Ненадејна

nenadejna


Трепетлика трепетнала

СРЦЕТО НА ЕМИЛИ ДИКИНСОН

срце срцосано
скока, игра
во орото на гревот

срце срцосано
срце жедно
за нови соништа

срце наглуво
за таламбасите на слободата
се враќа откај што дошло

срце крвјосано
сака ново вино
во еластичните епрувети

срце ѕвездосано
што го губи тлото под нозе
откачено од вселенската рамнотежа

срце алосано
копач на леи за нови рози,
црвени.

срце заспано на лулашка од ѕвезди
си го учи епитафот наизуст:
срцето горе, срце!






ТРЕПЕТЛИКА ТРЕПЕТНАЛА




НА СТОЛ СЕДИ КАФЕ ПИЕ

раката ти трепереше
додека го ставаше на маса
филџанот со кафе

кафето беше многу благо
а во него трепереше
твоето насмеано срце

на дното на филџанот
се готват нови загатки
на стариот градинар

почнува и розовата иднина
а среќата се чува смрзната
во фрижидер за длабоко замрзнување.

многу жежи ова треперливо кафе
а попарениот јазик
со бакнежи се лекува

од ист извор ги влажниме усните
одгатнувајќи го мирисот на розата
на дното на филџанот

многу жежи ова благо кафе
и се срка капка по капка
цел живот, додека има мераци.






ТРЕПЕТЛИКА ТРЕПЕТНАЛА

сами сме, посами не може да биде
во студеникавата кафеана
со поглед кон горделивата река.

ни донесоа чај со рум:
сркнуваш ти, па сркнувам потем и јас.
сркаме со некаква таинствена страст.

вцрвенета трепетлика
во моето лажиче си
- трепериш нежно, како мајчина душичка.

трепериш уште и на мојата лева клепка
трепериш до работ на занесот
додека те вдишувам низ пареата на чајот.

ту постои, ту не постои надеж.
ни спотнала татковината,
пред очи ни испаруваат мечтите.

сркнуваш ти, сркнувам јас:
неколку голтки чај со рум,
ете, тоа да ми ти била скриената љубов.

велат: со каква сласт сркате чај
таква сласт ќе ве следи љубовта.
жеже, ама е многу сладок овој чај со рум.






СЕ СРЕТИЛЕ

на зелената чоја
две црвени топки
фаќаат пусија

едната топка се прави
дека не е црвена
ама играта продолжува

со глава на глава:
секој карамбол
е испит на совеста

попусто дошепнување
и доверливо
монашко воздржување

карамбол, бол, бол:
двете црвени топки
дишат кратко и забрзано

оддалечени една од друга
црвените топки
се љубовници без љубов

месечината догорува
како улична светилка
и поцрвенува на зелената чоја.






ОД ТРИ СТРАНИ СОНЦЕ

молчиш
и не ми возвраќаш
далечински бакнеж

трепетлика
на китнести бедеми
со онемени корени

молчиш како добрина
вивната на волшебно килимче
во орбитата на влажните јазици

молчиш
и горчливо насмеана
преоѓаш на онаа работа

еден добар бакнеж
го запира времето
во прастари рогови

молчиш
како недовршен споменик
на она што сите го сакаат

од молкот
нови ѕвездарници ќе ѕидаме
сонцето ќе не варди од уроци.






ПОКРАЈ ВАЗИ

саноќ
покрај вази
а мува не те лази

неми маглинки
и неми страсти
на гладна птица

велигденски ѕвона
во испостената утроба
на светицата со чуден табиет

сечи моме
руси сништа
прави скала од сенки

вистина било:
секој љубовник
секогаш е губитник

кажи, кажи
нели е лично венчето
на челото на вистината

важи, важи
ќе береме зеленика
за постела на ѕвездите.






ПРКНА ГРМОТРНЧЕ

ем врне, ем грми
ем земја се тресе
- вртоглавици од делби

грмотевица
ти ја сече
бојата на сонот

врне, врне
се иструра
во твојата душа

цело езеро
пресушено
во твоите очи

среде суша
пркна грмотрнче
во мајкината градина

на небото
се тетерави
зуница пролетница

напред носи
стара парола:
грми, врни - патот врви.






