Тројца за преферанс

trojca


Така, демек...

Така, демек:
ми ти имало
трансцедентално и трансвековно
зјапање во ѕвездите,
ми ти имало
и трансцедентално и трансвековно
наслушнување
на шепотењето на ѕвездите,
ми ти имало
и трансцедентално и трансвековно
разбирање на прв поглед,
ми ти имало уште и
трансцедентален и тансвековен
преферанс и други пороци и занимации,
како што ми ти имало
и трансцедентална и трансвековна
тврдоглавост.
И други трансцедентални и трансвековни
чинки имало на Балканот
каде што никогаш немаше само
трансцедентална и трансвековна
правдина и разбирачка
ами имаше масовни плукања
врз вековите
и имаше масовни паѓања во транс
и имаше многу транс
во имињата на шпедитерските и транспортните фирми
при првото создавање на шлеперската елита:
Мак-транс, Тиквеш-транс, Шпилје-транс,
Исток-транс, Југ-транс, тадури и Љунга-транс!
Колај работа со паѓањата во транс,
ќе им дојде и ним редот,
ама сега глава не се крева
од трансцеденталниот и трансвековниот
преферанс и другите пороци и занимации
што се играа секаде каде што имаше смели луѓе
зплеткани во интернет-мрежата
и далдисани во виртуелната реалност.
Е, да, такви луѓе ми ти беа и Тројцата
кои имаа фазла фантазија и храброст,
фазла бистрина во погледот,
а се разбира и фазла тврдоглавост.
И да си нема недоразбирања!
Веднаш нека се каже дека
од нив Тројцата не се прави
ниту десетинка
од Светото тројство
- сите тројца, некако,
по законите на мајчичката природа
морале да бидат синови на своите мајки,
а дури отпосле станаа и горди синови
на своите народи
и толку, ни педа повеќе.
Јок џанам, ниту било ниту ќе биде
некој од нив да се токми со Светиот Отец,
трижбетер и со Светиот дух!
Од таквите поучен,
народот арно си беше рекол
дека од секоја врба шупелка не бидува
а и дека може од три буки
да се направат две вретена
и тие криви!
Тројцата отпосле станаа
трансцедентални и трансвековни ортаци
и отпосле станаа вљубеници
во трансцедентален и трансвековен преферанс.
Не вљубеници, ами зависници
и од нив дерман немаа граѓаните на Охрид
и особено келнерите во хотелот "Парк"
каде што тие севезден,
со векови веќе,
под чадори седат
и под бела лозница
под сенка сеница
и под бела дреновица
рујно вино пијат
и играат преферанс, па преферанс
галиба сета живеачка
е собрана во шпил карти
и тоа не шпил за штогоде игри,
ами за преферанс.
А кој игра преферанс
веднаш помислува дека
во секое крвно зрнце
си има скриен адут
и ни на крајот од умот не му паѓа
некому да му се покори
- ни на граѓаните на Охрид,
ни на келнерите,
ни на рибарите,
ни на владиците од Плаошник,
ама баш на никој од сите кои се редеа
околу нив како суво дабје.
Само навечер,
кога на небото над Охрид
ќе блеснеа ѕвездите
само тогаш, демек, сите тројца
ќе зјапнеа во ѕвездите
а секој кој макар еднаш
ги беше видел ѕвездите над Охрид
знаеше дека не се родил таков
кој ќе им одолее
како што знаеше дека сe во Охрид
се споредува со блесокот на ѕвездите,
како што сe што мрда во Охрид
знаеше за Садило и за песната за Деспина
- колку се ѕвезди на небо, пушки ќе фрламе
Деспина ќе ја грабиме никој да не знае!
Тие што ептен милуваа да ја тенчат,
а ќе ја чуеја оваа песна,
а ќе почнеа да ја тенчат
за логиката и за слични нешта,
ама најнакрај ќе се откажеа
од проста причина што никој жив
ни стопаре не даваше за нивното тенчење
ами сите ја пееја песната за Деспина
сите се сладеа од кемането на Садило
и сите пиеај вино немерено!
Зиме, баш на ден Свети Никола,
светкавици ќе се распостелеа
на небото над Охрид,
(така во Охрид, наместо со фанфари,
се навестуваше празникот на рибарите
и посната именденска трпеза)
и тогаш ќе им текнеше на тројцата
далдисани во играта преферанс
дека на едниот од нив му е именден,
тогаш ќе си спомнеа дека
секој од нив е крстен
ама толку траеше тоа спомнување
- колку што наеднаш се голта
чаша рујно вино,
колку светкавиците над Охрид
за Свети Никола.
Тогаш Тројцата
ќе направеа починка во играта,
тогаш сите риби во езерото
ќе го заиграа својот весел танц,
ќе скокаа до ѕвездите
а сосе нив и рибарите
а ним кајчињата не им се превртуваа
отшто имаа таксано ламбади
на Свети Никола црквата.
Рибарите и денеска прикажуваат
дека пегите на сонцето се настанати
од крлушките на охридските пастрмки
при нивните весели скокови до небото.
Тогаш Тројцата ќе го баталеа преферансот
и ќе зјапнеа во небото,
ќе зјапнеа и ќе се заборавеа
од зјапање.
Ама зјапање беше тоа,
зјапање и пол!
Толку требаше
во охридската чаршија
да засвири баглама
и бавчанџиите и кромидарите,
кокошкарите и баничарите,
даскалите умодавци,
чорбаџиите јадачи,
и бездриѓаните муфлусчии
веднаш да разгласат
дека Тројцата зјапачи
токму тука си го најдоа парчето небо
и тоа без многу барања и таламбаси
како лицата во онаа драмата
што си го барале писателот.
Оттогаш во Македонија
почна да се пее:
суровице, багремице
удри баба по газица
неке сече масленица.
И од нив Тројцата
почна тој обичај
- кој што сака
и кому што му треба
да си го најде
во жална Македонија
во која потем се направија
дузина историски експерименти:
- галиба уште во најстари времиња
ѕвездите и прорекоа на Македонија
да биде центар на светскиот непокор
оти кајшто има многу непокор
има и многу историски експерименти.
Галиба уште тогаш беше пишано
како ќе се создаваат
така и да се распаѓаат
светските империи
и патеките на светските неправди
да врват низ Македонија
што се гледа и денес со голо око,
а богами и без едно око
оти Македонците беа навикнале
низ вековите да врват и со едно око.
Благодарение на Тројцата
зјапнати зјапачи
кои окапаа играјќи преферанс
на терасата пред хотелот "Парк"
Охрид се збратими со Торун во Полска,
со Нола кај Неапол и со Пиза
за која се расчу дека имала некаква кула
која се искривила, еднаш, додека траеле
светиниколските светкавици над Охрид
и која ден-денес не им се покорува
на законите на гравитацијата
или така нешто
поради што некои ја викаат
и кула на непокорот.
Кога ќе завршеа со зјапањето во небото
зјапнатите зјапачи
брзаа да соопштат
којшто видел на небото
ем брзаа, ем трештеа,
тројцата говореа, море, се дереа
а никој не слушаше.
Насобраниот народ
си пиеше лута ракија
и си гледаше сеир
додека не му текна на еден келнер
баш кога се покажа една сјајна ѕвезда
сјајна ѕвезда барјаклика
да го запре надвикувањето на тројцата.
Ги поли сите тројца
со по еден бокал студена вода
од Билјанините извори,
келнерот уште тресна на маса:
доста се деревте, бре, суртуци,
доста им служевте на луѓето за мезе,
ред мора да има во говорењето
како што има во Македонија
редови за млеко,
редови за на доктор,
редови во бирото на трудот,
така мора да има ред додека се говори
еден да говори, другите да слушаат
овде и онака со векови еден говори
а другите го слушаат
само во полседно време
во парламентот сите зборуваат
а никој не слуша.
На Тројцата зјапачи
не им беше тешко да го утврдат
редоследот на говорењето
- го стокмија шпилот карти,
мала дели и квит,
си рекоа: фрли грео на орео
фрли срамо на бајамо
и го стокмија
говорантскиот ред и поредок
во жална Македонија.

