали да ја прекинат работата, да
прогласат мртва сезона или
да се прават наудрени и уште
тогаш да го исфрлат лозунгот
и да врне, и да вее, мене ми ништо не е
- вампир крвца цица плус
и некоја капка чиста дождовница.
Ако вампирите среде цицање
избегаа од дождот крвцата ќе
продолжеше да тече и така галиба
со текот на времето настанала црвеницата.
Недоумицата дождлица траела и ноќум
- силна несоница ги напаѓала вампирите
та сал оптегнувале, никако да заспијат.
Накиснати како врапци на гранка
вампирите ниту заспивале, а повеќето
ниту се разбудуваа - оди па фати им го
крајот, разбери ако можеш дали
секоја нивна мисла завешува со точка.
А не требаше да се разбере,
тоа го знаеја и цицалчињата,
дека вампирите не му припаѓаа
на мислечкиот сој. Некогаш изгледаа
преродени, вцрвенети од прецицување
ама никогаш не изгледаа замислени.
Уште нивната замисленост фалеше
па да влеземе во Гинисовата книга
на мислители и тоа со бројаници
во рацете. А едни раце што имаа,
кога ќе ги спружеа два аршина беа
долги - прстите вретенести,
ноктите орловски. Впрочем,
и орлите неа беа нешто подолни
цицачи на врела крвца од вампирите.
Згора, на орлите не им пречеа дождовите:
летнаа ли тие не слетуваа, ја
имало ја немало дождови, порои.
Ако слетаа, демек,
џабе полетувале
и џабе кревале толку високо
и јагниња, и овци,
џабе ги летале ем своите
ем туѓите мечти.
Од силни дождови и ветришта
орлите понекогаш се губеа
на небото, не им текнуваше
точно каде се, каде одлетале,
додека на вампирите им беше полесно
- тие барем знаеја каде не се.
Кога ќе фатеа дождови и порои,
вампирите стигнуваа кога ќе стигнат
каде што треба и потем не знаеја
до кога ќе седат така стигнати
без мирисот на крвта
престорен во мирис на дождовница.
Додека врнеше секој вампир сакаше
да запознае некоја асолна вампирка,
ако не - се задоволуваше со тоа
да се запознае барем самиот себе си.


21.

Кога ќе престанат дождовите,
а нема вечни дождови,
на првиот погреб на
новите гробишта први ќе се
појават новите главатари
(со свечени музики и три попа)
сите со црни паларии на главите
- првин да докажат дека тие
го донеле сонцето и дека тие се
овластени чувари на сонцето,
а онака патем, палариите да
припомогнат да не им се
вцрвенат главите од сонцето што
самите му го донесоа на народот.
А народот како народ:
колкава да сакаш кусогледост
на имашните, трижпати поголема
заслепеност на гладните.
Сите во погребната поворка
беа зјапнале угоре, кон
највисокиот планински врв
и со сиот ум веруваа дека
таму некаде, на врвот,
е стокмено преживувањето.
Зјапајќи така угоре
некои од поворката помислуваа
дека, всушност, од небото
пркнуваат корењата и дека
во земјата расцутуваат стеблата
баш како розите што по малку
ќе му ги фрлат на покојникот
два метра под земја
пред да проработат лопатите
на гробарите. Никој не се
сомневаше во силата и вештината
на гробарите - лопатари
оти нашата земја надалеку беше
прочуена по своите лопатари
и не случајно тука сека година
се избираше најдобриот
лопатар во светтот. Ќе паметат
генерациите дека најдобрите
лопатари на светот најмногу се
радуваа кога ќе се паднеше
некоја изборна година. Радост
лопатарска и мисла во еден
заграб на лопатата:
корените навистина пркнуваат
на небото и токму затоа
сé кога паѓа, паѓа угоре.
Ѓоа не виделе филмови во кои
стрмоглаво се паѓа удолу.
Нашите лопатари пак
не можеа да видат дека од
толку силно лопатарење
ја искршија земјата, направија
безброј дупки за разни арамии
и петоколонаши, недобронамерни слуги.
Никој не се осмелуваше
да им го каже тоа
оти сите знаеја како завршија
и колку се просветлија оние
што се обидоа да зуцнат на таа тема.
Пустеа, штуреа почесните главатари
да го убедат народот
дека кој не верува во ќелавиците
под нивните паларии
како да кинисал со око против сврдлeто
и дека вистинското име на
прикаската за Давид и Голијат
е, всушност - мижи Асан да ти бајам.
Или, уште понашински речено:
мижи Митко - тулумби паѓаат!
Сал жените во поворката
до една облечени во црвено
насетуваа дека тимбите под
ќелавиците и под палариите
беа полни со хелиум. Се думаа
жените облечени во црвено
како да го оневозможат летнувањето
на главите полни хелиум
кон небесата. Сакаа првин да ги
видат во некоја џунгла, онака
лице в лице со вистинските ѕверови.
Само толку.


22.

