Среде

SredeAcc

"СРЕДЕ"
(2008)

Гејзер

МУЗА

око во око
кладенец бистра солза
една тага во глетката

здив во здив
надуен балон од мечти
ветре во едрата на песната

дамар во дамар
мерач на ѕвездените трепети
вран коњ во зелени ливади

чекор во чекор
спастрена дипла на бескрајот
притаена стапалка на небото

грев во грев
жешка погача од џумбир брашно
ливан пот во мека постела

сон во сон
лулашка прескокнати занеси
болно џимкање на осаменоста

збор во збор
потпалка на новиот оган
птица посрана врз ќелавицата на песната.






ТИРКИЗНА ПЕСНА

под тиркизот
две ритки треперат
како глас на славеј

два езерски брана
во две тврди лејки
среде млечниот пат

две јајца лебедови
под две изгор сонца
испилуваат нова надеж

две капки медовина
ем лудо растат
ем се јазат кон нов јазик

две жолти дуњи
и порој од стрвни лиги
среде летната жега

два збора и два молка
два јазли на љубовта
два бескраја во градите твои

под тиркизот
две дланки се лизгаат кон ритките
замелушени како риба од мамка.






ГЕЈЗЕР

очното дно
да ми ти било
извор на страстите

кој го видел
јазик изгорел
соништа удавил

кој се напил
роса го наврнела
врели камења го поклопиле

врела музика
се разлева ошумоглавено
во брзаците на времето

сурии солзопијци
стрвно чекаат невестица
да си тргне кон утока

ем чекаат ем ѕидаат
нови занеси
во пластовите на времето

сал едно водарче
ти допре до очното дно
и се удави од среќа.






КАТАДЕН

катаден
го креваш во мене
знамето на новиот мерак

катаден
како грешна вода
матно ми течеш во погледот

катаден
ми ги дрочиш
адреналинските градини

катаден
од полна уста ми капе
што око видело што рака фатила

катаден
со иста ветерничавост шмукаме време
во некоја друга реалност

катаден
од зад грб си ги џишкам рацете
од громовите во твоите гради

катаден
ми ги глоѓаш годините
ко камче во разгазениот чевел.






ТРПЕЗА

на врв трпеза
бушави прамени
од свежи галежи

под врвот
две зелени маслинки
се лизгаат во погледот

троа подолу
оросена медовина
вознес за здивот

уште подолу
две јадри јаболка
сами скокаат в раце

со јаболката
и две црвени црешни
стокмени за нова сласт

уште уште подолу
занес на некосена ливада
кавал роса кајшто бие

лизни гризни
стрвно до последен залак
пред да се поболиш од осаменост.






ЦРВЕНА ВРАТА

црвена врата
го варди набабрениот молк
во белата одаја

отвори затвори
не излегува низ врата
тајната на светлината

не излегуваат низ врата
ни старите соништа
зјапнати во празни огледала

љубовта не е само чекање
нови јајца во старото седало
и нова тага низ новата врата

зацрвенето кутре
авка пред црвената врата
стрвно за ептен голема коска

лебдиш зад црвената врата
тивко потпевнуваш
надалеку се слуша

зад црвената врата
еден лебед си ја лета тагата
над сончогледите на ван гог.






ТАНТЕЛА

под првото копче
како претпролетно кокиче
окопнува бела тантела

со бел конец обрабена
белата ненаситка
на црното момче

под тантела
сиот бел свет
во две бели полутопки

од бели боски
бели усни
цицаат бели ноќи

низ тантела
бели сеќавања
скокаат на аголот на масата

бели магии
под лушпите на белите јајца
и во белиот ѕвон на камбаните

од првото копче
до последниот бакнеж
виорен бајрак на првата љубов.

Несоница

САМО ДА НЕМА ВОЈНА

пак ќе си ми
пауница стројна
само да нема војна

веселница ќе си ми
среде челад бројна
само да нема војна

и дародавка ќе си ми
на целувка опојна
само да нема војна

гордо ќе ти бранува грлото
славејко песнопојна
само да нема војна

светлина ќе зајмиме
и од свеќа лојна
само да нема војна

без елеци и гуњи
ќе истрпиме и зима осојна
само да нема војна

ако мора фати џенемија
и двојна и тројна
само да нема војна






КАЛЕМЕГДАН

седнав на клупата
седна и ти до мене
па скокна во мене.