Откога постои...

Откога постои светот и векот
јас го извлекувам кецот
си рече колку за себе Никола Коперник
згора промрморе нешто во вид
на македонска пцовка
отшто го мрзеше,
ептен го мрзеше
да прикажува разни скаски, бајки и житија
и отшто му се бербатеше
и душата му мирисаше
на гнило буниште
и на варено базје
кога ќе зинеше уста
кој било самофалник и самбендисан
и не сакаше некој и за него
да помисли дека е таков.
Нејсе, си рече Кољо-Никољо,
кецот пак е мој
а другото беше вака
па вие ако сакате
и ако немата поумна работа
чујте и почујте
- ја ќе ја разберете мојата мака,
ја ќе си направите поголеми збрки
во лесноверните ви лејки.
Значи, вака беше, ако беше:
кога бев дете голомеше
Турците веќе беа ги преправиле
првите македонски цркви во џамии
а тоа го разбрав не отшто се разбирав
во цркви и џамии
(што знае мало дете што се цркви, а што џамии!)
ами отшто едно минаре
ми го попречуваше погледот кон сонцето
и тоа баш на ден пладнина
кога сонцето најмногу жеже
и кога е најомлитавено
та не се опира да го пулиш
како што сакаш и колку што сакаш
да го вртиш како што ти е згодно
ем да го вртиш, ем да го месиш
а тоа ни да зуцне, ни да писне.
Дека Турците се занимавале
и со други работи
разбрав од македонските песни:
("Какво право турско право,
три илјади на тримина";
"турски не разбирам, клето бре Турче
вера не менувам...").
Во македонските песни
често се спомнуваше и моето име:
те, Абре Кољо мамин Кољо
те, останал Кољо сиромав,
те, не си го продавај Кољо чифликот
ама ајде сега,
да не ја тераме на песна работата
макар што никогаш не се знае
колку пеат, а колку плачат Македонците
кога сите мислат дека пеат.
А кој еднаш ќе ги чуе Македонците
како пеат
или ќе стане ѕвездочатец
и севезден ќе копнее по светлината
или ќе стане доктор
и ќе си прави разни мевлеми за душата
или пак ќе студира право
и најсетне ќе се увери дека немало правдина
и дека Калимеро можеби потекнувал
од македонските крајезерски села.
Во тоа време во Полска
немаше ни џамии, ни Турци
ама имаше бетер од Турците
кои си живееја во сопствениот карамрак
кои при очи не можеа да видат
дека сонцето е најголема ѕвезда
дека земјата се врти околу сонцето
и дека ним затоа им се врти во главата
- отшто не го разбираат ритамот
на ѕвездената вртелешка.
Не разбираа, на пример,
и што беше ѕвезда Вечерница
бежом кога бега со две мали ѕвезди
бежом бега во македонска земја
и колку места обишла ѕвездата
- без еден град сто града,
без едно село сто села
без една куќа сто куќи.
Во тоа време во Полска
немаше либерални партии
(не е јасно дали и денес
има асли либерални)
но имаше студии по либерални уметности
на Јагелонскиот Универзитет во Краков
од кои излегуваат дипломирани фантасти
а оние кои немаше да дипломираат
отпосле стануваа
предводници на сонцељубивите
- и едните и другите папсуваа
од огромните количества несоници:
фантастите велеа дека небеските мориња
се полни со вселенски бродови
кои се лулеат како почетокот
на секој нов милениум,
а предводниците на сонцељубивите
севезден приповедаа
за некакво пиле гаќаресто,
пиле феникс,
коешто долетувало дури
до центарот на сонцето.
На недиплмоираните им беше судено
да заскитуваат и да талкаат по светот
севезден да си потпевнуваат:
каде одам мале, без ум одам,
коња терам мале, пеша одам
и ги одгатнувам мале, божем
тајните на старите мапи
и тајните на старите царски палати.
Ете така се згоди
во Болоња да не сретнам
ниту една црноока Марија
а да го сретнам професорот
Доменико Марија де Новара
кој имаше разбирачка
за сонцељубивите
и со кого еден на друг
си станавме потпора.
Црнооките Марии
си останаа тука,
крај македонските езера и мориња,
а јас и Доменико Марија де Новара
се отепавме пресметувајќи
колку често земјата
се врти околу сонцето.
Е, да: вртежи пресметувавме
што предизвикуваа вртоглавици
кај господарите на карамракот.
Тие беа вкочанети
и во крстот и во главата
та затоа и планетите
им изгледаа неподвижни
Тие немаа огледала
за да си ги видат тркалестите глави
та затоа и си мислеа дека и главите
им се сплескани како шарски плескавици
и како кумановски зељаничиња.
Сите глави на злоочниците се такви
- полни со слама
да не потонат во реки, мориња и езера
а да фифнат кога ќе ги стават на клада.
Толку да му чинеше
на Доменико Марија де Новара
за господарите на карамракот
и сламата во главите на злоочниците!
Во неговите формули и теореми
немаше место за таквите
кои мислеа дека поседуваат дел од Бога
а во неговиот дом вриеше од лебарки
додека ми објаснуваше
како најточно се пресметува
вечното трчање на сонцето
и како најточно се пресметува
вечниот стипл-чез на сите ѕвезди
околу сонцето.
Шуќур што куртуливме од лебарките
како што куртуливме
и од прашината од месечината
која го покри дворот
на Доменико Марија де Новара
баш една вечер кога бевме папсани
од гледање во ѕвездите
и кога спиевме покриени преку глава
спиевме како заклани
што ни три черешови топчиња
коишто некој век подоцна
го најавија почетокот
на Илинденското востание во Македонија
не можеа да не разбудат
- море, не три ами триесет топчиња
а не пак нежниот (и подмолен) допир
на месечевата прашина.
Ако е за претераното спиење,
познато е дека има и луѓе
кои си го преспаа сето свое време
кои преспаа епохи
преспаа буни и востанија
такви спанковци имаше
што го преспаа и цапнувањето
на првите и (последни) луѓе на месечината
такви заспани имаше
на кои не вредеше да им се објаснува ништо
за вечниот танц на ѕвездите
- ќутуците в планина ако разбереа,
та и тие да разбереа нешто!
Иако не сум од таква сорта,
мене баш по долгото спиење
со профессорот Доменико Марија де Новара
ми се случи да се разбудам дури во Падова.
Професорот си продолжи
да си ја тера дремката во Болоња
а мене сонот ме однесе во Падова
од што веднаш треба да се заклучи
дека не треба да се играат играчки со сните
оти ќе се разбудите каде што не сте ни сонувале
а не дај боже, на сон може да го сретнете
и сонотолмачот Сигмунд Фројд
а тој ептен отекува, сафра де фати!
Во Падова се забележани илјадници падови
што падови од многу високо,
што падови од мердевини,
што падови во љубовта и кариерата,
а за моралните падови
поарно да не разврзуваме сега,
така што изгледаше дури природно
тука да се школуваат доктори
за лекување на раните
од паѓањата низ вековите.
Јас не бев голем љубител ни на падови,
ни на лекување на рани од падови
и не помина долго време,
одвај еден век можеби,
го повикав Галилео Галилеј
лично да го посведочи тоа
и еве, прашајте го сега
што беше и како беше
со моето гнасење од падовите
арно ама, да не ја плетка
во прикаската Лорета од Падова
со која неодамна, пред триесетина години,
патувавме во исто купе во возот за Париз.
Ако ме држи сеќавањето,
со таа Лорета од Падова
го пречекавме шеснаесетиот век
на плоштадот на цвеќињата во Рим.
Тогаш, ако ме држи сеќавањето,
јата јадри гулабици
слетуваа на плоштадот
на цвеќињата во Рим
и носеа абери
за пречекот на новиот век
насекаде во светот
а со своите гугања
го прославуваа раскошот на вековите.
Пискаше тогаш
и некакво јато диви гуски од минатото
а гуските не им носеа
ништо добро на Римјаните
освен гласовите на очајниците
и очајот на проколнатите.
Право ќе ви кажам,
а вие сакате верувајте,
сакате не верувајте,
на почетокот на шеснаесетиот век
ич не беше лесно да си професор во Рим
и особено не беше лесно
да си професор по астрономија:
очите ти гледаат на небото
ѕвезди со опашки
а ти мораш да прикажуваш
лажги со опашки
за сплесканото и вкочането сонце.
Преку опашките
излегуваше на виделина
неспокојот на ѕвездите
а понекогаш излегуваше на виделина
дека некои ѕвезди
меѓу себе се мразат
и кога ќе се спречкаат
предизвикуваат вселенски карамбол.
Од мали нозе учен да не лажам,
јас не лажам ни карти кога играм
а не пак да ги мавтосувам студентите
на часовите по космологија и еклиптика
за апсолутната вкочанетост
на ѕвездениот систем.
Не само што се движеа ѕвездите,
ами некои од нив
се движеа и назад!
Еве, на: имате очи
па зјапајте како врват назачки
и Марс, и Јупитер, и Сатурн.
Понекогаш назад кинисува
и Мечкината кола,
понекогаш назад, во историјата,
јурат цели народи,
особено на Балканот,
а гледаме катаден
дека назад се оди
и со пароли за напредокот
во сите области на животот,
назад се оди и со напредна младина
и со напредни земјоделци
а богами и со напредна
и чесна интелигенција!
Назад, во историјата,
му пишав на Птоломеј
дека го открив новиот поредок на планетите
ама тоа не требаше да биде знак
Колумбо да тргне да го бара
новиот светски поредок.
Жими мајка,
оставете ме на раат да се доискажам,
аман, бре, луѓе,
зарем ви личам на таков суртук
што ќе воспоставува
нов светски поредок
и ви се молам,
оставете ги ѕвездите
надвор од политиката
ѕвездите, како што гледате,
се над политиката
и многу љубат да бидат аполитични.
Вистина, има некои ѕвезди
што се заплеткуваат во политиката
ама тие завршуваат
на белосветските буништа
на ислужени метеори и комети.
Во Рим го запознав
и Микенаѓело Буонароти
кој аргатуваше нешто кај Папата
а Папата како Папа:
не сакаше ни да слушне
дека постојат два реда
- два реда и тоа е веќе безредие
богами добричко им се дереше папата,
и на кардиналите, и на дворедниците,
на сите им се дереше Папата
токмејќи башка клада
за секое безредие.
Дури отпосле
некои папи станаа поети
и се извинуваа за кладите.
Еве ви го Ѓордано Бруно,
па нека ви каже самиот
колку се офајди
од таквите извинувања.
Такви беа времињата тогаш:
башка брада, башка клада.
А во Македонија можеби беше бетер:
имаше многу чумави села
и се поставуваа многу
чумави прашања.
На пример:
"кој им даваше сила на богомилите
по трнливиот пат
на првите христијани
под кладата?"
А јас, како што гледате,
се сторив пасиониран играч на преферанс
си кркам мусака од модри патлиџани
и севезден си спомнувам
дека баш кога сите ме тераа да признаам
дека не е така
и баш во мигот на последното причестие
спокојно изустив: сепак се врти!
Сонцето, бре, луѓе
ем се врти, ем го врти светот,
од сонцето на мнозина
им се врти во главата,
сонцето го ора сиот свет,
го прогонува мракот,
сонцето ја топи маглата,
го светнува дното на секоја бездна,
на секоја темна душа и мисла.
Само во некои народни песни
сонцето ми застојува
насред небо, право пладне
ама и тоа се случува
многу, многу ретко.
Шуќур што вие имате разбрирачка
за сончевите вртежи
и можеби затоа првоизговорениот збор
на сцената на Македонскиот народен театар
беше: "Колку е блиску сонцето!"
и можеби затоа
уште од Александар наваму
Македонците си го носат сонцето
на сите свои знамиња.
И можеби затоа македонските поети
севезден зјапаат во сонцето
а на таквите кои зјапаат во сонцето
нема кој да им ги печати песните.