Вампирите
првин сакаат да бидат
или да глумат темелност,
некогаш прават привид
дека ce подуени како меури
од толку темелност.
Коренот на вампирската темелност
е секој абер дека каде и да е
се подготвува нов умрен,
па се обработуваат сите
медицински податоци за
идниот умрен, при што,
најважен е, се разбира,
квалитетот на крвната слика
- да не би случајно
во вампирскиот тефтер да
заскита некој леукемичар,
тогаш џабе масрафот, џабе
темелноста, сиот вампирски труд
станува едно зрнце во
паметникот на изгубеното време.
Кога аберот ќе стане стварност
вампирите итаат да повлијаат
колку што можат умрениот да не
се изнесува од дома назачки и глвечки
ами со нозете напред и со поглед
вперен кон иднината, тоест
кон гробиштата. Зад умрениот
секогаш останува нигдината
ако не за друго, барем за вечен спомен.
Од нигдината натаму умрениот
колку и да сака не може веќе
ништо, ниту никаде. Не може ни
да проба може ли што и да е.
А меѓу нив секогаш има многу
љубопитни кои би сакале да знаат
како е горе на земјата, макар што
се збунети кога ќе им кажат
дека нив всушност ги носат
горе на небесата и дека отсега
натаму горе ќе им бидат небесатa
а не власта или некои тајкуни
небесата пак небесата
- па зошто тогаш не закопуваат
два метри под земја
се прашуваат љубопитните умрени.
Отсега ако видат нешто
од животот на земјата ќе го
видат од птичја, а не од жабја
перспектива. Барем тоа не ги
возбудува, толку што се изнаслушаа
за перспективата цел живот.
Умрените и да знаат веќе
не можат да се вратат назад,
ним никој пред да ги положат
во ковчезите не им дава леб
па да фрлаат трошки
по пат до гробишта како оние
дечињата од приказните,
Јованчe и Маричe ли ги викаа,
за да знаат каде да се вратат.
Не било исто да те водат
в шума или на гробишта.
Најнакрај и чуму помислата
за враќање кога до што е лоза
во лозјата пресушила и до што е
капка вино во бочвите од државните
резерви е испиено. Крвта ја чуваат
вампирите, тие се на вечна стража
и лесно ги убедуваат умрените
дека е бесцелно враќањето назад
- треба да се врви напред, само напред!


23.

Има вампири мустаклии
по табиет серт, напернати
кои од векутума века тврдат
дека умрените се всушност
недвижен имот од кој се
оттарасува потомството
лиејќи, за подобар уметнички
впечаток, лажни
крокодилски солзи.
Без лаги кај нас и онака
ништо не бидува особено
кога оние кои ја знаат вистината
свечено се испраќаат кон
капелата на градските гробишта.
А тие што ја знаат вистината
ако се умрени не значи дека не
заслужуваат домаќински муабет
- па и кога ќе ги закопаат
- заслужуваат муабет,
та во секој гроб има макар еден
зрак светлина и ако не ништо
повеќе - макар една капка крв.
Е, баш таа, поcледна капка крв
вампирите мустаклии
сакаат да ја густираат
- ем да ја цицаат, ем да ја пушат,
лезетски, на наргиле, да помине
низ шишето со ладна вода,
да има вкус на мед а не на обична
липа загадена од булеварските бензини.
Многу им е важно
на вампирите мустаклии
последната капка крв да има
вкус на мед и усните да им се
медени кога ја допираат
писката на наргилето.
Вампирите мустаклии пет пари
не даваа за предупредувањата
дека веќе одамна настапила
ератa на екологијата:
си имаа тие своја независна
територија во која важеа само
законите на вампирите мустаклии
и великодушно отстапуваа
уставниот суд да им служи
за украс на сите други
без мустаци и без бради,
вклучувајќи ги и ќосињата
кои се чанчеа како дами и си
организираа паради со транспаренти
- да покажат колку се горди!
Имаше во епохата на екологијата
и други собирања на градските
плоштади, барања на човечки правдини
и повици на братска помош од странство,
имаше и тепачки и жртви на
градските плоштади на кои се
произведуваше демократија од
која потем не се правеше вкус за
наргиле, но вампирите по природата
на професијата најмногу беа
заинтересирани за бројот на жртвите
на плоштадите на кои од слободарските
пароли не се гледаше моќта на профитот
како што некои слепци до ден денешен
од дрвото не можат да ја видат шумата.
На врвовите на бандерите
на градските плоштади се топореа
едночудо сончогледи - тие бргу забораваа
дека изгубиле на демократските избори
(а ниедни избори не беа демократски
ако не беа по мерка на нарачателите)
ама вампирите мустаклии
ич не се обѕираа на сончогледите
на врвовите на бандерите -
како прво и прво знаеја дека местото
на вистинските сончогледи им е на полињата
а знаеја дека е лага и тоа со бандерите
и дека овие сончогледи задоцниле
да станат оптички сончогледи.


24.