НА МЕКА ПОСТЕЛА

свиткана си во клупче
како летна јаребица
пред настрвен птичар

те допирам нежно
како најубавиот грозд
во рајската градина

кротка си, убава како кукла
и се освојуваш галеж по галеж
како средновековна тврдина

ги шепотиш збрлавено
сите оди на страста
од кои, велат, се подмладувало

на перницата
зад пламенот на свеќата
лицата во едно ни се слеваат

на мека постела
тврди несоници
жешки привиденија

на мека постела
трепетлика си тенка
адамова вечна сенка.

Се стори дармадан

СЕ СТОРИ ДАРМАДАН




ДОТЕКЛА ВОДА

студи
до првото колено
на заедничката радост

студи
и до последната алка
на синџирот на болот

вода студена
на очното дно
на капнатиот пустиник

вода студена
чела врели од очај
бакнежи со изминат рок

среде извор
златен бумбар
залепен во густа смола

дотекла вода
да ги подзалажи
исушените корени во саксијата

китка мирисаш, мене ме мислиш
мразулци ја премостуваат
реката на моите кошмари.






СЕ СТОРИ ДАРМАДАН

душата ти се топи
како коцките мраз
што ги носиш подмишки

слушаш бесрамни симфонии
и скришни балжени стенкања
на ѕвездената тераса

го фаќаш грнето под грло
и го истураш во пепелта
скиснатиот љубовен занес

сега испаруваш во бело
како стар шлагер
од старо грне

во темната одаја
ти се испушти грнето
од треперливите раце

се скрши грнето
се истури гравот
се стори дармадан

така било од века:
грниња да правиш
грнињата да не ти траат.







СРНА ИЛ КОШУТА

кога се плаче
тешко се плаче
без солзи

пустински луњи
и суво лисје
во погледот

пресушен букет
од ѕвезди
во споменарникот

пресушени бакнежи
испрскани сенки
во жив песок

пресушени марамчиња
за исекнување
на влажното минато

едночудо горчина
истекува
од превртените џебови

среде виорот
изгаснати улични светилки:
срна ли си, ил кошута?







ДАЛИ СИ СЕ НАСПАЛО

секој сон има две острици
и две расекотини
од бронзена секира

црна мачка во сонот
лавежи на пес скитник
црна крв во црн бунар

црна месечарка
танчарка на црно јаже
бере суви гроздови

прудолу од сонот
твоите години излезени
од една песна на ацо шопов

пругоре во сонот
експлозија како во тв вести
и дрворед од ожалостени липи

на трпезата здробени школки
од дојранското езеро
и коктели од ветви воздишки

три вечери во сонот
една желка си ги пие солзите
и парадно му одмавнува на зенон.







ЕЛЕЧЕТО ЏАМАДАНЧЕТО

дикат недикат
елечето ти е
раскопчано

кој ти го скрои
убаво ти стои
раскопчано

на елече
петлици скинати
уроци заковани

под елече
бели гради
црни стапици

две срмени топки
го осветлуваат
јатото мераци

низ иглени уши
младо преметарче
крпи соништа

не продавај го елечето:
од тебе во тебе се враќам
златна трепетушко.







ВЕРНО ДА ЉУБИШ

а ќе те видам на диван
а ќе ја заклучам вратата
и итам во виткото уточиште

стари акорди
ни се гушкаат над главите
со вкус на рани црешни

почнува обновата на пролетта
и решавањето на равенката
со илјадници непознати бакнежи

шепотиш: не брзај, не брзај
и диши ми длабоко, длабоко
во скокотот зад левото уво

се виеш како ластар в лозје
а росни капки ти се лизгаат
во длабокото грло

верно да љубиш
е севезден да откопуваш
древни воздишки

и секогаш да се враќаш
со ѕвонливи зборови
во миризливите утра.