А се спомнаа...

А се спомнаа поетите и песните
а стрештеа громови откај Галичица
и се здаде стрмец откај езерото,
а за стрмецот се беше рекло
дека е божјо ветре, ветар и ветриште
(кога како ќе му текне)
и дека е единствен ветар
што си има некаква внатрешна страна
а со внатрешните страни нема шега
и со ништо внатрешно нема шега
а најмалку со органите
за внатрешни работи.
Внатрешната страна
на охридскиот стрмец
можеби беше меланхолична,
можеби беше и сентиментална,
ама кога ќе се зададеше стрмецот,
тогаш и бранот креваше глава,
тогаш подводниот стартер
го креваше знаменцето
и даваше знак да отпочне
лудиот танц на охридскиот бран
и лудата трка меѓу бранот
и рибарските кајчиња
- кој прв ќе го фати брегот
ќе раскажува преживеалици.
Ем луд, ем бесен е охридскиот бран
и сешто исфрла на брегот:
исфрла алги, исфрла школки,
исфрла езерски коштреви
во коишто се заплеткани скаските
на илјадници трчајлажговци,
исфрла стари љубовни афери
и подзаборавени политички скандали,
исфрла скришни големодржавни аспирации
и алчни соседски зломисли,
исфрла потонати мераци
и којзнае колку потонати гемии.
Секого може да го потфати
охридскиот бран
и потем да векува
како риба на суво
а што им преостанува
на рибите на суво
освен да лелекаат и пекаат
по големата вода.

Некои и се раѓаат...