Меѓу умрените
има секакви -
полнокрвни, слабокрвни
тадури и бескрвни.
Има и такви кои
докторите со тапии
плус притресените роднини
ќе ги прогласат за умрени,
а тие, сосема неочекувано,
оп - ќе се разбудат. не баш
како пупунци, ама ќе се разбудат.
Еден умрен помалку,
јавуваат веднаш агентите
на пeнзионерските фондови.
И којзнае уште колку
чемерни денови за роднините,
ама и чемерот е дел од животот,
не се рекло џабе: живот - шатка.
На вампирите им беше сеедно
кога ќе оживееја бескрвните умрени,
ама за полнокрвените не мислеа така
макар што мудро си молчеа
да не заработат по некоја ластегарка
од роднините на оживеаните
заматувајќи ја нивната животна радост.
Што е за право, вампирите беа
малку и отрпнати на ненадејните
оживувања на умрените. Знаеја
безброј. такви случаи.
Знаеја дека при преселувањата
на многу гробишта и прегледите на
посмртните останки е забележан
вознемирувачки висок процент
на живи закопани. Процентот н
незакопаните мртовци е сосема
занемарлив и тој повеќе е
литературна творба.Вампирите
меѓу првите дознаваа кога
ќе умре некоја позната личност
- крвта на великаните секогаш
има поинаков вкус,
што не значи и подобар.
Знаеја вампирите дека
Шопен кога умирал побарал
по смртта телото да му биде отворено
да не би да биде жив закопан.
И други имале уплав
да бидат живи закопани.
На таквите во ковчезите
им ставале по едно сиџимче
а на крајот на сиџимчето,
на самиот гроб, оставале и ѕвонче,
за да може да викне на помош
умрениот ако случајно се разбуди.
Кога ќе се разбудел некој
се удирало на сите таламбаси
- се повикувале сите да го видат мигот
кога лагата станува вистина.
А ќе ги чуеле таламбасите
вампирите убаво се затскривале
и зад багремите се фаќале на
своето крвопијно оро: не им беше
сосема јасно зошто бијат таламбасите
кога само еднаш се разбудува умрениот
и пак ќе си дојде каде што му е местото
на еднаш одбегната средба со вампирите.
Таламбасџиите, порачуваа вампирите,
наместо да произведуваат лудило
поарно е да си ги чуваат резервите
оптимизам за најави на крштевки и
свадби, ама ако толку им текнуваше,
немаше да бидат обични таламбасџии.
Згора, толку ли тешко е да се научи
дека секое разбудување си има
и задолжителен рок на траење?


25.

Знаат вампирите:
само од себе ништо не бидува
- ни насладата, ни гневот,
ни заминувањето од животот
за што се особено заинтерсирани
и вршат континуирана пропганда.
Демек, навали народе, ништо не е
страшно да се киниса на оној свет,
зарем е малку што тука си имaме богови
макар што не сме баш сигурни во тоа.
Некој од немоќ, некој од незнаење
се лепи на вампирските пропаганди,
а сите знаат дека глуварењата
наоколу се бесполезни ама и како
такви не треба да се забрануваат.
Поарно е некои свеќи да горат
споро, ама сепак да горат,
којзнае што се може да излезе
од едно непредвидено пламче надеж.
Немоќните и незнајковците
не знаеја како тоа наеднаш побелеа,
како станаа абрашливи, како им пoбелеа
и косата, и веѓите и другите влакна,
како очите им станаа очиња
и како устите им станаа устиња.
Немоќните и незнајковците
едно сепак знаеја - да се чудат
и да се изначудуваат од
вампирските марифетлуци.
Можеби најмногу се изначудија
кога се појавија вампирите месечари
кои одеа по електрични жици,
одеа по тенки ѕидови
одеа и по водените згорнини
та биле морски, езерски или речни.
За таквите вампири се напишаа книги
а се снимаа и филмови, оригинал
холивудски филмови, се даваат
на синеплекс, умот да ти штукне.
Вампирите знаеја
дека оние кои ќе се закачат на
пропагандата за заминување од животот
автоматски се збогуваат од светлината
ама успеваа некако да сочуваат
по некој зрак од умрените светлини
- тоа ќе да беше повеќе ѓаволска
одошто вампирска направија.
Сал еден вампир ги чуваше шифрите
од зраците на сите умрени светлини
- и на оние лажно ветените
и на оние што за инает сакаа
да им ја расипат темнината
на соседните вампири.
Темнината добро и доаѓалa
и на вампирите кои на гробовите
си оставале по една дупка
низ неа да си мушнат в гроб
и да си полежат малку, оти
и тие одамн ја беа прифатиле
петдневната работна недела.
Како што и умрените пет дена
во неделата зовриваа еден
котел жешк вода, пожешкa
отшто ја има во сите македонски
бањи, па безмилосно да ги попарат
вампирите, особено оние кои
под гробовите нови гробови копаа
и никој не можеше да утврди
дали сме дошле и кога
ќе го дофатимњ дното. Висовите
се за младите генерации, ама и
ова дупките под дното ќе да се
длабок и цврст темел баш на
светлата иднина на младите генерации.


26.