КОЊА ЈАВАМ

коњче, ујлија, шутлија
по конаци, по пармаци
ме доведе до твоите одаи

чув и видов:
овековечена убавина
со музика во вените

со музика
ја осветлуваш патеката
до праизворот на солзите

кај што заспала надежта
осамнуваат бакнежи
полетуваат јата чучулиги

од бела снегулка
мигум стануваш солза
во мојата врела дланка

мозолче ти излегло
на незгодно место
а и колковите бараат мала пауза

едно бранче ме тресна одземи
за спомен и долго сеќавање
ама јавањето продолжува.

Криво крувче

КРИВО КРУВЧЕ




ВАРОСАНО КЕРДОСАНО

одајчето ми е мало
малку зело, многу дало
скривалиште на нови сни

чајникот потскокнува свечено
и н# воведува во ритамот
на слатката задишаност

бесрамни силуети
бараат нова педа место
за танцот на дамарите

од тајни ни се сите воздишки
од тајни се подмладувало
во бескрајот на твоите очи

одајчето без тајна
е како река без вода
како небо без ѕвезди

сите тајни ги дишам
на градите ти
вардарски врутоци

на меко столче
во прегратка си ми
и тоа е над сите рими.







СЕВДАЛИНO СЕВДО

на рудина
на пладнина
налегната севдалина

во неа
лудо танцува
богот на создавањето

грмат
востанички пушки
под нејзината музејска носија

врз неа
галопираат бакнежи
и ги обновуваат молњите

градите
и ја пишуваат историјата
на светските земјотреси

низ очите
и излегуваат
сите езерски извори

меракот си го пее
верувајќи дека навистина
ќе си најде паричка.







СОН СОНИЛО

од златното чекмеџе
секоја вечер нов сон
брмчи ко пчела

јата искубани гуски
собираат пердуви
во празните мастилници

една наперчена брадавица
се вгнездила на врвот
на графитот на мојот молив

ковчегот на ное се тетерави
од едно чудо мокри соништа
и изѕемнати зборови

половина сон, половина јаве
убаво се потквасува
па се пече во фурната на времето

гревовите од јавето
во сонот се заблажуваат
со лажиче планински мед

сон сонило се парчосало
секогаш кога е најубаво
ќе те касне пчела.







ТРИПАТИ ПЕТЛИ ПЕЕЈА

трипати
го дарувавме изгрејсонцето
со пролетни одежди

трипати
ја фаќавме муграта
со олабавен ластик на гаќите

трипати
го учевме наизуст
упатството за употреба на денот

и трипати
одгатнувавме колку тежина
од минатото содржи секој нов ден

трипати
зовриваше водата
и немаше кој да фрли боливач за чај

трипати
окото што ќе видеше
раката ќе фатеше

трипати петли пееја
со свои очи додека видовме
дека сегашноста поминала.







СОКОЛ ПИЕ

весело го пара небото
до распламтувањето
на последната жила на страста

павта, павта
со крилјата
стари љубовни арии

па стрмоглаво слетува
и си ја гаси жедта
од езерото на твојата душа

здивнува во клисура
меѓу две ритки
а ритки се твоите гради

се притајува
во високи треви
и ти пее серенади

без престан
се извишува и слетува
со нова среќа во клунот

виде око соколово:
жена како тебе
тоа било песна над песните.







ЗАПЕЈ МИ

танцуваш збунето
како срна
пред нишанот на ловџијата

жива вар им клокоти
во мечтите
на чорбаџиите јадачи

додолка си за дождец
што ќе ги исплакне
пиајните љубовници

ти се бербати
од амбиција да се умре
пребројувајки пари

ти се бербати
и од фалсификувани делфини
во синилото на сонот

диви волци
организираат луда потера
по осамената песна

од едно грло два гласа:
светкаат копита во песната
ждребицата си го чека јавачот







КРИВО КРУВЧЕ

право насадено
криво изникнато
натежнало од соништа

зелено око
под накривена капа
загледано во небото

зелената крошна
складиште на стари сонца
и нови воздишки

од зелена ларва
шарена пеперутка
танцува со вилинско коњче

од крошната
трепетлика се извишува
седало на нови галежи

под крувчето
се изучува тишината
медено, медено

криво изникнато
гордо исправено
знаме на љубовта.