зјапав во далечината
а ти ми леташе во дамарите
крилце на вселената

кој сее желби на север
оре вртоглавици
и задолжително жнее чемер

а патем и допрашува
зошто твојот поглед на север
се римува со девер

среде утока
златен песок и златни медали
од стари воздишки

сам сум на клупата
и се обидувам да те погалам
пердувче на вселената

преку реката
пристанишните работници
тркалаат буриња полни со тага.






СЛАТКО ОД СЛИВИ

модра слива
во окото
ми плива

нежно се гмече
и на жар срце
се пече

копка, буди стрви
се меша, меша
мерак да се здрви

слива по слива
слатко од спомени
со размавтана грива

од сека слива
сливар што ќе допре
љубоскок избива

под сека слива
среде неизорана нива
мисла скришна, дива

колку и да е мека
слива жива или дива
по неа се пека до века.






РУЧЕК

утре
ќе одиме
на ручек

денеска
твоите усни палаво
ми скокаат во чинијата

оставаат отисок
од кармин
врз огледалото на животот

ги преоблекувам времињата
претворајќи се во актер
кој ја губи улогата

знам, знам
дека и најголемиот бран
се раствора во пена

ама уште се занесувам
дека од спомените
се создава бескрај

така е пред секој ручек со тебе:
гладна кокошка
просо сонува.






ТЕГОБНОСТ

не го знаеш ти
не го знам ни јас
крајот на ноќта

подземни води
ти надираат
право во насмевката

жарчиња од сеќавања
на патот без враќање
по кој чекориш божем обично

понекогаш
влегувањето во црна темница
е како влегување во музика

понекогаш
се немаат солзи
за ѕидот на плачот во себе

секоја ноќ си има
виолетов воздух
и ѕвезда водилка

и секоја смрт
си има зрно
на бесмртноста.






РАСПЕТИЕ

цел живот
обзор токми за двамина
и јасна месечина за двамина

цел живот
од два огна на две гумна
си ја топли душата

цел живот
од два извора под два снега
си ги лади мечтите

цел живот
два гулаба и држат сенка
среде пладнина

цел живот
како јатрва меѓу два браќа
како погача скршена на две

цел живот
се допрашува вистина ли
секоја љубов близначка има

најсетне дваж поубава
преку две планини
двапати му намигнува на исус.






НЕСОНИЦА

сардисан од три несоници
ги пребројувам бакнежите
како овци што се бројат пред први петли

ти испраќам троа зраци
од првото сонце
да ти го галат погледот

правам празнина во времето
чекмеџе за собирање
на оросени мераци

бројам солзи
мерам маки грешнодушни
голтам шепот на голи гради

бела мугра
низ карабурма
ѕуница од сонот до јавето

набодена си
на врвот на несоницата
како љубовен бајрак

ошумоглавени
итаме на кафе
во некоја нова несоница.

Жедник

СРЕДЕ

како оној несреќник сизиф
те носам во себе
угоре кон ритката

на врв ритка
ливадица зелена ни косена ни пасена
ни со нога нагазена

среде ливадица зелена
влажна магија
игра прескакулица со сните

среде прескакулица
стари мераци заглавени
во нови пукнатини во времето

среде пукнатината се извишуваш
во бела руба за љубење
да ја опчекориш ритката

среде опчекор
ливадата угор сторена
а ти се лулаш на осој дрво

среде осојот несреќниот сизф
бере планински чај и многу сака
очите да му истечат во раскопчаното ти елече






ЖЕДНИК

од тој извор
извираат страстите
и стануваат мое време

од тој водопад
се разлеваат меурчиња
врз главата усвитена од оган

во тебе
истекува моето време
- вода газам жеден сум си

жеден водица
водица ем понадица
папсан средлетно

од силна жега
поцрнува и отажнува мисла
занемува и овенува толчник

секое дрво пека
по сласта на триењето
и на мешколењето по допирот со вода

секој жедник препекува
да оджедни жедост
да навлажни мерак.