Одвреме навреме
учените вампири, оние
со научни звања а мнозина
од нив и академици
читајќи стари книги
што ги нема во електронска форма
ќе се запрашаа: помина ли
времето на инквизиторските клади?
Ако прашањето се земе за чад
ќе да има некаде по светoв и оган.
А инквизиторските клади
секако се најцрниот период
во историјата на вампиризмот.
Не дека вампирите беа реформатори
или не дај боже демократи,
ами просто затоа што од пепелта
крв не бидува и тоа го почувствуваа
врз свои плеќи илјадници изгладнети
вампири, коска и кожа сторени.
Друго си беше, брате, и друго си е
правилото од крвта вода не бидува.
Тоа е тоа: ем животот полн крвава
историја, ем сити сите вампири светски.
Најсити секогаш се домашните,
та со свои очи ја гледаме нивната стрвност,
да не речеме крволочност.
Во времето на инвизиторските клади
вампирите беа принудени да се
свртат кон ситни коковчиња и петлиња
- колку да се преживее некако,
макар што знаеја дека не е исто
да се цица човечка и кокошкина крв
и што е уште поважно - кокошките
немаат гробишта, а на вистинските
вампири им прилегаат софрите на гробишта.
И денес кога на некои антички гробишта
археолозите ќе откопаат и по некое
кокошкино ковче, тоа се смета за устрем
на вампирите да направат кокошкини
гробишта, раат да им биде цицањето.
Кокошките имаа разнобојни пердуви
но на старите и на новите вампири
најважно им беше што перчињата
им беа црвени, џиш црвени, како крв.
Барем бојата на кокошките да им
е квалитетна, крвата за да може да се
направи каков таков ноќен вапирџилак,
како што модерните вампири своите
сеанси со црни и руси коковчиња
денеска ги прават по ноќните клубови.
Откако ќе ја натепаат главата
модерниве вампири се престоруваат
во напернати петлиња од кои
коковчињата зачнуваат пилиња,
ама свапирени пилиња, кои не
колваат просо а крвца не можат да цицаат.
Не се свапируваа само пилињата и кокошките,
ами и мачки, кучиња, тадури и глувци мизерни,
а за луѓето и да не се збори -
којзнае сите што ѓаволски превари правеле
а и сега којзнае што превари прават
та толку лесно се свапируваат. Работата
стаса дотаму што вампирите почнаа
меѓу себе така и да се проколнуваат:
вампир еден, вампириште свапиросано!
Велат, бргу фаќала и долго траела
вампирската клетва.


27.

Во времето на
општата збрканост
речиси секое село издаваше
книги Кој е кој и кој со што го
задолжил нашето село под што
некои ја пдразбираа цивилизацијата.
Повеќето кога ќе налетаа на
такви книги си измислуваа утехи
дека е поарно да се печатата
глупави книги отколку да се
гледаат глупави политички дебати
на телевизија или да се слушаат
уште поглупави говори на плоштадите,
особено во изборните кампањи.
Така се случи секој просечен селанец
да знае кој е кој во цивилизацијата
ама да не знае кој е најасли вампир
и во нашето село и во цивилизацијата:
дали вистинските вампири кои си
вршеа редовна обиколка на историјата,
тоест на гробиштата или поповите,
оние отшто беа толку добрички си
мрсеа и во петок, ама никако не сакаа
да слушнат ни за к. од крематориум,
за никакви кремирања на чистите
православни души, тие што а ќе умреа
а наеднаш и волшебно ќе станеа чисти
и како такви, велеа поповите, не се
за никакво кремирање - пу, пу, скраја да е!
Кај се видело умрените да се ставаат во
некакви теглички и да се чуваат дома на
полица, како собраните дела на едикојси!?
Освен тоа мисли ли некој на кое дереџе
ќе дојде гробарството - изработката на
ковчези, копањето гробови, правењето
мермерни надгробни споменици сосе
слики на умрените?! И најнакрај, а
требаше најнапред да се каже:
што се правите нетокму, ѓоа сте заборавиле
дека севишниот го создал од земја и
пак земја ќе стане. Затворање на кругот на
поповската дијалектика. Вампирите, иако
не може да се каже дека ги љубеа поповите,
се тркаа со нив против крематориумите
од практични причини: ним многу им беше
до проповедите на поповите кои, освен
што мрсеа во петоците, возеа
и најлуксузни џипови. Вампирите
сакаа на дело да го потврдат и
до века да потрае нивното крвољупство.
И едните и другите сакаа умирањето
да го држат под контрола и баш им
беше гајле за илјадниците светски угледници
кои со своите дела го ослободија умирањето
од каква и да е вампирско-поповска контрола.
Ај со Маркс, на пример, да не ги иритираме,
ама контролорите на умирањето исфрлаа
сипаници и кога ќе се спомнеше Чарлс Дарвин
- та не беше еден што тврдеше дека
мајмунот настанал од човек, што ќе рече
дека е голем цивилизациски минус тоа
што при толку мајмуни нема мајмунски гробишта.
Вампирско-поповската алијанса
се ежеше кога ќе се спомнеше и Гагарин
и стапнувањето на Амстронг на месечината
(демек, на личело на никакво оро
неговото лeбдење по кората на месечината!)
Поповите и вампирите не беа
лесно кршливи камења и ако беа
такви немше цел свет да го влечат по
себе со векови, ама при толкав напредок
на техниката и технологијата беше
просто невозможно да се продаваат
приказните за умирањето поради грев
и божја волја, ами од разни болештини
на кои докторите им излегува гради в гради
и машки го ослободуваа умирањето
и од контролата на божјите службеници.
Докторите не беа безделници, имаа
и отповеќе ноќни дежурства и немаа
време за ора - ни свадбарски,
а не пак вампирски.