Некои и се раѓаат
како риби на суво,
се придодаде Џордано Бруно
кој тукушто ја беше изјапал
подарената доза зјапање во ѕвездите
се нешто сомневајќи се
дека ќе продолжи нивната
трансвековна партија преферанс,
се нешто сомневајќи се
дека езерскиот бран
беше предизвикан од стрмецот,
се нешто сомневајќи се
дека насобраните луѓе
се сеирџии а не востаници.
За небото помислуваше Џордано
дека е стокмено од сомнежи,
за езерото помислуваше Џордано
дека е стокмено од сомнежи
и за мислата помислуваше Џордано
дека е стокмена од сомнежи:
мисла без сомнеж не бидува,
сомнежот е корен на универзумот,
а универзумот е бесконечен сомнеж.
Верно, несомнено е
дека сонцето изгрева на исток
(сонце, бонце, бумбарево јајце!)
и дека се врти, врти кутрото,
полека и тешко се врти
како централен вселенски запчаник.
Исто така, несомнено е
дека се што изгрева на исток
зајдува на запад
и целиот запад
е царство на зајдувањата
- и на зајдувањата,
и на аздисувањата.
Покрај сета несомненост
сепак не беше јасно
зошто на запад се ширеше толку страв
од жештината на источното изгрејсонце
а западните зајдувања
се есапеа за цивилизација
како што се есапеа за цивилизација
и разните масла и креми
против изгоретини од сонцето.
Најнакрај, мрмореше Џордано Бруно,
несомнено е дека еден ден, кога и да е,
сепак ќе заврши нашата трансцедентална
и трансвековна партија преферанс,
макар што не е несомнено
што чешит ќе биде тоа време
без партија преферанс,
ама за тоа кога ќе му дојде редот,
ако нам ни биде редот.
Отпосле излезе
дека несомнено било
дека не смеело да има сомнежи
во светиот ред и поредок
и во светата столица
ама сe што излегува отпосле
обично излегува доцна
а има луѓе кои не сакаат доцнења
- таков човек сум и јас,
мрмореше Џордано Бруно,
и тоа уште од пелени сум таков!
Впрочем, какво може да биде
едно мрсулаво дерле
при татко платен војник
таму некаде, под падините на Везув.
Е, да: уште од детство
ми беше збоктисало
од зборот "разбирам"и од секакво
безпоговорно извршување на наредби
а сите велат дека во детството
нешто ако ти збоктиса
тоа ќе си го носиш цел живот
за спомен и вечно сеќавање.
Е, да: за возврат, уште во детството
почнав да кркам пица Везувиа
потем за инает и Капричиоза
и воопшто не ми беше јасно
зошто во дамнини,
кога тука сефте побарав пица Везувиа
сите ми се пулеа зачудено,
ем зачудено, ем со потсмев.
Во родниот крај
единствено не ги научив
наполитанските серенади
ама дури тука, во Македонија,
слушајќи го кемането на Садило,
сватив дека песните не се учат
дека тие ти извираат од душата
а таквиот мој извор беше секнат
или можеби затрупан
со отсечните таткови наредби.
Еднаш кога ќе се затрупаше тој извор
немаше повеќе одтрупување
што се покажа кога ме дадоа
во манастирот "Сан Доменико"
за кого сите ми велеа дека бил легендарен
оти во него на времето
учител бил Тома Аквински.
Јас за учителот отпосле разбрав
колку учен и што човек бил,
ама легендите не ми врвеа од рака
исто како и наполитанските серенади.
И што е најважно, бре, луѓе
кога ме дадоа во манастир
јас имав само тринаесет години
а што може да прави
едно пргаво и палаво детуле
освен да пека
по веселите игри со врсниците
да пека по остварување на сните
и се разбира да пека
по првиот момински бакнеж
и првото легнување врз жена
а во манастирот немаше калуѓерки,
но и да имаше, тие не беа погодни
ни за бакнежи, ни за налегнувања.
Ти пекаш да шеташ,
а тие: клекни и севезден моли се
- моли му се на Бога,
моли му се на Светиот Крст,
моли им се на сите калуѓери,
само моли се, моли
оти тие кои се молат
стануваат покорни
и молењето си го носат за навек
околу вратот како клуч на спасот.
Кај некого
од многу клечење на колена
се раѓа нетрпеливост,
на други
бумбари им зујат
на часовите по историја,
а на трети
бели црви им шетаат
по мозочната кора.
Пу-пу, скраја да е,
мене не ме фати ниеден
од тие таксирати
ами ми удри на скитање,
ем на скитање ми удри,
ем на зјапање во ѕвездите,
ем на зјапање ми удри,
ем на преферанс со овие двајца
со кои, како што гледате,
живееме сплотено како еден човек
со три срца.
Сетне, секој од нас
си го сочува човекот за себе
а трите срца им ги подаривме
за аирлија и за заштитен знак
на една прочуена балканска фабрика
за производство на минерална вода.
Арно што ми текна
дека Македонија е земја на манастири
а и дека на сливар сливи
не му се продаваат,
та ќе ги прескокнам деталите
од моето манастирско житие
- и така тоа ќе прилега
на еден куп монотонија,
море, не куп ами купиште
поголемо од Галичица,
а вие и така знаете поарно
што е манастирско житие
што с# може да се прави
во манастирските келии
и во манастирските конаци
вие и така знаете поарно
колку е лута
и колку бргу опива
манастирската ракија.
Како што знаете, де,
да ги изнатепате
и да ги претепате
вашите жени и ќерки
кога ќе ви преречат нешто
баш кога сте голтнале троа повеќе
од лутата манастирска.
И како што ќе се каете, де,
еден ден, макар и по неколку илјади века,
кога научно ќе ви протолкуваат
што китки за мирисање
ми ти биле тие
кои креваат рака на женско.
Како што реков
пу-пу, скраја да е
мене не ме фати ниту еден
манастирски таксират
а здодевноста ја убивав
во ладна ладовина
во сенките на мислите
обидувајќи се да ја одгатнам
магијата на Кирка.
Искрено речено,
не бев многу вичен
на магии и бајачки
а и да бев вичен
сетики бргу ќе сватев
дека на маѓепсниците
не им е место во манастири
дека маѓепсниците се ветрогони
и дека ним повеќе им прилега вревата
на градските плоштади и пазаришта.
Во пазаришната врева
се прават разни трикови и скаламуции
поради што некои политичари
во Македонија и ден денес
ги обиколуваат градските пазаришта
баш во пазарните денови ги обиколуваат
и се обидуваат да им шитнат
на граѓаните
мадиња за бубрези
и се обидуваат
да ги хипнотизираат
пазарџиите
кои пресна бира си пијат
и ќеифови си прават,
па и црно кафе си пијат
и газети си читаат
и око не им трепнува
за пазаришните прошетки
на македонските политичари
и за заканите
на пазаришните инспектори.
Ама, ако не бев вичен
на магии и бајачки
знаев убаво што е маде голо
маде на кирилица и на македонски
а не таму некое латинично маде
што ми ти значело
дека нешто е произведено некаде
па затоа на етикетите
од шишињата виски, на пример,
пишува маде ин Сцотланд
а на пакувањата тоалет-хартија
што се употребува во хотелов
пишува маде ин Словениа.
А кој знае што е маде голо
нема уплав од скитање
и бргу-бргу сфаќа
дека да се скита
значи да се обновува
чистотата на душата
и дека да посетиш многу градови
значи да пробаш троа повеќе
од бесконечноста на универзумот.
Е, сега, ако ви разврзам
на долго и на широко
што се доживеав
во европските градови
две третини од вас
ќе заспијат од здодевност
како што заспиваат
кога на телевизија
премиерот ветува
нови стапки на порастот,
- веќе видено, батка,
можете комотно
да му плукнете на премиерот
под прозор
можете да му плукнете
и на неговите конта
во странските банки
нема фајде од плукањето
како што во последно време
нема фајде ни од песните.
Ви велам, две третини од вас
сигурно ќе заспиеја од здодевноста
на европејските приказни
а на оние кои колку-толку
на оние кои како-така
ќе останеа будни
најпосле ќе им се разјаснеше
зошто Македонците
уште со време ја испеаја онаа
"Проклета и трижклета
да бидеш ти Европо,
блуднице вавилонска".
Гледам, сакате уште за Европа
гледам, некој ви ја наполнил
главата со Европа
гледам, кога ќе ви се спомне Европа
како да ви даваат покана
за светлата иднина,
па ќе ви кажам, сепак,
да не речете оти не ви кажав
да не речете оти се перчам
како европејски паун,
ќе ви кажам, бе,
срциња и сонциња,
што видов јас во Европа.
Првин бев во Женева
- и таму ми ти има езеро
макар што јас се посомневав
оти за вода да речеш дека е езеро
треба да е барем колку охридското
а ако женевското езеро
беше колку охридското
јас тогаш пак ќе се посомневав
(како што знаете, навикот да се сомневам
ми остана од третата наречница)
ќе се посомневав и ќе опитав