Грлото и трлото

ГРЛОТО И ТРЛОТО




ЗЕЛЕНА ЗЕЛЕНИКЕ

зелен ти е
коренот
на новата надеж

зелено ти е
стеблото
на изгубеното време

зелена ти е
гранката
сама што ја потсекуваш

зелени ти се
цутовите
на лагите од детството

зелена ти е
реката
што ти ја лади утробата

зелена ти е
муграта
што се јази кон ѕвездите

ој зелена зеленике
зелен ти е папокот
вкотвен на дното на небото.







ДО СЕКА СЕНКА

под дрвото
без гранки и лисја
овенува и овенатото

ни треба сенка
да се сладиме или да умираме
во ист час

ни треба отворена порта
од сон во сон да влегуваме
со дамнешен занес

со белузлава тишина во чекорот
мигум да ги претрчаме
полињата на смртта

аман од празни преобразби
и лажни распетија
под сенката на крстот

сенка врз сенка
крива магарица
дури до небото

отаде сенката
севезден истекуваме
како истопени снегови.







ГРЛОТО И ТРЛОТО

ако бараш ќе најдеш
ама што се наоѓа
не се продава

а ќе најдеш
диви песни
под диви костени

ќе најдеш
потшишано минато
со качкет од јадови

ќе ги најдеш
истрошени љубовници
во градините на тагата

ќе бараш и ќе ја најдеш
песнарката на губитниците
и песната карасевда

навистина ќе најдеш
солзно око
ко езеро длабоко

и сетне ќе го најдеш грлото
што се натпева со трлото
онака без зборови.







ГОЛЕМА РИЏА

со ѓердани
од живи ѕвезди
ќе ја опашаме тишината

ќе го полиеме
со летен доѓдец
градинчето од мераци

ќе ги нагостиме
деверите и сватовите
со локум од жешки страсти

рибите ќе ја раздиплат
срмената постела
среде езерската шир

рибарите ќе беседат
дека животот е мрежа
од невозвратени љубови

чалгаџиите ќе ни пеат
голема риџа си сака
раскошна ноќ и широк сон

а отпосле ќе разбереме
дека има и соништа
со изминат рок на траење.







ВАШИОТ ЧАРДАК

на поаѓање
со солзи ја заклучуваш портата
и се стрчуваш кон заборавот

па брзаш, брзаш
до зелените водопади
на реката без враќање

онемена грлица
гради в гради
со новата темнина

нова молњи
ти истекуваат од очите
врз лизгавата маховина

бегаш, бегаш
со северец во косата
и роса во здивот

сега знам
и од бегството
има бегање

портата
севезден е отворена
и недостасува само одисеј.







ЗБОР ЗБОРУВА

се разминавме во сонот
итајќи еден кон друг:
ти таму, јас ваму

се привратив назад
ама сонот се парчоса
и го фати амнезија

роса беше обросила
кајшто си поминала
во твојот дел од сонот

се привратив уште поназад
и сетив дека ми влегуваш
во неизустениот збор

стутулени во ист збор
како нови падавичари
трепериме уста на уста

пак ќе се сретнеме
кај стариот паметник
на внатрешната страна на зборот

и ќе ги гледаме полноќните мијачи
како ги поливаат со студена вода
расцутените зборови.







АЈДЕ СОНЦЕ ЗАЈДЕ

резне по резне
од заб на заб
до утробата на вулканот

во бел чадор
крај мека постела
бела свеќа трепка

вртат однатре
две болештини, два очаја
два огна за печење

старо родно небо
одродени рапсоди
и нови пранги

праведници и покајници
подгрбавени инкасатори
на застарени љубовни сметки

ем се љуби, ем се губи
ем се пише, ем се брише
ем се крие, ем севда врие

една ни е планината
едно ни е сонцето
едно сме двајцата.

Магли правои

МАГЛИ ПРАВОИ




МОЈ ГАЛАБЕ

само ти знаеш
каде одлетуваш на небото
и од каде долетуваш лечебен

очи ти насмеани
а од клунот
очај ти капе

баш ти е гајле
дали сношти те сонував
со искубани крилја

велиш, во некои насоки
се лета и без крилја
а со чудотвор под пазуви

се што ќе допреш
станува преубаво
додека лудуваш во летот

ти на небо,
јас од земи ти мавтам:
не се долетува секогаш до гнездото

се облажив од твојата душа
и солзи проронав
бистроока птицо.