ГРЕВ

среде чембер
од страв и невиделица
несој се коти

среде првомрак
на ливада од присој
грешна вода матно тече

и да е безбратник
секој неботник
е заклон за срамотник

на врв неботник
сосе вистината

расте и лагата

во секое огледало
гревот личи на оној
кој го носи

и во сека постела
изѕемнатиот грев
се џимка под топла покривка

а и без џимкање
во сите љубовни соништа
најмногу страда љубовта.






ГРЕШНИК

збунет ангел
талка по синорите
на светската тага

малку талка
малку шмука зрели сливи
а од уста му капат многу гревови

дури талка магла фаќа
магла фаќа друмје греши
грев од бога срам од луѓе

отповеќе кога талка
збунет ангел гревои бери
колку бери на ореви толку фрла

на отпочин
од страдање калап прави
од грев одливка му излегува

пак си талка
и го бара името на гревот
отшто се што наше име си има

талка грешник и сам си се смее
од века калешо јагне грев си нема
а и младо да љубиш грев не е.






ГРЕШНИЦА

теснострука
а широкодушна
греотица мила грешница

вртимушка опчекорена
околу замислената оска
на зовриените страсти

во грев си влезе
со дуљбија на највисокиот јарбол
на белата лаѓа во длабоко море

штом влезе не излезе
бела грешница со бела шамија
бел пискот во бела крепост

везден сади бели јорговани
црна наречница бела љубовница
врела солза од древна икона

уште си гради мостови
да врват души греовни
над катран реки длабоки

теснострука бела јоргованка
сал да чуе колку е убава и сакана
па неврат да си гали мачни гревови.






СУДЕНИК

од векутума века
се знае и мора да се знае
кој е куцо куче а кој дрочен волк

крај модар вир
мокри зборови
мирисаат на смола

ожеднет темник
зад секој водопив пресретнува
ранобудни билмези

таа голта белточини
тој пие солзи од икони
обајцата бегаат од устите на црвите

заскитан во оној засек
притиснат во оној теснец
ти го мерам сербез чекорот

ноќум пред сонување
силни рогови и хорни
ги расонуваат птиците во мене

до векутума века
суденик на менгеме од магла и слана
мерач на длабочината на сопствениот пад.






СУДЕНИЦА

прерано оседлана ждребица
и удираш копито на минливоста
среде ливада пред прва косидба

што е лично за гледање
од дно земја до врв небо
стасува и без јавање

на прва снежница
со дрвена лопатка
закопуваш ветви соништа

тука солзосушица
во дални далечини
мамурни откорнатици

бараш пештера
за да те најдат во неа
и да му земат мерка на зборот

во пештера подземно езеро
кркори до бреговите на заминувањето
брзо исчезнатото брзо да се врати

миленица дотенчена
во вериги од секала
суденица си румена од чекање.

Галичица

ГАЛИЧИЦА


на георги старделов


ем н# гали
ем крвта ни ја пали
планината

едни распретуваат корени
други берат букети нови надежи
третти му земаат мерка на денот

уште погоре
черги од папрат
до врвот на светлината

една пеперутка
фатена на оро со вековите
ја закрилува тишината

бодриот градинар
севезден повлекува равенство
меѓу денот и ноќта

распавтани галеби
со езерска вода во клуновите
му ги освежуваат соништата

ако навистина н
# стемни
пеперутката ќе ни го покаже патот
до крошната на распеаното пиле.






ОТАДЕ ВРЕМЕТО

разгледница до гоце смилевски од амстердам


намерно пуштив
бранчиња на надежта
во оваа песна

нагледно да се покаже
дека водите не се само
за давење на иднината

зборовите уште неизуустени
ми правосаа и снеможено паднаа
како шишарки од сув бор

секоја меланхолија
не се испива
со чаша студено пиво

и секој свиок
на патот кон иднината
не се пресекува со секира

седнат крснозе отаде времето
спиноза и се восхитува не желката
која весело му одмавнува на зенон

задоцнил на авионот
и сега трескавично бара
партнер за партија пинг понг.


Амстердам, септември 2003.