има ли во женевското езеро пастрмка
можеби немаше да се посомневам само
дека од езерото истекува реката Рона
но, ѓавол ќе го знае,
можеби ќе помислев дека
тоа не е Рона
ами некој преименуван
остаток од реката Црни Дрим
што истекува од Охридското Езеро.
Од се што сретнав
женско во Женева
најмногу ќе ја паметам
Милена Јесенска
која квечерум водеше под рака
едно суво и високо човече
за кое подоцна се разбра
дека бил лично Франц Кафка
и дека Женевското Езеро
најмногу му ја смирувало возбудата
на неговиот побратим Јозеф К.
Во тоа време
во една од кафеаните во Женева
го сретнав и Владимир Илич Ленин
би можел дури да речам
дека седевме на иста маса
ама сега тоа не се прима
ни во Москва за фалба
а башка тогаш и воопшто не се знаеше
каков ќе биде придонесот
на Владимир Илич Ленин
за светската револуција
и за решавањето
на националното прашање на Балканот.
Нешто подоцна
на една клупа на езерскиот брег
го видов и лично Хорхе Борхес
и ич не ми беше чудно
што тој толку занесено
беше зјапнал таму некаде
кон аргентиснките планини
како што јас севезден
си зјапам во Везув.
Денес во Женева
веќе нема поети и револуционери
а чешнето лук е одвратно скапо.
Ви велев да не ми скоривате
европејски спомени
ама вие сте биле ликсури
ем ликсури ем сеирџии
и сега Цацко од Конопиште
ви е виновен ако ви е здодевно
и ќе слушате, ќе слушате понатаму
тадури и ќе прашата има ли уште.
А има, не дека нема
и не дека можам да го скокнам Лион
градот во кој мислев дека ќе сретнам
лавови со опашки, лавови без опашки
па и лавови со две опашки
ама се покажа дека работата
не била во опашките
и дека токму затоа во Лион
не е одржан ниту еден конгрес
на ниту една македонска
тајна револуционерна организација.
Гледате, ја скратувам приказната
како што своевремено
шнајдерите ги скратуваа филмовите
во градското кино во Охрид
и додека не сте почнале да бандорите
за за мојата бездушност и безобѕирност
свечено изјавувам дека
за лавовите ќе молчам
оти не излегувало лав
од секое маче гурилаво
што ќе присака да р'жи
и што било мераклија
на царски палати и свити.
За Париз и за Лондон
не ни отворам уста
- ем се е кажано,
ем веќе одамна во тие градови
не се врткаат ни Маркс, ни Енгелс
а колку што разбрав
и Шекспир повеќе претпочита
да појадува виршли со сенф и со јогурт
во своето родно место
а докторите и онака му наложија
навечер безусловно да ги прескокнува
спотнатите чаши шприцер.
Кога јас скитав низ Европа
во Прага се уште не постоеше
барот Луцерна и немаше абер
дека еден ден негов законски наследник
ќе биде писателот Вацлав Хавел
кој израсна во голем љубител
на демократија и на убави актерки.
Тогаш во Франкфурт
немаше аеродром, немаше ни банкари
а се разбира ги немаше
ни јавните куќи на Кајзер-штрасе
од што не треба да се извлече
погрешен заклучок
за тогашната состојба
на јавниот морал.
Што да ви расправам,бре,
срциња и сонциња,
Европа е таква
на глед убава манџа
што бргу скиснува
а скиснатата манџа
на далеку смрди
и од скиснатата манџа
се добива дрскосерица
и најарно е
кога ќе сватиш
дека скиснува манџата
да престанеш да сркаш
од европејските казани
и да си се вратиш
на домашна храна.
Е, да: баш кога ми скиснуваше
европејската манџа
мене ме побара
еден венецијански благородник
- Џовани Монцениго се викаше -
да му бидам , демек,
приватен тутор.
Кој одбил да се врати дома
та и јас да одбијам!
Бонџорно Италија,
бонџорно Марија
си запеав со голем ќеиф,
си запеав самоуверено,
си запеав туторски.
Имало Господ, си велев,
имало куртул од носталгијата
имало спастрување
под роднокрајното сонце.
Да бидам тутор
ич не ми беше тешко
ама да биде ученик
на мојот благородник
му беше многу тешко.
Му велам:
Бог не е издвоено битие,
Бог постои во сите нешта
што го сочинуваат универзумот
а универзумот е бескраен.
Уште му велам:
природата е изворот
на човековото мислење
и има право Никола Коперник
дека сонцето не може да биде
центар на вселената.
О соле мио,
си потпевнал во себе
мојот благородник
глава букова
ништо што што не разбира
а се рекло дека со инка
ум никому не му се тура.
О соле мио,
си потпевнал уште еднаш
мојот благодорник
и се досетил
како да се ослободи од обврската
катаден да мора
и да поднаучува по нешто.
Светата инквизиција
му била мајката,
а мојот благородник
и онака горел од желба
да биде шпион од голем маштаб
не разбирајќи, завалијата,
дека да бидеш шпион
од голем маштаб
и да бидеш маалски кодош
не е едно исто.
Но, додека разбере
мојот благородник
јас се најдов во темни зандани
обвинет за бласфемија,
обвинет за неморал и за ерес.
Сега да ви расправам
како се најдова в затвор
и како издржав таму
цели осум години
ќе треба да се спуштам
на нивото на оние
кои целата транзиција
ќе ја поминат фалејќи се
дека на времето
имале досиеаја
во тајната полиција
за попладневните шепотења
имале досијеа
а претпладне биле директори.
Е, ми се смачи од таквите
иако јас најарно знам
колку е мачно
да си затвореник
цели осум години
да си затвреник
и без вина виновен да си.
Осум години ме наговараа
високите обвинители
на Светата инквизиција
да се покајам
думите да си ги повлечам
да го излижам
тоа што сум го повратил.
Што е едно обично покајание
во замена за слободата
ми велеа високите обвинители
на Светата инквизиција,
што е едно обично
повлекување на думите
во замена за наполитанското сонце.
Тогаш ќе да беше,
додека ме наговараа
високите обвинители
на Светата инквизиција
народот во Македонија
ја испеа песната
"Ми го затвориле
младиот Јорданчо,
ми го затвориле
во темни зандани".
Оттогаш до денес
не се испеа друга песна
за младиот Јорданчо,
ни за младиот,
ни за стариот Јорданчо,
макар што јас не бев престарен
и имав само четириесет и четири
кога ме ставија во темни зандани.
Пустото, ептен бев чувствителен
на народни песни за Јорданчо
а башка си бев и доволно своеглав
та клештејќи се ги одбивав
сите наговори
на високите обвинители
на Светата инквизиција.
Знаев дека се случува
своеглавите да ги губат главите
и дека Светата инквизиција
не се колебаше во походот
против еретиците.
Знаев дека и Папата
беше рекол:
"Кренете се, воини Христови!
Истребете ги иноверците
со сите средства
што ќе ви ги открие бог.
Постапувајте со нив
уште полошо отколку со Сарацените,
бидејќи тие се полоши од нив".
Ги слушав заканите
на високите обвинители
на Светата Инквизиција:
"Клетнику, бакни го крстот
и откажи се од твојата
трипати проколната ерес".
Ич око не ми трепнуваше
ни за Папата,
ни за високите обвинители
на Светата Инквизиција!
Не отшто сакав да се перчам
и да се инаетам како магаре,
ами отшто бев навистина убеден
дека универзумот е бесконечен.
И така, не се стокми
никаков пазар
со Светата Инквизиција,
никакво мое покајание,
оти се кајат само грешниците
а бесконечноста на универзумот
не е грешка што се гледа и денес.
Бесконечноста на универзумот
ја исклучува, донекаде,
креативната сила на Господ,
ама бесконечноста,
сепак, не е грешка.
Арно, ама, кај што има сила
нема правдина
па така се случи и мене да ме однесат
на плоштадот Кампо Дел Фиори во Рим
и да ми ја покажат кладата.
А кладата како клада:
жешките растопени гламни
беа наредени како врз решетка
а одоздола доаѓаше
силен огнен здив.
Пред да го сетам огнениот здив
како да се прашав
бесконечно ли е тлеењето на кладата
и како да ја зачув во далечината
македонската народна песна
"Црно му било пишано
на Александре Турунџев"
и ништо повеќе не паметам.
Сега се гледам на Кампо дел Фиори
излеан во бронза
ја гледам, демек, статуата
на слободното мислење
на Кампо де Фиори,
и слушам
дека ме есапат за некаков идол
на слободно настроените.
Се гледам себеси на Кампо дел Фиори
и знам дека сите плоштади
без оглед на китнестите имиња
се омилени места за егзекуција,
како што знам дека Кампо дел Фиори
сега е туристичка мета
на второкласната раја
којашто тука понекогаш ќе касне
парче добра пица и тоа е с#,
а да не ви кажувам
дека врз мојот споменик
севезден какаат
невоспитани гулаби и галеби.