ОД МАЛЕЧКО ДО ГОЛЕМО

двоглави грабливки
им ја матат среќата
на двете реки споени во една

стрвни клунови
севезден тренираат
колвање трошки туѓа среќа

сеирџии и месечари
зад пусија од жплти лисја
ја вртат реката да тече наназад

тие наназад, реката нанапред
водата од извора до утока
момето од малечко до големо

момето водена трепетлика
водата насолзена самовила
запрени часовници вечно до гроба

сипаница од речни галежи
градина од прецутени цвеќа
колепка на нови гревови

две реки во еден глас:
рожбата никогаш не проплачува
во утробата на мајката.







ПОМИНАВ ЗАМИНАВ

сношти поминав заминав
низ клисурата
на празнината

го препливав
под вода
езерото на осаменоста

ги препрашав рибите
за далгите и бурите
отаде празнината

го прелетав очајот
на птицата леконосна
без сенка за отпочин

се искачив докачив
на врвовите на детството
да си ја испразнам надежта

пак си си пеперутка
среде празнината
на добриот сон

пак се тажни приказните
за потонатите гемии
пак си се песните на средокрак.







СО ЖОЛТИ УЗДИ

ти надоаѓаш бујно
како нескротлив брзак
во мојата трома река

надоаѓаш поројно
и со врелина ги облеваш
каскадите на времето

извор на нови радости си:
дурлиш силно, да ги однесеш
жедните и сушни години

течеш кадраво, саде со локни
и ги навртуваш златните рипки
да ми танцуваат во сонот

среде росна ливада
чифт жолти узди
го смирува галопот на судбината

под водопадот срмајлија
еднорози и еднозаби
потквасуваат стари нишани

споулавениот коњ
под водопадот прави штала
за мокрите надежи.







ПЛАТНО БЕЛЕШЕ

платното
ти е побело
од светлината

бела облога
за врелите глави
на црните карванџии

бела понадица
за идна свекрвица
црна пакосница

бел пристан
за тишината
во која дозрева болката

бела патека
за празните фалбаџии
кои се јазат до месечината

бел килим
за зборовите
шашардисани од беспаќа

бела песна
за правjосаните
црноризи времиња.







СРДИШ НЕ ДОАЃАШ

сербезлија си
како јаричката
од народната песна

трупаш во нашата
подводна пештера
скаменета тага

молк по молк
низ келпки просеан
на гради испечен

сакаш да сум риба
безумно залетена
по вештачки црв на јадица

или сакаш да сум риба
грбечки превртена и папсана
од голем мерак по сонцето

кога се срдиш
душата улаво ти танцува
среде езерската шир

и кога не доаѓаш
бијат охридските камбани
и титаник одново плови.







МАГЛИ ПРАВОИ

пак ми одиш
ситно, ситно
пред мене

пак му кимкаш
на јасното сонце
скориваш јадови

ем си ѕвездоденица
ем мома даденица
тарун топеница

песна на ѕиндар
правои во грлото
низ иглени уши

сува вејка дафина
без душа и без устица
ни ѕирка, ни проѕирка

вчера ти
риба што пее
срце што чука како дајре

денес јас
омлитавен брзозборец
со уста полна правои.

Се запали одајчето

СЕ ЗАПАЛИ ОДАЈЧЕТО




ОД ЧЕТВРТА МЕСЕЧИНА

вечерва низ маалата во градов
на клади ќе горат
снопови време

пред да пламнат огновите
сака да се знае
дека по утрото се познава денот

во маглите на љубовните котлини
гуските се снаоѓаат некако
ама не и петелот што ти пее во срцето

баш кога треба, не бива, а и не можеш
да ги одгатнеш жешките на челото
и заглавувањето на меракот среде беспаќе

вечерва низ маалата во градов
ќе летаат на пијани килими
и ѕвездената порта ќе биде отворена

вечерва, на стара нова година
од старото се прави ново
само во паролите крај пијаните огнови

една солза радосница си се теши
ја убедува полната месечина
дека првите маченца се фрлаат.