СЛАВЕЈ ВО ЛАЧЕНИ ЧЕВЛИ

на ибраим ферер

од далеку
ги разбудуваш таговните далги
во заливот на свињите

со лачени чевли
вчекоруваш гордо
среде ѕвездениот крвоток

под качкетот
ти се фатиле да танцуваат
корените на татковината

танчарките во тропикана
сепак ќе ги надживеат
сите јуришни маршеви

и идните поколенија
ќе си ја негуваат надежта
под твојот звучен обелиск

секој може да пее
ама секој не може да ја натпее
болката на цвеќињата

пеј, златно старче
и намигни им на сите
кои пекаат животот да им е песна.


16 април 2004.






СПРОСТРЕНИ СПОМЕНИ

на маја стефановска


среде детство
среде лудини
огреала месечина

заборавени улавштини
испрани палавштини
се сушат на балконот

среде калдрма
шарените гумени топки
стануваат топки сладолед

се тркалаат
буриња тазе боза
и први љубовни срамови

среде нивите на интернет
новите дечиња без мотики
пресадуваат бостан од илузии

рајска сина птица
ни лета од рамо до рамо
и си го бара првото седало

време е на иднината
да и се подари пегла
за спомен и долго сеќавање






ТРАГАЧ ПО СВЕТЛИНАТА

на анте поповски


по што да пека поетот
ако не по бел ден
и по роднокрајната сребрена трева

огништата истинуваат
мински полиња никнуваат
на рудината на љубовта и надежта

глуварката пак е на бришан простор
а ангелот павта со крилјата
мислејќи си дека ја чисти правта од времето

ороводно потскокнува светлината
додека бараме место
да го забодеме државното знаме

пред болот поетот крева рампа од песна
за спасение на другите
а не за своето

му танцуваат до бесвест:
во едното око сонце
во другото месечина

со чист образ
им отпоздравува на ѕвездите
што ги научи да шептат на македонски.






ТРОЦВЕТ

влатко стефановски,
мирослав тадиќ и теодосиј спасов


оровиден троцвет
здравец булка и гороцвет
дамарите на сиот свет

од подземни молкоти
до небесни клокоти
во душата скокоти

од соништа корени
на јавачи изморени
во цутови престорени

бабрат од тонови жили
на оро фатени самовили
откоси од песни без вили

во звуците раскрилени птици
кавал со нежни горски вици
зраци со треперливи жици

од веѓите до меѓите
од плачките до шегите
до на ѕуницата преѓите

монистра од звучен прав
петлиња пред зори без страв
на ѕвездите им готват жежок грав.


Скопје, 11 март 2005.






УМОРНО УТРО

на стефан хаџи николов

нога за нога
се влечка по езерската шир
утрото капнато од умор

мијачите на улици
потајум лизнуваат скрама
од маглите на времето

чекајќи го сликарот
деспина тресе килими од ѕвезди
и раздава розово роморење

жена како жена:
за секој случај чува троа сенка
во зимбилот од пазар

па ги покрива со бел чаршаф
соништата на варџиите
исполегнати на врелиот песок

зад сртовите на брановите
монистра од црвени крвни зрнца
во моминскиот пејсаж на душата

речиси дојден до самиот себе
сликарот ја остава сликата да пее
а ветрот и онака не може да се врзе.

Опир

ОДНОВО И ОДНОВО

одново и одново
не се знае кој ќари а кој зијани
во оваа игра на се или ништо

одново и одново
се расфрламе со самоувереност
а в раце стискаме карти што губат

одново и одново
се втурнуваме во вревата
па молчешкум заминуваме од играта

одново и одново
клучалката за клуч си пека
а картографот нов морепловец си чека

одново и одново
се плеткаме во влакна без јајца
и со цимет ја посолуваме лизганицата на невиноста

одново и одново
камбаните ги повикуваат вљубените спанковци
активно да учествуваат во промените на светот

одново и одново
ахил останува сам крај зелената чоја
и им се чуди на умот на сите желки.