Охридските галеби...

Охридските галеби
во однос на какањето
врз споменици
како да беа повоспитани.
И тука спомениците
дерман си немаа
од други какачи и серковци
кои се врткаа околу спомениците
ѓоамити во политички одори
и кои севезден кришум сонуваа
еден ден нивните бушави глави
и небричени муцки
да бидат бронзени споменици
ама не можеа да се заколнат
дека идните поколенија
ќе им креваат споменици
на водачите низ сите пропаѓања
во транзицијата
а беа подготвени
уште сега, со време,
сами да си ги направат спомениците
и уште беа подготвени
да прифатат тие
да станат омилено какалиште
на сите охридски и околни галеби
- ете колкав ми ти бил меракот
на некои македонски водачи
низ сите пропаѓања во транзицијата
да си имаат споменици.
Си мислеа: сиромаштијата
и пропаста на народот
еден ден ќе се заборават
ама не можеа да домислат
за што ќе сведочат тогаш
нивните споменици
а разбраниот народ
се разбира
знаеше дека никој
не може да си ја крепи
надежта во иднината
пред бронзените сурати
на творците на безнадежноста.
Разбраниот народ
се разбира знаеше дека
секоја бушава глава
и небричена муцка
не е за да ја излееше во бронза
и си ја тргаше маката
гледајќи вести на државната телевизија
што беше безмерно здодевно
и што се сметаше за божја казна
оти баш во вестите
на државната телевизија
се перчеа водачите
низ сите пропаѓањата
во транзицијата
ем водачи,
ем мераклии
на споменици од бронза.
Баш во вестите
на државната телевизија
јавија дека е разбиена
шифрата на животот
и дека е стокмена мапата
на човековиот геном
од што произлегува
дека ќе нема веќе
неизлечиви болести
а тоа би можело да значи
дека бушавите глави
и небричените муцки
ќе бидат подолговечни.
Е, токму тоа
ептен ги збунуваше
разбраните луѓе
кои и не стасаа
да му се израдуваат
на епохалното откритие
на мапата на човековиот геном
исправени пред дилемата:
дали е побезболно
што побргу да се витосаат
бушавите глави
и небричените муцки
па макар потем
да бидат излеани и во бронза
или е подобро
да бидат долговечни
бушавите глави
и небричените муцки
и долговечноста
да го одложи нивното
излевање во бронза
за некое далечно идно време.
Со такви маки нагрбени
разбраните луѓе
се разбира
илјадно се собираа
пред хотелот "Парк" во Охрид.
Под дрвјата седеа терзии,
терзии и комарџии,
до нив седеа охридски бојаџии
кои беа вапцале два чадора
едниот бел, другиот румен.
На сите очите им блескаа
како јасни ѕвезди:
- некои сакаа да кибицираат,
други сакаа да научат
како се игра преферанс
а повеќето сакаа
да слушнат некого од Тројцата
во некоја од кусите паузи на нивната
трансцедентална и трансвековна
партија преферанс.
Во очекување на кусите паузи
разбраните луѓе ќе разбереа
разни чинки
- на пример, дека во градот дошле
неброени кафеански танчарки
од Украина и од Бугарија
и дека градот бил преполн
со некакви бугарски екзкурзијанти
кои наместо багаж
си ги носеле сопствените
пусти и неостварливи сништа,
а разбраните луѓе
сал туку се допрашуваа:
колку пусти и неостварливи сништа
и колку мераци за споменици во бронза
може да издржи
една транзиција?

Колку за...