28.

Има вампири
кои пред да се фатат на оро
ќе си удрат еден убав студен туш
најстудените извори ќе си ги
навртат врз глава и така ќе го
заиграат нивното омилено оро
ќе скокаат дури до небото
мислејќи си дека со едно од
прстињата ќе го допрат рајот
за кој ден пред тоа им расправаше
докторот за нервни и слични
болештини, вклучувајќи ја и
болеста од самата денешница.
Затоа се случуваше некои на орото
да слушаат македонска музика
а да играат европејски валцери,
а се наоѓаа и такви, раритетни,
кои, богами, скокаа казачок,
јаблани и круши, такви нешта.
Тешко ќе се најдеше вампиролог
што потпирајќи се на високите
вампиролошки научни дострели
ќе го протолкуваше ваквото нешто.
Уште и кога над орото ќе видеа
коњи како летаат, летаат
насамарени со сите белосветски
теории за баналноста на злото.
Тоа на некој начин ја банализираше
и историската и општествената
улога и значење на самите вампири.
Најистакнатите вампиролози тврдеа
дека злото не е како брда и планини
ами една обична капка крв и точка.
Други ја вртеа работата накај демонократијата,
особено пред општите избори,
ама тоа веќе не спаѓаше во доменот на
вампирологијата која одамна беше
утврдила дека има и демони без маски
и не сакаше да се мафта со такви работи,
постојано предупредувајќи ги лесноверните
дека демоните и вампирите не се
први братучеди, не се никаков род.
Срамота вампирите да се сведуваат на
обични, реални луѓе, уште и на лица
од народните маси на плоштадите.
Ако вампирот случајно застанеше пред
огледало се гледаше само огледалото,
а демоните се огледуваа, не си се допаѓаа
самите себе па ги кршеа огледалата.
Тука има разлика, суштествена разлика
и не беше џабе се рекло дека сите разлики
најдобро се гледаат пред огледало.
Откога ќе се видеа на огледалата
некои трчаа да си ги наполнат џеповите
во првата семкарница, потоа по цел ден
гроцкаа семки на градските плоштади
како на фудбалски натпревар, а лушпите
ги фрлаа наземи, пак како на фудбалски
натпревар. Срамота, така ли се влегува во
Европа, така ли се станува компјутерска
нација, со грицкање семки од зелени тикви
и со препуштање и на смртта на божјата волја.
Смртта не треба да им се препушта
ниту на трговските патници од пеколот
кои од педантни попедантни
испоседнале на една голема маса во
вид на крст сместена на последниот
кат на Стоковната куќа "Мирен сон"
оти сите до еден беа пратени (се знае
од кого, вампирските тајни служби не
биле и не се за потценување)
како да го шитнат патентот смислен
галиба во пеколот - да не може од
ниту еден гроб да има ни најмало
дупче ни за зракче светлина, ни
за цевче вампирско. Некои големи
а ѓоа скриени сили како да им
подготвуваа отворена војна на вампирите.
Ќе се види наскоро на плоштадите,
оти сега во мода е војните да почнуваат
со социјални немири на плоштадите
а вампирите никој не ги ферма, ни
вампирите ни вампирчињата.


29.