ШКОЛКА

од две сини езера
една школка испливана на суво
со усни залемени од љубов

го одбива првиот бакнеж
како што сур и суров облак
ја одбива градобијната ракета

знае дека по бакнеж бакнеж доаѓа
и дека од бакнеж во бакнеж се влегува
како во старите толкувања на пророштвата

сетне на припек се овора отмено
и може да се шмука ту од лево ту од десно
сосе звуците на сладострасното забрзување

најсетне докрај се отвора
и со свечен крик и папсана воздишка
ја најавува обновата на тишината

играјќи си постмодерен мајтап
ми го расплетува елекот од детството
и ме тера да шмукам повеќе вода од млеко

се плаши повторно да се затвори
да не експлодирам во неа
баш кога ја соопштуваат временската прогноза.






СТРАВ

зад две врати
голтам балончиња од воздишки
со вкус на розе кармин

зад две врати
потајум преточувам во тебе нежност
и ти ги гушкам немирните погледи

зад две врати
мигум ме опива оксиженот
под лесното фустанче

зад две врати
се тетеравиш во мене
како беспомошно кајче среде езеро

зад две врати
ја истресувам пред тебе лигавицата
од најскришните џебови на душата

зад две врати
со пригушен огномет под папокот
објавуваме дека нема љубов без љубовници

зад две врати
напати налетуваат неканети отворачи на врати
и тогаш љубовта се претвора во страв.






ОПИР

новиот нежен допир
уште недојден
го пречекуваш со опир

го исклучуваш грамофонот
пред да почне танцот на чувствата
среде затворена уста

се наглокуваш вода
пред да се распали скриеното жарче
во утробата на убавината

ја оптегнуваш осаменоста
на едно влакно меѓу две вреќи сол
ем да сака ем да не сака да сака

во омилената маица со деколте
ги стуткуваш старите лепливи бакнежи
и попусто отворените школки.

ете си црна маслинка
ѓаволесто разлизгана
пред стрвниот налет на вилушката

пак се клештиш на дождот
и молчешкум ми заминуваш од прегратката
како последен збор од прочитана книга.






ПОТЕМ

ако ти се иска и ќе ти стиска
штоако слаткарите не јаделе слатки
кога жедта на само кладенец не се гаси

потем меракот ти спотнува на врв игра
под големата стрелка на часовникот
која никако да си го најде своето време

потем зобиша врана коња
и од мед медосана уста на уста
им даваш нов здив на клапнатите ѕвезди

потем си мислиш дека навистина леташ
а она што ти тече низ тесните хулахопки
е весела здравица пред шеќердисување

потем покајница на речното дно
или веселница на планинскиот врв
растоварена си од троа багаж во срцето

попотем со резниња лимон и ментол бонбони
го разбркуваш здивот на есенската скапаница
од под вода изронуваш на другиот брег на љубовта

а таму уште од прапостанокот се знае
- она што останува од една жена
е песната стокмена од некој поднапиен поет.






СЕКОГАШ

секогаш
кога ќе те видам
зацапувам во пролетни потоци

секогаш
кога ќе те допрам
ме здожежува моќта на ѕвездите

секогаш
кога ќе те галам
ме крепат звуци од стара виолина

секогаш
кога ќе те бакнам
си наоѓам капка роса за изгор цвеќе

секогаш
кога ќе те сетам во мене
споулавувам од свежи соништа

секогаш
кога ќе си заминеш
ми оставаш под перница насмевка од арлекин

секогаш
кога ќе те сонам потем
се давам во пена од непознато потекло.






ПОБЕРКА

уште не завршила бербата
и уште ми тежи душата од наслада
а мене ми се ита на поберка

обраното кога се доберува
небото е само навидум празно
и ветрот е само навидум безимен

и од добраното има да се доберува
и тогаш реки ми се цедат во сонот
и улави птици ми гракаат во мислата

а и необраното
на дланка сака да му слета птица
како што морето за секое изворче си пека

пред секоја поберка
ноќта им прави мегдан на ѕвездите
до мегданот росна роса и слатко од смокви

ако нема поберка
стежнува лушпето на осаменоста
и се тркала кон подножјето на среќата

кога да се враќам од поберка
во едната рака го држам сонцето
а во другата замаглен празен бокал.