Колку за здраво-живо
најпрвин ќе ви речам:
сe се движи, пријатели мои!
Се движиме ние,
се движат ѕвездите,
се движи сонцето,
се движат кајчињата во езерото,
се движат, ене горе, на небото
и авионите,
па и на магарињата од сите сорти
- товарени или разрикани –
им е судено да се движат,
а се движат и оние
кои се за навек вкочанети,
се движат бидејќи земјата
си се движи сосе сите нас.
Оти бев гален, прегален ли,
оти бев галско петле ли,
или можеби од Галилеја
или од Галичник оти бев
ме викаат Галилео
и како и секое галениче
јас по прашањето на името
нема да распредувам многу.
Впрочем, кога веќе ги научивте
и ги знаете моите преферанс-партнери
Николо Коперник и Џордано Бруно
редно е да мислам
дека ме знаете и мене,
кутриот Галилео од Пиза,
најмлад во тројката за преферанс
најмлад, ама најдолговечен
што во услови на владеење
на Светата Инквизиција
баш и не е некоја голема предност.
Сетики знаете
дека има времиња
кога човек посакува
да му ја дувне на оној свет
а ерата на инквизицијата
бездруго е такво време.
Арно ама,
од пишаното не се утекнуе
велат во вашите краишта
и галиба е така од векутума века
оти ако не беше така
и цела Македонија досега
ќе си ја здувнеше
во некоја џенемија
и отаде џенемија
само да не го трга
она што го трга
до ден денешен
и да не биде за навек
тргната земја
со тргнат народ,
како што е за навек
искривена кулата во Пиза.
А кога ќе се исправи таа
баш и не се знае
како што не се знае
кога ќе се исправат
и други искривеници
во светската историја
- ја ќе се исправат
ја нема да се исправат,
сите да ти велат
а ти да не веруваш
дека некогаш ќе дојде
и такво време
- на исправање
на светските искривеници.
Јас не сум утешител
ама ви велам
да не очајувате,
пријатели мои,
оти ништо не може
за навек да остане
како што било,
оти, нели рековме,
сe се движи,
пријатели мои,
споро, по инерција,
ама сепак се движи
зашто и паѓањето
е движење
и секое скокање
во височина
завршува со паѓање,
а во паѓањето
сите сме рамноправни
и паѓаме со иста брзина
сеедно колку сме скокнале
сеедно колку сме истргале
сеедно колку сало
сме наталожиле во мешиштата.
Уште од Пиза го знам тој наук
фрлајќи камења од кривата кула
а и самите знаете
дека и луѓето откога постојат
ги фрлаат како камења
и се уште ги фрлаат.
Ех, пријатели мои,
еве, сега ми е пред очи
мојата Тоскана,
еве, сега ги слушам
како чучулигаат птиците
во мојата Тоскана,
еве сега го гледам
татко ми како ги оптегнува
жиците на виолината
и како ги реди една до друга
и уште од тие времиња,
пријатели мои,
е сочуван редод на жиците
на сите кеманиња
па и на кемането на Садило
уште од тие времиња
е стокмена оптегнатоста на жиците
така што на нив
да се прави пицикато
и други акробации
а и да може цела живеачка
да се истурка на оптегната жица
- колку поооптегната жицата
толку пооптегната живеачката.
Во Тоскана,
пријатели мои,
сe има во изобилство,
само пари нема
колку што ти требаат
ама нели се рекло
парите се отепвачка
и дека парите се трошат
а љубовта верна трае до гроба.
Логично е, нели,
Тоска да е од Тоскана,
а јас верувам
дека вашите Тоски тука
не влечат корен од Тоскана
оти ако беа од Тоскана
ќе знаеја да свират серенади
на правилно оптегнати жици
и немаше другему
да му ги оптегнуваат нервите.
Небото над Тоскана,
пријатели мои,
ах, небото,
извинете на патетичноста,
небото е многу, многу високо
и многу, многу сино
и со многу, многу ѕвезди.
Кој еднаш асолно ќе се загледа
во ѕвездите над Тоскана,
кој макар еднаш ќе го наслушне
нивниот шепот
тој безусловно ќе посака
да им се доближи на ѕвездите
да ги поништи далечините
да си го разбистри погледот
и да ги бакне в чело
ѕвездите на Медичи.
Ако си во Тоскана
и ако не те бидува
да летнеш до ѕвездите
тогаш бездруго ќе ти текне
ѕвездите да си ги доближиш
колку троа да ги бакнеш
па пак нека се витосаат
на небото над Тоскана
а за ги доближиш ѕвездите
ти треба телескоп
а ако ти треба телескоп
седни па направи си го,
а да измислиш телескоп
не е исто како и да измислиш
каква годе афера
за црните хроники на весниците.
При толку други работи
да запнеш да правиш телескоп
значи ептен да сакаш
да ја бакнеш твојата ѕвезда,
да се нурнеш во блесокот
на Млечниот пат
и патем да го фатиш под мишки
хелиоцентричниот систем
на Никола Коперник,
а со тоа тогаш се ризикуваше
да те наречат коперниканист
што беше многу полош белег
од денешните какви што се:
националист, шовинист,
комунист, анархист,
фашист, фундаменталист.
Да бидеш коперниканист
значеше тогаш
да се насладуваш
во веселата вртелешка
во која земјата се вртеше
околу сонцето
а сосе земјата се вртеше
и сe што е живо и диво
до што е говедар
на американските ранчови
до што е куртизана
во борделите на Тоскана
до што е оџа
во џамиите во Каиро
до што е измеќарче
зад ѕидините на Ватикан
до што е нежна душа словенска
на Црвениот плоштад во Москва
до што е брокер
на берзата во Њујорк
до што е студент
во Кембриџ и Оксфорд
и до што е запален митингувач
на македонските плоштади.
Во тоа време, пријатели мои,
немаше заводи за здравствена заштита,
немаше ни хидробиолошки,
ни металски заводи,
ама имаше институти
за разни истражувања
и еден од нив беше
Ватиканскиот институт за истражувања,
сосе Колегиум Романум.
Тоа беше колегиум,
а не овие денешниве
стручни, уредувачки, менаџерски
и секакви други колегиуми
што си останаа
и без колеги, и без колегијалност.
Помнам, ко вчера да беше
а беше илјада шестотини и шеснаесетата,
кога ватиканскиот Колегиум Романум
ми рече дека победиле
моите научни откритија
од што можеше да се заклучи
да си бидам раат
и да си буричкам и натаму
ту во ѕвездите, ту во движењето,
ту во силата на инерцијата,
во што сакам да си буричкам.
Арно ама,
над секој колегиум имало
друг колегиум
задолжен за ускратување радостите
и уништување на забавите.
Пу-пу не важи, Галилео,
што ти вели Колегиум Романум
и слушај ја сега само
Светата Инквизиција.
Слушај и запомни,
а ако знаеш како,
кажи му и на твојот Коперник
да знае и тој, макар отпосле:
брлива работа е да проповедате
дека земјата се движела,
ајде што е брлива работа,
ама е и еретичка.
Умот в глава Галилео,
затни си ја муцката
и подалеку од таквото мислење!
Од Светата Инквизиција
кога е речено,
ем е речено, ем е пресечено
и нема назад, нема надеж.
А фактите?-прашав.
Неоти некој чу
и неоти некој ќе чуеше
и да поставев
илјада прашања.
Ако тешките црковни порти
ми беа затворени
барем на улиците и плоштадите
од човек на човек
се пренесуваше моето учење.
Луѓето разбираа
во што е работата
и се вклучија во големата потрага
по среќата
а оние кои не разбираа
се придружуваа за инает
на семоќните кардинали
што очигледно беше
некаква балканска ујдурма.
Ако народот збрлавел од радост
Светата Инквизиција
збрлаве од лутина,
па се стокми, во близина
на Кампо де Фиори,
уште една клада
- барем од иста клада
со Џордано Бруно
да тераме подбишега
со намќорастите
свети инквизитори.
Шуќур што папата
имаше какво-такво
почитание за науката
па им списка
на сопствените пратеници:
подалеку рацете од Галилео,
подалеку и кладата од Галилео,
оставете го полека да се дави
во морето на сопствените заблуди,
нека го јадат морски риби
ем солената вода.
Папата како Папа,
ами јас самиот што излегов муфљуз
ем муфљуз, ем страшливко,
ем страшливко, ем предавник,
и тоа предавник на науката
и на сопственото дело.
Како и секоја кукавица
кукната што едностојно кука
јас го отповикав
пред Инквизицијата
сопственото учење
си го поплукав сопствениот образ
и останав жив
станав доживотен заробеник
на Светата Инквизиција
- жив да се јадам
и да си преповторувам
дека на таквите како мене
не им е местото во науката
никаде не им е местото
а најмалку со моите
побратими со кои севезден
играме преферанс.
Еве, јавно им се поклонувам
на Коперник и на Џордано
и вам јавно ви се поклонувам
ама не барам прочка
за резилот што го сторив
оти тврдо верувам
дека има резили
што со ништо не се перат
има резили што никако
не се простуваат
и мојот резил е баш таков.
На таквите како мене
откако ќе се изрезилат
и од немајкаде ќе почнат
да ги бројат пегите на сонцето,
значи, на таквите како мене
деновите им се бескрајно долги
на таквите како мене
најсетне науката им станува порок
и со неа си го крепат инаетот
и со неа си го покриваат
општественото промашување
таквите како мене
и кога за атер на пријателите
играат преферанс
всушност се мачат
да си ја смират совеста
таквите, всушност се печат
на кладата на сопственото каење
а се знае дека после резилење
нема каење,
како што по смрт
нема болест
и како што по свадба
нема тапани.
А колку за збогум
и добро видение
ќе ви го речам
тоа што им го реков
и на кардиналите
откако се повлеков
пред нивната закана
со божјата казна:
сепак се движи,
пријатели мои!

Ако разбравте...