Еве да се согласиме
ако веќе толку сте запнале:
смртта е важен симболичен капитал,
а сите цркви тврдат дека без страв
од Бога нема морал. Еве ви, кога
сте запнале, зошто слабее моралот
кај нас, зошто се осипуваат играорните
секции, зошто ни се намалува родот
а ни се множат парадоксите.
Зачестија и селидбите на умрените,
а сосе селидбите се сменија и
нивните крвни групи. Се створи општа
збрка, не само меѓу умрените и вампирите,
почна ревизија на минатото и
промена на моралните норми.
Сите од уста на го вадат Господ Бог
а никој никаде не го видел?
Празна симболика ли е тоа?
Ѕидањето цркви секогаш ли е доблест?
Некогаш и неѕидањето може да е доблест,
животот си е живот, сé бидува.
И секое оро не е баш урнебесно весело,
рековме, има и тажни ора, па се играат
- тажни ора, во празна зора. После не се
ни тажни, ни ора, после се задоцнети
ученици на најважната писмена задача.
Секој и најновопечен вампир знае дека
дури зората зори се наоѓа полнокрвна суденица,
слатка, накркана со локуми и баклави.
Башка, другему ни зракче ветлина не
му пушта, ни мирис босилков бе му пушта.
Ако не те знае ќе ти рече Бог те знае
и секако ќе те праша
како е горе
ти ако речеш никако
таа без да ја прашаш
ќе ти каже дека долу е
уште поникако. Ѓоа и долу деновите
се бројат на мандати па сал туку
лелека кутрата суденица: да не даде
Господ да останат уште два-три мандата.
Тогаш може да мавнат громови, да
мавтосуваат арамиишта од разни фели и вери,
арно ама, може и да фатат тешки суши,
да фатат пожари , да фати сé да гори,
тадури и гробовите да почнат да горат однатре.
Најголемите пожари обично
се случуваат кога на смена се
пожарникари атеисти, а на самото
место ќе се најдат попови кои не
виделе противпожарен апарат
и знаат само беспомошно да се трткаат.
Тогаш им се вжаруваат јазиците
на поповите и тие не можат да кажат
дека во вакви пожари можат да изгорат
и зборовите, сите до еден да изгорат,
аманте бре луѓе, запрете ги бесните огнови,
по никоја цена да не се доближат до
гробовите на Крстета Мисирков и на Блажета Конески.
Колку да ви се испрлени веѓите од
огновите, сетики гледате бре луѓе,
дека ај што сме смачкани од историјата
како што велеше Блаже Конески
ами сега сакаат да не дотолчат,
да не претворат во ништо.
Cи прават бајрам со умот
оти ние и кога сме ништо
пак се есапиме за нешто, ами како.
И кога нема тројца предзорје
да се фатат на оро, ние пак се
есапиме за нешто. И кога туѓинци
ни велат дека е подобро да
молчиме ние пак се есапиме за нешто
- некогаш, навистина, ќе им поверуваме
ама некогаш првин ќе се прашаме дали на
Господ му јавиле што ќе биде со нас
и ќе ни фрлат ли едно парче судбина,
како што ние им фрламе разни дребулии
на мајмуните во зоолошката градина.


30.

Што не било
па и да не биде
тоа што мора да биде
утешуваше вампирот со
испрлена брада и асолно озабен
- духот од кој е ослободена
мајката вампирка, затоа,
не заслужува никакво проклетство
белки е зад нас и проклетијата
и проклетството, животот си врви
по свое сиот накитен со амблеми
на здруженијата во потрага по крв
во кои беа зачленети сите вампири
навистина доброволно
и навистина независно од тоа одеа ли
на партиски митинзи или на
некакви скриени пирови.
Имаше млади и модерни вампирчиња
кои ќе заскитаат на
гробиштата на автомобили
ама самите бргу се откажуваа од
тие прошетки штом ќе се увереа дека
таму од течности има само
остатоци на нафта и бензини.
На младите вампирчиња не им
беше јасно кој и зошто ги измисли
гробиштата на автомобили
тадури и се прашуваа дали меѓу
автомобилите, оние што се тркалаа,
има и некакви братства на вампири,
како што не им беше јасно -
на враќање од прошетките до
гробиштата на автомобили
зошто меѓу народијата има
сé повеќе неми, а се помалку среќни.
Нели несреќните, како што им велеа,
на времето ја пееле Интернационалата
и тоа на сет глас? Некои вампирчиња
збунети од вакви и слични прашања
сакаа да избегаат и навистина се
случи голем одлив на вампирски мозоци
од татковината додека најнакрај
вампирските стражи не ја зедоа работата
во свои раце и почнаа да ги фаќаат и
да ги врзуваат оние кои сакаа да избегаат,
плус се погрижија да не можат
да добијат вампирски пасоши.
Фатените разочарано гледаа
во слабите треперења на старата месечина
и чекаа да скончаат како промашени
вампири што не ги бива ни за мршојади.
Одвреме на време ќе ги спотераа
'ртки илје и милје
црни кучиња ќе закливкаа по нив
а тие не можеа да одгатнат да не
би кучињата се престорени ѓаволи
оти на кучињата не им беше место
на гробишта ами пред касапници.
А знаеја дека и други се престоруваа
беше фатила епидемија од престорувања
- ѓоа некаква замена за вакцини
пред налетот на чумата. А чумата веќе
беше дошла, кажуваше една баба Сума
стара сто и шеснаесет години, како
што беше запишано во господовите тефтери
ама и во тефтерите на Марко наш Цепенков.
Баба Cума двапати беше ја видела
чумата: еднаш во мачка престорена,
другаш на парталче. Веднаш ја разбрала
местенката и пред да киниса одоздола
низ страк светлина да им расправа на
вампирите, стасала само да рече:
не беа џабе рекле старите -
еден чини, илјада тегнат.


31.