Бајрес

ГРОБИШТАТА РЕКОЛЕТА

тука од под мермерните плочи
искрат прекорни погледи
со притаен мирис на босилек

тука од стари гревови
се ткаат нови бајраци на тишината
и се креваат студени ѕидови на заборавот

тука самотијата се создава
од пластови вистинска историја
и вистинска стаписаност од стварноста

тука веќе одамна не се во мода
никакви оди и реквиеми
и никакви саеми на погребна опрема

тука времето севезден се врти на другата страна
претскажувачите на иднината стануваат питачи
и никој не ги чести пиво музикантите пред порти

тука мртвите колку се подамнешни
толку погорделиви стануваат
галиба отшто немаат живи душмани

тука мртвите се вистински мртви
и никако да си припомнат кој тоа беше рекол
дека убавината на глетката лежи во нејзината тага.






САН ТЕЛМО


во сан телмо
историјата има веѓи чатмалии
и саде им намигнува на пресностасаните

во сан телмо
најачик се гледа дека ако нема добри ветрови
пајажина би го премрежила небото

во сан телмо
бели мачки ви го попречуваат патот
и ве честат негувана опуштеност и безгрижа

во сан телмо
песни се тркалаат по калдрмите
песнопојци ви потскокнуваат во душата

во сан телмо
дење нема кусок од сонца во насмевките
а ноќум секој може да го довтаса врвот на танцот

во сан телмо
под фустанот на секоја танчарка
се крие страв од нови сиромаштва и порази

во сан телмо
гулаб се перчи на рамото на детулето со армоника
чиишто звуци се слеваат во неговите тажни очиња.






ПУЕРТО МАДЕРO

ќе да е во право веселникот пајадор
дека баш тука се живот живее
штом мнозина без престан се штипкаат за образите

и ќе да се во право фалбаџиите од сите земји
дека тоа што се случило воопшто не се случило
ако не разберат макар комшиите и нивните комшии

полни раце стари приказни и нови наслади
полни очи згодни нозе и расцутени шеќерчиња
празни сиести во темнината на новите времиња

под мостот олицетворение на женската радост
едно морско краставиче за евтини пари нуди
часови по долго пловење и длабинско скиселување

многу минато е вкотвено во реката
и многу молчење има во древните едреници
кои не се членуви на обединетите заборавачи

затворена е изложбата на древните гревови
испокинати се сите едра на сеќавањата
а катарките без знамиња се како жени без цицки

малку погоре е споменикот на хероите од малдивите
кои љубезно не молат да ги преповториме уроците по географија
и да им објасниме како може да е туѓо тоа што ти е во дворот.






КАМИНИТО

каминито, каминито
на лика шар-шаренито
по душа плам-пламенито

каминито, каминито
за суво грло троа мохито
наште срце асадо-асадито

каминито, каминито
за мераци место снито
и за ѕвезди танговито

каминито, каминито
вино рујно бокалито
бока бока грловито

каминито, каминито
од стари аздиси очајнито
за нови тајни пристанито

каминито, каминито
палма ниша волшебнито
срце чука бајреснито

каминито, каминито
мечти црта мечти бои хуанито
мечти да ти скокале вистинито.






АВЕНИЈА КОРИЕНТАС

на авенијата кориентас
никој никогаш не застанува
и сите се прашуваат каде да се оди оттука

вечно трае орото на несониците од сите земји
испрекинато со сирени на брзи помоши и потивпожарни
и никој не успеал да види кога ноќта преоѓа во утро

новопечени вреваџии нудат бајати сендвичи
цедат тазе портокали и троа капки живот
а за бонус следува влезница за посреќната иднина

авенијата го знае наизуст секој трепет на градот
и секоја дупка наталожена со разни времиња
бидејќи без темница од дупките нема ни светлина

а без светлина нема ни сенки за спотнатите цвеќиња
и за соништата на љубовните страдалници
натежнати од заборавени и пресушени гревови

на крстосницата со суипаќа построени зборови
чекаат зелено светло на пешачкиот премин
да поминат како штрумфови од онаа страна на времето

од оваа страна на времето е книжарницата
во која борхес тврдоглаво му објаснува на орхан памук
дека грамадната светлина секогаш е безимена.