КОСТУРСКИ ЦРЕШИ

очите ти
костурски цреши
човек душа да греши

на дното
на очите ти
ливади од воздишки

на врвот
на очите ти
катарки без знамиња

во костур без коски
ветрот донесува
нова болка

цреша по цреша
плетенка
од шербетли ѕвезди

очите ти
скришно место
за златни рипки

тонам во очите ти
моторна пила
ми го сече сонот.







КАРАНФИЛ НЕВЕСТО

од жед
бучат спомените
отаде времето

во устата шеќер локум
и снеможени зборови
а душата за синџир врзана

во шепата златни прстени
низ кои се провираат
сите твои воздишки

водата е да се пие
водата е да се бранува
и да се удавиш во неа

водата е да пловат
книжните лотки
на новите соништа

и да се исплакнат асолно
сите лажги со опашки
за одисеј и пенелопа

а на итака никој не стасал
без да го преведат жеден
преку девет мориња.







КОГА СЕ ВРАЌАШ ОД ВОДА

од очите
им правиш патокази
на ограбените љубовници

од усните
им правиш наситка
на сркачите на срма

од под елече
им го изоструваш видот
и на оние кои не прогледале

од под папок
им потпалуваш пожари
и на остарените против своја волја

од набабрените вени
им раздаваш гордост
на уморните од светла иднина

од сите страни
ти е одвитката
панделката на страстите

насмеана ти е ставата
раскопчана ти е душата
кога се враќаш од вода







ПОЛОВИНА ОБЛИЗНИЛЕ

овчарче младо чобанче
од лепешки ѕида
музеј на очајничкото блеење

јагнињата уште непроблеани
го играат танцот на надежта
на ливадата од пусти желби

волкот зад трлото
нервозно ја прелистува
енциклопедијата на цревните болести

ако сегашноста
е меѓусебно јадење
дали иднината е гладување

ако неможното
се облизнува како можно
дали лагите се вистина

овчарче младо чобанче
од стварноста прави
мерник на тагата и немоќта

кроток волк цело стадо кркнува
додека овчарчето аџамија го нишаат
на нишалката на светските правдини.







ИЗВОР ВОДА

се враќаш без стомни
а изворот е полн
лански снегови

беспомошно лебдиш
привремено откачена
од вселенскиот систем

во осамениот вагон
на слеп колосек нудат
стврднати грутки поезија

ластовичката на симсот
ги колва остатоците
од струполените ѕвезди

историјата на љубовта
истекува низ проточен бојлер
сета искасана од болви

високиот напон трае
до последната капка
во водениот душек

ем си без стомни
ем си стартна точка
на новиот потоп.







СЕ ЗАПАЛИ ОДАЈЧЕТО

глас во тебе
глас во мене
потпора од песни

река во тебе
река во мене
устие од мераци

сама ти
сам јас
спотната посетла

бараш ти
барам јас
катинра на тајните

се провираш ти
се провирам јас
заслон од иглени уши

затвораш кепенок
затворам кепенок
забревтана темнина

доцна е за тебе
доцна е за мене
се запали одајчето.

Лушпе ореово

ЛУШПЕ ОРЕОВО




БОЛНА ЛЕГНАЛА

мислиш, те нема веќе
ама некои разделби болат
со продолжено траење

влажната перница
заколнато ќе одмолчи
с# што видела и доживеала

секој оган догорува
и секоја музичка кутија
онемува на крајот на баладата

нова болка лази
по жиците на твојата виолина
од детството

рударски вагончиња
излегуваат од тебе
натоварени со јалови спомени

навикнува човек:
баш кога коработ му е без едра
да дувне вистинскиот ветар

ти болна, јас до тебе
со наук дека покрај тебе
се умира само од среќа.