На секои гробишта
има многу празни складишта
на памeтењето. И тоа ми ти
било како река, пресушува.
Добра страна на губењето на
паметењето беше единствено
и исчезнувањето на лажливците:
вампиролошки е потврдено
дека оној што нема паметење
не треба ни да се обидува
да станува лажливец. Некој од
нив можеше да стане глумец
под услов да си најде добар суфлер.
Така и почна развојот на суфлерајот
- од гробиштата па до секоја пора,
само што некои суфлери ги
преименуваа во советници. За тоа
каква ќе биде иднината лажат
сите, ама тоа нема врска со
паметењето на гробиштата.
А тие што лажеле додека
имале грам паметење, тие сега
се со многу красти по телата
и уште се чудат дали воопшто
живееле со толку красти
или кога скончале изгубиле,
всушност, некој туѓ живот.
Ене ги и сега севезден талкаат
подземи божем бараат место
кај да застанат и да се замијат малку.
Вампирите ги избегнуваа краставите,
не сакаа кандирана крв.
Секое оро на вампирите
беше точка во времето од
која се тргнуваше во изградба
на нови цевчиња за цицање
и нови олучиња за проток
на светлината подземи. Затоа
под сливата кај орото имаше
многу кошници и сандачиња
со разни алатки: шила, клешти,
тесли, ножови, секири, шајки,
а се разбира и српови и чекани.
Вампирите уште пред да станат
вампири знаеја дека без алат нема
занает, како што без лозје нема грозје
а без грозје нема рујно вино.
И затоа мнозинството од
нив се мајстори на својот занает.
За орото им требаше дарба.
Им требаа и добри свирки
им требаа и убави песни, баш
оние што ја нервираа и одвраќаа
чумата од гробиштата. Гробишта,
гробишта, ама не бива севезден
гробна тишина, оти некоја си
чума сакала така! И на чумата
треба да и се каже не, беа сложни
сите вампирски братства. И в лице
да и се плесне дека е чумосана
и размножувачка на сите красти
и заразни болести, колери и трески.
Доста беа чумосаните мавтосувања
за мртвите души, та барем за мртвите
души не само ние ами сиот нормален
свет знае сé уште од Гогољ, а кој
со време не го читал Гогољ се реди
во големата редица на бездушните.


32.

Некои вампири
се многу рамнодушни
ептен флегматични
без никакви спомени за ништо
молчат и си го мамат умот
дека само за најтешкото
се молччи. Којзнае дали ќе
им текне некогаш дека
и за молчењето многу се молчи.
Како такви, флегматични,
тие веќе не праќаат сончева светлина
низ дупчињата во гробовите
а и цевчињата за цицање сè почесто
им се затнуваат и мака мачат
да го дочекаат идното предзорје
во маката и самите себе не се препознаваат
а некои веќе самите си се прогласуваа
за умрени вампири. И умрените и живите
јанѕа ги јадеше од масовноста на
ова прогласување оти мораше да има
некоја голема чинка, прокоба ли,
та самиот себе си да се гледаш за умрен.
Имаше еден вампир курдисувач
на секој ден во вампирското братство
и тој беше највередостоен сведок
дека некои вампири веќе не знаеја
што мајка бараат на гробиштата,
стануваа дементни вампири, а ваму
колку старееја толку помлада крв сакаа
оти и самиот Господ млади јагниња сакал.
Кога беше голема оскуда
на таквите вампири кои не знаеја
зошто се стрвни им носеа за ручек или
за ужина сливи (да не ги фати запек),
грозје, зерѕелии, дињи бадатки, сé редум,
па највештите вампирки им месеа
кравајчиња со зелје и коприви, малку
посолени со брашно од крв, им правеа
питулици, колпити и пити сомуни асекмеци,
најнакрај и ошав и сутлијаш, пекмез,
рачели и тетовски јаболка и во најново
време таан алва плус црно чоколадо.
Сеедно им беше на ваквите вампири
дали ракијата амберија ќе им ја дадат
пред или после јадење, а мнозина веќе
беа заборавиле дека се антиалкохоличари
и дека на еден пристојно воспитан
вампир му личи да потцицнува само крвца.
Да ги жалиш и плачеш:
вампири со веќе исушени срца
со вкочанети јазици и очи одамна
навикнати само на темнина
со паралилизирани души
сосем снемоштени што да не можат
веќе да си организираат ни некоја
тајна прошетка а и којзнае дали
потоа ќе знаеја да се вратат
да отпочинат таму од каде што кинисале.
Такви беа флегматичните вампири:
најнакрај трагите си ги криеја
сами или им ги криеја други,
за што сведочи и тоа дека
нивните стари калдрми сега
севезден беа светнати, дежурните
метачи не даваа да падне врз
калдрмата на старите вампири
никаков прав.


33.