КАФЕ ТОРТОНИ

кој не бил во тортони
не бил ни во буенос аирес
и ќе се умре со трезни очи

кој не бил во тортони
нема да ја разбере радоста на алберт ајнштајн
по победата на првенството во домино

кој не бил во тортони
нема да види како фредерико гарсија лорка
нежно танцува на прстите на рубинштајн

кој не бил во тортони
никогаш нема да сети како од жешкото кафе
севезден испаруваат стави на убави жени

кој не бил во тортони
никогаш нема да вкуси остатоци од песните
што борхес нечујно ги пее на увце

кој не бил во тортони
којзнае дали некогаш ќе ја открие тајната
на кандираните бакнежи и на саќето мед во соништата

кој пак бил во тортони
уште пред да му ја донесат сметката
станал алергичен на чај од исушени љубовни корени.






СРЕБРЕНАТА РЕКА

сребрена светлина излегува
од рудниците на времето
онаму горе на сиера дел плата

сребрени рамки
ги красат сликите на градот
што секој си ги носи во срцето

сребрени мостови
од темнината кон светлината
и од молкот кон звукот на бандонеонот

сребрено ѕвонче
ги оживува спомените на битките
под развеаните воени бајраци

сребрени катамарани
разнесуваат животна радост
низ оазата на тивкоста

сребрени насмевки
и ронки од првите љубови
им даруваат делфините на оперираните од катаракта

сребрени заблуди
се поткреваат во мислите на вљубените
и до недоглед ги брануваат овие води.

Аргентинци

МАЦЕДОНИО ФЕРНАНДЕЗ

измолкнати од јамката на времето
мислите ден денеш поткреваат розе бури
и меѓу кориците на книгите ги чуваат паднатите воини

од распенетите мечти
првин се удираат темелите на татковината
па отпосле се прават одаи за отпочин на соништата

кога од секаде притиска магла и слана
и кога од порази и сиромаштија ќе запре времето
време е за ура и за фрлање на сребрените часовници

пред сламените колиби среде пампите
при смената на стражите
се шепоти само во идно несвршено време

но некој и да сака не може да заборави
дека минатото ги разубавува сните на децата
и ги варди од уроци од кои се мочка во кревет

лека полека сите научија
дека на веков не постои толку сромна пролет
што да не се гордее од топењето на снегот

а и оние кои без заштита со векови извикуваа
македонија на македонците
веќе знаат од трошки да прават сребрени грутки.






ЧЕ ГЕВАРА



двајца младичи со вжарени лица
во вжарена
la poderosa II по вжарени беспаќа
разнесуваат вжарени надежи низ колониите на лепрозните

двајца по двајца и којзнае колкупати по двајца
во санта клара со голи мечти ја бранат иднината
и потем прават нови мозаици од стари парчиња сонце

заколнати на многу успеси и малку живот
опашани со реденици од заскитани зборови
ги требат семките од илузии од резнињата лубеници

ден без разден
од боливиската планина ескамбрен
до века е струполен врз трепките на светот

истопорени пред судбината
мечтите го укинуваат заборавот
и им прават пат на времињата што не поминале

црвената роза од розарио
цути во реверите на вековите
каде што секој си има право на мака и радост

во една старинарница во буенос аирес
децата редат на сталажите спомени врз спомени
и си ги плакнат устите со мате од утринска роса.






ЕВИТА

ветриштата од западните пампи
ја вгнездија во соништата на сиромасите
со боринка да си ја бараат изгубената надеж

добрите ветрови на буенос аирес
ја однесоа уште подлабоко бо милиони срца
и ден денес и го негуваат росниот ореол

цел народ три дни ако плаче
мнозина ќе помислат дека од полињата од гревови
директно се оди во посреќен свет горе на небото

а обесолзените и онака никогаш нема да одгатнат
што мисли телето кога ќе се најде очи в очи со гаучот
и како од љубов и амбиција се прави дробилка на времето

дамата на надежта простира розова тишина на балконот
и молкум го повикува ветрот најнакрај да пропее
и да ја стутка историјата под една војничка шапка

сите застануваат пред нејзината вкочанета пируета
да си ги освежат сеќавањата и конечно да се уверат
дека секоја љубов неизоставно содржи и разделба

под националната библиотека во буенос аирес
евита и папата јован павле втори сега се бронзени соседи
и којзнае дали напати се прашуваат кој од нив е поголем светец?