Ако разбравте,
сетики разбравте
дека тоа што е така
нема да остане така
неоти дошло време
на промени
и неоти и промените
не се менуваат
ами просто затоа, пријатели,
што сепак сe се движи
а движењето, пријатели,
е заеднички именител
на сета мака на Тројцата
движењето, пријатели,
е заеднички именител
и на инаетот на Тројцата
поради што еден ден
бездруго ќе бидат прогласени
за почесни граѓани на Прилеп
а и на некои други
македонски градови,
оти во жална Македонија
често пати инаетот
се сметаше
за татко на движењето
а самото движење
се есапеше за машка работа
како што и удирањето
кремен на кремен
се есапеше за машка работа.
Во жална Македонија
секој секому нешто му борчи
а во ладовината на сончевиот систем
излегуваат на виделина
сите рани на милениумот
и кучињата си ги чешаат болвите.
Во жална Македонија
сосе кучињата
и рибарите немаат друга работа
па сал туку мудруваат
крај празните мрежи
за безумното празнење на езерото,
па сал туку им мрморат нешто
на езерските води
за министерските лејки,
па сал туку ги пцујат
локалните и светските политичари
а кога ќе се изнапцујат
рибарите во Македонија
гледаат вести
на телевизија
не оти не знаат
дека не е вистина
сe што ќе се каже на вестите
како што не е цвеќе
сe што мириса
и не е сонце
сe што сјае.
Ем гледаат вести
рибарите
ем севезден се препрашуваат
дали навистина
е разбиена шифрата на животот
дали навистина
е утврдена мапата
на човековиот геном
и дали тоа е вовед
во откривањето на мапата
на македонскиот бол?
И уште се допрашуваат
охридските рибари
дали сега
откако се знае мапата
на човековиот геном
ќе има болести за умирачка
оти живеачка со волку мал улов
очигледно нема да има
- та барем човечка умирачка да има
посакуваа охридските рибари
за кои некои новопечени пејачи
нон-стоп потпевнуваа:
рибари, стари абдали!
Но, колку и да беа абдали
рибарите во жална Македонија
ја разбираа метафизичката смисла
на солзата на охридската пастрмка.
Од кажувањата на тројцата
играчи на трансвековен преферанс
рибарите во жална Македонија
бргу разбраа зошто паѓа каменот
кога ќе го испуштиме од рака
и потајум си велеа во себе
не испуштај го
и стискај го в рака каменот
оти ќе се најде
некому да му се расцепи главата
во историските џенгувања
кои само што не беа најавени
со фанфарите на злото
што почнаа да ечат
крај езерскиот брег
и крај брегот
и низ цела Македонија
а сите историски џенгувања
Македонците ги пречекуваа
простум.
А простум стоеја
во езерските води
и на Богојавление
кога си ги расчистуваа сметките
со Господ
при што Македонците
редовно ќе се сплеткаа
и ќе преесапеја нешто
на своја штета,
ама Господ се правеше
дека не ги забележува
грешките во есапите
на Македонците
и ги оставаше
да си стекнат глас на народ
што пропушта
многу историски шанси
и ги оставаше, уште,
сите топтан
да се запишат
во календарот
на вечната осаменост.
Додека Тројцата
си ја земаа редовната доза
трансцедентален
и трансвековен преферанс
во жална Македонија
почна да се шири
една опака болештина
и се рашири повеќе
и од сидата
и од другите болештини
а болеста се викаше
јазична англоманија
па снема во жална Македонија
договори а заима дилови
снема чувства а заима филинзи
снема губитници а заима лузери.
Ај што заима англизми
ами што се запусти
и обичниот народен јазик
па така ги снема бакалниците
а заима самостојни дуќани
за продажба на прехранбени производи
ги снема поправките
а заима санациони работи
на објектите на Македонските пошти
и ги снема полицајците
а заима униформирани одржувачи
на јавниот ред и мир.
Можеби шашардисани
од новоговорот
зјапнатите зјапачи
пред хотелот "Парк" во Охрид
побрзаа кулата во Пиза
да ја прогласат за кула
на непокорот, разумот и слободата
да не би после
да мораат да ја викаат
ѕидан објект
спокојно накривен
пред доаѓањето
на новата темнина
и за инает оклештен
пред гладните усти
на Светата Инквизиција.
Насобраните сеирџии
пред хотелот "Парк" во Охрид
не можеа баш да се заколнат
ама им се стори
како да присуствуваат
на отворањето врата
меѓу две историски темнини
и дека од Билјанините извори во Охрид
кон накривената кула во Пиза
почнува да протечува вечната река
и дека ќе се организираат
доброволни младински акции
за изградба барем на еден
македонски мост
преку вечната река.
Насобраните сеирџии
пред хотелот "Парк" во Охрид
во слободното време
расправаа за светската политика
и на крај ум не им паѓаше
да одржат народен собир
за локалниот водовод
во којшто имаше
планктони од езерото
и од којшто секој новодојденец
фаќаше дрскосерица.
Во водата со планктони
насобраните сеирџии
пред хотелот "Парк" во Охрид
ги преваруваа и парламентарните супи
што трипати неделно им ги вареше
со директни преноси
државната телевизија.
А кога некој од Тројцата
во занесот на играта
ќе спомнеше чорба
- значеше тоа дека
комарец ќе се жени,
мушичка ќе се мажи,
вошка куќа ќе мети,
болва вода ќе носи
оти еве, наближува
крајот на играта
како што му дојде крајот
и на вториот милениум,
а и дека им истекува
резервацијата на Тројцата
во хотелот "Парк" во Охрид
каде што искинаа
по шеесет и шест постели,
шеесет и шест постели басмалии
и по триесет и три јоргани чичиклии
и по три душека беледии.
Ако девет месеци жена носи
ако осум моми се на орото
ако седум ѕвезди се на небото
и ако шест месеци се пол година
белким и пет века се стига
да се приврши партијата
трансцедентален и трансвековен преферанс
и да престане веќе еднаш
зјапањето во ѕвездите.
Смисли бога, ѕвездо,
дојди вечер
- во себе се молеа Тројцата
и чекаа да видат
чија ѕвезда најрано ќе порани
и кому ѕвездата ќе му донесе
поткапа
оти кој има поткапа
го има и крајот на играта
за разлика од оние
кои соблекувајќи поткошула
ги имаат почетоците
на некои други игри.
Како што личи
Тројцата на крајот
свечено каснаа троа
пресно сирење бачилско
и охридско рипче белвиче
и наздравија за крајот
со рујно манастирско вино
и тоа со чаши биљурани
што ми берат по седумдесет ока.
После си ги ладеа главите
во тоа бистро езеро
во таа вода бисерна
и при ладни глави решија
последниот шпил карти
да го завештаат
во охридскиот музеј
на ѕвездените блесоци
и на вековното зјапање во ѕвездите.
Баш тогаш
во полите на Тројцата
се струполија дребни ѕвезди
и јасно сонце
и блесна
млечен пат
од Самоуловата тврдина
до Кривата кула во Пиза
тогаш, баш тогаш
затрепереа струните
на кемането на Садило
и се разлеа низ езерската шир
песната за Деспина,
тогаш охридските пастрмки
ги почнаа своите
величенствени скокови
до небото,
тогаш Тројцата
братски си ги стегнаа рацете
и на дното на езерото
на најдлабокото место
фрлија шише
а во шишето аманет
- да се памети
и севезден да се преповторува:
тврдоглавите ја крепат
светската историја.


"ТРОЈЦА ЗА ПРЕФЕРАНС" е објавена во 2001. година во едицијата Современа македонска поезија во издание на "Култура"