Галиба
среќата уште си беше замината
од Балканот, ама останаа стравовите,
останаа шејтаните и вампирите,
нарочно вампирите со се нивните ора
- некои ора од страв создадени,
со страв заиграни, опа-цупа!
Кога ќе си ги бришеа запотените
чела вампирите, демек, демонстрираа
вампирска солидарност, одвај ги
запреа од Обединетите нации да
побараат Меѓународен ден на вампирската
солидарност, ѓоа имаше фајде од тоа
што го прогласуваа Обединетите нации.
А солидарноста им беше таква што ќе
се присетеа дека напати слегуваат со
црви и со змии во подземно прогонство
а никогаш не се запрашале како им е на
оние што севзден се подземи, им треба ли
некаква помош, заштита од кртовите и слично.
Добиваа тогаш вампирска грижа на совеста
згора стануваа и свесни дека еве и во историјата
се намалува бројот на безгрешните денови
а историјата не застанува, маршиpа напред,
може секого да довтаса и превстаса.
Во маршот на историјата сé се дознава отпосле
- и кого го наградува небото
и кого става пред нови искушенија.
Искушенија и неволји ќе има, ама што е
за право, шуќур што има и луѓе
кои сé yште им се радуваат на
туѓата среќа, а нe само на туѓите неволји.
Историјата памети и такви кои
умреле од радост, велат меѓу нив
и Софокле и Дионис, макар што има
и историчари тапанари кои за обајцата
велат дека, благо речено, им
биле мошне блиски на тираните.
Сешто бамборат историчарите тапанари
и не е да речеш - само сега.
Малку се подзаборавени
ама се знае дека има и такви
кои умреле од срам, некои ги голтнала
ламјата на туѓиот срам.
Сега ни срам ни перде има,
браните ќе прелеат од тага и чемер,
а ваму на сека чука се чука
за транспарентност, сé требало
да биде ачик - и чукањето
и молитвите да биле ачик
а особено постењето, да се
повнимава малку на оние
кои не постат. Во меѓувреме
како да расте бројот на новите
губитници. Само што тие не се претвораат
во стени како онаа мајка Необа. Ним им
е заповедано да се радуваат
што се губитници, и губитниците
имаат право на глас и други обврски.
Не еден од новите губитници
стана вампир и не еден од нив
ништо не промени во својот начин
на мислење и на играње оро,
ја глава, ја опашка биле на
вампирското оро.
Така е -
не се рекло бадијала
уште од прадедови времиња:
Балканот е ендемска зона на орото;
додека другите ги врвеле вековите
со валцери, мазурки и полки, на пример,
Балканците упорно играле оро.
Оро пак оро, заиграј зоро,
велеле и уште велат разни играорци и играорки
- и оние сќутучени како телефонски бандери
и оние со растресени газиња како тазе пифтија.
Балканските ора имаат различни имиња
- зависи од ритамот а и од играорците,
за што своевремено, ако не се лажам,
една убава песна напиша и еден голем
поет од светски маштаб, Јосиф Бродски се вика.
Ако играорците се коркачи и орото е коркачко.
На коркачите некако им прилега
да се плашат од туѓи играорци во балканските ора,
како што се плашат и од туѓи мирудии
во балканските јании и други манџи.
Посеба сорта коркачи се Македонците
кои и самите не знаат кој ѓавол
им всадува таков страв што запинаат
што побргу да ја помакедончеле Македонија
- божем Kучкундалија била досега
и божем не ќе се викала Македонија
ако не била помакедончена.
Македонците беа посебно надарени играорци
- играа секакви ора, со пердуви во чекорот.
Ќе почнеа најпрвин со Тешкото
( демек, каков живот такво оро
- со векови веќе: или вековите се скаменети,
или играорците се здрвени во времето
иако во Музејот на македонската борба
нема восочнa фигура на незнаениот играорец)
Па ќе продолжеа со ајдучкото и пајдушкото,
а во меѓувреме ќе се прашуваа зошто
го нема и Лесното оро, а имаме манастир Лесново,
на пример. Ќе да е да нема лесни
ора - не биле такви ни калајџиското, а особено не
и пиперевката. Некои веле дека козаречкото оро
би се вбројувало во лесните, ако се покажеше
дека братството и единството биле лесна работа
а се покажа дека не биле. Оние кои паметат знаат
дека само козаречкото оро се водеше напред и сé понапред,
другите ора се играа три напред два назад
- таквите ора беа за широките народни маси,
за сите кои не оделе во играорна секција
ја во некој Пионерски дом, ја во некое училиште,
а оние најнадарените во Културно-уметничкие друштва.
Некои играа а не пееја и таквите ора
беа обезборени ора, за баби со штрбави заби.
Некои, пак, играа ора без музика, обезвучени ора,
од пусти страв дека некои озвучени ора
со љубопитство ги слушаат во надлежните
тајни служби. Мнозина си цупкаа во место
- ни обезборени, ни обезвучени,
ни лук јале, ни лук мирисале.
Ората балкански најчесто беа за на свадба
- невестински, младоженски, сватовски, секакви,
такви што не прилегаат баш ако на нив
не се фати најубавата свадбарка.
Арно ама, отпорано имало а сега се во подем
вампирските ора на Балканот, порано
раноутрински сега целодневни. Ем вампири,
ем сенки и сеништа разиграни
денес има на сите гробишта, ама и на плоштадите
и затоа, всушност, и никој не знае каква иднина
еден ден ќе истрча на плоштадите
а сите знаат дека само што не профрчело
и времето на иднината. Можеби затоа и
балканските бостански страшила се орољупци,
а бостаните и нивите се катаден сé
поиспукани од суши.