ГАРДЕЛ

а зина уста
а птици ќе си ги распавтаат страстите
и жените ќе испостанат за потем да легнат

во секоја нота се крие лично господ бог
во секој чекор се слушаат боите на надежта
во секој поглед секој сам си се препознава

секи ден бандонеонот се полни со нови волшебства
сека ноќ ѕвездите збрлавуваат во прегратките на новите тајни
секое утро дебелата мува упорно брмчи дека е доцна за каење

mi buenos aires guerido
стамен вардач на облаците набабрени од тага
недостижна поткрепа на гласниците на љубовта

на ел тенбросо се уште се вкрстуваат
едночудо несторени гревови
и триж повеќе лелекања на изневерени мажи

на ла чачарира најубаво се слуша тишината
и некако најлесно испаруваат воздишките
од опушоците построени во почесна стража

денес кај пазарот абасто во буенос аирес
една ариза од книгите на маркес зјапа во авионите
убедена дека дваесет години навистина не се ништо.






БОРХЕС


за жал светот се уште е стварен
и поетот во антикварницата отспротива
се уште е грингос крај домашното огниште

личи на бога ама не доволно
сладострасно е размешколен на олимп
ама живее и страда само во зборовите

се испружува во себе
и ги кани ѕидарите на соништа
на уште една прошетка низ вселената

низ лупата замаглена од врелиот чај
секое утро го сркнува истото прашање
- да не сме сите ние веќе прочитана книга?

некоја нова домаќинка се враќа од пазар
во родната куќа во палермо
со полни зимбили мечтаења за буенос аирес

во тунелот на животот
ич не е лесно напред да гледаш светлина
а севезден да се движиш наназад

а од клупата во паркот сан мартин
секако најубаво се гледа
струполувањето на земјината топка







САБАТО

во сантос лагоресу законите на физиката сведочат
дека времето и кога запира
е супстанца од која се прават сите чудаци

од долината на запреното време
обесчедените мајки од мајскиот плоштад
секој четврток слегуваат во утробата на пеколот

секој човек пека по она што го нема
и секоја душа си го бара телото
како што секоја сегашност си ја бара вечноста

секој кој си го бара правото на летање
сака севезден да си ја најде и насоката
и однапред да знае дека снегот паѓа за да се стопи

од рѓосан јарбол се прави нов бастум
за потпора на срцето проширено од толку убавини
и за ишкање на мувосерките од најновите рок-мелодии

верно не било лесно цел еден век да носиш на плеќи
се уште сека сабота да ги мамиш сните
и со црна боја да сликаш бели планини

најнакрај секогаш ќе се најде некој
кому не му е јасно зошто е бела планината
кога е темна темница и веќе одамна не осамнува






АРГЕРИЧ

музиката е скривалиште за птици
и затоа галебите улаво танцуваат на небото
и си го крепат здивот клун на клун

и стварноста кога ќе исчезне
како кондор на небесните височини
задолжително се враќа во вид на ноти

врз клавијатурите како во подвижни огледала
севезден се топорат и потскокнуваат
детски соништа со розеви панделки

по мермерните колонади се лизгаат нови звуци
и ако заскитаат низ полињата на непознатите мисли
најпосле сепак ќе се спастрат во рајот

живите звуци на пијаното
се лулеат и во најдалечните планини
и нежно ги разбудуваат кокичињата

при секој удир на која и да е бела дирка
низ отворениот прозорец се враќа првата љубов
сал збунето да го допре свечениот црн фустан

колку звуци толку блесоци во очите
и трижповеќе прашања за предците во реколета
- навистина ли го сакате баш оној шопен?


"СРЕДЕ" (2008)
Најнова книга од поетската трилогија напишана во иста метричка форма – терцините. Објавена во 2008 година во издание на “Блесок” од Скопје. Истата година СРЕДЕ ја доби наградата ,,Браќа Миладиновци” за најдобра поетска книга меѓу две Струшки вечери на поезијата. Во образложението на наградата се вели дека ,,со оваа книга Лазаров го достигнува својот творечки зенит, збогатувајќи ја современата македонска литература со специфично и сложено лирско дело”.