ЛУТО КОЛНЕ

луто, луто
до врв срце
изгор луто

од лутина
од солзите
прави отров

зрно гнев
од градината
на болот

од изневера
гламна поцрнета
ѕуница

баш на прочка
ти се смее
од под маса

вчерашната нежност
денеска доказ
дека не постои судбина

иако некои велат
дека од урнатините
нова тврдина се ѕида.







ЛУШПЕ ОРЕОВО

лелее густата шума
низ која мегленот се провира
до твојата утроба

како гладна срна
се давиш во празнината
на сопствените секнати очи

сврдлето длаби нови сомнежи:
денот не е ден ако не почнува
со допир на твоето тело

на нашата ливада
распослани маскирни платна
разлеани изветрени витамини

поцрвенети образи
од укас на пчела:
тој што сонува, тој болува

кобникот едно заборава:
лушпата се крши
ама јатката останува

и кај вивалди е така:
по зимата доаѓа пролет
и нови роеви пчели.







ОФ АМАН АМАН

јас столчен во аван
квакнат петел на таван
оф аман оф аман

ти пресушена река
по дождови што пека
едностојно неколку века

јас сокол разрок
изматуфен пророк
трагач по нов порок

ти како земја нема
раздаваш по стара шема
нема за нема што нема

за опашка ѕвезда влечам
скришем скришем да ти речам
меѓу два огна се печам

јас со празна чаша
лебед без езерска паша
историјата нешто да ја праша

ти извор на нови рими
огонче середе лути зими
надеж што пак ќе здими.







ЗАПРИ НЕ БЕГАЈ

штоако пролетва е свирепа
и штоако цимолат цветовите
- запри малку, не бегај

ќе ја варосуваме
внатрешната страна
на ѕидот на времето

во левата рака ќе држам четка
а со десната ќе ја придржувам
твојата десна пола

ќе го возобновиме
плурализмот на љубовта
на бел чаршаф во црни ноќи

ела си при мене
под фидан дрво, златно јаболко
обајцата да се надеваме, надеваме

болно, болно
ама ќе ја совладаш треската
и пак ќе си станеш своја

ќе го фатиме последниот балон
и ќе ја прелетаме провалијата
фрлајќи полни вреќи насмевки.







ВРНИ СЕ ВРНИ

врни се, врни
кога веќе знаеш дека враќањето
почнува уште пред заминувањето

рекле и не згрешиле
дека секој лист
на својата гранка го личи

има ангели со ѓаволски намери
и тие не му дозволуваат секому
да се гушка со смртта

горе исчадени ѕвезди
долу смачкано време
прилегнато на рогозина

наоколу мазги
претоварени со вистина
ја стенкаат одата на радоста

гусари без лаѓи
со дулбии од рибино око
на јарболите од ветви надежи

од тебе до мене долг молк
зборовите без наметка
се вардат од настинка.







ШТО СЕ САКА НЕ СЕ ЗЕМА

под твојата лева дојка
изгрева новото утро
и свири револуционерни маршеви

во длабочината на очите ти
рибарам низ недојденото
пред да ме јадат морски риби

под површината на сека нежност
расте немирот на брановите
и се креваат сните на востание

бакнеж по бакнеж
така се освојува секоја тврдина:
што рака ќе допре, уста ќе бакне

талкам по твојот млечен пат
до уште еден бескрај
во мусандрата на нашето време

кого сретнам прашувам
колку трепетлики има во еден допир
и има ли допир без тајна во него

пиштат пилците во седалото
татковината се крепи со песна:
што се сака не се зема.


"НЕНАДЕЈНА" (2005)
Прва книга од поетската трилогија пишувана во терцини и објавена во 2005 година во издание на скопска ,,Култура”. НЕНАДЕЈНА, а подоцна и ЧЕХОПЕК и СРЕДЕ, имаат по седум циклуси од по седум песни со по седум терцини. Во поговорот кон книгата академик Георги Старделов вели: ,,Ристо Лазаров ја градел својата најнова книга обмислено и осмислено. Така и можел да создаде една оригинална книга песни на двете рамништа на поетикатакаква што не сме имале во нашата тековна поезија”. НЕНАДЕЈНА е објавена и на албански јазик, во препев на Ресул Шабани.